1. Лутер – човек за своето време

Сподели го ова:

1. лекција Сабота, 7. октомври 2017.

Лутер – човек за своето време

„И ете, гордата душа ќе пропадне, а праведникот ќе живее преку верата.“ – Авакум 2,4.

„Ревен, огнен и предан, не знаејќи за никаков друг страв освен страв од Бога, и признавајќи го како темел на верата само Светото писмо, Лутер бил вистинскиот човек за своето време; преку него Бог извршил големо дело за реформа на црквата и просветлувањето на светот.“ – Големата борба, 120.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Големата борба, 120-144; 197-205.

Недела 1. октомври

1. ЛУТЕР ЈА ПРОНАОЃА СВЕТЛИНАТА

а. Која парабола го илустрира искуството на Мартин Лутер кога тој за прв пат ја пронашол Библијата? Матеј 13,44-46.

„Додека еден ден ги прегледувал книгите во универзитетската библиотека, Лутер открил една Библија на латински… Пред тоа, тој слушал делови од евангелијата и посланијата што му се читале на народот на јавното богослужение и претпоставувал дека тоа е целата содржина на Библијата. Сега за првпат ја видел целата Библија. Со стравопочит и чудење ги прелистувал нејзините свети страници; со забрзан пулс и со треперливо срце сам ги читал зборовите на животот.“ – Големата борба, 122.

б. Додека Лутер детално го проучувал зборот, каков ефект имало ова врз него? Псалм 119,130; Еремија 15,16.

„Оној што еднаш ќе ја вкуси Христовата љубов, тој постојано копнее да добие повеќе, но и не бара ништо друго. Него не го привлекуваат богатствата, почестите и задоволствата на овој свет. Постојаниот повик на неговото срце е, повеќе од Тебе.“ – Копнежот на вековите, 187.

Понеделник 2. октомври

2. СВЕТЛИНАТА ЈА ПРОБИВА ТЕМНИНАТА

а. Додека Лутер ја проучувал својата Библија понатака, какво убедување чувствувал во поглед на својот живот? Исаија 6,5.

„Небесните ангели биле покрај него (Лутер), а зраците на светлината од Божјиот престол ги откривале богатствата на вистината на неговиот разум. Секогаш се плашел дека ќе го навреди Бога, а сега, како никогаш порано, го обзело длабоко убедување за сопствената грешност.
Искрената желба да се ослободи од гревот и да се помири со Бога, конечно го натерала да стапи во манастир и да се посвети на монашкиот живот.“ – Големата борба, 122.123.

б. Додека Лутер се обидувал да најде простување и мир преку болните дела на каење, што Бог се обидувал да го научи? 1 Тимотеј 1,15.

„Побожниот Штаупиц го отворил Божјото Слово на Лутеровиот ум и го натерал да го одврати погледот од себе, да престане да размислува за бескрајната казна поради кршењето на Божјиот закон и да гледа на Исуса, својот Спасител, кој ги простува гревовите. ‘Наместо да се измачуваш себеси поради своите гревови, фрли се во прегратките на Спасителот. Верувај во Него, во праведноста на Неговиот живот, и во откупот со Неговата смрт… Слушај го Божјиот Син. Тој станал човек за да ти даде уверување во божествената милост. Љуби Го Оној кој прв тебе те љубел’ (D’Aubigné, b.2, 4).“ – Големата борба, 123.124.

в. Додека се искачувал по Пилатовите скали на колена, која суштинска библиска вистина му станала јасна на Лутер? Римјаните 1,17.

„Еден нов декрет на папата ветувал простување на гревовите на сите оние што на колена ќе се искачат по таканаречените ‘Пилатови скали’ по кои, како што се зборувало, нашиот Спасител слегувал кога ја напуштил Римската судница, и кои, на чуден начин биле пренесени од Ерусалим во Рим. Еден ден Лутер побожно се качувал по тие скали, кога одеднаш се слушнал еден глас сличен на гром: ‘Праведникот ќе живее од верата’ (Римјаните 1:17). Тој скокнал на нозете и побегнал од тоа место, засрамен и уплашен. Овој текст никогаш не ја изгубил моќта врз неговата душа. Од тој миг, појасно од кога и да е порано, сфатил колкава е заблудата да се верува дека спасението може да се заслужи со човечки дела, и ја увидел потребата од постојана вера во Христовите заслуги.“ – Големата борба, 125.

Вторник 3. октомври

3. СПАСЕНИ ПО БЛАГОДАТ ПРЕКУ ВЕРАТА

а. Кога во 1517. година Лутер ги објавил своите 95 тези против моќта на прошталниците, како тој поучувал дека со своите дела човек не може да купи проштевање? Галатјаните 2,16; Дела 20,21.

„Лутер… на народот му укажувал на одвратниот карактер на гревот и учел дека за човекот е невозможно со сопствени дела да ја намали вината или да ја избегне казната. Ништо, освен покајание пред Бога и верата во Христа може да го спаси грешникот. Христовата благодат не може да се купи, таа е бесплатен дар. Ги советувал луѓето да не купуваат прошталници туку со вера да гледаат во распнатиот Искупител. Им го раскажал своето болно искуство, како залудно настојувал спасението да го осигура со понижувачко и покајничко мачење на телото и ги уверувал своите слушатели дека мир и радост нашол дури тогаш кога го одвратил својот поглед од себе и поверувал во Христа.“ – Големата борба, 129.

б. Како и преку кого единствено се спасуваме од гревот? Римјаните 1,16; Ефесјаните 2,8-10.

„Овие (Лутерови) тези покажале дека власта за простување на гревовите и ослободување од казната никогаш не му била доверена на папата или на било кој друг човек… Исто така јасно беше покажано дека Христовото евангелие е најскапоценото богатство на црквата и дека Божјата благодат, откриена во него, бесплатно им се дава на сите оние што ја бараат со покајание и вера.“ – Големата борба, 130.

в. Од кого добиваме спасоносна вера во Исуса, и како можеме да ја зголемиме? Римјаните 10,9; Лука 17,5.

„Верата што ни овозможува да ги примиме Божјите дарови, и самата е дар, од кој една извесна мерка е всадена во секое човечко суштество. Таа расте кога се вежба во примањето на Божјата Реч. За да ја зајакнеме верата, мораме често да ја доведуваме во допир со Речта.“ – Воспитување, 253.254.
„Сега, браќа, вие самите толку многу сте се воспитале во сомнеж и преиспитувања, така што ќе морате да ги едуцирате вашите души во поглед на верата. Морате да зборувате за верата, да живеете со вера, морате да покажувате вера, за да имате поголема вера.“ – Faith and Works, p. 78.

Среда 4. октомври

4. СВЕТОТО ПИСМО – ТЕМЕЛ НА НАШАТА ВЕРА
а. Кој став на Лутер кон авторитетот на Светото писмо станал важен принцип на Реформацијата? Колосјаните 2,8; Исаија 8,20.

„(Лутер) решително изјавил дека христијаните не треба да примаат никакви други науки, туку само оние кои се темелат на авторитетот на Светото писмо. Овие зборови удриле во самиот темел на папската власт. Тие го содржеле суштинскиот принцип на Реформацијата.“ – Големата борба, 126.

б. Во обидот да се спротивстави на учењето на Лутер, во 1529. година германскиот император подготвил декрет со кој ќе стави крај на верската слобода и ќе го поврати авторитетот на Римокатоличката црква. Кои два принципа се содржани во протестот на германските кнезови против овој декрет и ја сочинуваат суштина на Протестантизмот? Дела 4,18-20; 5,28.29; Матеј 15,8.9.

„Начелата на овој прочуен протест ја претставуваат суштината на Протестантизмот… Овој протест бил насочен против две човечки злоупотреби во врска со верата: првата е мешање на граѓанските власти во прашањата на верата, а втората е против самоволниот авторитет на црквата. Наместо овие злоупотреби, протестантизмот ја издигнува моќта на совеста над световната власт и авторитетот на Божјата реч над авторитетот на видливата црква. На прво место тој го отфрла мешањето на граѓанските власти во божествените работи изјавувајќи заедно со пророците и апостолите: ‘Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето.’ Во присуство на круната на Карло V, тој ја воздигнува круната на Исус Христос. Но, тој оди и подалеку: поставува начело дека секое човечко учење треба да се потчини на судот на Божјата реч“ – (D’Aubigné, b. 13, ch. 6).

Освен тоа, протестантите не барале само право да веруваат и да ја исповедаат својата вера, туку да можат и слободно да го проповедаат и она што го сметаат за вистина. Тие го негирале правото на свештениците и на световната власт да ги спречуваат во тоа. Протестот во Шпаер бил свечено сведоштво против религиозната нетрпеливост и решителна одбрана на правото на секој човек да може да му служи на Бога според својата совест.
Тактиката на сатаната во борба против Бога и Неговата реч во ништо не се променила; тој сѐ уште, како тоа што го правел и во шеснаесеттиот век, се противи Светото писмо да биде правило на верата и животот. И во нашите денови постои големо отстапување од учењето и прописите на Библијата и затоа е неопходно да се вратиме на големото протестантско начело – Библијата, и само Библијата, како правило на верата и должностите.“ – Големата борба, 203-205.

Четврток 5. октомври

5. РЕЧТА ДОНЕСУВА ЖИВОТ НА ДУШАТА

а. Што прави Божјата реч за оние кои ја слушаат или читаат? Псалм 119,103.104.

б. Како Лутеровото учење за Божјата реч влијаело врз оние кои тој ги поучувал? Римјаните 10,17; Евреите 4,12.

„Божјата реч, со која Лутер го проверувал секое учење и секое тврдење, била како меч со две острици кој си го расчистувал себеси патот до срцата на луѓето. Насекаде се забележувало будење и желба за духовен напредок. Насекаде се чувствувал глад и жед за правда, како никогаш порано. Очите на народот, толку долго насочени кон човечките обреди и земните посредници, сега со покајание и вера биле насочени само кон Христа и тоа распнатиот.“ – Големата борба, 133.

в. Што ќе се случи додека ја проучуваме и се потчинуваме на Божјата реч? Јован 17,17.

„Библијата е силно средство за преобразба на карактерот… Кога се проучува и извршува, Божјата реч влијае врз срцето, покорувајќи ја секоја несвета особина. Светиот Дух доаѓа да го осуди гревот, и верата која извира во срцето работи со љубов кон Христа, помагајќи ни со телото, со духот и душата да стануваме слични со Него. Тогаш Бог може да нѐ употреби да ја вршиме Неговата волја. Силата што ни е дадена дејствува одвнатре, гонејќи не на другите да им ја објавиме вистината што ни е откриена.“ – Христовите очигледни поуки, 100.

Петок 6. октомври

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како Лутер реагирал кога првпат ја пронашол Библијата?
2. Која заблуда на Лутер му станала јасна додека се искачувал по Пилатовите скали?
3. На кој единствен начин грешникот може да биде спасен?
4. Како можеме денес да ја подржуваме суштината на протестантизмот?
5. Каква улога има Писмото во преобразба на карактерот?

Сподели го ова:

Слични објави