7 Лутер го напушта Рим

Најистакнатиот меѓу оние кои биле повикани да ја изведат црквата од темнината на папството, во светлината на почистата вера бил Мартин Лутер. Ревен, огнен и посветен, незнаејќи за никаков друг страв, освен страв од Бога, и признавајќи ја како темел на верата само Библијата, Лутер бил вистинскиот човек за своето време; преку него Бог извршил големо дело за реформа на црквата и просветлувањето на светот. {ГБ 120.1}

Како и првите весници на евангелието, Лутер потекнувал од сиромашниот сталеж. Своите први години ги поминал во скромниот дом на еден германски селанец. Со секојдневна напорна работа како рудар, неговиот татко заработувал средства за негово образование. Тој сакал неговиот син да стане правник, но Бог имал намера да го направи градител во големиот храм кој полека се подигал во текот на вековите. Тешкотии, откажувања и строга дисциплина било училиштето во кое бесконечната Мудрост го подготвувала Лутера за значајната мисија на неговиот живот. {ГБ 120.2}

Таткото на Лутер бил човек со силен и активен дух и со многу силен карактер, чесен, решителен и искрен. Тој бил верен на своето чувство на должноста, не плашејќи се од последиците. Неговиот здрав разум со недоверба гледал на монашкиот живот. Тој бил крајно незадоволен кога Лутер без негово одобрување стапил во еден манастир; и поминале две години пред таткото да се помири со својот син, па дури и тогаш неговите ставови останале исти. {ГБ 120.3}

Родителите на Лутер посветувале големо внимание на воспитувањето и образуванието на своите деца. Настојувале да ги поучат во познавањето на Бога и во извршувањето на христијанските должности. Честопати во присуство на неговиот син таткото се молел детето да се сеќава на името Господово, и еден ден да помогне за унапредување на Неговата вистина. Неговите родители настојувале мудро да ја искористат секоја предност за морален и интелектуален развој, што им го овозможувал нивниот макотрпен живот. Сериозно и неуморно се труделе своите деца да ги подготват за побожен и корисен живот. Во својата решителност и цврстина, понекогаш покажувале поголема строгост, но самиот реформатор, иако бил свесен дека тие во некои погледи грешат, повеќе ја одобрувал отколку што ја осудувал нивната дисциплина. {ГБ 121.1}

Во училиштето, што почнал да го посетува мошне рано, со Лутер се постапувало мошне грубо, па дури и сурово. Сиромаштијата на неговите родители била толку голема што, оставајќи го родителскиот дом за да посетува училиште во друго место, извесно време бил принуден да се прехранува пеејќи од врата до врата, а често морал и да гладува. Мрачните и празноверни сфаќања за верата што тогаш преoвладувале, го исполнувале со страв. Навечер легнувал со тажно срце, гледајќи со страв во мрачната иднина, во постојан страв од Бога, кого го замислувал како строг и непопустлив судија и како свиреп тиранин, а не како небесен Татко полн со милост и љубов. {ГБ 121.2}

Сепак, и покрај многуте и силни обесхрабрувања, Лутер одлучно се насочил кон највисокиот стандард на морално и интелектуално совршенство кој ја привлекувал неговата душа. Тој копнеел за знаење, и неговиот сериозен и активен ум се стремел кон она што е трајно и корисно, а не кон она што е видливо и површно. {ГБ 121.3}

Кога на возраст од осумнаесет години стапил на универзитетот во Ерфурт, неговата положба била поповолна и изгледите за иднината биле посветли од оние во претходните години. Бидејќи неговите родители со труд и со штедливост си ги обезбедиле потребните средства за живот, тие биле во можност и нему да му ја дадат потребната помош; а влијанието на разумните пријатели донекаде го ублажило мрачниот впечатокот на неговото поранешно воспитување. Тој внимателно ги проучувал делата на најдобрите писатели, збогатувајќи го умот со нивните најдобри мисли, а знаењето на мудреците го преточил во своја сопственост. Дури и во услови на најстрога дисциплина кои ги наметнале неговите поранешни наставници, тој покажувал извонредни способности, а сега, во поповолна средина, неговиот ум се развивал уште побргу. Брилијантната меморија, живата имагинација, големата способност за логично размислување и неуморната трудољубивост во учењето наскоро му помогнале да го заземе првото место меѓу неговите другари. Интелектуалната дисциплина му помогнала да созрее, ја поттикнала активноста на умот и ја изострила перцепцијата, што го подготвила за подоцнежната борба во неговиот живот. {ГБ 121.4}

Лутер имал страв од Бога, и тоа му помогнало да ги сочува цврстините на своите намери и го водел во длабока понизност пред Бога. Тој бил свесен за неговата постојана зависност од Божјата помош; секој ден го почнувал со молитва, додека неговото срце постојано воздивнувало барајќи ја Неговата помош и водство. „Да се молиш добро”, често зборувал, „е подобро од половината од наученото” (D’Aubigne, b. 2, ch. 2). {ГБ 122.1}

Еден ден, додека ги разгледувал книгите во универзитетската библиотека, Лутер открил една Библија на латински. Пред тоа, тој никогаш не видел таква книга; дури не ни знаел дека таа постои. За време на јавните богослуженија слушал одделни делови од евангелијата и посланијата што му се читале на народот на јавното богослужение и претпоставувал дека тоа е целата содржина на Библијата. Сега за првпат ја видел целата Библија. Со измешано чувство на стравопочит и чудење ги прелистувал нејзините свети страници; со забрзан пулс и со треперливо срце сам ги читал зборовите на животот, застанувајќи за момент за да извика: „О, кога Бог мене би ми дал една ваква книга!” (Исто, b. 2, ch. 2). Небесните ангели биле покрај него, а зраците на светлината од Божјиот престол ги откривале богатствата на вистината на неговиот разум. Секогаш се плашел дека ќе го навреди Бога, но сега, како никогаш порано, го обзело длабоко убедување за сопствената грешност. {ГБ 122.2}

Искрената желба да се ослободи од гревот и да се помири со Бога, конечно го натерала да стапи во манастир и да се посвети на монашкиот живот. Овде од него барале да ги извршува најниските и најтешките работи и да проси од куќа до куќа. Бил во години кога човек најмногу чувствува потреба да биде почитуван и ценет и овие понижувачки работи длабоко ги повредувале неговите вродени чувства, меѓутоа, трпеливо ги поднесувал понижувањата верувајќи дека тоа е неопходно поради неговите гревови. {ГБ 123.1}

Секој момент кој можел да го оддели од своите секојдневни обврски, тој го користел за учење, жртвувајќи го дури и времето за спиење, па дури и времето предвидено за неговите скромни оброци. Најмногу уживал кога го проучувал Божјото слово. Нашол една Библија која со синџир била врзана за манастирскиот ѕид и често тука доаѓал. Доколку неговото осведочување за гревот било подлабоко, дотолку повеќе настојувал со сопствени дела да добие простување и мир. Водел многу строг живот, настојувајќи лошата склоност на својата природа, од која не можел да го ослободи неговиот монашки живот, да ја искорени со пост, камшикување и неспиење. Не отстапувал пред ниедна жртва само да ја постигне чистотата на срцето, која би го оспособила да му угоди на Бога. „Навистина бев побожен монах” - рекол подоцна - „и точно ги исполнував сите правила на својот ред, повеќе отколку што може и да се замисли. Ако некогаш еден монах би можел да дојде во небото благодарение на своите монашки дела, тогаш без сомнеж јас би имал право на тоа... Ако оваа ситуација траеше малку подолго, моите мачења би ме одвеле во смрт” (Исто, b. 2, ch. 3). Поради таквото маченичко казнување на телото ја изгубил силата и страдал од грчеви и несвестици, од кои никогаш повеќе сосема не се опоравил. Но, и покрај сите негови напори, неговата оптоварена душа не нашла олеснување. Тој конечно бил доведен до работ на очај. {ГБ 123.2}

Кога Лутер мислел дека сѐ е загубено, Бог му испратил пријател и помошник. Побожниот Штаупиц му помогнал на Лутер да го разбере словото Божјо, да го сврти вниманието од себе, му помогнал да се ослободи од неподносливото чувство на вина поради кршењето на Божјиот закон и да гледа на Исуса - на Спасителот кој ги простува гревовите. „Наместо да се измачуваш себеси поради своите гревови, фрли се во прегратките на Спасителот. Верувај во Него, во праведноста на Неговиот живот, и во помирувањето со Неговата смрт... Слушај го Божјиот Син. Тој станал човек за да ти даде уверување во божествената милост. Љуби Го Оној кој прв тебе те љубел“ (Исто, b. 2, ch. 4). Така зборувал овој гласник на милоста. Неговите зборови оставиле длабок впечаток врз Лутера. По долгата борба против многуте вкоренети заблуди, сега бил во состојба да ја сфати вистината и најпосле во неговата вознемирена душа завладеал мир. {ГБ 123.3}

Лутер бил ракоположен за свештеник и бил повикан од манастирот да предава како професор на универзитетот во Витенберг. Тука почнал да ја проучува Библијата на изворните јазици. Во исто време почнал да држи предавања за Библијата, на многумина воодушевени слушатели им ги толкувал псалмите, евангелијата и посланијата. Штаупиц, неговиот пријател и учител, го поттикнувал да застане на проповедалната и да го проповеда Божјото слово. Лутер се двоумел, чувствувајќи дека е недостоен да му зборува на народот во Христово име. Дури по долга внатрешна борба тој конечно попуштил на молбите на својот пријател. Веќе доволно бил запознаен со Библијата и Божјата милост се гледала на него. Неговата елоквентност ги освојувала слушателите. Јасноста и моќта со која ја изнесувал вистината влијаела врз умот, а неговиот ентузијазам ги освојувал нивните срца. {ГБ 124.1}

Лутер сѐ уште бил верен син на папската црква, и не помислувал дека неговата положба ќе се промени во иднина. Божјото провидение го навело да го посети Рим. Патувал пеш, а на патот ноќевал по манастирите. Во еден манастир во Италија се зачудил на богатството, сјајот и раскошот на кој наишол таму. Уживајќи дворски приходи монасите живееле во прекрасни апартмани, се облекувале во најбогати и најскапи облеки, и се хранеле од раскошни трпези. Со длабока тага Лутер ја споредувал оваа сцена со својот живот полн со самооткажување и тешкотии. Тоа го збунило неговиот ум. {ГБ 124.2}

Најпосле оддалеку го здогледал градот на седумте ритчиња. Длабоко возбуден, се фрлил на земјата извикувајќи: „Свети Риме, јас те поздравувам!” (Исто, b. 2, ch. 6). Влегол во градот, ги посетувал црквите, слушал чудесни приказни што ги повторувале свештениците и монасите, и ги извршувал сите пропишани церемонии. Насекаде наидувал на сцени што го исполнувале со чудење и ужас. Тој видел дека беззаконието ги зафатило сите редови на свештенството. Слушал непристојни шеги од високите великодостојници, а нивното страшно безбожништво и сквернавење што го покажувале дури и за време на миса, го исполнувале со ужас. И меѓу монасите и меѓу жителите на градот, насекаде наидувал на расипаност и на разврат. Каде и да се свртел, наместо светост забележувал сквернавење. „Тешко е да се замисли” - пишувал тој - „какви сѐ гревови и срамни дела се прават во Рим, тоа мора да се види и чуе за да може да се верува”. Поради тоа настанала и поговорката: „Ако има пекол, тогаш Рим е изграден врз него. Тоа е бездна од каде доаѓаат сите гревови!” (Исто, b. 2, ch. 6). {ГБ 124.3}

Со неодамнешниот декрет папата им ветувал простување на гревовите на сите оние што на колена ќе се искачат по таканаречената „Пилатова скала” на која, како што се зборувало, нашиот Спасител слегувал кога ја напуштил Римската судница, и која, на чудесен начин била пренесена од Ерусалим во Рим. Еден ден Лутер побожно се искачувал по таа скала, кога одеднаш му се јавил глас сличен на гром: „Праведникот преку верата ќе живее” (Римјаните 1:17). Тој скокнал на нозете и побегнал од тоа место, засрамен и вчудовиден. Овој библиски текст никогаш не ја изгубил моќта врз неговата душа. Од тој миг, појасно од кога и да е порано, сфатил колкава е заблудата да се верува дека спасението може да се заслужи со човечки дела, и ја увидел потребата од постојана вера во Христовите заслуги. Неговите очи се отвориле, и никогаш повеќе не се затвориле пред измамите на папството. Свртувајќи го своето лице од Рим, го свртел од него и своето срце, и оттогаш неговата разделба од Рим станувала сѐ поизразена сѐ додека конечно не ги прекинал сите контакти со папската црква. {ГБ 125.1}

По враќањето од Рим, Лутер од универзитетот во Витенберг добил диплома на доктор по теологија. Сега тој слободно располагал со своето време и бил во можност да се посвети на проучување на Библијата, која толку многу ја сакал. Свечено се заветувал дека секој ден во својот живот внимателно ќе го проучува и совесно проповеда само Божјото слово, а не папските догми и изреки. Сега тој не бил само монах или професор по теологија, туку ополномоштен гласник на Библијата. Бил повикан како пастир да го пасе Божјото стадо кое било гладно и жедно за вистината. Решително изјавил дека единствен извор на верата на христијаните треба да биде Библијата. Овие зборови удриле во самиот темел на папската власт. Тие ги содржеле главните начела на реформацијата. {ГБ 125.2}

Лутер видел колку е опасно да се издигнуваат човечките теории над Божјото слово. Тој храбро ја нападнал безбожната филозофија на схоластиката, критикувајќи ја теологијата која дотогаш доминирала во умовите на луѓето. Таквите студии ги прогласил не само за безвредни туку и за штетни, настојувајќи мислите на своите слушатели да ги одврати од лажните мудрувања на филозофите и теолозите, и да ги насочи кон вечните вистини изнесени од пророците и апостолите. {ГБ 126.1}

Драгоцена била пораката што им ја носел на жедните луѓе, кои со најголемо внимание ги слушале неговите зборови! Такви учења никогаш порано луѓето не слушнале. Радосната вест за љубовта на Спасителот, сигурноста на простувањето и мирот преку Неговата пролеана крв, сето тоа донело радост во нивните срца и кај нив разбудиле бесмртна надеж. Во Витенберг се запалила светлина чии зраци требале да допрат до најоддалечените делови на земјата, чијшто сјај ќе се зголемува со приближувањето на последните времиња. {ГБ 126.2}

Но, светлината и темнината не можат да се усогласат. Помеѓу вистината и заблудата постои непомирлив судир. Да се чува и брани едното, значи да се напаѓа и соборува другото. Самиот наш Спасител рекол: „Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата; не дојдов да донесам мир, туку меч” (Матеј 10:34). Неколку години по почетокот на реформацијата Лутер изјавил: „Бог не само што ме води, туку едноставно ме турка напред. Тој ме освои, јас не сум свој господар. Сакам да живеам во мир, но фрлен сум среде бури и револуции” (D’Aubigne, b. 5, ch. 2). Сега го чекало вистинско бојно поле. {ГБ 126.3}

Католичката црква вршела трговија со Божјата милост. Масите на менувачите (Матеј 21:12) биле поставени крај нејзините олтари, а низ воздухот се огласувале извиците на продавачите и купувачите. Под изговор дека се собираат средства за изградба на црквата на Свети Петар во Рим, со дозвола на папата, јавно се нудени за продавање прошталници за гревовите. На сметка на злосторствата се градел храм за служба на Бога, а неговиот аголен камен требало да биде поставен на беззаконието! Меѓутоа, токму средствата предвидени за издигањето на Рим предизвикале смртен удар на неговата моќ и големина. Токму тоа ги подигнало најодлучните и најрешителните противници на папството, и ја предизвикало битката која го потресла папскиот престол и ја разнишала трикратната круна на главата на понтифексот. {ГБ 127.1}

Служителот по име Тецел, кој ја предводел продажбата на прошталниците во Германија, претходно бил обвинет за најниски злосторства против општеството и Божјиот закон, но избегнувајќи ја казната за своите злосторства, бил назначен да ги остварува користољубивите и бескрупулозните планови на папата. Со голема дрскост ги повторувал очигледните лаги и раскажувал чудесни приказни заведувајќи ги на тој начин неупатените, лековерните и суеверните луѓе. Кога луѓето би го имале Божјото слово, не би можеле толку лесно да бидат измамени. Затоа Библијата била сокриена од народот за да остане под контрола на папството и со тоа да ја зголеми моќта и богатството на своите честољубиви водачи (See John C. L. Gieseler, A Compendium of Ecclesiastical History, per. 4, sec. 1, par. 5.). {ГБ 127.2}

Кога Тецел влегувал во некој град, пред него одел предвесник, најавувајќи: „Божјата милост и милоста на светиот отец (папата) е пред вашата врата” (D’Aubigne, b. 3, ch. 1). А народот го поздравувал богохулниот измамник, како самиот Бог да слегол од небото кај нив. Во црквата била воведена срамна трговија, а Тецел, од проповедалната ги возвишувал индулгенциите како највреден дар од Бога. Тој изјавувал дека врз основа на неговите писмени потврди за купеното простување ќе им се простат сите гревови, и во сегашноста и во иднината, и дека дури и „нема потреба од покајание“ (Исто, b. 3, ch. 1). Освен тоа, ги уверувал своите слушатели дека индулгенциите имаат моќ да ги спасат не само живите, туку и мртвите, и дека во оној момент кога на дното на неговата кутија ќе ѕвекнат парите, душата во чија корист биле дадени парите ќе излезе од чистилиштето и ќе отиде на небото (See K. R. Hagenbach, History of the Reformation, vol. 1, p. 96.). {ГБ 127.3}

Кога Симон гаталецот им понудил пари на апостолите за да купи власт и да прави чуда, Петар му одговорил: „Среброто твое нека загине заедно со тебе, зашто помисли дека дарот Божји може да се стекне со пари” (Дела 8:20). Но, понудата на Тецел илјадници од нив жедно ја прифатиле. Злато и сребро се слевало во неговата ризница. Спасението, што се нудело за пари, било прифаќано полесно отколку она што било условено со покајание, вера и постојани напори во борбата против гревот (Види Додаток). {ГБ 128.1}

Учените и побожни луѓе на Католичката црква се побуниле против доктрината за индулгенции, а мнозина не можеле да поверуваат во таквите тврдења толку спротивни на здравиот разум и Божјото откровение. Ниту еден свештеник не се осмелил јавно да го крене својот глас против неправедната трговија, но умовите на луѓето станале вознемирени и загрижени, а многумина сериозно се прашувале дали можеби Бог нема да подигне некое избрано орудие да ја очисти црквата. {ГБ 128.2}

Лутер, кој сѐ уште бил ревен поддржувач на папството, се згрозувал од оваа богохулната дрскост на трговците со индулгенции. Мнозина од неговите верници кои купиле индулгенции, наскоро почнале да доаѓаат кај него како нивен свештеник исповедајќи разни гревови, со надеж дека ќе добијат простување, не затоа што се покајале и сакале да започнат нов живот, туку затоа што купиле индулгенции. Лутер одбил да ги разреши од гревот, предупредувајќи ги дека ако не се покаат и не го променат нивниот начин на живот, ќе загинат. Збунети и конфузни се вратиле кај Тецел и му се пожалиле дека нивниот исповедник не ги признава неговите потврди; а некои, похрабри, барале да им се вратат парите. Ова многу го налутило монахот. Изговарајќи најстрашни клетви, наредил на главниот плоштад да се запали оган и изјавил дека од папата добил власт да ги запали сите еретици кои ќе се осмелат да се спротивстават на неговите најсвети индулгенции” (D’Aubigne, b. 3, ch. 4). {ГБ 128.3}

Тогаш Лутер храбро го започнал своето дело како борец за вистината. Тој сериозно и свечено ги предупредувал луѓето од проповедалната. На народот му укажувал на одвратниот карактер на гревот и учел дека човекот не може со сопствени дела да ја намали вината или да ја избегне казната. Ништо, освен покајание пред Бога и верата во Христа не може да го спаси грешникот. Христовата благодат не може да се купи, тоа е бесплатен дар. Тој ги советувал луѓето да не купуваат индулгенции туку со вера да гледаат во распнатиот Спасител. Тој го споделил своето болно искуство, кога залудно настојувал спасението да го осигура со понижувачко и покајничко мачење на телото и ги уверувал своите слушатели дека мир и радост нашол дури тогаш кога го одвратил својот поглед од себе и поверувал во Христа. {ГБ 129.1}

Бидејќи Тецел продолжил со својата трговија и со безбожните барања, Лутер решил најенергично да протестира против овие дрски злоупотреби. Набргу му се дала можност. Дворската црква во Витенберг имала многу реликвии кои на големите празници биле изложени пред народот, и сите кои во тоа време би ја посетиле црквата и би се исповедале, добивале целосно простување на гревовите. Поради тоа, народот во тие денови во голем број доаѓал во црквата. Се приближувал еден од најважните празници, празникот „Сите свети”. Во пресрет на тој празник, Лутер, мешајќи се со толпата што се упатила кон црквата, прикачил листа од деведесет и пет тези против науката за индулгенции на нејзината врата, изјавувајќи дека е подготвен да ги брани овие тези наредниот ден на универзитетот, против сите кои мислеле дека се способни да ги нападнат. {ГБ 129.2}

Неговите тези привлекле сеопшто внимание. Биле читани многупати, и повторувани на сите страни. На универзитетот и во целиот град настанала голема возбуда. Овие тези покажале дека ниту на папата ниту на кој било друг човек никогаш не му била дадена власт да простува гревови и да ослободува од казни. Продавањето на индулгенции е само една фарса, вештина да се изнудат пари од народот, да се искористи неговата лековерност - лукавство на сатаната да ги уништи душите на сите оние што ќе поверуваат во оваа лага. Исто така јасно беше покажано дека Христовото евангелие е највредното богатство на црквата и дека Божјата благодат, која е откриена во него, бесплатно им се дава на сите што ја бараат преку покајание и вера. {ГБ 130.1}

Тезите на Лутер предизвикувале на расправија, но никој не се осмелил да го прифати предизвикот. Прашањата што ги поставил за неколку дена се рашириле низ цела Германија, а за неколку седмици одекнувале низ целиот христијански свет. Многу побожни католици, кои со тага го гледале страшното беззаконие кое преовладувало во црквата и го осудувале, но не знаеле како да го спречат сето тоа, со голема  радост ги читале тезите на Лутер, препознавајќи го Божјиот глас во нив. Чувствувале дека Бог милостиво им подал рака да ја сопре поплавата на расипаноста што извирала од римскиот престол. Кнезовите и судиите потајно се радувале што најпосле ќе биде зауздана дрската сила која забранувала секакво право на приговор на нејзините одлуки. {ГБ 130.2}

Но, повеќето од оние што го сакале гревот и суеверието се исплашиле кога биле разоткриени заблудите што го смирувале нивниот страв. Подмолното свештенство, кое поттикнувало криминал, гледајќи дека се заканува опасност да ги изгубат своите приходи, било страшно огорчено. Реформаторот наишол на огорчени тужители. Некои го обвинувале дека постапува пребрзо и непромислено. Други го обвинувале за ароганција, мислејќи дека не го води Бог, туку дека тоа го работи од гордост и остра непромисленост. „Човек ретко може да изнесе нешто ново”, им одговорил тој, „а притоа да не изгледа горд и да не биде обвинет дека предизвикува кавги?... Зошто Христос и сите други маченици биле убиени? Затоа што се чинело дека горделиво ја презираат мудроста на своето време и дека истакнуваат нови идеи, не прашувајќи ги понизно за совет приврзаниците на старите сфаќања”. {ГБ 130.3}

Потоа изјавил: „Сѐ што ќе направам ќе биде според Божјиот совет, а не според човечка мудрост. Ако делото е од Бога, кој може да го спречи, а ако не е од Него, кој може да го унапреди? Не мојата волја, не нивната, не нашата, туку само Твојата волја, о свети Оче, кој си на небесата!” (Исто, b. 3, ch. 6). {ГБ 131.1}

Иако Лутер во ова дело бил преводен од Божјиот Дух, тој сепак не можел да го продолжи без жестоки борби. Приговорите и срамотењето од страна на непријателите, погрешното толкување на неговите намери, неправедни и злонамерни предупредувања на сметка на неговиот карактер и на неговите побуди, навалувале на него како поплава, и тие не биле без успех. Тој се надевал дека водечките луѓе на нацијата, и во црквите и во образовните институции, драговолно ќе му се придружат во корист на реформацијата. Лутеровото срце било исполнето со радост и надеж, кога слушнал зборови на охрабрување од луѓе на високи позиции. Веќе гледал како осамнува посветол ден за црквата. Но, набргу овие охрабрувања се претвориле во навреди и осуди. Многу државни и црковни достоинственици биле уверени во вистинитоста на неговите тези, но набргу увиделе дека прифаќањето на овие вистини би довело до големи промени. Да се просветли и реформира народот, всушност би значело да се поткопа авторитетот на Рим, да се сопрат илјадници потоци што се влеваат во неговите ризници, а тоа би ја намалило расипаноста и раскошот на папските водачи. Освен тоа, да се научат луѓето да мислат и да постапуваат како одговорни битија, и само од Исуса да го очекуваат своето спасение, би значело да се поткопа престолот на врховниот свештеник, и тоа можеби на крај би го срушило нивниот личен авторитет. Поради овие причини одбиле да го прифатат знаењето што Бог им го понудил, се спротивставиле на човекот што самиот Бог го испратил да ги просветли, и на тој начин се подигнале против Христа и Неговата вистина. {ГБ 131.2}

Помислувајќи на себе, Лутер треперел, свесен дека стои сам против најмоќните сили на земјата. Понекогаш се сомневал дали во тоа спротивставување на авторитетот на црквата навистина го води Бог. „Кој сум јас” - пишувал тој - „да се спротивставам на величието на папата, пред кого... треперат земните цареви и целиот свет?... Никој не може да знае колку страдав во моето срце во текот на првите две години, и во каква неволја, дури и очај, често паѓав”. (Исто, b. 3, ch. 6). Но тој сепак не бил оставен да стане крајно обесхрабрен. Кога му недостигала човечката поддршка, тој гледал само во Бога и научил целосно да се потпира на Неговата семоќна рака. {ГБ 132.1}

На еден пријател на реформацијата, Лутер му напишал: „Библијата не може да се разбере ниту со проучување ниту со разум. Твоја прва должност е да започнеш со молитва. Моли се на Господа во својата голема милост да ти подари правилно сфаќање на Неговото слово. Најдобар толкувач на Божјото слово е самиот нејзин Автор, како што и самиот рекол: „И ќе бидат сите од Бога научени” (Јован 6:45). „Не надевај се дека ќе постигнеш нешто со сопствени напори, или со способностите на својот ум, надевај се единствено во Бога и во влијанието на Неговиот Дух. Верувај во зборовите на човекот кој го знае тоа од лично искуство” (Исто, b. 3, ch. 7). Овде се крие поука од најголемо значење за сите оние што чувствуваат дека Бог ги повикал, свечената вистина за ова време да ја пренесат и на другите. Овие вистини ќе предизвикаат непријателства и на сатаната и на сите оние кои се наклонети кон измислици што самиот тој ги смислил. Во борбата со силите на злото потребно е нешто повеќе од силата на разумот и човечката мудрост. {ГБ 132.2}

Кога противниците се повикувале на обичаите или на традицијата, или на тврдењата и авторитетот на папата, Лутер одговарал повикувајќи се на Библијата и само на Библијата. Тука се наоѓале доказите што тие не можеле да ги побијат па поради тоа робовите на формализмот и празноверијата ја барале неговата крв, како што Евреите ја барале Христовата крв. „Тој е еретик”, извикувале приврзаниците на Рим. „Да му се дозволи на еден таков еретик да живее само еден час повеќе, претставува најсрамно предавство против црквата. Веднаш нека се подигне клада за него!” (Исто, b. 3, ch. 9). Но Лутер не станал плен на нивниот гнев. Бог му одредил дело кое требало да го изврши, и испратил Божји ангели да го заштитат. Мнозина пак, кои од Лутера ја примиле драгоцената светлина, станале предмет на сатанскиот гнев и поради вистината храбро поднеле страдања и смрт. {ГБ 132.3}

Лутеровите учења го привлекле вниманието на мисловните луѓе ширум Германија. Од неговите проповеди и списи извирале зраци на светлина кои разбудиле и просветлиле илјадници. Живата вера го зазела местото на мртвиот формализам кој толку долго се одржувал во црквата. Луѓето сѐ повеќе ја губеле довербата во празноверието на Рим. Урнати се предрасудите. Божјото слово, со кое Лутер го проверувал секое учење и секое тврдење, било како меч со две острици кој си го расчистувал себеси патот до срцата на луѓето. Насекаде се забележувало будење и желба за духовен напредок. Насекаде се чувствувал глад и жед за правда, како никогаш порано. Очите на народот, толку долго насочени кон човечките обреди и земните посредници, сега со покајание и вера биле насочени само кон Христа и тоа распнатиот. {ГБ 133.1}

Овој широко распространет интерес уште повеќе ги поттикнал стравувањата кај папските власти. Лутер добил покана да се појави во Рим за да одговара на обвинувањата за ерес. Овој налог многу ги исплашил неговите пријатели. Тие биле свесни каква опасност му се заканува во тој расипан град, кој веќе бил пијан од крвта на Христовите маченици. Затоа тие протестирале против неговото заминување во Рим, барајќи да биде сослушан во Германија. {ГБ 133.2}

Овој предлог најпосле бил прифатен и папата назначил еден легат да го испита случајот. Во упатствата упатени од папата до овој службеник било кажано дека Лутер веќе бил прогласен за еретик. Потоа на пратеникот му било наредено „да го прогонува и без одлагање да го присили на покорност”. Ако Лутер остане упорен, и ако папскиот легат не може да го држи под своја власт, тој бил овластен „да го гони низ сите краишта на Германија, да ги прогони, да ги проколне и да ги исклучи од црквата сите оние што ќе му останат приврзани” (Исто, b. 4, ch. 2). Понатаму папата му дал налог на својот легат - со цел целосно да ја истреби оваа заразна ерес - сите, со исклучок на царот, без оглед на нивниот углед и достоинство во црквата и државата, кои ќе пропуштат да го фатат Лутера и неговите приврзаници и да ги предадат на римска одмазда, да ги прогласат за исклучени. {ГБ 133.3}

Тука е прикажан вистинскиот дух на папството. Во целиот тој документ не се забележувала ниту трага од христијанските начела, па дури немало ниту вообичаена човечка правда. Лутер бил далеку од Рим и немал можност да го објасни или брани својот став; уште пред да биде испитан неговиот случај, тој бил прогласен за еретик, и во истиот ден бил предупреден, обвинет и осуден, и сето тоа од самопрогласениот свети отец, единствениот врховен, непогрешлив авторитет во црквата или државата. {ГБ 134.1}

Во тоа време, кога на Лутер најмногу му било потребно сочувство и совет од вистински пријател, Божјото провидение го испратило Меланхтон во Витенберг. Млад, скромен, воздржан во своето однесување, со здраво расудување, со големо знаење, со изразит дар на говор, а покрај тоа чист и честит, Меланхтон со овие особини на својот карактер придобил сеопшто восхитување и почитување. Неговиот благороден карактер не се истакнувал ништо помалку од неговите сјајни таленти. Наскоро станал искрен ученик на евангелието и Лутеров најблизок пријател и ценет поддржувач. Неговата благост, претпазливост и точност ја надополнувале Лутеровата храброст и енергичност. Нивната соработка во делото ѝ дала сила на реформацијата и претставувала извор на големо охрабрување за Лутера. {ГБ 134.2}

За место на сослушување бил избран Аугсбург, а реформаторот таму се упатил пеш. Некои сериозно се уплашиле за неговиот живот. Се слушале отворени закани дека на патот ќе го фатат и убијат и неговите пријатели го молеле да не се изложува на таков ризик. Дури го молеле да го напушти Витенберг и да најде сигурност кај оние што биле подготвени да го земат во заштита. Но тој не сакал да ја напушти позицијата што му ја одредил Бог. Тој чувствувал должност и покрај бурата што надоаѓала, да продолжи верно да ја брани вистината. Тој велел: „Јас сум како Еремија, човек против кого секој вика; но колку повеќе се зголемуваат нивните закани, толку повеќе е поголема и мојата радост... Тие веќе ја уништија мојата чест и мојот углед. Ми остана уште едно; тоа е моето бедно тело; и него нека го земат; со тоа ќе ми го скратат животот за неколку часа. Но, мојата душа не можат да ми ја земат. Оној што сака на светот да му го објавува Христовото слово, мора да очекува смрт во секој момент” (Исто, b. 4, ch. 4). {ГБ 134.3}

Веста за Лутеровото доаѓање во Аугсбург го исполнила срцето на папскиот легат со големо задоволство. Проблематичниот еретик, кој го свртел вниманието на целиот свет, сега веќе бил под власта на Рим, а легатот цврсто решил да не му дозволи да избега. Реформаторот пропуштил да си обезбеди гарантно писмо. Пријателите упорно го молеле да не се појавува пред легатот без гарантно писмо, и самите направиле сѐ за да му обезбедат таква гаранција од царот. Легатот имал намера, ако некако е можно, да го присили Лутера да се откаже, а ако тоа не му успее, да го одведе во Рим, за да ја сподели судбината на Хус и Јероним. Затоа, преку своите агенти се обидувал да го наговори Лутера да се појави без гарантно писмо верувајќи во неговата милост. Реформаторот решително го одбил тоа. И не сакал да се појави пред папскиот пратеник сѐ додека не го добил документот со кој царот му ја гарантирал својата заштита. {ГБ 135.1}

Приврзаниците на Рим решиле на политички начин да го придобијат Лутера со привидна благост. Во разговорот со него, папскиот пратеник покажувал голема љубезност, но барал Лутер безусловно да се покори на авторитетот на црквата и да се откаже од секоја точка на своето учење без докажување или прашање. Тој не го проценил добро карактерот на човекот со кој требало да преговара. Во својот одговор, Лутер изразил почит кон црквата, стремеж за вистината, дека е подготвен да одговори на сите приговори изнесени на сметка на неговите предавања, и тие учења да ги достави на одлуката на некои водечки универзитети. Но, во исто време, го кренал својот глас против постапката на кардиналот со која барал да се повлече, без никаков доказ дека бил во заблуда. {ГБ 135.2}

Единствениот одговор бил: „Негирај! Негирај!“ Реформаторот покажал дека неговиот став се темели на Библијата и решително изјавил дека не може да се откаже од вистината. Бидејќи не бил во состојба да ги побие Лутеровите аргументи, легатот го опсипал со порој навреди, со потсмев и ласкања помешани со цитати од преданијата и изјавите на црковните отци, не давајќи му можност на реформаторот воопшто да дојде до зборови. Гледајќи дека разговорот, воден на еден таков начин, не е од никаква корист, Лутер конечно неволно добил дозвола да го презентира својот одговор во писмена форма. {ГБ 136.1}

„На тој начин”, рекол тој, пишувајќи му на еден свој пријател, „имав двојна добивка: Прво, она што е напишано, може да се даде на проверка од страна на други луѓе, и второ, со тоа може полесно да се влијае на стравот, ако веќе не врз совеста на еден дрзок и брблив тиранин, кој инаку би можел да надвладее со својот заповеднички глас” (Martyn, The Life and Times of Luther, pages 271, 272). {ГБ 136.2}

На следниот состанок Лутер јасно, концизно и силно ги изнел своите ставови, целосно поткрепени со многубројни цитати од Библијата. Овој документ, откако најпрвин го прочитал на глас, му го предал на кардиналот кој со презир го фрлил настрана, изјавувајќи дека тоа се само празни зборови и безвредни цитати. Лутер, целосно пробуден, сега се сретнал со гордиот прелат на негов терен, традициите и учењата на црквата - и целосно ги срушил неговите тврдења. {ГБ 136.3}

Откако прелатот увидел дека Лутеровите докази се несоборливи, тој изгубил секаква самоконтрола и во гнев извикал: „Негирај, или ќе те испратам во Рим, да се појавиш пред судиите на кои им е наредено да се запознаат со твоето дело. Тебе, твоите приврзаници, и сите што те помагаат или што ќе ти помагаат во иднина ќе ве исклучам од црквата”. Најпосле со горделив и гневен глас изјавил: „Откажи се или немој повеќе да се појавуваш!” (D’Aubigne, London ed., b. 4, ch. 8). {ГБ 136.4}

Реформаторот веднаш се повлекол со своите пријатели, со што јасно дал до знаење дека од него не може да се очекува никакво откажување. Ова не била целта на кардиналот. Тој си ласкал себеси дека ќе биде во состојба со сила да го натера Лутера да се откаже. Сега, останувајќи сам со своите поддржувачи, погледот го префрлал од еден на друг, целосно разочаран поради неочекуваниот неуспех на неговите планови. {ГБ 137.1}

Напорите на Лутер во овој судир не биле без добри резултати. Луѓето што биле присутни на состанокот добиле можност да го споредат однесувањето на овие два човека и да проценат каков дух ги води и во што се состои вистинитоста на нивните ставови. Каков впечатлив контраст! Реформаторот, едноставен, скромен и решителен, стоел тука во Божја сила, имајќи ја вистината на негова страна, претставникот на папата вообразен, дрзок, горделив и неразумен, без ниеден доказ од Библијата, викал гласно: „Откажи се, или ќе те испратам во Рим да те казнат!” {ГБ 137.2}

И покрај тоа што Лутер обезбедил гарантно писмо, папистите планирале да го фатат и да го затворат. Меѓутоа, неговите пријатели, гледајќи дека неговото понатамошно задржување во овој град е бескорисно, настојувале без одлагање да се врати во Витенберг, но со најголема претпазливост за да се сокријат неговите намери. Затоа го напуштил Аугсбург пред да се раздени, на коњ, во придружба на само еден водич кој му го обезбедил началникот на градот. Исполнет со мрачни претчувства, тој тајно се пробивал низ мрачните и тивки улици на градот. Будните и свирепи непријатели демнеле над неговата глава. Дали ќе ги избегне поставените стапици? Тоа биле моменти на вознемиреност и искрена молитва. Стигнал до малата порта во ѕидот од градот. Таа била отворена за него, и тој со својот водич поминал без пречки. Кога се нашле слободни, надвор од градското подрачје, бегалците брзале, и пред легатот да биде свесен за Лутеровото заминување, тие веќе биле надвор од дофатот на своите гонители. Плановите на сатаната и неговите пратеници биле осуетени. Човекот за кого сметале дека веќе е во нивни раце, избегал како птица од мрежата на птичарот. {ГБ 137.3}

На веста за Лутеровото бегство, легатот бил изненаден и гневен. Тој очекувал дека поради својата мудрост и решителност во постапките со човекот кој ја вознемирил црквата ќе биде пофален, но неговата надеж го изневерила. Тој му дал израз на својот гнев во писмото упатено до саксонскиот изборен кнез Фридрих, тешко обвинувајќи го Лутера и барајќи од Фридрих да го испрати реформаторот во Рим, или да го протера од Саксонија. {ГБ 138.1}

Лутер во своја одбрана барал легатот или папата да ги докажат неговите заблуди од Писмото и најсвечено се заколнал дека ќе се откаже од својата наука доколку се докаже дека таа е во спротивност со Божјото слово. И тој ја изразил својата благодарност на Бога што го удостоил да страда за тоа толку свето дело. {ГБ 138.2}

Изборниот кнез, сепак, малку знаел за учењето на реформаторот, но тој бил длабоко импресиониран од искреноста, силата и јасноста на Лутеровите зборови; и сѐ додека не се докаже дека реформаторот е во заблуда Фридрих решил да биде негов заштитник. Одговарајќи на барањето на легатот, тој напишал: „Треба да бидете задоволни што доктор Мартин Лутер се појави пред вас во Аугсбург. Ние не очекувавме дека ќе го присилувате да се откаже, без да го убедите во неговите заблуди. Ниту еден од учените луѓе во нашето кнежевство не ме извести дека науката на Мартин е безбожна, антихристијанска или еретичка”. Кнезот исто така одбил да го испрати Лутера во Рим или да го протера од својата држава” (D’Aubigne, b. 4, ch. 10). {ГБ 138.3}

Изборниот кнез видел дека моралните ограничувања во општеството паднале многу ниско. Имало потреба од голема реформа. Сложените и скапи мерки за спречување и казнување на криминалот би биле непотребни ако луѓето ги признаат и почитуваат Божјите барања и гласот на просветлената совест. Видел дека Лутер работи токму на тоа подрачје и потајно се радувал што во црквата се чувствувало подобро влијание. {ГБ 138.4}

Тој исто така забележал дека како професор на универзитетот Лутер бил извонредно успешен. Поминала само една година откако реформаторот ги објавил своите тези на вратата на црквата, и веќе можело да се забележи дека бројот на верниците што ја посетувале црквата на празникот „Сите свети” значително се намалил. Рим бил лишен од своите почитувачи и дарови, но затоа нивното место го пополнувале поинакви посетители што доаѓале во Витенберг не како поклоници да ги обожаваат неговите реликвии, туку како студенти да ги наполнат универзитетските сали. Лутеровите списи насекаде буделе нов интерес за Библијата, и не само од Германија, туку и од другите земји доаѓале студенти на Витенбершкиот универзитет. Младите луѓе, кои за првпат го виделе Витенберг „ги подигале рацете кон небото и го фалеле Бога што дозволил светлината на вистината да заблеска од овој град, како некогаш од Сион, и оттаму да се рашири до најоддалечените земји” (Исто, b. 4, ch. 10). {ГБ 139.1}

Лутер, во поглед на заблудите на римокатолицизмот, сѐ уште бил само делумно обратен. Но, кога ја споредувал Библијата со папските декрети и одлуки, тој бил вчудовиден. „Ги читам папските декрети”, пишувал тој, „и... не знам дали папата е антихрист или негов апостол, толку лажно Христос е прикажан во тие декрети и распнат во нив” (Исто, b. 5, ch. 1). Сепак, во тоа време Лутер сѐ уште бил приврзаник на Римската црква и не помислувал дека некогаш ќе се оддели од неа. {ГБ 139.2}

Списите на реформаторот и неговата наука се прошириле до секоја нација во христијанскиот свет. Делото се проширило во Швајцарија и Холандија. Во Англија неговите учења биле примени како слово на животот. Вистината, исто така, навлегла и во Белгија и Италија. Илјадници луѓе се ослободиле од нивната смртоносна тага и се пробудиле во радоста и надежта за посветол живот на вера. {ГБ 139.3}

Поради нападите на Лутер, Рим станувал сѐ поогорчен, па некои од неговите фанатички противници, дури и меѓу докторите на католичките универзитети, изјавиле дека оној, кој би го убил овој бунтовен монах, со тоа не би згрешил. Еден ден, еден странец, со пиштол сокриен под наметката, му се приближил на реформаторот и го прашал зошто се движи така сам. „Јас сум во Божјите раце”, одговорил Лутер. „Тој е моја сила и мој штит. Што ми може човекот?” (Исто, b. 6, ch. 2). Кога ги слушнал овие зборови, странецот побледел и побегнал од него како од присуство на небесен ангел. {ГБ 140.1}

Рим сакал да го уништи Лутера, но Бог бил негова одбрана. „Неговите учења насекаде се слушале: - „во колиби и манастири... во замоците на благородниците, на универзитетите и во кралските палати”, и насекаде се појавувале благородни луѓе подготвени да ги поддржат неговите напори” (Исто, b. 6, ch. 2). {ГБ 140.2}

Некаде во тоа време Лутер, читајќи ги делата на Хус, открил дека чешкиот реформатор ја прифатил големата вистина за оправдувањето со вера која самиот тој ја истакнувал и проповедал. „Сите ние”, рекол Лутер, „Павле, Августин и јас сме хусисти без да го знаеме тоа”. „Бог сигурно ќе го казни светот”, продолжил тој, „затоа што вистината му била проповедана пред еден век, а била спалена” (Wylie, b. 6, ch. 1). {ГБ 140.3}

Во едно писмо упатено до царот и до германското благородништво, Лутер напишал за папата: „Одвратно е да се гледа човек кој се прикажува за Христов намесник, како живее во поголем раскош од царот. Дали со тоа покажува сличност со сиромашниот Исус и скромниот Петар? Тој, велат тие, е господар на светот! Но, Христос, за чијшто намесник се смета, рекол: „Моето царство не е од овој свет”.  Може ли власта на намесникот да биде поголема од онаа што ја има неговиот претпоставен?” (D’Aubigne, b. 6, ch. 3). {ГБ 140.4}

За универзитетите Лутер пишувал: „Многу се плашам дека универзитетите ќе станат широка врата на пеколот, освен ако во нив трудољубиво не се објаснува Библијата и ако не се всадува во срцата на младите. На никого не му препорачувам своето дете да го испраќа таму каде што Библијата не е врвно мерило. Секоја институција во која постојано не се проучува Божјата реч мора да се изопачи” (Исто, b. 6, ch. 3). {ГБ 140.5}

Овој апел со секавична брзина се раширил низ цела Германија и имал силно влијание врз народот. Целата нација била разбранувана, и многумина се собрале под знамето на реформацијата. Противниците на Лутер, горејќи од желба за освета, побарале од папата да преземе решителни мерки против него. Решено е неговите учења веднаш да се осудат. На реформаторот и на неговите приврзаници им бил даден рок од шеесет дена; во спротивно сите ќе бидат исклучени од црквата. {ГБ 141.1}

Тоа била страшна криза за реформацијата. Со векови римските осуди за исклучување од црквата претставувале ужас за моќните владетели; тие фрлиле во несреќа и очај силни царства. На оние, врз кои паднале осудите, се гледало со страв и ужас; им бил оневозможен секаков допир со нивните блиски, а со нив се постапувало како со оние кои се ставени надвор од законот и кои треба да се прогонуваат до истребување. Лутер не бил слеп за бурата што требало да се истури врз него, но тој цврсто стоел, верувајќи во Христа како негов помошник и штит. Со вера и храброст на маченик, тој напишал: „Што ќе се случи не знам, ниту пак ми е важно да знам... Ударот нека падне каде што сака, јас не се плашам. Ниту еден лист од дрвото не паѓа без волја на нашиот Отец, а колку повеќе Тој се грижи за нас! Лесно е да се умре за словото, кога словото, кое станало тело, умрело за нас. Ако умреме со Него, со Него и ќе живееме, кога ќе поминеме по патот по кој Тој поминал пред нас, ќе бидеме таму каде што е и Тој и ќе живееме со Него засекогаш” (Исто, 3d London ed., Walther, 1840, b. 6, ch. 9). {ГБ 141.2}

Кога папското послание стигнало до Лутера, тој рекол: „Јас го презирам и го отфрлам како безбожно, лажно... Во него се осудува самиот Христос... Се радувам што можам да поднесам такви зла за напредокот на делото. Веќе чувствувам поголема слобода во моето срце; зашто најпосле знам дека папата е антихрист, и дека неговиот престол го претставува престолот на сатаната” (D’Aubigne, b. 6, ch. 9). {ГБ 141.3}

Сепак, барањето на Рим не останало без дејство. Затворите, мачењата и мечот претставувале силно оружје за изнудување на покорност. Слабите и празноверните трепереле пред декретот на папата. Иако мнозинството сочувствувало со Лутер, сепак, мнозина сметале дека животот е премногу драгоцен за да се ризикува за делото на реформата. Сè укажувало на тоа дека делото на реформаторот се ближи кон својот крај. {ГБ 142.1}

Но, Лутер бил бестрашен. Рим ги фрлил своите анатеми против него, и светот бил убеден дека Лутер мора, или да загине, или ќе биде принуден да попушти. Но, Лутер, со неверојатна сила, упатил реципрочни обвинувања против Рим и јавно ја објавил својата намера засекогаш да се оддели од црквата. Во присуство на мноштво студенти, доктори и граѓани од сите редови, Лутер ја запалил папската була, заедно со канонските закони, декретите и некои списи кои ја поддржувале папската власт. „Моите непријатели”, рекол тој, „со спалувањето на моите книги можеле да му наштетат на делото на вистината во очите на обичните луѓе и да ги упропастат душите, од таа причина сега и јас ги спалувам нивните книги. Започна сериозна борба. Досега со папата само си се играв. Ова дело го започнав во Божјо име, тоа ќе заврши без мене, со Негова сила” (Исто, b. 6, ch. 10). {ГБ 142.2}

На прекорите од своите непријатели, кои ја исмевале слабоста на неговата работа, Лутер одговорил: „Кој знае, можеби Бог ме избрал и ме повикал, зар не би требало да се плашат дека, презирајќи ме мене, го презираат самиот Бог? Мојсеј бил сам при заминувањето од Египет; Илија бил сам во времето на царот Ахав, Исаија сам во Ерусалим; Езекиел сам во Вавилон... Бог никогаш не избрал за пророк некој првосвештеник или некоја друга личност, обично бирал едноставни и презрени луѓе, еднаш дури и пастирот Амос. Во сите времиња, светите луѓе биле од Бога повикани да ги укоруваат великаните на своето време, царевите, кнезовите, свештениците и мудреците, излагајќи го со тоа во опасност својот живот. Не велам дека сум пророк, но велам дека треба да се плашат што сум осамен, додека нив ги има многу. Сигурен сум дека Божјото слово е со мене, и дека тоа не е со нив“ (Исто, b. 6, ch. 10). {ГБ 142.3}

Сепак, Лутер не се решил за конечно одвојување од црквата без страшна внатрешна борба. Во тоа време пишувал: „Секој ден сѐ повеќе чувствувам колку е тешко да се ослободиш од нешто што ни е всадено во душата уште од детството. О, колку болки ми предизвика, иако го имав Писмото на моја страна, додека се убедив самиот себеси дека морам да му се спротивставам на папата, и да го прогласам за антихрист? Колкави беа страдањата на мојата душа! Колкупати самиот на себе со горчина си го поставував прашањето кое толку често се слушаше од устата на папистите: „Зар само ти си мудар? Зарем е можно сите останати да се во заблуда? Што ќе биде ако ти сепак не си во право, а си вовлекол во заблуда толку души кои на крајот засекогаш ќе пропаднат?“ „Така се борев со себе и со сатаната, сѐ додека Христос со Своето непогрешливо слово го утврди моето срце против овие сомнежи” (Martyn, pages 372, 373). {ГБ 143.1}

Папата му се заканил на Лутер со исклучување од црквата ако не се откаже, и сега заканата се исполни. Се појавила нова папска була со која реформаторот конечно е прогласен за исклучен од црквата и јавно жигосан како проколнат од небото, а исто такво проклетство паднало и врз сите оние кои би го прифатиле неговото учење. Големата борба започнала со сета жестокост. {ГБ 143.2}

Сите оние кои Бог ги користи да ги објават вистините кои се специјално применливи за нивно време, неизбежно мораат да наидат на противење. Во деновите на Лутер постоела сегашна вистина - вистина која во тоа време била од особена важност. И денес постои сегашна вистина за црквата. Оној кој прави сѐ според советот на Својата волја, нашол дека е потребно луѓето да ги доведе во разни околности и да им довери такви должности кои се својствени на времето во кое тие живеат и на условите во кои се наоѓаат. Доколку знаат да ја ценат привремената светлина, пред нив ќе се отворат и подлабоки погледи за вистината. Но, денес, повеќето луѓе исто толку малку се стремат за вистината колку и следбениците на папата кои се подигнале против Лутер. Како и во минатите векови, и денеска постои наклоност да се примаат човечките традиции и теории. Оние кои ја проповедаат вистината за ова време не треба да очекуваат дека ќе наидат на подобар прием отколку реформаторите во поранешните векови. Големата борба меѓу вистината и заблудата, меѓу Христа и сатаната, сè повеќе ќе се заострува до крајот на светската историја. {ГБ 143.3}

Исус им рекол на Своите ученици: „Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето; но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот затоа светот и ве мрази. Помнете ги зборовите што ви ги реков Јас: ниеден слуга не е поголем од својот господар. Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазија, и вашите ќе ги запазат” (Јован 15:19.20). Од друга страна нашиот Господ јасно изјавува: „Тешко вам кога ќе почнат сите луѓе да зборуваат добро за вас. Зашто и нивните татковци така им правеа на лажните пророци” (Лука 6:26). Духот на денешниот свет, не е во поголема хармонија со Христовиот Дух отколку во поранешните времиња. Оние кои денеска го проповедаат Божјото слово во неговата чистота, нема да бидат примени со поголема наклоност отколку во поранешните времиња. Формите на спротивставувањето на вистината можат да се променат, непријателството може да биде помалку отворено, бидејќи е посуптилно; но истиот антагонизам сè уште постои и ќе се манифестира до крајот на времето. {ГБ 144.1}

8 Лутер пред државниот собор

На престолот во Германија стапил нов цар, Карло V, а пратениците на Рим побрзале да му честитаат на владетелот и да го наговорат својата власт да ја употреби против реформацијата. Од друга страна, саксонскиот изборен кнез, на кого Карло во голема мера му бил должен за неговата круна, го молел да не презема ништо против Лутер, додека не го сослуша. Така царот се нашол во многу непријатна и збунувачка позиција. Папистите не очекувале ништо помалку од царски едикт со кој Лутер би бил осуден на смрт. Изборниот кнез решително изјавил дека „ниту неговото царско величество, ниту било која друга личност не докажал дека Лутеровите списи биле побиени”, па затоа тој побарал „на доктор Мартин Лутер да му се предаде гарантно писмо како би можел лично да се појави пред судот, составен од учени, побожни и непристрасни судии” (D’Aubigne, b. 6, ch. 11). {ГБ 145.1}

Вниманието на сите партии сега било насочено кон собранието на германските државници, свикано во Вормс, набргу по стапувањето на Карло V на престолот. На тој национален собор требало да се претресат важни политички и други прашања од општ интерес. За првпат германските кнезови требало да се сретнат со својот млад владетел на советодавното собрание. Од сите страни на државата дошле црковни и државни великодостојници. Световни господари со благородно потекло, силни и љубоморни на своите наследни права; црковни поглавари свесни за нивната супериорна положба и моќта; дворските витези со својата вооружена придружба и амбасадори од странски и далечни земји - сите се собрале во Вормс. Сепак, на ова огромно собрание најголем интерес предизвикал случајот на саксонскиот реформатор. {ГБ 145.2}

Карло претходно му заповедал на изборниот кнез да го доведе Лутера со него на државниот собор, ветувајќи му заштита и можност слободно да расправа за спорните прашања со компетентни и за тоа надлежни лица. Лутер со нетрпение очекувал да се појави пред царот. Во тоа време неговото здравје многу се влошило, но сепак му напишал на изборниот кнез: „Ако не можам здрав да дојдам во Вормс, сепак ќе бидам пренесен таму онаков каков што сум, па макар и болен. Бидејќи ако царот таму ме повикал не смеам да се сомневам дека ме повикал самиот Бог. Ако сакаат да употребат сила, што е многу веројатно (зашто не ме викаат да бидат поучени), морам да го предадам делото во Божји раце. Уште живее и владее Оној кој ги сочувал трите момчиња во огнената печка. Ако Тој не ме спаси, мојот живот не вреди многу. Мораме да спречиме евангелието да не биде изложено на презир од грешниците и да бидеме готови и својата крв да ја пролееме за него, за тие да не триумфираат. Не е мое да одлучам дали мојот живот или мојата смрт најмногу ќе придонесат за спасението на сите... Од мене можете да очекувате сѐ... само не бегство и откажување. Не можам да бегам, а уште помалку да се откажам” (Исто, b. 7, ch. 1). {ГБ 146.1}

Кога во Вормс била објавена веста дека Лутер ќе дојде пред соборот, настанала општа возбуда. Алеандер, папскиот пратеник, на кого Лутеровиот случај му бил специјално доверен, бил вознемирен и бесен. Тој видел дека последиците ќе бидат кобни за папството. Да се води истрага за случај за кој папата веќе изрекол пресуда, би значело да се презре авторитетот на папата. Освен тоа, тој се плашел дека силните и моќни аргументи на овој човек би можеле да ги одвратат многуте кнезови од папството. Затоа, најенергично вложил кај Карло V приговор против Лутеровото доаѓање во Вормс. Отприлика во тоа време била објавена и булата за Лутеровото исклучување од црквата. Овој настан и начинот на пратениковото прикажување на работите го натерале царот да попушти. Тој му напишал на изборниот кнез дека ако Лутер не се откаже, мора да остане во Витенберг. {ГБ 146.2}

Незадоволен со оваа победа, Алеандер со сите сили и лукавства кои му стоеле на располагање работел на тоа Лутер да биде осуден. Со извонредна упорност, достојна за некоја подобра цел, го претставил ова прашање за да го сврти вниманието на кнезовите, прелатите и другите членови на соборот, обвинувајќи го реформаторот за „бунт, непочитување, безбожност и богохулство”. Но жестокоста и страста што ги покажал легатот јасно зборувале за духот со кој бил воден. „Тој се раководи со омраза и освета”, забележале сите присутни, „а не со ревност и побожност” (Исто, b. 7, ch. 1). Повеќето од присутните на соборот, повеќе од кога и да е порано, биле наклонети Лутеровото дело да го оценат поволно. {ГБ 147.1}

Алеандер со двојна ревност инсистирал царот да ги изврши папските едикти. Но, според германските закони, ова не можело да се направи без согласност на кнезовите; и конечно под притисок на наметливоста на легатот, Карло му наредил својата работа да ја изнесе пред државниот собор. „Тоа за папскиот пратеник бил исклучителен ден. Соборот бил голем, но случајот бил уште поголем. Алеандер го бранел Рим... „мајката и господарката на сите цркви”. Тој требал да ја одбрани врховната власт на Петар пред собраните кнезови на христијанскиот свет. „Тој имал дар на речитост, кој бил во сообразност со големината на моментот. Божјото провидение дозволило Рим, пред да биде осуден, да го изнесе својот предмет пред највисокиот суд, преку устата на својот најспособен говорник” (Wlie, b. 6, ch. 4). Симпатизерите на реформаторот со одреден страв гледале каков ќе биде ефектот од говорот на Алеандер. Изборниот саксонски кнез не бил присутен, но по негов налог стигнале некои од неговите советници да направат прибелешки од неговиот говор. {ГБ 147.2}

Алеандер ги употребил сите сили на својата ученост и речитост за да ја побие вистината. Вина по вина тој фрлал врз Лутера, прикажувајќи го како непријател на црквата и државата, на живите и мртвите, на свештенството и лаиците, на концилите и на одделни христијани. „Во Лутеровите списи има толку заблуди”, изјавил тој, „поради кои би можеле да се спалат сто илјади еретици!” {ГБ 148.1}

Во заклучокот настојувал и приврзаниците на реформацијата да ги прикаже како оние што заслужуваат презир. „Кои се сите тие Лутерани? Толпа дрски учители, корумпирани свештеници, развратни монаси, непознати адвокати и пропаднати благородници, заедно со простиот народ што тие го завеле и изопачиле. Колку е понадмоќна во однос на нив католичката партија според бројот, способноста и силата. Едногласната одлука на ова славно собрание ќе ги просветли простите, ќе ги предупреди неразумните, ќе ги зацврсти колебливите и ќе ги засили слабите” (D’Aubigne, b. 7, ch. 3). {ГБ 148.2}

Со такво оружје биле напаѓани бранителите на вистината во сите времиња. Истите аргументи сѐ уште се изнесуваат против сите што се осмелуваат да ги проповедаат јасните учења на Божјото слово, наспроти вкоренетите заблуди. „Кои се тие проповедници на новите учења?”, извикуваат оние кои ја сакаат популарната религија. „Тие се необразовани, малубројни и од посиромашните класи. Сепак, тие тврдат дека ја имаат вистината и дека се Божји избран народ. Тие се неуки и измамени. Колку е голема супериорноста на нашата црква во бројноста и влијанието! Колкав е бројот на учените и големите луѓе во нашите редови! Колку сме ние посилни во секој поглед!” Ова се аргументи кои секако имаат влијание врз светот; но ниту денеска не се пологични отколку во деновите на реформаторот. {ГБ 148.3}

Реформацијата, како што многумина претпоставуваат, не завршила со Лутер. Таа треба да продолжи сѐ до крајот на историјата на светот. Лутер имал задача да ја шири светлината која Бог му ја дал; но сепак, тој не ја примил целата светлина што требала да му се даде на светот. Од тоа време до денес, од страниците на Библијата зрачи нова светлина, и нови вистини постојано се откривале. {ГБ 148.4}

Говорот на легатот оставил длабок впечаток врз соборот. Лутер не бил присутен, со јасните и убедливи вистини на Божјото слово да го победи папскиот бранител. Никој не се ни обидел да го заштити реформаторот од напади. Се чинело дека секој е подготвен не само да го осуди учењето на реформаторот, туку и целосно да се искорени како ерес. Рим ја искористил можноста да се заштити себеси. Сѐ што можело да се каже во негова одбрана, било кажано. Но оваа очигледна победа била знак на пораз. Меѓу нив морало да дојде до отворена борба, во која требало да се открие очигледната разлика помеѓу вистината и заблудата. Никогаш од тој ден, Рим не стоел толку сигурно како дотогаш. {ГБ 149.1}

Иако повеќето од членовите на соборот биле подготвени да го предадат Лутера на одмаздата на Рим, многумина од нив го виделе и осудувале злото што владеело во црквата и сакале да ги отстранат злоупотребите кои германскиот народ морал да ги поднесува како последица на лакомоста и алчноста на свештениците. Легатот папското владеење го претставил во најповолна светлина. Тогаш Господ покренал еден член на соборот да даде вистинска оценка за влијанието на папската тиранија. Со благородна решителност, на тоа кнежевско собрание, станал саксонскиот кнез Георг и со неверојатна точност ги изнел измамите и гадотиите на папството и укажал на нивните страшни последици. На крајот рекол: {ГБ 149.2}

„Ова се некои од злоупотребите кои сведочат против Рим. Тие го отфрлиле секое чувство на срам, а имаат само една цел: пари, пари, пари... така што токму проповедниците чија должност е да ја проповедаат вистината, не кажуваат ништо друго освен лаги, и таквите не само што се толерираат, туку се наградуваат, бидејќи колку се поголеми нивните лаги, толку е поголема нивната добивка. Од тој загаден извор течат валкани води. Развратот ѝ подава рака на лакомоста и алчноста... За жал, ова срамно однесување на свештенството претставува причина за соблазни која толку кутри души турка во вечна пропаст. Мора да дојде до една сеопфатна реформа” (Исто, b. 7, ch. 4). {ГБ 149.3}

Ниту самиот Лутер не би можел да изнесе посилни и поочигледни обвинувања против папските злоупотреби, а фактот дека говорникот бил решителен непријател на реформаторот, на неговите зборови им дал уште поголема важност. {ГБ 150.1}

Кога очите на присутните на овој собор би биле отворени, тие во својата средина би ги виделе Божјите ангели како во темнината на заблудата внесуваат светлосни зраци и ги отвораат умовите и срцата за прифаќање на вистината. Дури и врз непријателите на реформацијата влијаела силата на божествената вистина и на тој начин бил подготвуван патот за големото дело што требало да се изврши. Мартин Лутер не бил присутен, но на соборот се слушнал гласот на Оној кој бил поголем од него. {ГБ 150.2}

Соборот веднаш избрал комисија за да состави список за сите облици на папските угнетувања, кои толку тешко го притискале германскиот народ. Овој список содржел сто и една спецификација и бил доставен до царот со барање веднаш да преземе итни мерки за отстранување на овие злоупотреби. „Каква огромна загуба на христијански души”, истакнале подносителите на молбата, „се случуваат толку многу разбојништва и изнудувања, затоа што ги дозволува духовната глава на христијанството. Наша должност е да ја спречиме пропаста и обесчестувањето на нашиот народ. Поради оваа причина ние понизно, но најрешително бараме од вас да наредите итна општа реформа и да ја спроведете” (Исто, b. 7, ch. 4). {ГБ 150.3}

Соборот сега побарал реформаторот да излезе пред нив. И покрај молбите, протестите и заканите на Алеандер, царот најпосле се согласил, и Лутер бил повикан да се појави пред соборот. Со поканата му е предадено и писмо со кое му се гарантира безбедно враќање. Повикот во Витенберг му го однел еден гласник кој бил задолжен да го доведе во Вормс. {ГБ 150.4}

Пријателите на Лутер се исплашиле и растажиле. Познавајќи ги предрасудите и непријателството кон реформаторот, тие се плашеле дека дури ниту гарантното писмо нема да биде почитувано и го молеле да не се излага на опасност. Тој им одговорил: „Папистите не сакаат да дојдам во Вормс, тие сакаат само да ме осудат и убијат. Сето ова не е важно. Не молете се за мене, туку за Божјото слово... Христос ќе ми го даде Својот Дух за да ги победам овие слуги на лагата. Дури сум жив ќе ги презирам и со својата смрт ќе ги победам. Тие ќе се занимаваат во Вормс како да ме присилат да се откажам, а еве како ќе гласи моето откажување: Јас порано кажав дека папата е Христов намесник, а сега тврдам дека е непријател на нашиот Господ и апостол на ѓаволот” (Исто, b. 7, ch. 6). {ГБ 150.5}

На овој опасен пат Лутер не тргнал сам. Покрај царскиот гласник, било решено да го придружуваат и тројца негови сигурни пријатели. Меланхтон искрено сакал да им се придружи. Неговото срце било врзано за Лутер и копнеел да го следи, ако е потребно, и во затвор или до смрт. Но, неговите молби биле одбиени. Ако Лутер загине, надежите на реформацијата морале да се насочат кон овој млад соработник. Разделувајќи се од Меланхтон, реформаторот рекол: „Ако не се вратам, и моите непријатели ме убијат, тогаш продолжи да проповедаш и биди цврст во вистината... Работи место мене. Ако преживееш, мојата смрт нема да има толку големи последици” (Исто, b. 7, ch. 7). Студентите и граѓаните што се собрале да го испратат Лутера биле длабоко трогнати. Мнозина чии срца биле допрени од евангелието, се поздравиле со него плачејќи. Така реформаторот и неговите придружници тргнале кон Витенберг. {ГБ 151.1}

На патот, патниците забележале дека народот е потиштен поради лошите претчувства. Во некои градови не им биле укажувани никакви почести. Кога еднаш застанале да преноќат, еден пријателски расположен свештеник го изразил својот страв за Лутера покажувајќи му го портретот на еден италијански реформатор кој претрпел мачеништво. Следниот ден дознале дека во Вормс биле осудени Лутеровите списи. Царските гласници насекаде го објавиле овој декрет и ги повикувале луѓето сите списи на реформаторот да ги предадат на локалните власти. Лутеровиот придружник, кој бил загрижен за неговата безбедност на соборот, и кој претпоставувал дека тој можеби нема да се осмели да оди понатаму, го прашал дали сака да го продолжи патувањето. Лутер одговорил: „Иако моето исклучување ќе биде разгласено во сите градови, јас сум подготвен да одам понатаму” (Исто, b. 7, ch. 7). {ГБ 151.2}

Во Ерфурт, Лутер бил дочекан со почести. Опкружен од воодушевената толпа, тој полека се движел низ улиците кои често пати ги поминувал со својата питачка торба. Ја посетил својата манастирска ќелија и се сетил на сите страдања, на сите внатрешни борби низ кои морал да помине, за да ја прими светлината која сега ја осветлувала цела Германија. Го молеле упорно да одржи една проповед. Навистина, тоа му било забрането, но царскиот пратеник му дозволил и монахот, кој некогаш бил слуга во овој манастир, сега се качил на проповедалната. {ГБ 152.1}

Пред преполнетото собрание проповедал за Христовите зборови: „Мир вам!“ „Сите филозофи, доктори, писатели, се труделе да ги научат луѓето како можат да добијат вечен живот, но не успеале. Јас сега ќе ви го кажам тоа: ... Бог воскреснал од мртвите еден човек, Господ Исус Христос, за да ја уништи смртта, да го искорени гревот и да ги затвори портите на пеколот. Тоа е делото на спасението... Христос победил! Тоа е радосна вест; и ние се спасуваме со Неговите заслуги, а не со нашите дела... Нашиот Господ Исус Христос рекол: „Мир вам! Видете ги моите раце“, тоа значи: Гледај о човеку, Јас, само Јас сум Оној кој го зеде твојот грев, и те откупив; и сега имај мир, вели Господ”. {ГБ 152.2}

Тој понатаму рекол дека вистинската вера мора да се манифестира во праведен живот. „Бидејќи Господ нè спаси, мораме да се стремиме нашите дела да Му бидат по волја. Дали си богат? Тогаш со своето богатство помогни им на сиромашните. Дали си сиромав? Тогаш твојата служба нека биде прифатлива за богатите. Ако се трудиш само за себе, тогаш службата што мислиш дека ја вршиш за Бога всушност е лага” (Исто, b. 7, ch. 7). {ГБ 152.3}

Луѓето како маѓепсани ги слушале неговите зборови. На овие гладни души им бил делен лебот на животот. Христос пред нив бил издигнат над папите, легатите, царевите и кралевите. Лутер со ништо не укажувал на опасноста која му се заканувала. Не сакал тој да стане предмет на нивното размислување или сочувствување. Гледајќи на Христа, заборавил на себе. Стоел во сенката на Страдалникот од Голгота, настојувајќи само Исуса да го прикаже како Спасител на грешниците. {ГБ 152.4}

Продолжувајќи го својот пат, реформаторот насекаде наидувал на голем интерес. Насекаде љубопитното мноштво се собирало околу него, а пријателските гласови го предупредувале за намерите на римокатолиците. „Ќе те спалат” зборувале некои, „вашето тело ќе го претворат во пепел, како што направиле со Јан Хус”. Лутер одговорил: „Дури и ако запалиле оган што ќе се издига од Витенберг до Вормс кон небото, јас сепак ќе одам во името на Господ; ќе излезам пред нив; ќе влезам во челуста на ова чудовиште и ќе му ги скршам забите, сведочејќи за Исуса Христа” (Исто, b. 7, ch. 7). {ГБ 153.1}

Веста за неговото приближување кон Вормс предизвикала голема возбуда. Неговите пријатели се плашеле за неговата безбедност, а неговите непријатели се плашеле за успехот на нивната кауза. Многумина сериозно настојувале да го одвратат да не влезе во градот. На иницијатива на папистите, тој бил повикан да се засолни во замокот кај некој пријателски витез каде, како што рекле, сите потешкотии можат да се решат спогодбено. Пријателите, опишувајќи ги опасностите кои му се заканувале, се обиделе да го исплашат. Но, сите нивни напори биле залудни. Лутер непоколебливо им одговорил: „Кога во Вормс би имало толку ѓаволи колку што има ќерамиди на покривите, сепак би влегол во него” (Исто, b. 7, ch. 7). {ГБ 153.2}

По пристигнувањето во Вормс, огромна толпа се упатила кон градската врата за да го пречека. Таков поздрав не бил забележан ниту кога доаѓал самиот цар. Возбудата била голема. Одеднаш, среде толпата, еден продорен глас тажно запеал една погребна песна за да го потсети Лутера на судбината што го чека. „Бог ќе биде моја одбрана”, рекол тој слегувајќи од колата. {ГБ 153.3}

Папистите не верувале дека Лутер навистина ќе се осмели да се појави во Вормс, а неговото доаѓање ги исполнило со ужасен страв. Царот веднаш ги повикал своите советници да направат план за понатамошно дејствување. Еден од бискупите, тврд папист, рекол: „Ние долго го разгледувавме ова прашање. Сепак, вашето Кралско Величество треба веќе еднаш да се ослободи од тој човек. Нели Сигисмунд дозволи Јан Хус да изгори! Ние не сме обврзани ниту да му дадеме ниту да го почитуваме гарантното писмо на еретикот”. „Не”, рекол царот, „мораме да го одржиме ветувањето” (Исто, b. 7, ch. 8). Затоа било решено реформаторот да се сослуша. {ГБ 153.4}

Целиот град сакал да го види овој необичен човек, и наскоро бројни посетители ја исполниле куќата каде што се наоѓал. Лутер штотуку закрепнувал од својата неодамнешна болест; бил исцрпен од двонеделното патување; морал да се подготви за своето утрешно свечено излегување пред соборот, и тој, несомнено, имал потреба од одмор и мир. Но, желбата да го видат била толку голема што околу него се тискале благородници, кнезови, свештеници и граѓани, така што за одмор му останале само неколку часа. Меѓу нив се наоѓале и благородниците, кои, гледајќи ги злоупотребите на црквата, смело барале од царот итни реформи и кои, според Лутер „беа ослободени со моето евангелие” (Martyn, page 393). Дошле и пријателите и непријателите да го видат храбриот монах, а тој сите ги примил со непоколеблив мир, одговарајќи на нивните прашања со достоинство и мудрост. Неговото однесување било цврсто и храбро. Неговото бледо и истоштено лице со очигледни траги од неодамнешната болест и замор, зрачело со љубезност, па дури и радост. Свеченоста и длабоката искреност на неговите зборови му давале сила на која и неговите непријатели не можеле да и одолеат. И пријателите и непријателите биле восхитени. Некои биле уверени дека бил обдарен со божествена сила, а други, како и фарисеите кои го обвинувале Христа, рекле: „Ѓавол е во него”. {ГБ 154.1}

Наредниот ден Лутер бил повикан да излезе пред соборот. Еден царски службеник бил одреден да го доведе во салата за сослушување; но само со големи тешкотии можел да се пробие до зградата. Сите улици биле преполни со луѓе, желни да го видат монахот кој се осмелил да се спротивстави на авторитетот на папата. {ГБ 154.2}

Пред да се појави пред своите судии, еден стар војсководач, херој од многу битки, му рекол: „Беден монаху, беден монаху! Ти, кој си толку скромен, сега одиш да направиш нешто што ниту јас, ниту многу други војсководачи не сме направиле дури ни во најкрвавите судири. Ако твојата работа е праведна и ако си сигурен во тоа, оди во Божјо име и не плаши се од ништо. Бог нема да те остави” (D’Aubigne, b. 7, ch. 8). {ГБ 154.3}

Најпосле Лутер стоел пред државниот собор. Царот седел на престолот, опкружен со највлијателните личности на царството. Никогаш човек не се појавил пред повеличествен собор пред кој Мартин Лутер требало да одговара за својата вера. „Дури и самото негово присуство, само по себе, веќе претставувало симбол на сјајна победа над папството. Тој човек веќе бил осуден од папата, а сега стоел пред трибуналот кој со самата оваа постапка се издигнал над папата. Папата го прогласил за проклет, го исклучил од секое човечко општество, а сега тој најучтиво е повикан и примен пред највеличествениот собор на светот. Папата го осудил на доживотно молчење, а тој сега требало да зборува пред илјадници внимателни слушатели кои дошле од најоддалечените краеви на христијанскиот свет. На тој начин благодарение на Лутеровото посредување дошло до огромна пресвртница. Рим веќе почнал да слегува од својот престол, а гласот на еден монах била причината за ова понижување“ (Исто, b. 7, ch. 8). {ГБ 155.1}

Во присуство на тоа моќно и влијателно собрание, реформаторот, со скромно потекло, како да бил збунет и уплашен. Некои кнезови, гледајќи ја неговата возбуда, му пријдоа и еден од нив шепотеше: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат”. Другиот рекол: „И ќе ве одведат пред управници и цареви заради Мене... Духот на вашиот Отец ќе говори во вас”. Така големите луѓе од овој свет ги употребиле Христовите зборови да го охрабрат Неговиот слуга во часот на искушението. {ГБ 155.2}

Лутер бил доведен до едно место непосредно пред царскиот престол. Длабока тишина завладеала во преполнетата сала. Тогаш станал еден царски службеник и покажувајќи ја збирката на Лутеровите списи, побарал од реформаторот да одговори на две прашања: Дали признава дека тоа се негови списи, и дали има намера да се откаже од ставовите содржани во нив. Откако биле прочитани насловите на книгите, Лутер одговорил дека, во врска со првото прашање, признава дека книгите се негови. „Што се однесува до второто прашање”, рекол тој, „бидејќи тоа е прашање на верата и спасението на душата и бидејќи се однесува на Божјото слово, кое е најдрагоценото богатство на небото и на земјата, би постапил непромислено ако одговорам без размислување. Би можел да тврдам помалку отколку што дозволуваат околностите или повеќе отколку што тоа го бара вистината и на тој начин би згрешил против овие Христови зборови: „А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен” (Матеј 10:33). „Затоа понизно го молам вашето царско величество да ми даде да размислам за да можам да одговорам а да не згрешам против Божјото слово” (D’Aubigne, b. 7, ch. 8). {ГБ 155.3}

Лутер постапил мудро кога му се обратил на царот со такво барање. Таквата постапка го уверила соборот дека тој не се раководи од страст ниту со моментални побуди. Таквата смиреност и самоконтрола, која не се очекувала од човек кој се покажал толку храбар и бескомпромисен, ја зацврстиле неговата сила и му овозможиле подоцна да одговори внимателно, решително, мудро и достоинствено, со што ги разочарал своите противници и ја укорил нивната дрскост и гордост. {ГБ 156.1}

Следниот ден требало да се појави пред соборот и да го даде својот конечен одговор. Гледајќи ги силите што се здружиле против вистината, Лутер за миг паднал во малодушност. Неговата вера се поколебала; го обзел страв и трепет и чувствувал ужас. Тој јасно ги видел сè поголемите опасности; се чинело дека неговите непријатели веќе триумфирале и дека ќе преовладаат силите на темнината. Густи облаци се собрале околу него и се чинело дека ќе го одделат од Бога. Копнеел да добие уверување дека Господ над војските ќе биде со него. Во душевен страв се фрлил со лицето на земја, и од неговото скршено срце потекле лелеци што само Бог можел целосно да ги разбере. {ГБ 156.2}

„О, семожен и вечен Боже”, се молел тој, „колку е страшен овој свет! Погледни како ја отвора својата челуст за да ме проголта, а јас толку малку имам доверба во Тебе... Ако морам да се потпрам само на моќта на овој свет, тогаш сѐ е загубено. Мојот последен час дошол, мојата пресудата е изговорена... О, Боже, помогни ми против сета мудрост на овој свет. Направи го тоа... Ти сам... зашто ова не е мое дело, туку Твое. Јас лично овде немам што да правам, ниту со овие големи луѓе да се расправам. Но ова дело е Твое... а тоа е праведно и вечно. О, Господе, помогни ми! Верен и непроменлив Боже, јас не се потпирам ниту на еден човек... Сѐ што е човечко се покажало како несигурно; сѐ што доаѓа од човекот пропаѓа... Ти ме избра за ова дело... Остани со мене поради името на Твојот љубен Син, Исус Христос, кој е моја одбрана, мој штит и моја силна тврдина” (Исто, b. 7, ch. 8). {ГБ 156.3}

Во мудроста на Своето провидение Бог допуштил Лутер да сфати каква опасност му се заканува, за да не се потпре на сопствената сила и одненадеж да се доведе во опасност. Но, ужасот што го обзел не бил последица на стравот од страдања, маки или смрт која изгледала дека е неизбежна. Всушност дошло до вистинска криза, а тој се почувствувал недоволно силен за да се соочи со неа. Лутер се плашел дека поради својата слабост делото и вистината ќе претрпат загуби. Тој се борел со Бога не поради својата лична безбедност, туку заради триумфот на евангелието. Го доживеал истиот душевен страв и истата внатрешна борба како и Јаков кога онаа ноќ сам се молел на потокот Јавок и кога го добил името Израел. Како и Израел и тој одолеал   во   борбата   со   Бога. Во својата крајна беспомошност, се фатил со вера цврсто за Христа, моќниот Ослободител. И тогаш бил охрабрен со уверување дека пред државниот собор нема да излезе сам. Мирот се вратил во неговата душа и тој бил радосен што му било дозволено да го издигне Божјото слово пред владетелите на народите. {ГБ 157.1}

Со цврста вера во Бога, Лутер се подготвувал за претстојната борба. Направил план за својот одговор, прегледал одделни места од своите списи, и пронашол од Библијата згодни докази во прилог на своите тврдења. Тогаш ставајќи ја левата рака на Светата книга, која била отворена пред него, ја подигнал десната рака кон небото и ветил „дека ќе остане верен на евангелието и слободно ќе ја исповеда својата вера, па дури и ако мора да го запечати своето сведоштво со својата крв” (Исто, b. 7, ch. 8). {ГБ 157.2}

Кога повторно се појавил пред соборот, неговото лице не покажувало ниту трага од страв или збунетост. Мирен и спокоен, а сепак возвишен во својата благородност и храброст, стоел како Божји сведок пред големците на оваа земја. Царскиот службеник побарал од него да ја слушне неговата одлука: дали е готов да се откаже од своето учење. Лутер одговорил со пригушен и смирен тон, без возбуда или страст. Неговото држење било воздржано и учтиво, но сепак покажувало цврста верба и радост која го изненадила соборот. {ГБ 158.1}

„Пресветли царе, славни кнезови, милостиви господа”, рекол Лутер, „доаѓам пред вас денес во согласност со вчерашниот налог, и со Божја милост го поздравувам вашето царско величество милостиво да ја сослуша одбраната на делото, за кое сум сигурен дека е праведно и вистинито. Ако поради незнаење, го прекршам дворскиот протокол и дворските прописи, ве молам да ми простите, зашто не сум израснал во кралска палата, туку во самотијата на манастирот” (Исто, b. 7, ch. 8). {ГБ 158.2}

Поминувајќи потоа на самиот предмет, тој изјавил дека сите неговите објавени дела немаат ист карактер. Во некои расправа за верата и за добрите дела, па дури и неговите непријатели ги прогласиле не само за безопасни туку за корисни. Да се откаже од нив би значело да се осуди вистината која сите ја признаваат. Другите книги се состојат од списи кои ја откриваат расипаноста и злоупотребата на папството. Да се откаже од овие дела, би значело да се зајакне римската тиранија и ширум да се отвори вратата за бројни и страшни беззаконија. Во третиот вид на своите книги тој напаѓал поединци кои ги бранеле постоечките зла. Во врска со овие свои списи, тој отворено признал дека честопати бил поостар отколку што прилега. Не тврди дека е без грешки, но дури и од овие книги не може да се откаже, бидејќи тоа ќе им даде нова сила на противниците на вистината, и тие ќе го искористат тоа да го угнетуваат Божјиот народ со уште поголема свирепост. {ГБ 158.3}

„Сепак, јас сум само човек, а не Бог”, - продолжил тој; „Затоа ќе се бранам како што се бранел Христос: „Ако реков нешто лошо, докажи го лошото...” (Јован 18:23). „Поради Божјата милост, те повикувам, пресветли царе, и вас, славни кнезови, и сите високи личности, да ми докажете од списите на пророците и апостолите дека сум во заблуда. Штом ќе ме убедите во тоа, ќе се откажам од сите заблуди и ќе бидам првиот што ќе ги соберам моите книги и ќе ги фрлам во оган”. {ГБ 159.1}

„Тоа што го кажав сега, се надевам јасно покажува дека внимателно сум ги разгледал и сум ги измерил опасностите на кои се изложувам; но далеку од тоа дека сум обесхрабрен, туку напротив се радувам што гледам дека поради евангелието и денес, токму како и во минатото, доаѓа до судири и раздори. Тоа е карактеристично, тоа е судбината на Божјото слово. Исус Христос кажал: „Не дојдов да донесам мир, туку меч“ (Матеј 10:34). Бог е величествен и страшен во Своите совети; бидете внимателни во обидот да ставите крај на неслогата да не станете гонители на светото Божјо слово, и да не навлечете врз себе страшна поплава на непремостливи опасности, сегашни неволји и вечна смрт... Би можел да наведам многу примери од Божјото слово. Би можел да зборувам за фараонот, за вавилонските и израелските цареви, чиишто напори никогаш повеќе не придонеле за сопствената пропаст, отколку тогаш кога се обидувале да ја зајакнат својата власт со совети кои навидум изгледале крајно мудри и разумни. Бог е Оној кој преместува планини, а тие тоа не го знаат“ (Јов 9:5) (Исто, b. 7, ch. 8). {ГБ 159.2}

Лутер зборувал на германски; од него сега било побарано да ги повтори истите зборови на латински. Иако исцрпен од претходниот напор, тој ја прифатил молбата и го повторил својот говор со иста јасност и енергија. Тоа било направено по Божјо провидение. Умот на мнозина кнезови бил толку заслепен од заблудите и празноверието, што при првиот говор не можеле да ја сфатат логиката на Лутеровите докази, но повторувањето им овозможило јасно да ги согледаат изнесените точки. {ГБ 159.3}

Оние, кои своите очи упорно ги затворале пред светлината и одлучиле да не дозволат да бидат убедени во вистината, биле разгневени поради моќта на Лутеровите зборови. Кога Лутер престанал да зборува, говорникот на државниот собор налутено рекол: „Не одговоривте на поставеното прашање... Од вас се бара да дадете јасен и прецизен одговор... Дали се откажувате или не?” {ГБ 160.1}

Реформаторот одговорил: „Бидејќи вашето царско височество и кнезовите бараат јасен, едноставен и прецизен одговор, јас ќе го дадам, а тоа е: Не можам својата вера да му ја потчинам ниту на папата, ниту на соборот, бидејќи е јасно како ден дека тие честопати грешеле и противречеле едни на други. Значи, ако не ме убедат со сведоштвото на Библијата, или со јасни образложувања, ако не ме убедат со цитатите кои ги наведов, и ако на тој начин не ја потчинат мојата совест на Божјото слово, јас не можам и не сакам да се откажам, зашто христијанинот се изложува на опасност, ако зборува против својата совест. Овде стојам, и не можам поинаку! Бог нека ми помогне. Амин!” (Исто, b. 7, ch. 8). {ГБ 160.2}

Така овој честит човек стоел на сигурниот темел на Божјото слово. Небесна светлина го осветлувала неговото лице. Додека зборувал против силите на заблудата и бестрашно сведочел во прилог на возвишената вера која го победува светот, сите јасно ја виделе големината и чистотата на неговиот карактер, и мирот и радоста на неговото срце. {ГБ 160.3}

За миг целиот собор занемел од изненадување. При својот прв одговор Лутер зборувал тивко, со стравопочит и речиси покорно. Папистите тоа го протолкувале дека неговата храброст е разнишана. Неговата молба да му се дозволи да размисли ја сметале како предзнак за негово откажување. Самиот Карло, набљудувајќи го истоштеното и наведнатото тело на монахот, неговата едноставна облека и скромноста на неговиот настап, рекол: „Овој монах никогаш нема да направи еретик од мене”. Но, Лутеровата храброст и решителноста која сега ја покажал, како и силата и јасноста на неговите докази предизвикала чудење и восхит кај сите присутни. Царот восхитен извикал: „Колку бестрашно зборува овој монах и со каква непоколеблива храброст!” Многу германски кнезови со гордост гледале на својот сонародник, радувајќи се на неговиот успех. {ГБ 160.4}

Приврзаниците на Рим биле поразени, нивното дело се појавило во многу неповолна светлина. Тие се обиделе да ја задржат својата моќ, не со докази од Библијата, туку со прибегнување кон закани, со тие вообичаени аргументи на Рим. Говорникот на државниот собор рекол: „Ако не се откажеш, тогаш царот и државните достоинственици ќе се консултираат што треба да преземат против непоправливиот еретик”. {ГБ 161.1}

Лутеровите пријатели, кои со голема радост ја слушале неговата благородна одбрана, затрепериле на овие зборови, но реформаторот мирно одговорил: „Бог нека ми биде помошник, зашто не можам да се откажам од ништо“ (Исто, b. 7, ch. 8). {ГБ 161.2}

Му било наредено да го напушти соборот додека кнезовите заседавале. Се чинело дека настапил решавачкиот момент. Лутеровото непоколебливо одбивање да се потчини би можело да има големо влијание врз историјата на црквата во текот на вековите. Затоа било решено да му се даде уште една можност да се откаже. Последен пат бил повикан пред соборот. Повторно му било поставено прашањето дали ќе се откаже од своите учења. „Немам друг одговор”, рекол тој, „освен оној кој веќе го дадов”. Било јасно дека ниту со ветувања ниту со закани не можат да го принудат да ги исполни барањата на Рим. {ГБ 161.3}

Папските следбеници биле крајно вознемирени од фактот што еден обичен монах ја презира нивната власт пред која трепереле кралеви и благородници; копнееле тој да го почувствува нивниот гнев и да го мачат до смрт. Но Лутер, свесен за опасноста, на сите им зборувал со христијанско достоинство и смиреност. Неговите зборови биле ослободени од гордост, страст или извртување. Тој целосно заборавил на себе и на големите луѓе што го опкружувале, чувствувајќи единствено дека се наоѓа во присуство на Оној кој неспоредливо е повозвишен од папите, кардиналите, кралевите и царевите. Преку Лутеровото сведоштво зборувал самиот Христос, и тоа толку силно и возвишено што на моменти и пријателите и непријателите почувствувале страхопочит и восхит. Божјиот Дух, присутен на овој собор, дејствувал врз срцата на водечките луѓе во царството. Некои кнезови храбро ја признале праведноста на Лутеровото дело. Многумина биле убедени во вистината, но кај нив впечатоците не биле трајни и наскоро се вратиле на своите поранешни ставови. Имало и такви кои во моментот не го покажувале своето осведочување, но кои откако сами го проучиле Писмото, станале бестрашни поддржувачи на реформацијата. {ГБ 161.4}

Изборниот кнез Фридрих бил мошне загрижен кога Лутер дошол пред државниот собор и со длабока возбуда го слушал неговиот говор. Со гордост и радост ја посматрал неговата храброст, решителност и воздржаност, и решил уште порешително да застане во негова одбрана. Споредувајќи ги соперничките страни во овој спор, видел дека мудроста на папите, кралевите и прелатите се покажала ништожна пред силата на вистината. Папството претрпело пораз чиишто последици ќе се почувствуваат меѓу сите народи и во сите векови. {ГБ 162.1}

Кога легатот видел каков впечаток бил предизвикан од говорот на Лутер, се исплашил како никогаш досега за сигурноста на римската власт и решил да ги употреби сите средства што му стоеле на располагање да го уништи реформаторот. Со сета своја елоквентност и дипломатска вештина, со која исклучително се истакнувал, се обидел да му прикаже на младиот цар колку лудо и опасно би било ако пријателството и моќта на римската столица би ги жртвувал за делото на еден незначаен монах. {ГБ 162.2}

Неговите зборови не биле без ефект. Само еден ден по одговорот на Лутер, Карло изјавил пред државниот собор дека тој ќе ја продолжи политиката на своите предци, и дека ќе ја поддржува и брани католичката вера. Бидејќи Лутер одбил да се откаже од своите заблуди, против него и против неговото еретичко учење треба да се применат најстроги мерки. „Еден монах, заведен со својата лудост, станал против верата на целиот христијански свет. За да ја спречам таквата безбожност, јас ќе ги жртвувам моите кралства, моите богатства, моите пријатели, моето тело, мојата душа и мојот живот. Подготвен сум августинецот Лутер да го пратам дома и да оневозможам во народот да создава каков било неред; потоа, против него и неговите тврдоглави поддржувачи ќе започнам најодлучна борба. Ќе ги избркам од црквата, од општеството, ќе се борам против нив со сите средства, додека не ги уништам. Ги повикувам сите претставници на моите земји да се однесуваат како верни христијани” (Исто, b. 7, ch. 8). Сепак, царот изјавил дека гарантното писмо што му било дадено на Лутер мора да се почитува и пред да може да се поведе постапка против него, мора да биде дозволено безбедно да се врати дома. {ГБ 162.3}

Меѓу членовите на соборот се појавиле две спротивставени мислења. Пратениците и папските претставници повторно побарале да не се почитува гарантното писмо дадено на реформаторот. „Рајна мора да ја прими неговата пепел - велеле тие - како и Хусовата пред еден век” (Исто, b. 7, ch. 8). Но, германските кнезови, иако и самите биле приврзаници на папството и отворени непријатели на Лутер, се изјасниле против таквото кршење на дадениот збор, како дамка по честа на нацијата. Укажувајќи на страшните несреќи што следеле по смртта на Хус, изјавиле дека не се осмелуваат врз Германија и својот млад цар да навлечат такви ужасни зла. {ГБ 163.1}

Самиот Карло, во одговорот на подлиот предлог, рекол: „Ако честа и верноста би биле протерани од целиот свет, тие би требало да најдат засолниште барем во срцата на кнезовите” (Исто, b. 7, ch. 9). Но неумоливите и најогорчените непријатели на Лутер вршеле притисок врз царот да постапи со реформаторот како што Сигисмунд постапил со Хус - да го препушти на милост на црквата. Но, сеќавајќи се на сцената кога Хус на јавниот собор ги покажал окованите раце и јавно го потсетил царот на газењето на дадениот збор, Карло V изјавил: „Не би сакал да црвенеам како Сигисмунд!” (Lenfant, vol. 1, p. 422). {ГБ 163.2}

Сепак, Карло намерно ги отфрлил вистините што Лутер ги проповедал. „Цврсто решив да одам по стапките на моите предци” пишувал царот (D’Aubigne, b. 7, ch. 9). Одлучил да не свртува од патеката на обичаите, па дури ни кога е во прашање правдата и вистината. Сакал како и неговите татковци да го поддржи папството со сите негови свирепости и изопачености. Така тој решил слепо да го следи примерот на татковците, одбивајќи да прифати нова светлина, освен онаа што ја примиле неговите татковци, или да изврши каква било должност што тие не ја извршиле. {ГБ 163.3}

И денес постојат многу луѓе кои упорно се држат до обичаите и традициите на нивните татковци. Кога Бог им праќа дополнителна светлина, тие одбиваат да ја прифатат бидејќи не ја прифатиле нивните татковци, затоа што не им била позната. Но, ние сме во различна позиција од нашите предци, а со тоа имаме и други одговорности, поради тоа ниту нашите должности и одговорности не се исти, и не можат да бидат исти. Бог нема да нè пофали ако, во настојувањето да утврдиме што ни е должност, наместо да го истражуваме словото на вистината, го следиме примерот на нашите татковци. Нашата одговорност е поголема од онаа на нашите предци. Ние сме одговорни за светлината и знаењето што тие ја примиле и нам ни ја предале во наследство, но и за дополнителната светлина, која сега допира до нас од Божјото слово. {ГБ 164.1}

Христос рекол за неверните Евреи: „Да не бев дошол и да не им бев зборувал, грев немаше да имаат. Но сега тие немаат изговор за својот грев” (Јован 15:22). Истата божествена сила преку Лутер им зборувала и на царот и на германските кнезови. И кога светлината на вистината на Божјото слово ги осветлила насобраните, Божјиот Дух за последен пат се борел со повеќето на тој собор. Како што Пилат, пред многу векови, дозволил гордоста и желбата за слава да го затворат неговото срце за зборовите на Спасителот на светот, како што нерешителниот Феликс треперејќи го молел гласникот на вистината: „Сега оди си, а кога ќе најдам време, ќе те повикам” (Дела 24:25); како што горделивиот Агрипа признал: „Уште малку, па ќе ме убедиш да станам христијанин” (Дела 26:28), а сепак не ја прифатиле пораката испратена од небото - исто така и Карло V, решил да ја отфрли светлината на вистината во името на светските почести. {ГБ 164.2}

Гласовите за плановите направени против Лутера бргу се ширеле и во градот предизвикале голема возбуда. Реформаторот стекнал многу пријатели кои, познавајќи ја свирепоста на Рим кон сите оние кои се осмелувале да ја откријат неговата расипаност, решиле да го спасат. Стотина благородници свечено се заколнале дека ќе го заштитат. Мнозина царската одлука ја жигосале како знак на слабост на царската власт и на нејзино потчинување на Рим. На вратите на домовите и на јавните згради се појавиле плакати; некои го бранеле Лутера, а други го осудувале. На еден од нив биле напишани зборовите на мудрецот: „Тешко тебе, земјо, кога царот твој е дете!” (Проповедник 10:16). Општото воодушевување низ цела Германија, го убедиле царот и државниот собор дека и најмала неправда сторена против Лутера ќе го загрози не само мирот во царството, туку и сигурноста на самиот престол. {ГБ 164.3}

Фридрих Саксонски се држел многу претпазливо, тој внимателно ги криел своите вистински чувства кон реформаторот, но истовремено го чувал и неуморно бдеел над него, следејќи го секој негов чекор и на неговите непријатели. Но, мнозина не се обидувале да ја сокријат својата наклоност кон Лутера. Го посетувале кнезови, грофови, барони и други угледни личности од световниот и духовниот сталеж. „Малечката соба на реформаторот”, пишувал Спалатин, „не можеше да ги прими сите кои доаѓале” (Martyn, vol. 1, p. 404). Луѓето гледале во него како да е повеќе од човек. Дури и оние, кои не ги делеле неговите ставови, не можеле а да не се восхитуваат на неговата возвишена честитост, која го гонела побргу да се изложи на смртна опасност, отколку да работи против својата совест. {ГБ 165.1}

Биле вложени сериозни напори да се добие согласност од Лутер за да направи компромис со Рим. Благородниците и кнезовите го предупредиле дека ако тврдоглаво остане на своето мислење, наспроти мислењето на црквата и соборот, набргу ќе биде протеран од царството и оставен без заштита. На овој апел Лутер одговорил: „Христовото евангелие не може да се проповеда без противење... Зошто стравот и заканите да ме одвојат од Бога и од Неговото божествено слово кое единствено е вистина? Не; попрво би го жртвувал моето тело, мојата крв и мојот живот” (D’Aubigne, b. 7, ch. 10). {ГБ 165.2}

Повторно било побарано да ја прифати пресудата на царот, па нема од што да се плаши. „Се согласувам“ одговорил тој, „со сето свое срце, дека царот, кнезовите, па дури и најскромниот христијанин треба да ги испитаат и да ги оценат моите книги, но само под услов да го земат Божјото слово за нивен стандард. Луѓето се должни да го слушаат само него. Немојте да вршите насилство врз мојата совест која се потчинува само на Библијата” (Исто, b. 7, ch. 10). {ГБ 166.1}

При вториот обид да го наговорат, тој рекол: „Се согласувам да се откажам од моето гарантно писмо и да го предадам мојот живот и мојата личност во рацете на царот, но од Божјото слово не се откажувам никогаш!” (Исто, b. 7, ch. 10). Тој изразил подготвеност да се покори на одлуката на еден општ собор, но под услов тоа да биде во согласност со Библијата. „Во однос на Божјото слово и верата”, додал тој, „секој христијанин може да суди за овие работи исто толку добро како и папата, па макар овој да има поддршка од милиони собори” (Martyn, vol. 1, p. 410). Најпосле и пријателите и непријателите се увериле дека секој понатамошен обид за помирување е бескорисен. {ГБ 166.2}

Кога реформаторот би попуштил само во една единствена точка, сатаната и неговите соработници би ја однеле победата. Но, неговата непоколебливост и постојаност претставувале средство за ослободување на црквата и почеток на нова и подобра ера во историјата на христијанството. Влијанието на овој човек кој се осмелил за религиозните прашања да мисли и постапува самостојно, извршило влијание врз црквата и светот, не само во неговото време, туку се проширило и на сите идни генерации. Неговата решителност и верност ќе ги крепи сите, до крајот на времето, кои треба да поминат низ слично искуство. Божјата моќ и големина биле издигнати над човечките одлуки, над силната моќ на сатаната. {ГБ 166.3}

Набргу по ова Лутер добил наредба од царот да се врати дома. Лутер знаел дека по ова известување набргу ќе следи и негова осуда. Над неговата патека се надвиле заканувачки облаци, сепак кога го напуштал Вормс, срцето му било полно со радост и со благодарност. „Самиот ѓавол“, рекол тој, „ја чуваше папската тврдина”, „но Христос во неа направи голема пукнатина, и сатаната беше принуден да признае дека Господ е посилен од него” (D’Aubigne, b. 7, ch. 11). {ГБ 166.4}

По своето заминување, сѐ уште со желба неговата цврстина да не биде погрешно протолкувана како бунт, Лутер му напишал на царот: „Бог, кој ги испитува срцата, ми е сведок дека сум готов да се потчинам на вашето царско величество во чест или во срам, во животот или во смртта, во сѐ освен кога е во прашање Божјото слово, преку кое човекот живее. Во сите овоземни и деловни прашања, мојата лојалност останува непоколеблива, без оглед на тоа дали добивам или губам, зашто тоа нема никакво влијание врз спасението. Но, кога во прашање се вечните интереси, Бог не сака човек да се потчинува на човек. Зошто таквото потчинување во духовните работи во суштина претставува обожавање, а тоа му припаѓа само на Создателот” (Исто, b. 7, ch. 11). {ГБ 167.1}

На враќање од Вормс, Лутер бил пречекан со уште поголемо одушевување, отколку при заминувањето. Духовните великодостојници го поздравувале исклучениот монах, а граѓанските власти му укажувале почит на човекот кој од самиот цар бил прогласен за виновен. Тој бил повикан да проповеда, но и покрај царската забрана, уште еднаш стапнал на проповедалната. „Јас никогаш не сум ветил дека Божјото слово ќе го оковам во синџири“, рекол тој, „ниту пак тоа некогаш ќе го направам” (Martyn, vol. 1, p. 420). {ГБ 167.2}

Откако го напуштил Вормс, папистите успеале да го наговорат царот да издаде едикт против него. Во тој едикт Лутер бил прогласен како „сатана преправен во човек, облечен во монашка облека” (D’Auigne, b. 7, ch. 11). Било наредено веднаш штом ќе истече важноста на неговото гарантно писмо, против него да се преземат мерки да се спречи неговата работа. На сите им било забрането да го засолнат, да му даваат храна или пијалак, да му помагаат или да го поддржат. Каде и да се наоѓа можел да се уапси и да се предаде на властите. Неговите приврзаници, исто така, требале да се уапсат, а нивниот имот да биде конфискуван. Неговите списи треба да се уништат, и конечно, сите што ќе се осмелат да постапат спротивно на овој декрет да се казнат на ист начин. Набргу по неговото заминување, Саксонскиот изборен кнез и кнезовите кои биле наклонети кон Лутер го напуштиле Вормс, а државниот собор го одобрил декретот на царот. Приврзаниците на Рим триумфирале. Тие сметале дека судбината на реформацијата е запечатена. {ГБ 167.3}

Во овој час на опасност, Бог за Својот слуга предвидел начин за бегство. Едно будно око го следело движењето на Лутер и едно верно и благородно срце донело решение да го спаси. Било јасно дека Рим ќе биде задоволен само со смртта на реформаторот. Само со криење можел да биде сочуван од челустата на лавот. Бог на Фридрих саксонски му дал мудрост да направи план за спасување на реформаторот. Во соработка со вистинските пријатели, бил спроведен планот на изборниот кнез и Лутер навистина бил сокриен и од пријателите и од непријателите. Враќајќи се дома, тој ненадејно бил фатен, одвоен од својата придружба и преку шумата итно одведен до замокот Вартбург, осамена планинска тврдина, подигната на врвот на еден рид. Неговото грабнување и криење било толку таинствено, што дури ни Фридрих долго време не знаел каде бил одведен. Ова незнаење не било случајно, зашто сѐ додека изборниот кнез не знаел ништо за Лутеровото засолниште не можел ништо и да открие. Тој знаел дека реформаторот бил безбеден, и со тоа сознание бил задоволен. {ГБ 168.1}

Пролетта, летото и есента поминаа; дошла зимата, а Лутер сѐ уште бил заточеник. Алеандер и неговите следбеници триумфирале, мислејќи дека светлината на евангелието наскоро целосно ќе згасне. Но, спротивно од нивните очекувања, реформаторот ја полнел својата светилка од ризницата на вистината, со цел нејзиното светло да заблеска со уште поголем сјај. {ГБ 168.2}

Во пријателската сигурност во Вартбург, Лутер поминал некое време одмарајќи се од возбудувањата и горките борби. Но, тој не можел да најде трајно задоволство во тишината и одморот. Навикнат на активен живот и тешки борби, тој тешко ја поднесувал неактивноста. Во тие денови на осаменост, тој не можел да престане да размислува за состојбата на црквата и во очај извикал: „Леле! Зар во овие последни денови на Божјиот гнев, нема никој кој би застанал како ѕид пред Господа и да го спаси Израел!” (Исто, b. 9, ch. 2). Размислувал за себе и се плашел дека поради повлекувањето од борбата ќе биде обвинет за кукавичлук. Се прекорувал себеси за безделничење и угодување на самиот себеси, а во исто време секојдневно правел повеќе отколку што би можело да се очекува од еден човек. Неговото перо никогаш не мирувало. Додека неговите непријатели си ласкале себеси дека го замолкнале, се збуниле и непријатно изненадиле од очевидните докази за неговата постојана активност. Голем број на трактати, што излегле од неговото перо, кружеле по цела Германија. Освен тоа, на своите сонародници им направил многу голема услуга преведувајќи го Новиот завет на германски јазик. Од својот карпест Патмос, речиси цела година, тој продолжил да го проповеда евангелието осудувајќи ги гревовите и заблудите на своето време. {ГБ 168.3}

Бог го повлекол Својот слуга од јавниот живот не само за да го заштити од гневот на неговите непријатели и да му овозможи еден мирен период за други важни работи, туку тоа го сторил од уште поважни причини. Во самотијата и тишината на планинското засолниште, Лутер бил лишен од секаква земна потпора и човечко ласкање. На тој начин бил сочуван од гордоста и самодовербата што често се предизвикани од успехот. Преку страдања и понижувања тој повторно се подготвувал со сигурност да зачекори на вртоглавите височини на кои одненадеж бил издигнат. {ГБ 169.1}

Кога луѓето се радуваат на слободата што ја донесува вистината, тие се наклонети да ги слават оние кои Бог ги употребил како орудија за да ги скрши синџирите на заблудата и суеверието. Сатаната се обидува човечките мисли и чувства да ги одврати од Бога и да ги насочи кон човечки орудија и посредници; на тој начин ги наведува да го почитуваат орудието, а да ја занемарат Раката што управува со сите настани на провидението. Често, религиозните водачи, кои на ваков начин се фалени и славени, престануваат да ја чувствуваат својата зависност од Бога и стануваат премногу самоуверени. Како резултат на тоа, тие настојуваат да завладеат со умот и со совеста на луѓето кои се склони нив да ги гледаат како водачи, наместо да гледаат на Божјото слово. Делото на реформата често било спречувано поради ваквиот дух на нејзините приврзаници. Бог сакал делото на реформацијата да го сочува токму од оваа опасност. Тој сакал тоа дело да не носи човечки, туку Божји печат. Луѓето почнале да гледаат на Лутера како на толкувач на вистината, затоа тој бил отстранет со цел сите погледи да бидат насочени кон вечниот Автор на вистината. {ГБ 169.2}