08 Оправдување со вера без дела

Сподели го ова:

8. лекција – 24. февруари 2013.

Оправдување со вера без дела

“И така оправдани преку верата, имаме мир со Бога, преку нашиот Господ, Исус Христос.“ – Римј. 5,1.

“Светлината која Бог ми ја даде ја става оваа важна тема (спасението) над секое друго прашање во мојот ум. Оправдувањето е исклучиво чин на Божјата милост и не се стекнува со никакви дела кои паднатиот човек може да ги направи.“ – Вера и дела, 20.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Одбрани пораки 1, 389-398.

Недела 17. февруари

1. УСЛОВИ ЗА ОПРАВДУВАЊЕ

а. Под кои услови грешникот единствено може да биде оправдан? Дела 16,31.

“Кога Бог ќе му опрости на грешникот, го ослободува од заслужената казна и го третира како никогаш да не згрешил; му укажува божествена наклоност и го оправдува со заслугите на Христовата правда. Грешникот може да се оправда само преку вера во помирувањето направено преку љубениот Божји Син кој станал жртва за гревот на паднатиот свет. Никој не може да се оправда со било какви свои дела. Тој може да биде ослободен од вината за гревот, од осудата на законот, од казната за престапот, само врз основа на страдањата, смртта и воскресението Христово. Верата е единствениот услов под кој оправдувањето може да се добие, а верата го опфаќа не само исповедањето туку и вистинското верување.“ – Да го познам Него, 110.

б. Верата е услов под кој Бог му простува и го оправдува грешникот. Како тоа функционира? Мат. 15,22-28; Марко 9,20-24.

“Верата е услов под кој Бог гледа дали грешникот е достоен за помилување; не затоа што во верата постои било каква сила со која би можеле да го заслужиме спасението, туку затоа што со верата можеме да се фатиме за Христовите заслуги кои претставуваат вистински лек против гревот. Верата може да ја истакне Христовата совршена послушност наместо човековиот престап и предавство.“ – Одбрани пораки 1, 366.367.
Понеделник 18. февруари

2. ПРИМЕР НА ОПРАВДУВАЊЕ – АВРАМ

а. На кој начин правдата му била припишана на Аврам? Каква заслуга во стекнување на правдата имаат делата? 1 Мојс. 15,1.5.6.

“Јасно и едноставно треба да се каже дека во поглед на нашата положба пред Бога или она што Тој ни го дава како незаслужен дар ништо не е можно да се направи со човечка заслуга. Доколку со вера и дела било кој би можел да го купи (заслужи) дарот на спасението, тогаш Творецот би бил под обврска во однос на своите созданија. Во ова постои можност лагата да биде прифатена како вистина. Кога човекот би можел да го заслужи спасението со своите дела, тогаш тој би бил во иста положба како и католикот кој чини таканаречена покора за своите гревови. Во тој случај спасението, делумно би било како долг, нешто што може да се заработи како плата. Бидејќи човекот не може да го заслужи спасението со некакви свои дела, тогаш тоа мора да се дарува исклучително по благодатта, примена од страна на човекот како грешник, бидејќи тој го прима Исуса и верува во Него. Тоа е целосно бесплатен дар. Оправдувањето со вера е над секоја расправа. И сите такви полемики престануваат откако ќе се сфати дека паднатиот човек со никакви свои дела не може да го заслужи вечниот живот. Светлината што Бог ми ја даде го воздига овој значаен предмет во мојот ум над секое прашање. Оправдувањето е исклучиво чин на Божјата милост и не се стекнува со никакви дела кои паднатиот човек може да ги направи.“ – Вера и дела, 19.20.

б. Врз основа на Аврамовото искуство, на кој начин правдата му се припишува на грешникот? Римј. 4,1-8.

“Праведноста е послушност на законот. Законот бара правда и грешникот е должен да ја покаже кон законот, но тој не е во состојба да ја постигне. Единствениот начин на кој може да ја постигне праведноста е преку вера. Со вера тој може пред Бога да ги изнесе Христовите заслуги, а Господ послушноста на својот Син ја припишува на сметка на грешникот. Наместо човековите недостатоци и пропусти се прифаќа Христовата правда и Бог ја прифаќа верната душа која се кае, се однесува кон неа како да е праведна и ја љуби како што го љуби својот Син. Така правдата се припишува со вера, а душата на која и е простено напредува од благодат во благодат, од светлина во сè поголема светлина и радосно со апостолот може да каже: ’Тој нè спаси, но не според извршените од нас праведни дела, туку по Својата милост, преку бањата на преродувањето – и обновувањето од Светиот Дух, кого изобилно го излеа на нас преку Исус Христос, нашиот Спасител, та оправдани со Неговата благодат да станеме по надеж наследници на вечниот живот‘ (Тит 3,5-7).“ – Одбрани пораки 1, 367.
Вторник 19. февруари

3. ЖЕНАТА КОЈА БОЛУВАЛА ОД ТЕЧЕЊЕ НА КРВ

а. Што се случило на патот кога Христос тргнал кон Јаировиот дом? Марко 5,22-27.

“Додека Исус поминувал, таа ја испружила раката и одвај се допрела до работ на Неговата облека. Во тој момент знаела дека е излекувана. Во тој единствен допир била сосредоточена верата на нејзиниот живот и во истиот момент болката и слабоста ѝ отстапиле место на совршеното здравје“. – Копнежот на вековите, 256.
“Спасителот го разликувал допирот на верата од случајниот допир на невнимателното мноштво. Ваквата доверба не смее да остане незабележана. Тој сакал на оваа понизна жена да ѝ упати зборови на утеха, кои за неа ќе бидат извор на радост – зборови што ќе бидат благослов за Неговите следбеници до крајот на времето…
“Тој не дал можност за суеверие дека самиот допир од неговата облека донесува исцелување. Исцелувањето не доаѓа преку надворешниот допир со него, туку преку верата, која цврсто се држи за неговата божествена сила.“ – Копнежот на вековите, 257.

б. Каква разлика постоела помеѓу случајниот допир на некој од мноштвото присутни и допирот на болната жена која само се допрела до Неговата облека? Марко 5,28-34.

“Љубопитното мноштво што се туркало околу Исуса не примило никаква животворна сила при допирот со Него. Но кога сиротата, напатена жена, која дванаесет години боледувала, во својата голема потреба ја испружила раката и го допрела работ на Неговата облека, ја почувствувала силата на исцелувачката моќ. Нејзиниот допир бил допир на вера и Христос го препознал како таков. Знаел дека излегла сила од Него… Верата која нè доведува во жив допир со Христа од наша страна мора да вклучува најголема наклоност, целосна доверба и сеопфатна посветеност. Оваа вера преку љубов работи и ја чисти душата. Таа во душата на Христовиот следбеник доведува до вистинска послушност кон Божјите заповеди; бидејќи љубовта кон Бога и човекот потекнува само од живата поврзаност со Христа.“ – Одбрани пораки 1, 334.
Среда 20. февруари

4. ЛЕКУВАЊЕ НА ХРОНИЧНО ПАРАЛИЗИРАНИОТ ЧОВЕК

а. Како овој тежок болесник реагирал на Христовата заповед? Што можеме да научиме од неговиот пример? Јован 5,1-9.

“Од едноставните библиски извештаи за тоа како Исус ги исцелувал болните, можеме да научиме нешто и за тоа како треба да веруваме во Него за да можеме да добиеме опростување на гревовите. Да го разгледаме извештајот за парализираниот во Витезда. Сиротиот страдалник бил сосема беспомошен; не се служел со нозете околу триесет и осум години. Сепак Исус му наредил: ’Стани земи ја својата постела и оди‘ (Јован 5,8). Болниот можел да каже: “Господи, ако ме излечиш, ќе го послушам Твојот збор“. Но, не, тој им верувал на Христовите зборови, верувал дека веќе е излечен и веднаш се обидел да оди; сакал да оди и одел. Постапил според зборовите на Христа, и Бог му дал сила. Бил излечен.“ – Патот кон Христа, 45.

б. Како секој од нас треба да го следи примерот на парализираниот човек на кого му било обновено здравјето? Марко 11,24.

“И вие како грешници сте во слична положба. Вие не можете да се покаете за гревовите од минатото, не можете да го промените своето срце, не можете себеси да се направите свети. Но Бог ветува дека сето тоа ќе го направи за вас преку Христа. Верувајте во тоа ветување. Признајте ги своите гревови и предадете му се на Бога. Покажете подготвеност и желба да Му служите. И откако цврсто ќе одлучите да го направите тоа, Бог ќе го исполни зборот што ви го дал. Ако верувате во ветувањето дека гревовите ви се простени и дека сте чисти – Бог ќе го направи тоа; вие сте излечени, исто како што Христос му дал сила на парализираниот да оди кога тој поверувал дека е излечен. Тоа е така е ако вие верувате во тоа.“ – Патот кон Христа, 45.
“Не чекајте да почувствувате дека сте излечени, туку речете: ’Верувам, тоа е така, не затоа што јас тоа го чувствувам, туку затоа што Бог така ветил…
“(Марко 11,24). Условот за исполнување на ова ветување е нашите молитви да бидат во согласност со Божјата волја. А Божја волја е да нè очисти од гревот, да нè направи Свои деца и да нè оспособи да живееме свет живот. Значи, за тие благослови ние можеме да се молиме, да веруваме дека ги примаме и да Му заблагодариме на Бога што сме ги примиле. Наша привилегија е да одиме кај Исуса и да бидеме очистени и да застанеме пред законот без срам или грижа на совеста. ’И сега нема никакво осудување за оние кои се во Исус Христос и кои не живеат според телото туку според Духот (Римј. 8,1).“ – Патот кон Христа, 46.
Четврток 21. февруари

5. ВЕЖБАЊЕ НА ВЕРА

а. На кого мораме да гледаме за да примиме вера? Евр. 12,2; Јован 6,29.

“Иако грешникот не може да се спаси со своја сила, тој сепак мора нешто да преземе за да си обезбеди спасение. Христос вели: ’Оној што доаѓа при мене нема да го избркам надвор‘ (Јован 6,37). Значи, ние мора да дојдеме кај Него; и ако се каеме за нашите гревови, мора да веруваме дека Тој ќе нè прими и ќе ни прости. Верата е дар од Бога, но од нас зависи дали ќе ја оживотвориме. Верата е рака со која душата ја прифаќа милоста – понудениот Божји дар.“ – Патријарси и пророци, 450.

б. Како апостол Павле ја објаснува верата? Евр. 11,1-3. Кое дополнително објаснување ни е дадено од страна на Духот на пророштвото?

“Верата не е темел на нашето спасение, но таа претставува голем благослов – око кое гледа, уво кое слуша, нозе кои одат, рака со која фаќаме. Таа е средство, а не цел. Кога Христос го дал својот живот да ги спаси грешниците, зошто да не се користиме со таа благодат? Јас со вера се фаќам за тоа и таа вера е суштина на она на што се надевам и доказ за она што е невидливо. Потпирајќи се на тоа и верувајќи, имам мир со Бога преку Господ Исус Христос.“ – Библиски коментари, 639.

Петок 22. февруари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што е потребно за да се оправдаме?
2. Како можеме да докажеме дека оправдувањето не се добива со дела ?
3. Каква поука можеме да научиме од искуството на жената која го допрела Исуса опкружен со маса на луѓе?
4. Што ја оспособило оваа болна жена да го прими благословот и што исто така ќе ни овозможи да го примиме и ние?
5. Како можеме да ја примиме и да имаме корист од верата?

Сподели го ова:

Слични објави