02 Својствата на вистинскиот управител

Сподели го ова:

2. лекција – 14. јануари 2012.

Својствата на вистинскиот управител

“Дел мој си Ти, Господи – си реков – ќе го пазам законот Твој.“ – Псалм, 119,57.

“Се што имаме, нашите умни и физички сили и сите благослови на овој и идниот живот носат печат од крстот на Голгота.“ – RH, 14. декември, 1886.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Водење на детето, 150-168.
Недела 8. јануари
1. ЗАДОВОЛСТВО
а. Што треба да сфатат христијанските управители за сиот нивен земен имот ? Јов 1,21.
“Се му припаѓа на Бога. Но луѓето не водат сметка за Неговото право. Додека Бог обилно ги опсипува со Своите благослови, луѓето често ги употребуваат Неговите дарови за свои себични задоволства; но тие ќе бидат повикани да дадат сметка за тоа како ја вршеле должноста на повереништво.
“Управителот се изедначува со својот господар. Тој ја прифаќа должноста на управител и го застапува својот господар, постапувајќи како што би постапувал господарот кога лично би управувал со имотот. Интересите на Неговиот господар стануваат негови интереси. Положбата на управителот е почесна позиција бидејќи неговиот господар има доверба во него. Ако во кој било поглед постапи себично, ако за себе ја искористи добивката која ја заработил тргувајќи со богатството на својот господар, управителот ја злоупотребува укажаната доверба.“ – 9 Сведоштво, 254.
б. Зошто христијаните како управители треба да бидат задоволни со својот земен имот? Псалм 37,16; Изреки 15,16; 1 Тим. 6,8.
“Размислувајте за Христа кој како Создател на сите светови дошол на овој свет во најголемо сиромаштво. Тој немал каде да ја положи својата глава. Затоа сиромаштијата не е срамота. Гревот е срамота.“ – Материјали на Е. Г. Вајт од 1888, 1514.

Понеделник 9. јануари
2. ПРАВИЧНОСТ
а. Бидејќи христијаните како управители се задоволни со своите земни имоти, како тие се однесуваат кон имотите на другите? 5 Мојсеева 16,19.
“Во последниот голем судир меѓу Христовите следбеници и силите на темнината, сатаната ќе настојува да ги придобие мажите и жените со поткуп. Некои ќе се продаваат за ништо; ‘зашто, каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости’?
“Особено мораме да водиме сметка за интересите на другите – да не ги закинуваме, изнаоѓаме мани, да не ги озборуваме и да не ги прикажуваме во лажна светлина. Во меѓусебните односи, не само со своите браќа туку и со останатите, треба строго да се држиме до правдата.“ – Да го запознам Него, 176.
б. Што сака Бог да сфатиме за злите последици на пристрасноста? 5 Мојсеева 24,17; Рим. 2,11.
“Бог не признава никаква разлика по однос на народност, раса или боја. Тој е Творец на целиот човечки род. Сите луѓе, припаѓаат на едно семејство според создавањето и сите се едно преку откупувањето. Христос дошол да ги сруши сите ѕидови на поделба, да ги отвори сите одделенија на храмот како секоја душа би имала слободен пристап до Бога. Неговата љубов е толку широка, толку длабока и потполна што продира насекаде. Таа ги спасува луѓето од сатаната кој ги измамил со своите лукавства, и ги доведува во близина на Божјиот престол, престол опкружен со виножитото на ветувањето. Во Христа нема ниту Грк ниту Евреин, ниту слободен човек ниту роб.“ – Пророци и цареви, 249.250.
“Причина за сите поделби, раздори и разлики се наоѓа во одвојувањето од Христа. Христос е центар кој сите треба да ги привлече, колку повеќе се доближуваме до центарот, се доближуваме и еден до друг во разбирање, сочувство и љубов, усовршувајќи се во карактерот и ликот на Исуса. Кај Бога нема пристрасност…
“Синот на бесконечниот Бог, Господарот на животот и славата, во овој живот се спуштил до најдлабока понизност, за никој да не се чувствува исклучен од Неговото присуство. Тој лично е достапен до сите. Никогаш не одбирал неколку фаворизирани миленици со кои би се дружел, игнорирајќи ги сите останати.“ – Да го запознам Него, 99.

Вторник 10. јануари
3. ЧЕСНОСТ
а. Кои благослови им се ветени на оние кои се држат до чесноста во сите свои деловни трансакции? Изреки 10,9.
б. Што треба да ги поврзува постапките, зборовите, па дури и мислите на христијанскиот управител? Изреки 12,5. 17; 14,2.
“Со службата на управување е поврзана и обврска, не само кон Бога, туку и кон човекот.“ – Воспитување, 139.
ц. Како Господ ги смета оние кои се нечесни во бизнисот? Изреки 16,11; 20,10.
“Ниту големината ниту привидната безначајност на бизнис зделката не не прави праведни или неправедни, чесни или пак нечесни. Со најмало отстапување од чесноста ние се ставаме на непријателско земјиште и чекор по чекор можеме потполно да се оддалечиме од правдата. Голем дел од христијанскиот свет ја одделува религијата од нивниот бизнис.
“Чесен човек, според Христовите мерила е само оној кој непоколебливо останува исправен и честит во сите околности. Лажните тегови и неисправните мерила со кои многумина настојуваат да ја зголемат својата земна добивка, се одвратни во Божјите очи. Сепак многумина од оние кои тврдат дека ги држат Божјите заповеди користат лажни тегови и неисправни мерила. Кога човекот е навистина поврзан со Бога и навистина го држи Неговиот закон, тоа се гледа во Неговиот живот, бидејќи сите негови постапки секогаш се во склад со Христовото учење. Тој не ја продава својата чест за никаква земна добивка. Неговите начела се засновани на сигурен темел, и неговото однесување и во земните работи е одраз на неговите внатрешни принципи. Непоколебливата чесност блеска како злато меѓу плевелот и троскотот на овој свет. Измамата, лагата и несовесноста можат да се сокријат пред луѓето, но не и пред Бога. Божјите ангели кои будно го следат развојот на нашиот карактер и ја одмеруваат нашата морална вредност, ги бележат во небесните книги и тие навидум безначајни трансакции, бидејќи сето тоа го открива нашиот карактер. Ако еден работник е несовесен и површен во своето секојдневно занимање, оние кои го набљудуваат нема да згрешат ако заклучат дека неговите мерила и во верата се исти како и во неговите работи.“ – 4 Сведоштво, 294.

Среда 11. јануари
4. ПОНИЗНОСТ
а. Која е наградата за скромниот христијански управител? Псалм 37,11; Изреки 22,4; Матеј 18,4.
“Љубовта кон Бога над се друго и несебичната љубов кон ближните, тоа е најдобриот подарок кој небесниот Отец може да ни го дарува. Нека сите верници се приближат кон Бога и едни кон други, за да може Бог да се приближи кон нас. Ниеден човек не треба да се возвишува како највисок. Никој не треба да се претстави како непогрешлив, бидејќи тој просветлен од Бога бил употребен во приведувањето на душите кон Неговата вистина. Нашите природни способности имаат вредност само ако од Бога дадените таленти ги користиме за воздигање на вистината. Оној преку кого Бог делува никогаш нема да се возвишува, никогаш нема да бара да владее. Како мудар управител, тој својата работа ја извршува чесно и во понизност. Тој му служи на Бога преку пренесување на она што примил, изговарајќи ја вистината во љубов на јасен, одлучен начин. На таков начин тој ги просветлува другите, сеќавајќи се секогаш дека само Бог може тоа да го втисне во умот и очисти срцето.“ – Објавени ракописи XXI, 275.
б. Што мора да ги карактеризира сите кои сакаат да се најдат меѓу Божјите избраници? Изреки 29,23.
“Љубов, сочувство и нежност треба да се открива меѓу нас. Облечете се, како избраници од Бога, во милост и добрина. Гревовите кои сме ги практикувале пред своето обраќање треба да ги отфрлиме со стариот човек. Како нови битија во Исуса Христа, треба да се облечеме во ‘милосрдност, доброта, понизност, кротост и долготрпение’ (Кол. 3,12).
“Оние кои воскреснале со Христа да одат во обновен живот, од Бога се избрани. Тие се свети во Господа и Тој ги признава како свои сакани деца. Како такви, тие се под свечен завет да се разликуваат покажувајќи понизност на умот. Тие треба да се облечат во облека на праведност. Тие треба да се одвоени од светот, од неговиот дух, неговите практики покажувајќи дека се научени од Оној кој вели: ‘Бидејќи сум кроток и смирен по срце’ (Мат. 11,29). Ако сфатат дека тие умреле со Христа, ако го одржат заветот при крштевањето, светот нема да има моќ да ги оддели од Христа. Ако го живеат Христовиот живот во овој свет, тие ќе станат соучесници во божествената природа. Потоа, кога ќе се појави Христос, кој е наш живот, тие исто така ќе се појават со Него во слава.“ – Објавени ракописи XIX, 236. 237.

Четврток 12. јануари
5. ПОСЛУШНОСТ
а. Кои карактеристики му биле прикажани на Јован во Откровението кога го видел Божјиот народ во овие последни денови? Откровение 14,12.
б. Каде наоѓаме упатства во поглед на законити принципи во бизнисот? 5 Мојсеева 5,32; 25,13-15; Лука 11,28.
“Не постои гранка на чесно работење за која Библијата не би можела да ни понуди најосновна подготовка. Нејзините принципи на трудољубивост, чесност, штедливост, умереност и непорочност се тајната на вистинскиот успех. Овие принципи, како што се изложени во книгата Соломонови Изреки, претставуваат ризница на практичната мудрост. Каде може трговецот, занаетчијата,
раководителот во кое било подрачје на работење, да најде подобри совети за себе или за своите вработени од оние што се наоѓаат во овие зборови на мудрецот: – Изреки 22,29; 14,23; 13,4; 23,21; 20,19; 17,27; 20,3; 4,14; 6,28; 13,20; 18,24 (прочитајте ги овие цитати).
“Колкумина можат да избегнат финансиски неуспех и пропаст кога би ги слушале предупредувањата кои се толку често повторувани и нагласувани во Светото писмо…
“Од прифаќањето на овие начела зависи благосостојбата на општеството, без оглед дали се работи за световни или религиозни здруженија. Овие принципи претставуваат сигурност и за имотот и за животот. За се што овозможува взаемна доверба и соработка, светот му должи на Божјиот закон кој е запишан во Неговата Реч и кој уште постои во човечкото срце, често запишан со нејасни и речиси избришани букви.“ – Воспитување, 135-137.
Петок 13. јануари
ЛИЧЕНПРЕГЛЕДНА ПРАШАЊАТА
1. Како можеме да бидеме задоволни со нашиот земен имот?
2. Како треба да се однесуваме кон другите во своите финансиски трансакции?
3. Кои благослови ќе ги примиме ако сме чесни во сите трансакции?
4. На кој начин понизноста може да се манифестира во мојот живот на практичен начин?
5. Наведи некои бенефиции (придобивки) кои произлегуваат од чесното работење при финансиските трансакции?

Сподели го ова:

Similar Posts