32 Стапиците на сатаната

Големата борба меѓу Христа и сатаната, што трае веќе речиси шест илјади години, набргу ќе биде завршена и затоа кнезот на злото ги удвојува своите напори да го осуети Христовото дело што се врши во корист на луѓето и да ги заплетка душите во своите стапици. Негова цел е народот да го држи во темнина и  непокајание додека не се заврши Христовата посредничка служба и нема повеќе жртва за грев. {ГБ 518.1}

Ако не се вложат посебни напори да и се спротивстават на неговата сила, ако во црквата и во светот владее рамнодушност, тогаш сатаната е безгрижен, зашто нема опасност да ги загуби оние што ги „уловил живи, за да ја исполнуваат неговата волја“ (2.Тимотеј 2:26). Но, ако луѓето почнат да обрнуваат внимание на вечните работи и ако се прашуваат: „Што треба да правам за да се спасам?“, тогаш тој се јавува и се обидува својата сила да и ја спротивстави на Христовата сила и да го осуети влијанието на Светиот Дух. {ГБ 518.2}

Писмото кажува дека во една прилика, кога Божјите ангели дошле да застанат пред Господа, меѓу нив дошол и сатаната (Јов 1:6), не за да му се поклони на вечниот Цар, туку да ги унапреди своите злобни планови против праведниците. Со иста цел тој присуствува секогаш таму каде што се собираат луѓето на богослужение. Иако скриен од човечкиот поглед, тој сепак работи со сета сила да завладее со мислите на оние што му служат на Бога. Како и секој вешт војсководач, тој однапред ги подготвува своите планови. Ако види дека Божјиот гласник го истражува Светото Писмо, тој се запознава со предметот за кој ќе се проповеда, потоа ја употребува сета своја вештина и препреденост така да ги приспособи околностите, за веста да не допре до оние што сака да ги задржи во заблуда токму по таа точка. Оној, на кого најмногу му е потребна таа опомена, станува зафатен со некоја итна работа каде што мора да биде присутен или на некој друг начин е спречен да ги слушне зборовите кои за него би биле „животен мирис за живот“. {ГБ 518.3}

Исто така сатаната ги гледа Божјите слуги кога се потиштени поради духовната темнина што го покрива народот. Тој ги слуша нивните искрени молитви за божествена милост и моќ да ја растераат магиската сила на рамнодушност, безгрижност и немарност. Тогаш тој со нова ревност го продолжува своето лукавство. Луѓето ги прави ненаситни во јадење или ги поттикнува да се оддадат на некое друго грешно уживање со што ја отапува нивната способност на расудување за да не го слушнат токму она што им е најпотребно да го дознаат. {ГБ 519.1}

Сатаната добро знае дека сите што ќе успее да ги наведе да ја занемарат молитвата и истражувањето на Светото Писмо ќе подлегнат на неговите напади. Затоа ги изнаоѓа сите можни планови за да го окупира човековиот ум. Секогаш имало луѓе што се правеле побожни, но наместо да напредуваат во познавањето на вистината, тие сметаат дека нивна верска должност е да бараат каква било грешка во карактерот или заблуда во верата кај оние со кои тие не се согласуваат. Тие се десна рака на сатаната. Тужители на браќата има многу и тие секогаш се активни кога Бог работи и кога Неговите слуги му укажуваат вистинска почит. Тие секогаш ги претставуваат во лажна светлина зборовите на оние што ја сакаат вистината и што ѝ се послушни. Тие и најискрените, најревносните и пожртвувани Христови слуги ќе ги прикажуваат како измамени или измамници. Нивна задача е во погрешна светлина да ги претстават побудите на секоја вистинска и благородна постапка, да шират инсинуации и да предизвикаат сомнеж во душите на неискусните. Тие на сите можни начини настојуваат она што е чисто и праведно да го прикажат како расипано и невистинито. {ГБ 519.2}

Но никој не треба да биде измамен во врска со нив. Лесно може да се види чии деца се тие, чиј пример го следат и чии дела прават. „По нивните плодови ќе ги познаете“ (Матеј 7:16). Нивното однесување е слично со однесувањето на сатаната, на отровниот клеветник, на „клеветникот на браќата наши“ (Откровение 12:10). {ГБ 519.3}

Големиот измамник има многу помагачи, подготвени да изнесат разни видови заблуди за да ги фати душите во својата мрежа - како што се различни ереси кои се прилагодени кон разновидните вкусови и склоности на оние што сака да ги упропасти. Негов план е во црквата да доведе неискрени и необратени луѓе, кои ќе поттикнуваат сомнеж и неверување и ќе им пречат на оние што сакаат да го унапредат Божјото дело и самите да напредуваат со него. Мнозина, кои всушност не веруваат во Бога и во Неговото слово, прифаќаат извесни начела на вистината и важат како христијани, и така им се дава можност своите заблуди да ги внесуваат во црквата како библиско учење. {ГБ 520.1}

Тврдењето дека не е важно во што веруваат луѓето е една од најуспешните измами на сатаната. Тој знае дека вистината, ако е прифатена со љубов, ја посветува душата на оној што ја прифаќа; затоа секогаш се обидува вистината да ја замени со лажни теории, со прикаски - со друго евангелие. Божјите слуги уште од почеток се бореле против лажните учители не само како со порочни луѓе, туку и како со оние што шират заблуди погубни за душата. Илија, Еремија и Павле решително и бестрашно им се спротивставувале на оние што ги одвраќале луѓето од Божјото слово. Она слободно мислење што вистинската библиска вера ја смета за неважна, не наишло на одобрување кај овие свети бранители на вистината. {ГБ 520.2}

Нејасните и чудни толкувања на Светото Писмо, како и многуте противречни теории за библиската вера што постојат во христијанскиот свет, се дело на нашиот голем непријател кој сака со тоа душите да ги збуни за да не можат да ја распознаат вистината. Неслогата и раздорот што постојат во христијанските цркви треба во голема мера да му се припишат на обичајот на извртување на Светото Писмо за да се поддржи некоја омилена теорија. Наместо Божјото слово да го проучуваат грижливо и со понизно срце за да ја запознаат Божјата волја, мнозина го истражуваат само затоа за во него да откријат нешто необично и оригинално. {ГБ 520.3}

За да ги поддржат лажните учења или нехристијанските практики, некои земаат одделни текстови од Писмото и ги вадат од контекст и наведуваат само половина од стихот за да го докажат своето тврдење, иако другиот дел на стихот има сосема спротивно значење. Со змиско лукавство, се вгнездиле зад неповрзани изрази, така исконструирани за да одговараат на нивните телесни желби. Така мнозина свесно го извртуваат Божјото слово. Други, кои имаат бујна мечта, земаат слики и симболи од Светото Писмо и ги толкуваат како што тоа и одговара на нивната фантазија, не осврнувајќи се на Божјото слово кое се толкува самото себеси, и потоа своите неправилни толкувања ги изнесуваат како учење на Библијата. {ГБ 521.1}

Секогаш кога Светото Писмо се проучува без молитва и без кроток и понизен дух, ќе се изврти вистинската смисла како на оние наједноставни и најјасни места, така и на оние најтешките. Папските водачи бираат такви делови од Светото Писмо кои најдобро одговараат на нивните намери, ги толкуваат како што ним им одговара, и потоа му ги изнесуваат на народот, одземајќи му го правото сам да ја проучува Библијата и сам да ги разбере нејзините свети вистини. Целата Библија треба да му се даде на народот онака како што е напишана. Подобро би било воопшто и да не му се даде никакво библиско поучување отколку учењето на Светото Писмо да се фалсификува на ваков начин. {ГБ 521.2}

Библијата е дадена да биде водач на сите што сакаат да ја запознаат волјата на својот Творец. Бог на луѓето им дал сигурно пророчко слово. Ангелите, па и самиот Христос, дошле да ги запознаат Даниел и Јован со настаните што треба наскоро да се исполнат. Она што е важно за нашето спасение не останало завиткано во тајна, ниту е откриено на таков начин да може да го збуни искрениот истражувач на вистината или да го доведе во заблуда. Господ рекол преку пророкот Авакум: „Запиши го видението и одбележи го на плочи јасно, та оној, оној што ќе чита, да може да го прочита“ (Авакум 2:2). Божјото слово е јасно за сите што го проучуваат со искрена молитва. Секоја искрена душа ќе ја прими светлината на вистината. „Светлина засветли над праведниот“ (Псалм 97:11). И ниедна црква не може да напредува во светоста ако нејзините верници не ја бараат вистината како скриено богатство. {ГБ 521.3}

Секое истакнување на паролата за некое слободоумие ги заслепува луѓето да не го видат лукавството на својот непријател, додека тој сето време упорно работи за да ја постигне својата цел. Ако му успее со помош на човечките шпекулации да ја изврти Библијата, тогаш Божјиот закон ќе биде отстранет, а црквите ќе останат во ропството на гревот додека истовремено тврдат дека се слободни. {ГБ 522.1}

За мнозина научното истражување станало проклетство. Бог дозволил врз светот да се излее голема светлина преку откритијата во науката и уметноста; но дури и најголемите умови, ако во нивното истражување не се водени од Божјото слово, стануваат збунети во нивните обиди да го истражат односот меѓу науката и Божјото откровение. {ГБ 522.2}

Човечкото знаење, како во материјалните така и во духовните работи, е делумно и несовршено и затоа мнозина не се во состојба своите научни ставови да ги усогласат со библиските извештаи. Некои ги прифаќаат обичните теории и шпекулации како научни факти и мислат дека Божјото слово мора да биде во согласност со „лажно нареченото познавање“ (1. Тимотеј 6:20). Творецот и Неговите дела го надминуваат нивното сфаќање; и бидејќи тие не можат да ги објаснат со при-родните закони, тие историјата на Библијата ја сметаат за несигурна. Оние што се сомневаат во веродостојноста на извештаите на Стариот и Новиот завет, честопати одат еден чекор понатаму и се сомневаат во постоењето на Бога, а на природата и припишуваат бесконечна моќ. Бидејќи ја отфрлиле својата котва, препуштени се да се скршат на карпата на неверувањето. {ГБ 522.3}

На овој начин мнозина се оддалечуваат од верата и сатаната лесно ги заведува. Луѓето отсекогаш настојувале да станат помудри од својот Творец. Човечката мудрост се обидувала да ги сознае и да ги објасни тајните што нема да бидат откриени ниту во вечноста. Кога луѓето би сакале да го истражуваат и да го разберат она што го објавил Бог за Себе и за Своите намери, би добиле такво откровение за Господовата слава, за Неговото величество и моќ, со кое би ја увиделе својата лична безначајност и би биле задоволни со она што им е откриено ним и на нивните деца. {ГБ 522.4}

Ремек - дело на сатанското измамување е тоа што ги поттикнува луѓето да изградат претпоставки во врска со она што Бог не го открил и нема намера да ни го разјасни. На тој начин Луцифер го загубил своето место на небото. Тој бил незадоволен што не му биле доверени сите тајни на Божјите планови, а целосно го запоставил она што му било откриено во врска со неговото лично дело на толку високата положба што ја заземал. Предизвикувајќи го истото незадоволство и во срцето на ангелите што му биле подредени, тој бил причината за нивниот пад. Сега се обидува луѓето да ги вдахне со истиот дух и исто така да ги наведе да ги презрат јасните Божји заповеди. {ГБ 523.1}

Оние што не се подготвени да ги прифатат јасните и очигледни вистини на Светото Писмо, секогаш бараат угодни прикаски што ја смируваат нивната совест. Доколку учењата што се проповедаат се помалку духовни и бараат помалку самооткажување и скромност, тогаш посесрдно се прифаќаат. Таквите луѓе ги понижуваат своите умни способности за да им робуваат на своите телесни желби. Премногу мудри во своите очи за да го истражуваат Светото Писмо со понизно срце и со сериозна молитва за божествено водство, тие немаат никаква заштита од заблудите. Сатаната е подготвен да го задоволи стремежот на нивното срце и вистината да ја замени со своите измами. На овој начин папството завладеало со човечките умови, а протестантите, отфрлајќи ја вистината, затоа што таа бара да се понесе и крстот, го следат истиот пат. Сите што го занемаруваат Божјото слово и се стремат кон световна удобност за да не се разликуваат од светот, ќе бидат оставени наместо вистината да ја прифатат проклетата ерес. Оние што намерно ја отфрлаат вистината, ќе прифатат секаква можна заблуда. Оној кој со ужас гледа на една измама, со задоволство ќе прифати друга. Апостол Павле ни зборува за оние луѓе кои „не поверуваа во вистината, а ја засакаа неправдата“. Тој кажува за нив: „И затоа Бог им испрати сила на заблуда за да поверуваат на лагата, та да бидат осудени сите кои не поверуваа во вистината, а ја засакаа неправдата“ (2. Солунјаните 2:11,12). Бидејќи ни се дадени такви опомени, треба да бидеме претпазливи какви учења прифаќаме. {ГБ 523.2}

Меѓу најуспешни орудија на големиот измамник се измамливите учења и лажните чуда на спиритизмот. Престорен во светлосен ангел, сатаната ги поставува своите мрежи таму каде што најмалку се очекува. Кога луѓето би ја проучувале Божјата книга со сериозна молитва за да го сфатат нејзиното учење, не би останале во темнина и не би прифатиле лажни учења. Но, бидејќи ја отфрлаат вистината, тие стануваат лесен плен на измамата. {ГБ 524.1} 

Друга опасна заблуда е учењето кое го негира Христовото божество и тврди дека Тој не постоел пред Своето доаѓање на овој свет. Оваа теорија благонаклоно ја прифаќаат мнозина што тврдат дека веруваат во Библијата; па сепак таа е во директна спротивност со јасните изјави на Спасителот во врска со Неговиот однос со Отецот, со Неговиот божествен карактер и со Неговото постоење пред да дојде во тело. Оваа теорија не може да се одржи без притоа неоправдано да се извртува Светото Писмо. Таа не само што го унижува човековото сфаќање за планот на спасението, туку ја поткопува и верата во Библијата како Божјо откровение. Таа е поопасна тогаш кога е потешко да се негира. Ако луѓето го отфрлаат сведоштвото на Светото Писмо за Христовото божество, напразно ќе биде да се расправа со нив за оваа точка зашто ниеден доказ, колку и да е уверлив, не ќе може да ги увери. „Телесниот човек не го прима она што е од Божјиот Дух: за него тоа е безумство; и не може да го разбере, зашто тоа треба со помошта на Духот да се испита“ (1. Коринтјаните 2:14). Никој што верува во оваа заблуда не може да има вистинска претстава за Христовиот карактер и Неговата мисија, ниту пак за големиот Божји план за откуп на човекот. {ГБ 524.2}

Една уште полукава и поштетна заблуда е верувањето што бргу се шири а тоа е дека сатаната воопшто не постои како личност и дека тоа име во Библијата се употребува само за да ги претстави човечките лоши мисли и желби. {ГБ 524.3}

Распространетото учење што одекнува од популарните проповедалници дека второто Христово доаѓање е Негово доаѓање за секого лично во мигот на смртта, е измислица што има за цел да ги одврати мислите на луѓето од Неговата лична појава на облаците. Веќе со години сатаната зборува: „Ете, во тајна соба е!“ (Матеј 24:23-26); и многу души се изгубени, прифаќајќи ја оваа измама. {ГБ 525.1}

Понатаму, световната мудрост учи дека молитвата не е од суштинско значење. Луѓето од наука тврдат дека не може да постои вистински одговор на молитвата; дека тоа би значело кршење на природните закони, чудо, а чуда не постојат. Со вселената, велат тие, управуваат непроменливи закони, а сам Бог не прави ништо што би било во спротивност со овие закони. На тој начин Бога го претставуваат како владетел кој е врзан со Своите сопствени закони, како да дејствувањето на божествените закони ја исклучува божествената слобода. Ваквото учење му се противи на сведоштвото на Светото Писмо. Зар Христос и Неговите апостоли не правеле чуда? Истиот сочувствителен Спасител живее и денес. Тој и сега во иста мера е подготвен да ги прими молитвите на вера како и некогаш кога одел видливо меѓу луѓето. Природното соработува со натприродното. Дел од Божјиот план е, како одговор на нашата молитва со вера, Бог да ни го даде она што не би ни го дал кога за тоа не би Го молеле. {ГБ 525.2}

Безбројни се лажните учења и чудните сфаќања што постојат во христијанските цркви. Не е можно да се проценат лошите последици од отстранувањето макар на само еден граничен камен поставен со Божјото слово. Малкумина се оние што се осмелиле да го сторат тоа и се запираат на отфрлање на само една вистина. Повеќето продолжуваат последователно да ги отфрлаат начелата на вистината додека не станат вистински неверници. {ГБ 525.3}

Заблудите на популарната теологија многу луѓе отерале во скептицизам, кои инаку би можеле да веруваат во Светото Писмо. За нив е невозможно да прифатат учења што го навредуваат нивното чувство за правда, милост и добрина, а бидејќи тие им се прикажани како учење на Библијата, тие одбиваат да ја примат како Божјо слово. {ГБ 525.4}

Токму тоа е целта што сака да ја постигне сатаната. Тој ништо не сака во толкава мера колку што сака да ја уништи довербата во Бога и во Неговото слово. Сатаната стои на чело на голема војска на оние што се сомневаат, и тој со сите сили настојува душите да ги прелаже да преминат во неговите редови. Сомневањето почнува да станува мода. Една голема група луѓе гледа со недоверба на Божјото слово од истата причина како и на неговиот Автор, затоа што тоа го укорува и го осудува гревот. Оние што не се подготвени да ги исполнуваат Неговите барања, настојуваат да го отфрлат Неговиот авторитет. Тие ја читаат Библијата или ги слушаат нејзините учења кога се изнесуваат од проповедална само за да пронајдат некоја грешка во Светото Писмо или во проповедта. Не е мал бројот од оние што стануваат неверници за да се оправдаат или да побараат изговор поради своите занемарени должности. Други пак, скептичните начела ги прифаќаат од гордост и мрзеливост. Премногу наклонети кон удобен живот за да извршат нешто достојно за почит, нешто што би барало напор и самооткажување, тие настојуваат да се истакнат како помудри со тоа што ја критикуваат Библијата. А бидејќи во неа има многу работи што разумот, непросветлен со божествената мудрост, не може да ги сфати, тие наоѓаат повод да критикуваат. Се чини дека мнозина мислат оти е доблест да стојат на страна на неверството и сомневањето. Но, ќе се покаже дека тие луѓе, навидум искрени, всушност се проникнати со самоувереност и горделивост. Мнозина уживаат кога во Светото Писмо ќе пронајдат нешто што другите ги доведува во забуна. Некои критикуваат и застануваат на погрешната страна само од желба за препирање. Тие не забележуваат дека на тој начин самите се заплеткуваат во стапицата на лукавиот. Но, бидејќи отворено го покажале своето неверување, тие мислат дека сега мора да ја задржат својата позиција. Така се обединуваат со безбожниците и самите себеси си ја затвораат вратата на рајот. {ГБ 526.1}

Бог во Своето слово дал доволно докази за Неговиот божествен карактер. Големите вистини што се однесуваат на нашето спасение се јасно изнесени. Со помош на Светиот Дух, кој им е ветен на сите што искрено го бараат, секој може сам да ги разбере тие вистини. Бог на луѓето им дал цврст темел на кој можат да ја градат својата вера. {ГБ 526.2}

Но ограничениот човечки ум не може наполно да ги сфати плановите и целите на Вечниот Бог. Со истражување никогаш не можеме да дознаеме сè за Бога. Не смееме да се осмелиме да ја подигнеме завесата зад која Тој го скрива Своето величество. Апостолот извикнува: „Колку се несфатливи Неговите судови и неистражливи Неговите патишта!“ (Римјаните 11:33). Ние можеме да го сфатиме Неговото постапување со нас и побудите што Го раководат, во толкава мера за да можеме да ја видиме Неговата бесконечна љубов и милост, соединети со Неговата бесконечна сила. Нашиот небесен Татко во својата премудрост правилно се погрижил за сите и ние не смееме да бидеме незадоволни, туку треба да Му се потчиниме во стравопочит и понизност. Тој во Своите намери ќе ни открие толку колку што е потребно за наше добро, а сѐ што е повеќе од тоа мораме да го довериме во рацете на семожниот, и на Срцето што е бескрајно во љубовта. {ГБ 527.1}

Иако Бог дава доволно докази во прилог на верата, Тој никогаш не го отстранува сето она што би можело да послужи како изговор за неверување. Оние што бараат докази за сомневање, ќе ги најдат. А оние што одбиваат да го прифатат Божјото слово и да му се покоруваат сѐ додека не биде отстранет секој можен приговор, така што повеќе да нема никаква причина за сомневање, никогаш нема да дојдат до светлината. {ГБ 527.2}

Недовербата кон Бога природно се јавува во непрепороденото и необновеното срце, кое е во непријателство со Бога. Верата во душата ја буди и поттикнува Светиот Дух, и таа ќе се развива само тогаш кога се негува. Никој не може да стане силен во верата ако не вложи решителни напори за тоа. Неверувањето се зголемува ако се поттикнува; и доколку луѓето, наместо да се занимаваат со доказите што им ги дал Бог за да ја утврдат нивната вера, си дозволуваат себеси да се сомневаат и да критикуваат, тие постојано ќе наоѓаат сè повеќе докази за своето сомневање. {ГБ 527.3}

Но, оние што се сомневаат во Божјите ветувања и немаат доверба во Божјата милост, со тоа Го обесчестуваат, а нивното влијание, наместо другите да ги привлекува кон Христа, уште повеќе ги оддалечува од Него. Тие се неплодни дрвја што ги шират своите темни гранки надалеку и нашироко и со тоа им ја одземаат сончевата светлина на другите билки, правејќи тие да свенат и угинат во студената сенка. Животното дело на овие луѓе е постојано сведоштво против нив. Тие сеат семе на сомневање и неверство што неминовно ќе донесе своја жетва. {ГБ 527.4}

Постои само еден пат за оние што сакаат да се ослободат од сомневањето. Наместо да се сомневаат и да го критикуваат она што не го разбираат, треба да внимаваат на светлината што веќе ги осветлува и тогаш ќе добијат уште поголема светлина. Нека ја исполнуваат секоја должност што добро ја сфатиле и тогаш ќе бидат во состојба да го разберат и извршат и она во што сега се сомневаат. {ГБ 528.1}

Сатаната може да подметне нешто што е слично на вистината за да ги прелаже оние кои дозволуваат да бидат измамени и кои сакаат да го избегнат самооткажувањето и жртвата што ја бара вистината, но тој не може да ја држи под своја власт душата која искрено сака по секоја цена да ја запознае вистината. Христос е вистина и „Вистинската Светлина, Која го осветлува секој човек, што доаѓаше во светов“ (Јован 1:9). Духот на вистината е испратен да ги упати луѓето во секоја вистина. А по налог на Божјиот Син е напишано: „Барајте и ќе најдете“. „Ако некој сака да ја врши волјата Негова, ќе разбере дали е ова учење од Бога“ (Матеј 7:7; Јован 7:17). {ГБ 528.2}

Христовите следбеници малку знаат за заговорот и сплетките што сатаната и неговата војска ги подготвуваат против нив. Но, Оној што живее на Небесата ќе ги пренасочи сите тие планови кон исполнување на Своите длабоки намери. Господ дозволува Неговиот народ да помине низ печката на неволји не затоа што наоѓа задоволство во неговите маки и страдања, туку затоа што тоа искуство е од суштинско значење за нивната конечна победа. Доследен на славата на Своето име, Тој не може да ги поштеди од искушенијата, зашто целта на искушенијата е токму таа - да ги подготви да му се спротивстават на секое намамување од злото. {ГБ 528.3}

Ниту безбожните луѓе ниту ѓаволот не можат да го спречат Божјото дело ниту да го отстранат Божјото присуство од Неговиот народ ако тој со понизно и скршено срце ги признае своите гревови и ако ги остави, и ако со вера полага право на Неговите ветувања. Тие можат успешно да му се спротивстават на секое искушение и на секое непријателско влијание, било јавно или тајно, „не со сила не со снага, а со Мојот Дух, вели Господ Саваот“ (Захарија 4:6) {ГБ 529.1}

„Очите на Господ се вперени кон праведните, и ушите Негови - кон нивните молитви... И кој ќе ви направи зло, ако правите добро?“ (1. Петрово 3:12,13). Кога Валам, примамен со ветувањето за богата награда, се послужил со гатање против Израел и кога му принел жртва на Господа обидувајќи се да навлече проклетство врз Божјиот народ, Божјиот Дух го спречил злото што требало да го изговори, и тој бил принуден да извикне: „Како можам да го проколнам кого Бог не го проколнува? Како да изречам зло? Кога Господ не му изречува?“ „О да се надевам дека ќе умрам со смртта на праведник! И мојот свршеток да биде како нивниот!“ Кога повторно принел жртва, безбожниот пророк рекол: „Ете, јас почнав да благословувам, зашто Тој благослови, и јас не можам да го сменам тоа. Не видов неправда во Јаков, ниту видов престап во Израел; Господ неговиот Бог, е со него, и царско воскликнување има меѓу нив“ „Нема волшебства против Јакова ниту вражања против Израел. И кога ќе им речат на Јакова и на Израел: ’Што прави Бог?‘“ (Броеви 23:8,10,20,21,23). Сепак, по третпат е подигнат олтар и Валам пак се обидел да изговори проклетство. Но, од усните на пророкот, и против негова волја, Божјиот Дух го објавил напредокот на Своите избраници и ја казнил лудоста и злобата на нивните непријатели. „Благословен да е кој те благословува, проклет да е кој те проколнува“ (Броеви 24:9). {ГБ 529.2}

Во тоа време Израел му бил верен на Бога, и сè додека бил послушен кон Неговиот закон него не можела да го победи ниту една земна ниту пеколна сила. Но, сепак, Валам најпосле успеал врз Израелците да го навлече проклетството што не смеел да го изрече против нив со тоа што ги навел на грев. Кога Израелците ги престапиле Божјите заповеди, се одвоиле од Бога и биле оставени да ја почувствуваат уривачката моќ на непријателот. {ГБ 529.3}

Сатаната добро знае дека и најслабата душа која е во Христа може да им се спротивстави на сите сили на темнината и дека тој, ако се разоткрие јавно, не може да извојува победа, туку ќе биде победен. Затоа тој се обидува борците на крстот да ги измами од нивната сигурна тврдина, додека со своите зли ангели демне во заседа, готов да ги уништи сите што би се осмелиле да стапат на негово тло. Ние можеме да бидеме сигурни само ако понизно се надеваме во Бога и ако сме послушни на сите Негови заповеди. {ГБ 530.1}

Никој не е сигурен ниту еден ден, па ниту еден час без молитва. Особено треба да го молиме Господа за мудрост за да го разбереме Неговото слово. Во Божјото слово се откриваат стапиците на искушувачот како и средствата со кои можеме успешно да му се спротивставиме. Сатаната е вистински експерт во цитирање на текстови од Библијата кои ги толкува на свој начин за да нè сопне. Ние треба да ја проучуваме Библијата со понизно срце и никогаш не смееме да ја загубиме од вид нашата зависност од Бога. И додека постојано треба да бидеме претпазливи пред стапиците на сатаната, потребно е и постојано да се молиме со вера: „Не воведувај нè во искушение“ (Матеј 6:13). {ГБ 530.2}