01 Соништата на Јосиф

Сподели го ова:

1. лекција – 3. јануари, 2015.

Соништата на Јосиф

“Секоја казна во почетокот не се покажува дека е за радост, туку за жалост; но потоа на оние што ќе се поучат од неа таа ќе им принесе мирен род на праведност.“ – Евреите 12,11.

“Вера, трпение, воздржување, небесно расположение и доверба во нашиот мудар, небесен Отец, тоа се совршените плодови кои созреваат среде облаци на разочарувања и периоди на жалост.“ – Коментари на библиски текстови, 818.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Одбрани пораки 2, 96-100.

Недела 28. декември

1. ПРВИОТ СОН НА ЈОСИФ

а. Кој бил Јосиф, и што тој сонувал една ноќ? Битие 30,22-24; 37,1-7.

“Постоел еден (од синовите на Јаков)… кој според карактерот значително се разликувал од останатите, постариот син на Рахела, Јосиф, чија ретка лична убавина ја одразувала внатрешната убавина на душата и срцето. Беспрекорно, активно и со весела природа, момчето давало докази за моралната искреност и цврстината. Ги слушал инструкциите на неговиот татко и сакал да се покорува на Бога.“ – Судир и храброст, 72.
“Божјиот ангел му давал инструкции на Јосиф во сон кои тој невино ги раскажувал на своите браќа.“ – Духовни дарови 3, 138.

б. Како Јосифовите браќа го разбрале значењето на неговиот сон кој се однесувал токму на нив? Битие 37,8.

“Јосиф сонувал како, додека сите биле ангажирани околу врзувањето на сноповите на жито, неговиот сноп се исправува и застанал исправено, а сноповите на сите останати стоеле наоколу и се поклонувале пред неговиот сноп. Откако го раскажал сонот, тие го разбрале неговото значење. Неговите браќа огорчено извикале: ‘Зарем ти ќе владееш над нас’?“ – Знаци на времето, 18. декември, 1879.
Понеделник 29. декември

2. ВТОРИОТ СОН НА ЈОСИФ

а. Според што вториот сон на Јосиф се разликувал од првиот? Битие 37,9.

“Наскоро Господ на Јосиф му дал уште еден сон, но со повпечатливо значење. Овој сон, исто така, се однесувал на неговиот татко и неговите браќа.“ – Знаци на времето, 18. декември, 1879.

б. Како таткото на Јосиф реагирал на овој сон? Битие 37,10.

“Набргу Јосиф сонил уште еден сон со слично значење, што исто така им го раскажал: ‘Сонив уште еден сон, а тоа – сонцето и месечината и единаесет ѕвезди ми се поклонуваа’. Овој сон е протолкуван како очигледен стремеж за првенство. Таткото, кој се нашол тука, го прекорил, велејќи: ‘Каков е тој сон што си го сонил? Зар јас и мајка ти, и браќата твои, ќе дојдеме тебе да ти се поклониме доземи?’ (Битие 37,9.10).“¬¬ – Патријарси и пророци, 206 (210).

в. Како реакцијата на Јаков на овој сон се разликувала од реакцијата на неговите браќа? Битие 37,11.

“Се чинело дека Јаков кон соништата на неговиот син гледа рамнодушно. Но и самиот тој често примал од Господ одредени упатства во сон, и верувал дека Господ го поучува Јосиф на ист начин. Тој го предупредил Јосиф своите вистински чувства да не ги открива на неговите злобни браќа.“ – Духовни дарови 3, 139.
“Наспроти привидната строгост на неговите зборови, Јаков верувал дека Бог на Јосиф му ја открил иднината.
Додека момчето стоело пред своите браќа со лице озарено од Духот на вдахновението, тие не можеле да го сокријат својот восхит; но не сакале да се откажат од своите лоши патишта и ја мрзеле чистотата која ги осудувала нивните гревови.“¬¬ – Патријарси и пророци, 206 (210).
“Господ работи на свој начин и во согласност со Своите намери. Нека луѓето се молат да ја отфрлат својата себичност и да бидат во хармонија со небото.“¬¬ – РХ, 5. мај, 1896.

Вторник 30. декември

3. ВРЕМЕТО ОТКРИВА СÈ

а. Како Јосиф, многу години подоцна, конечно го препознал исполнувањето на својот прв сон за сноповите со жито? Битие 42,6-9.

“(За време на гладот, синовите на Јаков) ги упатиле кон царскиот претставник, па со другите кои дошле да бараат храна, излегле пред господарот над египетската земја. И ‘му се поклонија со лицето до земја’. ‘Јосиф ги препозна своите браќа, но тие него не го препознаа’ (Битие 42,6.8). Неговото еврејско име било заменето со ново, што му го дал царот, а меѓу премиерот на Египет и момчето што тие им го продале на Исмаилците, имало малку сличност. Кога Јосиф ги видел своите браќа на колена пред себе, си спомнал за своите соништа и пред неговите очи оживеале сцените од минатото.“ – Патријарси и пророци, 221 (224).

б. Колку години поминале пред да се исполни првиот сон? Битие 37,2; 41,46.53.54; 42,6; 45,6.

в. Зошто Бог дозволил да помине толку време пред да се исполни оваа визија? 2 Петрово 3,8.9. Спореди: Битие 37,4.11 со Битие 45,15.

“Мнозина кои никогаш не биле во неволја изгледаат одлични христијани и нивниот живот изгледа беспрекорен; меѓутоа, Бог гледа извесни црти во нивниот карактер кои мораат да бидат откриени за да можат да ги увидат и да ги поправат… Во своето провидение Бог дозволува да се најдеме во положба која бара активирање на умните способности неопходни за развој на карактерот под различни околности. Таканаречените христијани можат, однадвор гледано, да живеат сосем беспрекорен живот; но кога променетите животни околности ќе ги доведат во потполно поинаква положба, доаѓаат до израз некои силни црти на нивниот карактер кои би останале сокриени ако понатаму живееле во исто опкружување.“ – 4 Сведоштво, 52 (55.56).
“Бог предодредил дека (Јосиф) треба да помине низ тешки искушенија, тешкотии и неволји, за да го подготви за неговата идна висока позиција.“ – Коментари на библиски текстови, 44.
Среда 31. декември

4. МОМЕНТИ НА ПРОВЕРКА

а. Дискутирајте за некои од причините поради кои Бог дозволува одредени искуства да траат подолго отколку што ние би сакале. Псалм 26,2; Евреите 12,11, Јаков 5,7-11; Откр. 14,12 (прв дел).

“Никој од оние што ја примиле Божјата Реч не е поштеден од тешкотии и искушенија. Но, кога ќе се појават неволји, вистинскиот христијанин не станува немарен, недоверлив или малодушен. Иако не сме во состојба да го видиме конечниот исход на настаните, или да ја разбереме намерата на Божјото провидение, ние не смееме да ја изгубиме нашата доверба. Сеќавајќи се за нежната Господова милост, сите наши грижи треба да Му ги предадеме Нему и трпеливо да го чекаме Неговото спасение. Во борбата духовниот живот зајакнува. Неволјите што ги поднесуваме развиваат цврст карактер и скапоцени духовни доблести. Совршениот плод на верата, кротоста и љубовта, често најдобро созрева во услови на бурни облаци и темнината.“ – Христовите поуки, 43 (60.61).

б. Кој е најголемиот предизвик за нашата вера во време кога искушувањето се продолжува? Евреите 10,35-39; Псалм 27,14.

“Не обесхрабрувајте се поради тоа што околностите се смениле и наидуваат разочарувања и што во развојот на делото не можете да направите толку многу како што сте се надевале. Сите свои грижи положете ги пред нозете на Спасителот. ‘Барајте и ќе добиете’ (Јован 16,24). Направете најдобро што можете, а потоа чекајте, трпеливо, во надеж и радосно, бидејќи Божјото ветување нема да остане неисполнето. Христовиот живот на постојани напори е запишан за наше охрабрување. Тој не давал да се обесхрабри. Во време на искушувањето, бидете трпеливи. Трпението претставува скапоцена доблест. Тоа ќе донесе здравје на срцето и душата. Чекајте на Господа сè додека Тој нè види дека сте подготвени да ги примите и цените благословите кои сте ги барале. Вежбајте се во вера дури и тогаш кога искушенијата се многу остри. ‘А верата е тврда увереност во она на кое се надеваме и убедување за нештата, што не се гледаат’ (Евреите 11,1). Верата раѓа надеж.
За да се прифати спокојно разочарувањето се бара самоконтрола; но Исус ги разбира вашите потреби. Секоја молитва која искрено и во вера ќе Му ја упатиме ќе биде услишена. Направете сè што е во ваша моќ, не давајте да се обесхрабрите и не паѓајте во очај. Кога се чини дека сте оградени со навидум несовладливи тешкотии, тогаш е време, повеќе отколку било кога, да му верувате на Господ.“ – РХ, 30. мај, 1912.
Четврток 1. јануари

5. БОЖЕСТВЕНО ОТКРОВЕНИЕ

а. Како Јосиф на крај верувал дека овие одредени соништа претставуваат божествено откровение и покрај тоа што неговите браќа тоа порано го отфрлиле? Битие 40,8; 41,15.16.

“Славата (за толкување на соништа) Јосиф не ја припишал на себе. Тој фараонот го насочил на Бога, велејќи: ‘Тоа не е од мене, туку Бог ќе му даде одговор на фараонот за негово добро’ (Битие 41,16).
Благодарение на мудроста примена од Бога, Јосиф можел да го сфати вистинското значење на сонот. Тој го видел чудесното Божјо делување и целосното значење на сонот јасно го изнел пред фараонот.“ – Упатства за младите, 11. март, 1897.
“Јосифовиот одговор ја открива неговата скромност и неговата вера во Бога. Понизно ја одбил честа со која лично нему му се припишувала мудроста. ‘Тоа не е од мене’. Единствено Бог може да ги објасни овие тајни.“ – Патријарси и пророци, 216 (220).

б. Со каква намера Бог дава одредени соништа и визии во овие последни денови? Јоил 2,28-31; Дела 10,9-28.

“Ти препорачувам, драг читателе, Божјата Реч да ја земеш како начело на својата вера и живеење. Преку таа Реч ќе бидеме судени. Во таа Реч Господ ветил дека ‘во последните денови’ ќе дава виденија, не за тие да претставуваат некое ново правило на верата туку за да го храбрат Неговиот народ и да ги исправаат оние кои застраниле од библиската вистина. Така Господ постапувал и со апостол Петар кога го пратил да Го проповеда Христа кај незнабошците.“ – Рани списи, 83 (78).

Петок 2. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто треба да бидеме внимателни да не го исмејуваме оној кој имал сон?
2. Објаснете зошто човечката природа не сака да се поклони пред било чиј авторитет?
3. Која е целта на искушенијата во животот на христијанинот?
4. Кои особини на нашата вера се развиваат во искушенијата?
5. Дали треба во времето кое е пред нас да очекуваме повеќе соништа и визии?

Сподели го ова:

Слични објави