5.Оправдување со вера
5. лекција Сабота, 4. ноември 2017.
Оправдување со вера
„И така, оправдани преку верата, имаме мир со Бога, преку нашиот Господ, Исус Христос.“ – Римјаните 5,1.
„Светлината која ми е дадена од Бога ја става оваа важна тема над секое друго прашање во мојот ум. Оправдувањето во потполност е дело на благодатта и не е производ на какви било дела што паднатиот човек може да ги направи.“ – Faith and Works, p. 20.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Selected Messages, bk. 1, pp. 389–398.
Недела 29. октомври
1. УСЛОВИ ЗА ОПРАВДУВАЊЕ
а. Под кој услов грешникот единствено може да биде оправдан? Дела 16,31; Галатјаните 3,11.
„Кога Бог го помилува грешникот, му ја простува казната што ја заслужува, и го третира како да не згрешил. Тој го прима во божествена милост и го оправдува преку заслугите на Христовата праведност. Грешникот може да се оправда само преку вера во откупот даден преку Божјиот љубен Син, кој станал жртва за гревовите на светот врз кој почивала вина. Никој не може да се оправда со сопствени дела. Човекот може да се ослободи од вината за гревот, од осудата на законот и казната за престапот само преку страдањето, смртта и воскресението Христово.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 389.
б. Верата е услов под кој Бог му простува и го оправдува грешникот. Како таа делува? Матеј 15,22-28; Марко 9,20-24.
„Бог сметал дека е соодветно да ја одреди верата како услов за помилување на грешниците – не затоа што во верата постои некаква доблест со која би заслужиле спасение, туку затоа што со верата можеме да се фатиме за Христовите заслуги кои се дадени како лек против гревот. Верата може да ја истакне Христовата совршена послушност наместо престапот и предавството на грешникот.“ Selected Messages, bk. 1, p. 366.367.
Понеделник 30. октомври
2. ПРИМЕР ЗА ОПРАВДУВАЊЕ – АВРАМ
а. Како била припишана правдата на Аврам? Какви заслуги имаат делата во здобивање на праведноста? Битие 15,1.5.6.
„Нека на сите им биде јасно и разбирливо дека со своите заслуги созданието не е во можност да оствари ништо во својата положба пред Бога или во Божјиот дар за нас. Доколку верата и делата можат на било кој да му го обезбедат дарот на спасението, тогаш Создателот е обврзан кон созданието. Овде лежи можност лагата да се прикаже како вистина. Ако некој човек може да го заслужи спасението со нешто што ќе направи, тогаш тој се наоѓа во истата положба како и католикот кој чини покора за своите гревови. Тоа значи дека спасението делумно е долг и може да се заработи како плата. Ако човекот не може со никакви свои добри дела да го заслужи спасението, тогаш тоа мора да биде целосно од благодатта, и човекот го прифаќа како грешник, бидејќи го прифаќа Исуса и верува во Него. Тоа е во целост бесплатен дар. Оправдувањето со вера е надвор од секоја расправа. Сите расправии се завршуваат штом ќе стане јасно дека заслугите на паднатиот човек во неговите добри дела никогаш не можат да му обезбедат вечен живот. Светлината која ми е дадена од Бога ја става оваа важна тема над секое друго прашање во мојот ум. Оправдувањето е целосно од благодатта и не е производ на ниедно дело што паднатиот човек може да го направи.“ – Faith and Works, pp. 19, 20.
б. Врз основа на искуството на Аврам, како се припишува правдата на грешникот? Римјаните 4,1-8.
„Правдата е послушност на законот. Законот бара правда; и тоа грешникот му го должи на законот; но тој е неспособен да ја изврши. Единствениот начин со кој може да се постигне праведноста е преку верата. Со вера тој може да ги изнесе пред Бога Христовите заслуги, а Господ послушноста на својот Син ја припишува на сметка на грешникот. Христовата правда се прифаќа наместо неуспехот на човекот и Бог ја прима и простува и ја оправдува верната душа која се кае, се однесува кон неа како да е праведна и ја љуби како што Го љуби својот Син. На овој начин преку верата се припишува правдата, и помилуваната душа напредува од милост во милост, од светлина во поголема светлина. Таа може со радост да каже: ‘Тој нè спаси, но не според извршените од нас праведни дела, туку по Својата милост, преку бањата на преродување – и обновувањето од Светиот Дух, Кого изобилно Го излеа на нас преку Исус Христос, нашиот Спасител, та оправдани со Неговата благодат да станеме по надеж наследници на вечниот живот’ (Тит 3,5-7).“ – Selected Messages, bk. 1, p. 367.
Вторник 31. октомври
3. ЖЕНАТА СО ПРОБЛЕМОТ НА ТЕЧЕЊЕ НА КРВТА
а. Што се случило на патот кога Господ се упатил кон домот на Јаир? Марко 5,22-27.
„Додека Исус поминувал, таа ја испружила раката и одвај се допрела до работ на Неговата облека. Во тој момент знаела дека е излекувана. Во тој единствен допир била сосредоточена верата на нејзиниот живот и во истиот момент болката и слабоста и отстапиле место на силата и совршеното здравје…
Спасителот го разликувал допирот на верата од случајниот допир на невнимателното мноштво. Ваквата доверба не смее да остане незабележана. Тој сакал на оваа понизна жена да и упати зборови на утеха, кои за неа ќе бидат извор на радост, зборови што ќе бидат благослов за Неговите следбеници до крајот на времето…
Тој не дал можност за суеверие дека самиот допир од Неговата облека донесува исцелување. Исцелувањето не доаѓа преку надворешниот допир со Него, туку преку верата, која цврсто се држи за Неговата божествена сила.“ – Копнежот на вековите, 343-347.
б. Што ја правело разликата меѓу случајните допири на мноштвото луѓе и допирот на болната жена на Неговата облека? Марко 5,28-34.
„Љубопитната толпа која се притискала околу Исуса осознала дека не прима животна сила од допирот со Него. Но, кога бедната, и напатена жена, која веќе дванаесет години била болна, во својата голема потреба ја пружила раката и го допрела крајот на Неговата облека, таа ја почувствувала исцелителната сила. Нејзиниот допир бил допир на вера, а Христос го препознал тој допир. Знаел дека сила излегла од Него… Верата која нѐ доведува во жив допир со Христа од наша страна мора да вклучува врвна желба, совршена доверба и целосна посветеност. Оваа вера работи со љубов и ја прочистува душата. Таа во животот на Христовиот следбеник доведува до вистинска послушност кон Божјите заповеди; љубовта кон Бога и љубовта кон човекот ќе биде резултатот на живата врска со Христа.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 334.
Среда 1. ноември
4. ИСЦЕЛУВАЊЕ НА ХРОНИЧНИОТ ПАРАЛИТИК
а. Како парализираниот реагирал на заповедта на Господ? Што можеме да научиме од неговиот пример? Јован 5,1-9.
„Од едноставните библиски извештаи за тоа како Исус ги лечел болните, можеме да научиме нешто и за тоа како треба да веруваме во Него за да можеме да добиеме простување на гревовите. Да го разгледаме извештајот за парализираниот во Витезда. Сиротиот страдалник бил сосема беспомошен; не се служел со нозете околу триесет и осум години. Сепак Исус му наредил: ‘Стани земи ја својата постела и оди’ (Јован 5,8). Болниот можел да каже: ‘Господе, ако ме излечиш, ќе го послушам Твојот збор.’ Но, не, тој им верувал на Христовите зборови, верувал дека веќе е излечен и веднаш се обидел да оди; сакал да оди и одел. Го сторил тоа според зборовите на Христа, и Бог му дал сила. Бил излечен.“ – Патот кон Христа, 50.
б. Кој пример на човек на кого му е повратено здравјето треба да го следиме? Марко 11,24.
„И вие како грешници сте во слична положба. Вие не можете да се покаете за гревовите од минатото, не можете да го промените своето срце, не можете себеси да се направите свети. Но Бог ветува дека сето тоа ќе го стори за вас преку Христа. Вие морате да верувате во тоа ветување. Морате да ги признаете своите гревови и да му се предадете на Бога. Мора да сакате да Му служите. И штом го направите тоа, Бог ќе го исполни зборот што ви го дал. Ако верувате во ветувањето – верувате дека гревовите ви се простени и дека сте чисти – Бог така прави; вие сте излечени, исто како што Исус му дал сила на парализираниот да оди кога тој поверувал дека е излечен. Така е штом верувате во тоа.
Не чекајте да почувствувате дека сте излечени, туку речете: ‘Верувам, тоа е така, не затоа што јас тоа го чувствувам, туку затоа што Бог така ветил’…
Со ова ветување е поврзан и услов – да се молиме во согласност со Божјата волја. Меѓутоа, токму Божја волја е да нè исчисти од гревот, да нѐ направи Свои деца, и да нè оспособи да живееме свет живот. Така ние можеме да се молиме за тие благослови, да веруваме дека ги примаме и да му заблагодариме на Бога што сме ги примиле. Наша привилегија е што одиме кај Исус да се исчистиме и да стоиме пред Законот без срам или грижа на совеста. ‘Сега нема никаква осуда над оние кои се во Исуса Христа и кои не живеат според телото туку според Духот’ (Римјаните 8,1).“ – Патот кон Христа, 51.
Четврток 2. ноември
5. ПОКАЖУВАЊЕ НА ВЕРА
а. За да добиеме вера, каде треба да бараме? За каква цел е дадена? Евреите 12,2; Јован 6,29.
„Иако грешникот не може да се спаси со своја сила, тој сепак мора нешто да преземе за да си обезбеди спасение. Христос вели: ‘Оној што доаѓа при Мене нема да го истерам надвор’ (Јован 6,37). Значи, ние мораме да дојдеме кај Него; и ако се каеме за нашите гревови, мораме да веруваме дека Тој ќе нѐ прими и ќе ни прости. Верата е дар од Бога, но од нас зависи дали ќе ја оживотвориме. Верата е рака со која душата ја прифаќа милоста – понудениот Божји дар.“ – Патријарси и пророци, 431.
б. Како Павле ја објаснува верата? Какво дополнително објаснување е дадено преку Духот на пророштвото? Евреите 11,1-3.
„Верата не е темел на нашето спасение, но таа е голем благослов – око со кое гледаме, уво со кое слушаме, нога со која одиме, рака со која се држиме. Таа е средство, а не цел. Кога Христос го дал својот живот за спас на грешниците, зошто да не се користам со тој благослов? Јас со вера се фаќам за тоа, и таа вера е суштина на она на кое се надевам, доказ за она што е невидливо. Потпирајќи се на тоа и верувајќи, имаме мир со Бога преку нашиот Господ Исус Христос.“ – Тhe SDA Bible Commentary, vol. 6, p. 1073.
Петок 3. ноември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Што е потребно за да се оправдаме?
2. Како можеме да покажеме дека оправдувањето не се добива со дела?
3. Која поука можеме да ја научиме од искуството на жената во толпата од луѓе која се собирала околу Исуса?
4. Што му овозможило на болниот да го прими благословот, а исто така ќе ни овозможи и на нас да добиеме благослов?
5. Како можеме да добиеме и да имаме корист од верата?