07 Оправдувањето спасува од проклетството на гревот

Сподели го ова:

7. лекција – 16. февруари 2013.

Оправдувањето спасува од проклетството на гревот

“Сите згрешија и лишени се од славата Божја. Но ќе бидат оправдани преку дар, со Божјата благодат, а преку откупот во Исус Христос. Него Бог Го постави со крвта Своја да биде жртва за помирување преку верата, за да ја покаже Својата праведност во опростувањето на поранешните гревови, во времето на Божјото долготрпение.“ – Римј. 3,23-25.

“Пронајден е начин за спасение бидејќи во беспрекорното Јагне Божјо се открил Оној кој ги зеде гревовите на светот. Исус стои на местото на грешникот и ја зема вината на престапникот врз Себе. Гледајќи на грешниковата Замена и Гарант, Господ Јехова можел да остане праведен, а сепак да го оправда оној кој верува во Исус.“ – Упатство за младите, 29 ноември, 1894..

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Вера и дела, 103-108.

Недела 10. февруари

1. СПАСОНОСНА МИЛОСТ

а. Што веднаш би се случило со нашите прародители ако милоста не била еден од темелите на Божјиот престол? 1 Мојс. 2,16.17.

“Зошто смртната казна не била веднаш применета во Адамовиот случај? – Затоа што е пронајден откуп. Единородниот Божји Син доброволно го зел врз себе човековиот грев и извршил помирување за паднатиот човечки род.“ – РХ, 23. април, 1901.

б. Каква улога одиграле и милоста и правдата после падот? Јона 4,2; Лука 6,35 (посл. дел).

“Божјото долго трпение е несфатливо. Правдата долго чека, додека милоста се залага за грешникот.“ – Христовите поуки, 146.
Понеделник 11. февруари

2. УШТЕ ЕДЕН ПРОБЕН ПЕРИОД

а. Наместо неодложно извршување на смртната казна врз виновниот пар, каква надеж Господ им дал? Како Аврам и Јован Крстител изразиле доверба во божествената Замена? 1 Мојс. 3,15; 22,8; Јован 1,29.

“Кога (Адам и Ева) го престапиле Божјиот закон и паднале од нивната состојба на среќна невиност и станале грешници, иднината на паднатиот човечкиот род повеќе не ја осветлувал ниту еден зрак на надеж. Меѓутоа Бог се сожалил на нив и Христос разработил план за нивно спасение – преземајќи ја врз себе нивната вина. Во клетвата изречена над земјата и човекот изразено е и ветување дека, благодарение на Христа, и за оние кои го престапиле Божјиот закон постои надеж и помилување.“ – Библиски коментари, 16.

б. Примајќи ја на себе казната за гревот и овозможувајќи му на грешникот оправдување, што направил Христос за него или неа? Јов 33,24.

“Правдата бара гревот не само да се опрости, туку смртната казна мора да биде извршена. Бог, во дарот на Неговиот единороден Син, ги исполнил двете барања. Умирајќи наместо човекот, Христос ја платил казната и обезбедил опростување.“ – Библиски коментари, 695.
“Преземајќи ја казната на законот (Христос) му дава на грешникот втора шанса, уште еден пробен период. Тој го отвора патот преку кој грешникот повторно може да биде во Божјата милост.“ – Библиски коментари, 681.
“(Римј. 3,24-26). Овде вистината е изнесена на едноставен начин. Оваа милост и добрина е целосно незаслужена. Христовата благодат може да го оправда грешникот без било какви заслуги или барања од негова страна. Оправдувањето претставува целосно опростување на сите гревови. Во моментот кога грешникот го прифаќа Христа преку вера, во тој миг нему му е простено. Нему му се припишува Христовата правда, и тој повеќе не треба да се сомнева во Божјата милост и проштевање.“ – Знаци на времето, 19. мај, 1898.
“Оправдување значи спасување на душата од проклетство, за да може да постигне посветеност, а преку посветеноста, живот на небото. Оправдување значи дека совеста, очистена од мртви дела, се оспособува да ги прими благословите на посветувањето.“ – Библиски коментари, 760.
Вторник 12. февруари

3. ОПРАВДУВАЊЕ ВО ЖИВОТОТ НА ПАТРИЈАРСИТЕ

а. Каква можност во поглед на оправдувањето им била откриена на нашите предци? Со што тие покажале вера во Божјиот план да обезбеди Замена? 1 Мојс. 3,15.21; 4,4.

“Иако мракот и темнината се спуштиле како смртна сенка над иднината, сепак ветувањето за Спасителот претставувало ѕвезда на надеж која ја осветлувала темната иднина. За првпат Евангелието на Адам му било проповедано од Христа. Адам и Ева чувствувале искрена тага и каење за својата вина. Тие поверувале во драгоцените Божји ветувања и биле спасени од најавената пропаст.“ – Библиски коментари, 16.
“Христос во договор со својот Татко, воспоставил систем на принесување на жртви; на тој начин смртта, наместо веднаш да го посети престапникот била пренесувана на жртвата која симболично укажувала на големата и совршена жртва на Божјиот Син.“ – Одбрани пораки 1, 230.

б. Кои важни поуки во врска со барањата на правдата и милоста, како основа на планот на спасението, му биле дадени на Адам и неговото потомство? Зошто пролевањето на крвта било од суштинско значење? Евр. 9,22.

“Небесните ангели на нашите прародители поцелосно им го објасниле тој план со кој е завештано нивното спасение. Ги уверувале Адам и Ева дека и покрај нивниот голем грев нема да бидат наполно препуштени во власта на сатаната. Божјиот Син се понудил со својата смрт да ги откупи од казната што ја заслужиле со својот прекршок. Ќе им биде дадено извесно време на искушение и проверка, па со покајание и со вера во Христа ќе можат повторно да станат Божји деца.“ – Пророци и цареви, 44.
“Мнозина изразуваат чудење зошто Бог во жртвениот систем барал од еврејскиот народ толку многу убиени жртви, но сето тоа требало во нивниот ум што повпечатливо да ја втисне големата вистина дека без пролевање крв нема проштевање на гревовите. Поуката отелотворена во секоја жртва, втисната во секој обред, свечено проповедана од свештеникот во неговата света функција, била всадена од страна на самиот Бог дека гревовите се опростуваат и бришат само со Христовата крв. Колку малку ние како народ ја чувствуваме силата на оваа голема вистина! Колку ретко со жива и делотворна вера ја внесуваме во својот живот оваа голема вистина дека во тоа се наоѓа проштевањето и за најмалиот и за најголемиот грев!“ – РХ, 21. септември, 1886.
Среда 13. февруари

4. ОПРАВДУВАЊЕТО ПРИКАЖАНО НА ЕВРЕЈСКИОТ НАРОД

а. Со која практична поука дадена на еврејскиот народ Господ сакал тие да ја разберат големата вистина дека оправдувањето подразбира пренос на осудата од грешникот на Него самиот? 3 Мојс. 4,4-6.13-17.

“Секојдневно покајничките грешници ги донесувале своите жртви пред вратата на шаторот од состанок и полагајќи ја раката врз главата на жртвата ги признавале своите гревови со што сликовито од себе ги пренесувале на невината жртва. Потоа животното би било убиено. ’Без пролевање на крв‘, вели апостолот ’нема проштевање‘ (Евр. 9,22). ’Зашто душата на секое тело е во неговата крв‘ (3 Мојс. 17,11). Прекршениот Божји закон го барал животот на престапникот. Крвта, која го претставувала животот на грешникот, а чија вина симболично ја презело жртвуваното животно, свештеникот ја внесувал во светињата и со неа прскал пред завесата, зад која се наоѓал ковчегот на заветот, во кој се наоѓал законот кој грешникот го прекршил. Со оваа церемонија гревот со посредство на крвта сликовито бил пренесен во светињата.“ – Големата борба, 374.

б. Како вистината за оправдување е јасно демонстрирана со годишната служба на денот на Помирувањето? Иако гревот преку секојдневната служба симболично бил пренесен на светињата, колку долго грешникот останувал под осудата на законот? 3 Мојс. 16,7-10.15.16.20-22.

“Со таа служба, што е вршена еднаш годишно, народот требал да научи значајни вистини во врска со помирувањето. Сите жртви што се принесувани во текот на годината, во извесна смисла го заменувале самиот грешник, но крвта на жртвуваното животно не донесувала целосно помирување за гревот. Таа била предвидена само како средство со кое гревот од покајникот можел да се пренесе на светињата. Грешникот го признал авторитетот на законот што го прекршил и покажал дека верува во Оној кој требало да ги отстрани сите гревови на светот; но со тоа грешникот не бил потполно ослободен од осудата и од клетвата на законот.“ – Патријарси и пророци, 366.
“Христовата крв, иако покајаниот грешник го ослободувала од казната што ја бара законот, сепак не го избришала веднаш гревот; тој мора да остане во светињата запишан до конечното помирување. Така и во симболичната служба со крвта на принесената жртва гревот бил отстранет од покајникот, но останувал во светињата сè до денот на помирувањето.“ – Патријарси и пророци, 368.
Четврток 14. февруари

5. ПОСЛЕДИЦИ ОД ОТФРЛАЊЕ НА ОПРАВДУВАЊЕТО

а. Кои две склоности набргу се развиле во историјата на човечкиот род? Какво било влијанието на двете страни? 1 Мојс. 4,3-5; 2 Кор. 2,15.16.

“Адамовите синови (Каин и Авељ) претставуваат најран пример на два различни пата на кои луѓето се одлучуваат во поглед на Божјите барања. Авел во принесувањето на жртва го видел симболот на Христа. Каин не верувал дека е потребно да се принесуваат жртви; тој воопшто не признавал дека закланото јагне го претставува Христа; крвта на животните немала никаква вредност. Евенгелието му било проповедано на Каин еднакво како и на неговиот брат, но за него тоа претставувало мирис смртен за смрт, бидејќи во крвта на жртвеното јагне не сакал да го препознае Исуса Христа, единственото средство преку кое човек може да се спаси.“ – Одбрани пораки 1, 231.

б. Какво ќе биде искуството и судбината на оние кои ќе ја отфрлат можноста која им се нуди? 2 Сол. 2,10-12.

“Гревот е кршење на законот, и Раката која е подготвена да спаси ќе биде Рака која ќе казнува кога престапникот ќе ја помине границата на Божјото трпение. Оној кој одбива да го бара патот на животот, кој не сака да го истражува Светото писмо и да дознае што е вистина за да неговите дела не бидат осудени, ќе биде препуштен на слепилото на умот и сатанските измами. Како што покајаните и послушните се заштитени од Божјата љубов, во иста мера непокајаните и непослушните ќе бидат препуштени на последиците на незнаењето и тврдоста на срцето затоа што не ја примиле љубовта на вистината за да се спасат.“ – Одбрани пораки 1, 313.

Петок 15. февруари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Во што била единствената надеж на Адам и Ева по нивниот пад?
2. Што било предвидено за да се задоволи правдата и покаже Божјата милост?
3. Која одредба им овозможувала на луѓето да бидат помилувани или оправдани?
4. Кој предмет претставувал постојана поука за оправдување на Евреите ?
5. Што бива со оние кои не се оправдани?

Сподели го ова:

Слични објави