12. Избавување од уништување
12. лекција Сабота, 22 јуни 2019.
Избавување од уништување
„Бидејќи се надеваше во Мене, и ќе го избавам, и ќе го заштитам, зашто го позна името Мое.“ – Псалм 91:14.
„Така Бог ќе ги истреби безбожниците од земјата. Но праведниците среде сите тие потреси и метежи ќе бидат сочувани како Ное што бил сочуван во ковчегот. Бог ќе биде нивно прибежиште и ќе се засолнат под неговите крилја.“ – Патријарси и пророци, 110.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Големата борба, 613-634.
Недела 16. јуни
1. ЗЕМЈАТА СТЕНКА
а. Каква е состојбата на целата земја, како последица на гревот? Римјаните 8:22.
„Човечкиот грев донел неизбежни последици – распаѓање, деформација и смрт. Денес целиот свет е загаден, корумпиран и погоден од смртна болест. Сѐ што е на земјата воздивнува и тагува поради товарот на постојаните престапи на нејзините жители.
Проклетството ги притиска не само земјата и човекот, туку и животните и рибите во морето, и бидејќи престапот е распространет насекаде, ќе биде дозволено и проклетството да биде распространето така длабоко како и самиот престап.“ – Коментари на библиски текстови, 18.
„Додека ‘целото создание заедно со нас стенка’ (Римјаните 8:22), срцето на Бесконечниот Татко сочувствува во болката. Нашиот свет е голема куќа на јадови, сцена на таква беда што не се осмелуваме да им дозволиме на нашите мисли да се занимаваат со неа. Нашиот товар би бил страшен кога би согледале колкава е таа. Но, Бог го чувствува сето тоа. За да ги уништи гревот и неговите последици, Тој Го жртвувал Своето Најмило и нам ни дал моќ, преку соработка со Него, да и ставиме крај на таа сцена на беда. ‘И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот’ (Матеј 24:14).“ – Воспитување, 263,264.
Понеделник 17. јуни
2. ПЛАНИРАНА ОБНОВА
а. Кој е Божјиот план во однос на Земјата? Откровение 21:5; Исаија 65:17.
„Земјата ветена на кротките нема да биде слична на оваа замрачена со сенката на смртта и проклетствата. ‘Но ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда.’ (2. Петрово 3:13) ‘И нема веќе да има никакво проклетство; престолот на Бога и на Јагнето ќе биде во градот; Неговите слуги ќе Му служат.’ (Откровение 22:3)
Таму нема разочарувања, нема болки ни грев, никој нема да каже: болен сум; таму нема погребни поворки, нема плачење, нема смрт и скрушени срца бидејќи таму е Исус, таму е мир. Таму спасените ‘нема да трпат глад и жед, нема да ги удри припек и сонце; зашто Оној, Кој ги милува, ќе ги води и ќе ги доведе при извори водни.’ (Исаија 49:10).“ – Мисли од Гората на блаженството, 17,18.
б. Како треба да одговориме на Божјите планови за иднината? Што е кажано за оние кои живеат таму? 2. Петрово 3:13.
„Наскоро ќе настанат ново Небо и нова Земја, каде што живее правдата. Господ ми покажа дека нашите умствени, физички и морални сили, под водството на Светиот Дух, ќе бидат обучени да го завршат делото во својата чистота, во својата благородност, без ниту една сатанска наука која би го уништила примерот кој ни го оставил Христос. Силите и способностите посветени во праведност ќе бидат вработени, зајакнати и подготвени да вршат дела одредени од Небото.“ – The Upward Look, p. 97.
„Дали како народ доволно размислуваме за оваа опомена? Ако не обрнеме внимание на неа, ако кон неа се однесуваме рамнодушно, ако дозволиме нашето внимание да го привлечат земните, минливи работи, и ако го изгубиме чувството за неопходноста на молитвата, ќе се најдеме меѓу оние кои не се достојни да побегнат. Нашата прва мисла треба да биде Христовата праведност. Нашиот примарен интерес треба да биде Божјото дело.“ – The Signs of The Times, December 5,1895.
в. Кои други благослови Бог ќе им ги даде на верните? Исаија 65:21,22,25.
Вторник 18. јуни
3. УНИШТУВАЊЕ НА СТАРОТО
а. Пред Бог да може да создаде нешто ново, што прво мора да се случи со старото? 2. Петрово 3:10; Исаија 51:6.
б. Со кое средство ќе се послужи Бог за да го уништи светот? 2. Петрово 3:6,7. Кој ќе страда во ова уништување? Лука 3:17.
„Нозете на грешникот никогаш нема да ја осквернат обновената земја. Од Небото од Бога ќе се спушти оган и ќе ги проголта – ќе изгорат и коренот и гранките. Сатаната е коренот, а неговите деца се гранките.
Истиот оган од Бога, кој ги проголта непокајаните, воедно ќе ја очисти и целата земја. Распаднатите, расфрлани карпи се стопија на високата температура и се распаднаа, целата слама изгоре. Тогаш пред нас се појави нашето наследство, славно и прекрасно, и ние ја наследивме целата обновена земја.“ – Maranatha, p. 351.
в. Како ова сознание на Божјите планови за уништување треба да влијае на нашиот секојдневен живот? 2. Петрово 3:11,12,14.
„На секој чекор се наоѓаат привлечности кои го одвраќаат нашиот ум од размислување за доаѓањето на нашиот Господ и Спасител; но неопходно е да имаме на ум дека ‘блиску е големиот ден Господов, блиску е и доаѓа многу брзо.’ Небесниот Бог ни даде многу опомени, повици и упатства, за да бидеме спремни цврсто да стоиме за време на страшното уништување. Ние не сме оставени во темнина. Оние кои размислуваат и постапуваат во склад со упатствата кои ни ги дал Бог, ќе се очистат од секоја нечистотија и телесно и духовно. Тие ќе ја имаат на ум заповедта ‘бидете свети’, и тие ќе се залагаат да бидат свети во сите свои разговори и во животот…
Се приближуваме кон времето кога небесата ќе поминат со голема бучава, а елементите ќе се растопат од големата топлина, и мораме да побрзаме да отстапиме од секаква неправда, својата служба и повик да ги утврдиме. Ние сакаме ново Небо и нова Земја, каде што праведните ќе живеат низ сета вечност.“ – The Signs of the Times, February 10, 1888.
Среда 19. јуни
4. ВЛЕГУВАЊЕ ВО БОЖЈИОТ ГРАД
а. На кој начин праведните ќе бидат заштитени во времето кога Бог ќе почне да ги излева Своите казни на земјата? Псалм 27:5; 91:4; Исаија 26:20.
„Тешки времиња се пред нас; Божјите судови доаѓаат на нашиот свет. Народите на земјата ќе треперат. Ќе бидат неволји и тешкотии на сите страни; човечките срца ќе застануваат од страв. И што ќе правиме во тој ден? Иако земјата ќе се тресе како пијан човек, и ќе биде поместена од своето место како колиба, ако се надеваме на Бога, Тој ќе нѐ избави.“ – Sons and Daughters of God, p. 354.
„Божјото око, гледајќи низ вековите на човечката историја, било насочено токму на кризата која припадниците на Неговиот народ ќе мораат да ја поминат кога против нив ќе се здружат сите сили на овој свет. Слично на протераните изгнаници, тие ќе бидат во страв од смрт, глад и насилство. Но Светиот и Возвишениот, кој пред Израелците го разделил Црвеното Море, и сега ќе ја покаже својата моќна сила и на нивното ропство засекогаш ќе направи крај. ‘Мои ќе бидат, моја печалба – зборува Господ над Воинствата. Во Денот што го подготвувам ќе бидам милостив како што таткото му е милостив на синот, кој му служи.’ (Малахија 3:17).“ – Големата борба, 634.
„Пред да се појави Синот човечки на небесните облаци, сѐ во природата ќе биде протресено. Молњи од небото ќе се соединат со огнот кој ќе избувне од земјата и ќе предизвика планините да горат како вжарена печка, исфрлајќи од своите врвови море од лава врз селата и градовите. Растопените маси на така исфрлената лава, кога ќе дојдат во контакт со водата, ќе ги активираат елементите скриени во земјината утроба и ќе направат водата во морињата и океаните да зоврие како во лонец, исфрлајќи карпи и камења на земјата. Ќе дојде до силни земјотреси и масовно уништување на човечките животи. Но, како што за време на големиот потоп, Ное бил заштитен во ковчегот кој Бог го подготвил за него, така и во овие денови на уништување и пропаст Бог ќе биде прибежиште за своите верни. (Псалм 91:9,10; 27:5).“ – Коментари на библиски текстови, 847.
б. Кои Божји особини можат да ни дадат сигурност во тоа време? 1. Тимотеј 1:17.
в. Како знаеме дека Бог секогаш ќе биде подготвен да им помогне на Своите следбеници? Псалм 121:4-8.
Четврток 20. јуни
5. НАШЕТО ПРИБЕЖИШТЕ ДЕНЕС
а. Кои ветувања покажуваат дека Бог и денес е наше прибежиште? Повторени закони 33:27; Псалм 9:9.
„Во Псалмите, Давид зборува за тоа дека Бог е прибежиште, тврд град, засолниште и тврдина; кон кое можеме да трчаме и да бидеме безбедни. Колку е драга таа мисла дека Бог е наше засолниште и дека Тој ќе биде наш помошник во секое време и на секое место, и дека во секоја тешка ситуација Бог е со нас. Тој вели дека ќе ги испрати Своите ангели да нѐ чуваат на сите наши патишта.“ – Sermons and Talks, vol. 2, pp. 58, 59.
б. Како можеме да имаме доверба во Бога? Псалм 62:7,8; 46:1-3; 57:1.
„Оној кој ќе ја предаде својата душа на Исуса не треба да се разочарува. Ние имаме семоќен Спасител.“ – The Upward Look, p. 321.
„Вистинската молитва ја активира духовната сила и влијае на животот. Оној кој на овој начин ги излева своите потреби пред Бога, ја чувствува празнината на сѐ друго под небото..
„Вашите молитви можат да се воздигнат со срдечност која не прифаќа одбивање. Тоа е вера.“ – In Heavenly Places, p. 73.
Петок 21. јуни
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Што направил Бог за да ѝ стави крај на бедата на гревот на оваа земја? Како јас можам да го исполнам својот дел?
2. Каква ќе биде новата Земја? Какви ќе бидат нејзините жители?
3. Која двојна намена има огнот во поглед на овој стар свет?
4. Бидејќи сѐ во природата ќе биде исфрлено од својот колосек пред второто Христово доаѓање, што ќе се случи со Божјиот народ?
5. Во кои ситуации Бог ќе биде прибежиште и помош за Својот народ?