8.Простување
8. лекција Сабота, 25. ноември 2017.
Простување
„Зашто еден е Бог и еден е Посредник меѓу Бога и луѓето – Човекот Христос Исус.“ – 1 Тимотеј 2,5.
„Покајанието, како и простувањето, е дар од Бога преку Христа. Преку влијанието на Светиот Дух ние сме осведочени за гревот и ја чувствуваме нашата потреба за помилување.“ – Faith and Works, p. 38.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: The Signs of the Times, February 14,
1895; July 29, 1913.
Недела 19. ноември
1. ПРЕКУ ХРИСТОС
а. Што Бог ни нуди преку откупот остварен преку Христа, и со каква цел? Колосјаните 1,14; Дела 26,17.18.
„Исус ги познава околностите во кои се наоѓа секоја душа. Ти можеш да кажеш: ‘Јас сум грешен, многу грешен.’ Можеби и си грешен, но колку повеќе си грешен, толку повеќе ти е потребен Исус. Тој не одбива никого кој му приоѓа со солзи… ја охрабрува секоја исплашена душа. Со задоволство им простува на сите кои доаѓаат кај Него заради прошка…
Оние души кои во Него бараат засолниште, ги издига над обвинувањата и јазиците кои креираат расправии. Ниту луѓето, ниту злите ангели не можат да ги обвинат и отфрлат овие души. Христос ги соединува со Својата божествено-човечка природа.“ – Копнежот на вековите, 568.
„Целта на големиот Учител е обнова на Божјиот лик во душата.“ – Fundamentals of Christian Education, p. 436.
б. Каква улога Христос денес има во простувањето на грешниците? Евреите 4,15; 1 Тимотеј 2,5.
„(Христос) се квалификувал да биде, не само претставник на човечкиот род туку и негов Застапник, така што секоја душа, доколку сака, може да каже: Имам Пријател на суд.“ – Manuscript Releases, vol. 12, p. 393.
Понеделник 20. ноември
2. БОЖЈОТО ПРОСТУВАЊЕ Е НАШЕ ОПРАВДУВАЊЕ
а. Што покажува дека оправдувањето и простувањето се едно и исто нешто? Римјаните 3,24.25.
„Простување и оправдување се едно исто. Преку верата, верникот поминува од позиција на бунтовник, дете на гревот и роб на сатаната во позиција на лојален поданик на Исус Христос, не затоа што има вродена добрина, туку затоа што Исус го прима како Негово дете преку усвојување. Грешникот добива простување за своите гревови затоа што овие гревови се пренесени на Неговиот Заменик и Гарант. Христос за таквиот му зборува на својот Отец: ‘Ова е мое дете. Јас го спасив од смртна пресуда, давајќи му со Мојот живот животна осигурителна полиса – вечен живот – заземајќи го неговото место и страдајќи за неговите гревови. Тој е сега Мој возљубен син’. Така човекот, помилуван и облечен со прекрасната облека на Христовата праведност, стои безгрешен пред Бога.
Грешникот може да погреши, но тој не е оставен без милост. Неговата единствена надеж, сепак се наоѓа во покајание кон Бога и вера во Господ Исус Христос. Бидејќи Христос ја презел врз себе нашата вина и нѐ ослободил, припишувајќи ни ја својата праведност, привилегија на Отецот е да ни ги прости нашите престапи и гревови. Неговата жртва целосно ги задоволува барањата на правдата.“ – Faith and Works, pp. 103, 104.
б. До какви последици кои го менуваат животот доаѓа кај оние на кои Бог им простува? Римјаните 8,28-30.
„Делото на откупувањето вклучува последици што човек одвај може да ги сфати. ‘Што око не видело, што уво не чуло, и што во човечко срце не дошло, тоа Бог го подготви за оние кои го љубат’ (1. Коринтјаните 2,9). Кога грешникот, привлечен од Христовата сила, се приближи до подигнатиот крст и во длабока понизност паѓа пред него, тој се преродува. Добива ново срце и станува ново создание во Исуса Христа. Светоста и ништо повеќе не бара. Бог ‘го правда оној кој верува во Исуса’ (Римјаните 3,26). А ‘оние што ги оправда и ги прослави’ (Римјаните 8,30). Колку и да е голем нивниот срам и нивната расипаност предизвикана со гревот, уште поголема ќе биде честа и возвишеноста преку откупот на љубовта. На човечките суштества, кои копнеат да го обноват во себе божествениот лик, им се дава право да го уживаат небесното богатство, превозвишена чест која ќе ги издигне на положба повисока дури и од положбата на ангелите кои никогаш не паднале.“ – Христовите очигледни поуки, 162.163.
Вторник 21. ноември
3. ПРИФАЌАЊЕ НА БОЖЈОТО ПРОСТУВАЊЕ
а. Што можеме да научиме за прошталната Божја љубов кон нас, во параболата за блудниот син? Лука 15,20-23.
„Во оваа парабола таткото не го прекорува и не го осудува загубениот син поради неговиот грешен живот. Синот чувствува дека минатото е простено, избришано и засекогаш заборавено. Така и Бог му вели на грешникот: ‘Како магла ги растерав твоите престапи и како облак твоите гревови’ (Исаија 44,22). ‘Ќе им ги простам беззаконијата нивни, и за гревовите нивни нема веќе да се сеќавам’ (Еремија 31,34). ‘Нечесниот нека го остави патот свој, и беззаконикот – помислите свои и нека се обрати кон Господ, нашиот Бог, – и Тој ќе го помилува, зашто е многу милостив’ (Исаија 55,7). ‘Во оние дни и во она време, вели Господ, Јас ќе побарам грев во Израел и нема да го има, и гревовите на Јуда и нема да се најдат; бидејќи ќе им простам на оние, што ќе останат живи’ (Еремија 50,20).
Каква сигурност гледаме овде за Божјата подготвеност да го прими покајниот грешник!“ – Христовите очигледни поуки, 204.205.
„Христос дошол на овој свет за да ја докаже невистинитоста на оваа (сатанска) изјава (дека нема простување од Бога), да покаже дека Бог е љубов, како што таткото ги жали своите синови, така и Господ ги жали оние кои се бојат од Него. Следете го Спасителот од јаслите до крстот, следете го Неговиот живот на несебична служба, Неговата агонија во градината и смртта на крстот; и знајте дека во Бога има огромно простување. Тој се гнаси од гревот, но со љубов која го надминува сфаќањето Тој го сака грешникот.“ – The Review and Herald, January 19, 1911.
б. Што мораме навистина да веруваме за да бидеме победници? Марко 2,5.
„И токму овде многумина се лажат: не веруваат дека Исус им простува лично, поединечно. Тие не се потпираат на Божјото слово. Предноста на сите оние кои ги исполнуваат условите е сознанието дека простувањето без ограничување се однесува на секој нивен грев. Отфрлете го сомневањето дека Божјите ветувања се однесуваат и на вас! Тие му се упатени на секој грешник кој се кае. Христос дава сила и благодат што ангелите во службата им ги пренесуваат на секоја душа која верува. Никој не е толку грешен за да не може да најде сила, чистота и праведност во Христа кој умрел за него. Тој чека да му ја соблече облеката извалкана и осквернета со грев и да го облече во бела облека на праведност; Тој го повикува да живее, а не да умре.“ – Патот кон Христа, 52.53.
Среда 22. ноември
4. ЧОВЕЧКО И БОЖЈО ПРОСТУВАЊЕ
а. Кога на грешникот му е простено, што мора и тој да направи? Која е мерката на простувањето? Лука 11,4; Матеј 6,15.
„Ништо не може да го оправда духот на непростувањето. Оној кој е немилосрден кон другите, покажува дека ни самиот тој нема дел во Божјата милост која ги проштава гревовите… Вистина е дека нему некогаш Бог му простил, но неговиот немилосрден дух покажува дека сега ја отфрла Божјата љубов која проштава. Тој сам се одвоил од Бога и се наоѓа во истата положба во која бил и пред да му се прости. Се откажал од своето покајание и неговите гревови остануваат на него како никогаш и да не се покајал.“ – Христовите очигледни поуки, 251.
„Човекот кој не е подготвен да прости, го затвара токму оној канал низ кој и самиот може од Бога да добие милост. Никогаш не треба да помислиме дека имаме право да им го ускратиме простувањето на оние кои нѐ навредиле, а не ни ја признале својата вина. Нивна должност е, без сомневање, да ги понизат своите срца во покајување и признавање, но ние мораме да имаме сожалив дух кон оние кои ни згрешиле, без оглед на тоа дали тие ќе ги признаат своите грешки или не. Колку и болно да нѐ раниле, не смееме да тагуваме и да се сожалуваме себеси поради навредите кои ни се нанесени. Ако очекуваме Бог да ни ги прости нашите гревови и ние мораме да им простиме на сите оние кои ни нанеле некое зло.“ – Мисли од гората, 113.114.
б. До кој степен треба да им простиме на оние што нѐ навредиле? Лука 17,3.4.
в. Како Исус им простил дури и на оние кои биле одговорни за Неговата смрт? Лука 23,34
„Исус стекнал право да биде застапник на луѓето пред Отецот. Христовата молитва за Неговите непријатели го опфатила целиот свет. Го опфатила секој грешник, кој живеел или кој ќе живее, од почетокот до крајот на времето. На сите почива вина што Божјиот Син бил распнат. На сите им се нуди бесплатно простување.“ – Копнежот на вековите, 745.
Четврток 23. ноември
5. ИЗОБИЛСТВО НА БОЖЈО ПРОСТУВАЊЕ
а. Што покажува дека Божјото простување исто така нѐ одвраќа од грешниот живот? 1 Јованово 1,9 (последен дел).
„Простувањето кое Бог го дава не е само судски акт кој не ослободува од казната. Не е тоа само простување на гревот, туку и ослободување од вината, враќање на подобар пат после грешниот живот. Тоа е излив на спасоносната љубов која го преобразува срцето. Давид имал јасно сфаќање за простувањето додека се молел: ‘Создај чисто срце во мене, Боже, и дух вистински обнови во мене’. (Псалм 50,10) А на друго место вели: ‘Колку е далеку исток од запад, толку ги оддалечил Он од нас нашите беззаконија’. (Псалм 103,12).“ – Мисли од гората, 114.
б. Како знаеме дека Божјата милост која простува не само што ги оправдува грешниците што се каат, туку исто така ги обновува за живот на послушност? Тит 3,3-8.
„(Павле) го повикува Тит да ја поучува црквата дека, доколку имаат доверба во Христовите заслуги за свое спасение, божествената милост која живее во нивните срца ќе ги наведе верно да ги извршуваат должностите од секојдневниот живот.“ – The Sanctified Life, p. 87.
Петок 24. ноември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Зошто простување на гревот можеме да добиеме само од Исус? Зошто било неопходно Тој да биде учесник во нашата падната човечка природа?
2. Како можеме да ги охрабриме оние кои се во заблуда и обесхрабрени?
3. На што треба да се потсетиме кога сме во искушение да веруваме дека ние не можеме да се вратиме кај Бога откако ќе згрешиме?
4. Како треба да постапуваме со оние што нѐ навредиле? Што ни се случува ако одбиеме да им простиме на другите?
5. Што ќе се случи во срцето на оние што го примаат Божјото простување?