42 Борбата е завршена

По истекот на илјада години (Откровение 20:7), Христос во придружба на мноштвото откупени и илјадници ангели, повторно се враќа на Земјата. Додека се спушта во Својата неопислива величественост, Тој ги повикува мртвите грешници да станат за да ја чујат својата пресуда. Тие излегуваат од гробовите во огромно мноштво, безбројни како морскиот песок. Каква разлика меѓу нив и оние што станале во првото воскресение! Праведниците беа облечени во бесмртна младост и убавина. Грешниците ги носат на себе трагите на болеста и смртта. {ГБ 662.1}

Секое око на ова огромно мноштво е насочено кон славата на Божјиот Син. Едногласно грешниците извикнуваат: „Благословен кој доаѓа во името Господово!“ Тие не го изговараат тоа од љубов кон Исуса. Силата на вистината ги тера да ги изговорат овие зборови спротивно на нивната волја. Какви што отишле во своите гробови, грешниците такви и излегуваат од нив: со истото непријателство кон Исуса и со истиот бунтовнички дух. Тие нема да имаат ново време на милост за да можат да ги исправат грешките на својот поранешен живот. Со тоа ништо не би се постигнало. Целиот живот исполнет со престапи, не ги омекнал нивните срца. Кога би им се дало уште едно време на милост, тие, исто како и првото, би го поминале во презирање на Божјите заповеди и во предизвикување на бунт против Него. {ГБ 662.2}

Христос се спушта на Маслиновата Гора од каде што по Своето воскресение се вознел на небото, и каде што ангелите го повториле ветувањето за Неговото враќање. Пророкот вели: „Ќе дојде Господ, мојот Бог, и сите светии со Него“. „И ќе застанат нозете Негови на Маслиновата Гора во оној ден, што се наоѓа спроти Ерусалим од источната страна: и ќе се расцепи Маслиновата Гора од исток кон запад со многу голема долина“. „И Господ ќе биде Цар над целата земја“ (Захарија 14:5,4,9). Кога новиот Ерусалим во својот блескав сјај ќе се спушти од небото, ќе се постави на место исчистено и подготвено за тоа, а Христос со Својот народ и ангелите ќе влезе во Светиот град. {ГБ 662.3}

Сега сатаната се подготвува за последната битка за превласт. Додека бил лишен од својата моќ и немал кого да измамува, кнезот на злото бил несреќен и огорчен. Но штом ќе воскреснат мртвите грешници, и тој на своја страна ќе види толкаво мноштво, неговите надежи пак оживуваат и тој одлучува да не ја напушти големата борба. Тој под своето знаме ќе ја собере сета војска на изгубените и со нивна помош ќе се обиде да ги оствари своите планови. Грешниците се робови на сатаната. Отфрлајќи го Христа, тие ја прифатиле власта на бунтовниот лидер. Тие се готови да ги прифатат неговите предлози и да ги извршат неговите наредби. Но, верен на своето поранешно лукавство, тој не признава дека е сатана. Тој тврди дека е вистински господар на светот, на кого му е одземено наследството на незаконит начин. Тој на своите заведени приврзаници им се претставува како спасител, уверувајќи ги дека неговата моќ ги подигнала од гробовите и дека тој сега сака да ги спаси од најсуровата тиранија. Бидејќи Христос е отсутен, сатаната прави чуда за да го поткрепи своето тврдење. Тој слабите ги прави силни и сите ги инспирира со својот дух и енергија. Тој предлага да ги поведе во борба против таборот на светите и да го заземат Божјиот град. Со пеколен триумф укажува на безбројните милиони кои се воскреснати од мртвите и тврди дека тој како нивни водач е способен да го освои градот и повторно да го придобие својот престол и своето царство. {ГБ 663.1}

Во оваа огромна толпа народ се наоѓаат многу од поколенијата на долговечните жители на претпотопниот свет, луѓе со висок раст и со силен ум, кои, препуштајќи и се на власта на паднатите ангели, сета своја способност и знаење ги посветиле за да се издигнат себеси; луѓе кои со своите чудесни уметнички дела го навеле светот да ја обожува нивната генијалност, но нивната суровост и злите пронајдоци осквернувајќи ја земјата и изопачувајќи ја Божјата слика му дале на Господа повод да ги отстрани од лицето на земјата како Негови созданија. Тука се царевите и генералите кои покорувале народи, храбри луѓе кои никогаш не изгубиле битка; горделиви и амбициозни воини пред кои трепереле царствата. Тие ни во смртта не се промениле. Кога излегле од гробовите, го продолжиле текот на своите мисли токму таму каде што се прекинал. Истата желба за освојување што ги раководела кога паднале, ги поттикнува и сега. {ГБ 663.2}

Сатаната се договара со своите ангели, а потоа и со овие цареви, освојувачи и силни луѓе. Набљудувајќи ја силата и бројот на нивната страна, изјавуваат дека војската во градот е мала во споредба со нивната и лесно може да се совлада. Прават планови како да го заземат богатството и славата на Новиот Ерусалим. Сите веднаш почнуваат да се подготвуваат за борба. Прочуените мајстори изработуваат воени орудија. Генералите, познати по своите успеси, ги организираат многубројните борци во чети и дивизии. {ГБ 664.1}

Најпосле се дава заповед за тргнување, и безбројното мноштво трга напред, војска каква што никогаш не собрале земните освојувачи, со неа не можат да се споредат ниту сите обединети сили на сите времиња откако почнала војна на земјата. Најмоќниот воин, сатаната, ги предводи, а неговите ангели ги обединуваат своите сили за последната битка. Царевите и војниците се во негова непосредна придружба, а народот ги следи во организирани формации, секоја предводена од својот лидер. Со воена прецизност се движат збиените редови преку испуканата и нерамна земна површина, кон Божјиот град. На Исусова заповед се затвораат портите на Новиот Ерусалим, а војската на сатаната го опколува градот и се подготвува за напад. {ГБ 664.2}

Сега Христос повторно се покажува на видикот на Своите непријатели. Високо над градот, на темел од блескаво злато, стои престол, величествен и возвишен. На овој престол седи Божјиот Син, а околу Него се поданиците на Неговото царство. Исусовата моќ и величество не можат да се опишат со ниту еден јазик, со ниедно перо. Славата на вечниот Отец го опкружува Неговиот Син. Сјајот на Неговото присуство го исполнува Божјиот град и се разлева надвор од градот распространувајќи ги своите зраци по целата земја.  {ГБ 664.3}

Најблиску до престолот се оние кои некогаш ревнувале за делото на сатаната, но кои, како гламни биле истргнати од огнот и почнале да го следат Спасителот со длабока, искрена посветеност. По нив следат оние кои и покрај тоа што биле опкружени со лаги и неверство изградиле совршен христијански карактер, потоа оние кои го почитувале Божјиот закон кога христијанскиот свет го прогласил за безвреден и безначаен, и милиони верници од сите времиња кои заради својата вера претрпеле маченичка смрт. А зад нив се наоѓа „големо мноштво народ, кое никој не можеше да го преброи, од сите племиња и колена, народи и јазици; тие стоеја пред престолот и пред Јагнето, облечени во бели облеки и со палмови гранчиња во рацете“ (Откровение 7:9). Нивната борба е завршена, победата е здобиена. Тие ја завршиле трката и ја примиле наградата. Палмовото гранче во нивните раце претставува симбол на нивниот триумф, а белата облека е знак на совршената Христова праведност која сега е нивна. {ГБ 665.1}

Откупените го подигаат својот глас во песна на благодарност која одѕвонува низ небесниот свод: „За спасението наше слава на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Јагнето“ (Откровение 7:10). Небесните ангели со своите гласови им се придружуваат во славењето на Бога. Бидејќи откупените се осведочиле во моќта и злобата на сатаната, свесни се, како никогаш порано, дека не постои сила, освен Христовата, која би можела да ги направи победници. Во целото ова сјајно мноштво, нема ниту еден кој спасението си го припишува себеси, како да победил со своја сопствена сила и добрина. Ништо не се зборува за тоа што тие направиле или претрпеле, туку главна мисла на секоја песна и вовед на секоја химна е: „За спасението наше слава на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Јагнето!“ {ГБ 665.2}

Во присуство на собраните жители на небото и Земјата, конечно се извршува крунисувањето на Божјиот Син. И сега, облечен во врвно величество и сила, Царот над царевите ја изрекува пресудата над бунтовниците против Неговото владеење, и ја извршува правдата над оние што го престапувале Неговиот закон и го угнетувале Неговиот народ. Божјиот пророк вели: „И видов голем бел престол и Седнатиот на него, од Чие лице побегнаа земјата и небото, и за нив место не се најде. Потоа ги видов мртвите, мали и големи, како стојат пред Бога; се отворија книги, и друга книга се отвори - книгата на животот; и судени беа мртвите според запишаното во книгите, според делата нивни“ (Откровение 20:11,12). {ГБ 665.3}

Штом ќе се отворат книгите со извештаите и Исусовото око ќе ги погледне непокајаните, тие веднаш ќе станат свесни за секој свој грев што го направиле. Тие сега јасно гледаат каде ги одвело скршнувањето од патеката на чистотата и светоста, и колку далеку ги одвела горделивоста и бунтот во кршењето на Божјиот закон. Заводливите искушенија кои ги охрабриле да уживаат во гревот, злоупотребените благослови, презирањето на Божјите гласници, отфрлените предупредувања, брановите на милосрдие одбиени од страна на тврдоглавите и непокајани срца - сето тоа им е предочено како да е напишано со огнени букви. {ГБ 666.1}

Над престолот се појавува крст; и како панорамски поглед се прикажуваат сцените на Адамовото искушение и неговиот пад, како и последователните чекори преземени со големиот план на спасението. Раѓањето на Спасителот во понизност, Неговата едноставност и послушност во младоста, крштевањето во Јордан, постот и искушението во пустината; Неговата јавна служба што им ги открива на луѓето најдрагоцените небесни благослови, деновите исполнети со дела на љубов и милост, ноќите на молитва и бдеење на горите, во самотија; заговорите од завист, омразата и пакоста како возврат за сите Негови добри дела, страшната и таинствена агонија во Гетсиманија под притисок на товарот на гревовите на целиот свет; предавството во рацете на злосторничкиот џган; страшните настани, онаа ноќ на ужас - кога како затвореник не давајќи никаков отпор, бил напуштен од Своите сакани ученици и насилно влечен низ ерусалимските улици; изведувањето на Божјиот Син пред Ана и пред судот во палатата на првосвештеникот, потоа водењето во Пилатовата судница и пред кукавичкиот и свиреп Ирод; исмејуван, навредуван, малтретиран и најпосле осуден на смрт - сето тоа живописно е прикажано. {ГБ 666.2}

А потоа, пред мноштвото што трепери, се откриваат последните сцени: трпеливиот Маченик чекори по патеката кон Голгота; небесниот Кнез виси на крстот; горделивите свештеници и злобниот народ ја исмеваат Неговата претсмртна агонија; натприродната темнина; земјотресот, одронетите карпи и отворените гробови, го означуваат моментот кога Откупителот на светот издивнал. {ГБ 667.1} 

Страшните сцени се појавуваат токму онака како што се одиграле. Сатаната, неговите ангели и неговите поданици немаат сила да го одвратат својот поглед од сликата која толку верно ги прикажува нивните постапки. Секој актер се присетува на улогата што ја одиграл. Ирод, кој наредил да се убијат невините витлеемски деца за да го уништи израелскиот Цар; подлата Иродијада, чијашто душа е натоварена со вината за крвта на Јован Крстител; малодушниот Пилат, беден роб на околностите; војниците што се подбиваат; свештениците, старешините и подивениот народ што вика: „Крвта Негова нека падне врз нас и врз нашите деца“ (Матеј 27:25), сите сега го согледуваат ужасот на својата вина. Залудно се обидуваат да се скријат пред божественото величество на Неговото лице кое го надминува сјајот на Сонцето, додека откупените ги ставаат своите круни пред нозете на Спасителот извикувајќи: „Тој умре за мене!“ {ГБ 667.2}

Среде откупената толпа се наоѓаат и Христовите апостоли: храбриот Павле, ревниот Петар, саканиот и возљубен Јован и нивните верни и искрени браќа, и со нив големиот број маченици; додека надвор од ѕидовите, заедно со сите злобни и одвратни, се наоѓаат оние кои ги прогонувале, затворале и убивале. Тука е Нерон, чудовиште на суровоста и злосторството, кој сега ја гледа радоста и возвишеноста на оние кои некогаш ги мачел и во нивните најтешки маки наоѓал сатанско задоволство. Тука е и неговата мајка да ги види последиците на своето дело; да го види лошиот печат што го пренела врз карактерот на својот син, да види како страстите што ги поттикнувала и ги развивала во него со своето влијание и пример, донеле плод во злосторствата од кои целиот свет се грозел. {ГБ 667.3}

Тука се папските свештеници и прелатите кои тврделе дека се Христови пратеници, но сепак употребувале направи за мачење, затвори и клади за да владеат со совеста на Неговиот народ. Тука се горделивите папи кои се издигале над Бога, осмелувајќи се да го менуваат Законот на Севишниот. Овие таканаречени црковни отци мора да дадат отчет пред Бога, кој толку би сакале да го избегнат. Премногу доцна увидуваат дека Сезнајниот ревнува за Својот закон и никого нема да го ослободи од вината. Сега согледуваат дека Христос Своите интереси ги изедначува со интересите на Својот изнамачен народ; и тие ја чувствуваат силата на Неговите зборови: „Доколку сте го направиле тоа за еден од овие Мои најмали браќа, за Мене сте го направиле“ (Матеј 25:40). {ГБ 668.1}

Сиот грешен свет стои пред Божјиот суд обвинет за велепредавство против небесното владеење. Тие немаат никого кој би се залагал за нив; тие се без оправдување и над нив се изрекува пресуда за вечна смрт. {ГБ 668.2}

Сега е очигледно дека плата за гревот не е благородната независност и вечен живот, туку ропство, пропаст и смрт. Грешниците согледуваат што загубиле поради својот бунтовен живот. Тие ја презреле неизмерната и вечна вредност на славата кога им била понудена; но колку сега им се чини посакувана! „Сето ова“, извикува изгубената душа, „можев да го имам, но со сопствениот избор сето тоа сето тоа го отфрлив далеку од себе. О, нечуена заблуденост! Го дадов мирот, среќата и славата во замена за несреќа, срам и очај“. Сите увидуваат дека нивното исклучување од небото е праведно. Со својот живот тие изјавиле: „Не сакаме со нас да владее овој Исус!“ (Лука 19:14). {ГБ 668.3}

Како хипнотизирани, грешниците го гледаат крунисувањето на Божјиот Син. Тие во Неговите раце ги гледаат плочите на Божјиот Закон, заповедите што ги презирале и престапувале. Тие ги набљудуваат изливите на восхит, воодушевување и длабока почит на спасените; и додека звуците на мелодиите како незадржливи бранови се разлеваат преку ѕидовите и допираат до безбројното мноштво кое се наоѓаа надвор од градот, сите едногласно извикуваат: „Големи и чудесни се делата Твои, Господи Боже Седржителе! Праведни и вистинити се Твоите патишта, Царе на народите!“ (Откровение 15:3), и паѓајќи ничкум, му се поклонуваат на Кнезот на животот. {ГБ 668.4}

Сатаната изгледа како парализиран додека ја набљудува славата на Христовото величество. Оној, кој некогаш бил херувим засолнувач, си спомнува од каде паднал. Сјајниот серафим, „синот на зората“, колку се променил, колку е деградиран! Тој засекогаш е исклучен од небесниот совет каде што некогаш бил почитуван. Сега гледа друг како стои близу до Отецот и ја засолнува Неговата слава. Тој гледа како круната на Христовата глава ја положува еден ангел со висока става и со величествен изглед и знае дека високата положба на овој ангел можела да биде негова. {ГБ 669.1}

Тој си спомнува за домот на својата невиност и чистота, за мирот и задоволството што ги имал додека не почнал да негодува против Бога и да му завидува на Христа. Неговите обвинувања, неговите побуни, неговите измами, пресметани со цел да добие сочувство и поддршка од ангелите, неговата тврдоглава упорност да не вложува напори за да ја поправи грешката кога Бог сакал да му прости - сето тоа живописно му е предочено. Тој ги гледа наназад своите активности меѓу луѓето и неговите последици: непријателството на човекот кон својот ближен, страшното уништување на животите, подемот и падот на царствата, соборувањето на престолите, безбројните востанија, конфликти и револуции. Се сеќава на постојаните напори да му се спротивстави на Христовото дело и светот сè подлабоко и подлабоко да тоне во грев. Согледува дека неговите пеколни заговори да ги уништи оние што му се предале на Христа биле безуспешни. Додека го набљудува своето царство и плодовите на својот труд, гледа само неуспех и пропаст. Тој го навел ова мноштво да верува дека освојувањето на Божјиот град е лесен плен, но во себе знае дека тоа е лага. Повторно, како и секогаш во текот на големата борба тој е победен и принуден да се повлече. Тој премногу добро ја познава моќта и величеството на Вечниот. {ГБ 669.2}

Целта на големиот бунтовник отсекогаш била да се оправда себеси и да докаже дека целата одговорност за бунтот ја сноси божественото владеење. За таа цел ги употребил сите сили на својот гигантски ум. Работел промислено, систематски и со голем успех, заведувајќи огромно мноштво народ да го прифатат неговото толкување за големата борба што траела толку долго. Илјадници години овој водач на заговорот подметнувал лага на местото на вистината. Но дошло време да се стави крај на бунтот, а историјата и карактерот на сатаната да бидат откриени. Во својот последен голем обид да го собори Христа од престолот, да го уништи Неговиот народ и да го заземе Божјиот град, големиот измамник е наполно разобличен. Оние што се здружиле со него го увидуваат целосниот неуспех на неговиот потфат. Христовите следбеници и верните ангели целосно ги согледуваат неговите интриги против Божјото владеење, и тој сега е предмет на општ презир. {ГБ 699.3}

Сатаната увидува дека неговиот самоволен бунт го направил недостоен за небото. Тој ги обучил своите сили да војуваат против Бога. Небесната чистота, мирот и хармонијата сега за него би биле најголема тортура. Неговите обвинувања против Божјата милост и правда сега се замолчени. Срамот што настојувал да го фрли врз Јехова паднал врз него. И сега сатаната се поклонува пред Бога и ја признава праведноста на својата осуда. {ГБ 670.1}

„Кој нема да се плаши од Тебе, Господи, и не ќе го прослави името Твое? Зашто само Ти си свет; зашто сите народи ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе; бидејќи се појавија Твоите праведни судови!“ (Откровение 15:4). Секое прашање за вистината и заблудата во долготрајната борба, сега е разјаснето. Последиците на бунтот, плодовите на престапувањето на божествените прописи, сега отворено се изложени пред сите создадени суштества. Целата вселена ја гледа разликата меѓу сатанското владеење и Божјото владеење. Сатаната го осудиле неговите сопствени дела. Божјата мудрост, Неговата праведност и добрина, сега се целосно оправдани. Јасно се гледа дека сите Негови постапки во големата борба биле спроведени во интерес на вечното добро на Неговиот народ и на сите светови што ги создал. „Нека Те прославуваат, Господи, сите Твои дела, и нека Те благословуваат светиите Твои“ (Псалм 145:10). Историјата на гревот низ целата вечност ќе сведочи дека среќата на сите Божји созданија, е неразделно поврзана со постоењето на Божјиот закон. Имајќи ги пред очи сите факти на големата борба, жителите на целата вселена, и оние што му останале верни на Бога и оние што се побуниле, едногласно изјавуваат: „Праведни и вистинити се Твоите патишта, Царе на народите“ (Откровение 15:3). {ГБ 670.2}

Пред целиот универзум јасно е прикажана големата жртва што ја пoднеле Отецот и Синот заради човекот. Дојде часот кога Христос ја зазема Својата заслужена положба и се прославува над сите царства, над сите сили и над секое име. Тој претрпел крст и поднел срам само заради радоста што му била ветена - дека многу души ќе доведе во славата. Иако претрпената болка и срамот биле несфатливо големи, сепак, радоста и славата се уште поголеми. Тој ги гледа откупените обновени во Неговиот лик, секое срце носи совршен отпечаток на божеството, и секое лице ја одразува сличноста со својот Цар. Тој во нив го гледа резултатот од трудот на Својата душа и е задоволен. Тогаш, со гласот што го слушаат собраните праведници и мноштвото грешници, изјавува: „Еве го откупот на Мојата крв! За нив страдав, за нив умрев за да живеат во Мое присуство низ бескрајните времиња на вечноста“. А од оние што се облечени во бели облеки собрани околу престолот, се издига песна на благодарност: „Достојно е закланото Јагне да прими сила и богатство, мудрост и моќ, чест, слава и благослов!“ (Откровение 5:12). {ГБ 671.1}

Иако сатаната е присилен да ја признае Божјата праведност и да се поклони пред Христовиот врховен авторитет, неговиот карактер останува непроменет. Духот на бунтот, како моќен порој, повторно избувнува. Исполнет со бес, тој одлучува да не отстапи од големата борба. Дојде мигот за последната очајна битка против небесниот Цар. Тој се втурнува меѓу своите приврзаници и се обидува да ги поттикне со својот бес веднаш да тргнат во битка. Но меѓу безбројните милиони кои со измама ги вовлекол во побуна против Бога, нема повеќе ниеден кој ја признава неговата превласт. Неговата моќ е при крај. Грешниците се исполнети со иста омраза против Бога како и сатаната. Но тие увидуваат дека нивниот случај е безнадежен и дека не можат да се борат против Бога. Нивната омраза сега се распалува против сатаната и против оние што биле негови орудија во делото на измамата, и со демонски бес се свртуваат против нив. {ГБ 671.2}

Господ вели: „Бидејќи го изедначуваш твојот ум со умот на Бога, еве Јас ќе доведам против тебе туѓинци, највешти меѓу народите, и тие ќе ги извадат своите мечеви против убавината на твојата мудрост и ќе го помрачат твојот блесок; тие ќе те турнат во гроб“. „Те истерав тебе, херувиме - заштитник, среде огнени камења... Јас те соборив на земја, те предадов на потсмев пред царевите... Те претворив во пепел на земјата пред очите на сите, што те гледаат... Ти стана ужас и исчезна засекогаш“ (Езекиел 28:6-8,16-19). {ГБ 672.1}

„Зашто секоја војничка обувка во време на војна и облека, извалкана од крв, ќе бидат предадени на изгорување, за храна на огнот“. „Зашто гневот на Господ е врз сите народи, а јароста Негова врз целата нивна војска. Тој ќе ги уништи, ќе ги предаде на погибел“. „На грешниците ќе пушти дожд од разгорен јаглен, оган и сулфур, а силен ветар ќе им биде дел во чашата нивна“ (Исаија 9:5; 34:2; Псалм 11:6). Од небото од Бога слегува оган. Земјата се отвора. Оружјето скриено во нејзините длабочини се исфрла надвор. Од секоја отворена бездна блика пламен кој уништува. И самите карпи се палат. Настапил „денот кој гори како печка“. Елементите се топат од жестоката горештина, а исто така и земјата и сè што е на неа гори (Малахија 4:1; 2. Петрово 3:10). Површината на земјата изгледа како растопена маса - огромно огнено море што врие. Време е за суд и пропаст на грешниците - „зашто настапи денот за одмазда Господова, годината на отплата за Сион“ (Исаија 34:8).  {ГБ 672.2}

Грешниците ја примаат својата плата на земјата (Изреки 11:31). Тие ќе бидат „како слама, и ќе ги изгори денот што иде, вели Господ Саваот“ (Малахија 4:1). Некои ќе бидат уништени во еден миг, додека други ќе страдаат повеќе денови. Сите ќе бидат казнети „според своите дела“. Бидејќи гревовите на праведниците се пренесени врз сатаната, тој мора да страда не само за своите лични гревови, туку и за сите гревови на кои го навел Божјиот народ. Неговата казна ќе биде далеку поголема од казната на оние што ги измамил. Кога ќе бидат уништени сите што подлегнале на неговите измами, тој и понатаму ќе биде жив и ќе се мачи. Најпосле сите грешници ќе бидат уништени со огнот што ги чисти и коренот и гранките - сатаната како корен, а неговите следбеници како гранки. Казната за кршењето на Божјиот закон е целосно извршена, правдата е задоволена, а небото и земјата, набљудувајќи го сето тоа, ја признаваат Господовата праведност. {ГБ 673.1}

Разорното дело на сатаната засекогаш е завршено. Шест илјади години ја извршувал својата волја, ја исполнувал земјата со мака и предизвикувал тага низ целиот универзум. Сите созданија плачеле и воздивнувале од болка. Сега Божјите суштества засекогаш се ослободени од неговото присуство и искушенија. „Целата земја здивна, почива, воскликнува од радост“ (Исаија 14:7). Низ целиот универзум, лојален на Бога, се разлеваат извици на пофалба и триумф. „Глас како од многу народ, глас како од многу води, и глас како од силни грмотевици“ се слуша како зборува: „Алилуја, зашто се зацари Господ Бог, Седржителот!“ (Откровение 19:6). {ГБ 673.2}

Додека земјата е обвиткана со оган кој уништува, праведниците живеат безбедно во Светиот град. Над оние што имале дел во првото воскресение, втората смрт нема власт. Додека Бог за грешниците е оган кој уништува, за Својот народ Тој е „сонце и штит“ (Откровение 20:6; Псалм 84:11). {ГБ 673.3}

„Видов ново небо и нова земја, зашто поранешната земја  помина“  (Откровение 21:1). Огнот кој ги  уништува грешниците ја прочистува земјата. Секоја трага на проклетството е отстранета. Никаков вечен пекол нема да ги потсетува откупените на страшните последици на гревот. {ГБ 673.4}

Останува само еден споменик: нашиот Откупител секогаш ќе ги носи лузните на Своето распетие. На Неговата ранета глава, на Неговите ребра, на рацете и нозете, се наоѓаат единствените траги на свирепото дело кои ги предизвикал гревот. Гледајќи го Христа во Неговата слава, пророкот кажува: „Болскотот Му е како сончева светлина, а од рацете Негови зрачи, и тука е скривалиштето на Неговата сила“ (Авакум 3:4). Прободената страна на Христовото тело, од која течел црвен млаз кој го помирил човекот со Бога - ја претставува славата на Спасителот, таму е „скривалиштето на Неговата сила“. „Моќен да спаси“ преку жртвата за откуп, Тој исто така ќе биде моќен и да им суди на оние кои ја презреле Божјата милост. Знаците на Неговото понижување за Него претставуваат најголема чест; низ целата вечност раните добиени на Голгота ќе ја истакнуваат Неговата слава и ќе ја објавуваат Неговата моќ. {ГБ 674.1}

„А ти, куло на стадото, риду на Сионовата ќерка, кај тебе ќе дојде и ќе се врати поранешното владение“ (Михеј 4:8). Времето што го чекале светите луѓе со копнеж, откако пламениот меч ги истерал првите луѓе од рајот, дошло „за откуп на оние кои станаа Божја сопственост“ (Ефесјаните 1:14). Земјата, која првобитно му била дадена на човекот како негово царство, со неговата вероломност, поминала во рацете на сатаната, со големиот план на откупувањето повторно му е вратена на човекот. Сè што било загубено со гревот, повторно е обновено. „Зашто вака вели Господ... Кој и даде облик на земјата и Кој ја создаде; Тој ја зацврсти, не ја создаде пуста, Тој ја создаде за живеење“ (Исаија 45:18). Божјата првобитна намера при создавањето е исполнета, бидејќи земјата станала вечен престој за откупените. „Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“ (Псалм 37:29). {ГБ 674.2}

Плашејќи се дека идното наследство можеби ќе изгледа премногу материјално, мнозина биле наведени да им придаваат духовно значење токму на оние вистини кои ни овозможуваат ова наследство да го сметаме за наша вистинска татковина. Христос ги уверувал Своите ученици дека Тој оди да им подготви станови во куќата на Отецот. Оние што ќе го прифатат учењето на Божјото слово во врска со небесните живеалишта нема да останат целосно во незнаење. Сепак, „она што око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло, тоа Бог го приготвил за оние кои Го љубат“ (1. Коринтјаните 2:9). Човечкиот јазик не може соодветно да ја опише наградата на праведните. Тоа ќе го разберат само  оние кои ќе ја видат. Ниту еден ограничен ум не може да ја сфати славата на Божјиот рај. {ГБ 674.3}

Во Библијата наследството на спасените се нарекува татковина (Евреите 11:14-16). Таму небесниот Пастир го води Своето стадо на извори на жива вода. Дрвото на животот дава плод секој месец, а неговите лисја служат за здравје на народот. Таму течат потоци кои вечно жуборкаат, чисти како кристал, на чиишто брегови се нишаат дрвја кои ги фрлаат своите сенки врз патеките што Господ им ги подготвил на откупените. Таму пространите рамнини прераснуваат во прекрасни ритчиња, а Божјите гори ги издигнуваат своите возвишени врвови. Во овие тивки рамнини, покрај овие живи потоци, Божјиот народ, кој толку долго патувал и скитал, ќе го најде својот дом. {ГБ 675.1}

„Тогаш народот Мој ќе живее во мирни живеалишта и во безопасни села и во пребивалишта на блажените“. „Нема повеќе да се слуша за насилство во земјата твоја, ниту опустошување и разурнување - во пределите твои; и ѕидовите свои ќе ги нарекуваш спасение и портите свои - слава“. „Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе ги јадат плодовите нивни. Нема да градат, за да живее друг, нема да садат, за да јаде друг... моите избрани долго ќе се користат со делото на рацете свои“ (Исаија 32:18; 60:18; 65:21,22). {ГБ 675.2}

„Ќе се развесели пустината и сувата земја, и ненаселената земја ќе се зарадува и ќе расцути како крин“. „Место трн ќе израсне кипарис; место коприва ќе израсне мирта“ (Исаија 35:1; 55:13). „Тогаш волк ќе живее со јагне, леопардот ќе лежи заедно со јаре... и мало дете ќе ги води“. „Нема да прават зло и штета по целата Моја света гора“ (Исаија 11:6,9). {ГБ 675.3}

Во небесната атмосфера не може да постои болка. Нема да има повеќе солзи, ниту погреби, нема да има знаци на жалост. „Смрт нема да има веќе; ни плач ни пискот... бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:4). „И ниеден од жителите нема да каже: ’Болен сум‘; а на народот што живее таму, ќе му бидат простени гревовите“ (Исаија 33:24). {ГБ 676.1}

Тука е Новиот Ерусалим, славната престолнина на новата земја, „венец на слава во раката Господова и царска круна - врз дланката на твојот Бог“ (Исаија 62:3). „И имаше Божја слава; светлината негова прилегаше на најскапоцен камен, како светол камен јаспис“. „И спасените народи ќе одат по неговата светлина, и царевите земни ќе ја принесат во него својата слава и чест“ (Откровение 21:11,24). Господ кажува: „Ќе се радувам за Ерусалим и ќе се веселам за Мојот народ“ (Исаија 65:19). „Ете го светиот шатор, светилиштето на Бога меѓу луѓето, и Тој ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а сам Бог ќе биде со нив“ (Откровение 21:3). {ГБ 676.2}

Во Божјиот град „нема да има ноќ“. Никој ќе нема потреба ниту ќе посака одмор. Нема да има замор при извршувањето на Божјата волја и прославувањето на Неговото име. Ние постојано ќе чувствуваме утринска свежина која никогаш нема да престане. „Не ќе има потреба од светило, ниту од сончева светлина, бидејќи Господ Бог ќе ги осветлува, и ќе царува во вечни векови“ (Откровение 22:5). Светлината на Сонцето ќе биде заменета со светлина чијшто блесок нема да им пречи на очите, а сепак, далеку ја надминува пладневната сончева светлина. Славата Божја и славата на Јагнето го исполнуваат Светиот Град со неизмерна светлина. Откупените ќе живеат во славата на вечниот ден и без сончева светлина. {ГБ 676.3}

„Храм, пак, не видов во него, бидејќи  Господ Бог Седржителот и Јагнето се неговиот храм“ (Откровение 21:22). Божјиот народ ја има таа привилегија да биде во непосредна заедница со Отецот и со Синот. „Сега гледам како низ огледало, нејасно“ (1. Коринтјаните 13:12). Ние сега го гледаме Божјиот лик како во некое огледало: во делата на природата и во Неговите постапки со луѓето; но тогаш ќе Го гледаме лице в лице, без темен превез меѓу нас. Ќе стоиме во Негово присуство и ќе ја гледаме славата на Неговото лице. {ГБ 676.4}

Таму откупените „ќе спознаат совршено како што и се спознаени“. Чувствата на љубов и сочувство кои Бог ги всадил во душата, таму ќе најдат вистинска и најубава примена. Чистите дружења со светите суштества, хармоничниот друштвен живот со возвишените ангели и со верните од сите времиња, кои своите облеки ги испрале и ги избелиле во крвта на Јагнето; светата врска, која меѓусебно го соединува „сиот род на небесата и на земјата“ (Ефесјаните 3:15) - сето ова среќата на откупените ја прави комплетна. {ГБ 677.1}

Таму бесмртните умови со вечно задоволство ќе ги проучуваат чудесата на креативната моќ и тајните на љубовта која спасува. Таму ќе го нема суровиот и лукав непријател да ги искушува за да го заборават Бога. Секоја дарба ќе се развива, секоја способност ќе се зголемува. Учењето нема да го заморува умот ниту да ја исцрпува енергијата. Таму можат да се извршат најголемите потфати, да се постигнат највисоките стремежи, да се исполнат најпосакуваните желби, и сè уште ќе постојат нови цели да се постигнат, нови чуда за восхитување, нови вистини за разбирање, нови предмети да ги поттикнат на развој силите на умот, душата и телото.  {ГБ 677.2}

Сите богатства на универзумот ќе им бидат достапни за проучување на откупените. Ослободени од смртта, тие ќе се вивнат со неуморен лет во далечните светови - светови кои, гледајќи ги човечките јадови, биле обземени од болка, а со песна ја прославувале радосната вест за некоја спасена душа. Со задоволство кое не се опишува, земните деца ќе се запознаат со радостите и со знаењето на оние суштества кои никогаш не паднале. Тие ќе земат учество во богатството на науката и знаењето што го стекнале овие суштества во текот на вековите проучувајќи ги Божјите дела. Слободно ќе ја набљудуваат славата на создавањето - Сонцето, ѕвездите и нивните системи, како сите по одреден ред кружат околу Божјиот престол. На сите созданија, од најмало до најголемо, е напишано името на Творецот и кај сите се гледа богатството на Неговата моќ. {ГБ 677.3}

Како што годините на вечноста ќе поминуваат, ќе носат сè побогати и почудесни откритија за Бога и Христа. Со зголемувањето на знаењето ќе расте и нивната љубов, стравопочит и среќа. Колку повеќе луѓето ќе знаат за Бога, толку ќе биде поголемо нивното восхитување на Неговиот карактер. И додека Христос пред нив ќе ги отвора ризниците на новите сознанија, за делото на откупувањето и неверојатните достигнувања од големата борба со сатаната, така ќе се зголемува храброста и посветеноста на нивните срца. Со восхит и радост ќе ги земаат своите златни харфи и десет илјади по десет илјади и илјада илјади гласови ќе се слеат во силен хор на благодарност.  {ГБ 678.1}

„И секое создание на небото и на земјата, под земјата и во морето, и сè што е во нив, чув како зборува: ’На Оној Кој седи на престолот, и на Јагнето - благослов и чест, слава и владеење во сите векови!‘“ (Откровение 5:13). {ГБ 678.2}

Големата борба е завршена. Нема веќе грев и грешници. Целата вселена е чиста. Сѐ што создал Бог во бескрајната вселена, повторно чука со единствен пулс на хармонија и радост. Од Оној кој создал сè тече живот, светлина и радост низ сите светови во бесконечниот простор. Од најмалиот атом, до најголемиот свет, сè што е создадено, и живата и неживата природа, во својата непоматена убавина и совршена радост изјавува дека Бог е љубов. {ГБ 678.3}