01 Планот на спасението
1. лекција – 5. јануари, 2013.
Планот на спасението
“Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот.“ – Јован 3,16.
“Бог во својата безгранична љубов креирал величествен план за спасување на човекот. Во тој план се гледа Божјата чудесна љубов кон паднатиот род.“ – 2 Сведоштво, 217.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 40-48.
Недела 30. декември
1. ВО ПОЧЕТОКОТ
а. Како со едноставни зборови Светото Писмо ја објаснува природата на Адам и Ева кога биле создадени? Во што тие наоѓале задоволство? 1 Мојс. 1,26.27.
“Човекот требало да биде според Божјото обличје, и во надворешниот изглед и според карактерот. Единствено Христос е ’одблесок на Божјата слава‘ (Евр. 1,3), додека човекот бил создаден според Божјото обличје. Неговата природа во целост била ускладена со Божјата волја. Неговиот ум бил во состојба да го сфати божественото. Склоностите му биле чисти; разумот владеел со неговите копнежи и страсти. Бил свет и среќен што на себе го имал Божјиот лик и потполно се покорувал на Неговата волја.“ – Патријарси и пророци, 18.
б. Каков поредок постоел во почетокот во целиот универзум? 1 Мојс. 1,31; Јов 38,7.
“Сè додека сите Божји созданија го признавале сојузот на љубовта, имало совршено согласие во Божјата вселена. Небесните војски се радувале што можеле да ги исполнуваат намерите на својот Творец. Биле среќни и восхитени што се отсјај на Неговата слава и што Му оддаваат слава и благодарност. И додека љубовта кон Бога било нивното најсвето чувство, меѓусебната љубов била нелицемерна и несебична. Никаква неусогласеност не ја нарушувала небесната хармонија.“ – Патријарси и пророци, 7.
Понеделник 31. декември
2. ПОСЛЕДИЦИ ОД ПАДОТ ВО ГРЕВ
а. Кои се последиците од гревот врз човекот и врз природата? Што престапот на Божјиот закон му донел на светот? 1 Мојс. 3,17-19; Римј. 5,12.
“Бог човекот го создал совршено свет и потполно среќен; а на земјата, кога излегла од рацете на Творецот, немало траги на распаѓање, ниту најмали сенки на проклетство. Престапот на Божјиот закон – законот на љубовта – на светот донел зло и смрт.“ – Патот кон Христа, 7.
Со тоа што се осмелиле да не ја послушаат Божјата волја само во една точка, нашите прародители ги отвориле браните на злото што го преплавиле сиот свет. И секој што го следи нивниот пример, ќе жнее слични резултати. Божјата љубов се наоѓа во основата на секоја одредба во законот и секој што отстапува од заповедите, предизвикува сопствена пропаст.“ – Мисли од гората, 39.
б. Под чија власт потпаднале и земјата и човечкиот род? Како Христос се спротивставил на таа сила? Римј. 6,16; Лука 4,5.6; Јован 14,30.
“Заради гревот под власта на злиот непријател не потпаднал само човекот туку и целата земја, а со планот за откуп било предвидено сè да биде обновено и да се врати во првобитна состојба. Адам, кога завршило создавањето, бил поставен за господар на целата земја. Но кога му подлегнал на искушението тој паднал под власта на сатаната. ’Зашто кога некој некого победува, тој и го поробува‘ (2 Петр. 2,19). Кога човекот станал заробеник на сатаната, тогаш неговата власт преминала во рацете на освојувачот. Така сатаната станал ’бог на овој свет‘ (2 Кор. 4,4). Тој насилно и бесправно ја присвоил власта над земјата што првобитно му била дадена на Адам.“¬¬ – Патријарси и пророци, 44.
“Во борбата меѓу Кнезот на светлината и водачот на царството на темнината станувало збор за прашања од големо значење за овој свет. Бидејќи со искушение го навел човекот на грев, сатаната тврдел дека земјата му припаѓа нему и себе се нарекувал кнез на овој свет. Бидејќи таткото и мајката на целиот човечки род ги прилагодил на својата природа, сатаната имал намера овде да го основа своето царство. Тој тврдел дека луѓето го избрале за свој владетел. Со својата власт над луѓето, тој господарел со светот. Христос дошол да го побие ова тврдење на сатаната. Христос, како Син човечки, ќе остане верен на Бога. Така ќе се покаже дека сатаната не стекнал целосна власт на над човечкиот род, и дека неговото тврдење за власт над светот е лажно. Сите кои сакаат да се ослободат од неговата власт ќе бидат ослободени. Ќе биде вратено царството што било загубено заради Адамовиот грев.“ – Копнежот на вековите, 94.
Вторник 1. јануари
3. ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД ГРЕВОТ
а. Каква промена настанала во човечката природа по паѓањето во грев? Колку жалосна станала состојбата од која сега требало да се спаси човечкиот род? Јован 8,44 (прв дел); Ефес. 2,1-3.
“Во почетокот Бог го создал човекот според сопственото обличје. Го надарил со благородни особини. Разумот му бил урамнотежен и сите сили на неговото битие биле сразмерно развиени. Но падот во грев и неговите последици ги изопачиле овие дарови. Гревот го извалкал Божјиот лик во човекот и речиси наполно го уништил…“ – Патријарси и пророци, 631.
“Кога човекот го престапил Божјиот закон, неговата природа станала зла и оттогаш тој е во склад, а не во непријателство со сатаната. Според природата не постои никакво непријателство помеѓу грешниот човек и зачетникот на гревот. Со падот, злото им станало заедничка особина.“ – Големата борба, 449.
б. Какви склоности постојат и денеска во природата на човекот, доколку тој, со Божјата милост, не се роди наново? Пс. 51,5; Ерем. 17,9; Римј. 3,12; 2 Кор. 4,4.
“Човекот со падот во грев се оддалечил од божествениот живот. Неговата душа е парализирана заради соработување со сатаната, зачетникот на гревот. Тој самиот не е во состојба да го препознае гревот, ниту е во состојба правилно да ја сфати и пРимји божествената природа. Кога таа би му била достапна во неговото непрепородено срце не би се нашло ништо што би ја посакало, затоа што потполно се предал на влијанието на сатанската маѓепсувачка сила. Сите досетливи изговори кои ѓаволот може да ги смисли Тој му ги шепоти во умот за да го спречи секој поттик кон доброто. Секоја способност и сила што Бог му ја дал ја користи како оружје против божествениот Дарител. Затоа, иако го сака, Бог не може да ризикува и да му ги даде даровите и благословите што ги подготвил за него.“ – Одбрани пораки 1, 340.
“Сите кои не се решителни Христови следбеници, се слуги на сатаната. Во непрепороденото срце владее љубовта кон гревот и склоност гревот да се негува и оправдува.“ – Големата борба, 452.
“Последиците на каснувањето од родот на дрвото за познавање на доброто и злото се гледаат во секој човек. Во човечката природа постои склоност кон зло, сила на која човекот не може сам да ѝ се спротивстави.“ – Воспитување, 29.
Среда 2. јануари
4. ОЧИГЛЕДЕН ДОКАЗ ЗА БОЖЈАТА ЉУБОВ
а. Која божествена особина им одговара на потребите на паднатиот човечки род? Што го навело Христа да се понуди на толку голема жртва? 1 Јов. 4,9.10.
“Божјиот Син, Величествениот Заповедник на целото небо, го обзело големо сожалување кон паднатиот род. Кога пред Него се покажале страдањата на изгубениот свет, Неговото срце било трогнато и исполнето со бесконечно сочувство и сомилост.“ – Патријарси и пророци, 40.
“Таков карактер открил Христос во својот живот. Тоа е карактерот и на самиот Творец. Изливи на божествено милосрдие, покажани преку Христа, постојано течат од срцето на Таткото кон синовите човечки. Христос, милостивиот Спасител, патот на љубовта, бил Бог кој се ’јави во тело‘ (1 Тим. 3,16).
“Но Христос не ја принел таа голема жртва за во срцето на Таткото да пробуди љубов кон човекот или да Го одоброволи за да нè избави и спаси. Не, не! ’Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син‘ (Јов. 3,16). Таткото не нè сака заради таа голема жртва, туку ја принел затоа што веќе нè сакал. Христос бил посредник преку кој Таткото ја излеал својата голема љубов на луѓето паднати во грев.“ – Патот кон Христа, 12.13.
б. Кога е направен планот за спасение на грешниците? Кое начело на Божјото владеење се исполнило во тој план? Откр. 13,8; Римј. 16,25; Пс. 89,14.
“Планот за нашето спасение не е донесен отпосле, ниту е формулиран после падот на Адам. Тој бил ’откривање на тајната што била чувана низ вечни времиња‘. Тој план бил откривање на начелата кои од вечни времиња се темел на Божјиот престол. Бог и Христос од самиот почеток знаеле за отпадништвото на сатаната и за човековиот пад пред предизвикан со делувањето на измамничката сила на отпадникот. Бог не наредил да се појави гревот, но знаел дека може да се појави и презел мерки за да ја потисне таа ужасна појава. Неговата љубов кон светот била толку голема што одлучил да го даде својот единствен возљубен Син за ’секој што верува да не погине, туку да има вечен живот‘ (Јован 3,16).“ – Копнежот на вековите, 7.
“Жртвата на која љубовта ги натерала и Таткото и Синот за да можат грешниците да се спасат, пред целата вселена покажува – што можело да се постигне единствено со ваков план на откупување – дека правдата и милоста се темел на законот и божественото владеење.“ – Големата борба, 447.
Четврток 3. јануари
5. ЦЕЛТА НА ПЛАНОТ НА ОТКУПУВАЊЕТО
а. Што сакал Бог да оствари со планот на откупување? 1 Јов. 3,1; Римј. 8,15-17.
“’Гледајте колку голема љубов ни дал Отецот – да бидеме наречени чеда Божји, а тоа и сме!‘ (1 Јов. 3,1). Колкава вредност му дава тоа на човекот! Со падот во грев, Адамовите синови станале робови на сатаната, а со вера во Христовата жртва тие стануваат Божји деца. Земајќи ја на себе човечката природа, Христос го воздигнал човечкиот род. Благодарејќи на поврзаноста со Христа, луѓето навистина можат да се стекнат со достоинство и да се наречат ’Божји деца‘.“ – Патот кон Христа, 13.
б. За да не дојде до повторна појава на гревот, кој сомнеж, преку планот на спасение, мора потполно да се отстрани од умот на секое разумно битие во целата вселена? Наум 1,9; Лука 24,25.26; Ефес. 1,10.
“Божја цел е да се постави темел на вечна безбедност. Затоа на небесниот совет е одлучено на сатаната да му се даде време да ги открие начелата на кои би се темелела неговата власт. Тој тврдел дека неговите начела се подобри од Божјите. На сатанските начела им е дадено време да се развијат, така што целата вселена ќе може да го согледа нивното делување.“ – Копнежот на вековите, 743.
Петок 4. јануари
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Што во почетокот било својствено за сите Божји созданија?
2. Што, покрај настанатите промени, се случило кога Адам и Ева престанале да бидат послушни на Бога?
3. Која интервенција од Божја страна станала неопходна за да се ублажат последиците од гревот?
4. Со што планот на спасението во целост ја открил природата на Божеството?
5. Што, преку планот на спасение, мора цврсто да се вреже во секој ум, за да се отстранат можностите од сомнеж или секакви нагаѓања?