4.Исус Христос – нашата единствена надеж

Сподели го ова:

4. лекција Сабота, 28. октомври 2017.

Исус Христос – нашата единствена надеж

„Зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме.“ – Дела 4,12.

„Само Христос е возвишен ‘за Управител и Спасител … за да му даде покајание на Израел и проштавање на гревовите’ (Дела 5,31). ‘Нема спасение во никој друг, ниту има друго име под небото дадено на луѓето преку кое можеме да бидеме спасени’ (Дела 4,12).“ – Христовите очигледни поуки, 264.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Selected Messages, bk. 1, pp. 226–228.

Недела 22. октомври

1. БОЖЕСТВЕН ЗАМЕНИК

а. Што се случило истиот ден кога Адам и Ева згрешиле? Битие 3,21.

„За Адам принесувањето на првата жртва било исклучително болна и мачна церемонија. Морал да ја подигне својата рака за да одземе живот кој само Бог можел да го подари. Тогаш првпат видел смрт, а знаел дека ниту човекот ниту животното не би морале да умрат кога тој би му останал послушен на Бога. Кога го заклал невиното животно на жртва, затреперил при помислата дека поради неговиот грев мора да се пролее крвта на пречистото и невино Божјо Јагне. Таа сцена му помогнала подлабоко и поживо да ја сфати големината на својот престап што можел да биде отстранет само со страдањето и со смртта на саканиот Божји Син. И тој се восхитувал на неизмерната добрина што можела да даде таков откуп за спасение на грешникот. Ѕвездата на надеж ја осветлила темната и страшна иднина и го спасила од целосен очај.“ – Патријарси и пророци, 68.

б. Како пророкот Исаија ја опишува оваа замена? Исаија 53,4.5.

„Кон Христа се постапувало онака, како што ние заслужуваме да се постапува кон нас, за со нас да се постапува онака, како што заслужува Тој. Тој бил осуден заради нашите гревови во кои немал никаков удел, за ние да се оправдаме со Неговата праведност, во која не сме имале никаков удел. Се согласил на смрт, која ни припаѓала нам, за ние да примиме живот што бил Негов.“ – Копнежот на вековите, 25.

Понеделник 23. октомври

2. УСЛОВ ЗА ВЕЧЕН ЖИВОТ

а. Кој е условот за вечен живот? Матеј 19,16.17.

„Условот за вечен живот и сега е ист каков што бил секогаш – онаков каков што бил во рајот пред падот на нашите први родители – совршена послушност на Божјиот закон, совршена праведност. Кога вечниот живот би можел да се добие под било кој друг услов освен овој, би била доведена во опасност среќата на целата вселена. Би се создала можност гревот со сета своја несреќа и беда да стане бесмртен.“ – Патот кон Христа, 62.
„Христос не ги намалил барањата на законот. Со неверојатно јасни зборови Тој послушноста ја претставил како услов за вечен живот – тоа е истиот услов кој му е поставен на Адам пред да падне во грев. Господ денес не очекува од човекот ништо помалку отколку што очекувал од луѓето во Едем, – совршена послушност, неизвалкана праведност. Божјите барања во заветот на милоста се сеопфатни и наполно идентични со оние што му биле поставени на човекот во Едем – апсолутна хармонија со Божјиот закон кој е свет, праведен и добар.“ – Христовите очигледни поуки, 391.
„Како во Библијата што се прикажуваат два закона, од кои едниот е непроменлив и вечен, а другиот привремен и поминлив, така има и два завета. Заветот на милоста првпат е склучен со човекот во Едем, по сторениот грев, кога е дадено божествено ветување дека семето на жената ќе и стапне на змијата на главата. Тој сојуз на сите луѓе им нудел проштавање и поддршка од Божјата милост со цел во иднина, со вера во Христа да можат да бидат послушни. Ветен им е вечен живот под услов да му останат верни на Божјиот закон. На тоа патријарсите ја засновале својата надеж во поглед на спасението.“ – Патријарси и пророци, 370.

б. Можат ли човечките суштества со своја сила да покажат совршена послушност? Исаија 64,6.

„Пред падот, Адам можел со послушност на Божјиот закон да оформи праведен карактер. Но тој тоа не го сторил, па поради неговиот грев и нашата природа станала грешна, и ние не сме во состојба себеси да се направиме праведни. Затоа што сме грешни, несвети, ние не можеме да му бидеме совршено послушни на светиот Закон. Ние немаме некоја своја предност со која би можеле да ги задоволиме барањата на Божјиот закон. Меѓутоа Христос ни овозможи решавање на проблемот. Тој живеел на Земјата соочен со истите неволји и искушенија со кои и ние се соочуваме. Живеел навистина безгрешен живот. Умре за нас и сега се нуди да ги земе нашите гревови а нам да ни ја даде својата праведност.“ – Патот кон Христа, 62.

Вторник 24. октомври

3. СОВРШЕНА ПОСЛУШНОСТ ПРЕКУ ХРИСТОС

а. Каква сигурност имаме преку Христовите заслуги? Јован 15,5; Филипјаните 4,13.

„Искупителот на светот, единородниот Син Божји, со својата совршена послушност кон законот, со својот живот и карактер, го откупил она кое било изгубено со падот во грев, и му овозможил на човекот да му биде послушен на тој свет закон на праведноста кој Адам го престапил. Христос не го заменил своето божество со човечка природа, туку го обединил божественото и човечкото; и во човечка природа Тој со својот живот го одржал законот во име на човекот. Гревовите на сите што го примиле Христа биле префрлени на Него, и Тој целосно ја задоволил Божјата правда.“ – Special Testimonies on Education, p. 21.
„Бидејќи паднатиот човек не можел со своја сила да го надвладее сатаната, Христос се спуштил од небесните царски дворови за да му помогне со својата обединета божествена и човечка сила. Христос знаел дека Адам во Едем, со неговите супериорни предности можел да ги издржи искушенијата на сатаната и да го победи. Тој исто така знаел дека човекот избркан од Едем, одделен од Божјата светлина и љубов од времето на неговиот пад, не може со сопствена сила да се спротивстави на искушенијата на сатаната. Со цел да му даде надеж на човекот и да го спаси од целосна пропаст, Тој се понижил и ја зел на себе човечката природа за да, со Неговата небеска сила обединета со човечката, би можел да допре до човекот во состојбата во која се наоѓал. Тој на паднатите синови и ќерки на Адам им дава сила која тие самите никако не би биле во состојба да ја стекнат, како би можеле во Негово име да ги надвладеат искушенијата на сатаната.“ – The Review and Herald, August 18, 1874.

б. Што Даниел пророкувал во поглед на Христовата праведност? Даниел 9,24.

„Во Даниеловото пророштво за Христа е запишано како Тој ќе направи да бидат ‘избришани беззаконијата, за да биде доведена вечната правда’ (Даниел 9,24). Секоја душа може да рече: ‘Со Неговата совршена послушност Тој ги задоволи барањата на законот и мојата единствена надеж се наоѓа во тоа да гледам на Него како моја замена и гаранција, Кој во мое име совршено беше послушен на законот. Со вера во Неговите заслуги јас сум ослободен од осудата на законот. Тој ме облекува со Неговата праведност која одговори на сите барања на законот. Јас сум целосен во Оној Кој донесува вечна праведност’.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 396.

Среда 25. октомври

4. ЈАГНЕ БЕЗ МАНИ

а. Со кој симбол Јован Крстител го претставил Христа на народот? Јован 1,29.

„Јован бил длабоко возбуден, кога го видел Исуса како понизен молител, Кој со солзи во очите барал потврда од Таткото. Кога Божјата слава го опкружила Христа и кога се слушнал Глас од небото, Јован го препознал знакот што му го ветил Бог. Тогаш тој знаел дека го крстил Спасителот на светот. Светиот Дух почивал на Него и со подадена рака, покажувајќи кон Исуса, Јован рекол: ‘Еве го Божјото Јагне, Кое ги зема на Себе гревовите на светот’.“ – Копнежот на вековите, 112.

б. Што рекол апостол Петар за Исус Христос? 1 Петрово 1,18.19.

„’Зашто во Него живее сета полнота на Божеството’ (Колосјаните 2,9). Луѓето треба да разберат дека во агонијата на Голгота страдало и патело Божеството во лицето на Исуса Христа. Сепак Исус Христос, кого Бог го дал за откуп на светот, ја откупил црквата со својата сопствена крв. Небесното Височество страдало од верските фанатици, кои тврделе дека се најпросветлен народ на лицето на земјата.“ – The SDA Bible Commentary, vol. 7, p. 907.
„Додека грешникот гледа на Спасителот кој умира на Голгота и ја сфаќа божествената природа на Тој страдалец, се прашува зошто е направена оваа голема жртва, а крстот упатува на светиот Божји закон кој е прекршен. Христовата смрт е неотповиклив аргумент во корист на непроменливоста и праведноста на законот. Пророкувајќи за Христа, Исаија вели: ‘На Господа Му се свиде заради Неговата праведност да го возвеличи и прослави Законот’ (Исаија 42,21). Законот нема сила да му прости на злосторникот. Негова цел е да укаже на недостатоците на човекот, да ја увиди својата потреба за Оној кој ќе стане негов заменик, негова гаранција и негова праведност. Исус ја задоволува потребата на грешниот; бидејќи Тој на себе ги презел гревовите на престапникот. ‘А Тој беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија; казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме’ (Исаија 53,5). Господ можел да го порази грешникот и целосно да го уништи, но избрал план кој барал многу поголема жртва. Во својата голема љубов Тој им нуди надеж на безнадежните, давајќи го својот единороден Син да ги понесе гревовите на светот.“ – The Bible Echo, March 15, 1893.

Четврток 26. октомври

5. БОЖЕСТВЕН ПРЕДИЗВИК

а. Кое неодговорено прашање Исус Христос им го упатил на своите непријатели? Јован 8,46.

„Во својот живот на земјата, Христос развил совршен карактер, покажувајќи совршена послушност кон заповедите на својот Отец. Иако дошол на свет во човечки облик, станал подложен на законот, откривајќи им на луѓето дека ги носи нивните болести, нивните таги и нивната вина, сепак Тој не станал грешник. Пред фарисеите можел да каже: ‘Кој од Вас може да Ме обвини за грев?’ (Јован 8,46). Ниедна дамка на грев не се нашла на Него. Тој стоел пред светот како беспрекорно Јагне Божјо.“ – The Youth’s Instructor, December 29, 1898.

б. Како можеме да бидеме спасени? Јован 3,16-18.

„Како тогаш ќе се спасиме? ‘Како Мојсеј што подигна змија во пустината,’ така е подигнат Синот Човечки за секој што е измамен или каснат од змијата да може да погледне и да живее. ‘Еве го Божјото Јагне, Кое ги зема на Себе гревовите на светот.’ (Јован 1:29) Светлината што свети од крстот ја открива Божјата љубов. Неговата љубов нѐ привлекува кон Него. Ако не се спротивставуваме на оваа привлечна сила, ќе бидеме доведени пред крстот и ќе се покаеме за гревовите, кои го распнале Спасителот. Тогаш Божјиот Дух преку вера буди нов живот во душата. Мислите и желбите се доведуваат во потчинетост на Христовата волја. Срцето и умот се обновуваат според ликот на Оној што дејствува во нас, да си покори сѐ на Себеси. Тогаш Божјиот закон е запишан во мислите и срцето, па можеме да кажеме со Христа: ‘Наоѓам задоволство да ја творам Твојата волја, О Боже мој.’ (Псалм 40:8).“ – Копнежот на вековите, 175.176.

Петок 27. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Објасни ги стиховите од Исаија 53,4.5.
2. Како Библијата ја објаснува човечката правда?
3. Како можеме да ја прикажеме совршената послушност кон Божјиот закон?
4. Што докажува Христовата смрт на Голгота?
5. Кој предизвик го упатил Христос на Неговите непријатели?

Сподели го ова:

Слични објави