12 Посветување

Сподели го ова:

12. лекција – 23. март 2013.

Посветување

“Како послушни чеда, не постапувајте веќе според поранешните ваши похоти, кога бевте во незнаење. Но, по примерот на Светиот, Кој ве повика, и вие самите бидете свети во сите ваши постапки. Зашто напишано е: „Бидете свети, бидејќи Јас сум свет.“ – 1 Петр. 1,14-16.

“Промената од несвето во свето е траен процес. Ден по ден Бог работи на човековото посветување, а човекот треба да соработува со Него вложувајќи истрајни напори во создавањето на добри навики.“ – РХ, 15, март, 1906.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Делата на апостолите, 420-427.

Недела 17. март

1. БОЖЈИОТ НАРОД МОРА ДА БИДЕ СВЕТ

а. Која Божја особина го проткајува целото небо и мора да се најде во сите кои сакаат да опстанат во Негова присутност? 1 Петр. 1,14-16.

“Божјата правда е апсолутна. Таа правда ги обележува сите Негови дела и сите Негови закони. Како што е Тој, таков мора да биде и Неговиот народ. Христовиот живот треба да се открие во животот на Неговите следбеници. Во сите Негови јавни и приватни постапки, во секој збор и дело, можела да се види практична побожност. Таква побожност треба да се види и во животот на Неговите ученици.“ – Одбрани пораки 1, 198.
“(Бог) не го поднесува гревот во свое присуство. Тоа е нешто што Неговата душа го мрази… Светоста е темел на Божјиот престол; гревот е спротивен на светоста, гревот го распнал Божјиот Син. Кога луѓето би можеле да ја согледаат сета одвратност на гревот, тие не би го трпеле ниту би се учеле да грешат. Тие би се реформирале во животот и карактерот. Тајните грешки ќе бидат надминати. За да бидете светци на небото, прво мора да бидете светци на земјата.“ – Сведоштво за проповедници, 145.

б. Која била Божјата цел за човештвото од самиот почеток? Што велат Светите списи за Божјата волја за нас? Ефес. 1,4; 1 Сол. 4,3.

Понеделник 18. март

2. ПРИПИШАНА И ДОДЕЛЕНА ПРАВДА

а. Што покажува дека посветувањето не е дело на еден момент туку прогресивен процес? Кои чекори се потребни за да се постигне оваа цел? Евр. 6,1; Филип. 3,13.14; 2 Петр. 1,5-10.

“Светото Писмо јасно покажува дека делото на посветување напредува постепено. Кога грешникот, обратувајќи се, ќе најде мир со Бога преку Христовата крв на откупувањето, дури тогаш започнал христијанскиот живот. Тогаш тој мора да се оддаде ’на совршенство‘, да порасне до совршен човек, ’до полната мерка на Христовиот раст‘ (Ефес. 4,13). Апостол Павле кажува: ’Но сепак правам едно: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене; трчам кон целта за наградата на горното призвание од Бога во Исуса Христа‘ (Филип. 3,13.14). А Петар ни ги предочува скалите, по кои до библиската посветеност навистина може да се стигне: ’Затоа, грижејќи се за ова сестрано, принесете кон верата своја добродетел, а кон добродетелта разум, а во разумот воздржување‘ (2 Петр. 1,5.6).“ – Големата борба, 418.
“Начинот на кој ние треба да го градиме своето спасение јасно е наведен во првото поглавје на Второто Петрово послание (стихови од 5-8). Постојано треба да додаваме на благодатта благодат и ако правиме така, Бог ќе работи во нас на планот на умножување.“ – РХ, 15, март, 1906.

б. Што е направено за нас со Христовата смрт и какво ќе биде секојдневното искуство на оние во кои Христос живее? Римј. 5,10.

“Правдата со која се оправдуваме ни се припишува; правдата со која се посветуваме ни се дава. Првата ни дава право на небото, втората нè оспособува за небото.“ – РХ, 4. јуни, 1895.
“Оправдување значи спасување на душата од проклетство за да може да постигне посветеност, а преку посветеноста, живот на небото. Оправдување значи дека совеста, очистена од мртви дела, се оспособува да ги прими благословите на посветувањето.“ – Библиски коментари, 760.
“(Мнозина) не сфаќаат дека темелот на нивната целокупна вера и надеж треба да биде само совршенството на Исуса, нашиот Гарант. Единствената и вистинска вера е онаа која цврсто се повикува на правдата која Христос ни ја припишува. Тој е единствениот извор на доблест, на духовна сила и живот… Плодови на таквата вера ќе бидат љубов, радост, мир, долго трпение, нежност и добрина, а целта (на членовите на црквата кои ја имаат оваа вера) ќе биде секој ден да го слават Бога.“ – Објавени ракописи 5, 9.
Вторник 19. март

3. ДЕЛОТО НА ПОСВЕТУВАЊЕ

а. Иако ја имаме Христовата правда која ни е припишана, колку темелно делото на посветување треба да се изврши и со каква цел? 1 Сол. 5,23.

“Нашето посветување е дело на Отецот, Синот и Светиот Дух. Тоа е исполнување на Божјиот завет направен со оние кои се обврзале да стапат во свето сродство со Отецот, Синот и Светиот Дух. Дали сте наново родени? Дали сте станале нови битија во Христа Исуса? Тогаш соработувајте со трите големи сили на небото кои работат во ваша корист.“ – Библиски коментари, 759.
“Преку влијанието на Светиот Дух, со посветување преку вистината, верникот станува достоен и подесен за небесните дворови; бидејќи Христос делува во нас и Неговата праведност е врз нас. Без ова никој не може да добие право на спасение. Ние нема да уживаме на небото ако преку влијанието на Светиот Дух и Христовата правда не се удостоиме за неговата света атмосфера.“ – Одбрани пораки 1, 395.

б. На кој начин ова дело се остварува? Каква улога има грешникот во сето тоа? Тит 3,5.

“Кога душата ќе му се предаде на Христа, тогаш со новото срце владее нова сила. Се извршува промена која човекот со свои сили не може да ја оствари. Тоа е целосно натприродна појава, која внесува еден натприроден елемент во човечката природа.“ – Копнежот на вековите, 239.
“Но, иако Христос е сè, ние треба секој човек да го поттикнуваме на неуморна марливост. Мораме да се трудиме, да се бориме, да се мачиме, будно да стражариме и молиме за да не бидеме совладани од лукавиот непријател. Силата и милоста со кои ова можеме да го постигнеме доаѓа од Бога и сè додека имаме доверба во Оној кој е способен да го спаси секого кој му приоѓа на Бога преку Него. Никогаш не оставајте впечаток дека во тој поглед човекот треба малку или ништо да направи; наспроти тоа поучувајте ги луѓето да соработуваат со Бога за да можат да бидат успешни во здобивање на победа.“ – Одбрани пораки 1,381.

Среда 20. март

4. БИБЛИСКО ПОСВЕТУВАЊЕ

а. Што е библиско посветување и што сé опфаќа? 1 Сол. 3,13.

“Со Божјо Слово и со посредство на Неговиот Свет Дух на луѓето им се откриваат големите начела на правдата што се олицетворени во Божјиот закон. А бидејќи Божјиот закон е ’свет, праведен и добар‘ и бидејќи претставува одраз на божественото совршенство, тоа значи дека и карактерот, што се формира со покорувањето на овој закон ќе биде свет. Христос е совршен пример на таквиот карактер. Тој кажува: ’Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец.‘ ’Секогаш Го вршам она што Му е угодно‘ (Јован 15:10; 8:29).
Христовите следбеници треба да станат слични на Него – со Божја милост тие треба да развиваат карактер што ќе биде во хармонија со начелата на Неговиот свет закон. Тоа е библиско посветување.“ – Големата борба, 418.
“Посветеноста, што е истакната во Светото Писмо, го опфаќа целото битие – духот, душата и телото.“ – Големата борба, 421.

б. Какво ќе биде искуството на вистински обратениот верник? Што таквиот верник ќе направи кога тој или таа ќе одговорат на повикот за покајание? 1 Кор. 15,57; Римј. 6,1-4.12.13.

“Христијанинот може да ги слуша потшепнувањата што поттикнуваат на грев, но тој постојано ќе води борба против тоа. Тука е неопходна Христовата помош. Тогаш на човечката слабост им се придружува божествената сила, и верата може да извика: “Да Му благодариме на Бога, Кој ни дарува победа преку нашиот Господ Исус Христос” (1. Кор. 15,57).“ – Големата борба, 418.
“Ниту едно покајание не е вистинско доколку не е проследено со реформа. Христовата праведност не е наметка за покривање на неисповеданите гревови, туку едно животно начело што го преобразува карактерот и управува со однесувањето. Светоста значи целосна припадност на Бога, целосно предавање на срцето и животот на небесните начела кои треба да живеат во душата.“ – Копнежот на вековите, 423.
“Никој не може да биде жив христијанин освен ако секојдневно не стекнува лично искуство во побожноста и ако секојдневно не се откажува од себеси, ведро носејќи го крстот и следејќи го Христа. Секој жив христијанин секојдневно мора да напредува во божествениот живот. И додека напредува кон совршенството, тој секојдневно доживува обратување во Бога и тоа обратување нема да биде завршено сè додека не достигне совршенство на христијанскиот карактер, целосна подготвеност за добивање на бесмртност.“ – 2 Сведоштво, 565.
Четврток 21. март

5. ДОКАЗ ЗА ПОСВЕТЕНОСТ

а. Какво ќе биде искуството на оној во чие срце е извршено делото на посветување? На што таквиот особено се радува? Пс. 119,14-16.

“Секоја вистинска послушност доаѓа од срцето. Тоа значи да се соработува со Христа со сето срце. Ако му се предадеме, Тој ќе ги поистовети нашите мисли и цели со своите, а нашето срце и ум ќе ги сообрази со Својата волја до таа мера што кога се покоруваме на Него всушност постапуваме во сообразност со своите побуди. Нашата волја станува облагородена и посветена и наша најголема радост се состои во тоа да му служиме Нему. Кога ќе го запознаеме Бога онака како што имаме привилегија да го познаваме, нашиот живот ќе биде живот на постојана послушност. Затоа што го познаваме и цениме Христовиот карактер и затоа што одржуваме постојана врска со Бога, гревот ќе ни стане одвратен.“ – Копнежот на вековите, 518.

б. Што претставува доказ за таквата посветеност? Михеј 6,8. Kако покајаниот грешник го познава патот? 1 Јов. 2,3-6; 2 Петр. 2,21.22.

“Да чините што е праведно, да ја љубите милоста и да одите понизно пред Бога, тоа е верен доказ за вистинското посветување на срцето и животот.“ – Знаци на времето, 19. септември, 1900.
“Правдата која се покажува однадвор претставува сведоштво за внатрешната праведност. Оној кој има внатрешна правда не е нечувствителен и нељубезен, туку секој ден станува сè повеќе сличен на Христовиот лик, развивајќи се од сила во сила. Оној кој е посветен со вистината ќе има самоконтрола и ќе ги следи стапките на Христа сè додека милоста не се изгуби во слава.“ – РХ, 4. јуни, 1895.

Петок 22. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што значи да се биде свет?
2. Наведи ја разликата помеѓу припишаната и доделената правда?
3. Како се остварува делото на посветување?
4. Какви се резултатите на вистинската посветеност?
5. Што претставува очигледен доказ дека една душа навистина е посветена?

Сподели го ова:

Слични објави