23 Што е тоа светилиште?

Библиски текст кој повеќе од кој било друг беше темел и главен столб на адвентната вера е библиската изјава: „Две илјади и триста вечери и утрини; и тогаш светилиштето ќе се очисти“ (Даниел 8:14). Овие зборови им беа добро познати на сите што веруваа во скорешното Господово доаѓање. Илјадници усни го повторуваа ова пророштво како лозинка на својата вера. Сите чувствуваа дека од настаните проречени во ова пророштво зависат нивните најсветли очекувања и нивните најмили надежи. Се покажа дека овие пророчки денови завршуваат во есента 1844. година. Тогаш адвентистите веруваа, како и останатиот христијански свет, дека земјата, или еден нејзин дел, е Светилиште. Сфатија дека чистењето на Светилиштето значи чистење на земјата со оган во последниот голем ден и дека тоа ќе се случи во времето на второто Христово доаѓање. Оттаму и заклучокот дека Христос ќе се врати на земјата во 1844. година. {ГБ 409.1}

Но, одреденото време помина, а Господ не се појави. Верните знаеја дека Божјото слово не може да згреши и дека мора да е погрешно нивното толкување на пророштвото; но каде беше грешката? Мнозина побрзаа да го намалат јазот на тешкотиите со непромислената изјава дека пророчките 2300 дена не завршиле во 1844. година. Во прилог на тоа не можеа да наведат никакви други докази, освен дека Христос не дојде во времето кога Го очекуваа. Тие тврдеа дека ако пророчките денови завршиле во 1844. година, тогаш Христос веќе би се вратил да го исчисти Светилиштето преку чистењето на земјата со оган; но, бидејќи Тој не дојде, тогаш ни овие пророчки денови сè уште не се завршени. {ГБ 409.2}

Да се прифатеше овој заклучок, ќе значеше да се напушти дотогашното сметање на пророчките времиња. Било утврдено дека 2300 пророчките денови започнале кога стапила во сила заповедта на Артаксеркс за обнова и за изградба на Ерусалим есента 457. година пред Христа. Ако го земеме ова како појдовна точка, тогаш гледаме совршен склад при толкувањето на сите настани што се означени во Даниел 9:25-27. Шеесет и деветте седмици, односно првите 483. од 2300 години, требало да досегнат до Месијата, Помазаникот; а Христовото крштевање и помазание со Светиот Дух во 27-та година точно го исполниле ова пророштво. Во половината на седумдесеттата седмица Помазаникот требало да биде предаден на смрт. Три и пол години по своето крштевање, во пролетта 31-та година, Христос бил распнат. Седумдесетте седмици или 490. години требало да се однесуваат особено на Евреите. На крајот од овој временски период оваа нација го запечатила своето отфрлање на Христа со прогонството на Неговите ученици, и апостолите 34-та година по Христа почнале да им проповедаат на незнабошците. Бидејќи истекле првите 490. од 2300 години, преостанале уште 1810 години. Овие 1810 години се протегаат од 34-та година по Христа сè до 1844. година. „Тогаш“, според зборовите на ангелот, „Светилиштето ќе се очисти“. Сè што е наведено во пророштвото се исполнило точно во определеното време. {ГБ 410.1}

Во ова пресметување сè беше јасно и хармонично, само што не можеше да се увиди дали се исполнил некој настан кој би одговарал дека чистењето на Светилиштето се случило во 1844. година. Да се негира дека пророчките денови истекуваат во 1844. година би значело да се внесува забуна во целото прашање и да се напушти ставот што се темелеше на непогрешливото исполнување на пророштвото. {ГБ 410.2}

Но, Бог го водеше Својот народ во големото адвентно движење; ова дело беше придружувано со Неговата сила и слава и Тој не сакаше да дозволи тоа да се заврши во темнина и со разочарување и да се прикаже како лажна и фанатична возбуда. Тој не можеше да дозволи да се внесе сомнеж во Неговото слово и истото да се смета за несигурно. Иако мнозина го напуштија своето поранешно сметање на пророчките времиња и ја негираа исправноста на движењето засновано врз него, имаше и такви кои не беа подготвени да ги напуштат оние точки на верата и искуството што беа поткрепени со Светото Писмо и со сведоштвото на Божјиот Дух. Веруваа дека во своето проучување на пророштвата прифатиле здрави начела на толкување и дека нивна должност е цврсто да ја држат до сега усвоената вистина и да продолжат со библиските истражувања. Со сериозна молитва повторно го испитуваа својот став и го проучуваа Светото Писмо за да ја откријат својата грешка. Бидејќи не можеа во своето сметање на пророчките времиња да пронајдат грешки, почнаа подлабоко да го испитуваат предметот на Светилиштето. {ГБ 410.3}

Истражувајќи утврдиле дека нема библиски докази што би го поткрепиле општото мислење дека земјата е Светилиште. Но во Библијата нашле целосно објаснување за предметот на Светилиштето, детали за неговата структура, за локацијата и за службата во него; а сведоштвото на Светото Писмо било толку јасно и опширно, што било исклучено секое натамошно сомневање. Во посланието до Евреите апостол Павле вели: „Така и во првиот завет имаше уредби за богослужение и земно светилиште; зашто скинијата беше направена вака: во првиот дел се наоѓаа светилникот, трпезата и изложените лебови; тој дел е наречен „Свето Место“. А зад втората завеса од скинијата беше делот, наречен „светиња над светињите“; во неа се наоѓаше златната кадилница и од сите страни опкован со злато ковчегот на заветот, во кој стоеја златниот сад со мана и расцутениот жезол на Арон, како и плочите на заветот, а над него - херувими на славата, што го осенуваа чистилиштето” (Евреите 9:1-5). {ГБ 411.1}

Светилиштето на кое упатува Павле бил шаторот за состанок, изграден од Мојсеј по Божја наредба како земно престојувалиште на Севишниот. „Нека Ми изградат Светилиште, за да можам да престојувам меѓу нив“ (Излез 25:8), гласело упатството дадено на Мојсеј за време додека бил со Бога на гората. Израелците патувале низ пустината, а шаторот за состанок бил конструиран така што можел да се пренесува од едно на друго место; сепак, тоа била величествена градба. Неговите ѕидови се состоеле од исправени штици обложени со злато што биле вглавени во сребрени подножја, додека покривот бил направен од низа завеси или покривки. Надворешните покривки биле изработени од кожа, а внатрешните од фино платно со прекрасно извезени фигури на херувими. Освен надворешното предворје (тремот), во кој се наоѓал жртвеникот за жртви паленици, шаторот за состанок се состоел од две одделенија, од светиња и од светиња над светињите, меѓусебно разделени со скапоцена и прекрасна завеса; слична завеса го затворала и влезот во првото одделение. {ГБ 411.2}

Во првото одделение, односно во светињата, на јужната страна, се наоѓал светилник со седум светилки кои дење и ноќе ја осветлувале светињата; на северната страна се наоѓала трпеза за обредни лебови; а пред завесата што ја делела светињата од светињата над светињите стоел златен кадилен олтар од кој секој ден се издигнувал кон Бога облак од мирисен темјан со молитвите на Израел. {ГБ 412.1}

Во светињата над светињите се наоѓал ковчегот на заветот, ковчег од скапоцено дрво оковано во злато во кој биле двете камени плочи на кои Бог ги напишал десетте заповеди. Над ковчегот се наоѓал поклопец - престол на милоста - величествено уметничко дело од злато, наткрилен со два херувима изработени од злато, по еден на секој крај. Во ова одделение Божјото присуство се откривало во облакот на славата меѓу двата херувима. {ГБ 412.2}

Кога Евреите се населиле во Ханан, шаторот за состанок бил заменет со Соломоновиот храм кој, иако трајна и поголема градба, сепак, ги задржал истите пропорции и бил слично уреден. Во овој облик Светилиштето постоело - освен во времето на Даниел кога лежело во урнатини - сè до неговото разурнување од страна на Римјаните во 70-та година по Христа. {ГБ 412.3}

Тоа е единственото Светилиште што кога и да е постоело на земјата, а за кое Библијата дава податоци. Павле го нарекува Светилиште на првиот завет. А зарем Новиот завет нема Светилиште? {ГБ 412.4}

Кога истражувачите на вистината повторно почнале да го проучуваат посланието до Евреите, пронашле дека постоењето на друго, или новозаветно Светилиште, е опфатено со следните зборови на апостол Павле: „Така и во првиот завет имаше уредби за богослужение и земно светилиште“ (Евреите 9:1). Употребата на сврзникот „и“ укажува на тоа дека Павле веќе порано го спомнал ова Светилиште. Враќајќи се на почетокот на претходната глава, читаме: „А најважното од ова што го зборуваме, е дека имаме таков Првосвештеник, Кој седна од десната страна на престолот на величието на небесата, и е служител на светилиштето и на вистинската скинија што ја постави Господ, а не човек” (Евреите 8:1.2). {ГБ 413.1}

Овде е откриено Светилиштето на Новиот завет. Светилиштето на првиот завет го направил човек. Него го изградил Мојсеј; а ова, второво, го направил Бог, а не човек. Во првото Светилиште вршеле служба земни свештеници, а во второто служи Христос, нашиот Првосвештеник, од десната страна на Бога. Првото Светилиште било на земјата, а второто е на небото. {ГБ 413.2}

Понатаму, Светилиштето што го направил Мојсеј е направено според одреден образец. Господ му рекол: „Сè, направете како што ќе ти покажам Јас на планината: и образецот на скинијата, и образецот на сите предмети во неа - така да направите“ (Излез 25:9). И пак му наредил: „И гледај да ги направиш според образецот, што ти беше покажан на планината“ (Излез 25:40). И Павле вели дека првото Светилиште „е симбол на сегашното време, во кое се принесуваат дарови и жртви“, дека светите места на шаторот биле „образ и сенка на небесните работи“, дека свештениците што принесувале жртви според законот служеле на „образот и на сенката на небесните работи“ и дека „Христос не влезе во ракотворено светилиште, кое е само образец на вистинското, туку во самото небо, за да се јави сега пред лицето на Бога за нас“ (Евреите 9:9,23; 8:5; 9:24). {ГБ 413.3}

Светилиштето на небото, во кое Христос служи за нас, претставува голем оригинал, додека Светилиштето што го направил Мојсеј е само копија. Бог им го дал Својот Дух на градителите на земното Светилиште. Големата уметничка вештина и дарба што дошле до израз при градењето на Светилиштето всушност биле манифестација на божествената мудрост. Ѕидовите изгледале како да се направени од чисто злато и на сите страни ја одблеснувале светлината што доаѓала од седумте светилки на златниот светилник. Трпезата за обредни лебови и кадилниот олтар светеле како исполирано злато. Богато украсената завеса што го сочинувала таванот, извезена со слики на ангели во сина, пурпурна и црвена боја, уште повеќе ја разубавувала глетката. А зад втората завеса се наоѓала светата Шехина, видлива манифестација на Божјата слава, пред која никој не смеел да влезе и никој не можел да преживее освен првосвештеникот. {ГБ 414.1}

Неспоредливиот сјај на земниот шатор пред човечкиот поглед ја откривал славата на небесниот храм, каде што Христос како наш посредник, служи за нас пред Божјиот престол. Местото каде што престојува Царот над царевите, каде што Му служат илјадници, а десет илјади по десет илјади стојат пред Него (Даниел 7:10) - небесниот храм, исполнет со слава на вечниот престол, каде што неговите свети чувари, серафимите, го покриваат своето лице кога Му се поклонуваат - можел само бледо да ја открие својата големина и слава во оваа највеличествена градба што кога и да е ја подигнале човечки раце. Но, сепак, со помош на земното Светилиште и со службата во него се проповедани големите вистини за небесното Светилиште и за големото дело што се врши во него заради откупот на човекот. {ГБ 414.2}

Светите места на небесното Светилиште се прикажани со помош на две одделенија на земното Светилиште. Кога на апостол Јован во видение му било дозволено да го погледне Божјиот храм на небото, тој видел како „пред престолот гореа седум огнени светила“ (Откровение 4:5). Видел ангел „со златна кадилница и застана пред жртвеникот; и му беше даден многу темјан, та со молитвите на сите светии да го постави на златниот жртвеник што беше пред престолот“ (Откровение 8:3). Тука на пророкот му било дозволено да го види првото одделение на небесното Светилиште каде што видел „седум огнени светила“ и „златен жртвеник“, кои биле претставени со златниот светилник и со кадилниот олтар во земното Светилиште. Понатаму, видел како „на небото се отвори храмот на Бога“ (Откровение 11:19), и тој погледнал во внатрешноста зад втората завеса, во светињата над светињите. Таму го видел „ковчегот на заветот“, претставен со светиот ковчег што го направил Мојсеј за во него да се чува Божјиот закон. {ГБ 414.3}

Така, оние што го проучуваа овој предмет најдоа несоборливи докази за постоење на Светилиште на небото. Мојсеј го направил земното Светилиште според образецот што му го покажал Бог. Павле нè учи дека овој образец бил вистинското Светилиште кое постои на небото, а Јован сведочи дека тоа Светилиште го видел на небото. {ГБ 415.1}

Во небесниот храм, каде што престојува Бог, се наоѓа Божјиот престол утврден врз правда и суд. Во светињата над светињите се наоѓа Неговиот закон, големото мерило на правдата, според кое Бог ќе им суди на сите луѓе. Над ковчегот на заветот, во кој се чуваат плочите на Законот, се наоѓа престолот на милоста, пред кој Христос ги изнесува заслугите на Својата крв за спасение на грешниците. Вака е претставено соединувањето на правдата и милоста во планот на човековото избавување. Вакво единство можела да замисли само неизмерната мудрост, а да ја изврши само неизмерната моќ; тоа е единство што го исполнува целото небо со восхит и почит. Херувимите, кои со стравопочит гледаат на престолот на милоста во земното Светилиште, го претставуваат интересирањето со кое небесната војска го посматра делото на спасението. Ова е тајната на милоста во која сакаат да загледаат и ангелите: дека Бог може да остане праведен и тогаш кога го правда покајаниот грешник, повторно воспоставувајќи ја врската со паднатиот род; дека Христос можел да се понизи за да извлече безбројно мноштво од бездната на пропаста и да ги облече во чиста облека на Својата праведност за да можат да се соединат со ангелите кои никогаш не паднале и вечно да живеат во Божјо присуство. {ГБ 415.2}

Христовото дело како посредник за човекот е претставено со прекрасното пророштво на Захарија за Оној „чие име е Зачетник“. Пророкот вели: „Тој ќе го изгради Господовото Светилиште и ќе се прослави. Тој ќе седи и ќе владее на Својот престол. А ќе биде и свештеник на престолот Свој. Совршена складност ќе биде меѓу нив” (Захарија 6:12,13). {ГБ 415.3}

„Тој ќе го изгради Господовото Светилиште“. Со Својата жртва и посредување Христос е и темел и градител на Божјата црква. Апостол Павле упатува на Него како на темелен камен „врз Кого целата зграда, стројно зглобена прераснува во свет храм на Господ; врз Кого и вие ќе се соѕидате во живеалиште Божјо преку Духот“ (Ефесјаните 2:20-22). {ГБ 416.1}

„И ќе се прослави..“. Славата за спасението на паднатиот човечки род му припаѓа на Христа. Низ сите времиња на вечноста спасените ќе пеат: „Нему, Кој нè возљуби и изми од нашите гревови преку Својата крв... Нему слава и власт во вечни векови. Амин!” (Откровение 1:5,6). {ГБ 416.2}

„…Тој ќе седи и ќе владее на својот престол. А ќе биде и свештеник на престолот свој“. Сега уште не е на „престолот на Својата слава“, зашто царството на славата уште не е воспоставено. Дури кога ќе го заврши Своето дело како посредник, „ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давид... и царувањето Негово нема да има крај“ (Лука 1:32,33). Како свештеник, Христос сега седи со Отецот на Неговиот престол (Откровение 3:21). На престолот со Вечниот, Кој има во Себе живот, седи Оној кој „ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости“, „Кој бил искушан во сè како нас, освен гревот“, „може и на искушуваните да им помогне“. „Ако некој згреши, кај Отецот имаме Застапник“ (Исаија 53:4; Евреите 4:15; 2:18; 1. Јованово 2:1). Неговото посредување се темели на Неговото прободено и изнарането тело и на Неговиот безгрешен живот. Ранетите раце, прободените ребра и прикованите нозе говорат во прилог на паднатиот човек чиешто спасение е откупено со толку безмерно висока цена. {ГБ 416.3}

„И ќе има согласност за мир меѓу едниот и другиот“. Љубовта на Отецот, не помала од љубовта на Синот, е извор на спасение за паднатиот човечки род. Пред своето заминување, Исус им рекол на Своите ученици: „И не ви велам дека Отецот ќе го молам за вас; бидејќи Отецот Сам ве сака“ (Јован 16:26,27). „Зашто Бог го измири светот со Себе преку Христос“ (2. Коринтјаните 5:19). И во службата на небесното Светилиште „Совршена складност ќе биде меѓу нив“. „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот” (Јован 3:16). {ГБ 416.4}

На прашањето што е Светилиште, Светото Писмо дава јасен одговор. Изразот „Светилиште“, како што се употребува во Библијата, се однесува прво на шаторот за состанок што го направил Мојсеј според образецот на небесното Светилиште, а потоа на вистинскиот шатор на небото, на кој упатувало земното Светилиште. Со Христовата смрт завршила симболичната служба. „Вистинското Светилиште“ на небото е Светилиште на Новиот завет. А бидејќи пророштвото во Даниел 8:14 се исполнило во Новиот завет, мора и Светилиштето, на кое се однесува тоа, да биде Светилиште на Новиот завет. На крајот од пророчките 2300 дена, односно во 1844. година, веќе многу векови на земјата немало никакво Светилиште. Според тоа, пророштвото „Уште две илјади и триста вечери и утрини; и тогаш Светилиштето ќе се очисти“, без сомнение се однесува на Светилиштето на небото. {ГБ 417.1}

Но, ни останува уште да одговориме на најважното прашање: Што е тоа чистење на Светилиштето? Дека таква служба постоела во земното Светилиште, ни потврдува Стариот завет. Но, зар на небото има нешто што треба да се чисти? Во Евреите 9. глава јасно се зборува за чистење на земното како и на небесното Светилиште. „И речиси сѐ според Законот со крв се очистуваше, и без пролевање крв нема проштевање. И така, образите небесни требаше да се очистат на таков начин, а самото небесно со подобри жртви од овие“ (Евреите 9:22.23), односно со скапоцената Христова крв. {ГБ 417.2}

Чистењето и во симболичната и во вистинската служба мора да биде извршено со крв: во земното Светилиште со крвта на животни, а во небесното со Христовата крв. Павле ни ја дава причината зошто ова чистење мора да се изврши со крв: затоа што без пролевање на крв нема проштевање. Проштевањето, или отстранувањето на гревот е дело што треба да се изврши. Но како може гревот да се поврзе со Светилиштето, било тоа да е на небото или на земјата? Ова можеме да го дознаеме со помош на земната служба, зашто свештениците што ја вршеле својата служба на земјата им служеле на „образот и на сенката на небесните работи” (Евреите 8:5). {ГБ 417.3}

Службата во земното Светилиште се состоела од два дела. Свештениците секој ден служеле во светињата, додека првосвештеникот еднаш годишно во светињата над светињите вршел посебно дело на помирување за чистење на Светилиштето. Секојдневно покајните грешници ги донесувале своите жртви пред вратата на шаторот за состнок и ставајќи ја раката врз главата на жртвата, ги признавале своите гревови. На овој начин гревовите сликовито ги пренесувале од себе на невината жртва. Потоа животното било убиено. „Без пролевање крв“, вели апостолот, нема проштевање. „Зашто животот на телото е во крвта“ (Левит 17:11). Прекршениот Божји закон го барал животот на престапникот. Крвта, која го претставувала животот на грешникот, а чијашто вина ја преземала жртвата, свештеникот ја внесувал во светињата и со неа прскал пред завесата зад која се наоѓал ковчегот на заветот во кој бил сместен Законот што го престапил грешникот. Со овој обред сликовито гревот преку крвта е пренесен во светињата. Во некои случаи крвта не е внесувана во светињата, но тогаш свештеникот го јадел месото на жртвата, како што им кажал Мојсеј на синовите Аронови, велејќи: „Неа ви ја дава Господ вам да ја јадете, за да го ослободи целиот народ од грев“ (Левит 10:17). Обата овие обреди подеднакво го симболизирале пренесувањето на гревот од покајникот во Светилиштето. {ГБ 418.1}

Тоа била служба што се вршела секој ден во текот на целата година. На овој начин гревовите на Израелците се пренесувани во Светилиштето и била потребна посебна служба за нивно отстранување оттаму. Бог заповедал да се исчисти секое одделение во Светилиштето. „И да го очисти светилиштето од нечистотиите на синовите израелски и нивните престапи во сите нивни гревови“. Морал да се исчисти и олтарот - „за да го очисти и освети од нечистотиите на синовите израелски” (Левит 16:16,19). {ГБ 418.2}

Еднаш годишно, на големиот Ден на помирување, прво свештеникот влегувал во светињата над светињите за да го исчисти Светилиштето. Со ова дело се завршувала годишната низа на служби. На Денот на помирување пред вратата на шаторот за состанок биле доведени два јарца. За нив се фрлала ждрепка - „една ждрепка за Господ, а другата за отпуштање“ (Левит 16:8). Јарецот што би бил одреден за Господа требало да биде принесен за народот како жртва за грев. Свештеникот неговата крв ја внесувал зад завесата и со неа прскал над поклопецот на престолот на милоста и пред него. Со крвта требало да се попрска и кадилниот олтар што стоел пред завесата. {ГБ 419.1}

„Потоа да ги положи Арон двете свои раце врз главата на живиот козел, да ги исповеда над него сите беззаконија на синовите израелски, и сите нивни престапи, и сите нивни гревови, и да ги стави врз главата на живиот козел, и да го пушти преку раката на определен човек во пустината; и козелот ќе ги понесе врз себе сите нивни беззаконија во непроодна земја; и да го пушти козелот во пустината“ (Левит 16:21,22).

Жртвениот јарец не се вратил веќе во логорот на Израел, а човекот што го одвел морал да се измие и да ја испере својата облека пред да се врати во логорот. {ГБ 419.2}

Целиот обред бил одреден со цел на Израелците да им всади во срцето свест за светоста на Бога и за Неговата одвратност кон гревот и да им покаже дека не можат да дојдат во допир со гревот а да не се осквернат со него. Додека се вршела оваа служба на помирување, секоја душа морала да се кае. Сите работи морале да се остават настрана, а целиот израелски народ овој ден морал да го поминува во свечено каење пред Бога, во молитва, во пост и во длабоко испитување на срцето. {ГБ 419.3}

Со оваа симболичка служба народот бил поучуван на важните вистини за помирувањето. Наместо грешникот, примена е неговата замена; но со крвта на жртвуваното животно гревот не можел да биде избришан. Со ова е предвиден начинот како гревот ќе биде пренесен во Светилиштето. Со принесувањето на крвта грешникот го признал авторитетот на Законот, ја исповедал својата вина поради престапот и покажал желба за проштевање и вера во идниот Откупител; но уште не бил наполно ослободен од проклетството на Законот. На денот на чистење, првосвештеникот, откако ја презел жртвата од народот, со нејзината крв влегувал во светињата над светињите и со неа го попрскувал поклопецот на милоста, непосредно над Законот во ковчегот за да ги задоволи неговите барања. На тој начин тогаш тој како посредник ги примил гревовите на себе и ги изнел од Светилиштето. Полагајќи ги рацете врз главата на живиот јарец, ги признал над него сите гревови, и така симболично од себе ги пренел врз јарецот. Потоа јарецот гревовите ги однел в пустина, со што се сметало дека засекогаш се отстранети од народот. {ГБ 420.1}

Ваквата служба била „образ и сенка на небесните работи“. А она што во службата на земното Светилиште е извршено „во образ“, всушност се случува во службата на небесното Светилиште. По Своето вознесување, нашиот Спасител ја почнал Својата служба како наш Првосвештеник. Апостол Павле вели: „Зашто Христос не влезе во ракотворено светилиште, кое е само образец на вистинското, туку во самото небо, за да се јави сега пред лицето на Бога за нас” (Евреите 9:24). {ГБ 420.2}

Службата на свештеникот во текот на целата година во првото одделение на Светилиштето, во внатрешноста „зад завесата“, што служела како врата и го делела Светилиштето од надворешното предворје (тремот), го претставувала делото што го почнал Христос по Своето вознесување. Задача на свештеникот за време на секојдневната служба била да му принесува на Бога крв од жртвите за грев и мирисен темјан што се издигнувал со молитвите на Израелците. Така Христос ги изнесува пред Отецот заслугите на Својата крв за спасение на грешниците и со скапоцениот темјан на Својата сопствена праведност Му ги принесува молитвите на покајаните верници. Тоа била службата што се одвивала во првото одделение на небесното Светилиште. {ГБ 420.3}

Таму верата на Христовите ученици го следела својот Спасител кога се вознел на небото пред нивните очи. Тука била сосредочена нивната надеж, како што кажува Павле, „а која е за нашата душа цврста и сигурна котва, и која влегува дури зад завесата, каде што Исус за нас влезе најнапред, откако стана вечен Првосвештеник“. „Ниту со крв козја и телешка, туку со Својата крв влезе во светилиштето еднаш засекогаш и изврши вечен откуп” (Евреите 6:19.20; 9:12). {ГБ 421.1}

Осумнаесет векови е вршена оваа служба во првото одделение на Светилиштето. Христовата крв ги застапувала покајаните грешници, осигурувајќи им проштевање и прифаќање кај Отецот, но сепак нивните гревови сè уште останале запишани во небесните книги. Како што во симболичната служба на крајот од годината било извршено чистење, така пред Христос да го доврши откупот на човекот, треба исто да се изврши чистење, да се отстранат гревовите од Светилиштето. Тоа е онаа служба што почна кога истекоа предвидените 2300 дена. Како што прорекол пророкот Даниел, во тоа време нашиот Првосвештеник влегол во светињата над светињите да го изврши последниот дел од Својата свечена служба - да го исчисти Светилиштето. {ГБ 421.2}

Како што во старо време гревовите на народот со вера биле пренесувани прво врз жртвата за грев, а потоа со нејзината крв, симболички, во земното Светилиште; така и во новиот завет гревовите на оние што се каат, со вера се пренесени врз Христа и со Него, всушност, во небесното Светилиште. И како што во земното Светилиште е извршено отстранување на гревовите што го сквернавеле него; сега на ист начин мора да биде извршено и вистинско чистење на небесното Светилиште, да се отстранат или да се избришат гревовите што се запишани таму. Но, пред да може да се изврши тоа, мора да се испитаат книгите за да се утврди кој стекнал право со покајание и со вера во Христа да се користи со благодатта на Неговото помирување. Затоа чистењето на Светилиштето содржи извесно дело на истражување, дело на истражниот суд. Ова дело мора да биде извршено пред Христос да дојде да го избави Својот народ зашто, кога Тој ќе дојде, со Себе ја носи и Својата награда „за да му даде на секого според делата негови” (Откровение 22:12). {ГБ 421.3}

Така, оние што ја следеа светлината, дознаа од пророчкото слово дека Христос по истекот на пророчките 2300 дена, односно во 1844. година, не дојде на земјата, туку влезе во светињата над светињите на небесното Светилиште за да го изврши завршното дело на помирување како подготовка за Своето доаѓање. {ГБ 422.1}

Сфатиле исто така дека жртвата за грев укажувала на Христа како жртва, дека првосвештеникот го претставувал Христа како посредник, додека отпуштениот јарец го претставувал сатаната, причинителот на гревот, врз кого на крај ќе бидат ставени гревовите на искрените покајници. Кога првосвештеникот ги отстранувал гревовите од Светилиштето со крвта на жртвата за грев, тој истите ги полагал врз отпуштениот јарец. На крајот од Својата служба, кога Христос со Својата крв ќе ги отстрани гревовите на Својот народ од небесното Светилиште, ќе ги положи врз сатаната кој, при извршувањето на пресудата, мора да ја сноси конечната казна. Јарецот за грев бил одведен во пустина за никогаш веќе да не се врати во друштво на Израелците. Така сатаната засекогаш ќе биде протеран од Божјо присуство и од присуството на Неговиот народ и ќе биде уништен при конечното уништување на гревот и грешниците. {ГБ 422.2}