09 Од затвор во палата

Сподели го ова:

9. лекција – 28. февруари 2015.

Од затвор во палата

“Бидете понизни пред Господа, и Тој ќе ве возвиши.“ – Јаков 4,10.

“Јосиф од затворот бил возвишен за господар над целата земја Египетска… Тој покажувал иста верност кон Бога како во затворската ќелија, така и во фараоновата палата… Верната совесност во сите должности и на секоја положба – од најниска до највисока – ги обучила сите негови способности за највисока служба.“ – Патријарси и пророци, 219.220 (222).

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Знаци на времето, 15. јануари, 1880.

Недела 22. февруари

1. СОНОТ НА ФАРАОНОТ

а. Откако Јосиф бил оставен да чека две години од моментот кога пехарникот бил пуштен на слобода, каков сон Бог му дал на фараонот? Битие 41,1-7.

“Египетскиот цар во една ноќ сонил два сона, што очигледно укажувале на ист настан и навидум навестувале некоја голема несреќа. Тој не го сфатил нивното значење, а сепак тоа не престанало да го вознемирува. Сите мудреци и гаталци на неговото царство не можеле да ги протолкуваат.“ – Патријарси и пророци, 216 (219).

б. Како Господ се обидувал да му се открие на фараонот, како што тоа подоцна го направил со Навуходоносор? Битие 41,8; Даниел 2,1-11.29.

“(Фараонот) ги повикал сите египетски волшебници и мудреци. Царот мислел дека тие наскоро ќе му помогнат да ги разбере овие соништа, затоа што имале репутација во решавањето на ваквите проблеми. Царот им ги раскажал своите соништа, но бил многу разочаран кога открил дека сите негови волшебници и прочуени мудреци не можеле да ги објаснат.“ – Духовни дарови 3, 149.
Понеделник 23. февруари

2. ТОЛКУВАЊЕ

а. Како фараоновата неволја повторно го потсетила пехарникот на Јосиф? Битие 41,9-13.

“Збунетоста и вознемиреноста на царот, сè повеќе растеле и целиот двор го обзел страв. Општата возбуда го потсетила главниот пехарник на неговиот некогашен сон и на неговото толкување. Така најпосле се сетил на Јосифа, и совеста го каснала поради неговата толку голема заборавност и неблагодарност. Веднаш му раскажал на царот како еден млад Евреин кој заедно со него бил во затворот, им ги протолкувал соништата и нему и на главниот пекар и како тоа толкување точно се исполнило.
За Фараонот било непријатно понижување да ги заобиколи мудреците и гаталците на своето царство и за совет да му се обрати на некаков странец и роб, но бил подготвен и на најголемо понижување само да најде олеснување и мир за својот вознемирен дух. Веднаш пратиле по Јосифа. Тој во затворот се преоблекол и се истрижал, зашто косата во текот на долгото темнување и немилоста многу му пораснала. Потоа го извеле пред царот.“ – Патријарси и пророци, 216.

б. Како од примерот на Јосиф можеме да се поучиме своето знаење за Бога да го поделиме со другите? Битие 41,14-16; 1 Петрово 3,15.

“Јосифовиот одговор на царот ја покажува неговата силна вера и понизна доверба во Бога. Тој скромно се откажал од секаква чест дека поседува посупериорна мудрост за толкување од другите. Му рекол на царот дека неговото знаење не е поголемо од знаењето на оние што веќе ги консултирал. ‘Тоа не е од мене’ (Битие 41,16). Само Бог може да ги објасни овие мистерии.“ – Духовни дарови 3, 150.
“Јосиф го понел Бога со себе во Египет, а тој факт го потврдувал со своето расположение и покрај сите негови тешкотии…
Толку пријатното расположение и сочувство со другите, и покрај сите негови тешкотии, на Јосиф му го давала неговата религија. Има луѓе кои кога ќе видат дека во животот со нив се постапува неправедно, стануваат кисели, неблагородни и нељубезни во своите зборови и однесувањето. Омразени и мразејќи ги другите, тие сè подлабоко тонат во обесхрабреност. Но Јосиф бил христијанин.“ – Синови и ќерки Божји, 320.

в. Кое пророштво Бог му го открил на фараонот преку толкувањето на Јосиф, и зошто? Битие 41,25-32; 2 Петрово 1,19.

Вторник 24. февруари

3. ВОЗВИШУВАЊЕ НА БОГА

а. Каков совет Јосиф му дал на фараонот по толкувањето на сонот, и што можеме да научиме од искуството на Јосиф? Битие 41,33-37; Јаков 4,10.

“Царот поверувал во сè што Јосиф рекол. Тој верувал дека Бог бил со него и бил импресиониран од фактот дека тој бил најсоодветен човек да му се довери одговорност за остварување на сето она што го предложил. Тој не го презирал затоа што бил еврејски роб. Видел дека тој поседува извонреден дух. ‘Па им рече фараонот на слугите свои: Зар можеме да најдеме човек, како што е овој, во кого има Божји дух?’ (Битие 41,38).“ – Духовни дарови 3, 151.152.
“Оној кој Го прима Христа со жива вера одржува постојана заедница со Бога и претставува сад за чест. Ја носи со себе атмосферата на небото, која е дар на Божјата милост, богатство кое на светот не може да се купи.“ – Коментари на библиските текстови, 45.

б. Како сите искушенија и тешкотии го измениле Јосифа, и како фараонот го потврдил тоа? Битие 41,38-45; Дела 4,13.

“Во целото царство Јосиф бил единствениот човек надарен со мудрост да укаже на опасноста што му се заканувала на царството и да ја истакне неопходноста од подготовка за отстранување на таа опасност. Царот се уверил дека тој навистина е најспособен да го изведе планот што самиот го предложил. Било евидентно дека Јосиф располага со божествена моќ, бидејќи ниеден меѓу царските државници не бил толку способен во тоа критично време да ја поведе нацијата. Фактот што Јосиф бил Евреин и роб не значел многу кога се одмерува со неговата мудрост и неговото здраво расудување. ‘Зар можеме да најдеме човек, како што е овој, во кого има Божји дух?’ (Битие 41,38) им рекол царот на своите советници…
Но карактерот на Јосиф ја поднел проверката подеднакво и во неволјите и во благосостојба. Тој покажувал иста верност кон Бога како во затворската ќелија, така и во палата на фараонот. Секогаш се чувствувал како странец во незнабожечка земја, одвоен од своите роднини кои Го почитувале Бога. Меѓутоа, тој цврсто верувал дека божествената рака ги насочува неговите чекори и не престанувајќи да се потпира врз Бога, сесрдно ги прифатил своите нови должности. Преку Јосиф вниманието на фараонот и на египетските големци било насочено кон вистинскиот Бог; иако тие и натаму се придржувале до своите идоли, сепак научиле да ги почитуваат начелата откриени во животот и карактерот на приврзаникот на Јехова.“ – Патријарси и пророци, 218.219 (221.222).
Среда 25. февруари

4. БЛАГОСЛОВЕН ОД ГОСПОД

а. Колку години Јосиф поминал во затвор пред да излезе повторно на слобода? Битие 37,2; 41,46. Зошто тоа траело толку долго? Псалм 27,14; 34,8.

“Како што ѕвездите се движат по одредени циркуларни патеки низ бескрајните пространства, Божјите намери не познаваат брзање нити задоцнување.“ – Копнежот на вековите, 21 (32).
“Господ дозволува оние кои Му се мили да поминуваат низ искушенија, за да ги научат драгоцените поуки на доверба и вера во Него. Ако искушенијата се примени правилно, нашето верско искуство ќе покаже најголема вредност. Ако тоа нè наведе уште поцврсто да се потпреме на Бога, ние подобро ќе се запознаеме со Неговиот карактер.“ – Знаци на времето, 10. март, 1881.
“Докажано е и познато дека најмногу учиме и сфаќаме од она што лично ќе го доживееме, од лично искуство. Бог нè повикува лично да се осведочиме преку Неговата Реч, преку вистинитоста на Неговите ветувања. Тој нè повикува ‘Вкусете и ќе видите, колку е добар Господ’ (Псалм 34,8). Наместо да зависиме од зборот на друг, ние треба сами да се осведочиме… И како што се приближуваме до Исуса, и се фалиме со полнотата на Неговата љубов, нашиот сомнеж и мракот ќе исчезнат во светлината на Неговото присуство.“ – The Faith I Love By, 16.

б. Што покажува дека Јосиф навистина верувал дека сонот на фараонот е едно пророштво за иднината? Битие 41,46-49; Јаков 2,17-22. Како Бог ја благословил неговата вера? Битие 41,53-57.

“Иако Јосиф бил возвишен како владетел над целата земја, тој не го заборавил Бога. Знаел дека е странец во туѓа земја, одделен од својот татко и браќата кои го жалостеле, но тој цврсто верувал дека Божјата рака управува со неговиот животен пат и го довела до толку важна положба. И чувствувајќи се постојано зависен од Бога, сите свои должности како владетел над целата Египетска земја ги извршувал верно и совесно. ‘И за седум родни години земјата роди во изобилство.
И собираше Јосиф за тие седум (плодородни) години секаков вид жито, што го даваше египетската земја, и го носеше житото во градовите; во секој град го носеше житото од околните ниви. Така насобра Јосиф многу жито, колку што е песокот морски, така што престанаа да го мерат, зашто немаше број’ Битие (41,47-49).
Јосиф патувал по целата Египетска земја, давајќи налози за изградба на огромни складишта, и благодарение на неговата мудрост и одлично размислување обезбедени се додатни резерви на храна потребни за долгите години на глад.“ – Духовни дарови 3, 152.153.
Четврток 26. февруари

5. БОГ ЌЕ НÈ ИЗДИГНЕ

а. Како можеме да се издигнеме над сите искушенија и тешкотии кои доаѓаат на нашиот пат? Исаија 40,31; Псалм 11,1.

“Потпрете се врз Христовото Слово како ваш гарант. Зар Тој нè ве повикал да дојдете кај Него? Никогаш немојте да изговарате зборови што обесхрабруваат и што ја уништуваат надежта. Ако постапувате така, многу ќе загубите. Гледајќи ги само надворешните околности и приговарајќи кога ќе дојдат тешкотии и притисоци, вие докажувате дека вашата вера е болна и слаба. Зборувајте и однесувајте се како да вашата вера е непобедлива. Господовите резерви се неисцрпни; Нему му припаѓа целиот свет. Гледајте со вера кон небото. Гледајте на Оној, Кој има светлина и моќ и делотворност.
Вистинската вера е полетна, со цврсти начела, со постојани намери кои не можат да ги ослабат ниту времето ниту напорите.“ – Христовите очигледни поуки, 116.117 (146.147).

б. Иако некои работи во човечките очи можат да изгледаат невозможни, што за нас значи искуството на Јосиф? Спореди: Битие 39,20 и Битие 41,41; Марко 10,27.

“Господ го избрал Јосифа, иако биле многу тешкотии пред него, да го носи тешкиот товар во една идолска нација. Тој требало да го работи она за што Господ го избрал, така што знаењето за Бога да заблеска во целото египетско царство. Јосиф не ја изневерил својата света доверба.“ – РХ, 25. мај, 1897.
“Препреките кои сатаната ги натрупал на вашиот пат, иако можат да изгледаат несовладливи како вечните ридови, ќе исчезнат пред барањата на верата. ‘Ништо нема да биде за вас неможно’ (Матеј 17,20).“ – Копнежот на вековите, 418 (431).
“Човековата потреба е можност за Бога.“ – Судир и храб., 336.

Петок 27. февруари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто Бог на незнабожечкиот фараон му дал пророчки сон?
2. Зошто пророштвото, повеќе од било што друго, сведочи за Божјата сила и Неговото постоење?
3. Каков треба да биде нашиот став ако сакаме да Бог да нè употреби?
4. Какви искуства Бог сака сите ние да имаме?
5. Што треба да се сетиме кога следниот пат ќе се најдеме во искушение?

Сподели го ова:

Слични објави