12 Израел доживува пораз – зошто?

Сподели го ова:

12. лекција – 22. март 2014.

Израел доживува пораз – зошто?

“Израел згреши: го прекршија Заветот со кој ги обврзав.“ – Исус Навин 7,11.

“Од историјата на Ахан можеме да научиме свечена поука дека поради гревот на еден човек Божјото незадоволство ќе почива врз цела нација или народ сè додека престапникот не се пронајде и примерно казни.“ – Судир и храброст, 120.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 514-519.

Недела 16. март

1. “ИЗРАЕЛ ПОГРЕШИЛ“

а. Што се случило веднаш после падот на Ерихон? Исус Навин 7,2-5.

“Големата победа што Бог ја извојувал за нив (преку падот на Ерихон) ги направила Израелците самоуверени. Се чувствувале целосно сигурни затоа што Бог им ветил дека ќе им ја даде Хананската земја, а го изгубиле од вид фактот дека само Божјата помош може да им обезбеди успех. Дури ни Исус Навин, при своето планирање да го заземе Гај, не побарал совет од Бога.
Така Израелците почнале да ги преценуваат сопствените сили и да ги потценуваат своите непријатели. Очекувајќи лесна победа, мислеле дека за заземање на тоа место ќе бидат доволни три илјади луѓе. И не прашувајќи се дали е Бог со нив, побрзале во напад.“ – Патријарси и пророци, 514.

б. Зошто Израелците се поразени? Исус Навин 7,1.12.

“Тоа било време за брза и одлучна акција, а не за очај и јадосување. Во логорот се вовлекол таинствен грев и виновникот морало да се пронајде и да се отстрани за да може Господовото присуство и Неговиот благослов повторно да бидат со Неговиот народ.“ – Патријарси и пророци, 514.
“Божјата заповед ја престапил еден од оние кои биле одредени да ги спроведуваат Неговите пресуди… На Исус му било дадено упатство како да го пронајде и казни престапникот.“ – Патријарси и пророци, 515.
Понеделник 17. март

2. НАЦИЈАТА БИЛА ПОВИКАНА НА ОДГОВОРНОСТ

а. Дали Божјата заповед, всушност, била престапена од страна на целиот Израелски логор или само од еден човек? Исус Навин 7,18.

“Бог бил мошне специфичен во поглед на Ерихон, за луѓето да не бидат фасцинирани од работите што ги обожавале жителите на Ерихон и во своето срце да не се одвратат од Господ. Тој го предупредувал својот народ на тоа со одредени заповеди, но сепак и покрај свечената забрана од Бога, дадени преку Исус, Ахан се осмелил да ја прекрши. Неговата алчност го навела да го земе богатството кое Бог забранувал да се допре, бидејќи Божјото проклетство било врз него. И поради гревот на овој човек, Божјиот Израел бил немоќен пред своите непријатели како пролеана вода.“ – 3 Сведоштво, 244.
“А за вината на тој еден престапник, целата нација била повикана на одговорност: ‘Украдоа од проколнатото и го скрија меѓу своите работи’.“ – Патријарси и пророци, 515.

б. Ако само еден поединец згрешил преку свесно кршење на божествената забрана, зошто Бог целата нација ја сметал за одговорна? Исус Навин 7,11.

“Гревот на Ахан ѝ донел несреќа на цела нација. Поради еден престапник, Божјо негодување ја погаѓа целата црква сè додека престапникот не се пронајде и не се отстрани. Од влијанието на несовесните верници на црквата треба повеќе да се плашиме отколку од нашите отворени непријатели, неверници и богохулници. Тие го лишуваат Израел од Божјиот благослов и го ослабуваат Божјиот народ.“ – Патријарси и пророци, 518.
“Во своето постапување со својот народ во минатото, Господ укажува на потребата од чистење на црквата од гревот и злото. Темнината која еден грешник ја распространува околу себе може да ја засолни Божјата светлина од целата црква. Кога припадниците на Божјиот народ ќе увидат дека ги опкружува темнина, а не ја знаат причината, тие треба сесрдно да го бараат Бога во длабока понизност и самоиспитување сè додека не се разоткријат и отстранат гревовите кои го навредуваат и жалостат Неговиот Дух.“ – 3 Сведоштво, 245.
Вторник 18. март

3. “СТАНИ“

а. Како Исус Навин плачел пред Господа, и што најмногу го загрижувало? Исус Навин 7,6.

“Исус Навин и старешините на Израел се нашле во голема неволја и во знак на најголема понизност паднале пред Божјиот ковчег, бидејќи било очигледно дека Господ многу се разлутил на својот народ.“ – 3 Сведоштво, 244.
“Од молитвата на Исус Навин, ако имате духовно расудување, можете да видите дека Ахан го сметал за безначајно она што било причина за големата болка и тага на одговорните луѓе во Израел… Ахан, виновникот, не го чувствувал товарот на својата вина. Тој на тоа гледал мошне ладнокрвно.“ – Христос победник, 137.

б. Која била првата работа која Бог побарал од Исус да ја направи? Исус Навин 7,10.13.

“Тоа било време за решителна и брза акција, а не за очај и јадосување. Во логорот се вовлекол таинствен грев и виновникот морало да се пронајде и да се отстрани за да може Господовото присуство и Неговиот благослов повторно да бидат со Неговиот народ.“ – Патријарси и пророци, 514.
“Господ не прецизирал кој бил виновникот, но Тој дал насоки што требало да се направи во врска со тоа.“ – Упатства за младите, 25, јануари, 1894.

ц. Како некои луѓе реагираат во случај кога слична задача и денес мора да се направи во црквата? Ис. 30,9.10.

“Духот на омраза кој ги обзема некои затоа што се разоткриени и осудени гревовите кои постојат меѓу Божјиот народ, ги заслепува и страшно измамува нивните души, правејќи ги потполно неспособни да ја воочат разликата меѓу правилното и погрешното. Со тоа тие самите себеси духовно се заслепуваат. Иако можеби увидуваат дека беззаконие постои, тие не го чувствуваат тоа толку болно како што го чувствувал Исус Навин ниту се подготвени да се понизат пред Бога поради опасностите во кои се наоѓаат душите.“ – 3 Сведоштво, 246.
Среда 19. март

4. “ОТСТРАНЕТЕ ГО ПРОКЛЕТСТВОТО МЕЃУ СЕБЕ“

а. Зошто Господ директно не укажал на виновникот? Пс. 32,5; Која е разликата меѓу прифатливото и неприфатливото признавање?

“Грешникот не бил директно посочен зашто целата работа извесно време е оставена во неизвесност со цел сите да ја почувствуваат својата одговорност за гревовите што постоеле меѓу нив и на тој начин биле наведени да ги испитаат своите срца и да се понизат пред Бога.“ – Патријарси и пророци, 515.
“Ахан бил свесен за својата вина… Видел како Исус Навин и старешините Израелови паднале на земја со болка што не може да се опише со зборови. Тогаш да го признал својот грев, би дал извесен доказ за вистинско покајание, но – сè уште молчел. Тој сфатил дека станува збор за некој голем грев, дури и точно слушнал каков е карактерот на тој грев. Меѓутоа, неговите усни сè уште биле запечатени… Голема е разликата меѓу признавањето на фактите што веќе се докажани и признавањето на гревот што му е познат само на престапникот и на Бога. Ахан не би го признал својот грев кога не би се надевал оти со тоа ќе ги отстрани последиците на својот престап. Но неговото признавање послужило само да се види колку е праведна казната што го снашла. Тука немало каење, понизност, промена на сфаќањата ниту гнасење од злото.“ – Патријарси и пророци, 518.

б. Зошто Господ барал сиот народ да се вклучи во грижливо истражување? 1 Кор. 12,25.26.

“За гревовите на поединци во својот народ, Бог ја смета одговорна црквата како целина. Ако водечките луѓе занемарат да ги откријат гревовите поради кои Бог не може да биде задоволен со својата црква, тие стануваат одговорни за тие гревови.“ – 3 Сведоштво, 249.

ц. Каква мудрост им е потребна на пасторите кога настојуваат да им помогнат на заблудените? Јаков 1,5; 3,17.18; Јуда 22.23.

Четврток 20. март

5. “НАВИСТИНА ПОГРЕШИВ…“

а. Кога коцката паднала на Ахан, што тој рекол? Исус Навин 7,20.21.

“Исус Навин свечено го заколнал Ахана да ја признае вистината, со цел одговорноста да биде неспорна и да не биде префрлање дека е неправедно казнет. Несреќниот човек целосно ја признал својата вина.“ – Патријарси и пророци, 515.
“Признавањето на гревот дадено во вистински момент за да се олесни положбата на Божјиот народ, Господ со задоволство го прифаќа. Меѓутоа, меѓу нас има такви кои, како Ахан во старо време, премногу доцна ќе ги признаат своите гревови за да можат да се спасат.“ – 3 Сведоштво, 251.

б. Како Ахановата казна служи како предупредување за останатите луѓе? Исус Навин 7,24.25. Какво предупредување тоа претставува за нас?

“Смртниот грев што го одвел Ахана во пропаст имал свој корен во алчноста – еден од вообичаените гревови преку кој лекомислено се преминува. Додека другите гревови се истражуваат и казнуваат, на алчноста ретко ѝ се забележува иако таа всушност е престап на десеттата заповед. Колку е голем тој грев и колку се страшни неговите последици, се гледа од случајот на Ахан.“ – Патријарси и пророци, 516.
“Лакомството е зло што се развива постепено. Ахановата алчност и незаситна желба за богатење се претворила во навика која цврсто се вкоренила, така што речиси било невозможно да се искорени. Иако уживал во тоа зло, сепак се вчудовидел при помислата дека со тоа ќе му нанесе несреќа на цел Израел; но гревот ја умртвил неговата совест и кога наишло искушението, тој паднал како лесен плен.
Зарем не се греши и денес наспроти исто толку свечените и јасни опомени? И нам исто така јасно и одредено ни е забрането да му попуштаме на лакомството како и на Ахан што му било забрането да присвои било што од пленот затечен во Ерихон. Бог во својата Реч лакомството го поистоветува со идолопоклонство.“ – Патријарси и пророци, 517.

Петок 21. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто Израелците доживеале пораз во првиот судир со жителите на Гај?
2. Што било прво што Исус Навин според Божјото упатство требало да направи?
3. Зошто Господ барал целиот народ да се вклучи во грижливо истражување на виновникот?
4. Каква мудрост е потребна во постапувањето со заблудените во црквата?
5. Зошто Ахановото признавање било неприфатливо?

Сподели го ова:

Слични објави