04 Христовата човечка природа

Сподели го ова:

4. лекција – 26. јануари 2013.

Христовата човечка природа

“И Словото стана тело и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот“ – Јован 1,14.

“Човечката природа на Божјиот Син за нас претставува сè. Таа е златен синџир кој нашите души ги врзува со Христа, а преку Христа до Бога. Ова треба да биде наша тема за проучување. Христос навистина бил човек.“ ¬– Упатство за младите, 13. октомври, 1898.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Одбрани пораки 1, 246.247.
Копнежот на вековите, 97-102.

Недела 20. јануари

1. ЧОВЕЧКОТО РОДОСЛОВИЕ НА ХРИСТА

а. Каков облик било неопходно да земе Христос кога дошол на земјата и зошто? Римј. 8,3; Јован 1,14.

“Исус станал човек за да може да посредува меѓу човекот и Бога. Тој својата божественост ја наметнал со човечка природа, се поистоветил со човечкиот род, за да може со својата човечка рака да го опфати човештвото, а со својата божествена рака да се фати за божествениот престол. Така, кај човекот можел да го возобнови првобитното сфаќање што во Едем го загубил заради примамливото искушение на сатаната.“ – Библиски коментари 7-А, 487.

б. Чиј потомок бил Христос, по тело? Што наследил од својата мајка? 1 Мојс. 3,15; 22,18; Римј. 1,3.

“За Божјиот Син би било речиси бескрајно понижување да ја земе врз себе човечка природа, дури и тогаш кога Адам сè уште бил невин во Едем. Меѓутоа, Христос зел човечка природа кога човештвото четири илјади години било ослабено од гревот. Како и секое дете на Адам, и Тој ги примил последиците на неизбежниот закон на наследство. Кои биле тие последици е прикажано во историјата на Неговите земни предци. Тој дошол со такво наследство за да ги подели нашите страдања и искушенија, и да ни даде пример на безгрешен живот.“ – Копнежот на вековите, 31.
Понеделник 21. јануари

2. ХРИСТОВАТА ЧОВЕЧКА ПРИРОДА

а. Како човечката природа на Божјиот син ја опишува пророкот Исаија? Ис. 53,2-4.

“Земајќи ја на себе падната човечка природа, Христос ниту најмалку не учествувал во гревот. Тој бил подложен на немоќи и слабости кои ги има човекот, ’за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: Тој врз Себе ги зеде нашите немоќи и ги понесе болестите‘ (Матеј 8,17). Тој бил погоден од нашите немоќи и во сè бил искушан како и ние.“ – Библиски коментари 542.

б. Како апостол Павле ја истакнува стварноста на човечката природа што Христос ја наследил? Евр. 2,14.17 (прв дел).

“Христос не ја зел човечката природа само навидум; Тој вистински ја имал. Тој навистина поседувал човечка природа.“ – Одбрани пораки 1, 247.
“Низ период од четири илјади години, кај (човечкиот) род се деградирале физичката сила, умствената моќ и моралните вредности; и Христос на себе ги зел немоќите на деградираното човештво. Само така може да го спаси човекот од најголемите длабочини на деградација.“ – Копнежот на вековите, 97.
“Исус во сè бил како своите браќа. Тој станал тело, како нас. Тој бил гладен и жеден и уморен. Се наситувал со храна и се одмарал со спиење. Ја делел човечката судбина; сепак Тој бил безгрешен Божји Син. Тој бил Бог во тело. Неговиот карактер мора да стане и наш.“ – Копнежот на вековите, 291.
“Каква била оваа слика што Небото ја гледало! Христос, кој не знаел ниту за најмала дамка на грев ниту осквернетост, ја зел нашата распадната природа. Ова понижување било многу поголемо отколку што може да сфати ограничениот човек. Бог се манифестирал во тело. Се понизил себеси. Каков само предмет за размислување, за длабоко и најсериозно разгледување! Толку бескрајно големо, Величество на небото, а сепак се спуштил толку ниско без да изгуби и најмал дел од своето достоинство и слава! Се спуштил до најголема сиромаштија и понижување меѓу луѓето. Станал сиромашен за ние да се збогатиме преку Неговата сиромаштија. ’Лисиците имаат легла‘, рекол Тој, ’и птиците небески – гнезда; а Синот Човечки нема каде глава да наслони‘ (Матеј 8,20).“ – Одбрани пораки 1, 253.
Вторник 22. јануари

3. ХРИСТОС МОЖЕЛ ДА ПАДНЕ

а. Како знаеме дека Христос морал да биде искушан со сите искушенија со кои ние мораме да се соочиме, и со каква цел? Евр. 2,17.18; 4,15; 5,1.2.

“Само Христос ги искусил сите таги и искушенија што ги снаоѓаат луѓето. Никој друг роден од жена не бил толку жестоко нападнат од искушенија; никој друг не носел толку тежок товар на гревот и болката на светот.“ – Воспитување, 78.
“Силите на темнината го напаѓале Божјиот Син на секој чекор. После Неговото крштевање Духот го одвел во пустината, каде четириесет дена трпел искушенија. Добивав писма во кои се тврди дека Христос не би можел да ја има истата природа како и човекот, бидејќи кога би ја имал, Тој би паднал под такви искушенија. Ако Тој ја немал човечката природа, Тој не би можел да биде наш пример. Ако не зел удел во нашата природа, Тој не би можел да биде искушан како луѓето. Ако не било можно тој да падне пред искушение, тогаш не би можел да биде наш помошник. Свечена реалност е дека Христос дошол да се бори во битките како човек, и во име на човештвото.“ – Одбрани пораки 1, 408.

б. Кој друг доказ исто така покажува дека Христос во човечка природа можел да попушти на искушенијата? Што сè било доведено во прашање? 2 Кор. 5,21; Евр. 5,7.8.

“Доколку не постои можност за паѓање, тогаш искушението не е искушение. Кога човекот е под силно влијание да направи погрешно дело, знаејќи дека тој може да го направи тоа, тој со вера се спротивставува, цврсто држејќи се за божествената моќ – тоа е одлевање на искушението. Тоа било тешко исушување низ кое и Христос поминувал. Да не можел да погреши, Тој не би можел да биде искушан во сè, како и луѓето.“ – Библиски коментари, 439.
“Искушенијата на кои бил изложен Христос биле ужасна реалност. Како слободно битие, Тој бил ставен на проба и можел да им подлегне на сатанските искушенија и да постапи спротивно на Божјата намера. Кога ова не би било така, кога не би било можно Тој да доживее неуспех, Тој не би бил искушан во сè во што се искушуваат човечките синови.“ – Библиски коментари, 440.
“Имајте на ум дека Христос ризикувал сè. Заради нашето спасение, самото небо се изложило на опасност. И кога сте во подножјето на крстот сетете се дека Христос би го жртвувал својот живот само за еден грешник, и тогаш ќе можете да ја цените вредноста на една душа.“ – Христови поуки, 164.

Среда 23. јануари

4. ЖЕСТИНАТА НА ХРИСТОВИТЕ ИСКУШЕНИЈА

а. Зошто искушувањето во пустината било толку жестоко за Христа? Лука 4,2.12.13.

“Нашиот Спасител е брат во нашите слабости, ’Кој искусил сè како и ние‘ (Евр. 4,15); но како безгрешен Неговата природа се ужасувала од злото; Тој ги издржал борбите и душевните страдања во овој грешен свет.“ – Патот кон Христа, 85.
“Секој грев, секоја раздор и секој валкан порок што престапот го носи со себе било измачување за Неговиот дух.“ – Копнежот на вековите, 90.
“Многумина тврдат дека било невозможно искушенијата да го надвладеат Христа. Во таков случај, Тој не би можел да се стави на местото на Адам, и не би можел да ја извојува победата која Адам не успеал да ја извојува. Ако ние, во било кој поглед, сме изложени на потешка борба од онаа на Христа, тогаш Тој не би можел да ни помогне. Меѓутоа, нашиот Спасител на себе го зел човечкото обличје со сите свои слабости. Тој ја зел човечката природа заедно со можноста да попушти на искушението. Ние не поднесуваме ништо, што Тој веќе не поднел.“ – Копнежот на вековите, 97.
“Кога на Неговата човечка природа и додаваме некоја сила што човекот не ја има во борбата со сатаната, тогаш во целост го негираме Неговото поистоветување со луѓето…“ – Библиски коментари, 807.
“Нашиот Господ бил искушан како што се искушува човекот. Како човечко битие, можел да подлегне на искушението. Неговата ограничена природа била чиста и неизвалкана, но Неговата божествена природа која го навела да му каже на Филип: “Кој ме виде Мене, го виде Отецот‘ (Јован 14,9) не била присутна во човечката; ниту пак човечката природа се облагородила со спојувањето на двете природи; и едната и другата ги задржале своите особини и својства.
“Но овде не смееме во нашите обични, земски и изопачени идеи да мислиме дека можноста Христос да попушти на сатанските искушенија ја деградира Неговата човечка природа и дека Тој ги поседувал истите грешни и изопачени склоности како човекот.
“Божествената природа, комбинирана со човечката, Го направила подложен на искушенијата од сатаната. Христовото искушување било многу потешко од она на Адам и Ева, бидејќи Тој ја зел нашата падната, но неизопачена природа, природа која не би останала неизопачена ако ги прифател зборовите на сатаната, наместо Божјите зборови. Претпоставката дека Тој не можел да му подлегне на искушението Го става во позиција Тој да не би може да биде совршен пример на човекот, и силата и снагата на овој детаљ од Христовото понижување, кое е толку далекосежно, не би претставувало никаква поука или помош на човечките битија.“ – Објавени ракоп. 16, 182.183.

Четврток 24. јануари

5. ХРИСТОВИОТ РАЗВОЈ И ТРИУМФ

а. Со кои искуства познати на човечките битија Христос се подготвувал за победа, и каков бил исходот? Лука 2,40.52; Евр. 5,8.9.

“Исусовиот живот бил живот на хармонија со Бога. Додека бил дете, Тој размислувал и говорел како дете, но никаква трага од грев не го замрачувала Божјиот лик во Него. Жителите на Назарет влегле во поговорка заради својата безбожност. Колку лош глас ги биел покажува прашањето на Натанаил: ’Зар може да излезе добро од Назарет?‘ (Јован 1,46). Исус се наоѓал таму каде што Неговиот карактр бил ставен на проба.“ – Копнежот на вековите, 52.

б. Која е тајната за победа над искушението? Што им ветува Христос на оние што ќе победат како Тој што победил? 1 Петр. 2,23; Јаков 4,7; Откр. 3,21.

“(Христос) го победил сатаната во истата природа над која сатаната во Едем извојувал победа. Христос го победил непријателот во својата човечка природа, потпирајќи се на Бога за сила. Тоа е привилегија и за секој од нас. Во сразмер со нашата вера ќе биде и нашата победа.“ – Упатство за младите, 25. април, 1901.

Петок 25. јануари

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Какво наследство примил Христос од линијата на Адам?
2. Што докажува дека Христос навистина живеел како човек кога бил меѓу луѓето?
3. Како знаеме дека Христос морал да се соочи со вистински искушенија исто како и секое друго човечко битие?
4. Кога Христос морал лично како Човечки Син да се соочи со искушенијата, што Неговите искушенија ги направило пожестоки и посилни од нашите?
5. Како Христос се подготвувал за победа, и каква поука можеме да извлечеме од тоа?

Сподели го ова:

Слични објави