09 Вера со која се оправдуваме

Сподели го ова:

9. лекција – 2. март 2013.

Вера со која се оправдуваме

“Нашиот татко Авраам не беше ли оправдан од делата, кога го принесе на жртвеникот својот син Исак? Гледаш дека верата соработуваше со неговите дела, и дека верата преку делата стигна до совршенството. И така се исполни Писмото, кое вели: „Авраам Му поверува на Бога, и тоа му се засмета за правда, и се нарече Божји пријател.“ – Јаков 2,21-23.

“Верата со која се оправдуваме секогаш прво наведува на вистинско покајание а потоа и на добри дела, кои се плод на таквата вера.“ – Нашиот висок позив, 52.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Одбрани пораки 1, 377-382.

Недела 24. февруари

1. РАЗОБЛИЧУВАЊЕ НА ОПАСНИТЕ ИДЕИ

а. Кој неурамнотежен поглед во прикажување на верата и делата слугинката Господова настојувала да го поправи?

“Присуствував на еден состанок на кој беа присутни голем број на луѓе. Во мојот сон ти го изнесуваше предметот за верата и Христовата правда преку верата. Неколку пати повтори дека делата не значат ништо и дека тие не претставуваат никаков услов. Предметот е прикажан во таква светлина така што знаев дека присутните не примија исправен впечаток во поглед на верата и делата туку очигледно беа збунети и затоа решив да ти напишам. Ти премногу остро ги изнесуваш тие тврдења. Постојат услови под кои можеме да примиме оправдување, посветување и Христовата праведност. Јас знам што сакаш да кажеш, но на многу умови оставаш погрешен впечаток. Иако добрите дела нема да спасат дури ни една душа, сепак е невозможно некој да биде спасен без добри дела.“ – Одбрани пораки 1, 377.

б. Каква светлина во поглед на условите за вечен живот можеме да примиме од Светото писмо? Мат. 19,16.17.20.21.

Понеделник 25. февруари

2. НЕЕФИКАСНОСТ НА ПОВРШНАТА ВЕРА

а. Како апостол Павле објаснува дека површната вера на таканаречените Христови следбеници е неделотворна? Римј. 10,2.3. Каква вера им е потребна? Римј. 10,10.

“Верата која донесува спасение не е една површна вера, тоа не е само согласност на умот, туку тоа е верување вкоренето во срцето, кое го прифаќа Христа како личен Спасител и претставува сигурност дека Тој може да ги спаси сите оние кои доаѓаат кај Бога преку Него. Верувањето дека Тој ќе ги спаси другите но не и тебе, тоа не е вистинска вера.“ – Одбрани пораки 1, 391.
“Припишаната Христова правда доаѓа преку оправдување со вера, а тоа е она оправдување за кое што Павле толку срдечно се трудел.“ – Одбрани пораки 1, 397.

б. Што покажува дали имаме само една површна вера или пак вера со која се оправдуваме? Јаков 2,18.

“Меѓутоа, иако (верникот) се оправдува со Христовите заслуги, тоа не му дава слобода да чини неправда. Верата работи преку љубовта и ја чисти душата. Верата донесува не само пупки и цветови туку и жетва на драгоцени плодови на правда. Таму каде што има вера се појавуваат и добри дела, како што се: посетување на болните, грижа за сиромашните, сираците и вдовиците не се занемарени, голите се облечени, гладните се нахранети. Христос одел правејќи добро и кога луѓето се обединети со Него, тие ги љубат Божјите деца, а кротоста и вистината ги насочуваат нивните чекори. Изразот на лицето го открива нивното искуство, а луѓето забележуваат дека тие биле со Исуса и се научиле од Него.“ – Одбрани пораки 1, 398.
“Мнозина имаат законска, површна вера. Тие формално го прифаќаат Исуса како Спасител на светот, но во своето срце немаат никаков доказ дека Тој е нивен личен Спасител, дека им ги простил нивните гревови, дека имаат жива врска со Бога, извор на светлината. Вие не можете другите да ги учите за Исуса и Неговата правда, не можете живо да ја прикажувате Неговата безгранична љубов и милост, не можете да Го прикажувате како Оној кој на христијанинот му е утешител и заштитник, и сè во сè, ако вашето срце не е исполнето со љубов кон Него. Вие не можете да го прикажувате Бога како Бог полн со сомилост и љубов, освен ако од лично искуство можете да кажете: ’Се осведочив и знам дека Господ е добар‘.“ – Знаци на времето, 2. септември, 1889.

Вторник 26. февруари

3. ВЕРАТА КОЈА ОПРАВДУВА

а. Кога грешникот се оправдува преку верата? Под кои услови душата може да се спаси? Дела 16,30.31.

“Вие сте ги признале своите гревови и во срцето сте решиле да ги отфрлите. Сте донеле одлука да му се предадете на Бога. Појдете сега кај Него, молете Го да ги измие вашите гревови и да ви даде ново срце.“ – Патот кон Христа, 44.
“Кога покајничкиот грешник скрушено ќе се понизи пред Бога, признавајќи го Христовото искупување во негово име, и го прифаќа ова искупување како единствена надеж и за овој и за идниот живот, неговите гревови се простени. Тоа е оправдување со вера. Секоја душа која навистина верува, ја потчинува својата волја целосно на Божјата волја, искрено се кае и верува во заслугите на Спасителот и напредува од сила во сила, од слава во слава.“ – Библиски коментари, 632.

б. Како апостол Павле ја опишува верата која оправдувањето го чини возможно? Гал. 5,6.

“Спасоносната вера е сојуз преку кој оние кои го примаат Христа стапуваат во заветен однос со Бога. Вистинската вера е живот. Живата вера значи зголемување на животната сила, тоа е доверба со помош на која душата станува победоносна сила.“ – Копнежот на вековите, 257.

ц. Што таквата вера чини за оние кои ја поседуваат? Мат. 21,21.

“Кога душата го прифаќа Христа како единствена надеж на спасение, тогаш се покажува вистинска вера. Таквата вера го наведува оној што ја поседува сите склоности на својата душа да ги посвети на Христа; неговиот ум тогаш е под контрола на Светиот Дух, а неговиот карактер се обликува според божественото подобие. Неговата вера не е мртва вера, туку вера која работи преку љубов и го наведува да ја гледа Христовата убавина и да се сообрази со божествениот карактер.“ – Одбрани пораки 1, 391.
Среда 27. февруари

4. ПРИМЕР НА ВЕРА КОЈА ОПРАВДУВА

а. Што покажува дека Аврам поседувал не само површна вера туку вера која оправдува? Јаков 2,21-23.

“Апостол Јаков видел дека ќе се појават опасности при презентирањето на предметот на оправдување со вера и се трудел да докаже дека вистинската вера не може да постои без соодветни дела. Го истакнал Аврамовото искуство: ’Гледаш ли – кажува тој – ’дека верата дејствуваше заедно со делата негови, и дека преку делата, верата стана совршена‘. Вистинската вера го наведува верникот да чини и добри дела. Верата и послушноста донесуваат цврсто, драгоцено искуство.
“Постојат верувања кои не претставуваат спасоносна вера. Божјата Реч изјавува дека ѓаволите веруваат и треперат. Таканаречената вера која не работи преку љубов и ја чисти душата нема никого да оправда… ’Му поверува Аврам на Бога‘. Како знаеме дека тој поверувал? Неговите дела сведочеа за карактерот на неговата вера, и неговата вера му беше пресметана во правда.“ – Библиски коментари, 823.

б. Кое јасно упатство Исус често го повторувал, дури и на оние чиј живот покажал дека биле оправдани со вера? Јован 5,14.

“Верата која нè доведува во жив допир со Христа, од наша страна мора да вклучува најголема наклонетост, совршена доверба и целосна посветеност. Оваа вера работи преку љубов и ја чисти душата. Таа во животот на Христовите следбеници доведува до вистинска послушност на Божјите заповеди; резултат на живата поврзаност со Христа ќе биде љубовта кон Бога и кон човекот.“ – Одбрани пораки 1,334.
“Додека Бог дејствува на срцето, а човекот ја потчинува својата волја на Бога и соработува со Него, во неговиот живот се покажува она што Бог го внесува во срцето преку Светиот Дух и така настанува хармонија помеѓу намерите на срцето и животните постапки. Секој грев мора да биде отфрлен како нешто омразено кое го распнало Господа на живот и слава, така што верникот мора да има искуство на постојано напредување, чинејќи ги непрекинато Христовите дела. Благословот на оправдување се задржува со постојано потчинување на волјата и со непрекината послушност.“ – Одбрани пораки 1,397.
Четврток 28. февруари

5. ИЛУСТРАЦИИ НА ВИСТИНСКА ВЕРА

а. На каква жртва трговецот бил подготвен за да го добие вистинскиот бисер? Мат. 13,45.46.

“Христовата правда, како чист, сјаен бисер, нема недостиг, нема дамки. Никакво човечко дело не може да го усоврши големиот и скапоцен Божји дар, зашто тој е без мана. Во Христа се ’скриени сите богатства на мудроста и на знаењето‘ (Кол. 2,3).“ – Христовите поуки, 91.

б. Зошто мнозина не го наоѓаат овој скапоцен бисер кој ја претставува Христовата праведност? Откр. 3,17.

“Постојат луѓе кои навидум постојано го бараат небесниот бисер, но не се откажале целосно од своите лоши навики. Тие не си умираат себеси за да може Христос да живее во нив и затоа не го наоѓаат својот скапоцен бисер; уште не го совладале светото славољубие и својата склоност кон световните привлечности, не го зеле на себе својот крст ниту пошле по Христа по пат на самооткажување и жртва. Речиси христијани, но не наполно христијани, тие навидум се близу до небесното царство, но не успеваат да влезат во него. Речиси, но не наполно спасен, значи не речиси, туку целосно изгубен.“ – Христовите поуки, 93.

Петок 1. март

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Иако не се спасуваме со своите дела, што ќе се забележи во животот на оној кој е оправдан со вера?
2. Што ја покажува разликата помеѓу вистинската и таканаречената вера?
3. Што вистинската вера ќе направи за оној кој ја поседува?
4. Каква важна поврзаност постои помеѓу верата и делата?
5. Во каква голема опасност се наоѓаат оние кои изгледаат дека се христијани?

Сподели го ова:

Слични објави