19 Светлина во темнина

Во сите векови Божјото дело на земјата во секоја голема реформација и во секое верско движење покажува голема сличност. Начелата на Божјото постапување со луѓето се секогаш исти. Важните движења во денешницава имаат сличности со оние од минатите векови, а искуствата на Црквата во изминатите векови содржат драгоцени поуки за нашето време. {ГБ 343.1}

Библијата јасно нѐ учи дека Бог со помош на Светиот Дух на посебен начин управува со Своите слуги на земјата во големите движења за продолжување на делото на спасението. Луѓето се орудија во Божјите раце со кои Тој се служи да ги оствари Своите добри и милосрдни намери. Секој има своја задача; секому му е дадена одредена мерка на светлина која одговара на потребите на неговото време и е доволна за извршување на должностите што му се дадени од Бога. Но, ниеден човек, колку и да е ценет од небото, никогаш не постигнал целосно сознание за големиот план на спасението, па ниту целосно ги сфатил божествените намери само за неговото време. Луѓето не разбираат потполно што сака Бог да постигне со задачата што им ја дал да ја извршат. Тие не го сфаќаат целосното значење на пораката што ја проповедаат во Негово име. {ГБ 343.2}

„Можеш ли во длабочините Божји да проникнеш?“ (Јов 11:7). „Моите мисли не се ваши мисли, ниту вашите патишта се Мои патишта, вели Господ. Но, како што е небото повисоко од земјата, така се и Моите патишта повисоки од вашите патишта, и мислите Мои повисоки од вашите мисли“. „Зашто јас сум Бог и нема друг Бог подобен на Мене. Јас го навестувам во почетокот она што ќе биде на крајот, од старо време она што уште не станало, па велам: ’Мојата одлука ќе се изврши, и сè што Ми е угодно - ќе го направам’” (Исаија 55:8,9; 46: 9,10). {ГБ 343.3}

Дури и пророците, кои биле посебно просветлени од Светиот Дух, не го сфатиле целосно значењето на откровенијата што им биле дадени. Значењето на нивните пророштва требало да се открива со векови подоцна, и тоа во часот кога на Божјиот народ му биле потребни упатствата содржани во нив. {ГБ 344.1}

Петар, пишувајќи за спасението откриено преку евангелието, вели: „Тоа спасение го бараа и испитуваа пророците што прорекоа за вашата благодат. Откако испитаа, во кое или какво време им јавуваше Духот Христов однапред, Кој беше во нив, сведочејќи за Христовите страдања и славата која иде по нив; ним им беше откриено дека тие не за самите себе служат, туку за вас” (1. Петрово 1:10-12). {ГБ 344.2}

Но, иако на пророците не им било дадено целосно да го сфатат значењето на она што им било откриено, сепак, тие искрено се труделе да ја разберат целата светлина што Бог им ја пратил. Испитувале „во кое или какво време им јавуваше Духот Христов однапред, Кој беше во нив“. Каква поука за Божјиот народ во христијанската ера, во чијашто полза се дадени овие пророштва на Неговите слуги! „Ним им беше откриено дека тие не за самите себе служат, туку за нас“. Погледнете ги овие свети Божји луѓе кои ги истражувале и ги испитувале откровенијата што им биле дадени за поколенијата што уште не биле ниту родени. Споредете ја нивната света ревност со безгрижната рамнодушност со која постапувале учителите на подоцнежните векови со овој небесен дар. Каков укор за оние кои во потрага за што полесен живот на овој свет рамнодушно се задоволуваат со изјавите дека пророштвата не можат да се разберат! {ГБ 344.3}

Иако ограничениот човечки ум е неспособен да навлезе во советите на Бесконечниот и целосно да ги сфати Неговите намери, сепак, причината зошто луѓето не можат толку добро да ги сфатат небесните пораки често лежи во нивните многубројни заблуди и во нивната немарност. Неретко умовите на луѓето, па дури и на Божјите слуги, се толку заслепени со човечки мислења, со преданија и со лажни учења, и поради тоа само делумно може да ги сфатат големите нешта што Тој ги открил во Своето слово. Така било и со Христовите ученици дури и кога Спасителот лично бил со нив. Нивните умови биле проткаени со широко распространетото мислење за Месијата како земен цар, кој Израел требал да го издигне на ниво на светско царство, и затоа не можеле да го сфатат значењето на Неговите зборови со кои ги претскажал Своите страдања и Својата смрт. {ГБ 344.4}

Самиот Христос ги испратил со пораката: „Времето се исполни и царството Божјо наближи; покајте се и верувајте во Евангелието“ (Марко 1:15). Оваа порака била заснована на пророштвото на Даниел 9. поглавје. Тука ангелот објаснува дека тие шеесет и две седмици допираат до „Кнезот Помазаник“, и учениците со големи надежи и со радост го очекувале скорешното воспоставување на царството на Месијата во Ерусалим кое ќе владее со целата земја. {ГБ 345.1}

Тие ја проповедале пораката што им ја доверил Христос, иако самите погрешно го сфатиле нејзиното значење. Додека нивната порака се темелела на пророштвото на Даниел 9:25, тие не забележале дека во следниот стих од истото поглавје Помазаникот требало да биде погубен. Уште од својата рана младост нивното срце копнеело за славно земно царство на кое се надевале, и тоа го заслепило нивното сфаќање во врска со даденото пророштво и со Христовите зборови. {ГБ 345.2}

Тие ја извршувале својата должност упатувајќи му го на еврејскиот народ повикот на милоста, а потоа, токму во часот кога очекувале нивниот Господ да се искачи на Давидовиот престол, виделе како е фатен како злосторник, тепан, измачуван, осуден и распнат на крстот на Голгота. Каков очај и какви душевни страдања ги мачеле срцата на учениците во тие денови кога нивниот Господ лежел во гробот! {ГБ 345.3}

Христос дошол точно во времето што било одредено и на начин проречен во пророштвото. Сведоштвото на Писмото се исполнило во секоја поединост од Неговата служба. Тој ја проповедал пораката за спасение и „Неговото слово беше силно“. Неговите слушатели почувствувале во своите срца дека Неговата беседа е небесна. Словото и Божјиот Дух ја потврдиле божествената мисија на Неговиот Син. {ГБ 346.1}

Учениците сѐ уште му биле лојални на својот сакан Учител, па сепак, нивните срца ги мачела неизвесност и сомневање. Во својот душевен страв, тие не се сетиле на Христовите зборови што упатувале на Неговите страдања и на Неговата смрт. Кога Исус од Назарет би бил вистинскиот Месија, зарем тие на таков начин би биле оставени во болка и разочарување? Тоа било прашањето што ги мачело нивните души додека Спасителот лежел во Неговиот гроб, за време на безнадежните часови, онаа сабота, меѓу Неговата смрт и Неговото воскресение. {ГБ 346.2}

Иако овие Христови следбеници ги обвила најтемна ноќ на тага, сепак, тие не биле оставени. Пророкот рекол: „Макар што сум сега во мрак - Господ е мојата светлина... Тој ќе ме изведе на светлина, и јас ќе ја видам правдата Негова” (Михеј 7:8,9). „И темнината нема да биде темнина за Тебе: и ноќта за Тебе е светла како ден и темнината како светлина” (Псалм 139:12). Бог рекол: „На праведните во темнина им изгрева светлина” (Псалм 112:4). „Ќе ги поведам слепите по пат, што тие не го знаат, ќе ги водам по нејзини патеки, темнината ќе ја претворам во светлина пред нив, а кривите патеки -прави: ете, што ќе направам Јас за нив, и нема да ги оставам” (Исаија 42:16). {ГБ 346.3}

Пораката што ја разгласиле учениците во Господовото име во секој поглед била точна, а настаните на кои укажувала таа, токму тогаш се одигрувале. „Се исполни времето и наближи царството Божјо”, гласела нивната порака. Кога поминало „времето” - оние шеесет и девет седмици од Даниел 9, времето што се протегало сѐ до Месијата, „Помазаникот” - Христос бил помазан од Светиот Дух, откако бил крстен во реката Јордан од Јован. А „Царството Божјо” што велеле дека се приближува, е воспоставено со Христовата смрт. Ова царство не било земно царство, како што биле научени да веруваат од детството. Тоа не било ниту идното непоминливо царство, што ќе биде воспоставено кога „царството и власта и царското величие по целиот поднебесен свод ќе му се даде на народот од светиите на Севишниот, чие царство е царство вечно и сите великодостојници ќе Му служат и ќе Му се покоруваат Нему“ (Даниел 7:27). Во библиската терминологија изразот „Царство Божјо“ се употребува да ги означи двете - и царството на милоста и царството на славата. Царството на милоста е опишано во Павловото послание до Евреите. Бидејќи укажал на Христа, на милостивиот Посредник, кој „може да сочувствува во нашите слабости“, апостолот продолжува: „И така, слободно да пристапуваме кон престолот на благодатта, за да примиме милост и да најдеме благодат за благовремена помош“ (Евреите 4:15,16). Престолот на благодатта или престолот на милоста го претставува царството на милоста, бидејќи самото постоење на престол подразбира постоење на царство. Во многу свои параболи Христос го употребувал изразот „Царството Небесно“ за да го опише делото на божествената милост во срцата на луѓето”. {ГБ 346.4}

На ист начин, престолот на славата го претставува Царството на славата; и на тоа царство се однесуваат следните зборови на Спасителот: „А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, и ќе се соберат пред Него сите народи” (Матеј 25:31,32). Ова царство сѐ уште е во иднина и нема да биде воспоставено сè до второто Христово доаѓање. {ГБ 371.1}

Царството на милоста било воспоставено веднаш по падот на човекот, кога бил создаден планот за откуп за грешниот човечки род. Тогаш тоа постоело само во Божјата намера и во Божјото ветување, а луѓето со вера можеле да станат негови граѓани. Тоа навистина е воспоставено дури по Христовата смрт, зашто, и откако ја почнал Својата земна мисија, Спасителот можел, уморен од тврдоглавоста и од неблагодарноста на луѓето, да се откаже од Својата жртва на Голгота. Во Гетсиманија чашата на страдање се тресела во Неговата рака. Дури и тогаш можел да ја избрише крвавата пот од Своето чело и да го пушти грешниот род да загине во својот грев. Кога би го сторил тоа, за паднатиот човек не би имало откуп. Но, кога Спасителот умирал и со Својот последен здив извикнал: „Се сврши!“, тогаш планот на спасението бил исполнет. Ветувањето за спасение што му било дадено на грешниот пар во Едем било ратификувано. Тогаш било воспоставено царството на милоста што порано постоело само во Божјото ветување. {ГБ 371.2}

Така Христовата смрт - токму оној настан што угасил секоја надеж кај учениците - е гаранција дека таа надеж ќе се исполни. Додека Христовата смрт страшно ги разочарала, таа всушност била најголем доказ дека нивната вера била исправна. Настанот што ги исполнил со жалост и очај, на секое Адамово дете му отворил врата на надеж, и од него зависел идниот живот и вечното блаженство на сите што се надевале на Бога во сите времиња. {ГБ 348.1}

Дури и во ова разочарување на учениците поради неисполнетите очекувања се исполниле намерите на неизмерната Божја милост. Иако нивните срца биле освоени со божествената милост и со силната наука на Оној за кого е кажано дека „никогаш човек не зборувал така како овој човек“, сепак, чистото злато на нивната љубов кон Христа било помешано со безвредни примеси на световна горделивост и на световна амбиција. Уште во горната соба, која била приготвена за јадење на пасхалното јагне, во оној свечен час кога Учителот веќе бил под сенката на Гетсиманија, „се појави меѓу нив и расправија, кој од нив да се смета за поголем“ (Лука 22:24). Пред нивните очи постојано им бил само престолот, круната и славата, додека непосредно им претстоеле срамот и агонијата на Гетсиманија, судницата и крстот на Голготата. Горделивоста на нивното срце и жедта за световна слава ги навеле тврдоглаво да се држат за лажните учења на своето време и да ги занемарат зборовите на Спасителот кои ја покажувале вистинската природа на Неговото царство и упатувале на Неговите душевни страдања и на Неговата смрт. А овие заблуди предизвикале тешко, но потребно искушение што служело за нивно поправање. Иако учениците погрешно го разбрале значењето на пораката и не виделе како ќе се исполнат нивните очекувања, сепак, тие ја објавиле опомената што им ја доверил Бог, и Бог ја ценел нивната послушност и ја наградил нивната вера. Тие добиле задача да ја шират славната вест на воскреснатиот Господ меѓу сите народи. За да бидат подготвени за ова дело, тие морале да поминат низ толку горко искуство. {ГБ 348.2}

По своето воскресение, Исус се појавил меѓу Своите ученици на патот за Емаус, „па, како почна од Мојсеј и од сите пророци, им зборуваше што е кажано за Него во целото Писмо“ (Лука 24:27). Срцата на учениците биле возбудени. Верата во нив се разгорела. Тие биле „преродени за жива надеж“ уште пред Исус да дозволи да го препознаат. Сакал да го просветли нивниот ум и да ја утврди нивната вера во „најсигурното пророчко слово“. Сакал вистината да фати поцврст корен во нивното срце не само затоа што била потпрена со Неговото лично сведоштво, туку и поради сигурниот доказ што се наоѓал во симболите и во сенките на обредниот закон, како и во пророштвата на Стариот завет. На Христовите следбеници им било потребно да имаат разумна вера не само заради самите нив, туку и на светот да можат да му ја пренесат вистинската претстава за Христа. Како прв чекор во пренесувањето на ова знаење Исус учениците ги упатил на „Мојсеј и на сите пророци“. Такво било сведочењето на воскреснатиот Спасител за вредноста и значењето на Старозаветните списи. {ГБ 349.1}

Какви промени настанале во срцата на учениците кога уште еднаш го виделе милото лице на својот Учител! (Лука 24:32). Во една поцелосна и посовршена смисла од кога и да е порано го нашле Оној за кого е „пишано во Мојсеевиот закон и во пророците“. Неизвесноста, стравот и очајот исчезнале пред целосната сигурност и вера во која немало повеќе мрачни облаци. Не е никакво чудо што по Неговото воскресение „постојано беа во црквата, фалејќи и благословувајќи го Бога“. Народот, кој знаел само за срамната смрт на Спасителот, очекувал во нивниот поглед да види израз на тага, збунетост и пораз, но наместо тоа, видел само радост и чувство на победа. Колку темелно се подготвиле овие ученици за делото што било пред нив! Поминале низ најтешко искушение што можеле да го доживеат, и виделе како Божјото слово славно се исполнило кога, според човечките мерила, било загубено сѐ. Сега што уште би можело да ја поколеба нивната вера или да ја намали нивната топла љубов? Во своите најтешки мигови имале „голема утеха“, надеж што била „цврста и сигурна котва на душата“ (Евреите 6:18,19). Биле сведоци за Божјата мудрост и моќ, знаејќи дека „ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашноста ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, кое било друго создание, нема да може да нѐ оддели од љубовта Божја во Христос Исус, нашиот Господ“. „Но во сето тоа стануваме повеќе од победници преку Оној кој нѐ возљуби“ (Римјаните 8:38,39,37). „Но словото Господово останува засекогаш“ (1. Петрово 1:25). „Кој е тој што ќе суди? Христос Исус, Кој умре, но уште и воскресна, Кој е од десната страна на Бога и се застапува за нас” (Римјаните 8:34). {ГБ 349.2}

Господ рекол: „Мојот народ нема да се посрами довека“ (Јоил 2: 26). „Плачот трае преку ноќта, но утрото носи голема радост“ (Псалм 30:5). Сега кога учениците го сретнале Спасителот на денот на Неговото воскресение и кога гореле срцата во нив слушајќи ги Неговите зборови; кога ја виделе Неговата глава, Неговите раце и нозе, кои биле ранети за нив; кога пред Своето вознесение на небото, Исус ги повел кон Витанија и подигајќи ја раката да ги благослови, им наредил: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание“, и потоа додал: „Јас сум со вас во сите дни до свршетокот на светот“ (Марко 16:15; Матеј 28:20); кога на денот Педесетница ветениот Утешител слегол и од височините им била подарена сила која душите ги проникнала со свест за присуство на нивниот Господ кој се вознел на небото - зарем тогаш можеле, макар нивниот пат да ги водел низ жртви и маченичка смрт, да ја напуштат службата на евангелието и венецот на правдата што треба да го добијат при Неговото доаѓање, и тоа поради славата на еден земен престол, како што се надевале порано? Оној, „кој може да стори неограничено повеќе од она што го бараме или мислиме“, со заедницата на Своите маки им дал и заедница на Своите радости за да можат „многу синови да доведат во славата“ и во неискажлива радост, во „извонредно голема и вечна слава“ со која, како што кажува Павле, „нашата сегашна краткотрајна и мала неволја“, не е достојна ниту да се спореди. {ГБ 350.1}

Искуството на учениците, кои за време на првото Христово доаѓање го објавувале „евангелието за царството“, личи на искуството на оние што ја проповедаа веста за Неговото второ доаѓање. Како што учениците поминувајќи проповедале: „Се исполни времето и се приближи царството Божјо“, така Милер и неговите соработници објавуваа дека истекол најдолгиот и последен пророчки период што се спомнува во Библијата, дека сега непосредно претстои суд и дека наскоро ќе дојде вечното царство. Проповедањето на учениците во врска со времето се темелело на седумдесетте пророчки седмици од Даниел 9. глава. Во пораката што ја објавувале Милер и неговите соработници е најавуван крајот на 2300 пророчки денови од Даниел 8:14, од кои седумдесетте седмици сочинувале еден дел. Проповедањето и на едното и на другото пророштво се темели на исполнувањето на овие два различни дела од истиот голем пророчки период. {ГБ 351.1}

Слично на првите ученици, Милер и неговите соработници и самите во потполност не го сфатиле значењето на пораката што ја носеле. Заблудите кои долго време биле вкоренети во црквата, ги спречуваа исправно да толкуваат една важна точка од пророштвото. Затоа, иако ја проповедале пораката која по Божјиот налог требало да му ја пренесат на светот, сепак морале да доживеат разочарување поради погрешното сфаќање на нејзината смисла. {ГБ 351.2}

При објаснувањето на Даниел 8:14, „Две илјади и триста вечери и утрини; и тогаш светилиштето ќе се очисти“, Милер, како што веќе споменавме, го прифати мислењето што преовладуваше во тоа време, имено, дека Земјата е Светилиште, и веруваше дека чистењето на Светилиштето значи чистење на Земјата со оган при Христовото доаѓање. Затоа, кога пронашол дека крајот на 2300-те дена е точно утврден во пророштвото, заклучил дека со тоа е откриено времето на второто доаѓање. Неговата заблуда потекнува оттаму што го прифатил општо распространетото мислење за тоа што е светиња. {ГБ 352.1}

Во обредната служба, што била претслика на Христовата жртва и на Неговата свештеничка служба, чистењето на Светилиштето била последната служба што ја вршел првосвештеникот според годишниот ред на својата служба. Тоа било завршно дело на помирување - одземање и отстранување на гревот од Израел, и тоа било симбол на завршниот чин во службата на нашиот Првосвештеник на небото, отстранување или бришење на гревовите на Неговиот народ што се забележани во небесните книги. Оваа служба вклучува истрага, судење, и непосредно му претходи на Христовото доаѓање на небесните облаци со голема сила и слава; зашто, кога Тој ќе се појави, секој случај веќе ќе биде решен. Исус вели: „И еве, ќе дојдам скоро, и платата Моја е со Мене, за да му дадам на секого според делата негови“ (Откровение 22:12). Овој суд, кој непосредно му претходи на второто Исусово доаѓање, е најавен во пораката на првиот ангел во Откровение 14:7: „Имајте стравопочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд!” {ГБ 352.2}

Оние што ја објавуваа оваа опомена, ја објавуваа првата вест во вистинско време. Но, како првите ученици што објавувале врз основа на пророштвото во Даниел 9: „Се исполни времето и се приближи царството Божјо“, па сепак, не дознале дека во истиот стих е навестена и смртта на Месијата, така и Милер и неговите соработници проповедаа вест заснована на Даниел 8:14 и Откровение 14:7, а не успеале да сфатат дека во Откровение 14 се наведени и други вести што мора да бидат објавени пред Господовото доаѓање. Како што учениците се измамиле во поглед на царството што требало да се воспостави по истекот на седумдесетте пророчки седмици, така и адвентистите се измамија во врска со настанот што требаше да се одигра по истекот на 2300 дена. И во двата случаи прифаќањето или подобро кажано верувањето во општо прифатените заблуди ја заслепиле смислата за вистината. И првиот и вториот пат се исполни Божјата волја, зашто се објавуваше порака што требаше да се објави. Но, и едните и другите доживеаја разочарување поради своето погрешно сфаќање на оваа порака. {ГБ 352.3}

Бог сепак ја остварил Својата добра намера, дозволувајќи на овој начин да биде објавено предупредување за судот. Големиот ден се приближил и луѓето, по Божјо провидение, биле искушани во врска со определеното време за да се открие што се наоѓа во нивните срца. Целта на објавувањето на оваа порака била црквата да се испита и исчисти. Учениците требаше да дознаат дали нивното срце се стреми кон светот или кон Христа и небото. Тврдеа дека го љубат Господа, а сега требаше и да ја докажат својата љубов. Дали беа готови да се откажат од своите световни надежи и амбиции и со радост да го поздрават доаѓањето на својот Господ? Пораката требаше да им овозможи да ја запознаат својата вистинска духовна состојба. Таа беше пратена со милост за да ги разбуди и да ги поттикне да го бараат Господа со покајание и понизност. {ГБ 353.1}

И така, разочарувањето, иако последица на нивното погрешно сфаќање на пораката што ја објавуваа, сепак, беше свртено на добро. Тоа требаше да ги испита срцата на оние што тврдеа дека го примиле предупредувањето. Зарем тие поради своето разочарување толку бргу ќе го напуштат своето искуство и ќе ја отфрлат својата доверба во Божјото слово? Или со молитва понизно ќе настојуваат да откријат во што згрешиле и да го сфатат значењето на пророштвото? Колкумина од нив работеа само од страв, од несвесен нагон и моментална возбуда? Колкумина меѓу нив беа нерешителни и неверни? Илјадници изјавија дека им е мило доаѓањето Господово. Дали тие би се откажале од верата кога од нив би се барало да поднесат срам и подбив од светот, искушенија и разочарувања? Дали ќе ги отфрлат вистините што се засноваат на најјасните изјави на Неговото слово само затоа што не можеа веднаш да ја сфатат Божјата постапка кон нив? {ГБ 353.2}

Ова искушение требаше да ја открие цврстината на оние што со искрена верност и послушност ја прифатија науката на Божјото слово и на Божјиот Дух. Ова искуство, повеќе од кое и да е друго, требаше да им укаже на тоа колку е опасно кога ќе се прифатат теориите и толкувањата на луѓето, наместо Библијата да се стори свој сопствен толкувач. Тешкотиите и тагата што се појавија како последица на нивната заблуда, требаше да влијаат врз децата на верата да се поправат. Тоа требаше да ги поттикне на посовесно проучување на пророчкото слово, да ги научи со поголемо внимание да ги испитуваат темелите на својата вера и да го отфрлат сѐ она што не е библиско, без оглед колку истото е раширено меѓу христијанскиот свет. {ГБ 354.1}

Сѐ што се чинеше нејасно за овие верници во часот на искушението, како некогаш за првите ученици, подоцна требаше да биде разјаснето. Кога ќе ја видат „наградата што ќе им ја даде Господ“, тогаш ќе дознаат дека, наспроти тешкотиите што произлегоа од нивните заблуди, Божјите намери на љубовта кон нив постојано се исполнувале. Од своето лично благословено искуство, сепак ќе научат дека Господ е „многумилостив и сочувствителен” (Јаков 5:11), и дека сите Негови патишта се „милост и вистина за оние, кои го пазат заветот Негов и уредбите Негови”. (Псалм 25:10). {ГБ 354.2}