06 Христос – Нашата надеж, нашето оправдување, нашата праведност

Сподели го ова:

6. лекција – 9. февруари 2013.

Христос – Нашата надеж, нашето оправдување, нашата праведност

“Од Него сте и вие во Исус Христос, Кој за нас стана мудрост од Бога, и праведност, и осветување, и откуп“ – 1 Кор. 1,30.

“Ние со наши заслуги не можеме да го добиеме небото, туку само преку заслугите на Исус Христос. Ние не можеме да најдеме спасение во ништо што е лично наше; потребно е да гледаме на Христа, кој е Алфа и Омега на нашата вера, и со гледање во Него, ние живееме.“ – Преглед и гласник, 9. јуни, 1896.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Одбрани пораки 1, 385-388.

Недела 3. февруари

1. ЧОВЕКОТ НЕ Е ВО СОСТОЈБА САМИОТ ДА СЕ УДОСТОИ

а. Како Исус ја илустрирал состојбата на грешникот? Што грешникот не сфаќа? Лука 15,3.4.

“Грешникот е прикажан како изгубена овца, а изгубената овца никогаш не се враќа во стадото доколку пастирот не ја побара и ја врати назад. Ниеден човек не може да се покае сам од себе и да се удостои за благословот на оправдување. Господ Исус постојано се труди да влијае на умот на грешникот и да го привлече неговиот поглед кон Него како на Јагне Божјо кое на себе ги зеде гревовите на светот. Ние не можеме да зачекориме кон духовен живот, освен ако Исус не ја привлече и засили душата и не нè наведе на вистинско покајание за кое никогаш не треба да се каеме.“ – Одбрани пораки 1, 390.391.

б. Која парабола го илустрира фактот дека грешниците не можат да си помогнат себеси барем во плаќањето на нивниот долг? Лука 7,41.42.

“Никој нека не го прифаќа ограниченото и тесно сфаќање дека човекот со своите дела може и во најмала мера да го исплати долгот на неговите престапи. Ова е фатална измама.“ – Библ. коментари, 634.
Понеделник 4. февруари

2. ХРИСТОВИТЕ ЗАСЛУГИ СЕ НАШАТА ЕДИНСТВЕНА НАДЕЖ

а. Каде единствено може грешникот да пронајде надеж? Што е потребно тој или таа да направат? Ефес. 1,6.7; 1 Кор. 1,30.

“Милоста е незаслужена наклоност, и верникот се оправдува без било какви сопствени заслуги, без било право на кое тој би можел да се повика пред Бога. Тој е оправдан преку откупот на Исус Христос, кој во небесните дворови стои како замена и гаранција за грешникот.“ – Одбрани пораки 1, 398.
“Грешникот не може да се надева на своите добри дела како средство за оправдување. Тој мора да ги признае сите свои гревови и да ги прифаќа еден по еден зраците на светлина што му го осветлуваат патот. Тој со вера цврсто се држи за бесплатното и изобилно ветување дадено со Христовата крв. Тој им верува на Божјите ветувања, што преку Христа му овозможуваат посветување, праведност и откуп.“ – Библиски коментари 635.

б. Што манифестираат некои кои мислат дека целосно се потпираат на Бога? Како се манифестира вистинската вера? Матеј 11,28-30; Јован 15,5 (посл. дел).

“Некои од оние кои доаѓаат кај Бога во покајание и признавање, кои дури и веруваат дека нивните гревови се опростени, сепак не се повикуваат на Божјите ветувања како што би требало. Тие не гледаат дека Исус е сеприсутен Спасител; и не се подготвени да му ги доверат своите души, да се потпрат на Него за Тој да го усоврши делото на милоста што започнало во нивните срца. И додека мислат дека се предале на Бога, сè уште во голем дел се надеваат на себе. Има совесни души кои делумно се надеваат на Бога, а делумно во себе. Тие не бараат Бог да ги одржува со својата моќ, туку се надеваат на својата претпазливост во борбата против искушението, и при вршењето на определени должности за да го здобијат Неговото прифаќање. Таквата вера не носи победа. Нивните души се во постојано ропство, и тие не наоѓаат мир се додека своите товари не ги остават пред нозете на Христа.
“Постои потреба за постојана будност и сериозна преданост полна со љубов; но тоа ќе дојде природно кога душата преку вера се потпира на Божјата моќ. Ние не можеме да направиме ништо, апсолутно ништо за да се препорачаме на божествена наклонетост… Бог го прифаќа секој кој доаѓа кај Него со целосна доверба во заслугите на распнатиот Спасител.“ – Одбрани пораки 1, 353,354.
Вторник 5. февруари

3. ПОУКА ОД КАИНОВИОТ СЛУЧАЈ

а. Каква разлика постоела помеѓу жртвата на Каин и онаа на Авел? Зошто Господ ја прифатил жртвата на Авел, а го отфрлил приносот на Каин? 1 Мојс. 4,3-5.

“Каин дошол пред Бога со негодување и сомнеж во неговото срце за ветената жртва и потребата од жртвени приноси. Неговиот принос не изразувал каење за гревот. Тој почувствувал, како многумина, дека би било знак на слабост да се следи до детаљ планот означен од Бога, неговото спасение целосно да го довери на страдањата на ветениот Спасител. Тој го одбрал патот на самостојност. Тој дошол со свои сопствени заслуги. Не донел јагне чијашто крв би ја помешал со неговиот принос, туку ги принел своите плодови, кои биле плод на неговиот труд. Тој ја принел својата жртва како услуга кон Бога, преку која очекувал да си обезбеди божествено одобрување. Каин послушал кога изградил олтар и кога принел жртва; но тој само делумно бил послушен. Најважниот дел, признавањето на потребата од Спасител, го изоставил.“ – Патријарси и пророци, 50.

б. Чии напори Духот на пророштвото ги споредува со приносот на Каин? Кога една душа напредува од победа во победа? Лука 18,11-13.

“Оној кој се обидува да стигне до небото со своите дела, односно со држење на законот, се обидува да го постигне невозможното. Човекот не може да се спаси без послушност, но неговите дела не треба да произлегуваат од него; Христос треба да работи во него тој да сака и да го врши она што Му е угодно. Кога човекот би можел да се спаси самиот со своите дела, тогаш тој би поседувал нешто во што би наоѓал радост. Напорите што човекот ги прави со своја сила да добие спасение се прикажани со приносот на Каин. Сè што човекот може да направи без Христа е загадено со себичност и грев; но Бог го прифаќа само она што се прави со вера. Кога ние сакаме да го добиеме небото преку Христовите заслуги, душата напредува. Гледајќи во Христа, кој е Алфа и Омега на нашата вера, ние можеме да напредуваме од сила во сила, од победа во победа; бидејќи преку Христа Божјата благодат го изградила нашето спасение во целост.“ – Одбрани пораки 1, 364.
Среда 6. февруари

4. ОБНОВУВАЊЕ И ПОМИРУВАЊЕ ПРЕКУ ХРИСТА

а. Која одредба е направена во наша полза? Кол. 1,21.22.

“Ние го престапивме Божјиот закон, а со делата на законот ниедно тело нема да се оправда. Најдобрите напори што човекот со своја сила може да ги направи се безвредни за да се запази светиот и праведен закон што тој го престапил; но преку вера во Христа тој може да се повика на праведноста на Божјиот Син како сеопфатна. Христос ги задоволил барањата на законот во Својата човечка природа. Тој го носел проклетството на законот наместо грешникот, страдал заради него, та секој што верува во Него да не загине, туку да има живот вечен.“ – Одбрани пораки 1, 363.

б. Која охрабрувачка изјава била дадена за комплетно проштевање на гревот? 1 Јов. 1,9.

“Иако не можеме да полагаме право на совршенство на телото, ние можеме да имаме христијанско совршенство на душата. Преку жртвата, во наше име, гревовите можат совршено да ни се простат. Нашата зависност не е во она што човекот може да направи, туку во она што Бог може да направи преку Христа. Кога ние целосно се предаваме на Бога, и во целост веруваме, Христовата крв не чисти од секој грев. Совеста се ослободува од осудата. Преку вера во Неговата крв сите можат да станат совршени во Исус Христос. Фала му на Бога што не ни оставил да се обидуваме да го постигнеме невозможното. Ние можеме да имаме право на посветување. Можеме да ја уживаме Неговата милост. Ние не треба да сме загрижени што Бог мисли за нас, туку што Бог мисли за Христос, нашиот Заменик.“ – Одбрани пораки 2, 32.33.
“Христос умрел за да го спаси себичниот свет од неизбежните последици на себичноста. Го отворил Своето срце полно со љубов, милост и сочувство за целиот свет. Тој ги повикува паднатите битија да дојдат кај Него и да добијат целосно и бесплатно проштевање. Неговиот карактер, кој е без најмала дамка на себичност, го набљудува целата вселена. Тој принел комплетна жртва за на мажите и жените да им ја донесе онаа добрина што живее во Неговото срце. Тој го испратил Својот Свет Дух за да влијае на умот и срцето, да ги наведе луѓето да ги сакаат ближните како што Христос ги засакал нив.“ – Преглед и гласник, 7. јануари, 1902.
Четврток 7. февруари

5. ПОМИРУВАЊЕ СО БОГА

а. Како единствено можеме да се помириме со Бога? 2 Кор. 5,18-21.

“Од верникот не се бара да се помири со Бога; тој тоа никогаш не би можел да го направи. Тој треба да го прими Христа како свој мир, бидејќи во Христа е и Бог и мирот. Христос му стави крај на гревот, носејќи го со своето тело неговото тешко проклетство, и така го отстранил проклетството од сите што веруваат дека Тој е нивен личен Спасител. Тој ја сопрел моќта на гревот што го контролира срцето, така што животот и карактерот на верникот сведочат за вистинското делување на Христовата милост.“ – Одбр. пораки 1, 395.

б. Зошто само Христос може да нè помири со Отецот? Што преку Христа треба да протече од срцето на Бога во срцето на грешникот? Римј. 5,6-9; Евр. 2,17.18.

“Помирување значи дека секоја препрека помеѓу душата и Бога е отстранета, и дека грешникот го сфаќа значењето на Божјата љубов која проштева. Заради жртвата на Христа за паднатите човечки род, Бог со полно право може да му прости на грешникот кој ги прифаќа Христовите заслуги. Христос е каналот преку кој милоста, љубовта и правдата можат да протечат од Божјото срце во срцето на грешникот. ’Тој е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секаква неправда‘ (1 Јов. 1,9).“ – Одбрани пораки 1, 394.

Петок 8. февруари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Во каква состојба се наоѓа грешникот без Христа?
2. Што постигнува грешникот со вистинска вера?
3. Што учи Библијата за оние што сакаат да му служат на Бога на начин на кој тие мислат дека е најдобар?
4. Како единствено можат мажите и жените вистински да станат праведни?
5. Кои благослови се излеваат при целосно помирување со Бога?

Сподели го ова:

Similar Posts