4 ВАЛДЕНЖАНИТЕ

Среде темнината што ја покривала земјата во текот на долгиот период на папската надмоќ, светлината на вистината не можела целосно да изгасне. Во секое време имало Божји сведоци - луѓе што имале вера во Христа како единствен посредник меѓу Бога и човекот, на кои Библијата им била единственото правило во животот и кои ја празнувале вистинската сабота. Колку светот им должи на овие луѓе, идните поколенија никогаш нема да дознаат. Тие биле жигосани како еретици, нивните мотиви лажно толкувани, нивниот карактер лошо прикажуван, а нивните списи забранувани, извртувани или осакатувани. Но сепак, тие стоеле цврсто, и од поколение на поколение ја чувале својата вера во нејзината чистота, како свето наследство за идните генерации. {ГБ 61.1}

Историјата на Божјиот народ за време на мрачните векови кои следувале по воспоставувањето на врховната власт на Рим, е запишана на небото, но таа има малку место во човечките записи. За постоењето на Божјиот народ во тоа време одвај наоѓаме трага, освен во обвинувањата на нивните гонители. Политиката на Рим настојувала да избрише секаква трага на несогласување со нејзините доктрини или одредби. Сѐ што се сметало за еретично, било личности или списи, таа сакала да го уништи. Изразите на сомнеж, или прашања во врска со авторитетот на папските догми, биле доволни да се одземе животот на богатите или на сиромасите, на угледните или на обичните луѓе. Рим исто така настојувал да уништи секаков извештај за својата свирепост кон несогласувачите. На папските собори била донесена одлука списите што содржат такви извештаи да бидат запалени. Пред пронаоѓањето на печатарството, книгите биле малубројни и тие поради својот облик биле незгодни за чување, поради тоа на следбениците на Рим не им било тешко да ја извршат својата намера. {ГБ 61.2}

На ниту една црква во границите на римската власт не и било оставено непречено да ужива во слободата на совеста. Веднаш штом папството добило моќ ја пружило раката да ги уништи сите што ќе одбијат да ја признаат нејзината власт, и така црквите, една по друга, се потчинувале на нејзината власт. {ГБ 62.1}

Во Велика Британија христијанството се вкоренило мошне рано. Евангелието што го прифатиле Британците во првиот век сѐ уште останало нерасипано со римскиот отпад. Прогонството од страна на незнабожечките цареви, кое се протегало сѐ до овие далечни предели, бил единствениот дар што првите цркви на Британија го добиле од Рим. Многу христијани, бегајќи од прогонствата во Англија, нашле засолниште во Шкотска; од таму вистината била пренесена во Ирска, и во сите овие земји била примена со радост. {ГБ 62.2}

Кога Саксонците ја зазеле Велика Британија, незнабоштвото задобило превласт. Освојувачите одбиле да бидат поучени од своите робови, и христијаните биле принудени да се повлечат во планините и во пусти мочуришни места. Сепак, светлината, сокриена за извесно време, продолжила да гори во Шкотска, еден век подоцна светлината заблескала со таков сјај, така што нејзините зраци допреле дури до најоддалечените земји. Од Ирска дошол побожниот Колумбо со своите соработници, и собирајќи ги околу себе расфрланите верници на осамениот остров Јона, го направил центар на својата мисионерска работа. Меѓу овие евангелисти се наоѓал еден почитувач на библиската сабота, и така оваа вистина дошла до народот. На островот Јона било основано училиште од кое мисионерите заминувале нe само во Шкотска и Англија, туку и во Германија, Швајцарија, па дури и во Италија. {ГБ 62.3}

Но, Рим го насочил својот поглед и на Британија и решил да ја стави под своја власт. Во шестиот век римските мисионери презеле акција да ги обратат незнабожечките Саксонци. Горделивите варвари ги примиле благонаклонето и илјадници од нив биле наведени да ја прифатат римската вера. Кога нивното дело почнало да напредува, папските водачи и нивните обратеници дошле во допир со првобитните христијани. Веднаш се покажала впечатлива разлика. Овие припадници на првобитното христијанство биле едноставни, кротки и библиски воспитани во поглед на карактерот, учењето и однесувањето, додека следбениците на Рим покажувале суеверие, раскош и папска дрскост. Римскиот пратеник барал овие христијански цркви да ја признаат врховната власт на папата како највисок свештеник. Британците кротко одговориле дека тие сакаат да бидат во љубов со сите луѓе, но дека папата нема право на врховна власт во црквата и тие можат да му ја укажуваат само онаа потчинетост што му ја должат на секој Христов следбеник. Повеќепати Рим се обидувал да ја придoбие нивната верност, но овие понизни христијани, изненадени од гордоста на римските емисари, решително одговориле дека не признаваат друг господар освен Христос. Тогаш се открил вистинскиот дух на папството. Римскиот претставник рекол: „Кога не сакате да ги примите браќата кои ви донесуваат мир, ќе примите непријатели кои ви донесуваат војна. Бидејќи не сакате да се соедините со нас и на Саксонците да им го покажете патот на животот, од нив ќе примите смртен удар!” - (J. H. Merle D’Aubigne, History of the Reformation of the Sixteenth Century, b. 17, ch. 2). Ова не биле празни закани. Војни, интриги и измами, биле применети против овие сведоци на библиската вера, сѐ додека британските цркви не биле уништени или принудени да се потчинат на папскиот авторитет. {ГБ 62.4 }

Во земјите надвор од римската власт, постоеле групи на христијани, кои биле речиси сосема слободни од папската расипаност. Опкружени со незнабошци, тие со текот на годините паднале под влијание на некои од нивните заблуди, но и понатаму ја сметале Библијата како единствено правило на верата и се придржувале кон многу од нејзините вистини. Овие христијани верувале во непроменливоста на Божјиот закон и ја празнувале саботата од четвртата заповед. Цркви кои ја држеле оваа вера и ја спроведувале во својот живот постоеле во централна Африка и меѓу Ерменците во Азија. {ГБ 63.1}

Меѓу оние што се спротивставувале на папската власт на прво место биле Валденжаните. Токму во земјата каде папството го поставило своето седиште, се појавил најсилен отпор против неговите лаги и изопачености. Со векови црквите на Пиемонт ја чувале својата независност, но конечно дошло време Рим да ја побара нивната покорност. По безуспешните борби против нејзината тиранија, водачите на овие цркви неволно ја признале,  против своја волја, надмоќноста на оваа сила на која, како се чинело, и се покорува целиот свет. Сепак, имало и такви кои одбиле да се потчинат на папскиот авторитет и на прелатите. Тие биле решени да останат верни само на Бога и да ја сочуваат чистотата и едноставноста на својата вера. Така дошло до одделување. Оние кои се придржувале до старата вера морале да се повлечат; некои, напуштајќи ги своите родни Алпи, го кренале знамето на вистината во туѓи земји, други се повлекле во осамени долини и карпести пештери, и таму ја сочувале својата слобода да му служат на Бога. {ГБ 64.1}

Верата која со векови ја одржувале и поучувале валденжанските христијани, била во остра спротивност со лажната наука на Рим. Нивната вера била заснована на Божјиот пишан збор, вистинскиот темел на христијанството. Но, тие скромни селани, во своите зафрлени засолништа, одделени од светот и врзани за секојдневната работа околу своите стада и своите лозја, не дошле сами до вистината која била во толкава спротивност со догмите и ересите на отпаднатата црква. Нивното верување не претставувало ништо ново, туку наследство од нивните татковци. Тие се бореле за верата на апостолската црква, за верата „која им е предадена на светите еднаш засекогаш” (Јуда 3). „Црквата во пустината”, а не гордата хиерархија воспоставена во големата светска метропола, била вистинската Христова црква, чувар на богатствата на вистините кои Бог му ги доверил на Својот народ да ги пренесе на светот. {ГБ 64.2}

Една од главните причини која довела до одвојување на вистинската црква од Рим била омразата на римокатолицизмот кон библиската сабота. Како што било проречено  од  пророштвото, папската власт ја згазила вистината. Божјиот закон бил фрлен во прав, а човечките обичаи и традиции биле воздигани. Црквите кои биле под власта на папството многу бргу биле принудени да ја празнуваат неделата како свет ден. Среде  распространетите заблуди и суеверија, многумина, дури и од вистинскиот Божји народ, додека ја празнувале саботата, станале толку збунети што и во недела се воздржувале од работа. Но, ова не ги задоволило папските водачи. Тие барале не само да се празнува неделата, туку и да се осквернува саботата; и оние кои би се осмелиле да ја слават ги обвинувале со најтешки зборови. Божјиот закон можеле да го држат во мир само оние кои побегнале надвор од моќта на Рим (Види Додаток). {ГБ 65.1}

Валденжаните први од европските народи го добиле преводот на Библијата (Види Додаток). Стотици години пред реформацијата ја поседувале Библијата во ракопис на својот мајчин јазик. Тие ја имале вистината неизвалкана, и тоа ги направило посебен предмет на омраза и прогонство. Тие ја прогласиле Римската црква за отпаднатиот Вавилон од Откровението, и ризикувајќи го дури и сопствениот живот, се спротивставувале на нејзината расипаност. Додека, под притисок на долготрајните прогонства, некои попуштиле во својата вера и малку по малку отстапувале од нејзините карактеристични начела, други, цврсто се држеле за вистината. Во текот на сите тие векови на мрак и отпадништво, имало Валденжани кои не ја признавале врховната власт на Рим, кои го отфрлиле обожавањето на слики како идолопоклонство, и кои ја празнувале вистинската сабота. Во најжестоките бури на противење тие ја сочувале својата вера. И покрај тоа што биле прободувани со копја и спалувани на римските клади, тие непоколебливо го бранеле Божјото слово и честа на Неговото име. {ГБ 65.2}

Зад високите планински утврдувања, засолниште на гонетите и угнетуваните во сите времиња, Валденжаните го нашле своето место за криење. Тука светлината на вистината, речиси среде сеопштата темнина на средниот век, не престанала да свети. Тука, за илјада години, сведоците на вистината ја чувале старата вера. {ГБ 65.3}

Самиот Бог за Своите верни го подготвил ова посебно величествено засолниште како светиња која одговара на возвишените и големи вистини што им ги доверил. За овие верни изгнаници планините претставувале симбол на непроменливата Божја правда. Укажувајќи им на своите деца на високите планини кои се издигале пред нив во својата непроменлива величественост, им зборувале за Оној кај кого нема промена ниту сенка од измена, и чиј збор е траен како и вечните ридови. Бог ги утврдил горите и ги опашал со јачина, и ниту една рака, освен Неговата неизмерна сила, не можела да ги помести од нивното место. На сличен начин го поставил и Својот закон, основа на Своето владеење на небото и на земјата. Човечката рака може да допре до своите ближни и да им го уништи животот, но како што не може да ги искорне планините од нивниот темел и да ги фрли во море, исто така не може да измени ниту еден пропис од Божјиот закон, или да избрише едно од Неговите ветувања дадено на оние што ја извршуваат Неговата волја. Во својата верност кон Неговиот закон, Божјите слуги треба исто така да бидат цврсти како и неподвижните планини. {ГБ 66.1}

Планинските масиви кои ги опкружувале нивните тесни долини, биле постојани сведоци на Божјата творечка моќ и гаранција за Неговата заштита и грижа. Овие побожни патници и придојденици, навикнувајќи се на тие неми симболи на Божјата присутност, ги засакале истите. Не покажувале никакво негодување поради својата мачна судбина, никогаш не се чувствувале осамени среде планинската самотија. Му заблагодарувале на Бога што им овозможил засолниште од гневот и суровоста на луѓето. Се радувале што можеле слободно да Му служат. Честопати, кога биле прогонувани од своите непријатели, силата на тие големи ридови се покажала како сигурна одбрана. Од многуте непристапни врвови кон небото се издигале нивните пофалби на Бога, а римските војски не можеле да ги замолкнат нивните песни на благодарност. {ГБ 66.2}

Чиста, едноставна и срдечна била побожноста на овие Христови следбеници. Тие ги ценеле начелата на вистината повеќе од куќите, имотот, роднините, пријателите па дури и од самиот живот. Грижливо настојувале овие начела да ги всадат и во срцата на младите. Од најрано детство младите биле поучувани од Писмото и ги учеле барањата на Божјиот закон да ги сметаат за свети. Копиите на Библијата биле ретки; затоа нејзините драгоцени зборови ги учеле напамет. Многумина биле во состојба да изговорат напамет големи делови од Стариот и Новиот завет. Мислите за Бога се соединувале со возвишените сцени на природата и со скромните благослови на секојдневниот живот. Малите деца ги научиле да му се заблагодаруваат на Бога како дарител на секоја милост и утеха. {ГБ 67.1}

Родителите, иако нежни и полни со љубов, мудро настојувале да не ги навикнат своите деца да си угодуваат себеси. Пред нив бил живот полн со искушенија и тешкотии, а можеби и маченичка смрт. Уште од детството биле воспитувани да ги поднесуваат тешкотиите, да се потчинуваат на наредбите, а сепак да размислуваат и постапуваат самостојно. Многу рано биле подучувани да носат одговорности, да бидат внимателни во говорот и да ја сфатат мудрост на молчењето. Со еден непромислен збор, кој би допрел до увото на нивните непријатели, секој поединец можел да го доведе во опасност не само животот на говорникот, туку и животите на стотици свои браќа; зашто како што волците го ловат својот плен, така непријателите на вистината ги прогонуваат оние кои се осмелиле да бараат слобода на вероисповедта. {ГБ 67.2}

Валденжаните ја жртвувале својата земна среќа заради вистината, и со упорно трпение се бореле за својот секојдневен леб. Секој дел на обработлива земја помеѓу планините грижливо бил искористен; долините и помалку плодните стрмнини биле направени плодни. Штедењето и строгото самоодрекување претставувало дел од воспитувањето кое децата го примале како единствено наследство. Биле поучувани дека животот според Божјата намера, треба да биде постојана дисциплина, и дека своите животни потреби можат да ги подмират само со лична работа, промисленост, грижливост и вера. Овој процес бил мачен и тежок, но благотворен, токму она што му е потребно на паднатиот човек во неговата сегашна состојба - училиште кое Бог го предвидел за негово обучување и развој. Додека младите на тој начин се челичеле со оскудица и напорна работа, не се занемарувало ниту негувањето на умните способности. Тие биле поучувани дека сите нивни сили му припаѓаат на Бога и дека мораат да ги развиваат и усовршуваат за Негова служба. {ГБ 67.3}

Валденжанските цркви според својата чистота и едноставност наликувале на црквите од апостолските денови. Отфрлајќи ја врховната власт на папата и прелатите, Библијата ја сметале за највисок и единствен непогрешлив авторитет. Нивните пастири, за разлика од господствено гордите свештеници на Рим, го следеле примерот на својот Учител кој не дошол да „Му служат, туку да служи” (Матеј 20:28). Го паселе Божјото стадо, водејќи го на „зелени пасишта” (Псалм 23:1,2) и кон живите извори на Неговата света Реч. Далеку од спомениците на човечкиот раскош и гордост, луѓето се собирале, не во величествени цркви или огромни катедрали туку во планинските сенки, во алпските долини, или, во време на опасност, во некоја пештера која им била како природна тврдина, за да ги слушаат зборовите на вистината од Христовите слуги. Духовните пастири не го проповедале само евангелието, туку ги посетувале болните, ги поучувале децата во верата, ги предупредувале залутаните, настојувале да ги оттргнат несогласувањата и да ја унапредат слогата и братската љубов. Во време на мир се издржувале со доброволните прилози на луѓето, но, секој научил и некој занает или професија со која, во случај на потреба, би можел како и апостол Павле во свое време, сам да се издржува. {ГБ 68.1}

Младината добивала инструкции од своите духовни пастири. Иако е посветувано внимание и на разни гранки од општата наука, сепак Библијата била главен предмет на проучување. Евангелијата на Матеј и Јован, како и многу други посланија, ги учеле напамет. Се занимавале и со препишување на Библијата. Некои ракописи ја опфаќале целата Библија, а други само кратки делови, пропратени со едноставни објаснувања од оние кои биле способни да ја објаснат Библијата. На тој начин богатството на вистината, кое долго време било скриено од страна на оние што сакале да се воздигнат над Бога, било изнесено на светлина. {ГБ 68.2}

Со трпелива и неуморна работа, понекогаш во длабоки, темни подземни пештери на земјата, со светлината на факелите, биле препишувани Светите списи, стих по стих, поглавје по поглавје. Така делото напредувало, откриената Божја волја блескала како чисто злато; колку тоа дело станувало пославно, појасно и посилно, и покрај сите искушенија што се поднесувани поради него, можеле да сфатат само оние што учествувале во него. Ангели испратени од небото ги опкружувале  овие  верни  работници. {ГБ 69.1}

Сатаната ги поттикнал папските свештеници и духовници да ја закопаат речта на вистината под урнатините на заблудите, ересот и празноверието; сепак таа, на најчудесен начин е сочувана неизопачена низ сите векови на мракот. Таа не носела човечки, туку Божји печат. Луѓето биле неуморни во своите напори да го замрачат јасното и едноставно значење на Писмото, и да го прикажат така како тоа да си противречи самото на себе. Но, слично на чамец на разбранетото море, Божјата реч преодолеала на сите бури кои се заканувале да ја уништат. Како што рудникот своите богати жили на злато и сребро ги крие под површината, и сите кои сакаат да ги откријат неговите скапоцености мораат да копаат, така и Библијата содржи богатства на вистината кои се откриваат само на искрениот, понизен и побожен трагач. Бог одредил Библијата, за сите припадници на човечкиот род, да биде учебник во детството, младоста и во зрелите години и да се проучува низ сите времиња. Тој на луѓето им ја дал Својата реч како откровение за самиот Себе. Секое ново сознание за вистината претставува ново откривање на карактерот на нејзиниот автор. Проучувањето на Писмото е од Бога одредено средство да се доведат луѓето во потесна заедница со нивниот Творец и да им даде појасно познавање на Неговата волја. Тоа претставува медиум за одржување на комуникација помеѓу Бога и човекот. {ГБ 69.2}

Додека Валденжаните го сметале стравот Господов како почеток на мудроста, тие не биле слепи ниту за важноста на контактот со светот, познавањето на луѓето и реалниот живот и да ги развиваат своите интелектуални способности. Од своите училишта во планините, некои од младите биле упатувани во воспитните институции во градовите во Франција или Италија, каде што за своите студии, размислување и посматрање, имале пошироко поле отколку во своите родни Алпи. Таму овие млади луѓе биле изложени на различни искушенија, биле сведоци на пороци и се среќавале со вештите сатански орудија кои сакале да ги вовлечат во најпрепредените  ереси и најопасните измами. Но, нивното воспитување во детството ги подготвило да се спротивстават на  сето тоа. {ГБ 69.3}

Во училиштата што ги посетувале, тие на смееле со никого да бидат доверливи. Нивната облека била така скроена, за во неа да можат да го скријат своето најголемо богатство - драгоцените ракописи на Писмото. Овие ракописи, плод на повеќемесечни и повеќегодишни напори, секогаш ги носеле со себе, и кога ќе им се укаже можност, внимавајќи да не предизвикаат сомнеж, внимателно покажувале по некој дел од тие драгоцени списи на оние чиишто срца им изгледале отворени за примање на вистината. Уште од мајчиното крило валденжанската младина биле обучена за оваа намена; тие ја сфатиле својата задача и верно ја извршувале. Во овие научни институции многумина преку нив ја прифатиле вистинската вера, и често се случувало нејзините начела да ја проникнат целата школа; сепак, папските водачи не можеле да го откријат изворот на оваа, како што ја нарекувале, заразна ерес. {ГБ 70.1}

Христовиот дух е мисионерски дух. Првиот стремеж на обновеното срце е да ги привлече другите кај Спасителот. Таков бил духот на валденжанските христијани. Тие чувствувале дека Бог од нив бара не само да ја сочуваат вистината во нејзината чистота во својата црква, туку нешто повеќе од тоа; врз нив почивала сериозна одговорност да им светат на оние кои се наоѓале во темнина со светлината која им била доверена; со моќната сила на Божјата реч тие се обидувале да го скршат ропството што Рим го наметнал. Валденжанските проповедници биле обучени за мисионери. Секој кој имал намера да стапи во проповедничка служба морал најпрвин да стекне искуство како евангелист. Секој требал да служи три години во некое мисионерско поле пред да преземе некоја црква во татковината. Оваа служба, која од самиот почеток барала самоодрекување и жртва, претставувала добра подготовка во пастирскиот живот во тие времиња, полн со толку тешки искушенија за човечката душа. Младите кои го прифатиле овој свет повик пред себе немале никаков изглед за земно богатство и чест, туку живот полн со напори и опасности, а можеби и маченичка смрт. Мисионерите оделе двајца по двајца, како што и Исус ги праќал Своите ученици. Со секој млад човек обично одел некој постар и поискусен придружник кој бил одговорен за неговата обука, а овој бил должен да ги слуша неговите упатства. Овие соработници не биле секогаш заедно, но често се состанувале поради молитви и советувања и на тој начин меѓусебно јакнеле во верата. {ГБ 70.2}

Да се открие целта на својата мисија, би значело да се осигура сопствениот пораз, па затоа тие грижливо ја криеле својата вистинска улога. Секој проповедник имал познавање на некој занает или професија, и така под наметката на некој земен повик ја извршувале својата мисија. Обично доаѓале како трговци или продавачи. „Нуделе свила, накит и други предмети кои во тоа време не можеле лесно да се купат освен во оддалечените трговски центри, па на тој начин како трговци наоѓале пристап и таму каде што како мисионери сигурно со презир би биле одбиени” (Wylie, b. 1, ch. 7). За сето време тие без прекин своето срце го издигале кон Бога, молејќи го за мудрост за да го претстават богатството подрагоцено од златото или скапоцените камења. Тие тајно носеле со себе копии од Библијата, во целина или во делови, и секаде кога ќе им се дадела можност го насочувале вниманието на купувачите на овие ракописи. Често, на овој начин, буделе интерес за читање на Божјата реч и со задоволство им оставале по некои делови од Библијата на оние што сакале. {ГБ 71.1}

Работата на овие мисионери започнала во низините и долините во подножјето на нивните планини, но се проширила многу подалеку од овие граници. Боси, облечени во груби и од патот прашливи облеки, како некогаш и нивниот Учител, поминувале низ големите градови и стигнувале до далечните земји. Насекаде го сееле драгоценото семе. На нивните патишта никнувале цркви, а крвта на мачениците претставувала сведоштво за вистината. Само Божјиот ден ќе ја открие богатата жетва на души, собрани со работата на овие верни луѓе. Скриено и тивко, Божјата реч си правела пат низ христијанството, наидувајќи на радосен прием во домовите и срцата на луѓето. {ГБ 71.2}

За Валденжаните Божјата реч не била само запис за Божјото постапување со луѓето во минатото и откровение за сегашните должности и одговорности, туку им укажувала на опасностите што постојат и на славата на иднината. Верувале дека се приближува крајот на сите нешта. Проучувајќи ја Библијата со молитва и со солзи, уште повеќе биле трогнати од нејзините драгоцени мисли, и уште појасно ја виделе својата должност и на другите да им ги објаснат нејзините спасоносни вистини. Тие јасно го виделе планот на спасението кој е јасно откриен на нејзините свети страници, и тие наоѓале утеха, надеж и мир во верата во Исуса. Колку посилно светлината на вистината го осветлувала нивниот ум и ги развеселувала нивните срца, сè повеќе копнееле нејзините зраци да ги прошират и врз оние што биле во мракот на папските заблуди. {ГБ 72.1}

Тие виделе дека под водство на папата и свештенството народот залудно настојувал да добие простување со мачење на телото. Научени во поглед на спасението да се надеваат во своите добри дела, луѓето постојано гледале само на себе, и согледувајќи ја својата грешност и чувствувајќи се поради тоа изложени на Божјиот гнев, го мачеле своето тело и душа, но во тоа не наоѓале никакво олеснување. Така совесните души биле врзани со науката на Рим. Илјадници ги напуштиле своите роднини и пријатели и го поминувале својот живот во манастирските ќелии. Со често постење, сурово камшикување и полноќно бдеење, со долго коленичење и речиси лежење на ладниот и влажен камен во своите мрачни ќелии, со долги и напорни поклоненија, со понижувачки страдања и со страшни мачења, илјадници залудно се обидувале да ја смират својата совест. Оптоварени со чувство на вина, и опседнати со стравот од Божјиот осветнички гнев, многумина страдале сѐ додека исцрпената природа конечно не опаднала и тие, без ниеден зрак на светлина и надеж, заминале во гроб. {ГБ 72.2}

Валденжаните копнееле на овие гладни души да им го понудат лебот на животот, да им ја откријат пораката на мирот преку Божјите ветувања, и да ги насочат кон Христа како нивна единствена надеж на спасение. Учењето дека со добри дела може да се искупат за престапот на Божјиот закон го сметале за лажно. Потпирањето на човечките заслуги ја засолнува од погледот на грешникот неизмерната Христова љубов. Исус умрел како жртва за човекот, бидејќи паднатиот човечки род не можел да стори ништо за да се препорача на Бога. Темел на христијанската вера претставуваат заслугите на распнатиот и воскреснат Спасител. Зависноста на душата од Христа е толку реална, и мораме со Него да бидеме толку блиску и неразделно поврзани, како екстремитетите со телото или прачката со лозата. {ГБ 73.1}

Учењата на папите и на свештениците ги навеле луѓето да мислат дека карактерот на нашиот небесен Отец, па дури и на самиот Христос е строг, мрачен и немилосрден. Спасителот бил прикажуван како да е лишен од сочувство кон човекот во неговата падната природа и дека тие мораат да ги повикуваат на помош свештениците и светците како посредници. Оние пак, чијшто разум бил просветлен од Божјата реч, се труделе овие души да ги упатат кон Исуса, како нивен сочувствителен Спасител полн со љубов, кој со раширени раце ги повикува сите луѓе да дојдат кај Него со бремето на своите гревови, грижи и тешкотии. Тие со сето срце копнееле да ги отстранат и расчистат сите пречки кои сатаната ги подигнал за луѓето да не ги видат ветувањата и да не дојдат директно кај Бога да му ги исповедаат своите гревови и да примат простување и мир. {ГБ 73.2}

Валденжанскиот мисионер со задоволство им ги откривал на заинтересираните скапоцените вистини на евангелието. Внимателно ги изнесувал грижливо препишаните делови на Библијата. Негова најголема радост била да разбуди надеж во совесната, и со грев ранета душа, која до тогаш го познавала Бога само како одмаздник, кој чека да ја изврши Својата правда. Со растреперени усни и солзи во очите, често на колена, им укажувал на своите браќа на скапоцените ветувања кои ја откриваат единствената надеж на грешникот. Така, светлината на вистината допрела до многу души опфатени со темнината, растерувајќи ги мрачните облаци сѐ додека во срцето не огреало Сонцето на правдата со своите животворни зраци. Често се случувало некој дел од Писмото да се чита одново и одново, зашто слушателот сакал да му се повтори, како да сакал да се увери дали добро слушнал. Особено со желба барале да се повторат овие зборови: „Крвта на Исуса Христа, Неговиот Син, нѐ очистува од секаков грев” (1. Јованово 1:7). „И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се издигне и Синот Човечки, та секој што верува во Него да не загине, но да има живот вечен” (Јован 3:14,15). {ГБ 73.3}

На тој начин на мнозина им биле отворени очите во однос на барањата на Рим. Увиделе колку е залудно да го прифаќаат посредувањето на луѓето или на ангелите во полза на грешникот. Кога вистинската светлина го осветлила нивниот ум, радосно извикувале: „Христос е мој свештеник; Неговата крв е моја жртва; Неговиот олтар е моја исповедална!” Потполно ги прифатиле Исусовите заслуги, повторувајќи ги зборовите: „А без вера не е можно да Му се угоди на Бога” (Евреите 11:6). „Зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, со кое би можеле да се спасиме” (Дела 4:12). {ГБ 74.1}

Многу од овие кутри, скршени души, речиси не можеле да ја сфатат толку големата љубов на Спасителот. Толку големо олеснување им донело тоа сознание, толкава светлина ги осветлила што им се чинело како да се пренесени во небото. Со полна доверба нивните раце се ставани во Христовите раце, нивните нозе биле поставени на Карпата на вековите. Протеран бил секој страв од смртта. Сега биле готови храбро да појдат во затвор и на клада, само ако со тоа би го прославиле името на својот Откупител. {ГБ 74.2}

Божјата реч понекогаш се читала на скришни места пред една душа, понекогаш пред мала група која копнеела за светлината и за вистината. Често на тој начин се поминувале цели ноќи. Чудењето и восхитувањето на слушателите толку било големо што весникот на милоста честопати бил принуден за време на читањето да застане за да може разумот да ја сфати радосната вест на спасението. Честопати се изговорени зборови како што се овие: „Дали Бог навистина ќе ја прифати мојата жртва? Дали милостиво ќе ме погледне? Дали ќе ми прости?” Тогаш бил прочитан одговорот: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ви дадам одмор” (Матеј 11:28). {ГБ 74.3}

Верата на присутните се фаќала за ветувањето, и тогаш се слушнал радосен одговор: „Нема повеќе долги поклоненија, ниту мачни патувања до светите места. Јас можам да дојдам кај Исуса таков каков што сум, грешен и непосветен, и Тој нема да ја отфрли мојата покајничка молитва”. „Ти се простуваат гревовите. Моите, дури и моите гревови можат да бидат простени”. {ГБ 75.1}

Плима од света радост ги исполнувала срцата, а Исусовото име се славело со песни на слава и благодарност. Овие среќни души се враќале во своите домови за да ја шират примената светлина, и на другите, доколку е тоа можно, да им го прераскажат своето ново искуство - дека го нашле вистинскиот и живиот пат. Чудесна и величествена сила се криела во зборовите на Библијата кои директно им говореле на срцата на оние кои копнееле за вистината. Божјиот глас бил тој кој ги осведочувал оние што слушале. {ГБ 75.2}

Гласникот на вистината продолжувал по својот пат, но неговата понизност, неговата искреност и длабока усрдност, често биле предмет на разговор. Во многу случаи слушателите не го прашувале ни од каде доаѓа ниту пак каде оди. До толкава мера биле совладани, најпрвин со изненадувањето, а потоа со чувството на радост и благодарност што и не помислувале да го прашаат за тоа. Но, кога упорно го повикувале да тргне со нив во нивниот дом, тој им одговарал дека мора да оди кај изгубените овци на стадото. „Можеби тоа е ангел од небото?” - се прашувале многумина. {ГБ 75.3}

Во многу случаи, гласникот на вистината никогаш повеќе не бил виден. Тој заминал во некоја друга земја или го поминувал животот во некој непознат затвор, или можеби веќе и коските му се распаѓале на некое место каде што сведочел за вистината. Но зборовите што ги оставал зад себе никој не можел да ги уништи. Тие го извршувале своето дело во срцата на луѓето; дури на судниот ден потполно ќе се откријат нивните благословени резултати. {ГБ 75.4}

Валденжанските мисионери навлегле во царството на сатаната, па силите на мракот биле поттикнати на уште поголема будност. Кнезот на злото го следел секој напор околу ширењето на вистината, и побудувал страв кај своите агенти. Во работата на овие скромни патници, папските водачи виделе знак на опасност по нивното дело. Ако дозволат светлината на вистината непречено да свети, таа ќе ги растера тешките облаци на заблудите во кои живеел народот; мислите на луѓето би ги насочила само на Бога и на крај ќе ја уништи врховната власт на Рим. {ГБ 76.1} 

Самото постоење на овој народ, кој ја сочувал верата на првобитната црква, било постојано сведоштво за отпадништвото на Рим и затоа предизвикал најжестока омраза и прогонства. Нивното одбивање да ги предадат Писмата, било исто така навреда која Рим не можел да ја толерира. Поради тоа решил да ги истреби од земјата. Тогаш почнале најстрашните крстоносни походи против Божјиот народ во нивните планински домови. Инквизиторите тргнале во потрага по нив и често се повторувала сцената кога невиниот Авел паднал од рацете на убиецот Каин. {ГБ 76.2}

Повторно и повторно нивните плодни земјишта биле опустени, а нивните живеалишта и црквите срамнети со земја, така што на местото на некогашните бујни полиња и мирни домови на еден невин и трудољубив народ останувала само пустина. Како што крвожедниот ѕвер вкусувајќи ја крвта станува уште побесен, така и гневот на папистите гледајќи ги маките на нивните жртви станувал сѐ пожесток. Многу од овие сведоци на чиста вера биле прогонувани по планините како диви ѕверови и терани во долините каде го наоѓале своето засолниште зад непроодните шуми и високите карпи. {ГБ 76.3}

Никаква вина во поглед на моралниот карактер не можела да се најде против овој народ со висок морал. Дури и нивните непријатели изјавувале дека тие се мирољубив, тивок и побожен народ. Нивниот голем престап бил во тоа што тие не сакале да му служат на Бога онака како што сакал папата. Поради тоа на нив се срушиле сите тие понижувања, навреди и тортури што злите луѓе и ѓаволот можеле да ги измислат. {ГБ 76.4}

Кога Рим решил да ја истреби оваа омразена секта, папата во еден свој официјален оглас ги прогласил за еретици кои треба да бидат уништени (Види Додаток). Тие не можеле да бидат обвинети како безделничари, нечесни луѓе или развратници, меѓутоа, било кажано дека имаат таков изглед на побожност и светост што ги заведува „овците на вистинското стадо”. Затоа папата наредил: „Ако оваа подмолна и гнасна секта одбие да се откаже од својата вера, мора да се столчи како отровна змија” (Wylie, b. 16, ch. 1). Дали овој горд насилник помислил дека уште еднаш ќе се сретне со овие свои зборови? Дали знаел дека тие се запишани во небесните книги и дека ќе му бидат предочени на судниот ден? „Доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа”, вели Исус, „Мене сте Ми го направиле” (Матеј 25:40). {ГБ 77.1}

Овој папин едикт ги повикувал сите членови на црквата да им се придружат на крстоносците во борбата против кривоверците. Како поттик за земање на учество во оваа свирепост, сите оние кои ќе одговориле на тој повик папата ги „ослободувал од сите црковни покори и казни, општи и посебни; сите оние кои ќе земат учество во Крстоносните војни ги ослободувал од секоја заклетва која евентуално ја дале, го прогласил за законско сето она што го здобиле на нечесен начин и им ветил дека ќе им бидат простени сите гревови на оние што ќе убијат некој еретик. Сите договори склучени во корист на Валденжаните ги прогласил за неважечки, на нивните слуги им наредил да ги напуштат, им забранил на сите да им укажат каква и да е помош и секого го овластил да може да го земе нивниот имот” (Wylie, b. 16, ch. 1). Овој документ јасно ја открива природата на духот кој се криел зад сето тоа. Тоа бил рикот на ѕверот, а не Христовиот глас. {ГБ 77.2}

Папските водачи не сакале својот карактер да го прилагодат со големите начела на Божјиот закон, туку поставиле мерило кое лично им одговарало, и решиле секого да го присилат да се прилагоди на него, само затоа што Рим така сакал. Се случувале најужасни трагедии. Изопачените и богохулните свештеници и папи извршувале дело што им го одредил самиот сатана. Во нивните срца немало место за милост. Оној ист дух кој го распнал Исуса и ги убивал Неговите апостоли, истиот дух кој го поттикнувал крвожедниот Нерон против верниците во неговото време, и сега настојувал да ги истреби од земјата оние кои на Бога му биле толку мили. {ГБ 77.3}

Овие побожни луѓе биле изложени на прогонства низ многу векови, но тие ги поднесувале стрпливо и истрајно, стремејќи се да го прослават својот Спасител. Без оглед на  Крстоносните војни насочени против нив, и најсвирепите убиства на кои биле изложени, тие и понатаму ги испраќале своите мисионери да го сеат скапоценото семе на вистината. Биле прогонувани до самата смрт, но со сопствената крв го залевале посеаното семе и тоа го донесувало својот род. Така Валденжаните сведочеле за Бога со векови пред Лутеровото раѓање. Расеани низ разни земји, го сееле семето на реформацијата кое започнало во времето на Виклиф, се развивало и зацврстило во деновите на Лутер, и треба да продолжи сѐ до крајот на векот во лицето на оние кои се готови да поднесат сѐ „заради словото Божјо и заради сведоштвото на Исус” (Откровение 1:9). {ГБ 78.1}