26 Потребна е реформа

Пророкот Исаија претскажал реформа во поглед на саботата што ќе биде извршена во последните денови: „Вака вели Господ: пазете го правосудството и вршете правда; зашто близу е спасението од Мене и откровението на Мојата правда. Блажен е човекот, кој го прави тоа и синот човечки, кој здраво се придржува за тоа, кој пази на саботата за да не ја оскверни и ја чува раката своја за да не врши никакво зло“. „И синовите на туѓинците, што се присоединиле кон Господ, за да Му служат и да го сакаат името на Господ, да бидат слуги Негови, - сите кои ја пазат саботата да не ја осквернат и цврсто се придржуваат за заветот Мој, Јас ќе ги одведам на Мојата света гора и ќе ги зарадувам во Мојот дом за молитва: сепалениците нивни и жртвите нивни ќе бидат благопријатни врз Мојот жртвеник, зашто Мојот дом ќе се нарече молитвен дом за сите народи“ (Исаија 56:1,2,6,7). {ГБ 451.1}

Овие зборови се однесуваат на христијанскиот период, а тоа го покажува и наведеното пророштво: „Господ Бог, кој ги собира распрснатите Израелци, вели: покрај веќе собраните Израелци ќе собирам и други“ (Исаија 56:8). Овде се најавува собирање на незнабошците со помош на евангелието. Тогаш над оние што ќе ја почитуваат саботата ќе се изрече благослов. Така обврската на четвртата заповед се протега преку времето на распнувањето, воскресението и вознесувањето Христово; опфаќајќи го и времето кога Неговите слуги ќе треба да им ја објават радосната вест на сите народи. {ГБ 451.2}

Преку истиот пророк Господ заповеда: „Врзи го свидетелството и запечати го откровението пред своите ученици“ (Исаија 8:16). Печатот на Божјиот закон се наоѓа во четвртата заповед. Само оваа заповед, од сите десет, покрај името ја изнесува и титулата на Законодавецот. Таа го означува како Творец на небото и земјата и со тоа покажува дека само Тој има право на слава и обожавање. Освен оваа заповед, нема ништо во Декалогот што би покажувало со чиј авторитет е даден овој Закон. Кога папската моќ ја променила саботата, симнат е печатот од Законот. Христовите ученици се повикани пак да го воспостават со тоа што ќе ја издигнат саботата на нејзиното вистинско место како спомен на делото на Творецот и знак на Неговиот авторитет. {ГБ 452.1}

„Закон и сведоштво барајте“. Постојат многу учења и теории, но Божјиот закон е единствено непогрешно мерило со кое треба да се проверуваат сите мислења, учења и теории. Пророкот вели: „Оној што не зборува така, за него нема светлина“ (Исаија 8:20). {ГБ 452.2}

Потоа е дадена заповед: „Викај со сиот глас, не воздржувај се; крени го гласот како труба, укажи му на народот Мој на беззаконието негово, и на домот Јаковов - гревовите негови“ (Исаија 58:1). Овде Господ не го укорува безбожниот свет за престапите, туку оние што Бог ги нарекува „Мој народ“. Тој понатаму кажува: „Тие секој ден Ме бараат и сакаат да ги знаат Моите патишта, како народ, кој божем постапува праведно и не ги остава законите на својот Бог“ (Исаија 58:2). Овде ни се предочени луѓето кои мислат дека се праведни и кои покажуваат навидум голем интерес за Божјата служба; но сериозниот и свечен укор од Оној што ги испитува срцата докажува дека тие ги газат Божјите заповеди. {ГБ 452.3}

Пророкот вака укажува на наредбата што била занемарена: „Ти ќе ги поставиш основите на многу поколенија, и ќе те викаат обновител на урнатини, градител на патишта за населби. Ако заради саботата ја воздржиш ногата своја да ги исполнува желбите на твоето срце во светиот Мој ден, и ако ја нарекуваш саботата радост, свет ден Господов, ако ја празнуваш и ако ја почитуваш со тоа да не се занимаваш со обичните работи, да им угодуваш на своите грешни желби и да празнословуваш, тогаш ќе имаш радост во Господ“ (Исаија 58:12-14). Ова пророштво се однесува и на денешно време. Кога Римската сила ја променила саботата, тогаш во Божјиот закон настанала пукнатина. Но дошло време кога оваа божествена институција треба да биде обновена. Урнатината треба да се соѕида и „темелите на многу поколенија“ треба повторно да се издигнат. {ГБ 452.4}

Адам уште во својата невиност, во Едемската градина, празнувал сабота, посветена и благословена од Творецот; ја празнувал дури и тогаш кога поради својот пад, кој горко го оплакувал, бил истеран од својата среќна татковина. Сите патријарси - од Авела па до праведниот Ное, Аврам и Јаков - ја празнувале саботата. Кога избраниот народ бил во египетско ропство, мнозина го заборавиле Божјиот закон поради идолопоклонството што владеело таму. Но кога го ослободил Израел, Господ го објавил Својот закон на величествен начин пред целиот народ, за сите да ја дознаат Неговата волја, да се бојат од Него и секогаш да Му бидат послушни. {ГБ 453.1}

Оттогаш, па сè до денес, на земјата било сочувано знаењето за Божјиот закон, и саботата од четвртата заповед се празнувала. Иако на „човекот на беззаконието“ му успеало да го погази Божјиот свет ден, сепак, и за време на папската превласт, имало верни души кои ја празнувале саботата на скришни места. Од времето на реформацијата, во секое поколение имало луѓе што ја празнувале. И покрај честите навреди и прогонства, секогаш имало луѓе што сведочеле за непроменливоста на Божјиот закон и за свечената обврска кон саботата како спомен на создавањето. {ГБ 453.2}

Овие вистини, прикажани во Откровение 14. глава во врска со „вечното евангелие“, ќе бидат обележје на Христовата црква во времето пред Неговото доаѓање. Како резултат на објавувањето на тројната вест, ќе се слушне објавата: „Тука е трпението на светиите; тука се оние што ги пазат заповедите Божји и верата во Исус“. И оваа вест е последна што треба да се објави пред Господовото доаѓање. Веднаш по нејзиното објавување, пророкот го видел Синот човечки како доаѓа во слава да ја собере жетвата на земјата. {ГБ 453.3}

Сите што го прифатија сознанието за Светилиштето и за непроменливоста на Божјиот закон се израдуваа и се чудеа кога ја видоа убавината и хармонијата на вистините што им станаа јасни. Сакаа оваа драгоцена светлина да ги осветли и другите христијани. Беа сигурни дека и тие со радост ќе ја прифатат. Но вистините, со кои се разликуваа од светот, не им беа мили на мнозина кои тврдеа дека се Христови следбеници. Послушноста кон четвртата заповед бараше жртва пред која повеќето се повлекуваа. {ГБ 454.1}

Кога беа изнесени барањата за саботата, многумина зазедоа световен став и велеа: „Ние секогаш празнувавме недела, ја празнувале и нашите татковци; и многу добри и побожни луѓе умреле со блажена смрт празнувајќи ја неделата. Ако тие имале право, тогаш имаме и ние. Празнувањето на овој нов ден за одмор нас би не довел во судир со светот и ние не би можеле да влијаеме врз него. Што може да стори една малечка група која го празнува седмиот ден наспроти целиот свет кој ја празнува неделата?“ Со слични изговори се обидувале и Евреите да го оправдаат своето отфрлање на Христа. Бог ги примил нивните татковци кои принесувале жртви, тогаш зошто не би можеле да се спасат децата ако одат по истиот пат? Исто така во времето на Лутер приврзаниците на Рим тврделе дека верните христијани умирале во католичката вера и дека затоа оваа вера е доволна за спасение. Таквото размислување претставува голема пречка за напредок во верата или практиката. {ГБ 454.2}

Мнозина тврдат дека празнувањето на неделата е цврсто втемелено учење и мошне распространет црковен обичај низ вековите. Наспроти овој аргумент се покажало дека саботата и нејзиното празнување се многу постари, стари колку и светот и потврдени од Бога и од ангелите. Тогаш кога биле положени темелите на земјата и кога пееле заедно сите утрински ѕвезди и сите Божји синови безмерно се радувале, биле положени и темелите на саботата (Јов 38:6,7; Создавање 2:1-3). Затоа оваа установа бара наше почитување. Неа не ја воспоставил човечки авторитет и таа не се темели на човечки традиции; неа ја основал и ја утврдил Вечниот со Својот непроменлив збор. {ГБ 454.3}

Кога вниманието на луѓето беше свртено кон реформата на саботата, популарните проповедници го извртуваа Божјото слово и го толкуваа на таков начин за што поуспешно да ја смират разбудената совест. Оние што не го истражуваа сами Светото Писмо, се задоволуваа да ги прифатат заклучоците кои беа во согласност со нивните желби. Многумина се обидуваа да ја негираат вистината со разни тврдења, со лукавство, со преданијата на татковците и со авторитетот на црквата. Но нејзините бранители ја зедоа во рака Библијата за да ја докажат валидноста на четвртата заповед. Кротките луѓе, вооружени само со словото на вистината, им одолеале на нападите на учените луѓе кои, изненадени и гневни, увидоа дека и сета нивна вештина е немоќна против едноставното и искрено толкување на луѓето кои подобро го познаваа Светото Писмо отколку човечката филозофија. {ГБ 455.1}

Во недостаток на соодветни библиски докази, мнозина кои заборавија дека истите приговори се изнесени и против Христа и Неговите ученици, со неуморна истрајност го поставуваа прашањето: „Зошто нашите големи луѓе не го разбираат ова прашање за саботата? Малку има такви што веруваат како вие. Не можете вие да имате право, а сите учени луѓе на светот да бидат во заблуда“. {ГБ 455.2}

За да се побијат таквите аргументи, беше доволно само да се наведе учењето на Светото Писмо и да се укаже на тоа како постапувал Господ во сите времиња со Својот народ. Бог работи преку оние што го слушаат Неговиот глас, што Му се послушни, и по потреба изнесуваат и непријатни вистини и не се плашат да ги осудат популарните гревови. Причината зошто Бог почесто не зема учени и угледни луѓе за водачи на реформаторски движења лежи во тоа што тие се потпираат врз своите догми, теории и теолошки системи, а не чувствуваат потреба да ги поучува Бог. Само оние што имаат лична врска со Изворот на мудроста се способни да го разберат и да го објаснат Светото Писмо. Понекогаш луѓето со помало школско образование се повикани да ја проповедаат вистината не затоа што не се учени, туку затоа што не се потпираат премногу на себе и му дозволуваат на Бога да ги поучува. Тие учат во Христовата школа и нивната понизност и послушност ги прави големи. Доверувајќи им го познавањето на Својата вистина, Бог им укажува таква чест, спрема која земните почести и човечките величини се потполно безначајни. {ГБ 455.3}

Поголемиот дел од адвентистите ги отфрлија вистините за Светилиштето и за Божјиот закон, а мнозина ја загубија довербата во адвентното движење и прифатија погрешни и противречни мислења за пророштвата што се однесуваат на ова дело. Некои паднаа во заблуда и повторно и повторно го утврдуваа времето на второто Христово доаѓање. Светлината што сега го осветлуваше прашањето на Светилиштето можеше да им покаже дека ниедно пророчко време не допира до второто Христово доаѓање и дека не е проречено точното време на овој настан. Но, отфрлајќи ја таа светлина, продолжија и понатаму да го утврдуваат времето на Господовото доаѓање и секој пат се разочаруваа. {ГБ 456.1}

Кога црквата во Солун прифатила погрешни мислења за повторното Христово доаѓање, апостол Павле им советувал своите надежи и очекувања внимателно да ги испитаат со Божјото слово. Ги упатил на пророштвата за настаните што треба да се исполнат пред Христовото доаѓање и им покажал дека немаат причина да го очекуваат Спасителот во свое време. „Никој да не ве измами на ниеден начин!“ (2. Солунјаните 2:3), гласела неговата опомена. Ако негуваат очекувања што немаат библиски темел, тоа би ги одвело на погрешен пат. Разочарувањето би ги изложило на подбив од страна на неверните; би се изложиле на опасност да се обесхрабрат и да паднат во искушение да се посомневаат во вистините што се суштински за нивното спасение. Опомената на апостолот до Солунјаните содржи важна поука за оние што живеат во последните денови. Многу адвентисти веруваа дека не можат да бидат трудољубиви и ревносни во подготовката ако својата вера не ја насочат кон одредено време на повторното Христово доаѓање. Но, бидејќи нивните надежи постојано се обновуваа само за повторно да бидат уништени, нивната вера со тоа претрпуваше таков удар што речиси беше невозможно врз нив да влијаат големите вистини на пророштвата. Проповедањето на определено време за судот во времето на првата ангелска вест беше по Божја наредба. Не постоеше никаков сомнеж во точноста на пресметката на пророчкото време на која се базираше оваа вест, а која го одредува крајот на пророчките 2300 дена во есента 1844. година. Постојаниот обид да се пронајдат нови датуми за почетокот и за крајот на пророчкото време, како и неоснованите тврдења што беа потребни за да се докаже ваквиот став, не само што ги одвраќаа мислите на луѓето од сегашната вистина, туку и го изложуваа на подбив секој обид да се објаснат пророштвата. Колку почесто се одредува датумот за повторното доаѓање и на колку поширок круг им се проповеда таквата наука, толку повеќе им одговара тоа на целите на сатаната. Зашто, кога ќе помине времето, тој ги изложува на потсмев и презир приврзаниците на тоа доаѓање и така му нанесува срам на големото адвентно движење од 1843. и 1844. година. Оние што остануваат упорни во оваа заблуда, најпосле ќе го утврдат датумот на Христовото доаѓање кој ќе биде премногу далеку во иднина. На тој начин ќе бидат заведени да прифатат лажна сигурност и на мнозина нема да им се отворат очите сè додека не стане предоцна. {ГБ 456.2}

Историјата на стариот Израел претставува највпечатливата илустрација за искуствата низ кои поминаа адвентистите. Бог го водеше Својот народ во адвентното движење како што ги водел и Израелците од Египет. За време на големото разочарување беше проверена нивната вера како што била проверена верата на Евреите пред Црвеното Море. Кога и понатаму би се држеле за раката што ги водеше во нивните поранешни искуства, би го виделе Божјото спасение. Кога сите тие што заеднички работеа на делото од 1844. година би ја прифатиле третата ангелска вест и би ја објавувале со силата на Светиот Дух, Господ силно би дејствувал преку нив, и светлината како незапирлив порој би го преплавила светот. Жителите на земјата би биле предупредени уште пред многу години, делото би било довршено и Христос веќе би дошол да го избави Својот народ. {ГБ 457.1}

Божја волја не била Израел да талка четириесет години во пустина; Тој сакал директно да го одведе во Хананската земја и таму да го насели како Свој свет и среќен народ. Но ние гледаме „дека тие не можеа да влезат поради неверието“ (Евреите 3:19). Поради постојаното застранување и отпад изгинале во пустината, и други биле подигнати да влезат во ветената земја. Исто така, не е Божја волја повторното Христово доаѓање толку да се оддолжува и Неговиот народ толку долго да остане на овој свет полн со грев и со неволји. Но неверството ги оддели од Бога. Кога одбија да ја извршат задачата што им беше доверена, други беа повикани да ја проповедаат оваа вест. Од милост кон светот Христос го одложува Своето доаѓање за грешниците да имаат можност да ја слушнат опомената и во Него да најдат прибежиште пред да се излее Божјиот гнев.  {ГБ 458.1}

Денес, како и некогаш, објавувањето на вистината што ги жигосува гревовите и заблудите на своето време предизвикува отпор. „Зашто секој, што прави зло, ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат разоткриени неговите дела“ (Јован 3:20). Мнозина кога ќе видат дека своите тврдења не можат да ги оправдаат со Светото Писмо, готови се по секоја цена да ги бранат и злобно да го напаѓаат карактерот и побудите на оние што застануваат во одбрана на непопуларните вистини. Вака било во сите времиња. Илија бил обвинет дека на Израел му донесува несреќа и немир, Еремија, дека е предавник; Павле дека го сквернави храмот. Од тоа време па сè до денес, оние што сакале да останат верни на вистината, жигосани се како бунтовници, како кривоверци или расколници. Мнозина што имаат премногу слаба вера за да можат да го прифатат сигурното пророчко слово, лесно ги прифаќаат обвинувањата против оние кои се осмелуваат да ги жигосаат омилените гревови. Тој дух ќе расте сè повеќе и повеќе. Библијата јасно нè учи дека се приближува време кога државните закони ќе дојдат во таква спротивност со Божјите закони, што секој кој ќе сака да ги држи сите Божји прописи, ќе мора да биде подготвен да претрпи срам и казна како злосторник. {ГБ 458.2}

Имајќи го во предвид сето тоа, која е должноста на гласникот на вистината? Зарем ќе заклучи дека вистината не треба да се проповеда само затоа што често нејзиниот единствен ефект е луѓето да ги поттикне да ги одбегнуваат нејзините барања или да им се спротивставуваат? Не, причините Божјото слово да се премолчува затоа што неговото објавување предизвикува отпор денес не се ништо поубедливи отколку што биле во деновите на реформаторите. Признавањето на верата што ја посведочиле мачениците и светите им било од полза на подоцнежните поколенија. Овие живи примери на светост и на непоколеблива чесност се сочувани да влеат храброст кај оние што сега се повикани да стојат како сведоци за Господа. Тие не ја примиле благодатта и вистината само за себе, туку преку нив и земјата да биде осветлена со познавањето на Бога. Дали Бог им дал светлина на Своите слуги и за ова поколение? Тогаш тие се должни таа светлина да ја пренесат и на другите. {ГБ 459.1}

Во старо време Господ му рекол на оној кој зборувал во Негово име: „А домот Израелов не ќе сака да те слуша, тие не сакаат Мене да ме слушаат“. Но и покрај тоа Тој рекол: „И кажувај им ги зборовите Мои - па слушале тие или не“ (Езекиел 3:7; 2:7). И во наше време Бог им се обраќа на Своите слуги со зборовите: „Викај со сиот глас, не воздржувај се; крени го гласот како труба, укажи му на народ Мој на беззаконието негово, и на домот Јаковов гревовите негови“ (Исаија 58:1). {ГБ 459.2}

Колку што му дозволуваат околностите, секој што ја примил светлината на вистината се наоѓа под иста свечена и страшна одговорност како и Израеловиот пророк на кого му било упатено Господовото слово: „И тебе, сине човечки, Јас те поставив како стражар на домот Израелов: ти ќе слушаш слово од Мојата уста и ќе ги вразумуваш од Мене. Кога ќе му речам на грешникот: ’грешнику, ти бездруго ќе умреш‘, а ти не му кажеш ништо, не го опоменеш беззаконикот да го остави неговиот пат, грешникот ќе умре за својот грев, но крвта негова ќе ја барам од раката твоја. Ако, пак, беззаконикот си го предупредил, да се врати од својот пат, а тој не се одвратил од патот свој, тој ќе умре за својот грев, но ти ќе ја зачуваш душата своја“ (Езекиел 33:7-9). {ГБ 459.3}

Најголема пречка при прифаќањето и ширењето на вистината е фактот што тоа е поврзано со нелагодности и подбивање. Тоа е единствениот доказ против вистината што нејзините поборници не можеле никогаш да го негираат. Но тоа вистинските Христови следбеници нема ниту да ги застраши ниту да ги одврати. Тие не чекаат вистината да стане популарна. Уверени во својата должност, свесно го примаат на себе крстот и заедно со апостол Павле мислат дека „нашите сегашни незначителни страдања ни донесуваат многу пообилна и вечна тежина на славата“ (2. Коринтјаните 4:17), и затоа, како и стариот пророк, „Страдањето заради Христос го сметаше за поголемо богатство, отколку ризниците на Египет“ (Евреите 11:26). {ГБ 460.1}

Оние што во верските работи постапуваат според световната мудрост, а не според начелата, без оглед на тоа што исповедаат, во срцето се само слуги на овој свет. Ние треба да го бираме она што е право затоа што е право, а последиците да му ги препуштиме на Бога. За своите големи реформи светот треба да им заблагодари на луѓето од начела, на луѓето од вера и храброст. Такви луѓе мора да го предводат делото на реформа и во наше време. {ГБ 460.2}

Вака зборува Господ: „Послушајте Ме, вие, кои ја познавате правдата, народе, Кој во срце свое го имаш Мојот закон! Не плашете се од прекорување на луѓето, ниту стравувајте од нивните навреди. Зашто молец ќе ги изеде како облека и црв ќе ги изеде како волна; а Мојата правда ќе трае засекогаш, и Моето спасение - од род во род“ (Исаија 51:7,8). {ГБ 460.3}