9.Родени од Бога

Сподели го ова:

9. лекција Сабота, 2. декември 2017.

Родени од Бога

„Знаеме дека секој роден од Бога не греши: но родениот од Бога се пази, и лукавиот не се допира до него.“ – 1 Јованово 5,18.

„Оние кои не знаат што значи да се има искуство во Божјите работи, кои не знаат што значи да се биде оправдан со вера, кои Духот не ги осведочил дека Исус ги прифатил, мораат повторно да се родат.“ – Lift Him Up, p. 124.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Копнежот на вековите, 167-177.

Недела 26. ноември

1. ПОВИК

а. Кој повик Исус го упатува до сите? Матеј 11,28-30.

„Погрешно е да мислиш дека треба да се покаеш пред да можеш да дојдеш кај Исус. Дојди кај Христа таков каков што си и размислувај за Неговата љубов додека твоето срце не се разбие.“ – The Review and Herald, September 3, 1901.

б. Што Никодим бил поттикнат да направи, и зошто? Јован 3,1.2.

„Никодим ја слушнал проповедта на Јован Крстителот за покајанието и за крштевањето и за неговото укажување на Оној, Кој ќе крштева со Светиот Дух. И самиот чувствувал дека кај Евреите нема доволно духовност, дека тие во голема мера се робови на лицемерието и световната слава. Се надевал на една подобра духовна состојба при доаѓањето на Месијата. Меѓутоа, веста на Јован не предизвикала во него сознание за сопствената грешност. Бил строг фарисеј и се фалел со своите добри дела. Бил надалеку почитуван заради својата добродушност и дарежливост во одржување на службата во храмот и сметал дека Божјата благонаклонетост му е осигурана.“ – Копнежот на вековите, 171.

Понеделник 27. ноември

2. ТРЕБА ДА БИДЕШ НАНОВО РОДЕН

а. Според Исус, каков треба човекот да стане пред да може да го види небесното царство, и зошто? Јован 3,3.

„(Никодим) бил изненаден од помислата за едно царство, кое е премногу чисто за тој да го види во својата сегашна состојба.“ – Копнежот на вековите, 171.

„Никој не може самиот да ги сфати своите грешки. ‘Лукаво е човечкото срце повеќе од сè и е наполно расипано; кој ќе го разбере?‘ (Еремија 17,9). Усните можат да зборуваат за сиромаштвото на душата, иако срцето не сака да го признае тоа. Додека човекот му се обраќа на Бога и зборува за своето духовно сиромаштво, неговото срце може да гори од вообразба дека поради својата наводна понизност и возвишена праведност е подобро и повеќе достојно од другите. Меѓутоа, вистинска претстава за својата сопствена состојба можеме да стекнеме само на еден единствен начин. Мораме да го посматраме Христа! Токму непознавањето на Христа ги наведува луѓето толку многу да ја возвишуваат својата праведност. Кога ќе размислуваме за Неговата чистота и за Неговото совршенство, тогаш ќе ја согледаме својата слабост, своето сиромаштво и маните во вистинска светлина. Ќе видиме дека сме изгубени и без надеж, облечени во облеката на својата праведност, како и сите други грешници. Ќе увидиме дека спасението не можеме да го заработиме со нашата добрина, туку единствено со Божјата бесконечна милост.“ – Христовите очигледни поуки, 159.

б. Како Исус понатаму му ја објаснил оваа вистина на Никодим, и што мислел со тоа? Јован 3,4-6.

„Потоа Христос рекол: ‘Што е родено од телото, тело е; што е родено од Духот, дух е.’ По природа срцето е лошо и ‘кој ќе извади чисто од нечисто? Никој.’ (Јов 14:4) Никаков човечки изум не може да пронајде лек за грешната душа. ‘Телесниот ум е во непријателство со Бога, зашто не му се покорува на Божјиот закон, ниту пак може.’ ‘Зашто од срцето излегуваат лоши мисли, убиства, прељуби, блудство, кражби, лажни сведоштва, хули.’ (Римјаните 8:7; Матеј 15:19). Изворот во срцето мора да биде очистен, за да може и потокот да биде чист. Оној што мисли со своите дела и со држење на Законот да го стекне Небото се обидува да направи нешто што е невозможно. Нема безбедност за оној, кој поседува само надворешна вера, облик на побожност. Христијанскиот живот не е преобликување или подобрување на стариот, туку преобразување на природата. Нашето ‘јас’ и гревот умираат, и потоа настапува целосно нов живот. Таа промена може да се постигне само со делотворното делување на Светиот Дух.“ – Копнежот на вековите, 172.

Вторник 28. ноември

3. ПРОМЕНА

а. Кој суштински благослов евангелието исто така го содржи, и зошто? Галатјаните 3,14; Дела 3,26.

б. Зошто е невозможно самите да го отфрлиме грешниот живот? Римјаните 8,7.

„Ние не можеме сами да се избавиме од понорот на гревот во кој сме паднале. Нашите срца се грешни и ние не можеме да ги промениме. ‘Кој ќе извади чисто од нечисто? Никој!’ ‘Зашто телесното мудрување е непријателство на Бога, бидејќи не му се покорува на Божјиот закон ниту пак може’ (Јов 14,4; Римјаните 8,7). Образованието, културата, користењето на волјата, човечките напори, сето тоа има свое подрачје на делување, но овде е беспомошно. Можеби со тоа може да се постигне формална коректност во однесувањето, но не може да се промени срцето; не можат да се исчистат изворите на животот. Мора да постои сила која делува одвнатре, нов живот одозгора, за човекот да може да се промени, да го остави гревот и да стане свет. Таа сила е Христос. Само Неговата благодат може да ги оживее замрените способности на душата и да ги привлече кон Бога, кон светоста.
Спасителот рекол: ‘Ако некој не се роди одозгора’, ако не прими ново срце, нови желби, нови намери и побуди што водат во нов живот, ‘не може да го види Божјото царство’ (Јован 3,3).“ – Патот кон Христа, 18.

в. Иако сами не можеме да го промениме нашето грешно срце, што можеме ние да направиме? Исус Навин 24,15.

„Вам ви е неопходно да разберете каква е вистинската сила на волјата. Тоа е сила што владее во човековата природа, способност на одлучување или одбирање. Сè зависи од правилната употреба на волјата. Бог му дал на човекот власт да одбере и до него стои да се послужи со неа. Вие не можете да го измените своето срце, вие не можете сами од себе на Бога да му ги посветите чувствата на своето срце; но можете да одлучите да Му служите. Можете да Му ја предадете својата волја; тогаш Тој ќе дејствува во вас да сакате и да го правите она што Нему му е угодно. Така целата ваша природа ќе биде ставена под власт на Христовиот Дух; Тој ќе биде средиште на сите ваши чувства, вашите мисли ќе бидат во хармонија со Него.“ – Патот кон Христа, 47.

Среда 29. ноември

4. КАКО Е ОВА МОЖНО?

а. Кој го менува нашето срце и како? Јован 3,7.8; 12,32.

„Ветрот се слуша меѓу гранките од дрвјата и како шушка во лисјата и цветовите, а сепак е невидлив и никој не знае од каде доаѓа и каде оди. Така, Светиот Дух делува на срцето. Тоа делување не може подобро да се објасни отколку со невидливото движење на ветрот. Човекот можеби не е во состојба точно да го одреди времето и местото или да се сети на сите околности во процесот на обратување, но тоа не значи дека не се обратил. Христос постојано работи врз срцето со сила што исто така е невидлива како ветрот. Малку по малку, можеби несвесно за оној што ги прима, настануваат впечатоци што ја привлекуваат душата кај Христа. Тие можат да се примат преку размислување за Него, преку читање на Светото Писмо, преку слушање на Речта од жив проповедник. Одненадеж, кога Духот непосредно апелира, душата радосно се предава на Исуса. Многумина тоа го нарекуваат ненадејно обратување, но тоа е последица на долгото додворување на Божјиот Дух последица на трпелив, долготраен процес.“ – Копнежот на вековите, 172.
„Грешникот може да u се спротивстави на таа љубов, може да одбие да биде привлечен кон Христа; но ако не се спротивставува, Исусќе го привлече; познавањето на планот на спасението ќе го доведе до подножјето на крстот, полн со покајание поради своите гревови што ги предизвикале страдањата на Божјиот мил Син.“ – Патот кон Христа, 27.

б. Да се биде „наново роден“ значи да се добие ново срце, нови желби, цели и мотиви. Со што мора да се храниме за да бидеме наново родени? 1 Петрово 1,23; 2,2.

„Кога вистината ќе постане непоколебливо животно начело, луѓето стануваат ‘новородени не од распадливо семе, туку од нераспадливата жива и вечна Божја реч’. Таа преродба настанува ако Христос се прими како Божја реч. Кога божествените вистини ќе се втиснат во срцето со помош на Светиот Дух, тие создаваат нови сфаќања, а силите, дотогаш успиени, се будат и соработуваат со Бога.“ – Делата на апостолите, 520.

в. Каква светлина користи Бог за да го промени нашето срце? 2 Коринтјаните 4,6.

Четврток 30. ноември

5. ЕВЕ ГО ЈАГНЕТО БОЖЈО

а. Што мораме да сфатиме за Исус, за да бидеме променети? Јован 3,14.15; 1,29.

„Христос мора да му се открие на грешникот како Спасител, кој умира за гревовите на светот; и додека го гледаме Божјото Јагне на крстот на Голгота, на нашиот ум почнува да му се открива тајната на откупувањето и Божјата добрина почнува да нѐ води на покајание. Умирајќи за грешниците, Христос покажал несфатлива љубов; и додека грешникот ја согледува таа љубов, истата го омекнува неговото срце, влијае врз умот и душата ја прави понизна.“ – Патот кон Христа, 26.27.

б. Што ќе се случи кога ќе се предадеме на Христа? Езекиел 36,26.27.

„Кога грешникот, привлечен од Христовата сила, се приближи до подигнатиот крст и во длабока понизност паѓа пред него, тој се преродува. Добива ново срце и станува ново создание во Исуса Христа. Светоста и ништо повеќе не бара. Бог ‘го правда оној кој верува во Исуса’ (Римјаните 3,26). А ‘оние што ги оправда и ги прослави’ (Римјаните 8,30).“ – Христовите очигледни поуки, 163.

в. Кога наново ќе се родиме, со што само ќе се фалиме? Галатјаните 6,14.

Петок 1. декември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кое суштински важно искуство ќе им го подари Исус на сите што доаѓаат кај Него?
2. Што мораме да сфатиме за себе ако сакаме наново да се родиме?
3. Зошто ни е толку тешко да правиме она што е исправно?
4. Со што мораш да се храниш ако сакаш да доживееш ново раѓање?
5. Што Бог ветува дека ќе направи кога ќе му се предадеме на Христа?

Сподели го ова:

Слични објави