31 Активностите на демоните

Поврзаноста на видливиот со невидливиот свет, службата на Божјите ангели и активностите на злите духови јасно се откриени во Библијата и неразделно поврзани со историјата на човечкиот род. Постои сè поголема склоност да се сомнева во постоењето на злите духови, а од друга страна, на светите ангели, „испратени да им служат на оние што ќе го наследат спасението“ (Евреите 1:14) се гледа како на духови на умрените. Но, Светото Писмо не само што сведочи за постоењето на добри и зли ангели, туку ни дава непобитни докази дека тоа не се бестелесни духови на умрените луѓе. {ГБ 511.1}

Ангелите постоеле и пред создавањето на човекот, зашто кога се полагани темелите на земјата, „ликуваа утринските ѕвезди и сите Божји синови извикуваа од радост“ (Јов 38:7). Кога човекот паднал во грев, ангелите биле пратени да го чуваат дрвото на животот, и тоа пред да умре некое човечко суштество. Ангелите по природа се посупериорни суштества од човекот, зашто псалмистот кажува дека Бог го создал човекот „малку помал од ангелите” (Псалм 8:5). {ГБ 511.2}

Светото Писмо нè известува за бројот, за силата и славата на небесните суштества, за нивниот однос кон Божјото владеење и за нивната поврзаност со планот на спасението. „Господ го поставил Својот престол на небото, и царството Неговото владее над сè“. А пророкот вели: „И чув глас на многу ангели околу престолот“. Тие стојат во присуство на Царот над царевите - „крепки по сила, кои го извршувате Неговиот збор, слушајќи го гласот од зборот Негов“ (Псалм 103:19-21; Откровение 5:11). Пророкот Даниел видел десет илјади по десет илјади и илјада илјади небесни весници (Даниел 7:10). Апостол Павле вели дека има „безбројни ангели“ (Евреите 12:22). Како Божји весници, тие летаат „како болскава молскавица“, толку сјајни во својата слава и брзи во својот лет (Езекиел 1:14). Ангелот што се појавил на Христовиот гроб личел „на молња, а алиштата - бели како снег“, така што стражарите трепереле од страв „и беа како мртви“ (Матеј 28:3.4). Кога горделивиот Асирец, Сенахирим, похулил на Бога и му се подбивал, а на Израел му се заканувал со уништување, „во таа ноќ, ангел Господов отиде и во асирскиот логор уби сто осумдесет и пет илјади војници“. „И Господ испрати Ангел, кој ги погуби сите јунаци, главниот началник и началниците на војската на асирскиот цар, и тој се врати посрамен во земјата своја” (2. Царевите 19:35; 2. Летописи 32:21). {ГБ 511.3}

Бог на Своите деца им праќа ангели со порака на милост. Тие биле испратени кај Авраам со ветување за благослов; пред вратата на Содом се појавиле да го спасат праведниот Лот од уништувањето со оган; на Илија му се јавил ангел во пустината кога бил изнемоштен од умор и глад; на Елисеј со огнени коли во малечкиот град што го опколиле неговите непријатели; на Даниел кога на дворот на многубожечкиот цар молел за божествена мудрост, или кога бил фрлен да стане плен на лавовите; на Петар осуден на смрт во Иродовиот затвор; на затворениците во Филипи; на Павле и на неговите придружници во бурната ноќ на морето; на Корнелиј да му го отворат умот да го прими евангелието; на Петар за да го пратат кај незнабожец и туѓинец со вест за спасение... На тој начин светите ангели му служеле на Божјиот народ во сите времиња. {ГБ 512.1}

Секој Христов следбеник има свој ангел чувар. Овие небесни чувари ги штитат праведниците од силата на лукавиот. Тоа го признал и сатаната кога рекол: „Зар попусто Јов е богобојазлив? Не го огради ли Ти него и куќата негова наоколу и сè што има тој?“ (Јов 1:9,10). Силата со која Господ го штити Својот народ, псалмистот ја опишува со зборовите: „Ангел Господов се улогорува околу оние, кои се бојат од Него, и ги спасува“ (Псалм 34:7). Зборувајќи за оние што веруваат во Него, Спасителот рекол: „Гледајте да не презрете едно од овие мали, зашто, ви велам, нивните ангели на небесата секогаш го гледаат лицето на Мојот Отец небесен“ (Матеј 18:10). {ГБ 512.2}

Така, Божјиот народ, иако е изложен на силата на измамата и на вечно будната злоба на кнезот на темнината, и се наоѓа во борба со сите сили на злото, обезбеден е со постојана заштита од небесните ангели. Оваа заштита не му е дадена без потреба. Бог им дал на Своите деца ветување за милост и заштита затоа што тие мора да се соочуваат со силните орудија на злото - со многубројни суштества, решителни и неуморни, чијашто злоба и сила никој не би смеел да ја потцени или како да не постои. {ГБ 513.1}

Во почетокот злите духови беа создадени безгрешни и по својата природа, моќ и слава биле еднакви со небесните суштества кои сега се Божји гласници. Но, кога паднале поради гревот, тие се здружиле да го обесчестуваат Бога и да ги упропастуваат луѓето. Соединети со сатаната во неговиот бунт и заедно со него протерани од небото, тие во сите времиња соработувале со него во неговата борба против божествениот авторитет. Светото Писмо ни зборува за нивниот сојуз, за нивната власт и за нивните различни редови, за нивните способности, за нивната подмолност како и за нивниот заговор против мирот и среќата на луѓето. {ГБ 513.2}

Старозаветната историја повремено го споменува нивното постоење и дејствување; но во времето кога Христос престојувал на Земјата, тие својата моќ ја покажале на највпечатлив начин. Христос дошол да го изврши планот за спасение на човекот, а сатаната решил да го покаже своето наводно право да владее над светот. Тој успеал да воспостави идолопоклонство во сите краишта на земјата, освен во Палестина. Исус дошол во оваа единствена земја која не паднала целосно под власта на сатаната за да го осветли народот со небесната светлина. Тука се бореле две сопернички сили што полагале право на врховна власт. Исус ги испружил Своите раце на љубовта и ги повикувал сите што сакале во Него да најдат проштевање и мир. Четите на темнината увиделе дека немаат неограничена власт и сфатиле дека таа набргу ќе заврши ако Христовата мисија успее. Сатаната беснеел како врзан лав и пркосно ја покажувал својата сила над телата и душите на луѓето. {ГБ 513.3}

Во Новиот завет јасно се изнесува фактот дека луѓето биле опседнати од демони. Луѓето, измачувани на овој начин, не страдале само од болести што се предизвикани од природни причинители. Христос добро знаел со кого има работа и го препознал непосредното присуство и дејството на злите духови. {ГБ 514.1}

Впечатлив пример за нивниот број, сила и злоба, како и за Христовата надмоќност и милосрдие наоѓаме во библискиот извештај за исцелувањето на бесните во Гадаринската околина. Овие несреќни лудаци, кои ништо не можело да ги скроти, чкртале со забите, пуштале пена од устата, беснееле и воздухот го исполнувале со крици, самите себе се сакателе и претставувале опасност за сите што сакале да им се приближат. Нивните крвави и осакатени тела и нивните растроени умови на кнезот на темнината му овозможувале угодна глетка. Еден од демоните што владеел над овие страдалници рекол: „Легија ми е името, зашто сме многу“ (Марко 5:9). Во римската војска легијата се состоела од три до пет илјади луѓе. И војската на сатаната е поделена во слични формации, и единицата на која и припаѓале овие демони не броела помалку од една легија. {ГБ 514.2}

На Исусова заповед злите духови ги напуштале своите жртви, оставајќи ги мирно да седат крај нозете на Спасителот, покорни, разумни и благи. Но, на демоните им било дозволено да влезат во крдо свињи кои се струполиле во морето; за жителите на таа околина свињите претставувале поголема загуба од благословите што им ги донел Исус и затоа го замолиле божествениот Лекар да си замине од тој крај. Токму тоа бил успехот што сатаната сакал да го постигне. Префрлајќи ја вината поради нивната загуба на Исуса, кај  тие  луѓе  разбудил  себичен страв и ги спречил да ги слушаат зборовите на Спасителот. Сатаната постојано ги обвинува христијаните дека тие се причина за сите загуби, несреќи и страдања, за да не падне вината на вистинските виновници за сето тоа  - на него и на оние кои тој ги користи како свои орудија. {ГБ 514.3}

Сепак, Исусовите намери не биле осуетени. Тој им дозволил на злите духови да го уништат крдото свињи како прекор за Евреите што ги одгледувале овие нечисти животни заради профит. Кога Христос не би ги задржал демоните, тие би ги фрлиле во морето не само свињите, туку и нивните чувари и нивните сопственици. За тоа што биле поштедени, чуварите и сопствениците требало да му заблагодарат само на Христа за Неговата милостива сила што ја покажал за нивно избавување. Освен тоа, овој настан се случил за учениците да бидат сведоци за страшната моќ на сатаната не само над луѓето, туку и над животните. Спасителот сакал Неговите следбеници да го запознаат непријателот со кого морале да се соочат за да не ги измами и да ги совлада со своите лукавства. Тој исто сакал и народот во тој крај да ја запознае Неговата моќ која може да ги скрши оковите на сатаната и да ги ослободи неговите заробеници. Иако Исус сам го напуштил тој крај, останале луѓето, ослободени на толку чуден начин, за да ја објавуваат милоста на својот Добротвор. {ГБ 515.1}

Светото Писмо наведува и други слични примери. Ќерката на една Сирофеничанка тешко ја мачел демон кого Исус го истерал со Својот збор (Марко 7:26-30). Потоа случајот со бесниот „кој беше слеп и нем“ (Матеј 12:22); момче што го мачел нем дух кој „многупати духот го фрлал во оган, и во вода, за да го погуби“ (Марко 9:17-27); еден човек обземен од „дух на нечист демон“ така што го нарушувал саботниот мир во синагогата во Капернаум - сите нив ги исцелил милостивиот Спасител. Речиси во секој случај Исус му се обраќал на демонот како на разумно суштество, заповедајќи му да излезе од својата жртва и да не ја мачи повеќе. Кога верниците во Капернаум ја виделе Неговата силна моќ, „сите ги обзеде страв, па си зборуваа меѓу себе: ’Каков ли е тој збор! Зашто со власт и сила им заповеда на нечистите духови и тие излегуваат’” (Лука 4:33-36). {ГБ 515.2}

Луѓето опседнати од демони обично изгледаат како луѓе што многу страдаат; но има и исклучоци од ова правило. За да добијат натприродна моќ, некои доброволно се предаваат на влијанието на сатаната. Се разбира, тие немаат конфликт со демоните. Во оваа категорија спаѓале оние што имале дух на гатање - Симон гаталецот, Елима и девојката која ги следела Павле и Сила во Филипи. {ГБ 516.1}

Никој не е во поголема опасност од влијанието на злите духови од оние што не обрнуваат внимание на јасните и многубројни сведоштва на Светото Писмо и кои го негираат постоењето и работата на ѓаволот и неговите ангели. Сѐ додека сме неуки за нивните лукавства, тие имаат речиси незамислива предност. Мнозина обрнуваат внимание на нивното дошепнување мислејќи дека постапуваат според својата сопствена мудрост. Како што се приближуваме кон крајот на времето, кога сатаната ќе работи со најголема сила за да измами и уништи, тој насекаде шири верување дека тој не постои. Негова политика е да се скрие себеси и начинот на својата работа. {ГБ 516.2}

Големиот измамник од ништо не се плаши толку колку од можноста ние да ги запознаеме неговите планови. За подобро да го прикрие својот вистински карактер и своите намери, тој сака да го прикажуваат така за неговото име да не предизвикува некаква возбуда, туку само потсмев и презир. Тој е задоволен кога себеси ќе се види насликан како смешно или одвратно суштество, деформиран - половина животно а половина човек. Тој е задоволен кога ќе слушне како неговото име во шега или исмевање го изговараат оние кои се сметаат за интелигентни и добро упатени. {ГБ 516.3}

Сатаната толку вешто се маскира така што мошне често се поставува прашање: „Зарем навистина постои такво суштество?“ Доказ за неговиот успех е тоа што теориите кои ги негираат најјасните сведоштва на Светото Писмо се толку општо прифатени во религиозниот свет. И затоа што сатаната најлесно владее над оние што не се свесни за неговото влијание, Божјото слово ни дава толку многу примери за неговото убиствено дејствување, откривајќи ни ги неговите тајни сили и на тој начин да се чуваме будно од неговите напади. {ГБ 517.1}

Силата и злобата на сатаната и на неговите чети би можеле со право да не тревожат кога не би имале заштита и засолниште во надмоќната сила на нашиот Избавител. Ние ги обезбедуваме нашите куќи со рези и брави за да го заштитиме нашиот имот и нашиот живот од злите луѓе, но ретко мислиме на злите ангели кои постојано се обидуваат да најдат пристап до нас и од чиишто напади сме немоќни да се одбраниме со своја сила. Кога би им било дозволено, тие би ни го растроиле умот, би го уништиле нашето здравје, би го уништиле нашиот имот и нашиот живот. Нивна единствена радост е да донесуваат неволја и пропаст. Страшна е состојбата на оние што го отфрлаат Божјото влијание и им попуштаат на искушенијата на сатаната додека Бог не ги препушти на власта на злите духови. Оние, пак, што го следат Христа, секогаш се сигурни под Неговата заштита. Силни ангели се испратени од небото да ги заштитат. Силите на злото не можат да ја пробијат стражата што Бог ја поставил околу Својот народ. {ГБ 517.2}