7.Повик на покајание

Сподели го ова:

7. лекција Сабота, 18. ноември 2017.

Повик на покајание

„Бог со десницата Своја Го возвиси Него, Зачетникот и Спасителот, за да му даде покајание и простување на гревовите на Израел.“ – Дела 5,31.

„Повикот и оправдувањето не се едно исто. Повикот е привлекување на грешникот кон Христа, и тоа е дело кое го врши Светиот Дух врз срцето, осведочувајќи го за гревот и повикувајќи го на покајание.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 390.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: The Signs of the Times, February 14, 1895;
July 29, 1913.

Недела 12. ноември

1. БОЖЕСТВЕНО ЖАЛЕЊЕ ПОРАДИ ГРЕВОТ

а. Што сме повикани да направиме како Бог би ни ги простил нашите гревови? Дела 3,19. 

б. Што секогаш ќе го придружува вистинското покајание и како тоа ќе влијае на срцето и на животот? 2 Коринтјаните 7,9.10.

„Во покајанието е вклучена жалост поради гревот и одвојување од него. Ние нема да го отфрлиме гревот ако не ја увидиме неговата расипаност; сè додека нашето срце не се откаже од него, нема да има никаква вистинска промена во нашиот живот.“ – Патот кон Христа, 23.
„Често тагуваме, бидејќи нашите зли дела донесуваат непријатни последици по нас самите, но тоа не е покајание. Вистинската тага поради гревот е резултат на делувањето на Светиот Дух. Духот ја открива неблагодарноста на срцето, кое го омаловажило и растажило Спасителот и во покајание нѐ доведува до подножјето на крстот. Со секој грев Исус повторно е ранет. И кога ќе го насочиме погледот кон Оној, Кого сме го раниле, тогаш плачеме поради гревовите со кои сме Му нанеле страдање. Таквиот плач нѐ наведува да се откажеме од гревот.“ – Копнежот на вековите, 300.

Понеделник 13. ноември

2. ДАРОТ НА ПОКАЈАНИЕТО

а. Како молитвата на Давид ја илустрира природата на вистинското покајание? Псалм 51,1-4, 10-13.

„Давид ја увидел големината на својот престап; сфатил дека ја извалкал душата; се гнасел од својот грев. Не се молел само за простување, туку за очистување на срцето. Копнеел за радоста на светоста – за обновување на хармонијата и заедницата со Бога.“ – Патот кон Христа, 25.

б. Што Библијата учи за изворот на вистинското покајание? Римјаните 2,4.

„Ние не можеме да се покаеме без Христовиот Дух, кој ја буди нашата совест, како што не можеме да добиеме ниту простување без Христа.
Христос е извор на секоја добра побуда. Само Тој може да всади во срцето непријателство кон гревот. Секоја желба за вистината и за чистота, секое осведочување за нашата сопствена грешност е доказ дека Неговиот Дух делува на нашите срца.“ – Патот кон Христа, 26.

в. Како можеме да добиеме такво покајание? Матеј 11,28; Дела 5,31.

„Живата реч не учи дека грешникот мора да се покае пред да може да го послуша Божјиот повик: ‘Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ви дадам одмор.’ Луѓето мораат да дојдат кај Христа затоа што го гледаат како свој Спасител, нивен единствен помошник, за да можат да бидат оспособени да се покајат; бидејќи ако можат да се покајат без да дојдат кај Христа, тие исто така можат да се спасат без Христа. Доблеста која извира од Христа доведува до вистинско покајание… Покајанието е Христов дар исто како и простувањето, и не може да се најде во срцето на кое не делува Исус. Не можеме да се покаеме без Христовиот Дух кој ќе ја разбуди совеста повеќе отколку што можеме да бидеме помилувани без Христа. Христос го привлекува грешникот со својата љубов покажана на крстот, а тоа го омекнува срцето, влијае на умот и доведува до покајание во душата“ – Тhe Review and Herald, April 1, 1890.

Вторник 14. ноември

3. УСЛОВИ ПОД КОИ ДОБИВАМЕ ПРОСТУВАЊЕ

а. Кои се условите за добивање на простување утврдени во Божјото Слово? Изреки 28,13; Јаков 5,16.

„Условите за добивање на Божјата милост се едноставни, праведни и разумни. Господ не бара од нас да се изложуваме на маки за да добиеме простување на гревот. Не мораме да одиме на долги и исцрпни поклоненија, или пак да вршиме мачни покори за да му ја препорачаме нашата душа на небесниот Бог или пак да ги покаеме своите престапи, туку оној кој признава и го остава својот грев добива милост.“ – Патот кон Христа, 37.

б. Кога сме го навредиле нашиот брат или сестра, кого ние исто така сме навредиле? Што треба да нѐ научи на нашата должност кон нашиот брат или сестра? Матеј 25,40; 1 Петрово 4,8.

„Признајте му ги своите гревови на Бога, кој единствено може да ви прости, а своите грешки еден на друг. Ако сте го навредиле својот пријател или сосед, треба да ја признаете својата вина, а негова должност е од срце да ви прости. Потоа треба да побарате простување и од Бога, бидејќи братот што сте го повредиле е Божја своина, па ранувајќи го него сте му згрешиле и на неговиот Создател и Откупител.“ – Патот кон Христа, 37.

в. На кого треба да ги исповедаме своите гревови? Како треба да се исповеда гревот? Псалм 32,5; Матеј 5,23.24.

„Вистинското признание е секогаш со специфичен карактер и се однесува на одредени гревови. Тие се понекогаш од таков карактер што можат да се признаат само на Бога; или пак тоа се зли дела кои мораат да им се признаат и на оние кои поради нив претрпеле штета; или тоа можат да бидат јавни гревови кои треба јавно да се признаат. Сите признанија мораат да бидат јасни и целосни, мораме да ги признаеме токму оние гревови за кои сме виновни.“ – Патот кон Христа, 38.
„Гревовите од приватен карактер треба да се исповедаат на Христос, единствениот посредник помеѓу Бога и човекот. Бидејќи ‘ако некој згреши, кај Отецот имаме Застапник, Исус Христос, Праведникот’ (1 Јованово 2,1). Секој грев е престап против Бога и треба да се признае преку Христа. Секој јавен грев треба јавно и да се признае.“ – Gospel Workers, p. 216.

Среда 15. ноември

4. ОПАСНОСТ ОД САМООПРАВДУВАЊЕ

а. Кога Господ ги прашал Адам и Ева за нивниот грев, како нивниот одговор подразбирал дека тоа всушност не е нивна вина? Битие 3,12.13.

„Бидејќи јаделе од забранетиот плод, Адам и Ева ги исполнило чувство на срам и ужас. Најпрвин размислувале за тоа како да го оправдаат својот грев и да ја избегнат смртната казна од која се ужасувале. Кога Господ ги распрашал за нивниот грев, Адам одговорил, префрлувајќи ја вината делумно на Бога, а делумно на својата придружничка: ‘Жената која ми ја даде Ти, таа ми даде од дрвото, и јас јадев.’ Жената ја префрлила вината на змијата велејќи: ‘Змијата ме измами, и јас јадев’ (Битие 3,12.13). Зошто си ја создал змијата? Зошто си дозволил да влезе во Едем? Овие прашања биле вклучени во нејзиниот изговор поради направениот грев прогласувајќи го Бога одговорен за нивниот пад.“ – Патот кон Христа, 40.

б. Кое е вообичаеното искушение за некој кој е фатен во престап, и зошто тој став го прави таквото признавање неефикасно? Јов 9,20; Лука 16,15.

„Духот на самооправдување потекнува од таткото на лагата и се има покажано во сите синови и ќерки Адамови. Ваквите признанија не се вдахновени со божествениот Дух и Бог не може да ги прифати. Вистинското покајание го наведува човекот сам да ја понесе својата вина и да ја признае без измама или лицемерие.“ – Патот кон Христа, 40.

в. Колку конкретно Павле го признал својот грев? Каков понизен став тој имал после неговото обратување? Дела 26,10.11.

„Примерите на вистинско покајание и понизност, запишани во Божјото слово, ни откриваат подготвеност за признавање без изговор за гревот или обид за самооправдување. Павле не се обидел да се оправда; тој го слика својот грев во најтемни бои, не обидувајќи се да ја намали својата вина. Тој вели: ‘Многумина од светите ги затворав во темница, примајќи власт од главатарите свештенички; и кога ги убиваа давав глас за тоа. И по сите синагоги мачејќи ги често, ги принудував на хулење; и прекумерно разјарен против нив ги гонев дури и до туѓите градови’ (Дела 26,10.11). Не се ни двоумел да изјави дека ‘Христос Исус дојде на светот да ги спаси грешниците, од кои јас сум прв’ (1.Тимотеј 1,15).“ – Патот кон Христа, 41.

Четврток 16. ноември

5. СÈ ИЛИ НИШТО

а. Што Бог бара да Му дадеме, и што вклучува тоа? Изреки 23,26; Лука 14,33.

„Бог бара целосно предавање на срцето, пред да може да дојде до оправдување.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 366.
„Давајќи му се себеси на Бога, ние безусловно мораме да го отфрлиме сето она што би можело да нè одвои од Него. Затоа Спасителот вели: ‘Така, секој од вас кој нема да се откаже од сѐ што има, не може да биде Мој ученик.’ (Лука 14,33). Мораме да се откажеме од сето она што би можело нашето срце да го одврати од Бога. Мамонот е идол на мнозина. Љубовта кон парите, желбата за богатство, е златен синџир што ги врзува за сатаната. Други обожаваат углед и световна чест. Животот исполнет со себично безделничење и неоптоварен со одговорности е идол на трети. Но овие ропски окови мораат да се раскинат. Не можеме половично да му припаѓаме на Господа, а половично на светот. Ние не сме Божји деца ако не сме тоа во целост.“ – Патот кон Христа, 44.

б. Зошто била слушната молитвата на цариникот за милост? Лука 18,13.14.

„Молитвата на цариникот била примена затоа што тој признавал дека зависи од Бога и што се трудел свој потпирач да најде кај Семожниот. Сам во своите очи не заслужувал ништо друго освен срам. Така мора да се гледаат себеси сите што го бараат Бога. Само со вера, вера која отфрла секакво потпирање врз себе молителот во неволја може да се поврзе со изворот на бесконечната сила.
Никакви формални обреди не можат да ја заменат едноставната вера и целосното отфрлање на својата стара необратена природа, своето старо јас. Меѓутоа, никој не е во состојба целосно да се ослободи од својата стара природа. Ние единствено можеме да се потпреме врз Христа Тој да ја изврши таа промена во нас.“ – Христовите очигледни поуки, 159.

Петок 17. ноември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кои две работи се вклучени во вистинското покајание?
2. Зошто покајанието е дар кој го добиваме, а не нешто што ние треба да го направиме?
3. Што мораме да направиме за да добиеме простување на нашите гревови?
4. Што покажува дека човекот кој навистина се кае нема да бара изговор за гревот?
5. Од што мораме да бидеме подготвени да се откажеме за да добиеме оправдување?

Сподели го ова:

Слични објави