12 НЕПРЕСУШНА ДОБЛЕСТ

Сподели го ова:

12. лекција – 24. март 2012.

НЕПРЕСУШНА ДОБЛЕСТ

“Љубовта никогаш не престанува.“ – 1 Кор. 13,8.

“Никогаш не треба да поминеме покрај некоја душа што страда, а да не се обидеме да и пружиме утеха со која Бог не утешил и нас.“ – Копнежот на вековите, 386.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: 2 Сведоштво, 144-147.
Недела 18. март
1. СИЛНА МОТИВАЦИЈА
а. Што може да научи христијанскиот управител од мотивацијата на апостол Павле? 1 Кор. 9,16-19; 2 Кор. 5,14.15.
б. Какво предупредување и поттик тоа претставува за нас? 1 Пет.1,22.23.
“’Се она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие’ (Матеј 7,12). Благословот ќе дојде како последица од ваквиот живот. ‘Со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери’ (стих 2). Овие зборови треба да не наведат на тоа да се сакаме со сета сила на своето срце. Христос е нашиот пример. Тој постојано правел добро. Тој живеел за да ги благослови другите. Љубовта ги красела и облагородувала сите Негови постапки. Нам не ни е заповедано да правиме за себе она што би сакале да ни го прават другите, туку да им правиме на другите она што би сакале тие да ни прават нам во истите околности. Со каква мерка ќе мериме со таква мерка ќе ни се мери. Чистата љубов е многу едноставна во своето делување и се разликува од сите други принципи на дејствување. Желбата да се ужива добар глас и почитување од другите често може како последица да има среќен живот и непорочно однесување. Самопочитта може да не доведе дотаму, да го избегнуваме злото. Себичното срце може да прави и великодушни постапки, да ја признава сегашната вистина и да изразува кротост и срдечност со надворешно однесување, но побудите сепак можат да бидат лажни и нечисти; постапките кои произлегуваат од таквото срце сепак ќе бидат без животен мирис и плодови на вистинска светост, бидејќи се лишени од начелата на чистата љубов. Љубовта треба да се култивира и негува, бидејќи нејзиното влијание е божествено.“ – 2 Сведоштво, 146.

Понеделник 19. март
2. ПЛОД НА ЉУБОВТА
а. Каков плод несебичната љубов на апостол Павле донесувала под најтешки околности? Фил. 1,12-14; 2,15-17.
“Она што го насочило вниманието на царскиот двор кон христијанството, не биле проповедите на Павле, туку токму неговите окови. Тој токму како заробеник од многу души ги скршил оковите кои ги држеле во ропството на гревот. Но тоа не било се. Тој изјавил: ‘Повеќето од браќата во Господ, поттикнати од моите окови, се осмелија, без страв да го проповедаат Словото Божјо’ (Фил. 1,14).
“Трпението на Павле и неговата ведрина во текот на долготрајното и неправедно заробеништво, неговата храброст и вера, претставувале постојана проповед. Неговиот дух, толку различен од духот на овој свет, сведочел дека во него живее сила далеку повозвишена од земните сили. И неговиот пример ги поттикнувал христијаните на јавна работа, од која тој бил потиснат, се повеќе да ревнуваат како поборници на Божјото дело. Така неговите окови имале големо влијание. И кога се чинело дека неговите сили и неговата корисност наполно се осуетени и кога се кажувало дека не може да стори баш ништо, токму тогаш собира снопови за Христа и во областите од кои навидум бил целосно исклучен.“ – Делата на апостолите, 348.
б. Каква инспирација искуството на апостол Павле може да претставува за секој христијански управител? 2 Кор. 4,5-10; 11,24-28.
“Трпението придонело за неговите победи исто толку колку и храброста. Во неволјите душите можат да се бијат за Христа со кротост исто толку колку и со смелоста и храброста во отворена борба. Христијанинот, кој е полн со трпение и со ведрина за време на неволјите и страдањата, кој дури и смртта ја пречекува во мир и спокојство на непоколеблива вера, може за евангелието да постигне многу повеќе отколку верно да работел во текот на целиот свој живот. Често се случува токму тогаш, кога Божјиот слуга ќе се повлече од активната служба, таинственото провидение, на кое ние во нашата кратковидост се жалиме, може да изврши дело кое на друг начин никогаш не би се извршило.
“Кога не е веќе во можност отворено и активно да работи за Бога и за Неговата вистина, Христовиот следбеник не смее да смета дека нема веќе никаква должност што би можел да ја извршува, ниту пак награда што би можел да си ја обезбеди. Вистинските Христови сведоци никогаш не се оставени настрана. Во здравје и болест, во животот и смртта, Бог се уште ги употребува.“ – Делата на апостолите, 349.

Вторник 20. март
3. ЉУБОВТА КОН БЛИЖНИОТ ПОБЕДОНОСНА СИЛА
а. Како христијанскиот управител може да здобие победа над непристојните зборови и постапки? Јаков 3,2.10-12; Езек. 36,25.26.
“Мрзливоста, зајадливото расудување и непристојното изразување не е можно да се прикријат ниту со најгрижливо негување на надворешната префинетост и учтивост. Духот на вистинско човекољубие и добрина мора да престојува во срцето. Љубовта на оние кои ја поседуваат им дава љубезност, достоинство и убаво однесување; таа го осветлува лицето, го ублажува гласот, ги издига и облагородува сите човечки особини. Љубовта човекот го доведува во хармонија со Бога, бидејќи претставува една од најистакнатите карактеристики на небото.“ – 4 Сведоштво, 534.
б. Низ какви искуства христијанскиот управител може да ја дознае неисцрпната сила на љубовта? 2 Кор. 8,1-5; 1 Јов. 5,1-4.
“Противењата на кои наидуваме можат да се покажат корисни за нас на многу начини. Ако добро ги поднесеме, тоа ќе развие во нас доблести кои никогаш не би ги имале ако како христијани не би морале ништо да поднесеме. Вера, трпение, воздржување, небесни склоности, целосна преданост на Божјото провидение и вистинско сочувство со заблудените – сето тоа се резултати на добро поднесеното искушение. Ова се благодатите на Духот кои цутат, се развиваат и донесуваат плод во услови на искушенија и неволји. Кротоста, смиреноста и љубовта секогаш растат на христијанското дрво. Ако Божјата реч се прифати со искрено срце, тврдокорната душа ќе се потчини и верата која се фаќа за Божјите ветувања и се потпира на Исуса, ќе се покаже како победничка сила. ‘И ова е победата што го победи светот – верата наша’ (1 Јов. 5,4).“ – РХ, 28. јуни, 1892.
“Неочекувани разочарувања ќе дојдат. Исус често бил тажен заради тврдоста на човечките срца, и вие ќе имате слични искуства. Вашите молитви, вашите солзи и вашите молби можеби нема да можат да го донесат очекуваниот одговор. Срцата остануваат мртви во гревовите и престапите. Изгледа дека нема никакво каење, туку само рамнодушност и противење, а од некои дури и презир, додека сте очекувале одредена победа. Сепак не треба да попуштате во своите напори. Ако некои не сакаат, свртете се кон останатите. Верувајте дека Утешителот ќе го стори она што вие не можете и што изгледа потполно невозможно. Верувајте во сите благословени ветувања кои Христос ни ги оставил. Работете со љубов и непобедлива храброст, бидејќи тоа мора да го имате за да постигнете успех. ‘Кога правиме добро, тоа нека не ви биде здодевно, зашто во свое време ќе пожнееме, ако не се измориме’ (Гал. 6,9).“ – Знаци на времето, 30.11.1891.

Среда 21. март
4. ТРАЈНА ЉУБОВ
а. Во што билката на братската љубов е единствена (уникатна)? 1 Кор. 13,8 (прв дел).
“Во секој од нашите ближни ние треба да видиме откупеник од крвта Христова. Ако имаме љубов еден кон друг, ќе се зголемува љубовта кон Бога и вистината. Ние чувствуваме длабока болка во срцето кога гледаме како љубовта малку се негува во нашата средина. Љубовта е билка со небесно потекло, и доколку сакаме да ја развиваме во нашето срце, мораме секојдневно да ја негуваме. Благост, кротост, долготрпение, подготвеност се да поднесеме, се да претрпиме и да не дозволиме лесно да се испровоцираме – тоа се плодови на драгоценото дрво на љубовта.“ – РХ, 5. јуни, 1888.
“Во светлината од Голгота, ќе се види дека законот на самооткажувачката љубов е закон на животот на Земјата и Небото, дека љубовта ‘која не го бара своето’, извира од Божјото срце и дека во Оној, кој бил кроток и понизен се манифестирал карактерот на Оној кој престојува во светлината, на која ниту еден човек не може да и се приближи.“ – Копнежот на вековите, 5.
б. Што треба да го охрабри христијанскиот управител во работа за душите откупени од Христовата крв? Гал. 5,1.
“Таму сите кои несебично работеле, ќе ги гледаат плодовите на својата работа. Таму ќе се види исходот на секое вистинско начело и благородно дело. Нешто од тоа гледаме уште тука. Но, колку малку резултати од својот труд гледа во овој живот оној кој го извршува најблагородното дело на светот! Колкумина работат несебично и неуморно за оние кои никогаш нема да ги видат ниту да ги запознаат… Така се даваат дарови, се носат товари, се извршува работата. Луѓето сеат семе од кое други, над нивните гробови, жнеат благословена жетва. Тие садат овошки за други да можат да јадат плодови. Тука им е доволно што знаат дека ги поттикнале силите на доброто. Во вечноста ќе се види дејството и противдејството на сите нешта.
“На небото се чува извештај за секој дар што Бог го дал за да ги поттикне водечките луѓе на несебична работа. Да се истражуваат тие сеопфатни извештаи, да се бараат оние кои со нашите напори биле возвишени и облагородени, да се гледа влијанието на вистинските начела во нивниот живот – тоа ќе биде еден од предметите и наградите во небесното училиште.“ – Воспитување, 305.306.

Четврток 22. март
5. ВРСКАТА НА СОВРШЕНСТВОТО
а. Зошто љубовта кон ближните е потребна за усовршување на христијанскиот карактер? Кол. 3,14; 1 Јов. 4,7-12.
“Во нашиот сегашен живот, иако е земен и ограничен со гревот, најголема радост и највисоко образование се добива со служење. И во идниот живот, неограничен со грешна човечка природа, наша најголема радост и наше највисоко образование ќе наоѓаме во служењето – во сведочењето, и во постојаното учење во текот на сведочењето ‘какво богатство на слава има во таа тајна’ – ‘Христос, надежта на славата е во нас’ (Кол. 1,27).“ – Воспитување, 309.
б. Што ќе претставува најголема илустрација за вечната љубов која ќе блеска низ целата вечност? Захарија 13,6.
“Ќе остане само еден потсетник. Нашиот Спасител секогаш ќе ги носи лузните на Своето распнување. На Неговата ранета глава, на Неговите ребра, рацете и нозете, ќе се гледаат единствените траги на свирепоста кои ги предизвикал гревот. Гледајќи го Христа во Неговата слава, пророкот вели: ‘Болскотот му е како сончева светлина, а од рацете Негови зрачи, и тука е скривалиштето на Неговата сила (Авакум 3,4). Прободената страна на Христовото тело од која потекол црвен млаз кој го помирил човекот со Бога – ја претставува славата на Спасителот, ‘тука е скривалиштето на Неговата сила’. ‘Моќен да спаси’, со жртвата на откупувањето, Тој исто така ќе биде моќен да изрече пресуда и изврши суд над оние кои ја презираат Божјата милост. А овие знаци на Неговото понижување за Него претставуваат најголема чест. Раните добиени на Голгота ќе ја истакнуваат Неговата слава и Неговата сила низ бескрајните времиња на вечноста.“ – Големата борба, 674.
Петок 23. март
ЛИЧЕНПРЕГЛЕДНА ПРАШАЊАТА
1. Како христијанскиот управител треба да ги разбере Христовите зборови во Матеј 7,12?
2. Какви резултати љубовта може да постигне дури и среде тешкотиите?
3. Каква придобивка за христијанскиот управител претставуваат искушенијата?
4. Зошто службата од љубов никогаш не претставува загуба?
5. Каде се наоѓа најголемата радост во животот и највисокото образование?

Сподели го ова:

Similar Posts