01 Вистинска реформација

Сподели го ова:

1. лекција – 3. јануари, 2016.

Вистинска реформација

„Како што говореше одамна преку устата на Своите свети пророци.“ – Лука 1,70.

„Сега мораме да го започнеме делото на реформација свртувајќи се кон Господ со цело срце. Нека тоа дело започне, како би можело срцето да омекне и како би можел Христос да ве обликува според својот божествен лик.“ – Знаци на времето, 22. февруари, 1892.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Знаци на времето, 12. окт., 1904.

Недела 27. декември

1. ТЕМЕЛ НА ВИСТИНСКА РЕФОРМА

а. Која е разликата помеѓу вистинските и лажните реформи? Исаија 8,20; Филипјаните 3,9.

„Безбедноста на општеството и напредокот во реформите зависат од јасното дефинирање и препознавање на темелните вистини. Начелата на Божјиот закон мора да се чуваат пред луѓето како вечни и непроменливи, каков што е карактерот на самиот Бог. Законот се дефинира како правило на дејствување… Доброто на општеството и безбедноста на човекот бараат да се почитува законот. Секој просветлен закон се заснова на законот Господов кој е даден на гората Синај.“ – The Helath Reformer, August 1, 1878.
„Секоја вистинска реформа која има за цел да ја издигне душата и се стреми кон еден нов и поблагороден живот, има свое место во делото на евангелието.“ – Здравје и среќа, 147.

б. На кого треба да се надеваме? Псалм 118,8; Изреки 3,5.

„Каква и да имаме положба во животот, какво и да е нашето занимање, ние мораме да бидеме доволно понизни да чувствуваме колку ни е потребна постојана помош; мораме безусловно да се потпреме на учењето на Божјата Реч, прифаќајќи ја во сѐ Неговата промисла и верно да ги излеваме своите души во молитва.“ – 5 Сведоштво, 403.
Понеделник 28. декември

2. ВИСТИНСКА РЕФОРМА ЗАПОЧНУВА ОД СРЦЕТО

а. Што претходи на реформацијата? Јоил 2,12.13; Псалм 51,10; 2 Коринтјаните 7,11.

„Постои грев, огромен грев, кој ги обвинува многуте оние што тврдат за себе дека се христијани. Големиот Застапник вели: ‘Моите барања на кои полагам право кога се во прашање човечките срца се занемарени. Бог повикува на покајание, на реформација.“ – Преглед и гласник, 8. декември, 1896.
„Во покајанието е вклучена и жалоста поради гревот и одвојување од него.“ – Патот кон Христа, 15.
„Признавањето нема да биде прифатливо за Бога без искрено покајание и поправање. Мора да се видат одлучни промени во животот, сѐ што го навредува Бога мора да биде отфрлено. Тоа ќе биде последицата на вистинското жалење поради гревот. Делото што сами мораме да го направиме јасно ни е откриено: ‘Измијте се, исчистете се; иставете ги од очите Мои лошите дела свои; престанете да правите зло; научете се да правите добро, барајте правда, спасувајте угнетен, заштитувајте сирак, застапувајте се за вдовица’ (Исаија 1,16.17). ‘Ако тој грешник го врати залогот, го поврати ограбеното, оди по законот на животот и не врши ништо лошо, -тогаш тој ќе живее, нема да умре’ (Езекиел 33,15). Говорејќи за плодот на покајанието Павле вели: ‘Зашто, ете, тоа што се ожалостивте по Бога, каква усрдност предизвика во вас, какво извинување, какво огорчување, каков страв, каков копнеж, каква ревност, каква горчина! Со сè покажавте дека во тоа дело сте чисти’ (2 Коринтјаните 7,11).“ – Патот кон Христа, 26.

б. Каков копнежлив крик во времето на Педесетница претставувало признавањето од големата лична потреба? Дела 2,37.38.

„Како може човекот да биде прав пред Бога? Како може грешникот да стане праведен? Само Христос може да нѐ доведе во хармонија со Бога, во хармонија со светоста; но како да дојдеме до Христа? Мнозина го поставуваат истото прашање што го поставило мноштвото на денот на Педесетница кога, осведочено за својата грешност, извикало: ‘Што да правиме?’ Првите зборови во одговорот на Петар биле: ‘Покајте се!’ (Дела 2,37.38). Кратко потоа, во една друга прилика, рекол: ‘Покајте се… и обратете се, за да се очистите од гревовите ваши!’ (Дела 3,19).“¬¬ – Патот кон Христа, 15.
Вторник 29. декември

3. ПЛОДОВИ НА ВИСТИНСКА РЕФОРМА

а. Како се опишани реформаторите во овие последни денови? Исаија 58,12.13.

„(Исаија 58,8.9.12-14). Овде се опишани карактеристиките на оние кои треба да бидат реформатори, кои ќе го носат знамето на пораката на третиот ангел, оние кои тврдат за себе дека се Божји народ кој ги држи заповедите, кој го почитува Бога и сериозно работат, пред очите на целата вселена, во обновата на старите урнатини. Кој е тој кој ги повикува да ги обноват урнатините и изградат патиштата? Тоа е Бог. Нивните имиња се запишани на небесата како реформатори, обновители кои ќе ги подигнат темелите на многу генерации.“ – Преглед и гласник, 13. октомври, 1891.

б. Кој конкретен доказ на реформа ќе биде видлив во животот? Матеј 3,8.

„Ништо помалку од изменетиот начин на живот – преку плодови на покајание – не може да ги исполнат Божјите барања. Без такви плодови, нашето исповедање на верата е безвредно.“ – Знаци на времето, 7. јули, 1887.
„Ниту едно покајание не е вистинско доколку не е проследено со реформа. Христовата правда не е наметка за покривање на неисповеданите и неоставените гревови; тоа е животен принцип кој го преобразува карактерот и управува со однесувањето. Светоста значи целосна припадност на Бога, тоа е целосно предавање на срцето и животот на небесните принципи.“ – Копнежот на вековите, 423.
„Јован се одвоил од пријателите и удобниот живот. Неговата едноставна облека од влакна на камила – била постојан укор за претерувањето во облекувањето и парадирањето на еврејските свештеници и народот. Неговата чиста вегетаријанска исхрана – рогач и див мед – претставувала укор на попуштањето на апетитот и ненаситноста која насекаде преовладувала… Оние кои требаат да го подготват патот за второто Христово доаѓање се претставени со верниот Илија, како што Јован дошол во духот на Илија да го подготви патот за првото Христово доаѓање (Малахија 4,5.6). Овде пророкот опишува какво е делото. Мора да се објави важноста на реформата и да се влијае на јавното мислење. Во пораката треба да се вклучи и умереноста во облекувањето и во други работи…
Сите оние кои ги кршат моралните обврски во однос на исхраната и облекувањето подготвуваат пат за кршење на Божјите барања во поглед на вечните интереси.“ – 3 Сведоштво, 47.

Среда 30. Декември

4. ЗНАМЕТО НА РЕФОРМАЦИЈАТА – ВИСТИНА И СЛОБОДА

а. На кој начин ќе препознам во што треба да се реформирам? Псалм 119,142; Јован 17,17; 14,6.

„Од сите кои го исповедаат Неговото име, Господ бара да се држат строго до вистината. Тоа ќе биде како сол која не го изгубила својот вкус и како светлина во услови на морална темнина и измамата на овој светот.“ – 4 Сведоштво, 273.
„Принципите до кои треба да се држиме денес се исти како оние кои биле застапувани од страна на приврзаниците на евангелието во големата Реформација…
Знамето на вистината и верската слобода, која овие реформатори во тоа време толку високо ги држеле, во овој последен судир нам ни се предадени. Одговорноста за оваа голема доверба почива на оние кои Бог ги благословил со познавањето на Неговото Слово. Затоа Божјата Реч треба да ја примиме како највисок авторитет. Нејзините вистини треба да ги прифатиме лично за себе; а можеме да ги цениме само ако осознаеме преку лично проучување… Исповедањето на нашата вера практично значи признавање и прифаќање на вистината и со зборови и со дела. Само на тој начин другите можат да знаат дека навистина веруваме во Библијата.“ – 6 Сведоштво, 372.373.

б. Каков е односот помеѓу слободата, посветувањето и Божјиот закон? Псалм 119,44.45; Јаков 1,25; Јован 8,31.32.

„Целосно покорување на волјата на нашиот небесен Отец претставува посветување, а Божјата волја се изразува преку Неговиот свет закон. Држењето на сите Божји заповеди е посветување. Посветувањето настапува кога ќе се докажеме како деца кои се послушни на Божјата Реч. Наша волја треба да биде Божјата Реч, а не човечко мислење или идеи.“ – Одбрани пораки 3, 204.
„Лажното посветување директно нѐ наведува да се оддалечиме од Библијата. Религијата се сведува на бајка. Главни критериуми се чувствата и впечатоците. Додека тврдат дека се безгрешни и се фалат со својата праведност, оние кои тврдат дека полагаат право на посветувањето учат дека луѓето имаат слобода да го престапуваат Божјиот закон, а дека оние кои ги почитуваат неговите прописи отпаднале од благодатта. Јасното истакнување на барањата на тој закон го будат нивното противење и предизвикуваат гнев и презир. На тој начин се открива нивниот карактер, бидејќи ‘копнежот на телото е непријателство против Бога, тој не му се подредува на законот Божји затоа што не може.’ (Римјаните 8,7).“ – Преглед и гласник, 5. октомври, 1886.
Четврток 31. јануари

5. ЛИЧНА РЕФОРМА

а. Како јас можам да се реформирам? Римјаните 1,16; 2 Тимотеј 3,15.

„Ниедна вистинска реформа не може да се изврши без божествената сила. Човечките бариери против природните и наследените склоности се слични на обидот налетот на поплавата да се запре со насип од песок. Сѐ додека Христовиот живот не стане животворна сила во нашиот живот, ние не сме во состојба да одолееме на искушенијата кои нѐ напаѓаат одвнатре и однадвор.“ – Знаци на времето, 1. декември, 1914.
„Христијанството предлага реформа на срцето. Она што Христос работи одвнатре, ќе се покаже однадвор под влијанието на обратениот ум. Планот според кој требало да се отпочне однадвор, а потоа да се работи одвнатре, секогаш пропаѓал и секогаш ќе пропадне. Божјиот план со вас е да почне во самото средиште на сите тешкотии, во срцето, и тогаш од срцето ќе излезат принципите на правдата; реформата ќе биде остварена и однадвор и одвнатре.“ – Совети за исхраната, 35.

б. Како можам да станам активен реформатор? Галатјаните 6,9.10; 1 Јованово 1,3.

„’Јас ќе ги прославам оние, кои Мене Ме прославуваат’ (1 Самуил 2,30). Заминувајќи од таквиот дом на своите секојдневни должности, таткото излегува со смирен дух, целосно предан на Бога во постојан разговор на душата со Него. Тој е христијанин, не само според своето исповедање туку и во својот животен повик и во сите свои деловни односи. Тој совесно ги извршува своите работи, знаејќи дека Божјото око секогаш го следи.
Во црквата неговиот глас не молчи. Тој секогаш има зборови на благодарност и охрабрување, бидејќи тој е христијанин кој духовно постојано се развива и секој ден стекнува ново искуство. Тој е корисен и активен соработник во црквата, трудејќи се да го прослави Бога и да ги спасува своите ближни.“ – 5 Сведоштво, 424.425.

Петок 1. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што вистинската реформа остварува во животот на вистинскиот верник?
2. Во која смисла покајанието е блиску поврзано со реформацијата?
3. Во кои области сите треба да се реформираме?
4. Како можеме да бидеме светлина среде моралната темнина?
5. Кога ќе имаме вистинска реформа во нашиот живот?

Сподели го ова:

Слични објави