06 Најголемото искушување на Јосиф

Сподели го ова:

6. лекција – 7. февруари 2015.

Најголемото искушување на Јосиф

“Бегајте од блудството! Секој грев, што го прави човекот, е надвор од телото, а блудникот греши против своето тело.“ – 1 Коринтјаните 6,18.

“Благодарение на Јосифовиот благороден карактер бил сочуван животот на египетската нација.“ – Делата на апостолите, 8 (13).

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Testimonies on Sexual Behavior, Adultery, and Divorce, pp. 81-89.

Недела 1. февруари

1. ЧУВАЈТЕ СЕ ДА НЕ ПАДНЕТЕ

а. Кога работите одат без проблеми, на што секогаш треба да бидеме свесни? 1 Коринтјаните 10,12; Матеј 26,41.

“Сега треба да бараме длабоки и живи искуства со Бога. Не смееме да загубиме ниту еден миг. Околу нас се одигруваат настани од најголема важност; ние се наоѓаме на сатанска маѓепсана почва. Не спијте, Божји стражари! Непријателот е близу и демне, подготвен секој миг да скокне врз вас и да ве стори свој плен, само ако ви падне духот и ако задремете.“ – Големата борба, 532 (601).

б. Додека Бог го благословувал Јосифа изобилно, што ѓаволот се обидувал да направи? Битие 39,5-7; 1 Петрово 5,8.

“Нашиот голем противник има свои агенти кои постојано демнат да ја уништат душата, како што лавот го демне својот плен.“ – Колпортерска служба, 52.
“Човекот е природно наклонет да ги следи сугестиите на сатаната, и затоа не може успешно да се спротивстави… освен ако Христос, моќниот освојувач, живее во него, насочувајќи ги неговите желби и давајќи му сила. Само Бог може да ја ограничи власта на сатаната. Сатаната слободно се движи на сите страни на Земјата, се подига на неа и повторно се спушта. Тој ниту за момент не ја намалува својата будност, плашејќи се да не пропушти некоја можност за уништување на душите.“ – 1 Сведоштво, 309 (341).
Понеделник 2. февруари

2. СТАПИЦИТЕ НА ЃАВОЛОТ

а. Која била целта на ѓаволот кога поставил стапица на прељубодејство пред очите на Јосиф? Битие 39,7; Изреки 5,1-5; 7,22.23.27.

“Малку се искушенијата кои се поопасни или попогубни за младите луѓе од искушенијата на сензуалните уживања и ниедно попуштање нема да се покаже така погубно за телото и душата и за овој и за идниот живот. Благосостојбата на целата негова иднина зависи од моментот на одлуката.“ – Коментари на библ. текстови 43.
“Драги млади пријатели, малку време поминато во сеење на какол, ќе даде жетва која ќе го загорчи целиот ваш живот; еден час на лекомисленост, едно попуштање на искушението, може целиот ваш живот да го насочи во погрешна насока. Младоста можете да ја имате само еднаш во животот; затоа направете ја корисна. Кога еднаш нешто си направил, никогаш не можеш да се вратиш за да ја поправиш својата грешка.“ – 4 Сведоштво, 596.

б. Под кои околности човекот е најмногу склон да падне во гревот на неморалот? Битие 39,11.12 (прв дел); Изреки 7,13-21.

“Сите кои своеволно отстапуваат од Божјите заповеди се ставаат под контрола на сатаната. Многу поединци се мешаат со злото мислејќи дека можат со тоа да раскинат кога ќе посакаат; но тие се заведуваат повторно и повторно сè додека не се најдат под контрола на волјата посилна од неговата. Тој не може да и избега на неговата таинствена сила. Тајниот грев или страста можат да ги држат во заробеништво потполно беспомошни како оној демонски роб од Капернаум.“ – Верата со која живеам, 312.
“Некој може да го сокрие својот грев од таткото, мајката, сопругата и пријателите, но сепак сето тоа е откриено пред Бога и се забележува во Неговиот записник.“ – Testimonies on Sexual Behavior, Adultery, and Divorce, p. 89.

в. Зошто не треба да бидеме сами во компромитирачки ситуации со спротивниот пол? 1 Солунјаните 5,22.

“Сите кои Го љубат Исус и ги држат заповедите ќе настојуваат да избегнат сè што изгледа на зло; не затоа што тие се принудени тоа да го направат, туку затоа што го копираат чистиот Модел и чувствуваат одбојност кон сè што е спротивно на законот напишан во нивните срца.“ – Testimonies on Sexual Behavior, Adultery, and Divorce, p. 81.
Вторник 3. февруари

3. ЦЕНТАР НА НАШИТЕ МИСЛИ

а. Кога Јосиф се соочил со заводничкото искушение од страна на жената на Потифар, каде биле насочени неговите мисли? Битие 39,7-9; Колосјаните 3,1-3.

“Одговорот на Јосиф ја открива моќта на верските начела. Тој нема да ја изневери довербата на својот земен господар, и без оглед на последиците, тој ќе Му биде верен на својот небесен Господар. Пред очите на Бога и светите ангели мнозина си дозволуваат слобода да го прават она што го сметале за грешно во присуство на своите ближни. Но Јосиф прво помислил на Бога: ‘Како јас да направам толку големо зло и да згрешам пред Бога’ (Битие 39,9).“ – Судир и храброст, 75.
“Кога ќе надојдат искушенија, не треба да гледаме на околностите или на личната слабост туку на силата на Речта. Целокупната нејзина сила е наша. ‘Твојата Реч’, вели псалмистот, ја скрив во своето срце за да не грешам против Тебе’ (Псалм 119,11). – Копнежот на вековите, 104 (123).

б. Што било тоа што Јосиф го одвратило од нејзиното напредување? Битие 39,9; Евреите 8,10; Псалм 119,10.11. Што се случува кога ќе ги сокриеме Божјите ветувања во нашето срце? 2 Петрово 1,4.

“Стравот од Бога, обединет со љубовта која е благородна, чиста и возвишена, ќе ве заштити од нечесните постапки… Каква поука сите млади луѓе имаат од историјата на Јосиф. Овде моралниот интегритет е сочуван во најсилните искушенија. Како жесток и заводлив бил нападот врз неговата доблест! Доаѓајќи од таков извор и на таков начин, тоа било неверојатно искушување за таков младешки ум. Јосиф го спасиле неговите верски принципи кои го навеле брзо и цврсто да се спротивстави на лукавството на сатаната.“ – Христос победник, 97.
“Ние ќе бидеме искушувани на различни начини, но кога сме во искушение треба да се сетиме дека победата ни е обезбедена над секое искушение… Оние кои навистина веруваат во Христа учествуваат во божествената природа и добиваат сила да се спротивстават на секое искушение. Тие нема да паднат во искушение ниту ќе дозволат да бидат поразени. Во време на искушението тие ќе се повикаат на ветувањето и ќе успеат да побегнат од изопаченоста која доаѓа на светот преку похотта.“ – Христос победник, 197.
“Нека младите се научат темелно да ја проучуваат Божјата Реч. Примена во душата, таа ќе се покаже како силна барикада против искушението.“ – Совети за родителите, учителите и студ., 98 (121).
Среда 4. февруари

4. БЕГАЈТЕ ОД ИСКУШЕНИЈАТА

а. На кој начин единствено можеме да се спротивставиме на сексуалните искушенија? Битие 39,12; 1 Коринтјаните 6,18.

“Јосиф својот поглед во молитва за помош мирно го насочил кон небото, со брзо движење се извлекол од својата наметка со која бил облечен, оставајќи ја во рацете на својот искушувач, и додека очите – наместо на валканата страст – биле осветлени со цврста одлука, извикал: ’Како јас да направам толку големо зло и да згрешам пред Бога?’ Победата е здобиена; побегнал од маѓепсницата; тој е спасен.“ – Коментари на библиските текстови, 43.
“Не запирајте ниту за миг со причини да го вразумувате искушувачот. Сатаната ќе се радува да ве види совладани од искушението. Не запирајте за да расправате со својата нејака совест. Избегнете го првиот чекор во престапот.“ – Совети за здравјето, 587.

б. Во моментот кога ѓаволот се обидува да ја уништи чистотата и невиноста на децата и младите промовирајќи разузданост, што можеме да научиме од Јосиф? 2 Тимотеј 2,22; 1 Тимотеј 4,12.

“За да ги заштитат своите деца од загадувачките влијанија, родителите треба да ги научат на начелата на чистота. Оние деца кои во домот ќе формираат навики на послушност и самосовладување ќе имаат помалку тешкотии да се борат против гревот на младоста. Родителите треба да ги учат своите деца да бидат верни на Бога во сите услови и на сите места. Тие треба да ги опкружуваат со влијанија кои го зајакнуваат карактерот.“ Совети за детето, 113.

в. Кои практични мерки можеме да ги преземеме за да го избегнеме падот во искушението? Римјаните 13,14; Псалм 101,3.

“Оние кои не сакаат да упаднат во стапицата на сатаната, мора да ги чуваат приодите на својата душа и да се трудат да не читаат, да не гледаат и да не го слушаат она што наведува на нечисти мисли. Не смее да им се дозволи на мислите да се запираат на секој предмет што би можел да го дошепне непријателот на душите. Срцето мора верно да се чува; инаку надворешното зло буди склоност кон злото што постои внатре и душата талка во мрак.“ – Адвентен дом, 403.
Четврток 5. февруари

5. НЕБОТО ГЛЕДА

а. Кој го посматрал Јосиф, кога тој се соочил со најголемиот предизвик во својот живот? Битие 39,2; Изреки 5,20.21; 1 Коринтјаните 4,9.

“Огнените испитувања биле за да ја тестираат посериозно верата и карактерот на Јосиф. Моралот на Египќаните бил на многу ниско ниво. Сопругата на неговиот господар била мошне развратна жена, и сега искушението да застрани од правиот пат и да го престапи Божјиот закон стоело пред младиот изгнаник. Неговата идна благосостојба зависела од моментот на одлука. Дали сатаната ќе триумфира? Дали начелото ќе заблеска во Јосифовото срце? Дали Божјиот страв ќе остане негова заштита? Дали ќе остане верен и на Божјиот закон? Ангелите го посматрале овој Божји слуга со најголем интерес.“ – Знаци на времето, 8. јануари, 1880.

б. Иако човечките очи не можат да видат што правиме и можеби ќе ги сокриеме нашите приватни гревови од очите на човекот, што всушност ние секогаш треба да имаме на ум? Евреите 4,13; Проповедник 12,14.

“Кога секогаш би мислеле на тоа дека Бог гледа и слуша сè што правиме, дека за нашите зборови и постапки се води точен извештај и дека еден ден за сето тоа ќе одговараме – тогаш би се плашеле да грешиме. Младите секогаш нека имаат на ум дека Бог ги гледа секаде каде што се наоѓаат и било што да работат. Нему не може да му побегне ниту една наша постапка. Ние не можеме да ги сокриеме нашите патишта од Севишниот. Човечките закони, иако понекогаш строги, често се престапуваат без да се откријат, и затоа остануваат неказнети. Но, тоа не е случај со Божјите закони. Ниту најтемната ноќ не може да го засолни виновникот. Тој може да мисли дека е сам, но за секоја негова постапка присутен е невидлив сведок. Пред Божјиот поглед дури ниту побудите на нашето срце не се скриени.“ – Патријарси и пророци, 213 (217.218).

Петок 6. февруари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто христијаните треба секогаш да бидат будни?
2. Како може еден грев да го промени правецот во нашиот живот?
3. Како можеме најдобро да се подготвиме за средба со искушението?
4. Кои чекори мораме да ги преземеме за да го избегнеме паѓањето во развратни гревови?
5. Кога сме сами, далеку од луѓето, што секогаш треба да имаме на ум?

Сподели го ова:

Слични објави