10 Ужасна несреќа во Израел

Сподели го ова:

10. лекција – 8. март 2014.

Ужасна несреќа во Израел

“И му се приклони Израел на Ваал-Фегор. И се разгоре гневот Господов против Израел.“ – 4 Мојс. 25,3.

“Но во оваа физички пријатна околина, Израелците морале да се соочат со злото кое било далеку посмртоносно од моќните армии на вооружени луѓе или дивите ѕверовите во пустината.“ – Знаци на времето, 18. ноември, 1888.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 474-482.

Недела 2. март

1. НЕОЧЕКУВАН ПОРАЗ

а. Додека Мојсеј се подготвувал да ја премине реката Јордан со Израелската војска за да го заземе Ханан, зошто Господовиот гнев се разгорел против Израелците? 4 Мојс. 25,1-3.

б. Кој бил човекот кој стоел зад тоа големо зло? Откр. 2,14; 4 Мојс. 31,15.16.

“Според советот на Валам, моавскиот цар приредил голема свеченост во чест на своите богови и потајно средил Валам да ги наговори Израелците и тие да земат учество во тоа. Бидејќи овие го сметале за Божји пророк, нему не му било тешко да ја постигне својата цел. Голем дел од народот тргнал по него да присуствува на свеченостите. Се осмелиле да стапат на забранета почва и се сплеткале во мрежите на сатаната. Восхитени од музиката и играта, и намамени од убавината на незнабожечките калуѓерки, ја запоставиле својата верност кон Бога. Се придружиле кон веселбата и славјето, виното им го поматило разумот и ги урнало сите огради на самосовладувањето. Сетилноста потполно загосподарила и бидејќи својата совест ја извалкале со разврат, дозволиле да бидат наговорени да се поклонат пред идолите. Принесувале жртва на незнабожечките олтари и учествувале во понижувачките обреди.“ – Патријарси и пророци, 475.
Понеделник 3. март

2. КАКО ОВА ЗЛО БИЛО ПОТИСНАТО?

а. Што Мојсеј и судиите на Израел заповедале да се направи, пред да биде отстранета Божјата казна? 4 Мојс. 24,4.5.

“Развратните обичаи (на Моавците и Мадијамците) го сториле она што не можеле да го сторат сите Валамови вражби – Израел се одвоил од Бога. Бргу наишла казна и народот почнал да ја увидува големината и одвратноста на својот грев. Во логорот се појавила страшна зараза во која подлегнале десетици илјади луѓе. Бог им наредил на судиите да ги казнат со смрт водачите на овој отпад. Наредбата веднаш била извршена. Престапниците веднаш биле погубени, а нивните тела биле обесени пред очите на цел Израел, со цел народот, гледајќи како Господ строго постапува со нивните водачи, длабоко да почувствува колку на Бога му е гнасен нивниот грев и ужасот на Неговиот гнев против нив.“ – Патријарси и пророци, 476.

б. Што се случило додека народот плачел и ги признавал своите гревови? 4 Мојс. 25,6-8.12.13.

“Сите чувствувале дека казната била праведна, па побрзале пред шаторот за состанок со солзи да го признаат својот грев. И додека така плачеле пред Бога, додека сè уште беснеел поморот низ логорот, а судиите ја исполнувале својата задача, наишол еден од израелските благородници, Замрие, водејќи една мадијамска блудница, ‘ќерката на мадијамскиот кнез Сура’; пркосно пред сите Израелци ја вовел во својот шатор. Пророкот никогаш не бил посмел и подрзок. Загреан со вино, Замрие го разгласувал ‘својот грев како Содом’ (Исаија 3,9), и се гордеел со својот срам.“ – Патријарси и пророци, 476.

ц. Колкумина загинале од Божјата рака во тоа зло? 4 Мојс. 25,9.  Што покажал пописот на народот кој е извршен набргу после ова? 4 Мојс. 26,1.2.63-65.

“Казната што го снашла Израел поради гревот во Ситим ги уништила преживеаните од она големо мноштво на кое речиси пред четириесет години била изречена осуда дека ‘ќе изумрат во пустината’.“ – Патријарси и пророци, 477.
Вторник 4. март

3. ДОДАТНИ ЗАШТИТНИ МЕРКИ

а. Бидејќи Мадијамците биле едни од најунижените Божји непријатели и меѓу најопасните соседи на Израел, што на Мојсеј му било наложено да направи? 4 Мојс. 31,1-3.8.

б. Што ќе направи Бог со оние кои планираат зло за Неговиот народ? Псалм 94,1.2.20-23.

“Оној кој никогаш не дреме и постојано работи на остварување на своите намери, самиот се грижи за напредок на своето дело. Тој ќе ги попречи намерите на безбожните луѓе, и ќе ги разбие плановите на оние кои направиле заговор против Неговиот народ. Тој како цар и Господ над војските, седи меѓу херувимите и среде немирите и метежот во светот, сè уште ги чува своите деца.“ – Мисли од гората, 86.

ц. Под кои услови Бог, според своето ветување, сигурно ќе го земе во заштита својот народ? 5 Мојс. 28,1-7.

“Црквата е Божјо застапништво за проповедање на вистината; таа од Него лично е овластена да изврши посебна задача? И ако остане предана и верна само кон Него, покорувајќи им се на сите Негови заповеди, во неа ќе се наоѓа сето изобилство и сета превозвишеност на божествената благодат. Ако остане верна во својата приврзаничка послушност и преданост, почитувајќи го Израеловиот Господ Бог, нема да постои сила која би можела да ѝ се спротивстави.
Ако црквата се облече во облеката на Христовата праведност и ако се ослободи од секоја приврзаност кон овој свет, пред неа ќе осамне зора на светол и славен ден. Божјото ветување што ѝ е дадено ќе остане цврсто засекогаш. Тој ќе ја направи вечно возвишена, радост за многу поколенија. Вистината триумфално ќе помине покрај оние што ја презреле и ја отфрлиле. Иако понекогаш се чини забавено, нејзиното напредување никогаш нема да биде запрено. Кога Божјата порака ќе наиде на противење, Тој ѝ додава дополнителна сила за да го зајакне нејзиното влијание. Надарена со божествена сила, таа себеси ќе си расчисти пат низ најсилните бариери и триумфално ќе ја совлада секоја пречка.“ – Делата на апостолите, 454.

Среда 5. март

4. ЗА НАША ОПОМЕНА

а. Зошто ние, а особено оние кои се повикани да работат за Бога, треба да ја проучуваме историјата за поразот и паѓањата во Израел? Рим. 15,4. Зошто отпадништвото што се случило на Јордан заслужува посебно внимание?

“Истите Израелци кои не можело да ги совлада оружјето на Мадијамците, ниту сите нивни вражби, паднале како жртва на мадијамските блудници. Влијанието и моќта на жените, ангажирани во служба на сатаната, е во состојба да ја заведе и да ја уништи душата. ‘Зашто таа мнозина смртно ранила и многу јунаци кутнала’ (Изреки 7,26). На тој начин и децата на Сит биле наведени да отстапат од својата чесност и – светото семе се изопачило. Така бил искушуван и Јосиф. Така и Самсон ја предал својата сила и заштитата на Израел ја препуштил во рацете на Филистејците. Тука потклекнал и Давид. И Соломон, најмудриот меѓу царевите, човекот кого Бог три пати го нарекол свој љубимец, станал роб на своите страсти и ѝ ја жртвувал својата чесност на истата заводничка сила.“ – Патријарси и пророци, 478.

б. Кое предупредување се однесува на ова последна генерација на христијани? 1 Кор. 10,8.11.

“Денес кога се приближуваме кон крајот на времето и кога Божјиот народ стои на границата на небесниот Ханан, сатаната, како и во минатото, двојно ќе ги зголеми своите напори за да ги спречи да влезат во ветената земја. Тој поставува свои стапици пред секоја душа. Оттаму сите мора да бидат претпазливи, а не само неуките и необразованите. Тој ќе смисли искушенија дури и за оние што се наоѓаат на највисоки положби и најсвети должности; ако му тргне од рака да ја извалка нивната душа, тогаш ќе може да уништи и многу други. И денес тој се служи со исти средства како и пред три илјади години. Со помош на пријателство со светот, со помош на чарот на убавината, со желбата за задоволства, со веселбата, со различни свечености и со чаша вино, тој наведува на престап на седмата заповед.“ – Патријарси и пророци, 478.479.
“Пред да ги наведе на идолопоклонство, сатаната ги поттикнал Израелците кон разврат. Сите што го валкаат Божјиот лик во сопственото тело и го сквернават Неговиот храм, нема да се притеснуваат од какво и да е обесчестување на Бога само да ги задоволат желбите на своето расипано срце.“ – Патријарси и пророци, 479.
Четврток 6. март

5. ПАТ КОЈ ПРЕТСТАВУВА ПОДГОТОВКА ЗА ГРЕВ

а. Што го подготвило патот Израелците да паднат како жртва на сатанските сензуални искушенија кога дошле до реката Јордан? Езекиел 16,49.50.

“Израелците биле наведени на грев кога се наоѓале во благосостојба и сигурност. Заборавиле дека постојано треба да го имаат Бога пред очи, ја занемариле молитвата и негувале дух на самоувереност. Благосостојбата и попуштањето пред страстите ја ослабиле тврдината на душата и во неа се вовлекле грешни мисли. Предавниците внатре меѓу ѕидовите ја урнале тврдината на начелата и го изложиле Израел на силата на сатаната. Сатаната и денес се обидува на ист начин да ја упропасти секоја душа. Долгиот процес на подготовка, за кој светот не знае, се одвива во срцето пред еден христијанин да стори отворен грев. Душата не преминува наеднаш од чистота и светост во расипаност, порок и злосторство. Потребно е извесно време суштествата, создадени според Божјиот лик, да спаднат на животинско ниво или на сатанска природа. Посматрајќи, ние се преобразуваме. Човекот кој се занимава со нечисти мисли може да падне толку ниско, што ќе му годат гревовите кои порано ги осудувал.“ – Патријарси и пророци, 480.

б. Кои опомени и предупредувања секогаш треба да ги имаме на ум? 1 Кор. 10,12; 1 Петр. 5,8.

Петок 7. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кој стоел зад големиот отпад кој се појавил во Израел кратко време пред да ја преминат реката Јордан?
2. Како бил подготвен патот Израелците да го доживеат тој срамен пораз?
3. Како биле казнети најголемите виновници?
4. Каква поука треба да извлечеме од фактот дека Мадијамците биле уништувани без вложување на напори да бидат евангелизирани?
5. Што вистинските Христови следбеници ќе бидат во можност да кажат ако го следат примерот на Павле запишан во посланието до Филипјаните 4,9?

Сподели го ова:

Слични објави