30 Непријателство меѓу човекот и сатаната

„Ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Тој ќе ти ја смачкува главата, а ти ќе го каснуваш во петата“ (Создавање 3:15). Божествената пресуда изречена над сатаната по падот на човекот била исто така пророштво кое ги опфаќа сите векови до крајот на овој свет, и укажува на големата борба во која ќе учествуваат сите човечки поколенија што ќе живеат на земјата. {ГБ 505.1}

Бог вели: „Ставам непријателство“. Ова непријателство не е нешто природно. Кога човекот го прекршил Божјиот закон, неговата природа станала грешна и тој бил во хармонија со сатаната, а не во непријателство со него. По природа не постои непријателство меѓу грешниот човек и зачетникот на гревот. Обајцата станале зли поради отпадот. Отпадникот нема мир додека не најде разбирање и поддршка кај оние што успеал да ги заведе да го следат неговиот пример. Поради оваа причина паднатите ангели и безбожните луѓе се здружуваат во една очајна заедница. Кога Бог не би се вмешал на посебен начин, сатаната и луѓето би склучиле сојуз против небото; и наместо да покаже непријателство кон сатаната, целиот човечки род би се побунил против Бога. {ГБ 505.2}

Сатаната го навел човекот на грев, како ангелите што ги навел на бунт, за со тоа себеси да си обезбеди соработници во војната против небото. Што се однесува до нивната омраза кон Христа, постоело потполно единство меѓу сатаната и паднатите ангели. Иако во сите други точки владеела неслога, сите биле цврсто соединети во својот отпор против врховната власт на Господарот на вселената. Но, кога сатаната ја слушнал изјавата дека ќе постои непријателство меѓу него и жената и меѓу неговото потомство и нејзиното потомство, знаел дека ќе бидат осуетени неговите напори да ја расипе човечката природа и дека човекот, со нечие посредство, ќе биде во состојба да се спротивстави на неговата сила. {ГБ 505.3}

Непријателството на сатаната против човечкиот род се разгорело затоа што луѓето преку Христа станале предмет на Божјата љубов и милост. Тој сака да го осуети Божјиот план за спасение на луѓето и со понижување и обесчестување на човекот, кој претставува круна на Неговото создавање, да Му нанесе срам на Бога. Тој со задоволство би предизвикал страдања на небото, а земјата би ја исполнил со болка и со пустош, и тогаш за сето тоа би Го обвинил Бога поради создавањето на човекот. {ГБ 506.1}

Токму благодатта што ја всадува Христос во човековата душа создава непријателство кон сатаната. Без оваа благодат што го преродува и го обновува човекот, тој би продолжил да биде роб на сатаната - слуга кој секогаш е готов да ги извршува неговите заповеди. Но кога една душа ќе ги прифати новите начела на животот, тогаш настанува борба таму каде што владеел мир. Силата која само Христос му ја дава на човекот, го оспособува да му се спротивстави на насилникот и на узурпаторот. Секоја душа која кон гревот, наместо љубов покажува гнасење и одвратност, секоја душа што им дава отпор и ги победува страстите што се стремат да загосподарат со неа, покажува дека во неа дејствува она начело што доаѓа одозгора, од небото. {ГБ 506.2}

Непријателството што постои меѓу Христовиот Дух и духот на сатаната најјасно се покажало во начинот како светот го примил Христа. Евреите не Го отфрлиле само поради тоа што дошол без светско богатство, без раскош и големина, туку виделе дека Тој има сила што може да го надомести недостатокот на сите овие надворешни предимства. Но Христовата чистота и светост предизвикале против Него омраза од страна на безбожниците. Неговиот безгрешен живот и совршена посветеност биле постојан укор за горделивиот и алчен народ. Тоа предизвикувало непријателство против Божјиот Син. Сатаната и паднатите ангели се соединиле со лошите луѓе. Сите отпаднати сили создале заговор против Поборникот на вистината. {ГБ 506.3}

Против Христовите следбеници се покажува истиот дух на непријателство кој се покажал и против нивниот Учител. Оној кој ја увидува одвратноста на гревот, и кој со силата што ја примил одозгора се спротивставува на искушението, сигурно ќе го предизвика гневот на сатаната и на неговите поданици. Омразата против чистите начела на вистината и срамотењето и прогонството на нејзините поборници ќе постои сè додека има грев и грешници. Христовите следбеници и сатанските слуги не можат да се сложат. Уште не престанала соблазноста на крстот. „А и сите, што сакаат да живеат побожно во Христос Исус ќе бидат гонети” (2.Тимотеј 3:12). {ГБ 507.1}

Орудијата на сатаната постојано работат под негова управа да го зацврстат неговиот авторитет и да го подигнат неговото царство наспроти Божјото владеење. За таа цел се обидуваат да ги прелажат Христовите следбеници и да ги одвратат од нивната верност кон Бога. Како и нивниот водач, и тие го извртуваат Светото Писмо за да ја постигнат својата цел. Како сатаната што се обидувал врз Бога да фрли срам, така и неговите орудија се обидуваат да го наклеветат Божјиот народ. Духот што го приковал Христа на крст ги поттикнува злите да ги уништат Неговите следбеници. Сето тоа однапред е истакнато во првото пророштво: „И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин“. Тоа непријателство ќе трае сè до крајот на времето. {ГБ 507.2}

Сатаната ги употребува сите свои орудија и се бори со сета своја сила. Зошто тој не наидува на поголемо противење? Зошто Христовите војници се толку успиени и рамнодушни? Затоа што одржуваат толку слаба врска со Христа; затоа што толку многу им недостига Неговиот Дух. Ним гревот не им е одвратен и гнасен како што му бил на нивниот Учител. Тие не му се спротивставуваат толку цврсто и толку решително како што правел Христос. Не го увидуваат големото зло и расипаноста на гревот и се заслепени како во врска со карактерот, така и во врска со силата на кнезот на темнината. Мало е непријателството против сатаната и неговите дела затоа што владее големо незнаење во врска со неговата моќ и злоба и во врска со интензитетот на неговата борба против Христа и Неговата црква. Во овој поглед мнозина се заведени. Тие не знаат дека нивниот непријател е силен војсководач кој господари со умовите на злите ангели и со добро промислени планови и вешти сплетки води војна против Христа за да го спречи спасувањето на душите. Меѓу таканаречените христијани, па дури и меѓу самите слуги на евангелието, малку се споменува сатаната, освен можеби попатно од проповедална. Тие не ги гледаат знаците на неговата постојана активност и неговиот успех; ги занемаруваат безбројните опомени за неговото лукавство и се чини дека и не се осврнуваат на неговото постоење. {ГБ 507.3}

Додека луѓето не ги запознаат неговите лукавства, овој буден непријател секогаш ги следи во секој миг. Тој како неканет гостин се наоѓа во секоја соба во нашето домаќинство, во секоја улица на нашите градови, во црквите, во конгресните сали и во судовите; тој збунува, измамува и заведува, насекаде ги упропастува душите и телата на мажите, на жените и децата, ги уништува семејствата, сее омраза, неслога, караници, буни и убиства. А христијанскиот свет се чини дека на сето тоа гледа како на нешто Бог што го одредил и дека мора така да биде. {ГБ 508.1}

Сатаната постојано се обидува да го надвладее Божјиот народ со отстранување на оградите што го делат од светот. Стариот Израел бил наведен на грев кога се осмелил да стапи во недозволени врски со безбожниците. На сличен начин сатаната го заведува и духовниот Израел денеска. „На кои богот на овој свет им ги заслепил нивните безверни умови, за да не ги осветли светлината на Благовестието за славата на Христос, Кој е слика на невидливиот Бог“ (2. Коринтјаните 4:4). Сите кои се нерешителни Христови следбеници, се слуги на сатаната. Во непрепороденото срце владее љубов кон  гревот  и  склоност  истиот да се негува и да се оправдува. Во обновеното срце се наоѓа омраза кон гревот и решителен отпор против него. Кога христијаните се движат во друштво  на безбожници и неверници, самите се изложуваат на искушение. Сатаната се притајува и тајно им навлекува превез преку очите. Тие не можат да видат дека единствена цел на тоа друштво е да им наштети и изедначувајќи се со светот во карактерот, во зборовите и делата, сè повеќе и повеќе стануваат заслепени. {ГБ 508.2}

Со тоа што црквата се прилагодува кон световните обичаи, сè повеќе станува слична на светот; на тој начин светот никогаш нема да се обрати кон Христа. Блиското пријателство со гревот неминовно ќе направи гревот да изгледа помалку одвратен. Оној што ќе избере да се дружи со слугите на сатаната, набргу ќе престане да се плаши од нивниот господар. Кога на патот на должноста ќе се најдеме во искушение, како Даниел на царскиот двор, можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе нè штити; но ако сами се изложиме на искушение, тогаш, порано или подоцна, сигурно ќе паднеме. {ГБ 509.1}

Искушувачот често најуспешно работи преку оние во кои најмалку се сомневаме дека се наоѓаат под негова контрола. Оние што се надарени и образовани, обично се почитуваат и ценат како овие особини да можат да го заменат Божјиот страв или на човекот да му дадат право на Божјата милост. Талентот и културата сами по себе се Божји дарови, но кога тие се ставаат на местото на побожноста, кога наместо душата да ја водат се поблизу до Бога, уште повеќе ја оддалечуваат од Него, тогаш тие стануваат проклетство и стапица. Мнозина мислат дека се што личи на учтивост и отменост во извесна смисла мора да е од Христа. Никогаш не постоела поголема заблуда. Овие особини би требало да го красат карактерот на секој христијанин, зашто тие вршат силно влијание во полза на вистинската религија; но тие мора да му бидат посветени на Бога, инаку ќе бидат сила што води во зло. Многу образовани луѓе со просветен разум и пријатно однесување, кои не би се понижиле да го сторат она што во јавноста се смета за неморално, се само отмени орудија во раката на сатаната. Подмолниот и измамливиот карактер на нивното влијание и на нивниот пример ги прави поопасен непријател на Христовото дело од оние што се неуки и необразовани. {ГБ 509.2}

Со сериозна молитва и со доверба во Бога Соломон постигнал мудрост што го зачудила и го восхитила светот. Но кога се одвоил од Изворот на својата сила и се потпрел на самиот себе, станал плен на искушението. Тогаш прекрасните особини што му биле дадени на овој цар, најмудар од сите, направиле од него успешно орудие во рацете на непријателот на душите. {ГБ 509.3}

Додека сатаната постојано се обидува верните да ги заслепи во врска со овој факт, христијаните никогаш не би смееле да заборават дека тие не се борат против тело и крв, „туку против началствата, против властите, против световните управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата“ (Ефесјаните 6:12). Вдахновеното предупредување одѕвонува со векови до ден денешен: „Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта“ (1.Петрово 5:8). „Облечете се во сето оружје Божјо за да се одржите против ѓаволското лукавство“ (Ефесјаните 6:11). {ГБ 510.1}

Од Адамовите денови па сè до денес, нашиот голем непријател ја покажувал својата моќ на угнетување и уништување. Сега тој се подготвува за последната голема битка против Божјата црква. Сите што сакаат да го следат Христа, ќе дојдат во судир со овој упорен непријател. Колку повеќе христијаните настојуваат да го следат божествениот Пример, толку посигурно ќе бидат цел на сатанските напади. Сите што активно работат во Божјото дело и се трудат да ги откријат сатанските измами и луѓето да ги запознаат со Христа, на крајот заедно со апостол Павле ќе можат да кажат дека му служеле на Господа „со голема понизност и многу солзи, во искушенија“ (Дела 20:19). {ГБ 510.2}

Сатаната го напаѓал Христа со најжестоки и најлукави искушенија, но во секој судир бил одбиен. Овие битки се водени заради нас; овие победи ни овозможуваат и ние да победиме. Христос ќе им даде сила на сите што ја бараат. Ниеден човек не може да биде совладан од сатаната без своја сопствена согласност. Искушувачот нема власт над човечката волја ниту може душата да ја присили на грев. Тој може да ја мачи, но не може да ја извалка. Тој може да предизвика душевен страв, но не може да опогани. Фактот дека Христос го победил треба да ги поттикне Неговите следбеници храбро да се борат во борбата против гревот и сатаната. {ГБ 510.3}