2. Проблемот на гревот
2. лекција Сабота, 14. октомври 2017.
Проблемот на гревот
„Сите згрешија и лишени се од славата Божја.“ – Римјаните 3,23.
„Целото човечкото семејство го прекршило Божјиот закон и како престапници на законот, човекот е неповратно изгубен; бидејќи тој е Божји непријател и нема сила да направи нешто добро.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 321.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 48-62.
Недела 8. октомври
1. БОЖЈАТА НАМЕРА ЗА ЧОВЕШТВОТО
а. Според чиј лик се создадени Адам и Ева, и со каква намера? Битие 1,26.27.31; Исаија 43,7.
„Кога Адам излегол од рацете на Создателот, тој по својата физичка, ментална и духовна природа бил сличен на својот Творец. ‘Бог го создаде човекот според Својот лик.’ (1. Мојсеева 1:27); Божјата намера била во текот на својот живот човекот поцелосно да го открива овој лик – поцелосно да ја одразува славата на Создателот. Сите негови таленти можеле да се развиваат; големината и силата на тие таленти требало постојано да се зголемуваат.“ – Воспитување, 15.
б. Иако нашите први родители не носеле вештачка облека, со што сепак биле обвиткани како симбол на нивната чистота? Псалм 104,1.2. Споредете со Излез 34,29.
„Безгрешната брачна двојка немала на себе вештачка облека; тие биле наметнати со плашт на светлина и слава, со облека каква што носат и ангелите.“ – Патријарси и пророци, 45.
„Бела облека на невиност носеле нашите први родители кога Бог ги наместил да живеат во светиот Едем. Тие живееле во совршена хармонија со Божјата волја. Сета сила на нивните чувства му била посветена на нивниот небесен Отец. Светиот пар го опкружувала прекрасна пријатна светлина, Божја светлина. Таа светла облека претставувала симбол на нивната духовна облека на небесната невиност. Кога би му останале верни на Бога, тие засекогаш би биле покриени со неа.“ – Христовите очигледни поуки, 310.311.
Понеделник 9. октомври
2. ТЕСТ НА ЉУБОВТА
а. Во која смисла нашите први родители биле слободни да ја исполнат својата божествена цел? Второзаконие 30,19.
„Нашите први родители, иако создадени невини и свети, не биле лишени од можноста да згрешат. Бог им дал слободна волја и ги создал како суштества способни да ја ценат мудроста и благонаклоноста на Неговиот карактер и правичноста на Неговите барања и наполно слободно да одлучуваат дали ќе Му бидат послушни или не…
Бог на човекот му поставил закон како неизбежен услов за неговото постоење. Тој бил приврзаник на Божјото владеење, а без закон не може да постои ниту една влада ниту каква било власт. Бог можел човекот да го создаде така што да не може да го прекрши Неговиот закон; Тој можел да ја задржи раката на Адама да не го допре забранетиот плод, но во тој случај човекот не би имал слободна волја, не би бил слободно морално суштество, туку само послушна машина. Без слобода на избор, неговата послушност не би била доброволна, туку присилна. Тој не би можел слободно да го развива својот карактер.“ – Патријарси и пророци, 48.49.
б. Каков тест на лојалност им бил даден на нашите први родители? Битие 2,16.17.
„Кога Адам и Ева биле поставени во прекрасната градина тие имале сѐ што можеле да посакаат и што им било потребно за среќа. Но, Бог во Својата премудрост одлучил да ја провери нивната лојалност пред да ги препушти на вечна сигурност. Тие ја имале Неговата наклонетост, и Тој разговарал со нив и тие со Него. Сепак, Бог не го поставил злото надвор од нивниот дофат. На сатаната му било дозволено да ги искуша. Ако тие ја издржат проверката, тие ќе бидат во постојана милост со Бога и со небесните ангели.“ – The Story of Redemption, p. 24.
в. Опишете како нашите први родители станале нелојални кон Бога. 2 Коринтјаните 11,3; Битие 3,1-6.
„Сатаната на брачната двојка и ги прикажал така работите како да престапот на Божјиот закон му донесува на човекот полза и среќа. Зар не слушаме и денеска слични измамливи заклучоци? Мнозина зборуваат за ограниченоста на оние што им се покоруваат на Божјите заповеди, додека за себе тврдат дека имаат многу пошироки погледи и уживаат значително поголема слобода. Тоа всушност не е ништо друго освен одглас на зборовите на искушувачот изговорени уште во Едем, ‘Оној ден, кога ќе вкусите од него – кога ќе ја престапите Божјата заповед – ‘ќе станете како богови’.“ – Патријарси и пророци, 55.
Вторник 10. октомври
3. ГРЕВОТ И НЕГОВИТЕ ПОСЛЕДИЦИ
а. Како е дефиниран чинот на гревот во Библијата? 1 Јованово 3,4.
„Наша единствена дефиниција за гревот е онаа што е дадена во Божјото слово: Гревот е ‘престап на Законот’; тој е олицетворение на начелата што се во спротивност со големиот Закон на љубовта врз кој се заснова Божјото владеење.“ – Големата борба, 493.
б. Каква трагична последица дошла врз човештвото поради нивниот грев? Битие 3,19.23; Римјаните 5,12.
„Божја намера не била светата брачна двојка да знае за зло ниту во најмалечка мера. Тој им укажувал добро без никакви ограничувања, а потполно ги лишил од злото. Меѓутоа, тие, наспроти Неговата заповед, јаделе од забранетото дрво, а сега морале да продолжат и натаму да ги јадат тие плодови и ќе знаат што е зло во сите денови од нивниот живот. Од тоа време човечкиот род ќе биде напаѓан со сатански искушенија. Наместо среќното занимање што им било наменето првобитно, нивна судбина ќе биде живот полн со грижи и страдања. Ќе бидат изложени на разочарување, на болка и тага, и најпосле ќе мора да умрат.“ – Патријарси и пророци, 59.
в. До кои додатни последици на човечката природа довел падот во грев? Римјаните 3,12; 7,14.18; 8,7.
„На Адам и Ева, по сторениот прекршок… објаснето им е дека нивната природа е толку изопачена со гревот, што поради тоа е намалена нивната сила со која би можеле да му се спротивстават на злото и дека на сатаната ќе му го отворат патот поуспешно да им пристапи. Додека биле невини, тие подлегнале на искушението; а сега, свесни за својата вина, би имале многу помала сила да се сочуваат.“ – Патријарси и пророци, 61.
„Последицата од јадењето од дрвото за познавање на доброто и злото се гледа во искуството на секој човек. Во човечката природа постои тенденција кон злото, сила на која човекот не може сам да и се спротивстави.“ – Воспитување, 29.
„Сам од себе тој не бил во состојба да го препознае гревот, ниту бил во состојба да ја цени и присвои божествената природа. Кога таа би му се ставила на дофат на рацете, во неговото телесно срце не би се нашло ништо што би го посакало тоа.“ – Selected Messages, vol. 1, p. 340.
Среда 11. октомври
4. ОБЛЕКА ОД СМОКВИНИ ЛИСЈА
а. Откако станале свесни за губитокот на нивната невиност и светлината која била нивен симбол, што направиле Адам и Ева обидувајќи се да ја покријат својата голотија? Дали нивното покривање било прифатливо? Битие 3,7.8 (споредете со Откровение 3,17).
„Меѓутоа, кога згрешиле, (нашите први родители) ја прекинале својата врска со Бога и исчезнала светлината што ги осветлувала. Голи и посрамени, својата небесна облека се обиделе да ја надоместат со облека од смоквини лисја што сами ја направиле.“ – Христовите очигледни поуки, 311.
б. Како во духовна смисла грешниците прават облека од смоквини лисја уште од падот во грев? Римјаните 10,3.
„Токму тоа го правеле прекршителите на Божјиот закон уште од денот на непослушноста на Адам и Ева. Тие плетат смоквини лисја за да ја покријат голотијата предизвикана со гревот. Носеле облека што самите ја направиле, се обидувале со свои дела да ги покријат своите гревови, и на тој начин да се сторат поприфатливи во Божјите очи.“ – Христовите очигледни поуки, 311.
в. Која измама нѐ наведува да мислиме дека можеме да се направиме себеси прифатливи за Бога? Еремија 17,9; Исаија 64,6.
„Мнозина се измамени во врска со состојбата на нивните срца. Тие не сфаќаат дека природното срце е измамливо над сите нешта и очајно зло. Тие се завиткуваат со својата праведност и се задоволуваат со постигањето на сопствените човечките стандарди на карактерот, но колку е фатален нивниот неуспех, кога не успеваат да го достигнат божествениот стандард и самите по себе не можат да одговорат на Божјите барања…
Целокупното човечкото семејство ги прекршило Божјите закони и како престапник на законот човекот е безнадежно изгубен; бидејќи тој е Божји непријател и без сила да направи нешто добро. ‘Зашто копнежот на телото е непријателство против Бога, тој не му се подредува на законот Божји затоа што не може’ (Римјаните 8,7).“ – Selected Messages, bk. 1, pp. 320, 321.
Четврток 12. октомври
5. ЦЕЛИОТ СВЕТ ВИНОВЕН ПРЕД БОГА
а. Како целото човештво не успеало да ја исполни Божјата првобитна намера? Римјаните 3,23.
б. Како стандард на праведноста, за каква цел служи Божјиот закон? Римјаните 3,19.20; Галатјаните 3,24.
„Законот стои цврсто, а правдата строго го упатува грешникот на неговите свети правила. Намената на законот не е да го спаси грешникот, туку да осуди, не да простува, туку да осуди. Тој не може да се промени како би се прилагодил на човекот во неговата падната состојба. Тогаш, како Божјата правда може да биде задоволена, а Неговата наклонетост придобиена? Не со дела; ‘зашто преку делата на Законот пред Него нема да биде оправдан никој.’ Со својата сила грешникот не може да ги исполни Божјите барања.“ – The Signs of the Times, July 31, 1901.
в. Кое прашање го поставувале грешниците уште од падот во грев, и кој е единствениот одговор? Јов 9,2; 25,4-6; Јован 1,29.
„Во секое собрание има души кои се незадоволни. Тие секоја сабота треба да слушнат нешто што ќе им помогне на патот на спасението и да ги научи како да станат подобри христијани. Важно нешто кое тие треба да го знаат е, како може грешникот да се оправда пред Бога? Претставете им го патот на спасението во неговата едноставност. Воздигнете го Исуса како единствената надеж на грешникот.“ – The Review and Herald, October 7, 1909.
Петок 13. октомври
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Со каква цел Бог ги создал човечките суштества?
2. Зошто било важно на човештвото да му се дозволи слобода во изборот да му служи на Бога?
3. На која грешна состојба сме сите подложни освен Бог?
4. Како можам да бидам виновен што изработувам облека од смоквини лисја?
5. Во кого единствено можам да најдам надеж за мојата грешна состојба?