13 Облечени во Христовата правда
13. лекција – 30. март 2013.
Облечени во Христовата правда
“Кога влезе царот да ги види гостите, забележа еден необлечен во свадбени алишта. Па му рече: ’Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена руба?‘ А тој молчеше.“ – Мат. 22,11.12.
“Сега е време да се облечете во облека која е ткаена на небесен разбој, а ја претставуваат величествената Христова праведност, за да можете да бидете подготвени да застанете пред Неговата појава и да се удостоите за место од Неговата десна страна.“ – Знаци на времето, 28. март, 1892.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Христовите поуки, 274-285.
Недела 24. март
1. ХРИСТОВАТА ПРАВДА ПРИПИШАНА НА НАС
а. Кога душата е подготвена да биде облечена во облеката на Христовата праведност? Зах. 3,1-4.
“Кога луѓето ќе ја увидат својата ништожност, тие се подготвени да бидат облечени во Христовата праведност.“ – Верата со која живеам, 111.
“(Исус) првосвештеникот не можел да се одбрани ниту себеси ниту својот народ од обвинувањата на сатаната. Тој не тврдел дека Израел е ослободен од недостатоци. Во својата валкана облека која ги симболизирала гревовите на неговиот народ и која тој ја носи како нивен претставник, стоел пред ангелот, признавајќи ги гревовите на својот народ, но укажувал на нивното признавање и понизност, потпирајќи се на милоста на Откупителот кој ги простува гревовите и со вера се повикувал на Божјите ветувања.“ – 5 Сведоштво, 443.
б. Кои се предусловите за посветување? Дела 3,19.
“Кога ќе дојдеме кај Христа со каење во срцето, барајќи од Него опростување, Неговата крв која може да очисти, ги отстранува нашите гревови. Тој ни ја припишува Неговата правда, а нашата вина ја зема врз Себе.“ – Библиски коментари, 821.
Понеделник 25. март
2. ЦЕНАТА НА ХРИСТОВАТА ПРАВЕДНОСТ
а. Што мораме да направиме за да ја купиме Христовата праведност? Која парабола покажува дека сите кои го исповедаат Христа и го следат не значи дека се облечени во облеката на Христовата праведност? Мат. 13,45.46; 22,1-14.
“Гости на евангелската гозба се оние кои тврдат дека му служат на Бога, оние чиишто имиња се запишани во книгата на животот. Меѓутоа, не сите кои тврдат дека се христијани навистина се вистински ученици.“ – Христовите поуки, 277.
“Во животот на мнозина чиишто имиња се наоѓаат во црковните книги нема вистинска промена. Вистината останува во надворешното предворје. Тука нема вистинско обратување, ниту позитивно влијание на милоста врз срцето. Нивната желба да му служат на Бога се заснова само на лична склоност, а не на длабоко осведочување под влијание на Светиот Дух. Нивното однесување не е во согласност со Божјиот закон. Тие тврдат дека го прифаќаат Христа како свој Спасител, но не веруваат дека ќе им даде моќ да ги победат своите гревови. Тие лично не се запознаени со животот на Спасителот и во својот карактер покажуваат многу недостатоци “ – РХ, 7. јули, 1904.
б. На кој начин единствено можеме да ја купиме праведноста? Откр. 3,18.
“Белите облеки ја претставуваат чистотата на карактерот, Христовата праведност која му се дава на грешникот. Таа облека е исткаена на небесен разбој, која може да се купи само од Христа и тоа со живот на доброволна послушност.“ – 4 Сведоштво, 85.
“Христовата праведност, како чист бел бисер, нема никаков недостаток, нема дамка, ниту вина. Оваа праведност може да биде наша. Спасението, со своето непроценливо богатство кое е платено со Христовата крв, го претставува скапоцениот бисер. Ние можеме да го бараме и пронајдеме. Но, сите оние кои навистина ќе го пронајдат, ќе продадат сè што имаат за да го купат. На тој начин даваат доказ дека се едно со Христа како што Тој е едно со Отецот. Трговецот во прараболата е претставен како продава сè што има за да дојде во посед на еден бисер со голема вредност. Ова е прекрасна претстава за оние кои вистината толку ја ценат така што се откажуваат од сè што имаат за да можат да ја поседуваат. Тие со вера се фаќаат за спасението кое им е овозможено преку жртвата на Божјиот единороден Син.“ – Одбрани пораки 1, 399.
Вторник 26. март
3. ОБЛЕКИ НА НЕВИНОСТ
а. Каква облека нашите прародители имале во Едем? Што се случило кога нивната духовна состојба се променила и што направиле кога дознале? 1 Мојс. 3,10.
“Бела облека на невиност носеле нашите прародители кога Бог ги наместил да живеат во светиот Едем. Тие живееле во совршена хармонија со Божјата волја. Сета сила на нивните чувства му била посветена на нивниот небесен Отец. Светиот пар го опкружувала прекрасна нежна светлина, Божја светлина. Таа светла облека претставувала симбол на нивната духовна облека на небесната невиност. Кога би му останале верни на Бога, тие засекогаш би биле покриени со неа. Меѓутоа, кога згрешиле, тие ја прекинале својата врска со Бога и исчезнала светлината што ги осветлувала. Голи и посрамени, својата небесна облека се обиделе да ја надоместат со облека од смоквини лисја што сами ја направиле.“ – Христовите поуки, 277.
б. Што сега претставува белата облека? Каква е духовната состојба и карактерот на оние кои се облечени во облеката на Христовата праведност? Откр. 19,8.
“Со свадбената облека е претставен чистиот, беспрекорен карактер кој вистинските Христови следбеници ќе го поседуваат.“ – Христовите поуки, 277.
“Вистината мора да биде засадена во срцето. Тоа значи дека таа мора да управува со умот и да ги регулира чувствата. Карактерот целосно мора да биде обележан со божествени зборови. Секоја јота и цртичка на Божјата реч мора да стане дел во нашиот секојдневен живот.
“Оние што ќе станат учесници во божествената природа ќе бидат во хармонија со големото Божјо мерило на правдата, со Неговиот свет закон. Тоа е мерило според кое Бог ќе ги одмерува човечките постапки. Тоа мерило ќе биде проверка за карактерот на судот.“ – Христовите поуки, 279.
“Но, иако Бог може да остане праведен а сепак да го оправда грешникот преку Христовите заслуги, никој не може да ја покрие својата душа со облека на Христовата праведност додека во пракса чини гревови кои му се познати или ги занемарува познатите должности. Бог бара целосна преданост на срцето пред да може да дојде до оправдување; а човекот за да остане оправдан, мора да покаже постојана послушност преку активна, жива вера која работи преку љубовта и ја чисти душата.“ – Одбрани пораки 1, 366.
Среда 27. март
4. ПРИМАЊЕ НА ХРИСТОВАТА ПРАВЕДНОСТ
а. Според Христовата илустрација за виновата лоза, кога Неговата праведност нам ни се припишува? Што е потребно за вистинско единство со Христа? Јован 15,4.5.
“Постои голема разлика помеѓу лажното единство и вистинската поврзаност со Христа преку вера. Со јавно признавање на вистината, луѓето стануваат членови на црквата, но тоа не докажува дека имаат жива врска со живата Лоза… Кога се постига оваа врска и заедништво, нашите гревови се ставени врз Христа; Неговата праведност нам ни се припишува.“ – 5 Сведоштво, 211.212.
“Единството со Христа преку жива вера е трајно; секое друго единство мора да пропадне… Тие мораат да се борат со надворешни и внатрешни тешкотии. Мораат да поминат преку болниот процес на одвојување исто така како и низ процесот на спојување. Гордоста, себичноста, суетата, световноста – секој грев – мора да се победи, ако сакаме да влеземе во заедница со Христа. Причината зошто мнозина мислат дека христијанскиот живот е толку страшно напорен, зошто се колебливи и непостојани, е во тоа што се обидуваат да се приклучат кон Христа а претходно не се одвоиле од своите сакани идоли.“ – 5 Сведоштво, 213.
б. Што претставува очигледен доказ дека сме облечени во Христовата правда? Пс. 119,104; 1 Кор. 13,6.
“Кога ќе се облечеме во Христовата правда, нема да чувствуваме привлечност кон гревот зашто Христос ќе работи во нас. Ние можеме да погрешиме, но ќе го мразиме гревот кој му предизвикал страдања на Божјиот Син.“ – Одбрани пораки 1,360.
ц. Што за душата која се облекла во облеката на Христовата праведност претставува сигурност кога ќе се соочи со искушенијата на сатаната? 1 Петр. 1,5.
“Во Христовата религија постои регенерирачко влијание кое го преобразува целото битие, воздигајќи го човекот над унижувачките пороци и насочувајќи ги неговите мисли и желби кон Бога и кон небото. Поврзувајќи се така со Бесконечниот Творец, човекот станува учесник во божествената природа. Врз него стрелите на непријателот немаат никаков ефект бидејќи тој е облечен со оклопот на Христовата праведност.“ – Совети за родителите, 39.
Четврток 28. март
5. ВНАТРЕШЕН ЖИВОТ СО ХРИСТА
а. Како Павле ја објаснува потребата од интимно единство со Христа? Гал. 2,20.
“Кога ќе му се покориме на Христа, срцето се соединува со Неговото срце, волјата се слева со Неговата волја, умот станува едно со Неговиот ум, мислите му се покоруваат Нему; ние живееме Негов живот. Тоа значи да се биде облечен во облеката на Неговата праведност.“ – Христовите поуки, 278.
б. Какви благослови ќе уживаат оние кои се посветени, дури и овде на овој свет? Исаија 58,8.
“На своите верни следбеници Христос им бил секојдневен придружник и близок пријател. Тие живееле во тесна врска, во постојана заедница со Бога. Врз нив навистина се покажала Господовата слава. Врз нив се одразувала светлината на познавањето на Божјата слава во лицето на Исуса Христа. А сега се радуваат за блескотните зраци и за славата и величеството на Царот над царевите. Тие се подготвени за заедница со небото, зашто тие го имаат небото во своите срца.“ – Христовите поуки, 384.
Петок 29. март
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Што прво мора да биде направено од страна на верникот пред тој или таа да можат да бидат облечени во бела облека?
2. Што ние знаеме за цената со која оправдувањето е платено?
3. Кое е вистинското значење на белата облека?
4. Што е тоа што на верникот му ја осигурува Исусовата праведност?
5. Каков е резултатот од Христовиот живот во срцето?