28 Истражниот суд

"Видов најпосле“ кажува пророкот Даниел, „дека се поставија престоли и седна Старец; облеклото му беше бело како снег, а косата на главата Негова како чиста волна; престолот Негов личеше на огнен пламен, со тркала како оган што пламти. Река огнена излегуваше и минуваше пред Него; илјада илјади му служеа, и десетина илјади по десет илјади стоеја пред Него; седнаа судиите и книгите се отворија“ (Даниел 7:9,10). {ГБ 479.1}

Така на пророкот во видение му е покажан големиот и свечен ден во кој Судијата на целиот свет ќе го прегледа карактерот и животот на секој човек и кога ќе му биде дадено „на секого според делата негови“ (Откровение 22:12). Старецот е Бог Отецот. Псалмистот вели: „Дури уште пред да се појават горите, и пред создавањето на Земјата и на вселената, отсекогаш и засекогаш Ти си Бог“ (Псалм 90:2). Оној кој претставува извор на сѐ што постои и основа на сите закони, претседава со овој суд. Како слуги и сведоци на овој голем суд ќе присуствуваат светите ангели, на број „илјада илјади и десетина илјади по десет илјади“. {ГБ 479.2}

„Видов во ноќните виденија, а тоа на небесните облаци како да идеше Синот човечки, дојде до Старецот и застана пред Него. И Нему Му се даде власт, слава и царство, за да Му служат сите народи, племиња и јазици; владението Негово е владение вечно, кое нема да измине, и царството Негово нема да се разруши“ (Даниел 7:13,14). Христовото доаѓање што е опишано овде не е Неговото второ доаѓање на земјата. Тој доаѓа пред Старецот на небото да прими власт, слава и царство што ќе му бидат дадени на крајот на Неговата посредничка служба. Ова доаѓање, а не Неговото второ доаѓање на земјата, според пророштвото ќе се случи на крајот од 2300 години, односно во 1844. година. Во придружба на небесните ангели, нашиот голем Првосвештеник влегол во светињата над светињите и таму се појавува пред Бога да го изврши последниот дел од Својата служба за луѓето - да го изврши делото на истражниот суд и да изврши помирување за сите што се најдени достојни за Неговата милост. {ГБ 479.3}

Во симболичката служба на Денот на помирување право да земат учество имале само оние што ги признале пред Бога своите гревови и се покајале и чиишто гревови заедно со крвта на жртвата за грев биле пренесени во Светилиштето. Така и во големиот ден на конечното чистење и на истражниот суд ќе се земат во обѕир само случаите на оние што изјавуваат дека му припаѓаат на Божјиот народ. Судот над безбожниците е посебно и одвоено дело што ќе се изврши подоцна. „Зашто време е да почне судот од Божјиот дом; а ако почне најнапред од нас, тогаш каков ли ќе им биде крајот на оние кои не му се покоруваат на Божјото Евангелие“ (1. Петрово 4:17). {ГБ 480.1}

Записите во небесните книги, во кои се забележени имињата и делата на луѓето, ќе бидат од пресудно значење за донесување одлуки на овој суд. Пророк Даниел вели: „Седнаа судиите и книгите се отворија“ (Даниел 7:10). Опишувајќи го истиот настан, писателот на Откровението додава: „И друга книга се отвори - книгата на животот; и судени беа мртвите според запишаното во книгите, според делата нивни“ (Откровение 20:12). {ГБ 480.2}

Книгата на животот ги содржи имињата на сите што кога и да е биле во Божја служба. Исус им рекол на учениците: „Радувајте се што вашите имиња се запишани на небесата“ (Лука 10:20). Зборувајќи за своите верни соработници Павле нагласува: „чии имиња се во Книгата на животот“ (Филипјаните 4:3). Даниел, гледајќи на „времето тешко, какво што немало откако постојат луѓето“, кажува дека Божјиот народ ќе биде избавен, „сите кои ќе се најдат дека се запишани во Книгата“ (Даниел 12:1). А писателот на Откровението зборува дека во Божјиот град ќе можат да влезат само оние чиишто имиња се „запишани во книгата на животот на Јагнето“ (Откровение 21:27). {ГБ 480.3}

„Спомен книгата“ е напишана пред Господа и во неа се забележани добрите дела на оние „кои се плашат од Бога и го почитуваат името Негово“ (Малахија 3:16). Нивните зборови на вера, нивните дела на љубов, сето тоа е запишано на небото. Неемија мисли на оваа книга кога кажува: „Спомни ме, Боже мој, за тоа, и не бриши ги сесрдните работи мои што ги направив за домот на мојот Бог и за службата при него“ (Неемија 13:14). Во оваа книга за спомен е овековечено секое праведно дело. Тука точно е запишано секое победено искушение, секое надвладеано зло и секој збор на нежно сочувство. Тука се наоѓа запишано секое пожртвувано дело, секоја болка или страдање претрпени заради Христа. Псалмистот вели: „Ти ги броеше моите маки, солзите мои ги собираше во мешина. Зар не е сè запишано во Твојата книга?“ (Псалм 56:8). {ГБ 481.1}

Таму се води извештај и за човечките гревови. „Зашто Бог ќе ја изведе на суд секоја работа, и што е тајно, било да е добро или лошо“ (Проповедник 12:14). Спасителот рекол: „И ви велам дека за секој лош збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден; зашто по зборовите свои ќе бидеш оправдан, и по зборовите свои ќе бидеш суден“ (Матеј 12:36,37). Тајните намери и побуди се наоѓаат во непогрешниот извештај, зашто Бог „ќе го изнесе на видело сокриеното во мракот и ќе ги објави намерите на срцата“ (1. Коринтјаните 4:5). „Еве, што е напишано пред Моето лице... нивните беззаконија, вели Господ, и заедно со беззаконијата на татковците нивни“ (Исаија 65:6,7). {ГБ 481.2}

Секое човечко дело ќе биде подложено на испитување пред Бога и ќе биде забележано како верност или неверност. Покрај сечие име во небесните книги со стравотна точност ќе биде запишан секој лош збор, секоја себична постапка, секоја неисполнета должност, секој таен грев, како и секое вешто прикривање. Занемарените опомени и укори дадени од Бога, напразно потрошеното време, неискористените прилики, нашето влијание на добро или зло, со своите далекосежни последици - сето тоа верно го запишал ангелот записничар. {ГБ 482.1}

Божјиот закон е мерило според кое на судот ќе се мери животот и карактерот на секој човек. Проповедникот кажува: „А суштината на сè е: имај страв од Бога и пази ги Неговите заповеди, зашто тоа му е сета должност на човекот; зашто Бог ќе ја изведе на суд секоја работа, и што е тајно, било да е добро или лошо“ (Проповедник 12:13,14). Апостол Јаков ги предупредува своите браќа: „Зборувајте и постапувајте како оние што ќе бидат судени според законот на слободата“ (Јаков 2:12). {ГБ 482.2}

Оние за кои судот ќе се утврди дека се достојни, ќе имаат удел во воскресението на праведниците. Исус рекол: „Но оние што ќе бидат удостоени да го добијат оној свет и воскресението од мртвите... се еднакви со ангелите, а бидејќи се синови на воскресението, тие се синови Божји“ (Лука 20:35,36). И пак вели: „И ќе излезат: кои правеле добро - ќе воскреснат за живот“ (Јован 5:29). Мртвите праведници нема да воскреснат додека не се заврши судот на кој ќе бидат прогласени достојни да „воскреснат за живот“. Според тоа, тие нема да бидат присутни лично на судот кога ќе се испитува извештајот за нивниот живот и кога ќе се решава нивниот случај. {ГБ 482.3}

Исус ќе дојде како нивен застапник пред Бога да се заземе за нив. „И ако некој згреши, кај Отецот имаме Застапник, Исус Христос, Праведникот“ (1. Јованово 2:1). „Зашто Христос не влезе во ракотворено светилиште, кое е само образец на вистинското, туку во самото небо, за да се јави сега пред лицето на Бога за нас“. „Затоа Тој и може за вечно да ги спаси оние што преку Него доаѓаат кон Бога, бидејќи е секогаш жив за да се моли за нив“ (Евреите 9:24; 7;25). {ГБ 482.4}

Кога ќе се отворат судските книги, пред Бога ќе се испита животот на секого кој верувал во Исуса. Нашиот Застапник ќе почне прво со оние што живееле на земјата на почетокот, потоа ќе оди понатаму од поколение на поколение, и нај-после ќе заврши со живите. Ќе биде споменато сечие име, ќе биде точно испитан случајот на секој поединец. Некои имиња ќе бидат примени а некои отфрлени. Ако во книгите се најдат нечии гревови кои не се ниту признати ниту простени, нивните имиња ќе бидат избришани од книгата на животот, а извештајот на нивните добри дела ќе се избрише од „спомен книгата“. Господ му рекол на Мојсеја: „Оној што згрешил пред Мене, него ќе го избришам од книгата Моја“ (Излез 32:33). А пророкот Езекиел вели: „И праведникот, ако отстапи од својата правда и постапува неправедно... ќе биде ли жив? Сите негови добри дела, што ги правел, нема да бидат спомнати“ (Езекиел 18:24). {ГБ 483.1}

Покрај имињата на оние кои вистински се покајале за своите гревови и кои со вера ја признале Исусовата крв како своја жртва на исчистување, во небесните книги ќе биде забележано „простување”. Бидејќи станале учесници во Христовата правда и се утврдило дека нивниот карактер е во хармонија со Божјиот закон, нивните гревови ќе бидат избришани, а тие прогласени достојни за вечен живот. Господ кажува преку пророкот Исаија: „А Јас, Јас Сам ги бришам твоите престапи заради Самиот Себе и гревовите твои нема да ги спомнам“ (Исаија 43:25). Исус рекол: „Кој победува ќе биде облечен во бела облека, и нема да му го избришам името негово од книгата на животот, туку ќе го признам името негово пред мојот Отец и пред Неговите ангели“. „И така, секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признам и јас него пред Мојот Отец небесен. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен“ (Откровение 3:5; Матеј 10:32,33). {ГБ 483.2}

Големиот интерес на луѓето при донесувањето на одлуките во земните судови претставува само бледа слика на огромниот интерес што владее на небесниот суд кога пред Судијата на целиот свет ќе се изнесат на испитување имињата запишани во книгата на животот. Божествениот Застапник посредува за сите што победиле со вера во Неговата крв за да им бидат простени престапите и пак да бидат вратени во Едем, и како сонаследници „на поранешното владение“ да бидат крунисани заедно со него (Михеј 4:8). Со своите настојувања луѓето да ги искуша и да ги измами, сатаната имал намера да го осуети божествениот план при создавањето на човекот; но сега Христос се моли овој план да биде остварен така како човекот никогаш да не паднал. Тој за Својот народ не бара само целосно проштевање и оправдување, туку и учество во Неговата слава и место на Неговиот престол. {ГБ 483.3}

Додека Исус се застапува за приврзаниците на Својата милост, сатаната пред Бога ги обвинува како престапници. Големиот измамник настојува да ги наведе да се сомневаат, да ги поттикне да ја загубат довербата во Бога, да се одделат од Неговата љубов и да го прекршат Неговиот Закон. Тој сега го истакнува извештајот на нивниот живот, несовршенството на нивниот карактер, нивната разлика со Христа, со што му нанеле срам на својот Откупител; ги истакнува сите нивни гревови на кои ги навел и затоа бара тие да станат негова своина. {ГБ 484.1}

Исус не ги оправдува нивните гревови, но укажува на нивното покајание и на нивната вера и бара проштевање за нив подигајќи ги Своите ранети раце пред Отецот и пред светите ангели, велејќи: „Ги познавам по име, на Своите дланки сум ги врежал“ „Жртва пред Бога е срушен дух; срце понизно и смирено Ти, Боже, не отфрлаш“ (Псалм 51:17). А на тужителот на Својот народ му одговара: „И му рече Господ на сатаната: Господ да те укори сатано, Господ да те укори, Оној Кој го избра Ерусалим. Зар не е Тој гламја истргната од оган?“ (Захарија 3:2). Христос Своите верни ќе ги облече во Својата сопствена праведност за да може да ги покаже пред својот Отец како „славна Црква, која нема осквернување, или порок, или нешто слично“ (Ефесјаните 5:27). Нивните имиња се запишани во книгата на животот и за нив е напишано: „Тие ќе одат со Мене во бела облека, бидејќи се достојни“ (Откровение 3:4). {ГБ 484.2}

Така во целост ќе се исполнат ветувањата на Новиот завет: „Ќе им ги простам беззаконијата нивни, и за гревовите нивни нема веќе да се сеќавам“ (Еремија 31:34). „Во оние дни и во она време, вели Господ, Јас ќе побарам грев во Израел и нема да го има, и гревовите на Јуда и нема да се најдат; бидејќи ќе им простам на оние, што ќе останат живи“ (Еремија 50:20). „Во оној ден фиданката Господова ќе се јави во убавина и чест, а плодот на земјата во величие и слава, за спасените синови израелски. Тогаш преостанатите на Сион и преживеаните во Ерусалим - сите, запишани како да живеат во Ерусалим, ќе се нарекуваат свети“ (Исаија 4:2,3). {ГБ 485.1}

Истражниот суд и бришењето на гревовите треба да завршат пред второто Христово доаѓање. Бидејќи на мртвите ќе им биде судено според она што е запишано во книгите, не е можно гревовите на луѓето да бидат избришани пред крајот на судот на кој ќе се испитува нивниот живот. Апостол Петар јасно изјавува дека гревовите на верните треба да бидат избришани за да дојдат „од Господ времиња за освежување и Тој да ви Го прати вам претскажаниот Исус Христос“ (Дела 3:19,20). Кога истражниот суд ќе заврши, Христос ќе дојде и со себе ќе му донесе награда секому според неговите дела. {ГБ 485.2}

Првосвештеникот, во симболичката служба на Стариот завет, завршувајќи го обредот на помирување за Израелот, излегувал и го благословувал народот. Така и Христос ќе се појави на крајот од својата посредничка служба „не веќе како жртва за грев на оние што Го очекуваат, туку за нивно спасение“ (Евреите 9:28). Како свештеникот што ги отстранувал од светињата гревовите исповедајќи ги врз главата на јарецот за грев, така и Христос сите признати гревови ќе ги натовари на сатаната, причинителот и поттикнувачот на гревот. Јарецот што ги носел гревовите Израелови бил одведен „во пустината“ (Левит 16:22). Така и сатаната, врз кого ќе падне вината за сите гревови на кои го навел Божјиот народ, ќе биде заточен илјада години на оваа Земја, која тогаш ќе биде пуста и без жители, и на крајот целосната казна за гревот ќе ја прими во огнот кој ќе ги уништи сите безбожници. Така големиот план на спасението ќе биде наполно остварен со конечно отстранување на гревот и со ослободување на сите што доброволно се откажале од злото. {ГБ 485.3}

Во времето одредено за суд - на крајот од пророчките 2300 дни -почна истражното дело и бришењето на гревовите. Сите што кога и да е го признале Христовото име, ќе бидат предмет на истрагата. На живите и мртвите ќе им биде судено „според запишаното во книгите, според делата нивни“ (Откровение 20:12). {ГБ 486.1}

Гревовите за кои не сме се покајале и кои не сме ги напуштиле, нема да бидат простени и избришани од книгата, туку на денот на Божјиот суд ќе сведочат против грешникот. Без оглед на тоа дали човекот своите лоши дела ќе ги направи среде бел ден или во мрак среде ноќ, тие се откриени пред Оној пред кого сите мораме да дадеме сметка. Божјите ангели го виделе секој сторен грев и го запишале во непогрешните книги. Гревот може да се негира, да се скрие, пред таткото, пред мајката, пред жената, пред децата и пред пријателите. Можеби никој, освен грешникот, нема поим за вината, но пред небесните суштества ќе биде сè откриено. Темнината на најтемната ноќ, таинственоста на највештите измами не можат да сокријат ниту една единствена мисла пред знаењето на Вечниот. Бог има точен извештај за секоја неправда и за секое нечесно дело. Него не можеме да го измамиме со надворешниот изглед на побожноста. Тој не се лаже во оценувањето на карактерот. Луѓето со расипано срце можат да измамат човек, но Бог проникнува во секое лицемерство и го познава целиот внатрешен човеков живот. {ГБ 486.2}

Каква свечена помисла! Ден по ден се губат во вечноста и небесните книги се полнат со извештаи. Еднаш изговорените зборови, еднаш сторените дела, не можеме никогаш повеќе да ги вратиме. Ангелите го забележале и доброто и злото. Најсилниот освојувач на земјата не може да го поништи извештајот на само еден единствен ден. Нашите дела, нашите зборови, дури и нашите најскриени побуди сето тоа влијае врз донесувањето на одлуката за нашата судбина - за живот или за смрт. Иако ние ги забораваме, тие сепак ќе сведочат за нашето оправдување или осуда. {ГБ 486.3}

Како фотографијата што точно ги репродуцира цртите на лицето, така точно ќе биде забележан и карактерот во небесните книги. Но колку малку се грижиме за извештајот што мора да дојде пред очите на небесните суштества од невидливиот свет. Кога би можела да се тргне завесата што го дели видливиот од невидливиот свет и кога човечките синови би можеле да ги видат ангелите што го бележат секој збор и секое дело со кое ќе мораат да се сретнат на судот, колку зборови што ги изговараме секој ден не би ги изговориле и колку дела не би направиле! {ГБ 487.1}

На судот точно ќе се испита како сме ги употребиле дарбите што сме ги добиле. Како сме ги употребиле средствата што ни ги доверило небото? Дали Господ кога ќе се појави ќе го земе Своето со добивка? Дали сме ги усовршиле силите што ни ги дал Бог - физичките, умните и душевните - на слава на Бога и на благослов на светот? Како сме го употребиле нашето време, нашето перо, нашиот глас, парите и влијанието? Што сме направиле за Христа во лицето на сиромасите, на неволните, на вдовиците и на сирачињата? Бог не поставил за чувари на Своето свето слово. Што сме сториле со светлината и вистината што ни се доверени за да ги поучиме луѓето да станат помудри за спасение? Исповедањето на вера во Христа нема никаква вредност; само љубовта придружувана со дела се смета за вистинска. Љубовта е единственото нешто што во очите на небото им дава вредност на нашите дела. Сè што е сторено од љубов, па колку и незначително да изгледа тоа во очите на луѓето, пред Бога ќе биде признато и наградено. {ГБ 487.2}

Скриената себичност на луѓето е откриена во небесните книги. Таму се наоѓа извештај за неисполнетите должности, кон нашите ближни и за занемарувањето на нашите обврски кон Спасителот. Дури таму ќе се види колку пати луѓето му го посветиле на сатаната своето време, своите мисли и своите сили што му припаѓале на Христа. Жалосен е извештајот што го носат ангелите на небото. Разумните созданија, божемните Христови следбеници, потполно се обземени со желба за стекнување на богатство или со уживање во земните задоволства. Парите, времето и силите се употребуваат за украсување и угодување; малку време се посветува за молитва, за истражување на Светото Писмо, за понизување на душата и за исповедање на гревот. {ГБ 487.3}

Сатаната измислува безброј планови со цел да ги окупира нашите мисли за да не се занимаваме со она што би требало најдобро да го познаваме. Стариот измамник ги мрази големите вистини што ни укажуваат на жртвата на помирување и на силниот Посредник. Тој знае дека успехот му зависи од тоа колку ќе успее да ги одврати мислите од Исуса и од Неговата вистина. {ГБ 488.1}

Оние што сакаат да бидат учесници во милоста на Христовото посредување, не смеат да дозволат со ништо да бидат одвратени од својата должност во Божји страв да го градат своето посветување. Наместо драгоцените мигови на времето да ги посветат на уживања, на украсување или на стекнување добивка, треба да се посветат на сериозно и ревносно проучување на словото на вистината. Предметот на Светилиштето и на истражниот суд Божјиот народ треба да го разбере јасно и правилно. Сите би требало да стекнат лично познавање за положбата и за делото на нашиот голем Поглавар свештенички; инаку ќе им биде невозможно во ова време да имаат вистинска вера или да заземаат положба што Бог сака да ја имаат. Секој може да ја спаси или да ја изгуби својата душа. Секој од нас има нерешен случај пред Божјиот суд. Секој мора да стапи пред лицето на големиот Судија. Затоа мошне важно е секој поединец често да размислува за свечената сцена кога судот ќе седне и кога книгите ќе се отворат; кога секој ќе мора, како и Даниел некогаш, да стане и „да го добие својот дел на крајот од времето“ (Даниел 12:13). {ГБ 488.2}

Секој што примил светлина за овие предмети мора да сведочи за големите вистини што му ги доверил Бог. Светилиштето на небото е средиште на Христовото дело за луѓето. Тоа е од животна важност за секоја душа што живее на земјата. Тоа ни го отвора погледот кон планот на спасението, не води сè до крајот на времето и истовремено ни го открива и славниот завршеток на борбата меѓу правдата и гревот. Од најголема важност е овие работи темелно да ги истражуваме и да сме подготвени на секој што ќе не запраша да му дадеме одговор за нашата надеж. {ГБ 488.3}

Христовото посредување за човекот во небесното Светилиште е исто толку важно во планот на спасението колку и Неговата смрт на крстот. Со Својата смрт Христос го почнал делото што по Своето воскресение отишол да го доврши на небото. Ние мораме со вера да влеземе зад завесата каде што „Исус за нас влезе најнапред“ (Евреите 6:20). Таму величествено отсјајува светлината на крстот од Голгота. Таму појасно можеме да ја сфатиме тајната на спасението на луѓето кое е извојувано со неизмерната небесна жртва. Принесената жртва ги задоволува сите барања на прекршениот Божји закон. Исус го отворил патот кон престолот на својот Отец, и преку Неговото посредување можат да ги изнесат пред Бога скриените желби сите што доаѓаат кај Него со вера. {ГБ 489.1}

„Кој ги крие престапите свои, нема да напредува; а кој се кае и ги остава, ќе биде помилуван“ (Изреки 28:13). Кога оние што ги кријат и ги оправдуваат своите грешки би можеле да видат колку се радува сатаната за тоа, како му се подбива на Христа и на светите укажувајќи на нивните постапки, би побрзале да ги признаат своите гревови и да ги отфрлат. Сатаната се обидува со помош на недостатоците на нивниот карактер да завладее со целиот ум и знае дека ќе успее во тоа ако тие ги негуваат своите мани. Затоа постојано и лукаво се труди да ги измами Христовите следбеници со своето, тврдејќи им дека не можат да ги победат своите мани. Но за нив Исус посредува со Своите ранети раце и скршено тело и му кажува секому што сака да го следи: „Доста ти е Мојата благодат“ (2. Коринтјаните 12:9). „Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; Зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Матеј 11:29,30). Затоа никој нека не мисли дека неговите мани се неизлечиви. Бог ќе ни даде вера и милост да ги победиме. {ГБ 489.2}

Ние сега живееме во времето на големиот Ден на чистење. Во симболичката служба на Стариот завет, додека Првосвештеникот вршел чистење за Израелците, сите морале да „ги мачат своите души“ со исповедање на гревовите и со понизност пред Господа за да не бидат истребени од народот. На ист начин сите што сакаат нивните имиња да останат во книгата на животот треба сега, во овие преостанати дни од времето на милоста што им е дадено, да ја мачат својата душа пред Бога жалејќи поради гревот со искрено покајание. Тие мораат длабоко и свесно да ги преиспитаат своите срца. Мораат да го отфрлат лекомислениот и суетниот дух на кого му се предале многу христијани. Сите што сакаат да ги победат лошите склоности што настојуваат да завладеат со нив, ги чека уште потешка борба. Подготовката е лична работа. Ние нема да бидеме спасени групно. Побожноста и чистотата на едни не можат да ги надоместат овие доблести кај други. Иако сите народи мораат да дојдат на суд пред Бога, Тој сепак, случајот на секој поединец ќе го испита со таква точност како да не постои ниту едно друго суштество на земјата. Секој ќе биде испитан и ќе мора да биде пронајден без мана и недостаток. {ГБ 489.3}

Настаните што се поврзани со завршното дело на чистење се мошне свечени. Фактите во врска со нив имаат пресудно значење. Сега заседава судот во небесното Светилиште. Ова дело е во тек веќе многу години. Наскоро - никој не знае кога - ќе се премине на случаите на живите. Нашиот живот ќе се испитува во свето присуство на Бога. Во ова време, повеќе од кога и да е, секоја душа треба да ја прифати опомената на Спасителот: „Внимавајте, бидете будни и молете се, зашто не знаете кога ќе биде часот“ (Марко 13:33). „Ако не бидеш буден, ќе дојдам против тебе како крадец, и нема да дознаеш кога ќе дојдам против тебе“ (Откровение 3:3). {ГБ 490.1}

А кога ќе заврши истражниот суд, тогаш судбината на сите ќе биде запечатена за живот или за смрт. Времето на милоста ќе заврши кратко пред доаѓањето на Спасителот на небесните облаци. Во Откровението Христос мислејќи на ова време кажал: „Кој чини неправда, нека чини неправда уште; и кој е осквернет, нека се осквернува уште; и кој е праведен, нека чини правда уште; и кој е свет, нека се осветува уште. И еве, ќе дојдам скоро, и платата Моја е со Мене, за да му дадам на секого според делата негови“ (Откровение 22:11,12). {ГБ 490.2}

Тогаш праведниците и грешниците уште ќе живеат на земјата во својата смртна состојба - ќе сеат и ќе градат, ќе јадат и ќе пијат, несвесни дека горе во Светилиштето е изговорена последната и неотповиклива одлука. Пред потопот, откако Ное влегол во ковчегот, Бог ја затворил вратата зад него и им оневозможил на безбожните да влезат. Уште седум дена луѓето продолжиле да живеат безгрижен и развратен живот, исмевајќи ги предупредувањата за претстојниот суд, незнаејќи дека нивната судбина е веќе запечатена. „Така“, кажува Спасителот, „ќе биде и доаѓањето на Човечкиот Син“ (Матеј 24:39). Тивко и незабележано, како крадец ноќе, ќе дојде судбоносниот час што ќе ја реши судбината на секој човек и засекогаш на грешните луѓе ќе им ја одземе понудената милост. {ГБ 491.1}

„Бидете будни... па да не дојде ненадејно и да ве затече како спиете“ (Марко 13:35,36). Опасна е состојбата на оние што се умориле бдеејќи и ги прифатиле привлечностите на светот. Додека деловниот човек целосно е опфатен со својата трка за добивка, додека љубителот на забави бара уживања и додека ќерката на модата го става на себе својот накит - Судијата на светот ќе ја изрече пресудата: „Измерен си на кантар и се најде многу лесен“ (Даниел 5:27). {ГБ 491.2}