10 Човечката слава паѓа во прав
10. лекција – 9. март 2013.
Човечката слава паѓа во прав
“Зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – туку дар Божји!“ – Ефес. 2,8.
“Човекот целосно зависи од Христовата милост. Тој нема сила да направи ниту еден чекор во приближувањето кон Христа ако Божјиот Дух не го привлече.“ – Знаци на времето, 12. февруари, 1894.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патот кон Христа, 14-19.
Недела 3. март
1. БОЖЈО ДЕЛО
а. Што може оправдувањето со вера да направи во нас и за нас? Римј. 3,24.25; Ефес. 2,8.
“Што е оправдување со вера? Тоа е Божјо дело кое човековата слава ја полага во прав, и за човекот го прави она што со своја сила никогаш не може да го направи за себе. Кога луѓето ќе ја согледаат својата ништожност, дури тогаш тие се подготвени да се облечат во Христовата праведност.“ – Верата со која живеам, 111.
б. На кој начин самиот Господ Исус Христос му се открил на апостол Јован? Што тоа значи во врска со делото на спасението? Откровение 21,6.
“Кога Светиот Дух не би делувал на човечкото срце, ние на секој чекор би се сопнувале и паѓале. Човечките напори сами по себе ништо не значат и немаат вредност; но соработката со Христа значи победа. Сами по себе ние немаме сила да се покаеме за гревот. Без божествена помош не можеме да го направиме ниту првиот чекор кон Спасителот. Тој вели: ’Јас сум Алфа и Омега, почеток и крајот‘ (Откр. 21,6), во спасението на секоја душа.“ – Одбрани пораки 1, 381.
Понеделник 4. март
2. ПОВИК, ПОКАЈАНИЕ И ПРОСТУВАЊЕ
а. Кој е првиот чекор во спасувањето на една душа? Зошто душата прифаќајќи ја поканата, доаѓа кај Христа? Јован 12,32; 14,6.
“Повикот и оправдувањето не се едно исто. Повикот е привлекување на грешникот кон Христа, а тоа е дело извршено од Светиот Дух врз срцето, осведочувајќи го за гревот и повикувајќи го на покајание.
“Мнозина се збунети околу тоа од што се состојат првите чекори во делото на спасувањето. Сметаат дека покајанието е дело кое грешникот мора да го направи самиот за себе како би можел да дојде до Христа. Мислат дека грешникот треба да се удостои за примање на благословот на Божјата милост. Меѓутоа, иако е вистина дека покајанието мора да дојде пред опростувањето – бидејќи за Бога е прифатливо само скршено и скрушено срце – сепак грешникот не може самиот да се наведе на покајание ниту да се подготви да дојде кај Христа. Ако грешникот не се покае, не може да му биде простено; но прашање на кое мора да се даде одговор е дали покајанието е дело на самиот грешник или Христов дар. Мора ли грешникот да чека додека не биде исполнет со жалење поради своите гревови пред да може да дојде до Христа? Првиот чекор кон Христа се превзема благодарение на привлечната сила на Божјиот Дух; кога човекот ќе одговори на овој повик, тој се приближува кон Христа за да може да се покае.“ – Одбрани пораки 1, 390.
б. Во кого е вистинското потекло на чинот на покајание во срцето на грешникот? 2 Тим. 1,9; Дела 5,31.
“Покајанието е дар од Христа како што е и опростувањето и тоа не може да најде место во срцето во кое Христос не го извршил своето дело. Како што не можеме без Христа да примиме простување, исто така не можеме ниту да се покаеме ако Неговиот Дух не ја разбуди нашата совест.“ – Библиски коментари, 602.
“Влијанието на Светиот Дух е она што не осведочува за гревот и ја буди нашата потреба за опростување. Само скрушените можат да го добијат опростувањето; но Божјата милост е она што срцето го чини покајничко.“ – Одбрани пораки 1, 353.
“Покајанието не е ништо помал дар отколку што се опростувањето и оправдувањето и не може да се доживее освен ако Христос не го подари на нашата душа. Ако сме привлечени кон Христа, тоа е поради Неговата сила и заслуга. Благодатта на каењето доаѓа преку Него, како што преку Него доаѓа и оправдувањето.“ – Одбрани пораки 1, 391.
Вторник 5. март
3. ВЕРА – ИСХОД НА БОЖЈАТА МИЛОСТ
а. Која е библиската дефиниција за верата? Кој е нејзиниот извор? Евр. 11,1.
“Верата е доверба во Бога – верување дека Тој нè сака и дека знае што е најдобро за нас. На тој начин, таа нè наведува наместо својот, да го избереме Неговиот пат. Наместо нашето незнаење, таа ја прифаќа Неговата мудрост; наместо нашата слабост, Неговата сила; наместо нашата грешност, Неговата праведност. Нашиот живот, ние самите, сето тоа веќе е Негово; верата го признава Неговото право на сопственост и ги прифаќа благословите што тоа ги донесува. Вистината, чесноста, непорочноста, се истакнати како дел од тајната на успехот во животот. И токму верата нè вдахнува со овие принципи.“ – Воспитување, 253.
“Верата не е нешто што ние можеме на некој начин да го стекнеме, таа е дар од Бога, кој ние можеме да го примиме и негуваме ако Христос го направиме за свој личен Спасител. Ние можеме да го одбиеме овој дар, и да зборуваме сомнежи, и да станеме несреќни, поради негување на неверие. Но ова ќе прерасне во непробојна бариера, одделувајќи нè далеку од Божјиот Дух и ќе ги затвори нашите срца за Неговата светлина и Неговата љубов.“ – Библиски коментари, 654.
б. Каква е состојбата на грешникот без Божјата милост? Гал. 5,19-21.
“Без Христовата благодат грешникот се наоѓа во безнадежна состојба – за него ништо не може да се направи – но преку божествената благодат на човекот му се дарува натприродна сила која делува на умот, срцето и карактерот. Доделувањето на Христовата благодат е она што ни овозможува да ја распознаеме одвратната природа на гревот и конечно да го изгониме од храмот на душата. Преку благодатта доаѓаме во заедница со Христа и се поврзуваме со Него во делото на спасението.“ – Одбрани пораки 1, 366.
“Дали чувствуваш дека заради тоа што си грешник не можеш да се надеваш на Божјите благослови? Запомни дека Христос дошол на овој свет да ги спаси грешниците. Ние немаме ништо со што би се препорачале кај Бога; причината поради која ние можеме да бараме сега и во кое било време е нашата целосно беспомошна состојба, поради која Неговата искупувачка сила станува неопходност. Отфрлајќи ја сета надеж од себеси, можеме да погледнеме кон крстот на Голгота и да кажеме: ’Јас нема што да ти дадам; едноставно за Твојот крст се држам‘.“ – Здравје и среќа, 47.
Среда 6. март
4. ДЕЛОТО НА СВЕТИОТ ДУХ
а. Која состојба на срцето е доказ дека Господ е на дело од страна на Неговиот Свет Дух да го спаси грешникот? Мат. 5,6.
“Имате ли чувство на празнотија во својата душа? Дали сте жедни и гладни за правда? Тоа е доказ дека Христос влијаел на вашето срце и го создал тоа чувство на потреба за да Го побарате и преку дарот на Светиот Дух да го направи за вас она кое вие самите не сте во состојба да го направите за себе. Господ не наведува никакви услови освен да бидете гладни за Неговата милост, желни за Неговите совети и да копнеете за Неговата љубов. ’Барајте‘! Барањето покажува дека сте свесни за својата потреба и ако побарате со вера, ќе добиете.“ – Одбрани пораки 1, 332.
б. Од што човекот е ослободен и што му е овозможено? Кол. 1,12.13; 1 Петр. 2,9.
“Господ сака Неговиот народ да биде цврст и здрав во верата – а не во незнаење за големото спасение кое толку изобилно му е подготвено. Тој не треба да очекува дека во некое идно време за него ќе се направи некое големо дело; бидејќи делото е веќе завршено. Верникот не се повикува да се помири со Бога; тој тоа никогаш нема да биде во состојба да го направи. Тој треба да го прифати Христа, како свој мир, бидејќи со Христа е Бог и во Него се наоѓа мир. Христос направил крај на гревот, носејќи ја сета тежина на неговото проклетство на сопственото тело на дрвото и Тој го отстранил проклетството од сите кои веруваат во Него како во свој личен Спасител. Тој става крај на силата на гревот која владее во човечкото срце и животот и карактерот на верникот сведочат во корист на вистинскиот карактер на Христовата благодат.“ – Одбрани пораки 1, 394.395.
“Бог го љуби својот народ и го води по сигурен и безопасен пат. Тој се погрижил да бидат со Исуса Христа во блаженството на небото. Тој тоа го прави, не заради нивната добрина или затоа што се достојни за тоа, туку заради својата неизмерна милост и љубов која со ништо не ја заслужиле. Тој ги ослободува од силите на темнината и ги пренесува во царството на својот сакан Син. Тој сака да го усоврши нивниот карактер за да можат да опстанат пред Него чисти и во бели облеки.“ – Знаци на времето, 28. август, 1901.
Четврток 7. март
5. ДЕЛОТО ЗАВРШЕНО
а. Кој критериум мораме да го достигнеме за да можеме да бидеме наследници на небото? Лука 10,27.
“За да бидеме кандидати за небото ние мораме да ги исполниме барањата на законот: ’Љуби Го Господа, својот Бог – со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сета своја сила и со сиот свој ум; и својот ближен како себеси‘. Тоа можеме да го направиме само ако со вера се фатиме за Христовата праведност. Гледајќи во Исуса ние примаме жив, поширок принцип во срцето, а Светиот Дух продолжува со тоа дело така што верникот напредува од благодат во благодат, од сила во сила, од карактер во карактер. Тој е налик на Христа, сè додека во духовниот раст не ја постигне полната мера на растење во Исуса Христа.“ – Одбрани пораки 1, 395.
б. На кој начин ова спасоносно дело ќе биде довршено во верникот? Филип. 1,6; Римј. 8,30.
“На оние кои го бараат, Исус им го дава Светиот Дух, бидејќи тоа е неопходно за секој верник да се ослободи од нечистотијата на гревот, како и од проклетството и осудата на законот. Преку влијанието на Светиот Дух, посветување со вистината, верникот станува достоен и подесен за небесните дворови; бидејќи Христос делува во нас и Неговата праведност е врз нас. Без ова никој не може да добие право на спасение. Ние нема да уживаме на небото ако преку влијанието на Светиот Дух и Христовата правда не се удостоиме за неговата света атмосфера.“ – Одбрани пораки 1, 395.
Петок 8. март
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Што покажува дека делото на оправдувањето и спасението во целост зависи од Христа?
2. Наведи разлика во поедините чекори во делото на спасението?
3. Која голема промена Божјата милост ја чини во срцето на покајаниот грешник?
4. Каква улога во сето тоа има Светиот Дух?
5. Што делото на спасението го прави комплетно?