01 Први Евангелисти

Сподели го ова:

1. лекција – 4. јануари, 2014.

Први Евангелисти

“Зашто, како што преку непослушноста на еден човек мнозина станаа грешни, така исто и преку послушноста на еден, мнозина ќе станат праведни.“ – Рим. 5,19.

“Штом се појавил гревот, се појавил и Спасител. Христос знаел дека ќе мора да страда, но Тој сепак станал замена за човекот. Штом Адам згрешил, Божјиот Син се претставил како Гарант за паднатиот човечки род.“ – Библиски коментари, 16.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 40-48.

Недела 29. декември

1. АДАМ – ПРВИОТ ЕВАНГЕЛИСТ

а. Како пораката на вечното евангелие за прв пат им била проповедана на Адам и Ева? 1 Мојс. 3,15 (спореди со Галатјаните 3,16).

“Иако иднината на грешникот била обвиткана со мрак и темнина, слично на смртна сенка, сепак ветувањето за Спасителот претставувало ѕвезда на надеж која ја осветлувала темната иднина…
Каква љубов! Какво неверојатно понижување! Царот на славата самиот се понудил да се спушти до паднатиот човечки род. Тој бил подготвен со својата нога да зачекори на Адамовиот пат; да ја земе природата на паднатиот човечки род и да стапи во борба со силниот непријател кој над Адам победоносно ликувал; да го победи сатаната и на тој начин на сите кои ќе поверуваат во Него да им го отвори патот за откуп од срамниот Адамов неуспех и пад.“ – Библиски коментари, 16.17.

б. Како прв носител на евангелската порака, на кој начин Адам требало да ја дели оваа порака со своите деца? 5 Мојс. 6,6.7.

“(На Адам) му била доделена должност своето потомство да го упатува на Господовиот пат и тој верно го чувал она што Бог му го открил и истото им го повторувал на идните генерациите.“ – Патријарси и пророци, 60.
Понеделник 30. декември

2. АВЕЛ И СИТ

а. Какви луѓе имал Бог меѓу Адамовите потомци?

“И покрај тоа што безбоштвото сè повеќе земало замав, постоела цела низа свети луѓе кои, одржувајќи постојана врска со Бога, биле толку облагородени и возвишени, како да живееле во друштво на небесните суштества. Тоа биле луѓе со силен ум и со чудесни способности. Ним им била доверена голема и света задача – да развиваат исправен карактер и да бидат пример на побожност не само за луѓето на своето време, туку и за идните поколенија.“ – Патријарси и пророци, 62.

б. На кој начин Авел верно сведочел за пораката на Евангелието? 1 Мојс. 4,4.10; 1 Јов. 3,12; Евр. 11,4.

“’Со вера Авел му принесе на Бога поголема жртва отколку Каин’ (Евр. 11,4). Авел ги сфатил големите основни начела на откупувањето. Увидел дека е грешник и дека меѓу неговата душа и врската со Бога стојат гревот и смртта како казна. Принел заклано животно, жртвуван живот, и со тоа ги признал барањата на законот кој бил прекршен. Гледајќи во пролеаната крв, ја видел Жртвата на иднината – Христа – како умира распнат на Голгота и, верувајќи во спасението што со тоа ќе биде осигурено, се осведочил дека е оправдан и дека жртвата му е примена“¬¬ – Патријарси и пророци, 50.

в. Какво охрабрување и поттик можеме да извлечеме од животот на Сит? 1 Мојс. 4,25.

“Сит по раст бил поелегантен од Каин и Авел и многу повеќе личел на Адам отколку неговите постари синови. Имал примерен карактер и ги следел стапките на Авел, иако по природа не наследил никакви подобри особини од оние што можел да ги има и Каин. Во врска со создавањето на Адам стои напишано: ‘Кога Бог го создаде човекот, го создаде според својот лик’; меѓутоа, човекот – после падот – ‘роди син според својот лик’. Додека Адам бил создаден безгрешен, според Божјиот лик, Сит, како и неговиот брат Каин, ја наследил грешната природа на своите родители, зашто бил нивна лика. Но тој исто така примил и знаење за Искупителот и поуки за праведноста. Благодарение на божествената милост, можел да му служи на Господа и да го почитува, а се трудел, како што би правел и Авел, кога би бил жив, луѓето наклонети кон грев да ги врати на послушност и на почит кон својот Творец.“¬¬ – Патријарси и пророци, 58.

Вторник 31. декември

3. ЕНОХ

а. Кои пророчки вистини ги проповедал Енох? Јуда 14.15.

“Објавувајќи му го на народот она што Бог му го открил, Енох станал проповедник на правдата.“ – Патријарси и пророци, 65.

б. Кој бил темелот на Еноховата верност како евангелист? 1 Мојс. 5,22. Како да ја разбереме изјавата: ‘Енох одеше со Бога’?

“Енох одел со Бога не во некаков занес или мечта, туку во вистинските должности на секојдневниот живот. Не се претворил во пустиник, кој се одвојувал од сиот свет, зашто имал задача што Бог му ја дал да ја изврши меѓу луѓето. Во семејството и во допирот со останатите луѓе, како сопруг и татко, како пријател и граѓанин, секогаш бил и останал цврст, непоколеблив слуга Божји.“ – Патријарси и пророци, 63.
“Неговото срце било во целосна хармонија со Божјата волја зашто ‘можат ли двајца да одат заедно ако не се договорат’ (Амос 3,3).
Потиштен поради сè поголемата плима на безбожност и плашејќи се нивното неверство да не ја намали и неговата страхопочит кон Бога, Енох го одбегнувал дружењето со нив, и многу време поминувал насамо, оддавајќи се на размислување и молитва. Така тој одел со Бога, стремејќи се што појасно да ја сфати Неговата волја за да може да ја исполни.“ – Патријарси и пророци, 63.

в. Каква сличност може да се забележи помеѓу Енох и верниците кои живи ќе го дочекаат второто Христово доаѓање? 1 Мојс. 5,24; Евр. 11,5; 1 Сол. 4,17.

“Карактерот на побожноста на овој пророк ја прикажува состојбата на светоста што мора да ја досегнат оние кои при повторното Христово доаѓање ќе бидат ‘откупени од земјата’ (Откр. 14,3). Тогаш, како што било пред потопот, беззаконието ќе се умножи. Следејќи ги желбите на своето изопачено срце и учењето на измамната филозофија, луѓето ќе се побунат против небесниот авторитет. Меѓутоа, Божјиот народ, како и Енох во свое време, ќе се стреми кон чистота на срцето и кон прифаќање на Божјата волја сè додека во нив не се види потполно Христовиот лик. Слично на Енох, тие ќе му обрнуваат внимание на светот на Христовото повторно доаѓање и на казните што ќе ги снајдат престапниците, а со своите свети зборови и со својот живот ќе ги осудат гревовите на непокајаните. Како што Енох се вознел на небото пред светот да биде уништен со вода, така и праведниците живи ќе бидат земени од земјата пред таа да биде уништена со оган.“ – Патријарси и пр., 68.
Среда 1. јануари

4. НОЕ, ПРОПОВЕДНИК НА ПРАВДАТА

а. Кои Библијата ги нарекува ‘синови Божји’ и каков треба да биде нивниот став? Рим. 8,14; 1 Јов. 3,1.2; 2 Кор. 6,14.17.18.

б. Која заблуда на ‘синовите Божји’, после смртта на Адам покажала дека разликата помеѓу Божјите слуги и слугите на сатаната бргу исчезнува? 1 Мојс. 6,1.2.

“Синовите на Сит, привлечени од убавината на ќерките на Каиновите потомци, почнале да склучуваат брачни врски со нив, а тоа на Господ не му било мило. Мнозина од оние што го почитувале Бога подлегнале на привлечното искушение кое постојано им било пред очи, загазиле во грев и го загубиле својот посебен свет карактер. Без оглед на ограничувањата што ги налага седмата заповед, ‘земаа за жена кого што сакаа’. Така синовите на Сит ‘појдоа по стапките на Каин’ (Јуда 11), и своите мисли ги насочија кон земните успеси и уживања, занемарувајќи ги Господовите заповеди.“ – Патријарси и пророци, 60.

в. Поради беззаконието кое сè повеќе преовладувало, кого Бог го повикал да ја проповеда пораката на предупредување? 1 Мојс. 6,5-8; 2 Петр. 2,5. Како тоа може да се спореди со нашите денови? Мат. 24,37-39; 2 Петр. 3,3-6.

“Пред потопот Бог го пратил Ное да ги предупреди жителите на светот за да се покаат и да ја избегнат заканата од уништување… Сто и дваесет години овој проповедник на правдата го предупредувал светот за претстојната пропаст, но неговата порака била презрена и отфрлена.“ – Патријарси и пророци, 83.
“Гревовите поради кои Бог го казнил претпотопниот свет и денеска постојат. Стравот од Бога исчезнал од срцата на луѓето, а Неговиот закон го гледаат рамнодушно и со презир. Силната световност на таа генерација се изедначува со денешната генерација.“ – Патријарси и пророци, 82.

Четврток 2. јануари

5. НОЕ, ПОТПАРОЛ НА ХРИСТОС

а. Кој зборувал преку Ное, и како? Евр. 1,1; 2 Петр. 1,21.

“Па затоа и се јави Синот Божји, за да ги урне делата ѓаволски’ (1 Јов. 3,8). Самиот Христос бил ангажиран во оваа борба во Ноевите денови. Во пораките на опомена, укори и срдечни повици жителите на претпотопниот свет го чуле Неговиот глас. Тој им дал време на милост и поуки од сто дваесет години, во кое тие можеле да се покаат. Но тие ги избрале измамите на сатаната и загинале во водите на потопот.“ – Библиски коментари, 25.

б. Додека Ное поттикнат од Светиот Дух ја проповедал вистината, како Библијата ги опишува неговите слушатели? 1 Петр. 3,18-20: 4,6; Ис. 42,7.

в. Што би сторила пораката на Евангелието за Ноевите слушатели кога би послушале, и што таа ќе стори за нас доколку ја прифатиме? Ис. 61,1; Ефес. 2,1-5.

“Како што Бог го воскреснал Христа од мртвите, за да донесе со посредство на Евангелието живот и бесмртност и на тој начин да ги спаси припадниците на својот народ од нивните гревови, така и Христос ги подига паднатите човечки битија на духовен живот, ги оживува со својот живот исполнувајќи ги нивните срца со надеж и радост.“ – РХ, 31. март, 1904.

Петок 3. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како Адамовите потомци ја одржале во живот приказната за создавањето и падот на Адам и Ева?
2. Како можеме да го користиме Адамовиот метод на евангелизирање во нашите животи денес?
3. Која била пораката на Енох за неговата генерација?
4. Како Христос, преку Ное, ги предупредувал луѓето кои биле оковани во грев?
5. Колку долго Светиот Дух во Ноевите денови се борел со оние кои биле ‘мртви во своите престапи и гревови’?

Сподели го ова:

Слични објави