05 Христовата божествена природа

Сподели го ова:

5. лекција – 2. февруари 2013.

Христовата божествена природа

“Тој ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давид“ – Лука 1,32.

“Господ Исус дошол на овој свет, не за да покаже што Бог може да направи, туку што може човекот да направи со вера во Божјата моќ која помага при секоја потреба.“ – Нашиот висок позив, 48.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Одбрани пораки 3, 134-142.
Недела 27. јануари

1. ОТЕЛОТВОРУВАЊЕТО НА БОЖЈИОТ СИН

а. Кое пророштво било кажано во врска со доаѓањето на Божјиот Син како посредник? Евр. 10,5; Јован 1,14.

“Престолот на милоста ја напуштил светињата, но во детето од Витлеем била сокриена слава на која ангелите ѝ се покоруваат. Тоа несвесно дете било ветениот потомок на кој укажувал првиот олтар пред вратата на Едемската градина. Тоа било Кнезот, кому му ’припаѓа‘ власта. Оној што на Мојсеја му рекол ЈАС СУМ. Тоа е Оној што во столб од облак и столб од оган го водел Израел. Тоа бил оној за кого видовитите одамна пророкувале. Тој бил копнежот на сите народи, Корен и Гранка од Давида, Ѕвездата Деница. Името на тоа слабо мало дете, запишано во списокот на Израел, во кој е прогласен за наш брат, било надеж за паднатото човештво. Детето за кое е платен откуп е Оној кој требало подоцна да плати за откуп на целиот свет. Тој бил вистински ’првосвештеник во Божјиот дом‘, глава на ’вечното свештенство‘, посредник кој ’седна од десната страна на пресолот на Севишниот во висините‘ (Евр. 10,21; 7,24; 1,3).“ – Копнежот на вековите, 35.

б. Како Пилат за време на судењето го претставил Божјиот Син пред насобраната толпа? За што бил во право, а за што во заблуда? Јован 19,5.15; 18,36.

Понеделник 28. јануари

2. ХРИСТОС, СИНОТ БОЖЈИ

а. Како Божјото слово го објаснува раѓањето на Исус? Лука 1,30-32.

“Иако Христовата божествена слава била привремено покриена и сокриена со Неговата човечка природа, самиот факт дека станал човек, не значи дека престанал да биде Бог. Она што во Него било човечко, не го зазело местото на божественото, ниту пак божественото го отстранило човечкото. Тоа е тајната на побожноста. Она што ние го изразуваме со зборовите ’човечко‘ и ’божествено‘ било неразделно споено во Христа, но и едното и другото ги сочувале своите особености. Иако се понизил станувајќи човек, Христос и понатаму го задржал своето Божество. Неговото Божество не можело да исчезне сè дури Тој верно и вистински ја чувал својата преданост.“ – Библиски коментари, 538.
“Дали човечката природа на Синот на Марија се преобразила во божествена природа на Божјиот Син? Не; овие две природи таинствено биле споени во една личност – Исус Христос. Во Него почивала сета полнота на божеството – во тело.“ – Исто, 503.

б. Како човек, која природа Тој исто така ја поседувал? Кога ја објаснуваме тајната на отелотворувањето, која опасност треба да ја избегнеме? Лука 1,34.35.

“Бидете внимателни, мошне внимателни кога зборувате за Христовата човечка природа. Немојте пред луѓето да го прикажувате како човек со склоност кон гревот. Тој е втор Адам. Првиот Адам бил создаден како чисто, безгрешно битие, без дамка од грев на себе; тој бил според Божјото обличје. Можел да падне, и паднал кога згрешил. Поради гревот, неговото потомство било родено со наследена склоност кон гревот. Но Христос бил единородниот Син Божји. Тој на себе ја зел човечката природа, и бил искушан во сè во што се искушува човечката природа. Тој можел да направи грев; Тој можел да падне, но ниту за момент во Него не постоела зла склоност. Тој бил изложен на искушенија во пустината, исто како што Адам бил изложен на искушенија во Едем…
“(Лука 1,31-35). Овие зборови не се однесуваат на ниедно човечко битие, освен на Синот на бесконечниот Бог. Никогаш, на ниеден начин, немојте да оставите и најмал впечаток во човечките умови дека кај Христа имало дамка, наклонетост или расипаност, или дека Тој на било кој начин подлегнал на расипаноста. Тој бил искушан во сè во што се искушува човекот, сепак Тој е наречен свет.“ – Библиски коментари, 537.
Вторник 29. јануари

3. ХРИСТОС, ИЗВОРОТ НА ЖИВОТОТ

а. Што бил Христос од вечноста? Јован 1,4.

“Во Него беше Животот и Животот им беше светлина на луѓето‘ (Јован 1,14). Овде не станува збор за смртниот живот, туку за вечниот живот, живот што е само Божја сопственост. Словото, кое било со Бога, и кое било Бог, го имало овој живот. Земниот живот, подложен на смрт, го добива секоја личност. Тој не е вечен или бесмртен; бидејќи Бог, Животодавецот, го зема повторно. Човекот нема контрола врз својот живот. Но животот на Христа не бил позајмен. Никој не може да Му го одземе Неговиот живот. ’Јас Сам од Себе го давам‘, рекол Тој (Јован 10,18). Во Него бил животот, оригинален, непозајмен, самостоен. Човекот не го наследува овој живот. Тој може да го добие само преку Христа. Не може да го заработи; му се дава како бесплатен дар ако поверува дека Христос е Неговиот личен Спасител.“ – Библиски коментари, 540.

б. Зошто Христос дошол на овој свет, и што им носи Тој на оние што го прифаќаат? Што немаат оние кои не веруваат во Синот Божји? Јован 10,10 (посл. дел). 28; 1 Јов. 5,11.12.

“Сите создадени битија живеат благодарение на волјата и моќта на Бога. Тие се приматели на животот на Божјиот Син. Колку и да се способни и талентирани, колку и да е голем нивниот капацитет, тие се снабдуваат со живот од Изворот на сиот живот. Тој е изворот на животот. Само тој, кој сам има бесмртност, кој престојува во светлина и живот, може да каже: ’Јас имам моќ да го положам својот живот, и имам моќ да го земам повторно‘… Христос има право да дава бесмртност. Животот што го положил за човечкиот род, Тој го зел повторно и го дал на човечкиот род. ’Јас дојдов‘, вели Тој, ’за да имаат живот и да го имаат во изобилие‘ (Јован 10,10).“ – Библиски коментари, 504.
“Ако се покаеме за нашите престапи и го примиме Христа како Дарител на живот, како наш личен Спасител, ние стануваме едно со Него, и нашата волја доаѓа во хармонија со Божјата волја. Ние стануваме соучесници во Христовиот живот, кој е вечен. Ние добиваме бесмртност од Бога преку примање на Христовиот живот, бидејќи во Христа живее сета полнота на Божеството во тело. Овој живот е тајно соединување и соработка на божественото со човечкото.“ – Знаците на времето, 17. јуни, 1897.
Среда 30. јануари

4. ХРИСТОВАТА ПОБЕДА НАД ИСКУШЕНИЈАТА

а. Која била тајната на Христовата победа? Јован 4,34; 5,30.

“Христос во слабоста на човечкиот род требало да се соочи со искушенијата на оној кој имал поголема моќ и од ангелите. Но Христовата човечка природа била соединета со божествената, и во таа сила Тој ги поднесувал сите искушенијата со кои го напаѓал сатаната, а сепак својата душа да не ја извалка со грев. И оваа моќ да се победи Тој ќе им ја даде на секој син и ќерка на Адам, на секој што со вера ќе ги прифати праведните особини на Неговиот карактер.“ – Одбрани пораки 1, 223.

б. Како човекот може да го победи искушението? Филип. 4,13. Што е нужно во сите времиња? Јован 15,4-6.

“Христос дошол на светот да му даде пример како човечката природа може да биде совршена кога ќе се соедини со божествената.“ – Одбрани пораки 1, 260.
“Спасителот победил за да му покаже на човекот како и тој може да победи. Сите искушенија на сатаната, Христос ги дочекал со Божјото слово. Со вера во Божјите ветувања, Тој добил сила да ги држи Божјите заповеди, па затоа непријателот не можел да го заведе. На секое искушение, Неговиот одговор бил: ’Напишано е‘ (Мат. 4,4). Бог токму со таа цел ни го дал словото, за да му се спротивставиме на злото. Нам ни се дадени обилни и скапоцени ветувања, та преку нив да ’станете учесници во Божјата природа ако се оддалечите од гнилежот на овој свет‘ (2 Петр. 1,4).“ – Здравје и среќа, 156.
“Поврзаноста на прачката со лозата рекол (Христос), е приказ за вашиот однос со Мене. Калемот е споен со живата лоза, и влакно по влакно, жила по жила зараснува со лозата. Животот на лозата станува живот на гранката. Така и душата мртва заради престапот и гревот, оживува преку врската со Христа. Со вера во Него како личен Спасител се воспоставува заедништво… Ова заедништво со Христа, откако ќе се воспостави, мора да се одржува… Ова не е секојдневен контакт, ниту врска што постојано се прави и се кине. Прачката станува дел од живата лоза. Непречено и постојано од коренот кон гранката се одвива комуникација на живот, сила и плодност. Одвоена од лозата, прачката не може да живее. Не можете, рекол Исус, повеќе да живеете без Мене. Животот што го примивте од Мене може да се сочува само со постојано заедништво. Без Мене не можете да победите ниту еден грев, ниту да му се спротивставите на најмалото искушение.“ – Копнежот на вековите, 655.
Четврток 31. јануари

5. СМРТНИОТ СИН ЧОВЕЧКИ И БЕСМРТНИОТ СИН БОЖЈИ

а. Земајќи тело од крв и месо во кое сите зедоа учество, која последица ја почувствувал Господ Исус на себе? Филип. 2,7; Евр. 2,14.

“(Господ Исус Христос) се понизил, и на Себе зел смртност. Како член на човечкото семејство, Тој бил смртен; но како Бог, Тој бил извор на животот за светот.“ – Библиски коментари, 533,534.

б. Каква била божествената природа на Исус Христос? Зошто Тој бил спремен и да го положи својот живот? 1 Тим. 3,15,16; Јован 2,18-22; 17,5.24.

“Кога се чул гласот на ангелот како вели: ’Твојот Отец те вика‘, Оној кој рекол: ’зашто Јас животот Свој си го полагам за да го примам пак‘, и ’урнете го овој храм и за три дни ќе го подигнам‘ (Јован 10,17; 2,19), станал од гробот во живот што се наоѓал во Него. Божеството не умрело. Човештвото умрело, но Исус тогаш над отворената гробница на Јосиф изјавил: ’Јас сум воскресението и животот‘ (Јован 11,25). Во своето Божество Христос имал сила да ги раскине оковите на смртта. Тој изјавил дека има живот во Него и дека може да оживи кого сака.“ – Библиски коментари, 503.

Петок 1. февруари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. На кој начин Божјиот Син се појавил во својот еврејски народ?
2. Што мора секогаш да имаме на ум кога станува збор за отелотворувањето на Христа?
3. Што им дарува Христос на оние што веруваат во Него?
4. Што било клучно за победа на Синот човечки над сите искушенија?
5. Како и кога Христос јасно се покажал, а) како Син Човечки, б) како Син Божји?

Сподели го ова:

Слични објави