08 Развој на христијански карактер
8. лекција – 21. февруари 2015.
Развој на христијански карактер
“Радувајте се, браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија, знаејќи дека проверката на вашата вера создава трпеливост.“ – Јаков 1,2.3.
“Малку се оние што сфаќаат колку малите работи во животот влијаат врз развојот на карактерот. Всушност, ниту една должност која треба да ја извршиме не е навистина мала. Разните околности со кои секојдневно се среќаваме се наменети за да се провери нашата верност и да се оспособиме за поголеми задачи.“ – Патријарси и пророци, 220.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Делата на апостолите, 428-434.
Недела 15. февруари
1. ХРИСТИЈАНСКИ ИСКУШЕНИЈА
а. Зошто било дозволено Јосиф да помине низ уште едно искушение во својот живот? Битие 39,20; Псалм 105,17.18; 1 Петрово 4,14-16.
“Улогата која Јосиф ја одиграл во врска со сцените од мрачниот затвор, било она што на крајот го воздигнало до просперитет и чест. Бог предодредил дека тој треба да стекне искуство преку искушенијата, страдањата и неволјите за да го подготви за неговата идна возвишена положба.“ – Коментари на библиските текстови, 44.
б. Кое ветување треба да го имаме на ум кога поминуваме низ искушенијата? Битие 39,21; 1 Коринтјаните 10,13; Филипјаните 4,19.
“Бог сигурно го чувал угледот (на Јосиф) кој бил оцрнет од страна на нечесниот обвинител, а подоцна во годините на неговата благосостојба направил да блесне со сиот сјај.“ – Духовни дар. 3, 145.
“За секое искушение имаме Божјо ветување дека ќе се најде начин како тоа можеме да го избегнеме. Зошто тогаш мнозина се совладани? Тоа е затоа што немаат доверба во Бога.“ – Христијанска умереност, 25 (22).
Понеделник 16. февруари
2. ЦЕЛОСНО ЗАДОВОЛСТВО
а. Како била непоколеблива верата на Јосиф од ова тешко а уште и неправедно судење? Битие 39,22.23.
“Во почетокот управителот на затворот со Јосифа постапувал мошне свирепо. Псалмистот кажува: ‘Ги стегнаа во окови нозете негови, железо околу вратот негов, додека се исполни зборот негов: додека не се исполни неговото пророштво, за да се потврди Господовото слово’ (Псалм 105,18.19). Но вистинскиот карактер на Јосиф блескал дури и во мракот на затворот; тој во својата вера и во своето трпение останал истраен. Како возврат за толку години верно служење, добил најсвирепа казна, но тоа не го разочарало, ниту ја загубил верата. Го имал оној мир што доаѓа од свеста за сопствената невиност и затоа својот случај целосно му го препуштил на Бога.“ – Патријарси и пророци, 213 (218).
б. Кога ќе дојдеме во искушение да се посомневаме во тоа зошто Бог дозволува толку сурови неправди, на кого треба да се сетиме? Исаија 53,7; 1 Петрово 2,21-23.
“Ако сте во искушение? (Постариот Брат) ќе ве избави. Ако сте слаби? Тој ќе ве зајакне. Ако сте неуки? Тој ќе ве просветли. ‘Тој ги исцелува скршените по срце и ги преврзува раните нивни’ (Псалм 147,3). Без оглед на вашите грижи и искушенија изнесете го вашиот случај пред Господа. Вашиот дух ќе биде зајакнат да издржите. Патот ќе се отвори пред вас за да излезете од своите непријатности и тешкотии. Ако сте слаби и беспомошни ќе станувате сè посилни во Неговата сила.“ – Знаци на времето, 15. јануари, 1902.
в. Што очигледно покажува дека Потифар не верувал во целост во обвинувањата на својата жена? Битие 39,20; Изреки 6,34.
“Доколку Потифар целосно верувал во обвиненијата на неговата сопруга, Јосиф би го изгубил својот живот. Но неговото однесување во минатото, неговата скромност и цврста честитост, биле убедлив доказ за неговата невиност; па сепак, за да се спаси угледот на куќата на неговиот господар, Јосиф бил жртвуван, додека грешната сопруга се возвишила и била ценета од нејзините пријатели како модел на доблест.“ – Знаци на времето, 8. јануари, 1880.
Вторник 17. февруари
3. ПРОВЕРКА НА КАРАКТЕРОТ
а. Како Јосиф се однесувал во затворот? Филипјаните 2,4.
“(Јосиф) бил осуден како криминалец во мрачен затвор, но тој не станал мрзлив ниту со обесхрабрување гледал на тежината на својот случај. Тој останал трпелив во вера и надеж. Не го затворил своето срце во однос на луѓето што страдаат, не го свртил вниманието врз себе; туку имал разбирање за маките на своите колеги – затвореници, дарувајќи им љубезно сочувство. Тој го пронашол своето дело дури и во затворот. Тој навистина бил слуга на слугите. Бог во школата на страдањето го оспособил за поголема корисност. Научил да владее со себеси. Од позиција на чест и доверба одеднаш бил целосно деградиран; меѓутоа честитоста, невиноста и доблеста никогаш не можат да бидат деградирани. Божјата волја била неговиот владејачки мотив во благосостојба, и тој го покажал истиот висок критериум заради кој сега се наоѓал во затворските ѕидови. Ја носел својата религија насекаде со себе, каде и да одел, и во било која ситуација да бил поставен.“ – Знаци на времето, 8. јануари, 1880.
б. Додека бил во затворот, кои особини Бог се обидувал да ги поттикне во Јосифа? Битие 40,1-4; 41,33.38.39; Изреки 1,1-5; 14,35.
“(Јосиф) не размислувал за сопствена вина, зашто ја немал, туку настојувал да ја заборави својата болка, трудејќи се да ја ублажи тагата и патилата на другите. Дури и во затворот нашол можност за своето дело. Во таа школа на страдање, Бог го приготвил за поголема корисност во животот, а тој не ѝ се опирал на потребната дисциплина. Во затворот, гледајќи ги последиците на угнетувањето, тиранијата и злосторството, ја научил поуката за праведноста, за сочувството и милосрдието, поука што го подготвила својата идна власт да ја применува мудро и со сожалување“ – Патријарси и пророци, 214 (218).
“Формирањето на благороден карактер е доживотна задача и мора да биде резултат на грижливо вложени и истрајни напори. Бог дава можности, а успехот зависи од тоа како ние ќе ги искористиме.“ -Патријарси и пророци, 220 (223).
“Ние стануваме победници помагајќи им на другите да победат. Победуваме со крвта на Јагнето и заради словото на нашето сведоштво. Држењето на Божјите заповеди нè потчинува на духот на послушноста, а службата која произлегува од таков дух е прифатлива за Бога… Колкумина во нашите цркви настојуваат да постават таков пример кој на луѓето ќе им го прикаже Оној Кој е Светлината на светот?“ – РХ, 25. февруари, 1909.
Среда 18. февруари
4. ВТОР ЧЕКОР ВО БОЖЈИОТ ПЛАН
а. Како Јосиф преку Божјото провидение бил оспособен да им послужи на фараоновиот пехарник и пекар; Битие 40,5-8 (прв дел). Во кого Јосиф се надевал кога се понудил да ги протолкува соништата? Битие 40,8 (последен дел); Јаков 1,5.
“’Ако некому од вас му недостига мудрост, нека ја побара од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без приговарање – и ќе му се даде’ (Јаков 1,5). Ваквото ветување вреди повеќе од злато или сребро. Ако во понизност на срцето барате божествен совет во секоја неволја и збунетост, Неговиот збор ветува дека милостиво ќе ви биде даден. А Неговиот збор никогаш не може да изневери.“ – 5 Свед., 402 (427).
б. Што сонувал пехарникот, и како Јосиф тоа го протолкувал? Битие 40,9-13.
“Пехарникот му го раскажал својот сон на Јосиф, кој тоа го протолкувал дека на пехарникот ќе му биде вратена фараоновата наклонетост, дека повторно ќе му ја дава чашата со својата рака како што тоа претходно го правел. Пехарникот бил задоволен со толкувањето и се ослободил од својата голема грижа.
Јосиф на главниот пехарник му рекол дека после три дена тој повеќе нема да биде затвореник. Тој чувствувал голема благодарност кон Јосиф заради интересот што го покажал кон него, за љубезното однесување додека бил под негова рака, и пред сè, за неговата помош кога бил многу загрижен, кога го толкувал неговиот сон.“ – Духовни дарови 3, 147.
в. Пекарот исто така бил возбуден да дознае за својот сонот, но и какво е неговото значење? Битие 40,16-19. Колку точно било Јосифовото толкување? Битие 40,20-22.
“’А кога виде главниот пекар колку добро му го протолкува сонот’ (Битие 40,16), се охрабрил и тој да го каже својот сон. Штом го раскажал својот сон, Јосиф тажно го погледнал, бидејќи го разбрал неговото страшно значење. Јосиф имал љубезно и сочувствително срце, сепак неговото високо чувство на должност го навело да ја каже вистината, иако тажно, го протолкувал сонот и на главниот пекар. Му кажал дека трите кошници врз главата значат три дена. И дека, како што птиците во неговиот сон јаделе месо од горната кошница, така ќе го јадат неговото тело бидејќи ќе биде обесен на дрво.“ – Духовни дарови 3, 147.148.
Четврток 19. февруари
5. УЧЕЊЕ НА ЛЕКЦИИ ЗА ДОВЕРБА
а. Откако го протолкувал сонот на пехарникот, што Јосиф побарал од него, и зошто? Битие 40,14.15. Како пехарникот возвратил на Јосифовата љубезност? Битие 40,23.
“Пехарникот бил виновен за гревот на неблагодарноста. Откако се ослободил од својата вознемиреност, после утешното толкување на Јосиф, тој сметал дека, доколку царот повторно му ја укаже својата наклонетост, сигурно ќе се сети на Јосифовото заробеништво и дека ќе му зборува на царот во негова полза. Видел дека толкувањето на сонот точно се исполнило, но сепак во неговата благосостојба заборавил на Јосиф во неговото неправедно притворање. Неблагодарноста од страна на Господ се смета за еден од најтешките гревови. Иако тоа е гнасно и одвратно и пред Бога и пред луѓето, сепак тоа е секојдневна појава.“ – Духовни дарови 3, 148.
б. Која важна поука Бог сакал Јосиф да ја научи додека се наоѓал во затворот? Еремија 17,5; Исаија 49,14-16. Зошто? 1 Коринтјаните 1,31.
“Уште две години Јосиф останал во затворот. Надежта што горела во неговото срце постепено изумирала, а кон сите други искушенија се придружило уште и горчливото осило на неблагодарноста.“ – Патријарси и пророци, 216(219).
“Верата е доверба во Бога – верување дека Тој нè сака и знае што е најдобро за нас. На тој начин, таа нè наведува наместо својот, да го избереме Неговиот пат. Наместо нашето незнаење, таа ја прифаќа Неговата мудрост; наместо нашата слабост, Неговата сила; наместо нашата грешност, Неговата праведност. Нашиот живот, ние самите, сето тоа веќе е Негово; верата го признава Неговото право на сопственост и ги прифаќа благословите што тоа ги донесува. Вистината, правдата, чистотата, се посочени како дел од тајната на успехот во животот. И токму верата нè вдахнува со овие принципи.“ – Воспитување, 253.
Петок 20. февруари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Кои средства Бог ги користи за да го развие карактерот?
2. Зошто треба да се обраќаме кон Него, кога ќе се соочиме со искушенија?
3. Како треба да се однесуваме кога поминуваме низ искушенија и тешкотии?
4. Како можеме да примиме вистинска мудрост?
5. На што треба да се сетиме кога сме разочарани од човечка негрижа?