18 Еден американски реформатор

Еден чесен и почитуван земјоделец, кој се посомневал во божественото потекло на Светото Писмо, но сепак, искрено сакал да ја запознае вистината, бил избран од Бога да заземе важно место во проповедањето на второто Христово доаѓање. Како и многу други реформатори, и Вилијам Милер од својата младост се борел со сиромаштијата и на тој начин се научил  на самооткажување. Членовите на неговото семејството се одликувале со независен и слободоумен дух, со истрајност и со искрен патриотизам, а тоа биле и главните црти на неговиот карактер. Жртвите што ги поднесувал неговиот татко во борбите, како офицер во револуционерната војска, и страдањата во тоа бурно време, биле причина за тешките околности во првите години од Милеровиот живот. {ГБ 317.1}

Вилијам Милер имал здрава физичка конституција, и уште во своето детство покажувал извонредни интелектуални способности. Како што растел ова уште повеќе доаѓало до израз. Неговиот ум бил активен, добро развиен и тој имал силна жед за знаење. Иако не ги уживал предностите од високото образование, неговата љубов кон учењето и навиката за длабоко размислување и остро забележување, го направиле човек со здраво расудување и со широки сфаќања. Се одликувал со беспрекорен морален карактер,  бил  угледен, почитуван поради својата чесност, штедливост и благородност. Со својата работа и трудољубивост уште од рана младост заработувал средства за самостоен живот, и во исто време продолжил да учи. Со успех извршувал разни граѓански и воени должности, и се чинело дека му е отворен патот кон богатство и слава. {ГБ 317.2}

Неговата мајка била искрена и побожна жена, и тој уште како дете бил религиозно воспитан. Но, како младич, западнал во друштво на деисти*, кои извршиле големо влијание врз него, бидејќи повеќето од нив биле добри граѓани, хумани и добродушни луѓе. Нивниот карактер во извесна мера бил под влијание на христијанската средина во која живееле. За доблестите што им овозможиле почитување и доверба кај другите требало да и бидат благодарни на Библијата; а сепак своите дарови во толкава мера ги изопачиле, што вршеле влијание спротивно на Божјото слово. Дружењето со таквите луѓе придонело Милер да ги прифати нивните погледи. Тогашното толкување на Библијата му задавало тешкотии кои му се чинеле непремостливи, сепак, неговото ново верување додека ја отфрлал Библијата, не му понудило ништо подобро што би можело да го заземе нејзиното место, и тој воопшто не бил задоволен. Сепак, дванаесет години се придржувал до овие ставови. Меѓутоа, во триесет и четвртата година од неговиот живот, Светиот Дух ја пробудил неговата совест и го осведочил за сопствената грешност. Тој во дотогашното верување не нашол никаква гаранција за среќа после смртта. Иднината му изгледала мрачна и студена. Сеќавајќи се на своите чувства од тоа време, тој изјавил: {ГБ 318.1}

„Помислата на уништување беше студена и застрашувачка; ми се чинеше дека судот кој доаѓа ќе ни донесе сигурна пропаст на сите. Небото над мојата глава беше како бакар, а земјата под моите нозе како железо. Вечност - што е тоа? Зошто се појавува смрт? Колку повеќе се обидував тоа да го разберам, сѐ помалку можев да сфатам. Се обидував да не размислувам за тоа, но мислите не можев да ги совладам. Бев многу потиштен, а не разбирав зошто. Негодував и се жалев, но не знаев на што. Тагував и ја оплакував својата безнадежност“. {ГБ 318.2}

Во ваква состојба се наоѓал неколку месеци. „Одеднаш“, кажува тој, „во мојот ум живо се појави ликот на Спасителот. Ми се чинеше дека постои едно суштество, толку добро и полно со сожалување, кое само се понудило како откуп за нашите престапи и со тоа нѐ ослободило од казната за гревот. Веднаш почувствував колку мило би било тоа суштество и помислив дека би можел да се фрлам во неговите прегратки и да ја прифатам неговата милост. Но веднаш се појави прашање: како може да се докаже дека постои такво суштество? Сфатив дека надвор од Библијата не можам да најдам никаков доказ за постоење на таков Спасител или доказ за идниот живот... {ГБ 319.1}

Видов дека Библијата зборува баш за таков Спасител каков што ми беше потребен; се чудев како може една неинспиративна книга да ги изнесува начелата што во целост одговараат на потребите на еден паднат свет. Бев принуден да признам дека Светото Писмо мора да е откровение од Бога. Во него најдов радост, а во Исус најдов пријател. Спасителот за мене стана „прв меѓу десет илјади“ (Песна над песните 5:10), а Светото Писмо, кое порано ми беше мрачно и полно со противречности, сега стана „светилка на мојата нога и светлина на мојата патека“. Најпосле се смирив во душата и најдов вистинско задоволство. Мојот дух најде мир и задоволство. Увидов дека Господ Бог е Карпа среде океанот на животот. Сега Библијата стана главен предмет на моето проучување, можам да речам дека ја проучував со големо одушевување. Увидов дека дури половина од нејзината содржина ми беше непозната. Сега почнав сериозно да ја проучувам Библијата и можам да ви кажам дека ја проучував со големо задоволство. Се чудев зошто порано не сум ја видел нејзината убавина и слава и не можев да сфатам како сум можел да ја отфрлам. Најдов сѐ она за кое копнееше моето срце; во неа најдов лек за секоја болка на мојата душа. Изгубив интерес за читање на други книги и се трудев да барам мудрост од Бога“ (S. Bliss, Memoirs of Wm. Miller, pages 65-67). {ГБ 319.2}

Милер јавно ја признал својата вера во религијата што некогаш ја презирал. Но, неговите неверни соработници веднаш ги изнеле сите докази што самиот тој порано често ги наведувал против божественото потекло на Библијата. Тогаш тој уште не бил во состојба да им одговори, но дошол до заклучок: Ако Библијата е Божјо откровение, тогаш во неа не смее да има противречности; и бидејќи му е дадена на човекот за поучување, тогаш мора да се прилагоди на неговото разбирање. Одлучил самиот да го проучува Светото Писмо и да види дали неговите привидни противречности можат да се усогласат. {ГБ 319.3}

Настојувал да се ослободи од сите свои поранешни размислувања и без никаков коментар споредувал еден библиски стих со друг, служејќи се при тоа само со цитатите дадени за споредба и со библиски речник. Продолжил да проучува на одреден и систематски начин, почнувајќи со книгата Создавање, читајќи стих по стих; не сакал да оди понатаму додека смислата на различните стихови не му била толку јасна за ништо повеќе да не го збунува. Кога наидувал на некој нејасен стих, имал обичај да го споредува со други стихови што биле во некаква врска со тој предмет. Го испитувал основното, историско-граматичко значење на секој збор во контекстот на целиот библиски текст; и кога видел дека неговото мислење се согласува со тие слични стихови, тогаш исчезнувала секоја тешкотија. Така постапувал кога наидувал на тешко разбирливи места; и секогаш на некое друго место во Светото Писмо наоѓал разјаснување. Бидејќи со сериозна молитва барал божествена мудрост, му станало јасно она што порано му изгледало темно. Ја искусил вистинитоста на зборовите на псалмистот: „Објавувањето на Твоите зборови просветува и скромните ги вразумува“ (Псалм 119:130). {ГБ 320.1}

Со голем интерес ја проучувал книгата на пророкот Даниел и Откровението, служејќи се со истиот метод на објаснување како и во другите книги на Писмото и на своја голема радост, пронашол дека пророчките симболи можат да се разберат. Видел дека дотогаш предвидените пророштва буквално се исполниле; дека сите различни слики, метафори, параболи итн., или непосредно се објаснети, или на други места се изнесени појасно, и ако се објаснуваат на овој начин, можат целосно да се разберат. Тој вели: „Така се уверив дека Библијата е систем на откриени вистини, толку јасен и едноставен, што никој, колку и да е неук, не може да застрани“ (Bliss, page 70). Проучувајќи ги големите пророштва, една по една му се откривале алките на големиот синџир на вистината, со што бил награден неговиот труд. Небесните ангели управувале со неговите мисли и му помагале да го разбере Писмото. {ГБ 320.2}

Врз основа на тоа како пророштвата се исполниле во минатото, Милер дошол до заклучок дека пророштвата кои се однесуваат на идните настани ќе се исполнат на ист начин. Дошол до заклучок дека мислењето што владеело помеѓу народот за духовното Христово царство - за илјадагодишното царство на Земјата пред крајот на светот -нема основа во Божјото слово. Според оваа теорија, илјадагодишното царство на правда и мир пред Христовото доаѓање, стравотиите на Господовиот ден ги поместила далеку во иднина. Ова учење може некому да му се допаѓа, но тоа е спротивно на Христовата наука и на науката на Неговите апостоли, зашто тие учеле дека „пченицата и каколот ќе растат заедно до жетвата“; дека „лошите луѓе и лажливците ќе напредуваат во злото, како заблудувачи и заблудени“; дека „во последните денови ќе настанат тешки времиња“, и дека царството на темнината ќе постои сѐ до Господовото враќање, кога Господ Исус ќе го убие „со здивот на устата Своја и преку појавата на Своето доаѓање ќе го истреби“ (Матеј 13:30,38-41; 2. Тимотеј 3:13,1,2; Солунјаните 2:8). {ГБ 321.1}

Апостолската црква не верувала во преобраќање на целиот свет и не проповедала воспоставување на Христово духовно владеење. Таа наука е прифатена дури во почетокот на 18. век. Како и секоја друга заблуда, и оваа имала свои лоши последици. Таа луѓето ги учела Господовото доаѓање да го очекуваат во далечна иднина и со тоа ги одвраќала од знаците што го објавувале Неговото доаѓање. Таа предизвикувала чувство на доверба и сигурност, но без основа, и мнозина биле заведени да ја занемарат потребата од подготовка за средба со својот Господ. {ГБ 321.2}

Милер открил дека Светото Писмо јасно учи за буквално и лично Христово доаѓање. Павле кажува: „Сам Господ по заповед, на гласот на архангел и при труба Божја, ќе слезе од небото“ (1. Солунјаните 4:16). И Спасителот изјавува: ,,Ќе го видат Синот Човечки како доаѓа на небесните облаци, со голема слава и сила“, „зашто, како што молњата излегува од исток и се гледа дури до запад, така ќе биде доаѓањето на Синот Човечки“ (Матеј 24:30,27). Ќе го придружува сета небесна војска. „Кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него“. „Ќе ги испрати Своите ангели со силен трубен глас, и ќе ги соберат Неговите избраници“ (Матеј 25:31; 24:31). {ГБ 321.3}

При Неговото доаѓање мртвите праведници ќе воскреснат, а живите праведници ќе се преобразат. Павле кажува: „Сите нема да се упокоиме, туку сите ќе се измениме, одеднаш, за еден миг на око, на последната труба: зашто ќе затруби, и мртвите ќе воскреснат нераспадливо, а ние ќе се измениме; зашто распадливото треба да се облече во нераспадливост, а смртното - да се облече во бесмртност“ (1. Коринтјаните 15:51-53). А во своето послание до Солунјаните, откако го опишал Христовото доаѓање, вели: „И најнапред ќе воскреснат мртвите; а потоа, ние, што сме останале живи, заедно со нив ќе бидеме грабнати на облаците, за да се сретнеме со Господ во воздухот, и така секогаш ќе бидеме со Господ“ (1. Солунјаните 4:16,17). {ГБ 322.1}

Божјиот народ не може да го прими царството додека Христос не дојде лично. Спасителот рекол: „А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, и ќе се соберат пред Него сите народи, па ќе ги оддели едни од други, како што ги одделува овците од козите; и ќе ги постави овците од Својата десна страна, а козите од левата. Тогаш Царот ќе им каже на оние што Му се од десната страна: ’Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот‘“ (Матеј 25:31-34). Од наведените стихови се забележува дека при Христовото доаѓање мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а живите ќе се преобразат. Со ова големо преобразување тие ќе се оспособат да го примат царството, зашто Павле вели: „Телото и крвта не можат да го наследат царството Божјо; ниту распадливоста ја наследува нераспадливоста“ (1. Коринтјаните 15:50). Во сегашната состојба човекот е смртен, распадлив, а Божјото царство е нераспадливо, вечно. Затоа човекот во својата сегашна состојба не може да влезе во Божјото царство. Но, кога Исус ќе дојде, Тој на Својот народ ќе му подари бесмртност, и ќе ги повика спасените да го примат царството чиишто наследници до сега биле само со вера. {ГБ 322.2}

Овие и други стихови во Светото Писмо, го осведочиле Милера дека настаните што обично се поместуваат пред Христовото доаѓање - како на пример сеопштото царство на мир и воспоставувањето на Божјото царство на земјата - всушност се случуваат по Христовото доаѓање. Понатаму, забележал дека сите знаци на времето и околностите во светот одговараат на пророчките описи на последните денови. Од проучувањето на Светото Писмо заклучил дека времето што ѝ е одредено на нашата земја во нејзината сегашна состојба се приближува кон својот крај. {ГБ 323.1}

„Друг доказ што имаше за мене голема важност“, рекол тој, „е библиската хронологија... Пронајдов дека претскажаните настани што се исполниле во минатото, се исполниле во времето што го одредил Бог. Така, до потопот требало да поминат сто и дваесет години (Создавање 6:3); на потопот му претходеле седум дена, а дожд паѓал четириесет дена (Создавање 7:4); четиристотини години потомците на Аврама престојувале во туѓа земја (Создавање 15:13); трите дена, што ги виделе на сон фараоновиот пехарник и неговиот пекар (Создавање 40:12,20); седумте години, што ги сонил фараонот (Создавање 41:28-54); четириесетте години во пустината (Броеви 14:34); оние три и пол години на глад (1. Царевите 17:1); седумдесетте години на ропство (Еремија 25:11); седумте години на Навуходоносора (Даниел 4:13-16); седумдесетте седмици одредени за Евреите (Даниел 9:24-27) - сите овие настани, одредени со пророчко време, се исполниле според пророштвото“ (Bliss, pages 74, 75). {ГБ 323.2}

Проучувајќи ја така Библијата, кога ќе пронашол некое пророчко време што се однесувало на второто Христово доаѓање, тој го сметал како време кое Бог однапред го објавил преку „устата на своите свети пророци“. „Она што е тајно“, рекол Мојсеј, „му припаѓа на Господ, нашиот Бог, а она што е јавно - нам и на синовите наши довека“ (Второзаконие 29:29). Преку пророкот Амос Господ кажува дека Тој не прави ништо а своите тајни да не им ги „открие на своите слуги пророците“ (Амос 3:7). Значи, оние што ја проучуваат Библијата, можат со сигурност да очекуваат дека ќе ги пронајдат јасно објавените големи настани што ќе се одиграат во човечката историја. {ГБ 324.1}

„Кога потполно се уверив“, рекол Милер, „дека ’целото Писмо‘, што ’е од Бога вдахновено‘, е корисно; дека тоа не потекнува од човечка волја, туку дека ’светите Божји луѓе зборувале поттикнати од Светиот Дух‘, и дека ’за наша поука беше напишано, та преку трпението и преку утехата од Писмата да имаме надеж‘ (2. Тимотеј 3:16; 2. Петрово 1:21; Римјаните 15:4), јас не можев хронолошкиот дел на Библијата да го сметам за помалку важен од другите нејзини делови. Затоа чувствував дека, во моето настојување да го разберам она што ни го открил Бог во Својата милост, немам право да ги занемарувам пророчките временски периоди“ (Bliss, page 75). {ГБ 324.2}

Се чинело дека пророштвото кое најјасно го открива времето на второто Христово доаѓање беше пророштвото на пророкот Даниел 8:14: „Две илјади и триста вечери и утрини; и тогаш Светилиштето ќе се очисти“. Придржувајќи се кон правилото Божјото слово да му биде сопствен толкувач, Милер пронашол дека во пророчките симболи еден ден претставува една година (Броеви 14:34; Езекиел 4:6). Потоа увидел дека временскиот период од две илјади и триста пророчки дена, или буквални години, далеку го надминува времето на милоста одредено за Евреите, и според тоа, не се однесува на чистењето на еврејското земно Светилиште. Милер се придржувал кон општо прифатеното мислење дека во христијанската ера земјата е Светилиште, и затоа заклучил дека очистувањето на Светилиштето, претскажано во Даниел 8:14 значи очистување на земјата со оган при второто Христово доаѓање. Кога би се пронашла вистинската појдовна точка за овие две илјади и триста дена, тогаш, заклучил тој, лесно би можело да се одреди и времето на второто Христово доаѓање. На тој начин би се открило времето на оној голем крај, времето кога ќе заврши сегашната состојба „со сета своја горделивост и сила, со сиот сјај и суета, со безбожноста и со насилството“, и кога „ќе се одземе проклетството од земјата, а смртта ќе биде уништена; кога ќе им се даде награда на Твоите слуги, пророците, и на светиите, и на оние што го стравопочитуваат Твоето име, и кога ќе бидат погубени оние што ја уништија земјата“ (Bliss, page 76). {ГБ 324.3}

Милер продолжил да ги истражува пророштвата со нова и со уште поголема сериозност, и посветил цели денови и ноќи на проучување на она што му се чинело дека е важно и од особено значење. Во осмата глава на пророкот Даниел не можел да ја пронајде појдовната точка за оние две илјади и триста дена. Иако ангелот Гаврил добил налог да му го објасни на Даниел видението, сепак, само делумно му го објаснил. Кога пророкот го гледал страшното прогонство   што ќе ја снајде црквата, ја загубил телесната сила. Не можел да издржи повеќе и ангелот го оставил за извесно време. „Јас, Даниел, истоштен и болен бев неколку дни... Се чудев на тоа видение и не го разбирав“ (Даниел 8:27). {ГБ 325.1}

Но Бог му заповедал на Својот пратеник: „Гавриле, објасни му го видението!“ Оваа заповед морала да се изврши и затоа ангелот подоцна се вратил кај Даниел и му рекол: „Даниеле, сега излегов да те научам да разбираш“. „Внеси се во зборот и разбери го видението“ (Даниел 9:22,23). Во споменатото видение во осмата глава останала необјаснета само една точка, и тоа периодот од 2300 денови; затоа ангелот, кога се вратил, се задржал исклучиво на прашањето на времето: {ГБ 325.2}

„Седумдесетте седмици се определени за твојот народ и за светиот твој град... И така, знај и разбери: од времето кога излезе законот за обновување на Ерусалим, до доаѓањето на Помазаникот Божји се седум седмици. Потоа ќе биде обновен Ерусалим со улици и ѕидини, и ќе опстои шеесет и две седмици; а тоа ќе биде тешко време. И по шеесет и двете седмици Помазаникот ќе биде предаден на смрт неправедно... И во една седмица ќе склопи завет со мнозина, а во половината на седмицата ќе престанат жртвата и приносот“ (Даниел 9:24-27). {ГБ 326.1}

Ангелот е пратен кај Даниел со посебна цел да му го објасни она што не го сфатил од видението во осмата глава, а тоа е извештајот во врска со времето: „Две илјади и триста вечери и утрини; и тогаш Светилиштето ќе се очисти“. Откако ангелот го повикал Даниел: „Внеси се во зборот и разбери го видението“, продолжил: „Седумдесет седмици се определени за твојот народ и за светиот твој град“. Зборот „определени“, значи буквално „отсечени“. Ангелот разјаснува дека седумдесетте седмици, што значи 490. години, се отсечени и дека се однесуваат само на Евреите. Но од што биле тие отсечени? Бидејќи периодот од 2300 денови е единствен период што се споменува во осмата глава, седумдесетте седмици морале да бидат отсечени од тој период. Тоа значи дека седумдесетте седмици се дел на тие 2300 денови и дека тие два дела почнуваат во исто време. Според разјаснувањето на ангелот, седумдесетте седмици морале да почнат во мигот кога ќе се издаде заповед Ерусалим пак да се изгради. Кога би можел да се утврди датумот на оваа заповед, тогаш би се нашла појдовната точка на големиот временски период од 2300 денови. {ГБ 326.2}

Оваа заповед се наоѓа во седмата глава на книгата Ездра (Ездра 7:12-26). Персискиот цар Артаксеркс овој декрет во неговиот конечен облик го издал во 457. година пред Христа. Во Ездра 6:14 се кажува дека домот Господен во Ерусалим бил изграден „по заповед на персиските цареви Кир, Дариј и Артаксеркс“. Овие три цара го издале, го потврдиле и го надополниле декретот, така што тој декрет, според пророштвото, ја означувал појдовната точка на 2300 денови. Ако како време на негово издавање се земе 457-та година пред Христа, кога декретот бил надополнет, се гледа дека се исполнила секоја подробност на пророштвото во врска со седумдесетте седмици (Види Додаток). {ГБ 326.3}

„Од часот кога ќе излезе заповед: ’Нека се вратат и пак нека го изградат Ерусалим‘, па до Кнезот Помазаник, се седум седмици, и шеесет и две седмици“, односно шеесет и девет седмици или 483. години. Заповедта на Артаксеркс стапила во сила есента 457. година пред Христа. Ако овие 483. години се сметаат за појдовна точка, тогаш тие се протегаат до 27. година по Христа. Во тоа време пророштвото се исполнило. Зборот „Месија“ значи „Помазаник“ или „Христос“. Есента 27. година Јован го крстил Христа, и Христос примил помазание од Светиот Дух. Апостол Петар сведочи дека Исуса од Назарет „Го помаза Бог со Дух Свети и со сила“ (Дела 10:38). И Спасителот сам вели: „Духот Господов е врз Мене, зашто Господ Ме помаза. Ме прати да им соопштам радосна вест на бедните“ (Лука 4:18). Откако Исус се крстил, пошол во Галилеја „и ја проповедаше радосната вест за царството Божјо, и велеше: ’Времето се исполни‘“ (Марко 1:14,15). {ГБ 327.1}

„И ќе склучи сојуз со мнозина за една седмица“. „Седмицата“, за која станува овде збор, е последната седмица во временскиот период од седумдесет седмици; тоа се последните седум години од временскиот период одреден за Евреите. Во тоа време, што се протега од 27. до 34. година по Христа, Исус најпрвин лично, а потоа преку Своите ученици, им го упатувал евангелскиот повик особено на Евреите. Кога апостолите тргнале да ја објават радосната вест за царството, Исус им дал упатства: „По пат кон незнабошци не одете и во самарјански град не влегувајте; а одете најнапред кај загубените овци на Израеловиот дом“ (Матеј 10:5,6). {ГБ 327.2}

„А во половината на седмицата ќе престанат жртвата и приносот“. Триесет и првата година по Христа, три и пол години по своето крштевање, Спасителот бил распнат. Со големата жртва принесена на Голгота се завршил периодот на принесување на жртви, кои во текот на четири илјади години укажувале на идното Божјо Јагне. Сега сенката станала стварност и затоа требало да престанат сите жртви и приноси на церемонијалниот закон. {ГБ 327.3}

Седумдесетте седмици, или 490-те години одредени за Евреите, како што видовме, истекуваат 34. години по Христа. Во тоа време, со одлука на еврејскиот Синедрион, овој народ конечно го отфрлил евангелието со каменувањето на Стефан и со прогонувањето на Христовите следбеници. Оттогаш веста на спасението не се ограничувала само на избраниот народ, туку почнала да му се објавува на целиот свет. Учениците, кои поради прогонствата морале да побегнат од Ерусалим, „одеа наоколу благовестувајќи го словото“. „Така Филип слезе во еден самарјански град и таму им Го проповедаше Христос“. Петар, воден од Бога, му го открил евангелието на побожниот Корнелиј, капетан од Ќесарија; а ревниот Павле, кој ја прифатил Христовата вера, добил налог да ја однесе радосната вест „далеку кај незнабошците“ (Дела 8:4,5; 22:21). {ГБ 328.1}

Така, јасно се исполнил секој дел од ова големо пророштво. Седумдесетте седмици, што без никакво сомневање почнале во 457. година пред Христа, завршиле во 34. година по Христа. Поаѓајќи од наведениот датум, не е тешко да се најде крајот на пророчките 2300 денови. Ако седумдесетте седмици или 490. дена ги отсечеме од 2300 дена, ни остануваат уште 1810 дена. Откако завршиле 490. дена, останале уште да се исполнат 1810 дена. Сметајќи од 34 година по Христа, преостанатите 1810 години допираат до 1844. година. Според тоа, 2300 дена од Даниел 8:14 завршуваат во 1844. година. По истекувањето на тоа големо пророчко време, според сведоштвото на Божјиот ангел, „Светилиштето ќе биде очистено“. На тој начин точно било утврдено времето на очистување на Светилиштето, а тој настан, како што се веруваше, требаше да се совпадне со времето на второто Христово доаѓање. {ГБ 328.2}

Милер и неговите соработници од почеток веруваа дека оние 2300 години од Даниел 8:14 ќе истечат пролетта 1844. година, додека пророштвото упатуваше на есента истата година. Погрешното сфаќање на оваа точка ги разочара и ги вознемири оние што го прифатија првиот датум како време на Христовото доаѓање. Но, тоа воопшто не влијаеше врз силата на доказите дека 2300-те дена завршуваат во 1844. година, и дека тогаш ќе се одигра голем настан - очистувањето на Светилиштето. {ГБ 328.3}

Кога почнал подробно да го проучува Светото Писмо за да докаже дека тоа е Божјо откровение, Милер ниту најмалку не очекувал дека истото ќе го доведе до заклучокот до кој дошол сега. Самиот тој одвај можеше да верува во резултатот на своето истражување. Но, библискиот доказ беше толку јасен и силен, што не можеше да го отфрли. {ГБ 329.1}

Тој две години поминал во проучување на Библијата кога во 1818. година свечено заклучил дека отприлика за 25 години Христос ќе дојде да го избави Својот народ. „Не е потребно“, кажува Милер, „да зборувам за радоста што го исполни моето срце при помислата на свечената иднина и за силниот копнеж на мојата душа да имам удел во радоста на откупените. Сега Библијата ми стана една нова книга. Таа беше вистинско уживање за мојот дух. Сѐ што ми беше нејасно во нејзината наука, таинствено и мрачно, сега го растера силната светлина што ме осветли од нејзините свети страници. О, колку сега вистината ми изгледаше сјајна и славна! Исчезнаа сите противречности и недоследности што ги наоѓав порано во Библијата. Иако сè уште имаше стихови кои не ги разбирав потполно, сепак, од неа зрачеше силна светлина што ја расветли мојата темна душа и јас, проучувајќи го Светото Писмо, чувствував таков восхит каков што не сум чувствувал досега, ниту пак сум верувал дека ќе почувствувам ако го проучувам“ (Bliss, pages 76, 77). {ГБ 329.2}

„Свеченото уверување дека за кратко време ќе се случи толку величествен настан, што го претскажува Светото Писмо, кај мене разбуди многу важно прашање: Која е мојата должност кон светот во врска со овие очигледни докази што ја потресоа мојата душа“ (Исто, page 81). Милер чувствувал дека негова должност е и на другите да им ја соопшти светлината што ја примил. Очекувал безбожниците да дадат отпор, но верувал дека сите христијани ќе се израдуваат за надежта дека ќе го сретнат саканиот Спасителот.  Единствено се плашел дека мнозина, во големата радост поради слободата што ќе настане наскоро, ќе ја прифатат веста за Христовото доаѓање, не испитувајќи ги доволно стиховите на Писмото што ја докажуваат таа вистина. Сè уште се колебал своето уверување да го изнесе јавно, плашејќи се дека ако самиот погрешно протолкувал, другите може да ги доведе во заблуда. Тоа го поттикнало уште еднаш да ги провери доказите на своите заклучоци, и внимателно да ја испита секоја пречка што би можела да се појави. Се уверил дека пред светлината на Божјото слово исчезнуваат сите приговори како маглата што исчезнува пред сончевите зраци. По пет години вакво проучување, потполно се уверил во исправноста на своето гледиште. {ГБ 329.3}

Сега, бидејќи се уверил, повторно му се наметнала должноста и другите да ги запознае со она што е јасно изнесено во Светото Писмо. Рекол: „Кога одев на работа, во ушите постојано ми одѕвонуваше: ’Оди и кажи му на светот во каква опасност се наоѓа‘. Во мислите постојано ми одѕвонуваше следниот библиски текст: ’Кога ќе му речам на грешникот: грешнику, ти бездруго ќе умреш, ако ти не му кажеш ништо, не го опоменеш беззаконикот да го остави неговиот пат, грешникот ќе умре за својот грев, но крвта негова ќе ја барам од раката твоја. Ако, пак, беззаконикот си го предупредил, да се врати од својот пат, а тој не се одвратил од патот свој, тој ќе умре за својот грев, но ти ќе ја зачуваш душата своја‘ (Езекиел 33,8,9). Чувствував дека многу безбожници би се покајале кога би биле предупредени; а ако не ги предупредам, нивната крв ќе се бара од моите раце“ (Bliss, page 92). {ГБ 330.1}

Почнал да ги шири своите погледи секаде каде што му се дала можност и се молел на Бога барем еден проповедник да ја почувствува нивната важност и својот живот да му го посвети на ширењето на таа вест. Но, не можел да се ослободи од чувството на одговорност дека објавувањето на предупредувањето е негова лична должност. Во мислите постојано му се одгласувале зборовите: „Оди и објави му го тоа на светот; нивната крв ќе ја барам од твоите раце“. Чекал девет години и тој товар постојано му лежел на срце, додека во 1831. година не ги изнесе првпат јавно темелите на своето верување. {ГБ 330.2}

Како Елисеј, кој бил повикан да ги остави воловите на поле и да ја прими светата наметка за пророчка служба, така и Вилијам Милер бил повикан да го напушти својот плуг и да му ги открие на народот тајните на Божјото царство. Со страв го почнал тоа дело, водејќи ги своите слушатели чекор по чекор низ пророчките периоди до второто Христово доаѓање. При секој напор добивал нова сила и храброст, зашто забележувал големо интересирање предизвикано од неговите зборови. {ГБ 331.1}

Милер решил јавно да ги изнесе своите ставови во јавноста поттикнат од своите браќа во верата во чии зборови слушнал Божји повик. Тогаш веќе имаше педесет години и не беше навикнат јавно да зборува. Го мачеше чувство на неспособност за делото што стоеше пред него. Но, уште од самиот почеток неговите напори за спасување на душите беа благословени. По неговите први проповеди настана силно религиозно будење и во таа пригода се обратија триесет цели семејства, со исклучок на две лица. Веднаш бил повикан да зборува и на други места и речиси насекаде неговата работа резултирала со оживување на Божјото дело. Грешниците се реформираа, христијаните беа поттикнати на поголема преданост кон Бога, а деистите и неверниците беа наведени да ја признаат библиската вистина и христијанската религија. Оние, меѓу кои работеше, за него го дадоа следното сведоштво: „Тој ги придобива и оние луѓе врз кои друг човек не би можел да влијае“ (Исто, page 138). Неговите проповеди имаа за цел да разбудат општо интересирање за верските работи и да го спречат ширењето на световниот дух и развратот во тоа време. {ГБ 331.2}

Речиси во секој град, како резултат на неговите проповеди, се евангелизираа по дваесетина, а некаде и по стотина. На многу места му се отвораа разни протестантски цркви; Милер обично добиваше повици од проповедници на различни цркви. Негово правило беше да не зборува никаде каде што не е повикан, но сепак, набргу увиде дека не може да одговори ниту на половина од молбите што му беа упатени. Мнозина, кои не го прифатија неговото мислење во врска со точното време на второто Христово доаѓање, сепак, беа осведочени во за близината на Неговото доаѓање и за потребата од подготовка. Во некои големи градови Неговите проповеди оставија извонреден впечаток врз народот. Гостилничарите ја напуштаа својата работа и гостилниците ги претвораа во сали за состаноци; коцкарниците се затвораа; се обраќаа неверници, деисти, универзалисти, па дури и пропаднати луѓе, меѓу кои имало такви кои со години не стапиле в црква. Разни цркви одржуваа молитвени состаноци во сите делови на градот во секое време од денот. Деловни луѓе се собираа на пладне на молитва и благодарност. Тоа не беше некоја фанатична возбуда, туку умот и срцето на луѓето ги проникна општо свечено расположение. Милеровата работа, слично на работата на реформаторите, делуваше повеќе врз разумот и ја будеше совеста отколку што предизвикуваше возбудување. {ГБ 331.3}

Во 1833. година Милер од Баптистичката црква, на која ѝ припаѓаше, доби дозвола да проповеда. Многу проповедници на оваа црква го поддржуваа и со нивно одобрение тој ја продолжи својата работа. Патуваше и постојано проповедаше, но неговата работа главно се ограничуваше во Нова Англија и во централните држави. Повеќе години сам ги плаќаше сите свои трошоци, а ниту подоцна не добиваше толку за да може да ги плати патните трошоци за патувањата во разни места каде што беше повикан. Неговата јавна работа не му донела никаква материјална добивка. Тој трошел од дотогаш стекнатите приходи што во текот на овој период на неговиот живот постојано се намалуваа. Беше татко на големо семејство, но бидејќи сите живееја скромно и беа трудољубиви, тој негов малечок селски имот беше доволен како за неговото, така и за нивното издржување. {ГБ 332.1}

Во 1833. година, две години откако Милер почна да ги објавува доказите за скорешното Христово доаѓање, се појави последниот знак што го претскажал Исус за Своето второ доаѓање. Исус рекол: „Ѕвезди ќе паѓаат од небото“ (Матеј 24:29). И Јован, гледајќи ги во визија сцените што ќе му претходат на денот Господов, пишува: „Ѕвездите пак, небесни паднаа на земјата, како што смоквата лулана од силен ветар, ги исфрли пупките свои“ (Откровение 6:13). Ова пророштво се исполни на видлив и необичен начин со метеорскиот дожд на 13. ноември 1833. година. Тоа беше величествена сцена на паѓање на ѕвезди каква што историјата никогаш порано не забележала. ,,Целиот небесен свод над Соединетите Држави со часови беше во огнено движење. Никогаш во таа земја, откако била населена, не се појавил природен феномен кој бил набљудуван со толкав восхит од едни, а во исто време со страв и возбуда од други луѓе“. „Мнозина уште живо се сеќаваат за таа величествена и свечена глетка... Никогаш не постоел толку густ пороен дожд каков што беше паѓањето на метеори тој ден. На исток, на запад, на север и на југ насекаде се гледаше иста слика. Со еден збор, целото небо беше во движење... Таа сцена, како што ја опишува професорот Силиман во своите весници, можеше да се види над цела Северна Америка... Почнувајќи во два часот изутрината, па сѐ до јасна дневна светлина, небото беше ведро и без облак и на него можеше да се набљудува постојана игра на блескотни тела“ (R. M. Devens, American Progress; or, The Great Events of the Greatest Century, ch. 28, pars. 1-5). {ГБ 333.1}

„Перото не може да ја опише таа сјајна глетка... Кој лично не видел, не може да ја замисли нејзината убавина. Изгледаше како сите ѕвезди да се собрале во една точка во близина на зенитот, од каде што летаа секавично на сите страни на хоризонтот, а сепак, нивниот број не се намалуваше; беа неисцрпни, илјадници доаѓаа од правци низ кои другите веќе поминаа, како да беа создадени за таа пригода“ (F. Reed, in the Christian Advocate and Journal, Dec.13, 1833). ,,Не е можно подобро да се претстави тој феномен отколку со сликата на смоквата која, залулана од силен ветер, ги исфрла своите пупки“ (“The Old Countryman,” in Portland Evening Advertiser, Nov. 26, 1833). {ГБ 333.2}

Во њујоршкото списание ,,Journal of Commerce“ од 14.11.1833. година беше објавеа долга статија во врска со овој прекрасен феномен, кој ја содржел оваа изјава: „Ниту еден научник или филозоф, колку што ми е познато, ниту писмено ниту усно, не опишал таков феномен што се случи вчера изутрина. Во моментов тешко може да се даде прецизна дефиниција за овој феномен, но пред осумнаесет векови пророкот точно го предвидел падот на ѕвездите, ако под изразот паѓање на ѕвезди подразбираме паѓање на метеори… како што е тоа во буквална смисла единствено можно“. {ГБ 334.1}

Така се исполни последниот од знаците на Неговото доаѓање за кои Исус им рекол на Своите ученици: „Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата“ (Матеј 24:33). По овие знаци Јован видел како „и небото исчезна како свиткана хартија; и секоја гора и секој остров се поместија од местата свои“, а грешниците со страв се обидувале да побегнат пред доаѓањето на Синот Човечки (Откровение 6:12-17). {ГБ 334.2}

Мнозина, кои беа очевидци на паѓањето на ѕвездите, таа појава ја гледаа како весник на судот што  ќе  дојде  како „страшна слика,   сигурен   предвесник, милостив знак на оној голем и страшен ден“ (“The Old Countryman,” in Portland Evening Advertiser, Nov. 26, 1833). На тој начин вниманието на луѓето беше привлечено кон исполнувањето на пророштвата и мнозина беа поттикнати да обрнат внимание на веста за второто Христово доаѓање. {ГБ 334.3}

Во 1840. година се исполни едно важно пророштво кое го привлече вниманието на луѓето. Две години пред тоа Јосиф Лич, еден од главните проповедници што го објавуваа второто Христово доаѓање, го објави толкувањето на деветтата глава од Откровението која предвидува пад на Отоманската империја. Според неговите пресметки, оваа сила требаше да биде соборена во август 1840. година. Неколку дена пред тоа тој пишуваше: „Ако прифатиме дека првиот период од 150 години точно се исполнил, пред Константин XI, со дозвола на Турците, да стапи на престол, и дека 391 година и 15 дена почнуваат кога завршува првиот период, тогаш тие треба да завршат на 11. август 1840. година, кога може да се очекува пад на Отоманската власт во Цариград. И јас цврсто верувам дека така ќе биде“ (Josiah Litch, in Signs of the Times, and Expositor of Prophecy, Aug. 1,1840). {ГБ 334.4}

Точно во одреденото време Турција, преку свој пратеник, прифати заштита од големите европски сили и така беше ставена под контрола на христијанските народи. Со овој настан пророштвото точно се исполни (Види Додаток). Кога беше објавено тоа, мнозина се осведочија дека се исправни начелата на толкувањето на пророштвата усвоени од Милер и неговите соработници, што придонесе адвентното движење да добие голем поттик. Образовани и влијателни луѓе се соединија со Милер да ја проповедаат веста и од 1840. до 1844. година делото бргу се рашири. {ГБ 335.1}

Вилијам Милер имаше големи духовни дарби, изградени со размислување и проучување. Покрај тоа, тој добил и мудрост од небото кога стапил во врска со Изворот на мудроста. Беше човек со висока вредност, и го почитуваа и ценеа секаде каде што се ценеше чесноста на карактерот и моралните вредности. Беше природно срдечен и понизен; се одликуваше со сила на совладување на самиот себе, беше внимателен и љубезен кон сите, секогаш подготвен да ги сослуша и мислењата на другите и да ги процени нивните докази. Без страст и возбуда ги проверуваше сите теории и учења со помош на Божјото слово. Неговото здраво расудување, како и неговото темелно познавање на Светото Писмо, му помогнаа да ги побие заблудите и да ја разоткрие секоја лага. {ГБ 335.2}

Но, неговата работа не се одвиваше без противење. Како и за време на поранешните реформатори, учителите на големите религии не ја прифатија со задоволство вистината што ја објавуваше тој. Бидејќи тие своето гледиште не можеа да го докажат со Писмото, беа принудени да бараат потпора во изјавите и во науката на луѓето, во преданијата на отците. Но, проповедниците на адвентната вест го прифатија само сведоштвото на Божјото слово. „Библијата, само Библијата“, беше нивната девиза. Нивните противници недостигот од библиски докази го надоместуваа со исмевање и со подбиви. Употребија време, свои средства и свои способности, да ги наклеветат оние чиешто единствено злосторство беше тоа што радосно го очекуваа доаѓањето на својот Господ и копнееја за свет живот и што ги предупредуваа и другите да се подготват за Неговото доаѓање. {ГБ 335.3}

Противниците вложуваа големи напори да го одвратат вниманието на луѓето од Христовото доаѓање. Проучувањето на пророштвата за второто Христово доаѓање и за крајот на времето го сметаа за грев, нешто од што луѓето треба да се срамат. На тој начин многу проповедници, кои беа омилени кај народот, ја поткопуваа верата во Божјото слово. Нивната наука направи луѓето да станат неверни, и мнозина се чувствуваа слободни да живеат според своите безбожни желби; а на крај, оние што го предизвикаа ова зло, ги обвинуваа адвентистите како виновници за тоа. {ГБ 336.1}

Милеровото име привлекуваше мноштво умни и внимателни слушатели. Многу ретко го спомнуваа во религиозниот печат, освен во случај кога го обвинуваа или исмеваа. Рамнодушните и безбожните, кои се охрабрија со ставот на некои религиозни учители, се трудеа да го наклеветат него и неговото дело, служејќи се со бесрамни изрази, со недостојни и богохулни досетки и шеги. Седиот човек, кој го напушти својот удобен дом за да патува на свој трошок од град во град, од место во место, трудејќи се постојано да му проповеда на светот свечена опомена за претстојниот суд, срамно беше обвинет како фанатик, како лажливец и дрзок измамник. {ГБ 336.2}

Клеветите, навредите и презирот што ги упатуваа против него, предизвикаа негодување дури и во светскиот печат. „Да се земе толку лекомислено и со потсмев еден предмет што има толку голема важност и страшни последици“, зборуваа светските луѓе, „значи не само подбивање со чувствата на неговиот претставник и бранител, туку исмевање и на судниот ден, па и на самото Божество, и исмевање на стравотиите на Неговиот суд!“ (Bliss, page 183). {ГБ 336.3}

Зачетникот на сето зло се трудеше не само да го спречи ширењето на адвентната вест, туку да го уништи и самиот весник. Милер практично ја применуваше вистината врз срцата на своите слушатели; ги жигосуваше нивните гревови и го осудуваше нивното самозадоволство. Неговите отворени и остри зборови предизвикаа кај нив непријателство. Кога членовите на црквата ѝ се спротивставија на неговата вест, попростите луѓе со тоа беа охрабрени да прават уште полошо; непријателот скова заговор да му го одземе животот на Милер кога ќе излегува од црквата. Но, среде мноштвото се наоѓаа и свети ангели, и еден од нив, во човечки лик, го зеде тој Божји слуга за рака и го изведе неповреден од бесната толпа на сигурно место. Неговото дело уште не беше завршено и сатаната и неговите демони се измамија во своите намери. {ГБ 336.4}

Наспроти големото противење, интересот за адвентната вест сѐ повеќе растеше. Бројот на нејзините следбеници изнесуваше не стотина, туку илјадници и стотици илјади. Различни верски заедници имаа голем прираст на верници, но по извесно време покажаа дух на непријателство против овие реформатори и црквите презедоа дисциплински мерки против оние што ги прифатија Милеровите погледи. Таа состојба го поттикна Милер да земе перо в рака и со едно отворено писмо да им се обрати на сите христијански заедници, повикувајќи ги со Писмото да му ја докажат неговата заблуда. {ГБ 337.1}

„Што веруваме ние“, рече тој, „што не сме зеле непосредно од Божјото слово, кое и вие самите го признавате за единствено правило на верата и животот? Што сме сториле со што сме заслужиле толку жестока осуда од страна на црквите и печатот, и што ви дава право да нѐ исклучите од вашите цркви? Ако сме на погрешен пат, јас ве молам, кажете ни во што грешиме. Покажете ни од Божјото слово во што сме во заблуда. Вие доста нѐ исмевавте, но тоа не може да нѐ увери дека сме на погрешен пат; само Божјото слово може да ги измени нашите погледи. Ние со размислување и со молитва, врз основа на докази од Светото Писмо, дојдовме до нашите заклучоци“ (Исто, pages 250, 252). {ГБ 337.2}

Во текот на вековите со исто сомневање и неверство била дочекувана веста, опомената, што му ја праќал Бог на светот преку Своите слуги. Кога Господ решил да пушти потоп на стариот свет, прво тоа им го објавил на луѓето за да им даде можност да се одвратат од своето беззаконие. Сто и дваесет години опомената се одгласувала во ушите на грешниците, повикувајќи ги на покајание за да го избегнат Божјиот гнев. Но, таа вест им се сторила како бајка, и никој не обрнал внимание на неа. Потонати во беззаконие, тие му се подбивале на Божјиот весник, го исмевале неговиот повик и дури го обвинувале за измама. ,,Како се осмелува еден човек да им се спротивстави на сите мудреци на земјата? Кога веста на Ное би била вистинита, тогаш зошто не ја прими цел свет и не верува? Зошто? Колку вреди тврдењето на еден човек спрема мудроста на илјадници други?“ Тие ја одбиле веста и не сакале да побараат прибежиште во бродот на спасението. {ГБ 337.3}

Подбивачите укажувале на природните појави: на непроменливиот ред на годишните времиња, на синиот небесен свод од кој уште никогаш не паѓал дожд, на плодните полиња, кои биле натопувани со блага ноќна роса; и бидејќи со презир изјавиле дека проповедникот на правдата е само обичен занесеник, продолжиле уште посилно од кога и да е да уживаат во развратот и во злото. Сепак, нивното неверство не можело да го спречи претскажаното зло. Бог долго го трпел нивното безбоштво и им дал доста време да се покаат, но во одреденото време праведниот Божји суд ги стигнал оние што ја отфрлиле Неговата милост. {ГБ 338.1}

Христос рекол дека луѓето ќе покажат исто неверство во врска со Неговото второ доаѓање. Како Ноевите современици што „не сфатија додека не дојде потопот и не истреби сѐ“, според Христовите зборови, „така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки (Матеј 24:39). Кога верниот народ ќе се соедини со светот и ќе почне да се изедначува со него и да ужива во неговите сетилни забави, кога световниот раскош ќе стане раскош на црквата, кога ќе ѕвонат сватовски ѕвона и кога сите ќе се надеваат на уште долги години напредок - тогаш одненадеж, како гром од ведро небо, ќе дојде крај на нивните илузии и лажни надежи. {ГБ 338.2}

Како што го пратил Својот слуга да го предупреди светот за потопот што наидувал, така Бог го пратил и Својот избран гласник да ја објави близината на последниот суд. И како  Ноевите  современици  што му се подбивале на проповедникот на правдата, така и во Милерово време, мнозина, кои се нарекуваа Божји деца, ги исмеваа неговите зборови со кои   ги   предупредуваше. {ГБ 339.1}

Зошто црквите покажаа таков отпор кон науката и кон проповедањето за Христовото доаѓање? Додека тој настан на грешните им донесува несреќа и пропаст, за праведните истиот е надеж и радост. Оваа голема вистина во сите векови била утеха за Божјиот верен народ; тогаш зошто сега, слично на својот Автор, таа станала „камен-сопка и карпа-соблазна“ за оние што тврдат дека се Божји народ? Сам Господ на Своите ученици им дал ветување: „Кога ќе отидам и ќе ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам вас кај Себе за да бидете и вие каде што сум Јас“ (Јован 14:3). Спасителот, полн со сочувство, ги предвидел грижите и жалоста на Своите ученици и затоа им пратил ангели да ги тешат, уверувајќи ги дека пак лично ќе дојде како што заминал на небото. На денот кога се вознел, кога учениците стоеле и внимателно гледале кон небото за последниот поглед да го насочат кон Оној што го сакале, нивното внимание го привлекле зборовите: „И рекоа: ’Луѓе, Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак на истиот начин како што Го видовте да оди на небото’. “Оваа вест повторно ја оживеала нивната надеж. Учениците „се вратија во Ерусалим со голема радост. И беа постојано во храмот, каде што Го прославуваа и Го благословуваа Бога“ (Дела 1:11; Лука 24:52,53). Не се радувале поради тоа што Исус ги оставил и што сега морале да се борат со тешкотиите и со искушенијата на светот, туку се радувале за зборовите на ангелите дека Исус пак ќе дојде. {ГБ 339.2}

Веста за Христовото доаѓање и денес би требало да биде причина за голема радост како што била и тогаш кога ангелите им ја објавиле на витлеемските пастири. Оние што навистина го сакаат Спасителот, можат само со радост да ја поздрават оваа вест заснована на Божјото слово - дека Оној кој е центар на нивната надеж во вечен живот, пак ќе дојде - не да биде презрен и отфрлен како при Своето прво доаѓање, туку во сила и слава, да го избави Својот народ. Оние што не го сакаа Спасителот, не сакаа Тој да дојде; и не можеше да има појасен доказ дека црквите отпаднаа од Бога како резултат на огорченоста и непријателството што ги предизвика кај нив оваа небесна вест. {ГБ 339.3}

Оние што ја прифатија веста за второто Христово доаѓање, сфатија дека е неопходно да се покајат и да се понизат пред Бога. Мнозина долго се колебаа меѓу Христа и светот, но сега почувствуваа дека дошло време да заземат цврст став. „Сѐ што се однесуваше на вечноста, за нив доби необична важност. Небото им се приближи и тие се чувствуваа виновни пред Бога“ (Bliss, page 146). Христијаните се разбудија во нов духовен живот. Сфатија дека времето е кратко и дека треба што побргу да го исполнат својот долг кон ближните. Ги напуштија земните планови и се чинеше дека пред нив се отвори вечноста; она што се однесуваше на вечното блаженство или на вечната смрт, ги потисна сите прашања со минлива вредност. Врз нив почиваше Божјиот Дух кој му даваше посебна сила на сериозниот повик што им го упатуваа на браќата и на грешниците да се приготват за Божјиот ден. Тивкото сведоштво на нивниот секојдневен живот беше постојан укор за навидум побожните и непосветени членови на црквата кои сакаа да не бидат попречувани во своите забави и задоволства, во потрагата по стекнување на пари и во стремежот за светски почести. Оттаму потекнува непријателството и отпорот против вистината за повторното Христово доаѓање и против нејзините гласници. {ГБ 340.1}

Бидејќи увидоа дека доказите што се основани на пророчките временски периоди не можат да се урнат, противниците на своите приврзаници им советуваа да отстапат од проучувањето на овој предмет, тврдејќи дека пророштвата се запечатени. Така протестантите појдоа по стапките на римокатолиците. Додека папската црква им забранувала на верниците да ја читаат Библијата, протестантската црква тврдеше дека важниот дел на Светото Писмо, и тоа оној кој посебно ни ги открива вистините за нашето време, не може да се разбере. {ГБ 340.2}

Проповедниците и народот изјавуваа дека Даниеловите пророштва и Откровението се несфатливи тајни. Но сам Христос своите ученици ги упатил на Книгата на пророкот Даниел во врска со настаните што требало да се случат во нивните денови и рекол: „Кој чита нека разбере“ (Матеј 24:15). А тврдењето дека Откровението е тајна што не може да се разбере го негира и самиот наслов „Откровение на Исус Христос, кое Му го даде Бог, за да им го покаже на слугите Свои она што треба да стане скоро... Блажен е оној кој чита и оние кои ги слушаат зборовите на пророштвото и пазат на напишаното во него; зашто времето е блиску“ (Откровение 1:1-3). {ГБ 341.1}

Пророкот рекол: „Блажен е оној кој чита“; има многу такви кои не сакаат да го читаат тоа пророштво; ним не им е ветен благословот. „И оние што слушаат“; има такви кои не сакаат да ги слушаат пророштвата; благословот не им е ветен ниту ним. „И пазат на напишаното во него“ мнозинството не обрнува внимание на опомените и советите од Откровението; ниеден од нив нема право на ветениот благослов. Сите што ги презираат пророштвата и што ги исмеваат свечените симболи дадени во нив, сите што одбиваат да се обратат и да се приготват за Христовото доаѓање, ќе останат без божествениот благослов. {ГБ 341.2}

Како се осмелуваат луѓето пред сведоштвото на божественото вдахновение да тврдат дека Откровението е тајна што човечкиот ум не може да ја долови? Тоа е откриена тајна; тоа е и отворена книга. Проучувањето на Откровението мислите ги упатува на пророштвата на Даниел. И во едната и во другата пророчка книга Бог на своите деца им дава важни поуки во врска со настаните што ќе се одиграат при крајот на историјата на овој свет. {ГБ 341.3}

На Јован му се откриени далечните и возбудливи сцени во животот на црквата. Во таа книга апостолот ја опишува состојбата, опасностите, борбите и конечното ослободување на Божјиот народ. Тука е забележана веста што ќе го забрза созревањето на земната жетва. Тука тој ги гледа верните како снопови за небесните амбари, а Христовите непријатели како снопови врзани за огнот на уништување. Откриени му се мошне важни факти особено за последната црква, дека оние што ќе се обратат од заблудата кон вистината ќе знаат какви опасности и борби ги чекаат. Никој не треба да остане во темнина во врска со идните настани. {ГБ 341.4}

Тогаш зошто тоа сеопшто незнаење за еден толку важен дел на Писмото? Од каде тоа сеопшто одвраќање - тоа силно настојување да не се проучува тој дел? Тоа е последица на еден добро осмислен план на кнезот на темнината да им го скрие на луѓето она што им ги открива неговите лаги и измами. Од таа причина, Христос, авторот на Откровението, кој ја предвидел борбата што ќе се води против проучувањето на таа книга (Откровението), изговорил благослов за сите што ја „читаат, што слушаат и ги пазат зборовите на пророштвото“. {ГБ 342.1}