07 Бог ги поучува Израелците да престанат да мрморат

Сподели го ова:

7. лекција – 15. февруари 2014.

Бог ги поучува Израелците да престанат да мрморат

“И помни го целиот пат, по кој те водеше Господ, твојот Бог, по пустината еве веќе четириесет години, за да те искуша и да дознае што е во срцето твое, дали ги почитуваш заповедите Негови, или, пак, не.“ – 5 Мојс. 8,2.

“Попуштајќи му постојано на духот на мрморење и на бунт, Израелците биле склони да изнаоѓаат мани дури и на благословите кои Бог во својата милост им ги дарувал.“ – Знаци на времето, 28 октомври, 1880.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 445-451.

Недела 9. февруари

1. ПОВТОРНО ЖАЛЕЊЕ

а. Пред крајот на нивното патување низ пустината, на што Израелците и понатаму се жалеле против Бога и против Мојсеј? 4 Мојс. 21,5.

б. Како Мојсеј се трудел да ги убеди дека нивните жалби биле неоправдани? 5 Мојс. 8,3.4.14-16.

“Секој ден во текот на патувањето (Израелците) биле сочувани со некакво чудо на Божјата милост. На целиот пат по кој Бог ги водел наоѓале вода со која ја гаснеле жедта, небесен леб да го задоволат гладот, и мир и безбедност во сенката на облакот дење и во огнениот столб ноќе. Ангелите им помагале кога се искачувале по стрмните височини или кога оделе пеш по мачните патеки низ пустината. Наспроти тешкотиите што ги поднесувале, во нивните редови немало ниту изнемоштени ниту истоштени. На толку долгото патување на ниеден од нив ниту ногата не му натекла, ниту облеката им изветвила.“ – Патријарси и пророци, 446.
Понеделник 10. февруари

2. ЗМИЈА ОД БАКАР

а. Каков одговор Господ им дал на луѓето што се жалеле? 4 Мојс. 21,6.

“Бидејќи живееле под закрила на Божјата сила, тие и не ги забележувале безбројните опасности со кои тие постојано биле опкружени. Во својата неблагодарност и неверство постојано ја споменувале смртта, и сега Господ дозволил смртта да дојде врз нив. Змиите отровници, што претставувале вистинска напаст за пустината, се нарекувани огнени змии поради страшното дејство на нивниот отров кој веднаш предизвикувал воспаление и брза смрт. Бидејќи од Израелците била отстранета Божјата заштитничка рака, голем број на луѓе биле нападнати од овие отровни животни.“ – Патријарси и пророци, 446.

б. Што луѓето направиле кога сфатиле дека Бог поради нивното неоправдано жалење, сега им дал причина навистина да имаат на што да се жалат? 4 Мојс. 21,7. Каква е ова поука за нас?

“Во целиот логор завладеал страв и метеж. Речиси во секој шатор се нашол по некој мртовец или болен на претсмртна постела. Никој не се чувствувал сигурен… Сите се труделе да се најдат околу болниот или да си ги заштитат оние кои уште не биле погодени. Сега од нивната усна не се слушнала никакво мрморење. Во споредба со моментните страдања, поранешните тешкотии и искушенија не биле ниту вредни да се споменат.
Најпосле народот се понизил пред Бога. Дошле пред Мојсеј со признавање и со молби. ‘Згрешивме кога се побунивме против Господа и против тебе’ (4 Мојс. 21,7). А само малку пред тоа тие го обвинувале како најлош непријател и го прикажувале како предизвикувач на сите свои маки и вознемирувања. Меѓутоа, дури и во мигот кога тие зборови им излегувале од усните, знаеле дека обвинувањето им било лажно; и штом дошла вистинската мака, побрзале кај него како кај единствен човек кој можел да посредува за нив пред Бога. ‘Моли се на Бога да ги отстрани змиите од нас’, гласела молбата.“ – Патријарси и пророци, 447.
“Кога ќе ја согледаме нашата грешност, не треба да очајуваме ниту да се плашиме како да немаме Спасител или како Тој да нема милост кон нас. Токму во тие мигови Тој нè повикува да дојдеме кај Него во нашата беспомошност и Тој ќе нè спаси.“ – Патријарси и пророци, 450.
Вторник 11. февруари

3. “ПОГЛЕДАЈ И ЖИВЕЈ“

а. Што Мојсеј заповедал да се направи за да го реши проблемот со змии, и каков бил резултатот? 4 Мојс. 21,8.9.

“Мнозина не верувале дека само еден поглед на металната фигура ќе може да ги исцели. Тие изумреле поради своето неверство. Сепак, постоеле мнозина кои верувале во одредбата која Бог ја дал. Татковците, мајките, браќата и сестрите со страв и копнеж настојувале истоштениот поглед на своите роднини, често и на оние на претсмртна постела, да го насочат кон подигнатата змија. Иако целосно истоштени и на умирање, требало само еднаш да погледнат па веднаш потполно да оздрават.
“Народот добро знаел дека силата што може да предизвика таква промена не се наоѓа во змијата од бакар. Моќта на исцелување можела да дојде само од Бога. Тој во својата мудрост одбрал токму таков начин за да ја покаже својата сила. Благодарение на тоа едноставно средство, народот бил наведен да сфати дека токму со својот сопствен грев упаднал во тоа зло. Истовремено добиле ветување дека нема причина да се плашат сè додека му се послушни на Бога зашто Тој ќе ги сочува.“ – Патријарси и пророци, 447.

б. Каков совет нашите проповедници треба да им упатат на оние кои денес имаат обичај постојано да се жалат? Фил. 2,14; Ис. 45,22; 1 Петр.5,6.7.

“Подигањето на бакарната змија требало на Израелците да им даде важна поука. Тие н можеле сами да се спасат од смртоносното дејство на отровот во нивните рани. Само Бог можел да ги исцели; а од нив се барало да покажат доверба во Неговиот начин на лекување. Морале да погледнат за да живеат. На Бога можеле да Му угодат само со вера, а со тоа што погледнале во змијата ја докажувале својата вера. Тие знаеле дека во самата змија нема никаква сила, туку дека тоа е симбол на Христа; на тој начин им е укажано на неопходноста од верување во Неговите заслуги.“ – Патријарси и пророци, 449.
“Иако грешникот не може да се спаси со своја сила, тој сепак мора нешто да преземе за да си обезбеди спасение. Христос вели: ‘Оној што доаѓа кај Мене нема да го истерам надвор’ (Јован 6, 37). Значи, ние мораме да дојдеме кај Него; и ако се каеме за нашите гревови, мораме да веруваме дека Тој ќе нè прими и ќе ни прости. Верата е дар од Бога, но од нас зависи дали ќе ја оживотвориме. Верата е рака со која душата ја прифаќа милоста – понудениот Божји дар.“ – Патријарси и пророци, 450.

Среда 12. февруари

4. “НЕМА ДРУГО ИМЕ ДАДЕНО“

а. Која поука во врска со змијата од бакар Христос мошне јасно ја истакнал во своето учење додека бил меѓу своите ученици? Јован 3,14-17.

“Сите кои некогаш живееле на земјата, го почувствувале смртоносното каснување на ‘старата змија, која се вика ѓавол и сатана’ (Откр, 12,9). Кобните последици на гревот можат да бидат отстранети само со помош на средството за кое се погрижил Бог. Израелците го спасувале својот живот со тоа што би погледнале во подигнатата змија. Меѓутоа, тој поглед во себе содржел вера. Останувале живи затоа што верувале во Божјиот збор и во средството предвидено за нивно исцелување. Така и грешникот може да гледа во Христа и да живее. Преку вера во жртвата на помирување тој добива простување. За разлика од инертниот и безживотен симбол, Христос има во себе моќ и доблест да го излечи грешникот кој се кае.“ – Патријарси и пророци, 449.

б. Преку кого единствено благословите на заветот на благодатта можат да постанат и наши? Јован 6,37; Дела 4,12.

“Ништо, освен Христовата правда може да ни даде право на благословите на заветот на милоста. Мнозина се стремеле и долго настојувале да ги добијат овие благослови, но никогаш не ги примиле затоа што мислеле дека можат сами нешто да сторат за да ги заслужат. Ние не смееме да веруваме дека можат да нè спасат нашите сопствени заслуги. Христос е единствена надеж на нашето спасение…
Ако целосно му се довериме на Бога и ако ги прифатиме заслугите на Спасителот Исус кој ги проштава гревовите, тогаш сигурно ќе ја примиме помошта што ја сакаме. Никој нека не се гледа себеси како битие кое има моќ самото себеси да се избави. Исус умрел за нас бидејќи ние сами не сме биле во состојба да го сториме тоа. Во него лежи нашата надеж, нашето оправдување и нашата правда. Кога ќе ја согледаме нашата грешност, не треба да очајуваме ниту да се плашиме како да немаме Спасител или како Тој да нема милост кон нас. Токму во тие мигови Тој нè повикува да дојдеме кај него во нашата беспомошност и ќе бидеме сочувани.“ – Патријарси и пророци, 450.
Четврток 13. февруари

5. ИСТОРИЈАТА СЕ ПОВТОРУВА

а. Зошто и како мнозина Израелци се колебале да ја примат Божјата помош кога биле нападнати од змиите? Евр. 3,9.17-19.

“Многу Израелци… и понатаму продолжиле да се жалат поради своите рани и болки и поради сигурната смрт сè додека не им исчезнала силата и не им се укочиле очите, а можеле за миг да се исцелат.“ – Патријарси и пророци, 450.

б. Како сме предупредени да не го следиме примерот на Израелците? Евр. 3,7.8.12-14.

“Мнозина не се подготвени да го примат Христа сè додека целосно не им се објасни тајната на планот на спасението. Одбиваат да погледнат со вера иако увидуваат дека илјадници веќе погледнале и ја почувствувале делотворноста од насочениот поглед кон Христовиот крст. Мнозина талкаат низ лавиринтите на филозофијата во потрага по докази и причини што никогаш нема да ги најдат, а ги отфрлаат доказите што Бог со задоволство им ги дал. Одбиваат да одат во светлината на Сонцето на правдата. Сите оние кои упорно го задржуваат тој став, никогаш нема да ја запознаат вистината. Бог никогаш нема да ги отстрани сите причини за сомневање. Тој им дава доволно докази на кои би ја базирале верата, а ако тие не ги прифатат, духот останува во темнина. Оние што биле каснати од змија отровница можеле да се колебаат и да се премислуваат дали да погледнат во бакарната змија или не, но во тој случај би пропаднале пред да се решат да послушаат. Наша должност е прво да погледнеме, а тогаш погледот на верата ќе ни даде живот.“ – Патријарси и пророци, 451.

Петок 14. февруари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Бидејќи Израелците сè уште се жалеле како што се приближувале до границата на Ханан, на каква поука Бог ги научил?
2. Кој совет треба да им се упати на оние кои имаат навика да мрморат?
3. На кој начин покајничките грешници можат да бидат исцелени?
4. Што се случило со оние кои се колебале да ја прифатат Божјата помош против гризнувањето на отровните змии?
5. На кој начин мнозина и денес го следат примерот на Израелците?

Сподели го ова:

Similar Posts