03 Влијанието на Јаков
3. лекција – 17. јануари 2015.
Влијанието на Јаков
“И вие, татковците, не дразнете ги децата свои, туку подигнувајте ги во воспитанието и науката на Господ.“ – Ефесјаните 6,4.
“Во формирање на карактерот… ниедно друго влијание не е посилно од влијанието на семејството.“ – Воспитување, 283.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Совети за детето, 17-25.
Недела 11. јануари
1. РОДИТЕЛСКАТА ГРЕШКА НА ЈАКОВ
а. Каде Јаков погрешил во подигањето на своите деца? Битие 37,2.3.
“Родителите не смеат да бидат пристрасни, туку кон своите деца треба да бидат еднакво нежни, имајќи на ум дека тие се откупени со Христовата крв. Децата ги имитираат своите родители, затоа треба да водат сметка да им пружат добар пример.“ – 5 Сведоштво, 298 (319).
б. Како оваа грешка влијаела на останатите браќа? Битие 37,4.
“Бидејќи мајка му не била веќе жива, му бил наполно предан на татка си, а срцето на Јаков било врзано за тоа дете на неговата старост. ‘А Израел го сакаше Јосиф повеќе од сите свои синови’ (Битие 37,3).
Но токму таа наклоност на таткото ќе стане причина за страдања и болки. Јаков немудро ја покажувал својата наклоност кон Јосифа, а ова предизвикало љубомора и завист кај другите негови синови.“ – Патријарси и пророци, 205 (209).
“Татковците и мајките треба внимателно и со молитва да го проучуваат карактерот на своите деца. Тие треба да ги потиснуваат и ограничуваат оние особини кои се премногу истакнати, а да ги охрабруваат и поттикнуваат оние кои се дефицитарни и на тој начин да обезбедат хармоничен развој на карактерот… Неурамнотежениот ум, брзата нарав, раздразливоста, зависта или љубомората сведочат за родителската негрижа. Овие лоши особини во карактерот им донесуваат голема несреќа на оние кои ги поседуваат.“ – Темели на христијанско воспитување, 66.67.
Понеделник 12. јануари
2. ОД ПРИЧИНИ ДО ПОСЛЕДИЦИ
а. На кој начин жените на Јаков го поттикнувале лошиот дух кај нивните деца? Битие 29,30-32; 30,1-8.20.
“Гревот на Јаков… го открил својот горчлив плод во карактерот и животот на неговите синови. Кога станале зрели луѓе тие развиле сериозни недостатоци. Резултатите од полигамијата се манифестирале во домаќинството. Овие страшни зла имале тенденција да ги исушат и самите извори на љубовта и со своето влијание ги слабееле најсветите врски. Љубомората на некои мајки го загорчувала семејниот живот. Децата пораснале како кавгаџии и неподложни на контрола, а животот на таткото бил замрачен со страшна вознемиреност и тага.“ – Судир и храброст, 72.
“(Јаков) повеќе ја сакал Рахела, па тоа предизвикало завист и љубомора кај Лија, и затоа животот му бил загорчен од постојаното соперништво меѓу сестрите.“ – Патријарси и пророци, 186 (189.190).
б. Како лошиот дух манифестиран од страна на родителите влијае врз развојот на карактерот на децата? Ефесјаните 6,4; Езекиел 16,44; Римјаните 2,21. Како можеме да пружиме добар пример? 1 Коринтјаните 9,27; 1 Петрово 2,21-23.
“Кога татковците и мајките ќе сфатат колку нивните деца ги копираат, тие ќе внимаваат на секој збор и на секој гест.“ – Коментари на библиските текстови, 740.
“Колку сериозно и истрајно уметникот се труди на платно совршено да го пренесе ликот на избраниот модел; и колку скулпторот вредно го делка и обработува каменот за да добие дупликат на копијата која ја замислил. Така и родителите треба да работат на обликување, полирање и облагородување на карактерот на своите деца според моделот кој им е даден во Исуса Христа. И како што уметникот трпеливо го проучува, планира и обработува одредениот материјал за да бидат што посовршени резултатите од неговата работа, така и родителот треба да го смета времето поминато во воспитување на своите деца за корисен живот овде и нивното оспособување за бесмртното царство.“ – Совети за детето, 476.477.
“Кога ќе почувствував лутина и бев во искушение да изговорам зборови од кои ќе се срамам, јас се воздржував и без зборови излегував од собата и барав од Господа да ми даде трпение да ги поучам овие деца. Потоа би се вратила и во разговорот со нив нагласував дека повеќе не смеат така да постапуваат. По ова прашање ние треба да заземеме таков став да не ги провоцираме децата на гнев. Ние треба да зборуваме љубезно и трпеливо имајќи на ум цело време како и самите честопати сме непослушни и како сакаме со нас да постапува нашиот небесен Татко.“ – Совети за детето, 254.255.
Вторник 13. јануари
3. ИЗМАМАТА НА БРАЌАТА
а. Кога искушението да се каже лага е најсилно? Битие 37,27-32; 3,11-13; 4,9.10.
“Колку е вистинито тоа што еден грев води кон друг; и колку снажно оваа вистина е илустрирана во случајот на Каин! Тој изгледал изненаден од прашањето: ‘Каде е братот твој, Авел? (Битие 4,9). Тој толку далеку отишол во грев, толку потклекнал под влијанието на сатаната така што изгубил чувство за Божјата присутност и за Неговата величина и сезнаење. Па така тој лажел пред Господа за да ја прикрие својата вина.“¬ – Знаци на времето, 16. декември, 1886.
“Иако сатаната може да ја користи измамата и лажните заклучоци за да ги оствари своите цели, Господ не може да лаже; иако Луцифер, како и змијата, може да се претвора и да го менува својот вистински облик за да се сокрие, Бог може да се користи само со директна, јасна вистина.“ – Духовни дарови 4, 319.
б. Како браќата преку измамничките лукавства си навлекле врз себе проблеми и душевни болки? Битие 37,34.35; 42,36-38.
“’Види дали е тоа облеката на синот твој, или не’ (Битие 37,22), биле нивните зборови. Тие таа сцена ја очекувале со страв, но не се надевале дека ќе мораат да го гледаат својот татко потонат во тага и болка што му го кинела срцето. ‘Облеката е на мојот син’, рекол Јаков, ‘крвожеден ѕвер го изел. Јосиф е, навистина, растргнат’ (33 стих). Попусто синовите и ќерките се обидувале да го утешат… Се чинело дека ниту времето не можело да ја олесни нити да ја намали неговата болка. ‘Со тага ќе појдам по синот мој во светот на мртвите’ (35 стих), липал во очај. Преплашени од она што го сториле, но плашејќи се од приговорите на нивниот татко, синовите на Јаков сепак во своето срце ја криеле вистината за сопствената вина која сега дури и ним им изгледала многу голема.“ – Патријарси и пророци, 209 (212).
в. Објаснете зошто измамничката постапка поради која Јаков сега страдал заради измамите на своите деца може да се поврзе со неговите измами од минатото? Битие 27,8-38; Гал. 6,7.
“Секое посеано семе донесува соодветна жетва. Така е тоа и во човечкиот живот.“ – Христовите очигледни поуки, 63 (84).
Среда 14. јануари
4. ПЛОДОВИТЕ НА ГРЕВОТ
а. Кои грешни страсти синовите на Јаков ги негувале кон Јосиф? Битие 37,3-5.11.23.24.
“Наклонетоста со која Јаков го посматрал Јосифа не можела да се сокрие и прекрасната шарена наметка која му ја дал им била јасен доказ на неговите синови за неговата пристрасност. Тоа за нив била доволна причина да негуваат љубомора, омраза и одмазда во нивните срца.“ – Знаци на времето, 18. декември, 1879.
“Божјиот закон ја разоткрива љубомората, зависта, омразата, злобата, одмаздата, страста и амбицијата која се подига во душата, но кои не нашле израз во надворешна акција поради недостаток на прилики.“ – Ум, карактер и личност, 526.
б. Каде нè водат овие грешни страсти кога ги негуваме – што всушност нè наведува на тоа? Изреки 27,4; Јаков 1,13-15.
“Зависта и љубомората се како две сестри кои се сливаат во своето делување. Зависта го наведува човекот да сака некое добро што другите го поседуваат и ќе направи сè што е во негова моќ да им наштети на карактерот и угледот на оние на чие место сакаат да бидат.“ – Знаци на времето, 2. ноември, 1888.
“Христовата љубов во душата никогаш не доведува до злоба и завист.“ – Нашиот висок повик, 234.
в. Кога овие грешни страсти се негуваат во срцето, што луѓето се во состојба да направат? Битие 37,18-20; Изреки 6,34.35; 1 Јованово 3,11-15.
“Јосифовите браќа ја забележале силната љубов на нивниот татко кон Јосиф и тоа ја предизвикало нивната завист кон него. Нивната завист прераснала во омраза, и конечно, во убиство.“ – Духот на пророштвото 1, 127.
“Зависта е ќерка на горделивоста и ако ја негувате во своето срце, ќе предизвика омраза, а можеби и одмазда и убиство.“ – Патријарси и пророци, 689 (651).
“Убиство прво постои во мислите. Оној кој на омразата и дава место во своето срце, стапува на патот на убиецот и неговите жртви му се гнасни на Бога.“ – Копнежот на вековите, 290 (310).
Четврток 15. јануари
5. ХРИСТИЈАНСКИ ДОМ
а. Наведи некои значајни насоки за говор во христијанскиот дом. Ефесјаните 4,21-27.31.32. Откровение 14,5.
“Околу секое семејство постои свет круг кој треба да се зачува. Никој нема право да го повреди овој свет круг. Мажот и жената треба да бидат сè еден на друг. Жената не треба да има тајни за кои нејзиниот маж не знае, а другите знаат; мажот исто така не треба да има тајни кои ги крие од својата жена, а ги открива на другите.“ – Адвентен дом, 177.
“Ако во раното детство децата не се истрајно и трпеливо обучени на вистински начин, тие ќе формираат погрешни навики. Овие навики ќе се развијат во нивниот подоцнежен живот и ќе ги расипат другите. Оние чии умови навикнале на ниски дофрлања, кои се унижени со измамнички практики и со погрешно домашно влијание ќе ги носат своите погрешни навики низ целиот живот. Доколку формално ја прифатат христијанската вера, тие своите навики ќе ги откриваат и во нивниот верски живот.“ – Совети за детето, 200.201.
б. Зошто е важно да ја согледаме грешноста на измамата манифестирана во животот на Јаков и неговите деца? Јован 8,44; 1 Петрово 2,1-3; Откровение 21,27.
“Вистината е од Бога, а измамата во сите свои форми потекнува од сатаната; и секој оној кој на било кој начин се оддалечува од вистинскиот пат на вистината, се предава на моќта на злиот непријател. Оние кои се учеле од Христа нема да учествуваат ‘во бесплодните дела на темнината’ (Ефесјаните 5,11).“ – Пророци и цареви, 168 (252).
“Господ мрази секаква измама, тајност и лукавство. Ова е дело на сатаната. Божјото дело е отворено и искрено.“ – Сведоштво за проповедници, 274.
Петок 16. јануари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Зошто е важно нашите деца да ги сакаме подеднакво?
2. За што родителите треба да бидат свесни кога ги подигаат своите деца?
3. Дали постои сигурност во кажување на лаги, дури и во таканаречените безопасни лаги?
4. Како можеме да извршиме убиство во нашето срце?
5. Како лагите и измамите можат да го уништат христијанскиот дом?