05 Подготовка за улогата на светлоносец (1)
5. лекција – 1. февруари 2014.
Подготовка за улогата на светлоносец (1)
“Па сега, ако го слушате гласот Мој и го пазите заветот Мој, ќе Ми бидете избран народ меѓу сите народи, зашто Моја е целата земја. И вие ќе Ми бидете царство на свештеници и свет народ.’ Тоа се зборовите, што ќе им ги кажеш на синовите израелски .“ – 2 Мојс. 19,5.6.
“(Господ Израелците) ги извел од Египет и настојувал да ги воспита како народ кој ќе му припаѓа само Нему. Негова намера била преку нив да му даде поука и благослов на целиот свет. Тој ги снабдувал со храна која одговарала за оваа цел, но тоа не било месо, туку мана – ‘леб небесен’.“ – Здравје и среќа, 274.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 389-395.
Недела 26. јануари
1. ОПАСНА ДУХОВНА СОСТОЈБА
а. Со која постапка Израелците покажале дека се неподготвени за да може Бог да ги употреби како светлоносци? 2 Мојс. 16,2.3.
“Меѓутоа, тешкотиите и немаштијата биле неопходни заради самите нив. Бог ги избавил од состојба на деградација и ги удостоил за почесно место меѓу народите и за значајна и света доверба. Кога би имале вера во Бога во поглед на сето она што Тој правел за нив, тие со радост и леснотија би ги поднесувале сите непријатности, немаштија и страдања, но тие немале доверба во Господа иако биле очевидци на постојани докази за Неговата моќ.“ – Патријарси и пророци, 295.
б. Во одговор на мрморењето на мноштвото, какви упатства Господ им дал преку Мојсеј за да го ограничи нивниот изопачен апетит? 2 Мојс. 16,4.12-15.31.35.
Понеделник 27. јануари
2. БОЖЈИ ПЛАН
а. За да бидеме светлина на светот, што ние секогаш треба да имаме на ум во сите времиња? 1 Кор. 10,31. Која била првобитната исхрана на Адам и Ева во Едем? 1 Мојс. 1,29.
“Повеќе пати ми беше покажано дека Бог својот народ го враќа на својата првобитна намера – дека не треба да се храни со месо од мртви животни. Тој сака како народ да нè научи на подобар пат… Ако месото се отфрли, ако вкусот не се поттикнува во тој правец, ако се навикнеме на овошки и житарки, набргу (нашата исхрана) ќе биде како што Бог одредил во почетокот. Неговиот народ нема да употребува никакво месо.“ – Водење на детето, 383.
б. Што Израелците, како од Бога избран народ да носи светлина во светот, секогаш требале да имаат на ум? 5 Мојс. 6,24; 7,6.
“Бог Израелците ги извел од Египет со цел во Хананската земја од нив да направи чист, свет и среќен народ. За да ја постигне таа цел, Тој ги подложил на одредена дисциплина потребна за нивно добро и за доброто на нивното потомство. Кога би го прифатиле Неговото мудро ограничување и би го совладале апетитот, меѓу нив не би имало болест ниту немоќ… Но нивната неподготвеност да ги прифатат ограничувањата и барањата што Бог им ги поставил, во голема мера ги спречила да го постигнат високиот стандард што Тој им го наменил и да ги примат благословите што бил готов да им ги даде.“ – Патријарси и пророци, 391
ц. Зошто сатаната ги стврднал срцата на Израелците поттикнувајќи ги “Да копнеат по забранети нешта“? Пс. 78,18.
“Сатаната ги ставал во искушение таквото ограничување да го сметаат за неправедно и сурово. Тој ги поттикнувал да копнеат по забранети работи, зашто знаел дека неконтролираното попуштање на апетитот води кон оддавање на сетилни задоволства и дека со тоа можел луѓето полесно да ги стави под своја контрола. Зачетникот на болестите и бедата ги напаѓал луѓето таму каде што се најслаби и каде што можел да има најголем успех. Преку искушението сосредоточено кон попуштање на апетитот, тој со голем успех ги заведувал луѓето уште од оној ден кога Ева ја наговорил да вкуси од забранетиот плод.“ – Патријарси и пророци, 390.
Вторник 28. јануари
3. ОТВОРЕН БУНТ
а. Набргу по нивното заминување од планината Синај, што направиле Израеловите синови, и како Бог одговорил? 4 Мојс. 11,1.
б. Зошто Бог, овој пат, нивното мрморење го сметал како грев на отворен бунт? Пс. 78,17.18; Евр. 10,26.
“На своето патување од Црвеното Море до Синај, тие често мрмореле и се бунеле, но имајќи сожалување кон нивното незнаење и слепило, Бог тогаш не ги казнувал за тие гревови. Меѓутоа, од тоа време Тој им се открил на Хорив. Тие примиле голема светлина зашто го виделе Божјото величество, Неговата моќ и милост; затоа нивното задоволство и неверието сега претставувале голем грев. Освен тоа, тие се заветувале дека го прифаќаат Јехова како нивен цар и дека ќе го почитуваат Неговиот авторитет. Нивните мрморења сега претставувале бунт, па затоа морала да уследи брза и видлива казна со цел Израел да се спаси од анархија и пропаст. И ‘Господ се разгневи и изби Господен оган меѓу нив и започна да го уништува крајниот дел од логорот’. Најодговорните за бунт биле уништени со молња од облакот.“ – Патријарси и пророци, 391.
ц. Како преживеаните и понатаму продолжиле со својата побуна? 4 Мојс. 11,4-6.
“Меѓутоа, наскоро се појавило уште поголемо зло. Наместо преживеаните да се понизат и да се покаат, се чинело дека оваа страшна пресуда уште повеќе го зголемила нивното мрморење. На сите страни можело да се види како народот се собира пред влезовите на своите шатори, плачејќи и тажејќи… Така тие го покажале своето незадоволство од храната што лично Творецот ја предвидел за нив, иако постојано имале доказ дека таа била прилагодена на нивните потреби; зашто наспроти сите напори и тешкотии што морале да ги издржат, во нивните племиња немало болни ниту немоќни“ – Патријарси и пророци, 391.
“Секоја душа ќе биде искушана и проверена. Сите будно нека внимаваат како се однесуваат кон предупредувањата, укорите и молбите на Божјиот Дух. Оние што ќе ја отфрлат светлината затоа што не е во склад со нивните склоности, ќе бидат оставени во темнина, да изберат работи што тие ги сакаат – работи кои ќе ги одвојат од Божјата наклонетост.“ – Преглед и Гласник, 16. окт., 1883.
Среда 29. јануари
4. МОЈСЕЈ МОЛИ ЗА ПОМОШ
а. Во својата загриженост поради оваа опасна ситуација, со каков апел Мојсеј му се обратил на Господ? 4 Мојс. 11,11-15. Каква одредба Господ тогаш му кажал на Мојсеј? 4 Мојс. 11,16.
“Господ на Мојсеј му дозволил самиот да ги избере најверните и најспособните луѓе со нив да ја подели одговорноста. Нивното влијание требало да му помогне во зауздувањето на бунтот. Но сепак, нивниот избор на крај имал лоши последици. Кога Мојсеј би покажал цврста вера во Божјата сила и добрина, за што имал толку очигледни докази, тие (старешините) никогаш не би биле избрани.“ – Патријарси и пророци, 392.
б. Што на Мојсеј му било наложено да им каже на луѓето како одговор на нивните поплаки? 4 Мојс. 11,18-20.
ц. Како Господ го укорил и Мојсеја поради недостаток на вера и незадоволство? 4 Мојс. 11,21-23.
д. Иако Бог на Израелците сега им обезбедил месна храна за која толку копнееле, како тие се казнети за нивниот бунт? 4 Мојс. 11,31-33; Пс. 106,13-15.
“Бог им го дал на луѓето она што не им служело на добро затоа што тие упорно го сакале тоа. Не биле задоволни со храната што се покажала толку благотворна за нивното здравје. Нивните бунтовни желби биле задоволени, но затоа морале да ги трпат последиците. Се насладувале без ограничувања и поради таквата неумереност бргу биле казнети. ‘Господ го удри народот со страшен помор’ (4 Мојс. 11,33). Мнозина се разболеле и изумреле од горечка треска, додека најголемите виновници биле поразени со помор штом ја вкусиле храната за која копнееле.“ – Патријарси и пророци, 394.
Четврток 30. јануари
5. ИЗБОР ПОМЕЃУ СВЕТЛИНАТА И ТЕМНИНАТА
а. Како Бог ги третирал оние кои никогаш не ја виделе светлината, кои никогаш не ја запознале Неговата волја, ниту пак го разбрале Неговиот план? Дела 17,30.
“Ако светлината дојде, и биде отфрлена или оставена на страна, тогаш доаѓа осуда и Божји гнев; но пред да дојде светлината, нема грев, бидејќи немало светлина која луѓето би можеле да ја отфрлат.“ – 1 Сведоштво, 108.
б. Меѓутоа, како Бог ќе ги третира оние кои одбиваат да послушаат и тогаш кога јасно им е откриена Неговата волја? Лука 12,47.48; Јаков 4,17; 1 Сам. 15,23.
“Додека (мнозина) од една страна одбиваат да веруваат во некои Божји барања и да се придржуваат кон нив, од друга страна упорно вршат надворешни форми на богослужение. Божјиот Дух не прифаќа таква служба. Без оглед на тоа колку луѓето се ревни во одржувањето на верските обреди, Бог сепак не може да ги прифати ако и понатаму намерно престапуваат макар и една Негова заповед.“ – Патријарси и пророци, 671.
Петок 31. јануари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Бог на Израелците им поставил ограничување во поглед на исхраната, како тие реагирале на тоа?
2. Зошто Бог нивното мрморење во врска со тоа го сметал како бунт?
3. На кој начин Бог им дал храна која тие ја посакувале?
4. Како Бог ги третира оние кои искрено ја игнорираат вистината?
5. Како Бог ги третира оние кои намерно се непослушни кон Неговата откриена волја?