3.Божјиот план за наше спасение

Сподели го ова:

3. лекција Сабота, 21. октомври 2017.

Божјиот план за наше спасение

„И речиси сè според Законот со крв се очистуваше, и без пролевање крв нема проштевање“ – Евреите 9,22.

„Преку Христа обезбедена е обнова и помирување за човекот. Јазот кој го направил гревот бил премостен преку крстот на Голгота.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 363.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 63-79.

Недела 15. октомври

1. ПЛАНОТ НА СПАСЕНИЕТО ОТКРИЕН

а. Какво ветување за откуп им дал Бог на Адам и Ева? Битие 3,15; Галатјаните 3,16.

„Небесните ангели… ги уверувале Адама и Ева дека, и покрај нивниот голем грев, нема да бидат наполно препуштени во власта на сатаната. Божјиот Син се понудил со својата смрт да ги откупи од казната што ја заслужиле со својот прекршок. Ќе им биде дадено извесно време на искушение и проверка, па со покајание и со вера во Христа ќе можат повторно да станат Божји деца.“ – Патријарси и пророци, 66.

б. Која преобразувачка благодат е вклучена во ветувањето за откуп, и зошто е тоа потребно? Галатјаните 3,14; Јован 3,5.

„Токму милоста што ја всадува Христос во човековата душа буди кај него непријателство кон сатаната. Без оваа милост што го преродува и го обновува човекот, тој би продолжил да биде роб на сатаната – слуга кој секогаш е готов да ги извршува неговите заповеди. Но новото начело во душата создава борба таму каде што до сега владеел мир. Силата што ја дава Христос го оспособува човекот да му се спротивстави на насилникот и узурпаторот. Оној што покажува дека го презира гревот наместо да го сака, оној што се опира и ги победува страстите што настојуваат да завладеат со него, покажува дека во него дејствува начелото што доаѓа озгора.“ – Големата борба, 506.

Понеделник 16. октомври

2. ОДОБРЕН САМО ЕДЕН ПЛАН

а. Кој е суштинскиот елемент во планот на спасението, и што тој означува? Евреите 9,22; Левитска 17,11.

„Христос бил Јагнето, заклано од постанокот на светот. За многумина е мистерија зошто во стариот завет се барало толку многу жртвени приноси, зошто толку многу крвави жртви биле положени на олтарот. Но, големата вистина, која требаше да се чува пред луѓето, и втисната во умот и срцето, беше ова: ‘Без пролевање крв нема проштевање’ (Евреите 9,22). Секоја крвава жртва го прикажувала ‘Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе’ (Јован 1,29).“ – Our High Calling, p. 47.

б. Што покажува дека Каин не го прифатил со целото срце божествениот план? Битие 4,3-5.

„(Каин и Авел) знаеле дека со принесувањето на жртвите всушност ја изразуваат верата во Спасителот кој е сликовито прикажан со тие жртви, и дека за проштавање на гревот во целост зависат од Него; а знаеле исто така дека со прифаќањето на тој божествен план предвиден за нивен откуп даваат доказ за своето покорување на Божјата волја. Без пролевање на крв немало проштавање на гревот; и тие со жртвувањето на првите младенчиња од своите стада требало да ја покажат својата вера во Христовата крв како Ветена жртва на страдање и помирување. Освен тоа, требало да му ги принесуваат на Господа и првите земни плодови како жртва на благодарност.“ – Патријарси и пророци, 71.

в. Што Бог му кажал на Каин за божествениот план, и што Каин со својот одговор открил за себе? Битие 4,6-8.

„(Каин) мислел дека неговите планови се подобри, и дека Господ ќе се сложи со неговите заклучоци. Каин со својот принос не ја признавал неговата зависност од Христа. Мислел дека Бог грубо постапил кон неговиот татко Адам кога го протерал од Едем. Самата помисла дека преку жртви треба постојано пред очите да му лебди гревот и дека принесувајќи ја крвта на убиеното јагне треба да ја признае својата зависност од сила која е надвор од него, била мачење за горделивиот дух на Каин.“ – Testimonies to Ministers, pp. 77, 78.

Вторник 17. октомври

3. САМОПРАВЕДНОСТА ГО ОСУЕТУВА БОЖЈИОТ ПЛАН

а. Која парабола на Исус ја илустрира заблудата на доверба во себе заради оправдување? Лука 18,9-14.

„Фарисејот отишол во храмот да се моли на Бога не затоа што чувствувал дека е грешник и дека му е неопходно проштавање, туку затоа што сметал дека е праведник, очекувајќи за тоа да биде пофален. Присуствувањето на богослужението го сметал како чин на заслуга кој ќе го препорача на Бога.“ – Христовите очигледни поуки, 150.

б. Како овој став ја осуетува Божјата благодат и зошто? Галатјаните 2,21.

„Фарисејот и цариникот претставуваат две големи групи луѓе кои доаѓаат да се покажат пред Бога. Двете први деца, родени на земјата, биле двајца први претставници на двете групи. Каин себеси се сметал за праведник и дошол пред Бога носејќи само благодарен принос. Не признал никакви гревови, не почувствувал никаква потреба од милост. Меѓутоа, Авел дошол со крв која укажувала на Божјото Јагне. Дошол како грешник, признавајќи дека е изгубен. Негова единствена надеж била незаслужената Божја љубов… Свеста дека ни е потребен Бог, дека треба да го признаеме нашето сиромаштво и гревот, претставуваат прв услов да бидеме прифатени пред Бога.“ – Христовите очигледни поуки, 152.

в. На кој начин овој општ став се прикажува во речиси секоја лажна религија? Римјаните 10,2.3.

„Најголем дел од светот и припаѓа на онаа група поклоници кои го следат Каиновиот пример, зашто речиси сите лажни религии се засноваат на истиот принцип дека човекот може да си обезбеди спасение со лични напори. Мнозина тврдат дека на човечкиот род не му е потребно спасение, туку развој и дека сам може да се облагороди, да се издигне и да се прероди. Како Каин што мислел дека може да си обезбеди божествено одобрение со својот принос што претставувал бескрвна жртва, така и овие се надеваат дека ќе го издигнат човештвото до Божјиот идеал без жртва на страдање и помирување. Случајот на Каина покажува какви се последиците на таквото сфаќање, што човекот неминовно станува ако се одвои од Христа. Во човекот нема сила со која би можел самиот да се обнови и прероди, зашто човештвото не се стреми кон горе, кон она што е божествено, туку кон долу, кон она што е сатанско.“ – Патријарси и пророци, 73.

Среда 18. октомври

4. БОЖЕСТВЕНОТО ПОТЕКЛО НА ПЛАНОТ

а. Што покажува дека планот на спасението потекнува од Бога, а не од човекот? 1 Јованово 4,19.

б. Со кои едноставни зборови апостол Павле го опишува дарот на спасението? Ефесјаните 2,8.

„Господ ја видел нашата падната состојба; Тој ја видел нашата потреба од благодат, и бидејќи ги љубел нашите души, ни дал милост и мир. Милост значи наклонетост кон оној кој е недостоен, кон оној кој е изгубен. Фактот дека сме грешници, наместо да нѐ оттргне од милоста и љубовта кон Бога, ја прави Неговата љубов кон нас нужна потреба за да бидеме спасени.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 347.

в. Што нѐ учат облеките од кожи кои Бог ги обезбедил за нашите први родители во поглед на ветувањето за откуп? Битие 3,21; Исаија 61,10.

„Бог сака да ги прима во прегратките на својата љубов грешните, покајани човечки битија; да ги превие нивните рани, да ги очисти од нивните гревови, и да ги облече во облеката на спасението .“ – Пророци и цареви, 668.
„Никаква облека од смоквини лисја, никаква световна облека нема да носат оние што ќе седат со Христа и со ангелите на свадбената вечера на Јагнето. Само покривката што ни ја обезбедил Христос може да нѐ стори прикладни да се појавиме во Божјо присуство. Со таа покривка, облеката на својата праведност, Христос сака да ја покрие секоја покајничка, верна душа.“ – Христовите очигледни поуки, 311.
„Обесхрабрена душо, охрабри се, иако си живеела во грев! Немој да мислиш дека Бог можеби нема да ти ги прости престапите и да се сомневаш дека нема да ти дозволи да се најдеш во Негово присуство! Бог го презел првиот чекор. Додека сѐ уште си се наоѓала во состојба на бунт против Него, Тој се упатил да те бара! Со нежно срце на пастир оставил деведесет и девет и пошол во дивината да ја најде онаа што се загубила. Душата, повредена и ранета, на работ на смртта, ја зема во прегратките на својата љубов и радосно ја носи во сигурното засолниште на своето трло.“ – Христовите очигледни поуки, 188.189.

Четврток 19. октомври

4. ГОЛЕМИНАТА НА БОЖЈАТА ЉУБОВ

а. До каде досега помирувањето кое Бог го ветил преку Христа? Јован 3,16; 2 Коринтјаните 5,19.

„Само ако длабоко размислуваме за големиот план на спасението можеме да стекнеме правилна претстава за Божјиот карактер. И делото на создавањето било манифестација на Неговата љубов. Меѓутоа, само Божјиот дар заради спасението на паднатиот и изгубен човечки род ја открива бескрајната длабочина на божествената добрина и сомилост. ‘Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот’ (Јован 3,16). Бидејќи Божјиот закон е одржан и одбранета Неговата правда, на грешникот му е обезбедено проштевање. Даден е најскапоцениот дар којшто небото може да го даде, Бог да остане ‘справедлив и дека го оправдува секого што верува во Исус’ (Римјаните 3,26). Благодарение на тој дар, луѓето се подигнати од пропаста и понижувањето на гревот, за да станат Божји деца. Павле кажува: ‘Зашто вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: „Ава, Оче!“ (Римјаните 8,15) – 5 Сведоштво, 739.

б. Како Исус величествено ја прикажал Божјата грижа и љубов за секоја душа? Матеј 18,11-14.

„Исус поединечно нѐ познава и е трогнат од чувството на нашите слабости. Тој сите нас нѐ познава по име. Тој ја знае куќата во која ние живееме, имињата на сите кои се наоѓаат во неа. Тој во одредени времиња им дал упатства на своите слуги да одат на одредена улица, во одреден град, во одредена куќа и да најдат една од неговите овци.
Исто така, Исус потполно ја познава секоја душа како таа да е единствената душа заради која Тој умрел. Неволјите на секоја душа го допираат Неговото срце.“ – Копнежот на вековите, 479.480.

Петок 20. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што би се случило ако немало ветување за откуп?
2. Како бил прикажан планот за откуп преку принесувањето на жртви?
3. Како самоправедноста го осуетува планот за откуп?
4. Како Бог го прави првиот чекор во обновувањето на Неговата милост?
5. Колку добро Бог го познава секого од нас?

Сподели го ова:

Слични објави