02 Божјиот план за Јосиф

Сподели го ова:

2. лекција – 10. јануари 2015.

Божјиот план за Јосиф

“Градете го своето спасение со страв и трепет, зашто Бог е Оној Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја.“ – Филипјаните 2,12.13.

“Со Божји методи, а не човечки, треба да се раководиме во своите одлуки. Тој има план, добар и мудро осмислен. Тој план Тој ни го открил во својата Реч, и од нас очекува да го земеме како наш водич во сите работи, големи и мали. Своите планови човекот не треба да ги создава според своите ограничени решенија, туку треба да истражува какви во тој поглед се Божјите планови.“ – Објавени ракописи, 18, 270.271.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Знаци на вр., 18. декември, 1879.

Недела 4. јануари

1. ЈОСИФ ПРВПАТ ПАТУВА САМ

а. Зошто е значајно тоа што Јосиф тргнал сам да ги бара своите браќа? Битие 37,12-14.

“(Јаков)… го пратил Јосифа да ги побара (браќата) и да му донесе извештај за нив. Кога Јаков би го знаел вистинското расположение на другите свои синови кон Јосиф, во никој случај не би го пратил сам, но тие своите чувства грижливо ги криеле. Јосиф со радосно срце се разделил од својот татко; ниту старецот ниту момчето и не сонувале што сè ќе се случи пред пак да се видат.“ – Патријарси и пророци, 207 (210).

б. Зошто за Јосиф била важна средбата со човекот кој му кажал каде се наоѓаат неговите браќа? Битие 37,15-17.28.

“Кога Јосиф пристигнал на местото каде што неговиот татко претпоставувал дека се наоѓаат неговите браќа, тој не ги нашол таму. Како што одел од поле до поле барајќи ги, еден странец ја забележал неговата упорност и му рекол дека отишле во Дотан. Тој веќе патувал осумдесет километри, а му преостанале повеќе од дваесет и пет. Ова било едно долго патување за едно момче; но тој тоа радосно го извршувал.“ – Знаци на времето, 18. декември, 1879.
Понеделник 5. јануари

2. ЗАГОВОР НА ЈОСИФОВИТЕ БРАЌА

а. Што било првото нешто што им паднало на ум на браќата кога виделе како Јосиф доаѓа, и зошто? Битие 37,18-20.

“Колкаво растојание (Јосиф) морал да помине за да ги види и поздрави своите браќа. Гледајќи го како доаѓа, лесно го препознале по неговата шарена наметка; но штом го виделе, во нив се разбудиле чувствата на завист, љубомора и омраза. Тие не размислувале за долгиот пат кој морал да го помине за да се сретне со нив; не размислувале за неговиот умор и глад ниту за фактот дека тој е нивен брат кој има право на нивно гостопримство, нивно внимание и братска љубов. Самиот поглед на шарената наметка која укажувала на неговата различност ги исполнил со сатански бес.“ – Знаци на времето, 18. декември, 1879.

б. Како ѓаволот се обидувал да го спречи Божјиот план да го искористи Јосиф да го спаси Неговиот народ? Битие 15,12-14; 37,20; Ефесјаните 6,11.12. Гледајќи долгорочно, кого браќата всушност би убиле ако успеале во нивните планови против Јосиф? Битие 42,1.2.

в. Во своите напори да го спречи Божјиот план за Јосиф и неговото семејство, кој првобитен план сатаната се обидувал да го осуети? Битие 3,15; 22,16-18; Галатјаните 3,16.

“Убиството на Авел е прв пример на непријателството кое, како што изјавил Бог, требало да постои меѓу змијата и потомството на земјата – помеѓу сатаната и неговите приврзаници од една страна, и Христа и неговите следбеници од друга страна.“ – Патријарси и пророци, 53.
“Наведувајќи ги Израелците така дрско да го исмеваат и да го навредуваат Јехова, сатаната имал намера да ги упропасти. Бидејќи тие загубиле секакво чувство на свест за предимствата и за благословите што им биле понудени и се откажале од својата свечена и повторена заклетва на верност и потонале во изопаченост, сатаната се понадевал дека Бог потполно ќе раскине со нив и конечно ќе дозволи да пропаднат. Со тоа би го сотрел семето на Аврама кое, како семе на ветувањето, требало да го сочува знаењето за вистинскиот Бог и преку кое требало да дојде Оној Кој како вистинско ‘семе’ на жената требало да ѝ стапне на главата на сатаната. Големиот бунтовник планирал да го уништи Израел и со тоа да ги спречи и да ги побрка Божјите намери.“ – Патријарси и пророци, 345 (335).
Вторник 6. јануари

3. БОРБА ЗА ДУШАТА

а. Кого Божјиот Дух го поттикнал да го спаси Јосифа од смрт, и зошто Бог го избрал токму тој брат? Битие 37,19-22; 29,31.32.

“Кога не би бил Рувим, тие би ја исполниле својата намера. Но тој се исплашил од помислата да учествува во убиството на својот брат, па предложил да го фрлат Јосиф жив во една јама и да го остават таму да загине.“ – Патријарси и пророци, 207 (211).
“(Рувимовото) залагање за Јосиф покажува јасни аргументи на вина која би паднала врз нив, и дека Божјото проклетство ќе дојде врз нив заради таквиот злочин.“ – Знаци на времето, 18. декември, 1879.

б. Каков бил Божјиот план за Јосиф во тој момент? Псалм 105,16.17. Каков бил планот на Рувим? Битие 37,22 (последен дел).
“Меѓутоа Рувим имал намера подоцна да го спаси Јосифа и жив да го врати кај татка си.“ – Патријарси и пророци, 207 (211).

в. Преку кој друг брат Бог работел на остварување на Своите планови, и зошто направил Рувим да не биде таму во тоа време? Битие 37,25-30.

“Бидејќи успеал и другите браќа да ги наговори да го прифатат овој план, се оддалечил од нив, плашејќи се дека не ќе може доволно да ги контролира своите чувства, и дека неговата вистинска намера ќе биде откриена…“ – Патријарси и пророци, 207 (211).
“Тогаш Јуда предложил да го продадат својот брат како роб на тие трговци наместо да го остават да умре. Така ќе се ослободат од него на сигурен начин, а нема да ги извалкаат рацете со неговата крв. ‘Бидејќи брат ни е’, нагласувал Јуда, ‘наша крв е’ (Битие 37,27). Со тој предлог веднаш сите се согласиле и бргу го извадиле од јамата…
Рувим се вратил кај јамата, но Јосиф не бил таму. Сиот исплашен и осудувајќи се самиот себеси, ја искинал својата облека и ги побарал другите браќа, изјавувајќи: ‘Го нема момчето: а сега, каде да се денам јас?’ (30 стих). Кога дознал за судбината на Јосиф и кога сфатил дека не може да го врати, бил присилен да им се придружи на другите во обидот да ја сокријат својата вина.“ – Патријарси и пророци, 208 (212).

Среда 7. јануари

4. НАШ ЗАШТИТНИК

а. Иако Јосиф бил надвор од заштитата на својот земен татко, кој сè уште бил со него? Битие 39,2; Псалм 103,13.

“Браќата на Јосиф си ласкале себеси дека пронашле сигурен пат да го спречат исполнувањето на Јосифовите необични соништа. Но Господ управувал со настаните и направил токму свирепите постапки на неговите браќа да придонесат за исполнување на соништата кои тие настојувале да ги спречат. Јосиф мошне болно тагувал поради одвојување од својот татко, и најголема жалост му причинувало размислувањето за болката на неговиот татко. Но Бог не го оставил Јосифа да оди сам во Египет. Ангелите го подготвиле патот за неговиот прием.“ – Духот на пророштвото 1, 130.131.

б. Што секогаш треба да имаме на ум во поглед на Божјата контрола и надлежност над животот на секој поединец? Јов 2,3-6; Псалм 56,11.

“Проучувајте ја историјата на Јосиф и Даниел. Господ не ги спречил заверите на луѓето кои сакале да им наштетат; но направил сите тие лукаво смислени планови да излезат на добро за Неговите слуги кои среде сите искушенија и судири ја сочувале својата вера и лојалност.“ – Слуги на евангелието, 426 (477).

в. Со каква сигурност секој кој верува во Христа може да верува дека Господ води грижа и за него или неа? Јован 10,27-29; 1 Петрово 5,6.7.

“На секој поединец Христос му вели: ти си мој. Јас те откупив. Ти си сега само еден груб камен; но ако се препуштиш во Моите раце јас ќе те исполирам и ќе засветиш на слава на Моето име. Никој нема да ве откине од Мојата рака. Јас ќе ве направам да бидете Мое особено богатство. На денот на Моето крунисување ќе бидете скапоцени камења на радост во Мојата круна.“ – Во небесните пространства, 267.
“Сегашната и вечна сигурност на луѓето е нивниот гарант, Исус Христос, Праведникот. Душата која верува никој не може да ја откине од Неговата рака… Со прифаќање на Божјата љубов во срцето, љубовта кон светот исчезнува и ние се изградуваме во најсвета вера.“ – Упатства за младите, 17. февруари, 1898.
Четврток 8. јануари

5. СОРАБОТКА СО БОГА

а. Што им е ветено на оние кои во целост ќе се потпрат на Бога како што тоа го направил Јосиф? Псалм 37,4.5; Изреки 3,5.6.

“Секој план изнесете го со пост и со понизност на душата пред Господ Исус, и сите свои патишта доверете Му ги на Господа. Неговите ветувања се сигурни. Тој ќе управува со вашите чекори. Неговите извори се непресушни. Светецот Израелов Кој сите војски небесни ги знае по име и ги одржува ѕвездите на нивните патишта, води грижа за секого од нас поединечно…
Сакам сите да сфатат какви можности и изглед на успех имаат оние кои со целосна доверба ќе се потпрат на Христа. Животот сокриен со Христа во Бога секогаш има засолниште; и таквиот може да каже: ‘Сè можам преку Христа, кој ми дава сила’ (Филипјаните 4,13).“ – Country Living, 28.

б. Што ние треба да чиниме, и како, на својот христијански пат? Филипјаните 2,12.13.

“Никој не може сам со сопствени дела да го заслужи спасението, меѓутоа ниту Бог тоа не може да го направи без наша соработка. Но, ако луѓето искрено се залагаат за тоа, Бог работи со нив и им дава сила и право да станат Божји синови.“ – 6 Сведоштво, 343 (372).
“Бог и човекот треба да соработуваат. Сè што се прави треба да биде направено во Бога.“ – Сличност со Христа, 120.
“Сè што можеме да направиме за наше спасение е градење на спасението со страв и трепет. Бог работи во нас да сакаме и да направиме според Неговата волја. Ако Му дозволиме да работи, Тој ќе работи. Нашата награда на небото зависи од нашите секојдневни постапки и разговори овде на земјата. Ние можеме да бидеме христијани овде. А за да бидеме христијани не е неопходно да бидеме потиштени, негодувајќи што не можеме да одиме по сопствениот пат. Ако сме навистина христијани, Христос станува во нас надеж на славата.“ – Погледот горе, 204.

Петок 9. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Објасни зошто навидум малите одлуки можат да го променат животот.
2. Во каква војна христијаните се вклучени?
3. Како Божјиот Дух може да влијае на нас да Му дозволиме на Бога Тој да работи во нас и за нас?
4. Зошто не треба да се плашиме од она што луѓето можат да ни направат?
5. Дали она што треба да се направи за наше спасение е Божјо или човечко?

Сподели го ова:

Слични објави