12 Семејството повторно обединето
12. лекција – 21. март 2015.
Семејството повторно обединето
“А знаеме дека на оние што Го љубат Бога и се повикани по Негова волја, сè им содејствува за добро.“ – Римјаните 8,28.
“Сите доживувања и околности претставуваат Божји работници кои треба да придонесат за наше добро… Да погледнеме во светлината зад облаците.“ – Мојот живот денес, 202 (185).
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Знаци на времето, 5. февруари, 1880.
Недела 15. март
1. БОЖЈО ВОДСТВО
а. Како Јосиф им открил на своите браќа дека сè што се случило до тогаш е само резултат на Божјата промисла, а не човечка волја? Битие 45,5-13.
б. Како христијани, кон што треба секогаш да стремиме и да прифатиме? Јаков 4,13-15; Изреки 16,9; Матеј 26,39.
“И денес мнозина се искушуваат… Иако тие не го слушаат Божјиот глас како им зборува директно од небото, Тој сепак ги повикува преку учењата на Својата Реч и преку настаните на Своето провидение. Тие можат да бидат повикани да се откажат од кариерата која ветува богатство и чест, да се откажат од погодните и корисни врски и да се одделат од своите роднини за да тргнат на пат кој, навидум, нуди само тешкотии, самооткажување и жртви. Бог ја определил задачата што тие треба да ја извршат меѓутоа, полесниот живот и влијанието на пријателите и роднините би го попречувале развојот токму на оние особини што се најсуштествени за извршување на таа од Бога определена задача. Тој ги изделува од влијанието и од поддршката на луѓето и ги наведува да почувствуваат потреба од Неговата помош и да зависат само од Него за да може Тој да им се открие. Кој е готов при повикот на Провидението да се откаже од своите омилени планови, од семејните и другите интимни врски со друштвото? Кој се согласува да ги прифати новите должности и да стапи во непознати области и со непоколебливо срце и доброволно да работи во Божјото дело, сметајќи ги за добивка загубите поднесени заради Христа?“ – Патријарси и пророци, 112 (126.127).
Понеделник 16. март
2. ДОБРИ ВЕСТИ
а. Колку се пријатни Божјите патишта само ако чекаме на нив? Битие 45,14.15. Што Јосифовите браќа имале да признаат?
“(Браќата на Јосиф) понизно ги признале своите гревови кои ги направиле против Јосиф и срдечно го замолиле за проштевање; им било мошне мило што го пронашле и виделе дека е жив; бидејќи многу пострадале од грижата на совеста и големата тага поради својата свирепа постапка кон него. И сега, бидејќи знаеле дека не се виновни за неговата крв, нивниот немирен ум нашол олеснување.
Јосиф со задоволство им простил на своите браќа, и им испратил храна во изобилство, средства за превоз и сè што било потребно семејството на нивниот татко, но и нивното, да се пресели во Египет.“ – Духот на пророштвото 1, 151.
б. Кој настан ја открива Јосифовата голема љубов кон неговиот помлад брат? Битие 45,16-23. Што им порачал Јосиф на своите браќа кога заминувале? Битие 45,24.
“(Јосиф) се плашел (неговите браќа) да не влезат во расправа и меѓусебно обвинување поради вината во поглед на нивното сурово однесување кон него.“ – Духот на пророштвото 1, 151.152.
в. Како Јаков реагирал на веста дека Јосиф сè уште бил жив, и каков тежок грев браќата морале да признаат после толку години? Битие 45,25-28.
“Синовите на Јаков се вратиле кај својот татко со радосната вест: ‘Јосиф е жив, и тој е гувернер над целата египетска земја! А неговото срце се вознемири, зашто не им веруваше. Но, кога му раскажаа за сè, што им беше рекол Јосиф, и кога ги виде колите, што му ги беше испратил Јосиф, за да го земат, тогаш живна духот на Јаков, нивниот татко. И рече Израел: „Доволно е што уште е жив синот мој Јосиф; ќе појдам да го видам, пред да умрам“’ (Битие 45,26-28).
На десетмината браќа им преостанал уште еден чин на понижување. Дури сега му ја признале на својот татко измамата и суровоста што толку многу години го загорчувале и неговиот и нивниот живот. Јаков не можел ниту да помисли дека тие би можеле да сторат толку страшен грев, но увидел дека сепак сè излегло на добро, па им простил на своите заблудени деца и ги благословил.“ – Патријарси и пророци, 230 (231.232).
Вторник 17. март
3. ЈАКОВ ПОВТОРНО ГО СРЕЌАВА СВОЈОТ СИН
а. Што треба да научиме од начинот на кој Јаков сакал да се осигури дека Божјиот благослов го прати пред да ја напушти ветената Хананска земја? Битие 46,1-7.
“(Јаков) тргнал на својот пат со радост во срцето, и кога дошол до Вирсавија принел благодарни жртви и го молел Бога да го благослови, и да му покаже дали Тој е задоволен со нивното заминување во Египет. Јаков сакал доказ од Бога дека ќе оди со нив (Битие 46,2-4).“ – Духот на пророштвото 1, 152.
“Ние треба да дојдеме кај Бога со сите наши товари, барајќи мудроста одозгора да нè води на секој чекор.“ – Знаци на времето, 15. август, 1892.
б. Зошто Бог сакал Неговиот народ да се пресели во Египет? Битие 46,3; 12,1.2; Псалм 105,20-24.
“На Аврама му било ветено потомство многубројно како ѕвездите, но сè уште избраниот народ многу бавно се множел. А хананската земја, тогаш понудена, не претставувала поволна почва за развиток на таква нација каква што била проречена. Тогаш таа земја ја држеле во посед силни пагански племиња од кои требало да биде одземена дури во ‘четвртото колено’ (Битие 15,16). За потомците на Израел да станат многуброен народ, тие би морале или да ги растераат староседелците на таа земја или со нив да се измешаат… Египет, сепак, давал услови потребни за исполнување на божествената намера. Така им било ставено на располагање едно добро наводнувано и плодно земјиште, што давало големи можности за нивно брзо размножување.“ – Патријарси и пророци, 230 (232).
в. Како му била исполнета желбата на Јаков кога бил на умирање? Битие 46,29.30.
“Кога пристигнале во Египет, веднаш сите се упатиле во Гесенската земја. Во тој правец во пресрет им се упатил и Јосиф со својата државничка кола, придружуван со владетелска придружба. Јосиф потполно заборавил на достоинството на својата положба и на сјајот на својата околина. Една мисла го исполнувала неговиот ум, еден копнеж го возбудувал неговото срце. Забележувајќи ги патниците како се приближуваат, не можел веќе да ги совлада чувствата чиишто копнежи во текот на толку многу години биле потиснувани. Скокнал од колата и потрчал да го прегрне неговиот татко и да му изрази добредојде.“ – Патријарси и пророци, 231 (233).
Среда 18. март
4. НЕ БАРА ОДМАЗДА
а. Зошто Јаков го заколнал Јосифа после неговата смрт да го пренесе неговото тело назад во Хананската земја? Битие 47,27-31; 17,8.
б. Од што се плашеле браќата на Јосиф кога Јаков умрел – и зошто? Битие 50,14-18.
“По погребот на Јаков, повторно срцата на Јосифовите браќа ги исполнил страв. И покрај сета негова љубезност и добрина покажани кон нив во сите околности на нивниот живот, свеста за нивниот грев сепак ги гонела да бидат недоверливи и застрашени. Можеби тој, си мислеле тие, својата одмазда ја одложувал од почит кон својот татко, и можеби сега има намера да ги казни со долго планираната казна за нивното зло дело. Не се осмелувале лично да излезат пред него, туку пратиле порака: ‘Татко ти остави клетва пред да умре и рече – ‘Вака кажете му на Јосиф: Прости им ги на браќата твои неправдата и гревот нивни, што ти ги направија’… Љубовта на Јосиф кон неговите браќа била длабока и несебична, и не можел да ја поднесе мислата тие да се плашат од негова одмазда; тоа го заболело. ‘Не плашете се!’, им кажал тој, ‘зар сум јас на местото на Бог’ (Битие 50,16-19).“ – Патријарси и пророци, 238 (239).
в. Објаснете зошто Јосиф не бил огорчен ниту одмаздлив? Битие 50,19-21; Римјаните 12,17-21.
“Кога Јосифовите браќа го признале својот грев пред него, тој великодушно им простил, и со своите дела на благонаклоност и љубов покажал дека е слободен од огорченоста за свирепото однесување кон него.“ – Знаци на времето, 5. февруари, 1880.
“Еден од најчестите гревови, кој доведува до погубни последици, е духот на непростување. Колкумина негуваат непријателство или одмазда во своето срце, а потоа се поклонуваат пред Бога и бараат да им биде простено како и тие што простиле. Тие, несомнено, не го сфаќаат вистинското значење на оваа молитва, инаку не би се осмелиле да ја изговараат… Кога христијаните во секојдневниот живот би ги спроведувале начелата на оваа молитва, каква благословена промена би се случила во црквата и во светот! Тоа би било најубедливото сведоштво коешто може да се даде за вистинитоста на библиската религија.“ – 5 Сведоштво, 158 (170.171).
Четврток 19. март
5. ВЕТЕНАТА ЗЕМЈА
а. Кои пророчки ветувања Јосиф им ги дал на своите најблиски пред да умре, и кој бил повикан да го исполни тоа ветување? Битие 50,22-26; Излез 3,1-10.
“(Излез 3,2-10). Се исполнило времето кога Бог сакал Мојсеј својот пастирски стап да го замени со Божјиот жезол кој можел да чини големи знаци и чуда во ослободувањето на Неговиот народ од угнетување и да ги заштити кога биле гонети од страна на нивните непријатели.“ – Духовни дарови 3, 188.
б. Зошто ова ветување е толку важно за Јосиф и неговите потомци? Битие 17,7.8; Евреите 11,13-16.
“Бог на Аврам во визија му го покажал тоа бесмртно наследство, и со тоа неговата надеж била задоволена. ‘Со вера се всели Авраам во ветената земја како туѓинец и живееше под шатори со Исак и Јаков, наследници на истото ветување; зашто тој го очекуваше оној град што има основи, чиј градител и творец е Бог’ (Евреите 11,9.10).
За Аврамовите потомци стои напишано: ‘Сите тие умреа со вера, не добивајќи ги ветувањата, а само оддалеку ги видоа и ги поздравија, признавајќи дека се гости и придојдени’. Овде на земјата мораме да живееме како гости и дојденци ако сакаме ‘подобро’ наследство, ‘односно небесно’ (Евреите 11,13.16). Оние кои се синови Авраамови се стремат кон оној град што Тој го очекуваше ‘чиј градител и творец е Бог’.“ – Патријарси и пророци, 162(170).
Петок 20. март
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Како, верувајќи во Божјата промисла, можеме да го промениме својот став во животот?
2. Зошто е далеку подобро порано да ги признаеме своите гревови отколку подоцна?
3. Наведете ги причините зошто Бог го одвел својот народ во Египет?
4. Кој грев многу често ја уништува љубовта и мирот меѓу браќата и сестрите?
5. На што е фокусирана верата на патријарсите?