25 Божјиот закон е непроменлив

„Се отвори храмот на Бога, и се јави ковчегот на заветот во Неговиот храм“ (Откровение 11:19). Ковчегот на Божјиот завет се наоѓа во светињата над светињите, во второто одделение на Светилиштето. Во службата на земниот Шатор, која била само „образ и сенка на небесните работи“ (Евреите 8:5), ова одделение се отворало само на големиот Ден на помирување за да се исчисти Светилиштето. Според тоа, објавата дека на небото е отворен Божји храм и дека во него е виден ковчегот на заветот, укажува на отворањето на светињата над светињите во небесното Светилиште во 1844. година кога Христос влегол да го изврши завршното дело на помирување. Оние кои со вера Го следеа својот голем Првосвештеник кога ја почна Својата служба во светињата над светињите, можеа да го видат ковчегот на Неговиот завет. Откако го проучија предметот на Светилиштето, сфатија дека Спасителот ја променил Својата служба, и дека Тој сега служи пред Божјиот ковчег и дека таму, повикувајќи се на Својата крв, ги застапува грешниците. {ГБ 433.1}

Во ковчегот, во земниот Шатор, се наоѓале двете камени плочи на кои биле напишани заповедите на Божјиот закон. Ковчегот бил само место каде биле сместени заповедите на Законот, а самото нивно присуство му давало вредност и светост. Кога на небото се отвори Божјиот храм, се виде ковчегот на Неговиот завет. Во светињата над светињите во небесниот храм се чува Божјиот закон - законот што го изговорил Самиот Бог среде громовите на Синај и го напишал со Својот прст на камени плочи. {ГБ 433.2}

Божјиот закон во небесното Светилиште е возвишен оригинал, чијшто верен препис биле заповедите напишани на камени плочи и запишани во Мојсеевото Петокнижие. Оние што ја сфатија оваа важна точка, исто така можеа да ја сфатат и светоста и непроменливоста на Божјиот закон. Тие како никогаш порано, ја почувствуваа силата на зборовите на Спасителот: „Дури постојат небото и земјата, ниту една буквичка или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сè“ (Матеј 5:18). Божјиот закон, како откровение на Неговата волја и препис на Неговиот карактер, мора да постои вечно како „верен сведок на небото“. Не е укината ниту една заповед; не е изменета ниту една негова буква или цртичка. Псалмистот вели: „Ти постоиш вечно, Господи; Твоето слово засекогаш е утврдено на небото“. „Верни се сите заповеди Негови, утврдени засекогаш“ (Псалм 119:89; 111:7,8). {ГБ 434.1}

Во средината на Декалогот се наоѓа четвртата заповед, онака како што била објавена на почетокот: „Помни го саботниот ден, за да го празнуваш. Шест дена работи, и врши ги во нив сите свои работи; а седмиот ден е сабота Господова, ден на твојот Бог; тогаш немој да вршиш никаква работа, ни ти, ни синот твој, ни ќерката твоја, ни слугата твој, ни слугинката твоја, ни добитокот твој, ниту придојдениот, кој се наоѓа кај тебе. Зашто за шест дена ги создаде Господ небото и земјата, морето и сè што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети“ (Излез 20:8-11). {ГБ 434.2}

Божјиот Дух влијаеше врз срцата на оние што го истражуваа Неговото слово. Тие се уверија дека во незнаење ја прекршиле оваа заповед со тоа што не го почитувале денот за одмор на Творецот. Почнаа да ги испитуваат причините за празнувањето на првиот ден на седмицата, наместо денот што Бог го посветил. Тие не можеа да најдат во Светото Писмо никаков доказ дека четвртата заповед е укината или дека саботата е променета. Благословот со кој во почетокот бил посветен седмиот ден никогаш не му е одземен. Искрено бараа да ја запознаат Божјата волја за да ја извршуваат. Сега, кога утврдија дека се престапници на Неговиот закон, нивните срца ги исполни длабока болка и тие својата верност кон Бога ја докажуваа со тоа што почнаа да ја празнуваат саботата. {ГБ 434.3}

Многу и сериозни напори се вложувани за да ја урнат нивната вера. Никој не можел да ги затвори очите пред фактот дека, ако земното Светилиште било слика или копија на небесното, тогаш и Законот што се чувал во ковчегот на заветот на земјата бил точен препис на Законот што се наоѓа во ковчегот на небото; и кога ја прифатија вистината за небесното Светилиште, со тоа ги признаа и барањата на Божјиот закон, а и обврската кон саботата како четврта заповед. Тука беше тајната за огорчениот и решителен отпор против хармоничното толкување на Светото Писмо кое ја откриваше Христовата служба во небесното Светилиште. Луѓето се обидуваа да ја затворат вратата која Бог ја отвори, а да ја отворат вратата што ја затворил. Но, Оној „Кој отвора, и никој не може да затвори, - и Кој затвора, никој не може да отвори“, рекол: „Ете, ти дадов отворена врата, што никој не може да ја затвори“ (Откровение 3:7.8). Христос ја отвори вратата, односно ја почна службата во светињата над светињите; низ отворената врата на небесното Светилиште засвети светлина и тогаш се виде дека и четвртата заповед е составен дел на Законот што се чува таму; она што Бог го воспоставил, ниту еден човек не може да го собори. {ГБ 435.1}

Оние што ја прифатија светлината за Христовото посредување и за непроменливоста на Божјиот закон, откриле дека тие вистини се изнесени во Откровението 14. глава. Пораките во оваа глава содржат тројна опомена (Види  Додаток), која треба да ги подготви жителите на земјата за  второто Господово доаѓање. Објавата: „Настапи часот на Неговиот суд“, укажува на завршниот дел на Христовата служба за спасението на луѓето. Таа ја најавува вистината што мора да се проповеда сè додека Спасителот не го заврши Своето посредување и не дојде повторно на земјата да го земе Својот народ кај Себе. Судот што почна во 1844. година мора да продолжи додека не се реши случајот на секој човек, како на живите така и на мртвите; затоа тој ќе трае сè до крајот на времето на милоста. За да можат луѓето да бидат подготвени да се одржат на судот, во пораката им се заповеда: „Имајте стравопочит кон Бога и подајте Му слава... и поклонете Му се на Оној кој ги создал небото и земјата, морето и водните извори“. Каков резултат ќе донесе прифаќањето на оваа порака е кажано во зборовите: „Тука се оние што ги пазат заповедите Божји и верата Исусова“. За да бидат подготвени за судот, потребно е луѓето да го држат Божјиот закон. Овој Закон ќе служи како мерило за карактерот на судот. Апостол Павле изјавува: „Оние што згрешиле под Закон, според Законот ќе бидат и судени... за оној ден, кога, според моето Евангелие, Бог преку Исус Христос ќе ги суди тајните на луѓето“. Понатаму кажува дека „ќе се сметаат за праведни само оние што постапуваат според Законот“ (Римјаните 2:12-16). Верата е потребна да се држи Божјиот закон, бидејќи „без вера не е можно да Му се угоди на Бога“. „Сè што не е според верата, грев е” (Евреите 11:6; Римјаните 14:23). {ГБ 435.2}

Првиот ангел ги повикува луѓето да „имаат стравопочит кон Бога и да Му дадат слава“, и да Му се поклонат на Творецот на небото и земјата. За да го прават тоа, тие мора да го држат Неговиот закон. Мудриот човек вели: „Имај страв од Бога и пази ги Неговите заповеди, зашто тоа му е сета должност на човекот“ (Проповедник 12:13). Без послушност на Неговите заповеди, на Бога не му е угодна никаква служба. „Бидејќи љубовта кон Бога се состои во ова: да ги пазиме заповедите Негови“. „Кој го отстранува увото свое да не го слуша законот, на таквиот и молитвата му е одвратна” (1. Јованово 5:3; Изреки 28:9). {ГБ 436.1}

Должноста да го славиме Бога произлегува од фактот што Тој е Творец и што сите други созданија Му го должат животот. Секаде каде што во Библијата се истакнува дека Тој има поголемо право на почит и славење од боговите на многубошците, се наведуваат и доказите за Неговата творечка моќ. „Бидејќи сите богови на незнабошците се идоли, а Господ ги создаде небесата“ (Псалм 96:5). „Со кого ќе Ме изедначите и со кого ќе Ме споредите - вели Светецот. Кренете ги очите свои кон висините небесни и погледнете, кој ги создал?“ „Зашто вака вели Господ, Кој го создаде небото, Тој, Бог, Кој и даде облик на земјата и Кој ја создаде... Јас сум Господ, и нема друг“ (Исаија 40:25; 45:18). Псалмистот вели: „Знајте дека Господ е Бог, дека Тој нè создаде нас, а не ние самите“ (Псалм 100:3). „Дојдете да Му се поклониме и да паднеме ничкум, да клекнеме пред лицето на Господ, нашиот Творец“ (Псалм 95:6). „Достоен си, Господи, да ја примиш славата, честа и силата, зашто Ти си создал сè” (Откровение 4:11). {ГБ 436.2}

Во Откровение 14. глава луѓето се повикуваат да го слават Творецот, а пророштвото ни обрнува внимание на група верни кои, како резултат на објавувањето на тројната вест, ги држат Божјите заповеди. Една од овие заповеди непосредно упатува на Бога како на Творец. Четвртата заповед кажува: „А седми ден е сабота Господова... Зашто за шест дена ги создаде Господ небото и земјата, морето и сè што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети“ (Излез 20:10,11). Во врска со саботата Господ понатаму кажува дека таа е „знак меѓу Мене и вас, па да знаете дека јас сум Господ, вашиот Бог“ (Езекиел 20:20). Причината за ова е позната: „Зашто во шест дена ги создаде Господ небото и земјата, а во седмиот ден си отпочина и се одмори” (Излез 31:17). {ГБ 437.1}

„Важноста на саботата како спомен на создавањето се состои во тоа што таа постојано нè потсетува на вистинската причина зошто на Бога му припаѓа обожавање - затоа што Тој е Творец, а ние Негови созданија. Поради тоа, саботата е темел на целокупното богослужение, зашто таа на најизразит начин ја истакнува оваа голема вистина, што не може да се каже ниту за една друга уредба. Вистинската причина зошто го обожаваме Бога не само во седмиот ден туку воопшто, се наоѓа во јасната разлика меѓу Творецот и Неговите созданија. Овој голем факт никогаш не може да застари и никогаш не смее да се заборави“ (J. N. Andrews, History of the Sabbath, chapter 27). Оваа вистина треба секогаш да им биде предочувана на луѓето, дека Бог ја воспоставил саботата во Едем; и сè додека фактот оти Тој е наш Творец постои како причина да Го славиме, и саботата нема да престане да биде Негов знак и спомен. Кога сите луѓе би ја празнувале саботата, нивните мисли и чувства би биле насочени кон Творецот како објект на стравопочит и обожавање и никогаш не би постоел ниту еден идолопоклоник, атеист или неверник. Држењето на саботата претставува знак на верност кон вистинскиот Бог Кој „ги создал небото и земјата, морето и водните извори“. Од ова произлегува дека пораката во која на луѓето им се заповеда да го слават Бога и да ги држат Неговите заповеди, посебно ги повикува да ја држат четвртата заповед. {ГБ 437.2}

Наспроти оние што ги држат Божјите заповеди и верата Исусова, третиот ангел укажува на други, против чиишто измами изрекол свечена и страшна опомена: „Ако некој му се поклони на Ѕверот и на неговиот лик (икона), и прими ознака (жиг) на своето чело или на својата раката, и самиот ќе пие од виното на Божјиот гнев“ (Откровение 14:9,10). За да ја сфатиме оваа порака, потребно е исправно да ги толкуваме употребените симболи. Што се подразбира под поимите ѕвер, икона (лик) и ознака (жиг)? {ГБ 438.1}

Пророчкиот синџир во кој се наоѓаат сите овие симболи започнува во Откровение 12. глава со змевот кој сакал да го убие Христа кога се родил. Сатаната е змев (Откровение 12:9), зашто тој го поттикнал Ирода да го убие Спасителот. Но, главен претставник на сатаната во војната против Христа и Неговиот народ во првите векови на христијанската ера било Римското царство со неговата претежно паганска религија. И додека змевот првенствено го претставува сатаната, тој, во преносна смисла е симбол на паганскиот Рим. {ГБ 438.2}

Во 13. глава (стихови 1-10) е опишан друг ѕвер кој „прилегаше на леопард“, на кој змевот му ја даде „силата своја, и престолот свој и голема власт“. Овој симбол, како што веруваа повеќето протестанти, го претставува папството кое наследило сила, престол и власт од античката Римска империја. За ѕверот сличен на леопард се кажува: „Нему му се даде уста што зборуваше големи зборови и богохулства... Тогаш ја отвори устата за хулење против Бога, за да го навредува името Негово, живеалиштето Не го во и оние што живеат на небото. И му се даде да војува против светиите и да ги победи; му се даде власт над секое колено, јазик и народ“. Ова пророштво, кое речиси е идентично со описот на малиот рог во Даниел 7. глава, без сомнение укажува на папството. {ГБ 439.1}

„И му се даде власт така да прави четириесет и два месеци“. Пророкот понатаму вели: „И видов дека една од главите негови како да беше смртно ранета“; потоа продолжува: „Кој во прогонство води, во прогонство ќе биде одведен; кој со меч убива, од меч треба да биде убиен“. Оние четириесет и два месеци имаат исто значење како и она „едно време, две времиња и половина време“, три и пол години или 1260-те дена од Даниел 7. глава - односно го означуваат времето во кое папската власт ќе го угнетува Божјиот народ. Овој временски период, како што е изнесен во претходните глави, почнал со папската превласт во 538. година по Христа, а завршил во 1798. година. Во тоа време француската војска го заробила папата; папската власт добила смртна рана и се исполнило пророштвото: „Кој во прогонство води, во прогонство и ќе биде одведен”. {ГБ 439.2}

Во таа глава се појавува уште еден симбол. Пророкот вели: „И видов друг ѕвер како излегува од земјата. Тој имаше два рога како кај јагне“ (Откровение 13:11). И појавувањето на овој ѕвер и неговиот изглед покажуваат дека нацијата што ја претставува се разликува од народите што се претставени со претходните симболи. Големите светски царства што владееле со светот, му се претставени на пророкот Даниел со ѕверови што се појавиле откако „четири небесни ветрови го разбрануваа Големото Море“ (Даниел 7:2). Во Откровение 17. глава ангелот објаснил дека водите се „луѓето и народите, племињата и јазиците“ (Откровение 17:15). Ветровите се симболи на судирите. Четирите небесни ветра што дувале на Големото Море ги претставуваат страшните сцени на освојување и револуции, со чија помош царствата доаѓаат на власт. {ГБ 439.3}

Но ѕверот со рогови како кај јагне е виден „како излегува од земјата“. Наместо да ги урне другите власти и самиот да воспостави своја власт, оваа вака претставена нација мора да се појави на една досега ненаселена територија и да се развива постепено и мирно. Затоа таа не можела да излезе од многубројните и меѓусебно завојувани народи на Стариот свет, односно од она немирно море на „луѓе и народи, племиња и јазици“. Неа мораме да ја бараме на Западниот континент. {ГБ 440.1}

Која нација во таканаречениот Нов свет почнала да се подига во 1798. година и станувала сè посилна и помоќна и го привлекла на себе вниманието на светот? Примената на овој симбол е надвор од секое сомневање. Само една единствена нација одговара на податоците на ова пророштво. Тоа јасно упатува на Соединетите Американски Држави. Често говорниците и историчарите несвесно ја употребувале мислата, а понекогаш и самите зборови на пророкот при опишувањето на настанокот и развојот на оваа нација. Ѕверот е виден „како излегува од земјата“. Зборот „излегува“ може да се преведе со „никнува или израснува како билка“. Но, како што видовме, таа нација морала да се појави на дотогаш ненаселена територија. Еден угледен писател, кој го опишува настанокот на Соединетите Држави, зборува за „тајната на нивниот настанок од празнина“. Тој кажува: „Како тивка трска израснавме во држава“ (G. A. Townsend, The New World compared With the Old, page 462). Еден европски весник во 1850. година за Соединетите Држави пишуваше како за некоја необична држава која „никнала“ и „во тишина на земјата секој ден ја зголемува својата моќ и гордост“ (The Dublin Nation). Едвард Еверт, во својот говор на пуританските доселеници, основачите на оваа нација, рекол: „Барале осамено место, простодушно поради својата непознатост и сигурно во својата оддалеченост од прогонството на насилниците, каде што малечката црква од Лејден можела да ја ужива слободата на совеста. Погледнете ги огромните подрачја преку кои, со мирно освојување, ... ги носеле знамињата на крстот“ (Everett, Speech delivered at Plymouth, Dec. 22, 1824, page 11). {ГБ 440.2}

„Имаше два рога како кај јагне“. Роговите како кај јагне укажуваат на младост, невиност и благост, што точно одговара на карактерот на Соединетите Држави во времето кога пророкот ги видел како се подигаат во 1798. година. Меѓу христијанските изгнаници кои први избегале во Америка и побарале засолниште пред угнетувањето на кралевите и пред нетрпеливоста на свештениците, имало многу такви кои решиле да основаат држава на широкиот темел на граѓанска и верска слобода. Нивните идеали биле внесени во „Декларацијата за независност“, којашто ја нагласува големата вистина дека „сите луѓе се родени еднакви“ и надарени со неотуѓиво право „на живот, слобода и потрага по среќа“. Уставот му гарантира на народот право на самоуправување, што значи дека од народот избрани претставници создаваат закони и се грижат за нивна правилна примена. Загарантирана е и верска слобода и секому му било дозволено на Бога да му служи според својата совест. Републиканскиот облик на владеење и протестантизмот беа основни начела на нацијата. Овие начела се тајна за нивната моќ и напредок. Многумина, кои во христијанските земји ширум Европа, биле прогонувани и угнетувани, се упатиле во оваа земја со големи очекувања и полни со надеж. Милиони се истовариле на нејзините брегови и Соединетите Држави се издигнале во редот на најсилните држави на светот. {ГБ 441.1}

Но ѕверот со рогови како кај јагне „зборуваше како змевот“. „И тој ја вршеше власта на првиот Ѕвер, пред него, и направи земјата и нејзините жители да му се поклонат на првиот Ѕвер, чија смртоносна рана беше залечена... велејќи им на жителите на земјата, да направат лик (икона) на Ѕверот, кој имаше рана од меч и остана жив” (Откровение 13:11-14). {ГБ 441.2}

Роговите како кај јагне, а гласот како на змев симболично укажуваат на забележливата противречност меѓу начелата и постапувањето на вака прикажаната нација. „Говорот“ на една нација се одлуките на нејзините законодавни и судски власти. Со овие одлуки ќе ги негира слободоумните и мирољубиви начела што ги поставила како основа на својата државна политика. Пророштвото дека ќе зборува „како змев“ и „ја извршува сета власт на првиот ѕвер“, јасно го нагласува развојот на духот на нетолеранција и прогонство што го покажале и народите претставени со змевот и со ѕверот сличен на леопард. А изјавата дека ѕверот со два рога како кај јагне ќе направи „целата земја и жителите нејзини да му се поклонат на првиот ѕвер“ покажува дека оваа нација својата власт ќе ја злоупотреби да наметне држење на нешто со што ќе му укажува чест на папството. {ГБ 442.1}

Ваквата постапка директно би се спротивставувала на начелата на оваа држава, на духот на нејзините слободни институции, на директните и свечени одредби на Декларацијата за независност и на Уставот. Основачите на нацијата мудро настојувале да ја лишат црквата од световна власт, бидејќи тоа може да доведе до неизбежни последици како што се нетрпеливост и прогонство. Уставот предвидува дека: „Конгресот не смее да озакони почитување на некоја религија, ниту пак да го забрани нејзиното слободно исповедање“, и дека религиозната припадност никогаш не смее да биде услов за добивање на било која одговорна јавна функција во Соединетите Држави“. Само со флагрантно кршење на овие заштитни мерки на националната слобода, државната власт би можела да наметне почитување на некој религиозен пропис. Меѓутоа, недоследноста во една таква постапка не би можела да биде поголема отколку што е прикажана со овој симбол. Ѕверот со рогови како кај јагне - според своите уверувања чист, благороден и безопасен - зборува како змев. {ГБ 442.2}

„Велејќи им на жителите на земјата, да направат лик (икона) на Ѕверот“. Овде јасно се изнесува дека во државното уредување на таа земја законодавната власт е во рацете на народот. Ова е силен доказ дека Соединетите Држави се нацијата означена во ова пророштво. {ГБ 443.1}

Но, што значи „лик на ѕверот“, и како тој треба да биде направен? Ликот на првиот ѕвер ќе му го направи ѕверот со два рога. Затоа тој и се нарекува лик (икона) на ѕверот. За да дознаеме што е тоа лик (икона) и како треба да биде направен, мораме да ги проучиме карактеристиките на самиот ѕвер, односно папството. Кога црквата на почетокот се расипала, оддалечувајќи се од едноставноста на евангелието и прифаќајќи ги незнабожечките обичаи и обреди, таа го загубила Духот и Божјата сила; а за да може да владее над совеста на луѓето, таа барала поддршка од државните власти. Како резултат на тоа се појавило папството - се појавила црква која владеела над државата и истата ја користела за постигнување на своите цели, особено за казнување на ’еретиците‘. За да можат Соединетите Држави да му направат лик (икона) на ѕверот, црковната власт мора во голема мера да ја контролира граѓанската власт, со што црквата ќе може да ја употреби државната власт за постигнување на своите цели. {ГБ 443.2}

Секогаш кога црквата во свои раце ја имала државната власт, таа ја употребувала да го казни оние кои не го прифаќале нејзиното учење. Протестантските цркви, кои оделе по стапките на Рим, соединувајќи се со световните власти, покажале слична желба да ја ограничат слободата на совеста. Пример за тоа е Англиканската црква која долго време ги прогонувала оние што не се согласувале со нејзиното учење. Во текот на шеснаесеттиот и седумнаесеттиот век илјадници проповедници, што се осмелиле да мислат поинаку, биле присилени да ги напуштат своите цркви, и многу пастори и членови биле изложени на казни, затвор, тортура и маченичка смрт. {ГБ 443.3}

Токму отпадот уште во почетокот ја навел црквата да побара помош од државата, а тоа го подготвило патот за развојот на папството, ѕверот. Павле рекол: „Зашто оној ден нема да настапи додека најнапред не дојде отпаѓање и не се открие Човекот на гревот“ (2. Солунјаните 2:3). Значи, отпадот во црквата ќе му го подготви патот на ликот на ѕверот. Библијата кажува дека пред Господовото доаѓање ќе настане состојба на верско опаѓање, слична на онаа во првите векови. „Но ова знај го: во последните денови ќе настанат тешки времиња. Зашто луѓето ќе станат себељубиви, среброљубиви, самофалци, горделивци, хулители, непокорни кон родителите, неблагодарни, неправедни, безбожници, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољубиви отколку богољубиви, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле“ (2. Тимотеј 3:1-5). „А Духот јасно зборува дека во последните времиња некои ќе отстапат од верата, слушајќи измамнички духови и злодуховски учења“ (1. Тимотеј 4:1). Сатаната ќе дејствува „со секаква сила и знаци и лажни чудеса, и со секакво неправедно измамување“. А сите што „не ја примиле љубовта на вистината та да би се спасиле“, ќе бидат препуштени самите на себе за да прифатат „сила на заблуда за да поверуваат на лагата“ (2. Солунјаните 2:9-11). Кога ќе настапи оваа состојба на безбожност, тогаш ќе настапат истите последици како и во првите векови. {ГБ 444.4}

Големата разновидност во верувањата што постојат во протестантските цркви, мнозина ја сметаат за силен доказ дека никогаш не може да се постигне присилно верско единство. Па сепак, веќе со години во протестантските цркви постои сè посилен стремеж да се обединат врз основа на учењата што им се на сите заеднички. За да се постигне такво единство, мора да се избегнат дискусии за оние прашања во кои не постои единство на мислење, без оглед на тоа колку се тие важни од библиска гледна точка. {ГБ 444.1}

Чарлс Бичер, угледен американски говорник, во една своја проповед во 1846 година рекол дека свештенството на „евангелско-протестантските заедници уште од почеток е создавано не само под силен притисок исклучиво на човечки страв, туку дека тоа живее, дише и се движи во длабока расипаност и секогаш се повикува на пониските елементи на својата природа за да ја замолкне вистината и да потклекне пред силата на отпадот. Зарем по овој пат не одел и Рим? Зарем нема и ние да го доживееме тоа? И што гледаме ние токму пред себе? Нов сеопшт собор! Еден светски договор! Евангелистички сојуз и единствена вероисповед!“ (Sermon on “The Bible a Sufficient Creed,” delivered at FortWayne,Indiana,Feb.22,1846). Кога еднаш ќе се постигне тоа, тогаш, во настојувањето да се постигне целосно единство, ќе остане само еден чекор до примена на сила. {ГБ 444.2}

Кога водечките цркви во Соединетите Држави, обединувајќи се во оние точки на учење кои им се заеднички, ќе почнат да влијаат врз државата да ги наметне нивните прописи и да ги поддржи нивните институции, тогаш протестантска Америка ќе и направи лик (икона) на римската хиерархија, а неизбежна последица на тоа ќе биде наметнување на граѓански казни за оние што веруваат поинаку. {ГБ 445.1}

Ѕверот со два рога „ќе направи сите - мали и големи, богати и сиромашни, слободни и робови - да им се даде ознака (жиг) на десната рака или на челото, и никој да не може ниту да купи ниту да продаде, освен оној, кој има ознака: името на Ѕверот или бројот на неговото име“ (Откровение 13:16,17). Опомената на третиот ангел гласи: „Ако некој му се поклони на Ѕверот, и на неговиот лик (икона), и прими ознака (жиг) на своето чело или на својата рака, ќе пие од виното на Божјиот гнев“ (Откровение 14:9). „Ѕверот“ што се споменува овде, чиешто обожавање ќе го изнуди ѕверот со два рога, е првиот ѕвер, сличен на леопард, од Откровението 13. глава - папството. „Ликот на ѕверот“ го претставува оној облик на отпаднатиот протестантизам што ќе се развие кога протестантските цркви ќе бараат помош од државата принудно да ги наметнат своите догми. Останува уште да ја дефинираме „ознаката (жиг) на ѕверот”. {ГБ 445.2}

По опомената да не му се поклонуваме на ѕверот и на неговиот лик (икона), пророштвото кажува: „Тука е трпението на светиите; тука се оние што ги пазат заповедите Божји и верата во Исус“. Бидејќи оние што ги држат Божјите заповеди овде се поставени наспроти оние што му се поклонуваат на ѕверот и на неговиот лик (икона) и го прифаќаат неговиот жиг (ознака), од тука јасно се гледа дека почитувањето на Божјиот закон од една страна, и неговото престапување, од друга страна, ја прават разликата меѓу оние што му се поклонуваат на Бога и оние што му се поклонуваат на ѕверот. {ГБ 445.3}

Посебно обележје на ѕверот, а со тоа и на неговиот лик (икона), е кршењето на Божјите заповеди. Даниел кажува за малечкиот рог, односно за папството: „И ќе помислува да ги измени времињата и Законот“ (Даниел 7:25). Павле истата власт ја нарекол „човек на беззаконието“ („човек на гревот“), кој се издигнува над Бога. Овие две пророштва меѓусебно се дополнуваат. Само со менување на Божјиот закон папството можело да се издигне над Бога. Оној што свесно го држи вака изменетиот закон, со тоа и оддава највисока чест на силата што ја направила промената. Таквата послушност кон папските закони е знак на верност кон папата, наместо кон Бога. {ГБ 446.1}

Папството се обидело да го промени Божјиот закон. Втората заповед, која забранува обожавање на икони, е отстранета од Законот, а четвртата заповед е изменета, така што наместо саботата како седми ден, го прогласува за празник првиот ден во седмицата. Но приврзаниците на папството тврдат дека втората заповед е отстранета затоа што таа, според нивно мислење, е содржана во првата, и според тоа е излишна, и дека тие законот го даваат точно во оној облик како што сакал Бог да биде сфатен Законот. Но тоа не може да биде онаа промена што ја претскажал пророкот. Овде станува збор за намерна и добро промислена промена: „И ќе помислува да ги измени времињата и Законот“. Промената извршена во четвртата заповед точно го исполнува пророштвото. Црквата тврди дека само таа има власт да изврши таква промена. Со тоа папската сила отворено се издигнува над Бога. {ГБ 446.2}

Додека почитувачите на Бога особено се познаваат по тоа што ја држат четвртата заповед - зашто таа е знак на Божјата творечка моќ и сведок дека само Тој како Творец има право на почитување од страна на луѓето - почитувачите на ѕверот ќе се познаваат по нивните напори да го срушат денот кој претставува спомен на создавачката моќ на Творецот за да ја издигнат установата на Рим. Во полза на неделата папството прво истапило со свои дрски барања (Види Додаток); и во своето настојување присилно да го наметне празнувањето на неделата како „Господов ден”, првпат ја повикало на помош државната власт. Но Библијата упатува на седмиот ден како Господов ден, не на првиот. Христос рекол: „Па така, Синот Човечки е господар и на саботата“ (Марко 2:28). Четвртата заповед вели: „А седми ден е сабота Господова, ден на твојот Бог“. Преку пророкот Исаија сам Господ овој ден го нарекува: „Светиот Мој ден“ (Исаија 58:13). {ГБ 446.3}

Толку често истакнуваното тврдење дека Христос ја променил саботата е побиено со Неговите сопствени зборови. Во Својата проповед на гората Тој вели: „Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам. Зашто, вистина, ви велам: дури постојат небото и земјата, ниту една буквичка или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сè. И така, оној што ќе наруши една од тие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе се нарече најмал во царството небесно, а оној што ќе ги исполни и поучи, тој ќе се нарече голем во царството небесно“ (Матеј 5:17-19). {ГБ 447.1}

Непобитен е фактот што го признаваат сите протестанти дека Светото Писмо не ја одобрува промената на саботата. Тоа јасно се гледа од изданијата на Американското друштво за трактати и Унијата на Американските неделни школи. Едно од овие дела признава дека „Новиот завет не зборува за никаква изрична заповед ниту за некаков пропис да се празнува неделата“ (George Elliott, The Abiding Sabath, page 184). {ГБ 447.2}

Друг вели: „Сè до Христовата смрт не е направена никаква промена во врска со денот“ и „според постојните извештаи, апостолите не дале никаква заповед за напуштање на саботата како седми ден и за празнување на првиот ден во седмицата како седми“ (A. E. Waffle, The Lord’s Day, pages 186-188). {ГБ 447.3}

Римокатолиците признаваат дека промената на саботата ја извршила нивната црква и изјавуваат дека со празнувањето на неделата протестантите ја признаваат нивната власт. Во книгата „Католички катихизис на христијанската вера“, на прашањето кој ден треба да се празнува според четвртата заповед, се дава следниот одговор: „За време на стариот закон, саботата била посветен ден; но црквата, поучена од Исуса Христа и под водство на Божјиот Дух, ја заменила саботата со недела, така што ние сега го празнуваме првиот, а не седмиот ден. Тоа значи дека сега неделата е Господов ден”. {ГБ 447.4}

Како знак на авторитетот на Католичката црква, папските писатели цитираат: „Токму оваа промена на саботата во недела со која се согласуваат и протестантите... бидејќи, со празнувањето на неделата тие ја признаваат власта на црквата да ги одредува празниците и дека престапувањето на тие празници претставува грев“ (Henry Fuberville, An Abridgment of the Christian Doctrine, page 58). Според тоа, што е друго промената на саботата ако не жиг или знак на моќта на Римската црква -„жиг на ѕверот”? {ГБ 448.1}

Римската црква не се откажала од своето барање за превласт, и кога светот и протестантските цркви ќе ја прифатат нејзината сабота, а ќе ја отфрлат библиската сабота, тогаш тие всушност ја признаваат нејзината власт. За оваа промена тие можат да се повикуваат на авторитетот на отците и на преданијата, но, постапувајќи така, го побиваат токму она начело кое ги одделува од Рим - дека „Библијата, и само Библијата, е верата на протестантите“. Секој приврзаник на Рим може да види дека протестантите се лажат самите себеси и дека во овој случај намерно ги затвораат очите пред фактите. Кога движењето за присилно наметнување на неделата наидува на одобрување, приврзаниците на Рим се радуваат, знаејќи дека со текот на времето целиот протестантски свет ќе дојде под знамето на Рим. {ГБ 448.2}

Приврзаниците на Рим изјавуваат дека „празнувањето на неделата од страна на протестантите е почит кон авторитетот на Католичката црква, макар и против нивна сопствена волја“ (Mgr. Segur, Plain Talk About the Protestantism of Today, page 213). Принудното празнување на неделата од страна на протестантските цркви значи принудно давање почит на папството - односно на ѕверот. Оние што го сфаќаат барањето на четвртата заповед, па сепак, ја празнуваат лажната, наместо вистинската сабота, со тоа и оддаваат почит на онаа власт, по чијашто наредба е извршена таа промена. Но токму со тоа што црквите со помош на световните власти сакаат да ги присилат луѓето да извршуваат верски должности, тие сами му прават лик (икона) на ѕверот; според тоа, присилувањето да се празнува неделата во Соединетите држави е присилување да се почитува ѕверот и неговиот лик (икона). {ГБ 448.3}

Но, христијаните во минатите векови ја празнувале неделата мислејќи дека ја празнуваат библиската сабота. И денеска сè уште има вистински христијани во сите христијански цркви, а не само во Римокатоличката, кои искрено веруваат дека неделата е од Бога одредената сабота. Бог ја прифаќа нивната искрена намера и нивната чесност. Но, кога празнувањето на неделата ќе биде наметнато со закон, и кога светот потполно ќе биде упатен и просветлен во врска со должностите кон вистинската сабота, тогаш сите што ќе ја прекршат Божјата заповед за да ја послушаат наредбата зад која што не стои поголем авторитет од оној на Рим, со тоа ќе му оддадат поголема почит на папството отколку на Бога. Тие го почитуваат Рим и власта што наметнува да се почитува установата што ја вовел Рим. Тие му се поклонуваат на ѕверот и на неговиот лик (икона). Кога луѓето ќе ја отфрлат установата за која Бог рекол дека е знак на Неговиот авторитет, а наместо неа ја почитуваат онаа што ја избрал Рим да биде знак на неговата врховна власт, тие на тој начин примаат знак на верност кон Рим - „жиг на ѕверот“. Дури тогаш, кога сето тоа ќе им биде јасно на луѓето, и тие ќе се најдат во положба да бираат меѓу Божјите и човечките заповеди, тогаш оние што ќе останат во својот престап, ќе примат „жиг на ѕверот”. {ГБ 449.1}

Најстрашна закана, која некогаш им е упатена на смртниците, е содржана во пораката на третиот ангел. Гревот за кој тука станува збор, и што го предизвикува излевањето на Божјиот гнев непомешан со милост, мора навистина да е страшен. Луѓето не смеат да останат во темнина во врска со овој мошне важен предмет. Предупредувањето против овој грев треба да му се објави на светот уште пред излевањето на Божјите судови за сите да можат да знаат зошто тие треба да се излеат и да им се даде можност да ги избегнат. Пророштвото кажува дека првиот ангел му ја објавува својата вест „на секое племе и колено, јазик и народ“. Предупредувањето на третиот ангел, што е составен дел од истата тројна вест, исто така мора да му се објави на целиот свет. Според пророштвото, оваа опомена ќе биде објавена „со силен глас“ од страна на еден ангел кој лета среде небото и кој ќе го привлече на себе вниманието на целиот свет. {ГБ 449.2}

На крајот на борбата целото христијанство ќе биде поделено на два големи дела - едните кои ги држат Божјите заповеди и верата Исусова, и другите кои му се поклонуваат на ѕверот и на неговиот лик (икона) и го примаат неговиот жиг. Иако црквата и државата ќе ја соединат својата моќ да ги присилат „сите мали и големи, богати и сиромаси, слободни и робови“ да примат „жиг на ѕверот“ (Откровение 13:16), сепак, Божјиот народ нема да го прими. Пророкот уште на Патмос ги видел „оние кои го победија Ѕверот и неговиот лик (икона) и бројот на неговото име - стоеја на стакленото море и имаа харфи Божји, и ја пееја песната на Мојсеја, Божјиот слуга, и песната на Јагнето” (Откровение 15:2,3). {ГБ 450.1}