10.Посветување
10. лекција Сабота, 9. декември 2017.
Посветување
„Како послушни чеда, не постапувајте веќе според поранешните ваши похоти, кога бевте во незнаење. Но, по примерот на Светиот, Кој ве повика, и вие самите бидете свети во сите ваши постапки. Зашто напишано е: „Бидете свети, бидејќи Јас сум свет.“ – 1 Петрово 1,14-16.
„Делото на преобразба од непосветеност во светост е непрекината задача. Од ден на ден Бог се труди да ги облагороди луѓето, но и човекот од своја страна треба да соработува со Него со тоа што ќе вложува напори во настојувањето да развие добри навики.“ – The Review and Herald, March 15, 1906.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Делата на апостолите, 557-567.
Недела 3. декември
1. НЕГОВИОТ НАРОД МОРА ДА БИДЕ СВЕТ
а. Која Божја особина го проникнува небото и мораат да ја имаат сите кои сакаат да влезат во Негово присуство? 1 Петрово 1,14-16.
„Божјата праведност е апсолутна. Оваа праведност е одлика на сите Негови дела и сите Негови закони. Каков што е Бог, така мора да биде и Неговиот народ. Христовиот живот треба да се открие во животот на Неговите следбеници. Во сите Негови јавни и приватни постапки, во секој збор и дело, можела да се види практична побожност, и таа побожност треба да се види и во животот на Неговите ученици.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 198.
„(Бог) не може да го поднесе присуството на гревот. Тоа е нешто што Неговата душа го мрази… Светоста е темел на Божјиот престол; гревот е спротивен на светоста; гревот го распнал Синот Божји. Кога луѓето би можеле да видат колку гревот е одвратен, тие нема да го толерираат, ниту на него да се навикнуваат. Тие ќе се реформираат во животот и карактерот. Тајните грешки ќе бидат совладани. Ако сакате да бидете свети на небото, најпрвин мора да бидете свети на земјата.“ – Testimonies to Ministers, p. 145.
б. Која била Божјата намера за човекот од почеток? Што ни кажува Светото Писмо за Божјата волја за нас? Ефесјаните 1,4; 1 Солунјаните 4,3.
Понеделник 4. декември
2. ПРИПИШАНА И ДОДЕЛЕНА ПРАВДА
а. Дали посветувањето е дело на момент или прогресивно дело? Кои чекори се наброени за да се постигне оваа цел? Евреите 6,1; Филипјаните 3,13.14; 2 Петрово 1,5-10.
„Светото писмо јасно покажува дека делото на посветување е постепено. Кога грешникот обратувајќи се ќе најде мир со Бога преку крвта на откупувањето, тогаш само што започнал христијанскиот живот. Сега тој мора да се стреми ‘до состојба на совршен човек’, да расте, ‘до мера на возраста на Христовата полнота’ (Ефесјаните 4,13). Апостол Павле вели: ‘Но едно правам: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене, трчам кон целта – кон наградата на горното призвание од Бога во Исус Христос’ (Филипјаните 3,13.14). А Петар ги предочува скалилата по кои може да се постигне библиско посветување: ‘Затоа, грижејќи се за ова сестрано, принесете кон верата своја добродетел, а кон добродетелта знаење, кон знаењето воздржување’.“ – Големата борба, 470.
„Начинот на кој треба да го градиме нашето спасение јасно е наведен во првото поглавје од второто послание на апостол Петар. На милоста постојано треба да додаваме милост, и додека го правиме тоа, Бог ќе работи за нас на умножување на милоста.“ – The Review and Herald, March 15, 1906.
б. Што е направено за нас со Христовата смрт, и какво ќе биде секојдневното искуство на оние во кои живее Христос? Римјаните 5,10.
„Оправдување значи спасување на душата од погибел, така што може да постигне посветување, и преку посветување, живот на небото. Оправдување значи дека совеста, очистена од мртви дела, се оспособува да ги прими благословите на посветувањето.“ – Тhe SDA Bible Commentary, vol. 7, p. 908.
„Внатрешната правда се открива однадвор. Оној кој е праведен одвнатре, не е груб и без сочувство, туку од ден на ден расте во Христовиот лик. Оној кој е посветен со вистината, ќе знае да владее со себеси, ќе го следи Христовиот пример додека славата не ја замени благодатта. Правдата која нѐ оправдува ни се припишува; а правдата која нѐ посветува ни се дава. Првата ни дава право на небото, а втората нѐ оспособува за небото.“ – Тhe Review and Herald, June 4, 1895.
Вторник 5. декември
3. ДЕЛОТО НА ПОСВЕТУВАЊЕ
а. Бидејќи ја имаме Христовата припишана правда, колку темелно дело на посветување треба да се изврши, и со каква цел? 1 Солунјаните 5,23.
“Нашето посветување е дело на Отецот, Синот и Светиот Дух. Тоа е исполнување на заветот кој Бог го направил со оние кои се обврзале дека стапуваат во свето сродство со Отецот, Синот и Светиот Дух. Дали сте наново родени? Дали сте станале нови битија во Исуса Христа? Тогаш соработувајте со трите големи сили на небото, кои работат во ваша корист.“ – The SDA Bible Commentary, vol. 7, p. 908.
„Преку делувањето на Светиот Дух, посветувањето на вистината, верникот станува прикладен за небесните дворови; бидејќи Христос работи во нас, и Неговата праведност е врз нас. Без ова ниедна душа нема да добие право на небото. Ние не би уживале во небото освен ако не сме квалификувани за неговото свето опкружување преку влијанието на Духот и на Христовата праведност.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 395.
б. Како се постига ова? Каков дел има грешникот во тоа? Тит 3,5.
„Кога душата ќе му се предаде на Христа, тогаш со новото срце владее нова сила. Се извршува промена која човекот со свои сили никогаш не може да ја оствари. Тоа е целосно натприродна појава, која внесува еден натприроден елемент во човечката природа.“ – Копнежот на вековите, 324.
„Но, иако Христос е сѐ, треба да го поттикнеме секој човек на неуморна трудољубивост. Ние треба да се трудиме, да се бориме, да се мачиме, да бдееме и да се молиме за да не бидеме победени од лукавиот непријател. Силата и благодатта со која можеме да го постигнеме ова доаѓа од Бога, и сѐ додека веруваме во Него, Тој е во состојба да ги спаси сите кои доаѓаат кај Бога преку Него. Никогаш не оставајте впечаток врз другите дека човекот треба да направи малку или ништо; туку научете ги луѓето да соработуваат со Бога, за да можат успешно да победат.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 381.
Среда 6. декември
4. БИБЛИСКО ПОСВЕТУВАЊЕ
а. Што е библиско посветување? Што тоа подразбира? 1 Солунјаните 3,13.
„Со Божјото слово и со Божјиот Дух на човекот му се откриваат големите начела на правдата што се отелотворени во Божјиот закон. Бидејќи Божјиот закон е ‘свет, справедлив и добар’, а тој е одраз на божественото совршенство, тоа значи дека и карактерот што се формира со послушноста на овој Закон ќе биде свет. Христос е совршен пример на еден таков карактер. Тој кажал: ‘Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец.’ ‘Секогаш го вршам она што Му е угодно’ (Јован 15,10; 8,29). Христовите следбеници треба да бидат слични со Него – со Божја милост треба да изградат карактер што ќе биде во хармонија со начелата на Неговиот свет закон. Тоа е библиско посветување.“ – Големата борба, 469.
„Посветувањето што го истакнува Светото писмо го опфаќа целото битие – духот, душата и телото.“ – Големата борба, 473.
б. Какво ќе биде искуството на вистински обратениот верник? Што таквиот верник прави кога тој или таа одговараат на повикот на покајание? 1 Коринтјаните 15,57.
„Христијанинот ќе ги слуша дошепнувањата на гревот, но тој ќе остане во постојана борба против него. Овде е потребна Христова помош. Човечката слабост се здружува со божествената сила и верата извикува: ‘Да Му благодариме на Бога, Кој ни дарува победа преку нашиот Господ Исус Христос’ (1. Коринтјаните 15,57).“ – Големата борба, 469.470.
„Ниту едно покајание не е вистинско доколку не е проследено со реформа. Христовата праведност не е наметка за покривање на неисповеданите и неоставените гревови, туку едно животно начело што го преобразува карактерот и управува со однесувањето. Светоста значи целосна припадност на Бога, целосно предавање на срцето и животот на небесните начела кои треба да живеат во душата.“ – Копнежот на вековите, 555.556.
„Никој не може да биде жив христијанин ако секојдневно не стекнува лично искуство во побожноста и ако секојдневно не се откажува од себе, ведро носејќи го крстот и следејќи го Христа. Секој вистински христијанин секојдневно мора да напредува во божествениот живот. И додека напредува кон совршенството, тој секојдневно доживува обратување во Бога и тоа обратување нема да биде завршено сѐ додека не достигне совршенство на христијанскиот карактер, целосна подготвеност за добивање на бесмртност.“ – 2 Сведоштво, 505.
Четврток 7. декември
5. ДОКАЗ ЗА ПОСВЕТУВАЊЕ
а. Какво е искуството на срцето во кое е извршено делото на посветување? Што ќе им биде особена радост на таквите? Псалм 119,14-16.
„Секоја вистинска послушност доаѓа од срцето. Тоа значи да се соработува со Христа со сето срце. Ако Му се предадеме, Тој ќе ги поистовети нашите мисли и цели со Своите, а нашето срце и ум ќе ги усклади со Својата волја до таа мера што кога се покоруваме на Него всушност постапуваме во сообразност со своите побуди. Нашата волја станува облагородена и посветена и нашата најголема радост се состои во тоа да Му служиме Нему. Кога ќе го запознаеме Бога онака како што имаме привилегија да Го познаваме, нашиот живот станува живот на постојана послушност. Затоа што го познаваме и цениме Христовиот карактер и затоа што одржуваме постојана врска со Бога, гревот ќе ни стане одвратен.“ – Копнежот на вековите, 668.
б. Што е доказ за ваквото посветување? Како покајниот грешник го знае патот? 1 Јованово 2,3-6.
„Внатрешната правда се открива однадвор. Оној кој е праведен одвнатре, не е груб и без сочувство, туку од ден на ден расте во Христовиот лик. Оној кој е посветен со вистината, ќе знае да владее со себеси, ќе го следи Христовиот пример додека славата не ја замени благодатта.“ – The Review and Herald, June 4, 1895.
Петок 8. декември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Што значи да се биде свет?
2. Објасни ја разликата помеѓу припишаната и доделената праведност?
3. На кој начин се остварува делото на посветувањето?
4. Кои се резултатите на вистинското посветување?
5. Што е доказ дека душата е посветена?