02 Рани Божји гласници

Сподели го ова:

2. лекција – 11. јануари 2014.

Рани Божји гласници

“Тогаш Авраам се приближи и рече: „Зарем ќе го уништиш и праведниот со неправедниот.“ – 1 Мојс. 18,23.

“Иако Аврам имал вистинско чувство на понизност кое треба да го поседува секое Божјо дете, сепак тој покажувал и силен интерес за душите на грешниците… Аврамовиот интерес и грижа за Содом претставува поука за нас кои треба да бидеме длабоко заинтересирани за оние кои се околу нас.“ – Христос славен победник, 75.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патр. и прор., 126-128; 150-152.

Недела 5. јануари

1. ПОВИКУВАЊЕ НА АВРАМ

а. Кого Господ, после Сим, го повикал како свој посебен гласник, и како тој одговорил? 1 Мојс. 12,1-4; Евр. 11,8.9.

“Бог секогаш чувал еден мал остаток на верни кои Му служеле. Адам, Сит, Енох, Матусал, Ное, Сим и други, непрекинато ги чувале драгоцените откровенија на Неговата волја… (Господ) на Аврам му ја соопштил својата волја и му дал јасно сознание за барањата на Неговиот закон и за спасението овозможено преку Христа.“ – Патријарси и пророци, 109.

б. Зошто Аврам морал да ги напушти своите роднини и пријатели? Мат. 10,37.38; Дела 7,2-4; Амос 3,3.

“Аврам морал да раскине секаква врска со своето дотогашно друштво. Влијанието на роднините и пријателите би го попречувало воспитувањето кое Господ имал намера да му го даде на својот слуга.“ – Патријарси и пророци, 110.
“И денес мнозина се искушуваат на ист начин како што бил искушуван и Аврам.“ – Патријарси и пророци, 112.

Понеделник 6. јануари

2. АВРАМ – ПРИЈАТЕЛ БОЖЈИ

а. Каков достоен пример ни оставил Аврам? 1 Мојс. 12,7.8; 13,4.18.

“’Божјиот пријател’, Аврам, ни оставил еден достоен пример. Неговиот живот бил живот на молитва. Каде и да ги поставил своите шатори, во непосредна близина подигал и олтар, повикувајќи ги сите членови на своето домаќинство да присуствуваат на утринската и вечерната жртва. Кога би ги собрал своите шатори и би се преселил на друго место, олтарот останувал. Во подоцнежните години имало многу патници Хананејци кои ги прифатиле поуките примени од Аврам, и секогаш кога некој од нив би наишол на ваков олтар, веднаш знаел кој бил пред него на тоа место и, поставувајќи свој шатор, патникот веднаш би го поправил и олтарот и тука би му се молел на живиот Бог.“ – Патријарси и пророци, 114.

б. Што Бог сака да биде Неговиот народ? Мат. 5,14-16. Наведи примери од животот на Аврам како навистина делотворно христијанско сведочење. 1 Мојс. 14,21-24; 18.19.

“Сè додека Христос живее во срцето на човекот, не е можно да се скрие светлината на Неговото присуство, ниту пак таа светлина може да ослаби или да згасне. Напротив, таа од ден на ден сè повеќе ќе блескоти додека маглата на себичноста и гревот што ја обвива душата не исчезне пред светлите зраци на Сонцето на правдата.
Припадниците на Божјиот народ се Негови претставници на земјата и Негова намера е тие да бидат светлина во моралната темнина што го покрива овој свет.“ – Патријарси и пророци, 120.

ц. Зошто Аврам се нарекува Божји пријател? Јаков 2,21-23; 1 Мојс. 26,5. Како и ние можеме да бидеме сметани за Христови пријатели? Јован 15,14; Фил. 2,15.

“Карактерот и животот на христијанинот е во спротивност со праксата на овој свет. Христијанинот не може да најде задоволство и уживања во разните забави во овој свет. Своите чувства тој треба да ги посвети на повозвишени и посвети цели. Само со својата послушност на Бога, христијаните покажуваат дека тие му се пријатели на Бога.“ – Нашиот висок позив, 149.

Вторник 7. јануари

3. ГОСТОПРИМЛИВО ДОМАЌИНСТВО

а. Која пракса била важна особина на Аврамовиот карактер? 1 Мојс. 18,1-8.

“Едно жешко летно попладне патријархот седел пред вратата на својот шатор и, посматрајќи ја мирната панорама на пределот пред себе, во далечина забележал тројца патници како се приближуваат. Пред да наближат до неговиот шатор, странците застанале, како да се договараат што треба да сторат. Не чекајќи да го замолат за гостопримство, Аврам бргу станал и, бидејќи се чинело дека се упатиле во друг правец, побрзал со голема љубезност да ги одоброволи да му укажат чест со тоа што ќе навратат кај него да се освежат. Со свои раце донел вода да ги измијат прашливите нозе од одењето пеш. Самиот испланирал со што ќе ги нагости и, додека тие се одморале во пријатната сенка, им зготвил јадење, па од почит стоел покрај нив додека јаделе и уживале во неговото гостопримство.“ – Патријарси и пророци, 126.

б. Каква поука извлекува апостол Павле од Аврамовото искуство? Евр. 13,2.

ц. На кој начин можеме да го следиме примерот на Аврам денес? Ис. 58,7; Мат. 25,35; Лука 14,12-14.
“Нашите меѓучовечки односи не смеат да се раководат според световните обичаи, туку од страна на Христовиот Дух и учењето на Неговата Реч. Во сите прослави на Израелците биле вклучени и сиромашните, странците и левитите – кои биле помошници на свештеникот во светилиштето и религиозни учители и мисионери. Нив народот ги сметал за свои гости, кои секогаш биле топло примени на сите општествени и религиозни прослави и за кои нежно се грижел во болест или неволја. Таквите денес би требало да најдат гостопримство во нашите домови. Ваквата гостољубивост може мнозина да расположи или охрабри некоја мисионска болничарка или учител, некоја загрижена и исцрпена мајка, или некои иознемоштени и стари, кои честопати без сопствен дом се борат со сиромаштијата и бројните обесхрабрувања.“ – Здравје и среќа, 310.
Среда 8. јануари

4. АВРАМ КАКО ОДЛУЧЕН ПОСРЕДНИК

а. Кој лично на Аврам му ја открил расипаноста на Содом и планот за негово уништување? 1 Мојс. 18,16.17.20-22.

“Двајца од небесните гласници заминале, оставајќи го Аврама насамо со Оној за кого сега знаел дека е Божјиот Син. И човекот на верата нејсесрдно се зазел за жителите на Содом. Еднаш ги спасил со својот меч, а сега се трудел да ги спаси со своите молитви…“ – Патријарси и пророци, 127.

б. Како Аврам се молел за Божјата милост? 1 Мојс. 18,23-33. Кој дух ја инспирирал неговата молитва? Јован 15,12.13.17.

“Со длабока почит и понизност тој ја изложил својата молба: ‘Ете, сега би му проговорил на Господа иако сум прав и пепел’ (1 Мојс. 18,27). Не бил самоуверен ниту се расфрлал со својата правда. Правото на милост не го засновал на својата послушност или на жртвата што ја принел извршувајќи ја Божјата волја. Чувствувајќи се и самиот грешник, се залагал за грешниците. Таков дух треба да поседуваат сите што пристапуваат кон Бога.“ – Патријарси и пророци, 127.
“Аврамовата молитва била проникната со љубов кон душите што биле осудени на пропаст. Додека чувствувал одвратност кон гревовите на тој корумпиран град, тој сакал тие грешници да се спасат. Неговиот длабок интерес за Содом покажува колкава загриженост и ние треба да чувствуваме за непокајаните. Треба да се негува омраза кон гревот, но да се има љубови милост кон грешникот.“ – Патријарси и пророци, 128.

ц. Која цел на секој од нас како христијани треба да ни биде најважна во животот додека се обидуваме да допреме до светот околу нас? 1 Кор. 9,19-23; 2 Кор. 5,14.15.

“Ние треба помалку да се расправаме, а многу повеќе да го прикажуваме Христа. Нашиот Откупител е средиште на нашата вера и надеж. Оние кои успеваат да ја прикажат Неговата неспоредлива љубов и да ги поттикнат срцата Нему да му ги дадат најдобрите и најсвети чувства, извршуваат навистина голема и света задача.“ – Колпортерска служба, 42.
Четврток 9. јануари

5. ЛОТ, КАКО МИСИОНЕР ПРЕД ПОРТАТА НА СОДОМ

а. Преку која пракса Лот се обидувал да ја исполни својата мисионерска должност? 1 Мојс. 19,1-3.

“Имајќи го во предвид малтретирањето на кое странците биле изложени во Содом, Лот си поставил задача веднаш, по влегувањето во градот, да ги земе во заштита, нудејќи им гостопримство во својот дом. Тој седел пред градските порти кога патниците се приближиле и, штом ги забележал, станал од своето место да ги пречека“- Патријарси и пророци, 151.

б. Што го загрозувало Лотовиот душевен мир, додека тој живеел во Содом? 2 Петр. 2,7.8. Како луѓето од Содом се однесувале кон религијата на Аврам и Лот? Лука 17,28-30; Јуда 17,18.

“На жителите на Содом Аврам не им бил непознат, а неговото почитување на невидливиот Бог за нив било предмет на потсмев.“ – Патријарси и пророци, 148.

ц. И покрај најдобрите намери на Лот да биде верен мисионер во Содом, што стои како пример за опасностите на кои христијаните и денес се излагаат живеејќи во градот? 1 Мојс. 19,14-17.26.

Петок 10. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. На кој начин Аврам бил во можност да им го проповеда на своите сонародници Евангелието дури и во негово отсуство?
2. Како знаеме дека Аврам бил одлучен посредник во залагањето за другите?
3. Колку важно било гостопримството во животот на Аврам?
4. Која треба да биде нашата прва цел, како христијани?
5. Како сведоштвото на Лот како мисионер на жителите на Содом можело да биде поефективно?

Сподели го ова:

Similar Posts