11.Праведност денес

Сподели го ова:

11. лекција Сабота, 16. декември 2017.

Праведност денес

„Чеда, никој да не ве заблудува! Кој постапува праведно, праведен е, како што е праведен Тој.“ – 1 Јованово 3,7.

„Праведноста значи праведно постапување, зашто секому ќе му биде судено според неговите дела. Нашиот карактер се открива преку она што го правиме. Делата покажуваат дали нашата вера е искрена.“ – Христовите очигледни поуки, 312.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Faith and Works, pp. 91–94.

Недела 10. декември

1. ЗОШТО НА СИТЕ НИ Е ПОТРЕБНА ПРАВЕДНОСТА?

а. Што е праведност, и на кого таа ќе му биде дадена како бесплатен дар? Матеј 5,6.

„Правдата е светост, слична со Бога, а ‘Бог е љубов’ (1. Јованово 4, 16). Таа е во согласност со Божјиот закон ‘оти сите заповеди твои се праведни’ (Псалм 119,172), а љубовта е ‘извршување на законот’. (Римјаните 13,10) Правдата е љубов, а љубовта е виделина и живот Божји. Божјата правда е отелотворена во Христа. Примајќи го Него, ја примаме и правдата.
Оваа правда не се добива со мачни напори, заморна работа, со дарови или жртви, туку таа претставува доброволен дар на секоја гладна и жедна душа.“ – Мисли од гората, 18.

б. Каде треба да бараме за да ја најдеме праведноста? Исаија 45,22-25.

„Ако гледаме на себе во потрага за праведност која ќе ни овозможи да бидеме прифатени од Бога, гледаме на погрешно место, ‘сите згрешија и лишени се од славата Божја’ (Римјаните 3,23).Треба да гледаме на Исус, бидејќи ‘ние, пак, сите со откриено лице, како во огледало гледајќи ја славата Господова, се преобразуваме во истиот лик, од слава во слава, како од Духот Господов’ (2 Коринтјаните 3,18). Својата потполност ќе ја пронајдете со тоа што ќе гледате на Божјото Јагне кое ги зеде гревовите на светот.“ – Faith and Works, p. 108.

Понеделник 11. декември

2. НАШАТА ПРАВЕДНОСТ ТРЕБА ДА БИДЕ ХРИСТОС

а. Како ние Христовата праведност можеме да ја направиме своја? Римјаните 3,24-26.

„Христовата благодат е доволна да го оправда грешникот без заслуги или права од негова страна. Оправдувањето претставува целосно, комплетно простување на гревот. Во моментот кога грешникот ќе го прифати Христа преку вера, во тој миг нему му е простено. Нему му се припишува Христовата правда.“ – The SDA Bible Commentary, vol. 6, p. 1071.
„Христос гледа на нашиот дух, и кога гледа како го носиме нашето бреме со вера, Неговата совршена светост станува откуп за нашите недостатоци. Кога чиниме сѐ од своја страна, Тој станува наша праведност.“ – Faith and Works, p. 102

б. Зошто благодатта е толку важна во примањето на Христовата праведност? Зошто во чинот на оправдувањето акцентот не е на делата? Римјаните 4,3-5.

„Без Христовата благодат грешникот е во безнадежна состојба; ништо не може да се направи за него; но преку божествената благодат, на човекот му се дава натприродна моќ која делува во умот, срцето и карактерот. Доделувањето на Христовата благодат е она што ни овозможува да ја распознаеме одвратната природа на гревот и конечно да го исфрлиме од храмот на душата. Преку благодатта доаѓаме во заедница со Христа и се поврзуваме со Него во делото на спасението. Верата е услов кој Бог го сметал за соодветен за да им вети простување на грешниците; не затоа што постои некоја доблест во верата со која би можеле да заслужиме спасение, туку затоа што верата може да се фати за Христовите заслуги кои се предвидени како лек против гревот. Верата може да ја истакне Христовата совршена послушност наместо престапот на грешникот и предавството. Кога грешникот верува дека Христос е негов личен Спасител, тогаш, според Неговите вечни ветувања, Бог му го простува неговиот грев и му дарува бесплатно оправдување. Покајаната душа сфаќа дека е оправдана затоа што Христос, во улога на негов Заменик и Гарант, умрел за неа и станал нејзин откуп и праведност.“ – Faith and Works, p. 100.101.
„Најдобрите напори што може да ги направи човекот во сопствената сила се безвредни да го исполнат светиот и праведен закон што го прекршил; но преку верата во Христа, тој може да се повика на правдата на Божјиот Син како доволна… Вистинската вера ја присвојува Христовата праведност, и со Христа грешникот станува победник; тој станува учесник во божествената природа, и на тој начин божественото и човечкото се здружуваат.“ – Faith and Works, p. 93.94.

Вторник 12. декември

3. ПРАВЕДНОСТА ТРЕБА ДА СЕ ВИДИ ВО СЕМЕЈСТВОТО

а. Што ни е неопходно како нашиот дом би бил благословен? Јован 1,12.

„Оние кои го примиле Христа, треба да покажат во својот дом што Неговата милост направила за нив. ‘А на оние кои го примија им даде власт, да бидат синови Божји, оние кои веруваат во Неговото име’. (Јован 1,12) Христовиот авторитет кој го пронижува искрениот верник, се чувствува во целиот дом. Тоа ќе придонесе за усовршување на карактерот на сите членови во домот.“ – Темели на среќниот дом, 36.

б. Што е потребно пред да можеме да бидеме благослов во нашите домови? Колосјаните 3,12.13.

„Од секој христијански дом треба да зрачи света светлина. Љубовта треба да се покаже со дела. Таа треба да живее во сите семејни односи, откривајќи се во грижливата љубезност и нежната, несебична учтивост.“ – Темели на среќниот дом, 37.
„Меѓусебната љубезност и поднесување ќе го претвори вашиот дом во рај и светите ангели ќе влезат во семејниот круг.“ – Темели на среќниот дом, 422.
„Негувајте сочувство кон другите. Ведрото расположение, љубезноста и љубовта нека го исполнат домот. Ова ќе ја зајакне и љубовта кон верските должности, и секоја должност, и голема и мала, ќе се извршува со радосно срце.“ – Темели на среќниот дом, 433.

в. Која цел сите треба да ја имаме за нашите семејства? Матеј 5,14-16.

„Исполнувањето на единството е најважната задача на христијаните во еден дом. Таа работа треба да се прошири и на соседите кои живеат околу нив. Оние коишто ја примиле светлината треба да ѝ дозволат да свети со јасни зраци Нивните зборови, пронижани со Христовата љубов, треба да бидат животен мирис за живот.
Колку членовите на семејството се поцврсти и посоединети во својата работа и во својот дом, толку повозвишено и покорисно ќе биде влијанието кое таткото и мајката, синовите и ќерките ќе ги вршат на ближните околу себе.“ – Темели на среќниот дом, 37.

Среда 13. декември

4. ДА СЕ БИДЕ СЛИЧЕН НА ХРИСТА ВО ЦРКВАТА

а. Кој став треба да го имаме кон другите? Филипјаните 2,3. Како овој став влијае и на нашето потпирање на Христа?

„Не затоа што сме праведни, туку затоа што сме зависни, грешни, заблудени и беспомошни, треба да се потпреме на Христовата праведност, а не на нашата.“ – In Heavenly Places, p. 23.

б. Каква посебна почит треба да имаме кон оној кој е со нас во верата? Римјаните 12,10.

„Како што членовите на едно верно семејство се грижат едни за други, служејќи им на болните, взаемно помагајќи си, поучувајќи ги неупатените и упатувајќи ги неискусните, така и оние, кои се ‘наши во верата’, сносат одговорност за немоќните и за оние во скудност. Не треба да ги занемариме под никакви услови и околности .“ – Здравје и среќа, 201.
„Ние мораме да ја добиеме онаа мерка на Христовата благодат која ќе ни овозможи да живееме заедно во љубов и единство во овој живот, инаку никогаш не можеме да бидеме во можност да живееме заедно во животот што доаѓа.“ – This Day With God, p. 372.
„Колку повеќе се приближуваме до Христа, толку ќе бидеме поблиски еден до друг. Бог се прославува кога Неговиот народ се соединува во заедничка работа.“ – Темели на среќниот дом, 179.

в. Што докажува дека како членови на црквата сме го примиле Христа и дека се посветуваме? Езекиел 20,12. Што се случува кога не успеваме Христовата правда да ја направиме своја?

„Од сите прописи што им биле дадени на Евреите, саботата најмногу ги одвојувала од околните народи. Бог одредил празнувањето на саботата да ги означува Евреите како Негови поклоници. Таа била симбол на нивното одвојување од идолопоклонството и нивната врска со вистинскиот Бог. Меѓутоа, за да ја празнуваат саботата како света, луѓето и сами мораат да бидат свети. Тие со вера мораат да станат учесници во Христовата праведност…
Кога Евреите се одвоиле од Бога и пропуштиле преку вера Христовата праведност да ја направат своја, саботата го изгубила своето значење за нив.“ – Копнежот на вековите, 283.

Четврток 14. декември

5. ВИСТИНСКИ МИСИОНЕРИ ВО СВЕТОТ

а. Како можеме вистински да го одразуваме Христа и Неговата праведност на оние околу нас? Јован 15,4.5.

„Со нашите зборови и дела можеме да ја откриеме моќта на вистината која го преобразува карактерот. Секој од нас може да открие дека зависи од Христовата праведност, а не од нашата сопствена формирана праведност. Можеме да пребиваме во Христа како прачка во лозата, имајќи така жива врска со Него така што ни е задоволство да работиме како Тој што работел, да бидеме помош и благослов за нашите браќа. Ние можеме да ги работиме Христовите дела, правејќи го она што е угодно во Неговите очи.“ – The Ellen White 1888 Materials, pp. 137, 138.

б. Која Божја особина треба да се трудиме да ја покажеме во нашиот контакт со другите? Псалм 119,88; 69,16.

„Ние мораме да заборавиме на себе и секогаш да бараме можност дури и мала, за да покажеме благодарност за доброто кое сме го примиле од другите; ние мораме да бараме можности да ги охрабриме другите, и со своите нежни постапки и мали дела на љубов да им ги олесниме и симнеме нивните товари. Овие внимателни љубезности, кои започнуваат во нашето семејство, преминуваат на семејниот круг и помагаат да се зголеми општата животна среќа. Запоставувањето на овие мали дела предизвикува горчина и страдање во животот… Невозможно е да се биде во заедница со Христа, а да се покажува нељубезност кон другите и да се запоставуваат нивните права.“ – Темели на среќниот дом, 428.

Петок 15. декември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Каде да го бараме нашето прифаќање од Бога?
2. Како Исус му проштева на грешникот? Колку е комплетно ова простување?
3. Каде треба да го започнеме своето дело како христијани, и што тоа вклучува?
4. Ако не успееме да живееме во љубов и единство со своите браќа овде, каква надеж ние имаме за нашиот иден живот?
5. Како можеме да ја покажеме Божјата љубов кон другите? Ако сме нељубезни кон другите, што открива тоа?

Сподели го ова:

Слични објави