04 Патување за Египет
4. лекција – 24. јануари 2015.
Патување за Египет
“Испрати пред нив човек: како роб беше продаден Јосиф.“ – Псалам 105,17.
“Она што Аврам бил во земјата на своето престојувалиште, што Јосиф бил во Египет и што Даниел бил на Вавилонскиот двор, тоа еврејскиот народ требало да биде меѓу народите.“ ¬– Копнежот на вековите, 15 (27).
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Духот на пророштвото 1, 23-131.
Недела 18. јануари
1. БОЖЈОТО ПРОВИДЕНИЕ НА ДЕЛО
а. Наведи барем седум настани кои Господ во своето провидение морал да ги уреди пред да може Јосиф да биде испратен во Египет. Псалм 105,17; Битие 37,13-28.
“Патот избран од Бога може да изгледа мрачен, но сепак тоа е најсигурниот пат кон светлината. Среде привидните несреќи и порази, Божјото провидение сепак ги остварува Неговите намери.“ – Знаци на времето, 26. јули, 1883.
б. Зошто Бог од сите синови на Јаков го избрал Јосиф да изврши во Египет толку голема задача? Битие 37,2; 39,6; Дела 7,9.
“Јосиф ги слушал упатствата на својот татко и се боел од Бога. Тој бил послушен на исправното поучување на својот татко повеќе од било кој од неговите браќа. Ги чувал неговите упатства како скапоцено богатство и со сето срце го почитувал Бога. Тој тагувал поради погрешното однесување на некои негови браќа и понизно ги упатувал на вистинскиот пат, и да ги остават своите зли дела. Ова било единственото нешто со што ја предизвикувал нивната огорченост. Неговата омраза кон гревот била таква така што тој не можел да издржи да гледа како неговите браќа грешат против Бога. Тој го изнесувал овој предмет пред таткото, надевајќи се дека тој со својот авторитет ќе успее да ги реформира.“ Духот на пророштвото 1, 126.
Понеделник 19. јануари
2. ОСАМЕНО ПАТУВАЊЕ
а. На патот за Египет, како роб, како Јосиф го доверил својот живот на Бога? Битие 37,28; Псалм 88,3-5; 73,13.14.
“Кога караванот одел кон јужните граници на Ханан, тој можел да ги види далечните ридови меѓу кои биле поставени шаторите на неговиот татко. Споменувајќи си за својот сакан татко, горко заплакал во својата осаменост и болка… Со растреперено срце гледал кон иднината.“ – Патријарси и пророци, 210 (213).
б. Кога искушенијата да се посомнева во Божјото водство се најтешки? Битие 16,2.3; 17,1-3.
“Мнозина кои својот живот искрено ќе го посветат во Божја служба доживуваат големо изненадување и разочарување, бидејќи токму тогаш, како никогаш порано, ќе се соочат со пречки, потешкотии и искушенија. Тие се молат за сила да изградат карактер сличен на Христовиот и да се оспособат за Господовото дело, но запаѓаат во такви околности кои изгледаат како да сето зло во нивната природа повторно се буди. Тогаш, како и Израелците во старо доба, прашуваат: ‘Ако Бог нè води, зошто сите овие работи доаѓаат на нас.“ – Здравје и среќа, 420 (470).
в. Зошто Бог дозволил Јосиф да остане така осамен? 1 Петрово 4,12.13; Евреите 12,5.6; Римјаните 8,28.
“Каква промена на ситуацијата – од нежно негуван син до презрен и беспомошен роб…
Но, според Божјото провидение, па дури и тоа искуство требало да биде благослов за него. Само за неколку часови го научил она што инаку со години не би го научил. Со својата голема и нежна љубов кон него, татко му згрешил што бил пристрасен и што премногу се грижел за него. Оваа неразумна наклоност ги налутила неговите браќа и кај нив предизвикала сурова постапка што го разделила од неговиот дом. Последиците на сето тоа се манифестирале во нивниот карактер. Имало грешки што порано биле поттикнувани, а кои сега требало да се коригираат. Тој бил задоволен со себе и строго точен. Навикнат на нежното внимание и грижа од својот татко, сега се чувствувал неподготвен за тешкотиите што го очекувале во горчливиот и незгрижен живот на странец и роб.“ – Патријарси и пророци, 210 (213).
Вторник 20. јануари
3. ОД ДЕТЕ ДО МОМЧЕ ВО ЗРЕЛА ВОЗРАСТ
а. До кое ветување треба да се држат сите богобојазливи родители додека ги воспитуваат своите деца? Изреки 22,6.
“Тогаш мислите му се свртиле кон Бога на неговите татковци. Во детството бил научен да го сака и да се бои од Него. Често во шаторот на својот татко ја слушал приказната за визијата што Јаков ја видел кога како бегалец и изгнаник бегал од дома. Слушал за ветувањата што му ги дал Господ на Јаков и како тие биле исполнети; како во тешките мигови дошле Божјите ангели и му дале вистински упатства, го тешеле и го штителе. Дознал и за Божјата љубов со која за луѓето е предвиден и Спасител. Сите тие драгоцени поуки сега живо излегувале пред него.“ – Патријарси и пророци, 211 (213.214).
б. На кого Јосиф единствено можел да се повика во својата осаменост и прогонство? Како оваа одлука му го променила животот? Псалм 27,10; 34,18.19; Римјаните 10,13.
“Душата му затреперила од длабока возбуда кога решил верно да му се предаде на Бога и во сите околности да постапи онака како што му прилега на приврзаникот на небесниот Цар. Решил да Му служи на Господа со неподелено срце, пред своите животни искушенија да истапи храбро, во духовна сила и морална постојаност и секоја должност да ја изврши верно. Искуството на само еден ден претставувало пресвртна точка во Јосифовиот живот. Неговата страшна несреќа од разгалено дете создала промислен, храбар и самостоен човек.“ – Патријарси и пророци, 211 (214).
в. Кога сме во искушение да се чувствуваме напуштени и дека сè е изгубено, на што треба да се сетиме? Псалм 37,25; 33,18.22; 73,25.26; Евреите 12,1-3.
“Во секоја неволја Бог има намера тоа да го изведе за наше добро. Секој удар кој го уништува идолот, секое провидение кое ја слабее нашата потпора на земјата, а ја зацврстува нашата доверба во Бога, претставува благослов. Кастрењето може да биде мошне болно за некое време, а потоа ќе ‘принесе мирен род на праведност’ (Евреите 12,11)… Секое искушение кое ја погаѓа нашата вера и изгледа како Бог да нè оставил, е да нè доведе поблиску до Него… Нека ниеден христијанин не мисли дека е оставен во часовите кога искушенијата ќе наидат.“ – РХ, 10. април, 1894.
Среда 21. јануари
4. ВЕРА КОЈА ПОБЕДУВА
а. И покрај својата младост, каква победа Јосиф здобил над настанатите околности? Битие 39,1.2; Псалм 40,1-4.
“Бог во Својата голема милост на сите кои веруваат ќе им даде сила и способност да учествуваат во Неговата служба, како што им дал сила на Јосиф, Даниел и Тимотеј и на мноштво други кои се користеле со Неговите ветувања. Тие Му верувале и се потпирале на Него, и во тоа била нивната праведност. Мажите и жените биле поттикнати со вера. Тоа им го отворало патот низ облаците на приговорите преку кои сатаната настојувал да го попречи нивниот напредок. Гледајќи дека тие имаат доверба во Неговата помош и ефикасност, тие можат безбедно да поминат низ големата темнина на човечката непосветеност.“ – Погледот горе, 206.
б. Што вели Библијата за оние кои дозволуваат околностите да ја надвладеат нивната вера? Броеви 13,32.33; Евреите 3,17-19; Јаков 1,8.
“Христовиот живот бара самоодрекување и силна вера. Околностите не треба да господарат со нашиот живот. Божјото дете, наследник на небото, не може да преминува час на една час на друга страна.“ – РХ, 9. ноември, 1897.
в. Кои ветувања ни се дадени ако ги победиме своите искушенија, и како можеме да одолееме? Броеви 14,24; 1 Јованово 5,4; Откровение 3,21.
“Сега е време да се покажат оние кои се вистински Халевци, кои нема да се повлекуваат пред високите ѕидови и силните џинови, туку кои веруваат дека самиот овој факт ќе ја направи победата пославна. Пред нас се наоѓаат големи тешкотии и искушенија. Тоа бара голема храброст и истрајни напори за да се оди напред. Но, сега сè зависи од нашата вера во Капетанот кој досега безбедно нè водел. Зарем сега ќе покажеме неверување? Зарем треба да слабееме попуштајќи ѝ на недовербата и стравот? Зарем да се согласиме на компромис со светот и да се одвратиме од небесниот Ханан?“ – РХ, 29. ноември, 1881.
“Додека страшливците и оние кои мрмореле изумреле во пустината, верниот Халев доживеал да има свој дом во ветената земја. ‘Јас ќе ги прославам оние кои Мене Ме прославуваа кажува Господ’ (1 Самуил 2,30).“ – 5 Сведоштво, 282 (304).
Четврток 22. јануари
5. СИТЕ ВО БОЖЈИОТ ПЛАН
а. По пристигнувањето на Јосиф во Египет, зошто било важно да се сретне со Потифар? Битие 39,1.2. Како Бог ја искористил оваа средба во својот иден план за Јосиф? Битие 37,36; 39,20; 41,9-14.
“Својата продажба во Египет Јосиф ја сметал за најголема несреќа што можела да го снајде; но ја видел потребата да се надева на Бога како никогаш до тогаш додека бил под сигурна заштита на љубовта на неговиот татко. Јосиф го донел Бога со себе во Египет, и тој факт очигледно го правел поведар и порасположен и покрај сета негова жалост и тага. Како што Божјиот ковчег донесувал спокојство и просперитет во Израел, така и ова богобојазливо момче донело благослов за Египет.“ – Коментари на библиските текстови, 42.
б. Зошто Божјите планови не се секогаш во согласност со нашите лични желби? Изреки 16,9; Исаија 55,8.9; Римјаните 8,26.
“На секоја искрена молитва одговорот ќе дојде; можеби нема да дојде кога ние посакуваме или во време кое го очекуваме; но одговорот ќе дојде на начин или во време кое најдобро одговара на нашите потреби. Бог ќе одговори на молитвите упатени во осаменост, истоштеност и искушенија, но не секогаш во согласност со нашите очекувања, меѓутоа секогаш за наше добро.“ – Слуги на еванг., 234.
“Сите ние сакаме брз одговор на нашите молитви и доаѓаме во искушение да се обесхрабриме ако на нашата молитва не добиеме веднаш одговор. Искуството ме научи дека ова е голема грешка. Одложувањето е за наша особена корист. Тука ни се дава можност да видиме дали нашата вера е вистинска и искрена или е непостојана како морските бранови.“ – Совети за здравјето, 380.381.
Петок 23. јануари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Објасни како работи Божјото провидение?
2. Какви искушенија можат да дојдат на нас во поглед на нашата вера?
3. Зошто нашето спасение е далеку позначајно за Бога отколку нашата привремена состојба?
4. Што треба да правиме кога ќе наидат тешки околности?
5. Како треба да чекаме Бог да одговори на нашите молитви?